Достапни линкови

Вести

Студен бран со снег и сѐ пониски дневни температури

Фотоархива
Фотоархива

Минималните утрински температури се под нулата во повеќе места, со најниска измерена температура од -3 степени во Скопје-Петровец и Пожаране, соопшти денеска (10 јануари) Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје-Зајчев Рид, Струмица, Гевгелија и Ѓуриште измерени се -2 степени, -1 во Куманово, Кавадарци, Велес, Тетово, Крива Паланка и Попова Шапка, 0 во Берово и Штип, 1 во Демир Капија и Виница, 2 во Mаврови Анови, Kрушево и Охрид, 4 во Претор и Битола и 5 степени во Прилеп и Тополчани.

Времето денеска ќе биде променливо облачно време, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер, над 60 километри на час.

Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.

Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20 сантиметри, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри.

Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9 степени.

Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 4 степени

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе има локални врнежи од снег и ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, а дневните ќе се задржат под нулата.

Сите патни правци во државата се проодни

Претпладнево ЈП „Македонија пат“ соопшти дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, но сите патни правци се проодни.

На одредени патни правци кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони – се додава во соопштението.

Од јавното претпријатие апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Од Автомото сојузот на Македонија, пак, информираат дека ГП Евзони (Богородица) е отворен за секаков вид сообраќај од 23:10 часот.

Од АМСМ додаваат дека на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила до денеска до 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.

види ги сите денешни вести

„Два града – иста болка“: Во Кочани пуштени 40 балони за почит кон жртвите од трагедијата во Кран-Монтана

Сочувство од Кочани за починатите во пожарот во Кран-Монтана
Сочувство од Кочани за починатите во пожарот во Кран-Монтана

„Два града – иста болка“ е пораката која со запалени свеќи в раце, денеска (10 јануари) ја испратија родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во знак на поддршка за семејствата на настраданите во клубот „Ла Констелејшн“ во Кран-Монтана, Швајцарија.

„Вечерва зборувам од местото каде што мајчиното срце се крши и продолжува да чука само затоа што мора. Зборувам со глас што не е само мој, глас научен во ноќта кога чекањето престана да има смисла, кога надежта застана пред вратата и никогаш не влезе“, порача мајката на едно од децата кои загинаа во трагедијата што се случи на 16 март минатата година.

Таа и останатите родители, без транспаренти и во тивка атмосфера пуштија 40 балони кон небото, колку што е и бројот на жртвите од пожарот кој избувна во швајцарската дискотека на новогодишната ноќ.

Кочани: Едни рани се лекуваат, други се отвораат
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:06 0:00

„Знам што значи да чекаш чекор што нема да се врати, да гледаш во вратата и да знаеш дека таа вечер времето се скрши и повеќе не продолжи исто. Знам како тишината тежи повеќе било кој крик. Како болката тивко те распарчува ден по ден“, додаде мајката која на денешниот собир во Кочани зборуваше од името на останатите родители кои ги загубија своите деца во пожарот во „Пулс“.

До родителите од Швајцарија, тие упатија порака дека ги споменуваат и нивните деца, „без глас, со пламен што одбива да згасне, со срца што се скршени, но сѐ уште умеат да сакаат“.

На денешниот собир кој се одржа во „Паркот на Револуцијата“, родителите рекоа дека Кочани е град што „своите соништа ги закопа со своите деца“, но оти сепак, тие испраќаат прегратка.

Семејствата на загинатите во овој град, секоја сабота организираат „Марш за ангелите“, но по трагедијата во швајцарскиот зимски центар одлучија да организираат собир во знак на почит кон жртвите од тамошната трагедија.

Меѓу идентификуваните 40 жртви, има 20 малолетници. Еден од нив, е и 16-годишниот Македонец, Стивен Ивановски кој на дочекот на Новата година, бил со својата сестра.

Семејството на младиот Стивен, вчера повика на донации за да ги покријат погребалните трошоци.

Западните лидери го засилуваат притисокот врз Иран додека протестите продолжуваат

Антивладини демонстрации во Техеран/09 јануари 2026
Антивладини демонстрации во Техеран/09 јануари 2026

Иран влезе во 14-тата ноќ од протестите, со засилување на репресијата, додека западните лидери, вклучувајќи го и претседателот на САД, Доналд Трамп го зголемија притисокот врз властите во Техеран.

Говорејќи на состанок со директори на нафтени и гасни компании во Белата куќа во петокот, Трамп изјави дека „Иран е во голема неволја“.

„Ми се чини дека луѓето преземаат одредени градови, нешто што до пред само неколку недели никој не мислеше дека е навистина можно“, додаде тој.

