Достапни линкови

Македонските компании изгубени во „навигацијата“ на НАТО пазарот


Илустрација
Илустрација

Со влезот на Северна Македонија во НАТО се отвори и пазарот тежок над 5 милијарди евра. Интерес кај македонските компании има, ама до тендери се стигнува тешко. Министерството за одбрана нема податоци колку компании досега добиле НАТО тендер. Од Стопанската комора се надеваат да станат барем подизведувачи во овие јавни набавки.

Секоја регистрирана компанија на системот за јавни набавки во Северна Македонија може да „атакува“ и на тендери за јавни набавки на НАТО. Ова треба да овозможи економски придобивки од членството во Алијансата и можност на македонските компании да станат дел од ланецот на набавки и снабдување со производи за потребите за НАТО армиите, базите и разни мисии во светот.

Но, за да извојува победа на тендер на меѓународно ниво над конкурентските компании во сојузничките земји, македонските компании мора и технолошки и развојно да одговорат на барањата на Алијансата.

Од Министерството за одбрана, која го води процесот за добивање „амин“ за влез во регистарот на компании кои можат да конкурираат на НАТО пазарот велат дека не постојат специфични услови и стандарди кои треба да се исполнат, а кои се поинакви од македонското законодавство. Но, за четири години од влезот на Северна Македонија во Алијансата, ваков интерес пројавиле 44 компании.

Евиденцијата на Министерстово за одбрана покажува дека овие 44 регистрирани компании се од различни сектори - прехранбената индустрија, наменско производство за специфична заштитна опрема, компании од секторот на преработувачка индустрија, градежниот сектор, за организација на настани и други.

Со членството на Северна Македонија во НАТО и по усогласувањето на домашното законодавство, Министерството за одбрана во септември 2021 година формираше и посебен Центар за поддршка на компаниите при учество на тендерите на Алијансата.

Овој центар нуди целосна поддршка за секоја македонска компанија која ќе пројави интерес за добивање потврда за исполнетост на услови во постапките за јавни набавки на НАТО. Целата процедура не трае подолго од 30 дена.

„И од самите економски оператори очекуваме плановите за развој да ги прават во согласност со можностите кои ги нуди членството во НАТО. Не само во контекст на безбедноста и стабилноста на земјата што отвора можност за инвестирање и зголемување на своите капацитети, туку и во однос на нивен развој кој ќе им овозможи самостојно или заеднички да конкурираат на пазарот на НАТО. Од самите компании зависи да ги проценат своите капацитети, да ги унапредат и да не ја пропуштаат оваа можност“, велат од министерството за РСЕ.

Без искуство до договори на прсти

Министерстовото за одбрана не располага со бројки колку македонски компании успеале да победат на тендерите во рамки на Алијансата.

Од таму велат дека иако не постои обврска за компаниите да го информираат Министерството за одбрана за успешноста на понудите и евентуалниот избор на македонска компанија на НАТО пазарот, но можат да потврдат дека досега две компании кои учествувале на овие тендери имаат добиено три поединечни договори. Станува збор за два договора за компанија во градежниот сектор и еден договор за компанија во секторот организација на настани.

Од Стопанската комора на Северна Македонија за РСЕ велат дека досега ниту една нивна компанија не добила директно тендер на НАТО за снабдување со одреден вид производи.

Во декември 2022 година, во рамки на Стопанската комора беше формиран и поткомитет наречен „НАТО и бизнис-заедницата“ чија функција е да информирање и помагање на македонските компании заинтересирани за соработка со НАТО, a чиј претседател е првиот човек на Комората, Бранко Азески.

За Комората не станува збор само за капацитетите на македонските компании или исполнување на стандарди во НАТО, туку тоа го сметаат за цел комплекс на активности за да се постигне целта.

„Главен проблем е недостигот на искуство и на поврзување со странските компании кои се веќе присутни на НАТО-пазарот. Како што функционира целиот овој систем, тендерите за набавка ги добиваат големите добавувачи, кои потоа склучуваат договор со одредени компании од регионот регистрирани во системот на НАТО. Главен проблем за домашните компании е недостигот на информации - кои странски компании се влезени во тие тендери, за да можат да се поврзат со нив како подизведувачи. Сепак, се работи за големи побарувања, високи стандарди и за големи износи, а домашните компании за почеток би биле задоволни да влезат и како подизведувачи за да стекнат искуство во наредниот период“, велат од Стопанската комора за РСЕ.

Како дополнителен проблем го наведуваат и немањето на претставник во Агенцијата за логистика и за набавка на НАТО.

„Претставниците на Владата ветија дека државата ќе им помогне на македонските производители за полесно да се регистрираат и да аплицираат на тендерите за јавни набавки. Потребни се обуки за домашните компании, формирање посебно тело во рамките на министерството кое ќе работи само на оваа проблематика и делегирање претставник од државата во Агенцијата, кој ќе помогне при вмрежувањето на домашните компании со оние од НАТО-земјите и со кои нашите производители ќе може да соработуваат“, велат од Стопанската комора.

За барањето на Стопанската комора ветување веќе даде и министерката за одбрана, Славјанка Петровска која на неодамнешниот НАТО – индустриски ден изјави дека „наскоро ќе биде испратен претставник во Агенцијата за поддршка и набавки со што дополнително ќе се олесни пристапот на македонските компании на НАТО пазарот“.

НАТО - Индустриски ден за компаниите

Рамноправност во нудењето на производи и услуги за потребите на НАТО, зголемено учество на тамошниот пазар и здружување на способностите на индустријата од сите земји. Ова беа генералните заклучоци на неодамнешниот НАТО – Индустрискиот ден што се одржа во Скопје, а на кој учествува високи претставници на НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (NSPA) и НАТО Агенцијата за комуникации и информации (NCIA), како и претставници на стопанските комори и македонски компании.

Интересот за влез на македонските компании во евиденцијата за економски оператори кои можат да учествуваат на набавките на НАТО Алијансата бележи раст.

Во 2021 година впишани се 8 компании, а во 2022 – 11, минатата 2023 година 21 компанија биле внесени во евиденцијата, а само во првите два месеци од 2024 година бројот на компании е 4.

На прашањето на РСЕ дали се одзема НАТО сертификат на компанија чии сопственик во меѓувреме се нашол на црната листа на САД, од министерството велат дека немаат правна основа да одземаат право на регистрација ако фирмата условите ги исполнила.

РСЕ испрати прашање и до Канцеларијата за контрола на странски имот (ОФАК) барајќи одговори дали земјите-членки на НАТО се обврзани да ги спроведуваат санкциите и да се усогласат со прописите за санкции на ОФАК. До објавувањето на текстот, одговори не добивме.

Останува висока поддршката за НАТО

Околу 63 насто од македонските граѓани сакаат Северна Македонија да остане членка на НАТО, а еден процент повеќе (64 насто) се уверени дека членството во Алијансата ја намалува веројатноста од напад на странска држава.

На прашањето „за“ или „против“ НАТО членството, 24 насто гласале за Северна Македонија да ја напушти Алијансата, а речиси исто толку биле воздржани.

Овие податоци за 2023 година неодамна ги соопшти Генералниот секратар на НАТО Јенс Столтенберг во неговиот годишен извештај во пресрет на 75 годишнината од основањето на Алијансата.

За тековната 2024 година, Министерството за одбрана ќе издвои 2,05 насто од македонскиот бруто домашен производ (БДП) или 327 милиони евра за одбраната. Една третина од овие пари се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Северна Македонија е една од 18-те земји членки кои од годинава го исполнуваат критериумот на НАТО за одвојување на 2% од БДП за одбрана.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG