Достапни линкови

Паѓа довербата во институциите, власта ги користи нивните слабости


Основен суд Скопје 1. Анкетите покажуваат најниска доверба во работата на правосудството во Северна Македонија.
Основен суд Скопје 1. Анкетите покажуваат најниска доверба во работата на правосудството во Северна Македонија.

Судовите и Обвинителството имаат најниска доверба кај граѓаните, според последните анкети. Банките и општините котираат највиско на листата. Овие резултати, аналитичарите ги гледаат во отсуството на одговорност и неказнивост во државата, но и во кадровската политика која наградува сервилност и партиска лојалност, а не квалитет.

Политичките структури кои владеат во Северна Македонија вообичаено се критични кон работата на институциите пред да дојдат на власт, а потоа ги искористуваат нивните слабости, наместо да ги поправат. Ова е една од главните причини за постојаната ниска доверба на граѓаните во институциите, смета политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети коментирајќи ги резултатите од последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

„Од друга страна дел од ниските рејтинзи на институциите во анкетата на ИРИ се и поради интензивните кампањи од различни политички центри, коишто на овој начин се обидуваат да креираат мнение дека ништо не функционира во државата и дека се треба одново да се смени, како што се случуваше и во минатото. Но, очигледно е дека има многу проблеми кои го спречуваат нормалното функционирање и напредокот на државата особено во контекст на евроинтеграциитее“, вели Мехмети.

Кои се клучните проблеми и дали Владата ги решава?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:14 0:00

Јавното обвинителство и судовите и натаму се меѓу институциите во Северна Македонија кои имаат најниска доверба кај граѓаните. Последната анкета на ИРИ покажува дека над 50 отсто изразиле силна недоверба во овие институции, додека само еден процент рекле дека имаат доверба во нив во голема мера.

Анкетата на ИРИ е спроведена од 8 април до мај на 1208 испитаници. Според анкетата, ниско ниво на доверба имаат и Парламентот, Владата, политичките партии, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државната изборна комисија.

Меѓу 40 и 47 проценти од граѓаните одговориле дека немаат доверба во овие институции, покажува истражувањето. Меѓу два или три отсто одговориле дека имаат доверба.

Висок процент на граѓани исто така не се согласуваат дека владеењето на правото и демократијата може да се сфати како „Држава во која сите луѓе и институции одговараат пред законот и Уставот и дека законите подеднакво се применуваат кон сите“, според анкетата на ИРИ.

Највисока доверба имаат банките со 11 отсто од испитаниците кои одговориле позитивно на прашањето, а потоа следуваат локалните власти со 9 отсто, медиумите и едукативните институции со 7 проценти, полицијата и здравствените институции со 5 отсто, опозицијата 6 проценти и невладините организации 4 отсто.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ вели дека анкетата на ИРИ го констатира она што се случува со годнини наназад, а тоа според него е „допирање на дното“ кога станува збор за довербата на граѓаните во институциите.

„Држава којашто нема доверба во институциите, нема смисла да постои, бидејќи институциите без довербата се празни правила и процедури на хартија. Најголемиот проблем секако е отсуството на одговорност и неказнивост при функционирањето на институциите, како и кадровската политика која не води сметка за задржување и унапредување на најдобрите и најпосветените, туку наградува сервилност и партиска лојалност“, вели Трошановски.

Случувањата во институциите, особено во правосудството во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции. Случувањата во Судскиот совет предизвикаа сериозна загриженост за независноста на судството.

Европската унија и Соединетите Американски Држави изразуваат разочараност за напредокот во судството и велат дека не гледаат подобрувања и реформи, иако во изминатите 30 години се вложени стотици милиони во програми за владеењето на правото, како што деновиве изјави американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер.

Американскиот Стејт Департмент, пак, овој месец соопшти дека „лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.

Освен во институциите, расте и недовербата на граѓаните во политичарите, покажува анкетата на ИРИ. На прашањето кој политичар ви е најомилен, 42 проценти од граѓаните не одбрале никој.

Според Мехмети, ваквата ситуација ќе создаде големи проблеми во преговорите за членство во Европската унија и доколку не се преземат сериозни чекори вели дека можно е назадување или стагнирање во евроинтеграциите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG