Достапни линкови

Грипот најзастапен кај децата, најмалото хоспитализирано е бебе од три недели


Фотоархива, илустрација/Дете во болница
Фотоархива, илустрација/Дете во болница

Резиме

  • Болничките капацитети сѐ повеќе се полнат. Двајца возрасни пациенти на Инфективната клиника се на респираторна поддршка, а најмалиот пациент на Клиниката „Козле“ е бебе родено пред три недели.
  • Вирусот на грип е најприсутен во Скопје, Тетово, Куманово и Охрид, додека Берово, Пехчево и Делчево не бележат ниту еден случај.
  • Грипот чиј пик се очекува кон крајот на овој или почетокот на идниот месец, веќе ја зеде првата жртва. Со потврдено присуство на Инфлуенца тип А, 75-годишна жена почина на Инфективната клиника.
  • Во втората половина од јануари, регистрирани се 2322 заболени што е за 34,6 проценти повеќе во однос на првата.

Празничните собири си го „земаа данокот“, оставајќи му на грипот простор за да се прошири меѓу населението. Од 5 до 11 јануари, заболеле вкупно 2.322 лица, за разлика од неделата претходно кога бројот на заболени беше 1.725, според статистиката на Институтот за јавно здравје.

Инциденцата е најголема кај децата кои уште и пред крајот на минатата година почнаа да изостануваат од училиште поради симптомите на грип.

Меѓу нив, и детето на скопајнката Ирена. К. во чиј клас од вкупно 23 деца, еден ден отсуствувале дури 15 токму поради симптомите на грип.

Ирена вели дека сѐ почнало со главоболка.

„Потоа се појави и температура која од третиот ден веќе беше висока и стигаше до 40 степени. Покачената телесна температура траеше седум дена, а покрај тоа, детето имаше и кашлица, но и секрет од носот“, додава таа за РСЕ.

Нема препорака за продолжување на распустот

Кај родителите веќе има загриженост дека почетокот на второто полугодие ќе ја влоши состојбата, велат заразата е неминовна.

„Ситуацијата е ужасна, навистина не знам како ќе почнат децата со училиште од 20-ти јануари“, коментира за РСЕ, Александра.С. од скопски Илинден, мајка на двајца основци.

Но, здравствените власти досега од образовните не побараа продолжување на распустот кој завршува на 20-ти јануари.

-Одлука за пролонгирање на почетокот на второто полугодие поради состојба со грип, се носи исклучиво по добиени препораки од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. До овој момент такви препораки немаме – велат за Радио Слободна Европа од Министерството за образование и наука.

Аргументот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е нивото на средна активност на вирусот на грип, кое како што велат, не дава можност за претерани мерки како што е продолжување на зимскиот распуст.

„Сепак, состојбата се следи и ако има промена, ќе се апелира за соодветни мерки“, изјави д-р Драган Кочински од Институтот за јавно здравје.

Тој информираше дека вирусот на грип е најприсутен во Скопје, Тетово, Куманово и Охрид, додека Берово, Пехчево и Делчево не бележат ниту еден регистриран случај.

Најголемиот дел од заболените се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца се бележи кај децата од 0 до 4 и децата од 5 до 14 години.

И доенчиња хоспитализирани во „Козле“

Болничките капацитети сѐ повеќе се полнат, но се чува по некое место плус за евентуални ургентни случаи.

Така, на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ веќе се хоспитализирани околу 80 деца. Некои од нив се доенчиња, а најмалото има само три недели. Ваквата слика од таму, за РСЕ, ја раскажува д-р Мирјана Поповска, супспецијалист педијатриски пулмолог.

„Од сите хоспитализирани деца, во моментов пет се во покомпромитирана состојба и се на кислородна поддршка“, вели д-р Поповска од Клиниката „Козле“.

Децата најчесто се со пневмонија предизвикана од актуелниот вирус инфлуенца, кој се потврдува кај 80 отсто од сите што поминуваат низ амбулантско-поликлиничкиот дел. Таму, деновиве докторите прегледуваат и по 200 деца на ден.

„Најчесто децата доаѓаат со висока температура, што е првиот симптом на овој сезонски грип. Температурата нагло расте, а потоа се надоврзуваат замор, главоболка, болки во целото тело, течење на носот, затнат нос и кашлица. Децата брзо го губат апетитот. Морам да напоменам дека кај нив може да се јават и стомачни проблеми како дијареја и повраќање. Поради тоа родителите се вознемирени и бараат преглед од педијатар“, вели д-р Поповска.

Освен пневмонијата, кај хоспитализираните случаи се бележат и напади на астма и бронхиолитис. Но ваквите наоди освен инфлуенцата ги дава и респираторниот синцицијален вирус (РСВ) кој исто така е присутен кај дел од малите пациенти во „Козле“.

Таа препорачува вакцинација и кај родителите и кај децата, за кои е бесплатна од над шест месеци па до петгодишна возраст.

Д-р Поповска предупредува дека грипот е многу заразен и децата во колективите како што се градинките многу лесно може да се заразат преку кивање и кашлање.

„Здраво дете во градинка може да се зарази со вдишување на воздухот што содржи капки од заразено дете или индиректно преку допирање предмети, површини, прибор за јадење и играчки. Не можете да му кажете на детето да не кашла или кива, затоа е најдобро дете со вакви симптоми да остане дома за да го спречиме ширењето на вирусот“, порачува докторката.

Ваков совет од матичниот лекар на своите деца добил и Мартин. С. кој вели дека со неговата сопруга секоја година трошат денови од годишниот одмор за да останат дома и да ги чуваат децата .

„Двете деца во декември еднаш се разболеа и седеа дома три недели. Сега се вратија и по два дена повторно имаат симптоми. Бактерија, грип или нешто друго, зависи што ќе ти се „падне“, вели нашиот соговорник, татко на 11-месечно и на тригодишно дете.

Зголемениот број на хоспитализирани е очекуван за здравствените власти кои сметаат дека во претстојниот период, бројките ќе растат.

Д-р Кочински од Институтот за јавно здравје вели дека најдобра превенција е вакцинацијата.

„Во оваа сезона имаме нешто повеќе од 79.000 лица вакцинирани против сезонски грип“, посочува докторот кој вакцинацијата ја препорачува и за бремените жени.

Каква е ситуацијата на Инфективната клиника?

Но, според директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, оваа сезона има поголем број вакцинирани за разлика од претходната. Проблемот, според него, е што луѓето се однесуваат многу порелаксирано во однос на општите мерки на претпазливост.

Зошто и кога треба да го откажете терминот за специјалистички преглед?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Според него, вакцинацијата може да ја спречи тешката клиничка слика особено кај пациентите со коморбидитети, какви што се и голем дел од хоспитализираните на Инфективната клиника.

„Во моментов на Клиниката има хоспитализирано околу 28 пациенти. Кај секој од нив е потврдена инфлуенца. Претежно се со полесна клиничка слика, но има и пациенти кои се на кислородна поддршка. Двајца од пациентите се со потешка клиничка слика, се наоѓаат во одделот за интензивно лекување и се на респираторна поддршка“, вели д-р Цана за Радио Слободна Европа.

Грипот ја зеде и првата жртва откако во неделата на Инфективната клиника, почина 75-годишна пациентка.

Стручната фела е едногласна во препораките, секој што ќе почувствува симптоми да не оди во кафеани, или какви било средби со останати луѓе туку да се изолира и да не ја шири заразата.

Во споредба со просекот од бројот на заболени минатата сезона, најновите бројки покажуваат дека има зголемување за 2,2 пати.

XS
SM
MD
LG