Сашо Илиевски, сопственикот на скопската компанија „Стема транспорт“ која се занимава со товарен патен транспорт, денеска со вработените возачи ќе биде дел од блокадите на превозниците на граничните премини во Северна Македонија.
Тие ќе им се приклучат на стотици компании од дејноста кои се противат на новата евиденција на Системот за влез/излез (ЕЕС) на професионалните возачи на граничните премини при транспорт низ земјите од Европската унија.
Овој систем воспоставен на надворешните граници на Шенген-зоната започна да се применува постепено од 12 октомври 2025, а треба целосно да се имплементира до 10 април 2026 година. Правилото „90/180 дена“ значи дека транспортерите од Северна Македонија можат да бидат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во вкупно 180 дена.
Илиевски вели дека ќе ги поддржат блокадите на колегите, иако посочува дека неговата компанија не е директно засегната од правилата, бидејќи камионите возат до поблиски земји-членки во Унијата.
„Нашите тури се претежно во Австрија, Словачка, Чешка, Унгарија. Се задржуваме во секоја тура четири до пет дена максимум и ако направиме до три тури, но не сме имале пречекорувања. Зборам за нашата фирма. Но, има компании кои работат подалеку во Европска унија, кои влегуваат во Шведска, Норвешка, Португалија и они веќе имаат една тура по 15 до 20 денови внатре во Европска унија. И кога ќе се врати, веќе во тој месец не смее да влезе повторно. А ако повторно не направи тура, тогаш губи и фирмата и работењето. Со ваквата одлука на ЕУ, возачите не можат да ги завршат професионално обврските со тој престој. Тие не се туристи, тие се професионални возачи и треба да имаат да им се дозволи поголем престој“, објаснува Илиевски.
Пред да стапи на сила новиот Систем за влез/излез, македонските транспортери немале проблеми, иако важело и тогаш правилото за 90 дена за престој во Шенген - зоната. Граничарите ставале печати во пасошите, но, не броеле денови и прогледувале низ прсти, вели Илиевски.
Но, откако почна да функционира електронскиот систем на ЕУ, ригорозно се следи престојот во Шенген-зоната. Компјутерот со биометриски податоци точно ги сумира сите денови - од време на тура, паузи на паркинг и чекање на граници.
„Проблем имаат транспортните фирми бидејќи не можат да направат доволно тури, возачите ќе мора да одмараат. Сите што возат подлабоко во Европската унија, остануваат повеќе денови. Сите тие ќе имаат проблем, а тоа се околу 70 насто од фирмите во државата. Колеги во Шведска не можат да се вратат за кратко време, бидејќи прават и паузи. Возачот вози 9 часа во денот и после мора да прави пауза. Таа пауза што ја прави ја седи во Европска унија, а таму се смета дека престојува, иако не работи. Затоа бараме ЕУ да ги изостави траспортните фирми. На возачите или да им се продолжи престојот или да им се сметаат само работните часови“, изјави Илиевски.
Македонските превозници ќе блокираат на десет гранични премини - Деве Баир, Делчево и Ново Село, на границата со Бугарија , Дојран, Богородица и Меџитлија, на границата со Грција, Ќафасан, Стење, и Блато со Албанија и преминот Блаце на границата со Косово. Табановце нема да го блокираат македонските, туку српските превозници од нивна страна на границата. Блокадите ќе се однесуваат само на товарниот сообраќај – затворање на ленти и терминали за камиони, додека обичните автомобили, автобуси и патнички сообраќај ќе се движат непречено.
Но, нема да се блокира само во Северна Македонија. Освен македонските превозници, блокади на граничните премини ќе има и во Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, чии транспортни компании се засегнати од новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија.
Депортации па камионџии по изминати 90 дена
Во Северна Македонија, мобилизацијата за блокадите ја потегна „Макам -транс“, најголемо здружување на работодавачи на превозни трговски друштва во државата. Денеска, тие очекуваат масовност на граничните премини со преку 300 превозници.
Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“ вели дека и возачите од Северна Македонија, како и другите во регионот се соочуваат со депортации откако ќе им поминат 90 дена во Шенген зоната. Претходно, Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина соопшти дека 100 професионални возачи се присилно вратени од земјите на Европската унија, а 47 возачи останале без работа поради проблеми со нивниот престој во земјите на ЕУ.
„Имаме такви случаи. Немам точна бројка, меѓутоа мора да правите разлика. На пример, транспортната флота во Босна и Херцеговина и во Србија е многу поголема од нашата“, вели Муратовска.
Напоменува дека штетите за компаниите се големи и генерираат дополнителни нови трошоци.
„ Кога ќе ги пресметаме трошоците што ни ги прават – бидејќи возилото се остава на паркинг полн со стока, која може да биде многу скапа и незаштитена, а не се знае што ќе се случи со возачите – ситуацијата е тешка. Возачите ги депортираат со авион бидејќи немаат денови за да се вратат со автобус или со некој свој колега. Трошоците ги сносат превозниците“, изјави Муратовска.
