Достапни линкови

Американски бродови кон Иран, ОН предупредува на алармантен број жртви


Потрага по жртви пред Центарот за форензичка дијагностика и лабораторија, Техеран, 13 јануари 2026 година.
Потрага по жртви пред Центарот за форензичка дијагностика и лабораторија, Техеран, 13 јануари 2026 година.

Американските воени бродови се движат кон Иран, додека властите во земјата го бранат бруталното задушување на протестите, кое Обединетите нации(ОН) го нарекоа најсмртоносно задушување на сопствениот народ од револуцијата во 1979 година.

Додека има повеќенеделен прекин на интернетот, продолжуваат да пристигнуваат информации за обемот на задушувањето на учесниците во демонстрациите, кои почнаа со протести на трговците во Техеран поради ненадејно зголемување на инфлацијата.

Новинската агенција на активистите за човекови права (HRANA) известува дека до 22 јануари, по 26 дена немири, потврдени се 5.002 смртни случаи, вклучувајќи и смрт на 201 член на безбедносните сили.

Исто така, се наведува дека повеќе од 9.787 смртни случаи сè уште се под истрага.

Маи Сато, известувачка на Обединетите нации за човекови права во Иран, на 22 јануари изјави дека бројот на цивили убиени во репресијата може да надмине 20.000, според медицинските извештаи.

На 23 јануари, за време на сослушувањето за настаните во Иран, Советот за човекови права на ОН изрази длабока загриженост поради „невидениот обем на репресија од страна на безбедносните сили против учесниците во мирните протести“.

Исто така, предупреди на извештаи за вонсудски егзекуции на демонстранти, вклучувајќи жени и деца и прекумерна употреба на сила во која загинаа и се повредени илјадници луѓе.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 22 јануари изјави дека САД имаат „армада“ што се движи кон Иран, но дека се надева дека нема да мора да ја користи.

Тој повторно го предупреди Техеран да не убива демонстранти или повторно да ја покрене својата нуклеарна програма.

„Имаме бродови што се движат во таа насока, за секој случај. Би сакал ништо да не се случи, но ги следиме многу внимателно“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“ враќајќи се во Вашингтон од Светскиот економски форум во Давос.

Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и неколку носачи на ракети наводно треба да пристигнат на Блискиот Исток во наредните денови.

На 23 јануари, Министерството за финансии на САД објави санкции против девет бродови, нарекувајќи ги „флота во сенка“ на Иран, која транспортира иранска нафта и нафтени производи под ембарго низ целиот свет.

„Министерството за финансии ќе продолжи да ги следи десетиците милиони долари што режимот ги украл и очајно се обидува да ги префрли во банки надвор од Иран“, рече министерот за финансии, Скот Бесент.

Мохамед Џавад Хаџ Али Акбари, влијателен верски службеник кој ги води петочните молитви во Техеран, на 23 јануари изјави дека Иран ќе возврати на какви било напади на САД, вклучувајќи ги и американските инвестиции во регионот.

Тоа се случи откако Али Абдолахи Алиабади, началник на иранскиот Централен штаб „Хатам-ал Анбија“, кој ги координира војската и Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), изјави дека секој воен напад ќе ги означи сите американски бази во регионот како „легитимни цели“.

Иранците се отсечени од надворешниот свет од 8 јануари, кога властите воведоа речиси целосно исклучување на интернетот во цела земја бидејќи се интензивираа мерките против протестите.

Сè уште не е јасно кога интернет услугите ќе бидат целосно обновени, а експертите предупредуваат дека властите би можеле да ги принудат граѓаните да користат домашен „интранет“, која работи независно од глобалната мрежа.

Интернет надзорникот НетБлокс на 23 јануари соопшти дека е потврдена поширока достапност на апликации за пораки во Иран и дека бројот на ВПН-конекции што се воспоставуваат од земјата се зголемува.

„Сепак, пристапот е сè уште строго филтриран, а видливата меѓународна поврзаност останува на ниско ниво, што укажува на конфигурацијата на таканаречениот „филтранет плус“ систем, се вели во соопштението.

XS
SM
MD
LG