Од Здружението бараат превозниците да бидат изедначени со екипажите на сите видови превоз, бидејќи како што вели Муратовска, деновите на престој не се бројат ниту во авио, бродскиот и железничкиот превоз. Таа вели дека државите во регионот се увозно зависни, а странските инвеститори не дошле тука за да плаќаат неколкукратно поскап превоз.
„Патниот превоз е основата за функционирање на стопанствата без излез на море, а според статистиката, 96% од превозот во увоз и извоз во Северна Македонија се врши преку патниот превоз“, вели Муратовска.
ЕУ со став дека ништо не е сменето со правилата во Шенген
Системот за влез и излез (ЕЕС) на Европската унија не воведува никакви нови барања во врска со краткиот престој во шенген-зоната, изјави на 19 јануари портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, Маркус Ламерт, во врска со тврдењата на здруженијата на превозниците од Западниот Балкан дека новиот систем ги остава нивните работници и возачи без работа.
„Она што го прави ЕЕС е да обезбеди подобро спроведување на постојните правила и систематско откривање на неправилности“, изјави Ламерт, нагласувајќи дека Европската комисија внимателно го следи прашањето за најавите за блокади на превозниците.
Ламерт потенцира дека со ЕЕС не се воведени никакви измени во однос на постојните правила за престој во шенген-зоната.
„Според правилата, државјани на трети земји без виза имаат право да останат во шенген-зоната вкупно 90 дена во кој било период од 180 дена. Сè што е надвор од ова мора да биде покриено со виза за долг престој или со дозвола издадена од земја членка. Лицата што имаат локална дозвола не се обврзани при влез да се регистрираат во ЕЕС-системот. Дали тоа се прават при случајни гранични проверки или не зависи од земјите членки на надворешните граници, а не од Комисијата. Правилата за престој во шенген-зоната се јасни, тие не се променети и имаат одредена вградена флексибилност“, додаде Ламерт.
Но, според Муратовска, иако од Европската Унија велат дека правилото 90 дена престој во 180 дена не е сменето, сепак се сменило опкружувањето.
„Сите членки од Европска Унија се веќе во Шенген зона и плус две што не се членки на Европска Унија, Норвешка и Швајцарија. Сега, како и да се излезе од државава, веднаш се влегува во Шенген зона, па затоа тврдењата дека ситуацијата е иста како порано се сметаат за навреда на интелигенцијата“, вели Муратовска.
Загрозени 60 насто од македонскиот извоз
Производствените компании од Советот за странски инвеститори при Стопанската комора во Северна Македонија алармираат дека новите европски регулативи ќе предизвикаат логистички колапс со потенцијални милионски загуби и прекин на испораки за клучни европски клиенти.
Извршниот директор на „Костал Македонија“ и претседател на Советот за странски инвеститори Виктор Мизо вели дека членките - фирми, чии производи се речиси целосно наменети за извоз, учествуваат со близу 60 отсто од вкупниот македонски извоз.
„Проблемот не е кај нас, туку кај крајните клиенти – од автомобилска индустрија и уште повеќе. Ако има целосна блокада, клиентите ќе речат: ‘Авион и летајте ги производите’. Под овие услови, индивидуална компанија може да има повеќе од милион евра трошок за да користи авионски транспорт да ги лета производите за крајните клиенти, ако не може да помине на патен начин“, истакна Мизо.
Тој посочува дека правилата, кои наметнуваат ротација на возачи на секои 90 дена за држави надвор од ЕУ, ќе погодат тешко автомобилска, челична, метална индустрија и производители на медицински помагала.
„Во Северна Македонија, Србија и Босна веќе работат над 110.000 луѓе во глобални добавувачи за европскиот пазар. Oдредени производи може ексклузивно да се произведуваат само кај нас. На тој начин, без тие делови, целото возило не може да се склопи, бидејќи возилото не може да се вози без одредена компонента. Ова може да има директно влијание врз намалување на економската активност во земјите каде што се лоцирани овие фабрики. Тоа не мора да значи веднаш отпуштање на вработени, но како што во Германија постои моделот на работа со скратено работно време, тоа ќе се одрази и кај нас. Проблемот не е само во извозот, туку и во увозот на компоненти, бидејќи репроматеријалите најчесто не се локално произведени“, вели Мизо.
Како што напомена, Советот на странски инвеститори веќе комуницира со ЕУ делегацијата во земјава, билатералните комори и централите во Брисел за настанатиот проблем.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во неколку наврати посочи дека новите европски правила му создаваат сериозни проблеми и влијаат многу лошо на бизнисот во Северна Македонија. Азески очекува повлекување на новите правила, но, како што кажа не наскоро.
„Ние упативме писмо до претседателката на Европската комисија, а информиран сум од Владата дека и премиерот лично ќе оди во Брисел и ќе разговара за ова прашање зашто мислиме дека е исклучително важно и не решава ништо за подобрување на определна област во ЕУ, а создава сериозни проблеми за нас“, изјави Азески.
Македонската влада застана во одбрана на македонските транспортери. Министерот за транспорт и врски Александар Николовски вели дека го разбира револтот, ги подржува нивните барања и се залага проблемот да се реши преку одложување на електорнскиот систем за професионалните возачи или да се изнајде начин како да добиваат работни визи.