„Внимателно ја следиме ситуацијата. Дадов многу силна изјава дека ако почнат да убиваат луѓе, како што правеа во минатото, ние ќе се вклучиме. Ќе ги погодиме многу силно таму каде што најмногу ги боли. Тоа не значи војници на терен, но значи дека ќе ги погодиме многу, многу силно таму каде што ги боли“, рече Трамп.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во саботата во кратка објава на платформата X наведе дека САД „го поддржуваат храбриот народ на Иран“.

Протестите, кои започнаа на Големиот базар во Техеран на 28 декември, брзо се проширија во десетици градови.

До вечерта на 8 јануари, видео-снимки пристигнуваа од речиси сите делови на земјата, на кои се гледаат огромни маси луѓе како скандираат и маршираат.

Прекин на интернетот и телефонските линии

Властите најпрвин ја намалија брзината на интернетот низ целата земја, пред на 8 јануари во 22:15 часот по локално време да спроведат речиси целосно исклучување, при што беа прекинати и телефонските линии.

Со оглед на тоа што исклучувањето трае повеќе од 40 часа, нема прецизни информации за бројот на загинати, повредени или приведени низ земјата, а широко е распространет стравот дека прекинот се користи за прикривање на државното насилство врз демонстрантите.

Амнести интернешнл (Amnesty International) во соопштение на социјалните мрежи наведе дека истражува „вознемирувачки извештаи дека безбедносните сили ја интензивирале незаконската употреба на смртоносна сила против демонстрантите“, што „довело до дополнителни смртни случаи и повреди“.

Во медиумските извештаи, вклучително и на АФП, се наведува дека стотици лица биле пренесени во болница во Техеран со „тешки повреди на очите“, предизвикани од огнено оружје со воздушен притисок.

Агенцијата за човекови права (HRANA), која ги следи случувањата поврзани со човековите права, извести дека најмалку 2.311 лица биле уапсени во првите 13 дена од протестите и дека демонстрации се одржале на 512 локации во 180 градови.

Дополнително, организацијата за човекови права за Иран со седиште во Норвешка соопшти дека до петокот биле убиени 51 демонстрант.

Протестите во Иран продолжуваат и покрај растечкиот број на жртви Протестите во Иран продолжуваат и покрај растечкиот број на жртви
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00

Принцот Реза Пахлави, чиј татко, последниот ирански шах Мохамед Реза Пахлави, беше соборен со Исламската револуција во 1979 година, објави порака за поддршка на демонстрантите на социјалните мрежи.

Лидерите на Франција, Германија и Велика Британија во заедничко соопштение објавено во петок изразија „длабока загриженост поради извештаите за насилство од страна на иранските безбедносни сили“ и наведоа дека „остро го осудуваат убиството на демонстрантите“.

Во текстот, исто така, се додава дека прекинот на интернетот „предизвикал страв кај активистите дека властите сега насилно ги задушуваат протестите, со помали шанси доказите да стигнат до надворешниот свет“.

Во соопштението на Европската унија, објавено истиот ден, исто така се повикува на „правото на пристап до информации, вклучително и обновување на пристапот до интернет за сите“, со изразување „солидарност со иранскиот народ додека ја изразува својата легитимна тежнеење за подобар живот, слобода и достоинство“.

Активистите изразија загриженост дека исклучувањето на интернетот би можело да ја прикрие репресијата на властите.

Протестите претставуваат најголем внатрешен предизвик во последните три години за иранските клерикални владеачи, кои изгледаат поранливи отколку за време на претходните изливи на немири, во услови на тешка економска ситуација и по минатогодишната војна.

Иранскиот клерикален естаблишмент успеа да преброди повеќекратни бранови на немири, вклучувајќи студентски протести во 1999 година, протести поради спорни избори во 2009 година, протести против економските проблеми во 2019 година и протестите „Жена, живот, слобода“ во 2022 година.

Oдрони, свлечишта и поплави на повеќе места во државава по обилните врнежи од дожд

Свлечиште на патот кон Бањиче
Свлечиште на патот кон Бањиче

Како последица на обилните врнежи од дожд, денеска (10 јануари) до 12:30 часот се регистрирани одрони, свлечишта и локални поплави во повеќе региони низ државата - информираат од Центарот за управување со кризи.

Во Штип поради претходните врнежи зачестени се одроните од камења и свлечишта на коловозите, поради што се апелира на зголемена внимателност при сообраќајот.

Во Скопскиот регион, како што информираат од ЦУК, нема нарушување на редовната состојба поврзана со обилните врнежи од дожд.

Во Охрид до 12:30 часот нема пријави за поплавени објекти. Дождот е престанат, а екипите на Кризниот штаб извршиле теренска проверка на критичните точки на реката Далјан кај селата Орман и Дебелополе.

Регистрирано е излевање на реката Сушица во делот на улицата „Прилепска“, каде што интервенира ЈП „Нискоградба“ со механизација за спречување на понатамошно излевање. Надлежните предупредуваат дека доколку продолжат врнежите, постои опасност од излевање на реката Далјан кај Косел и селото Вапила.

Поплавени дворови во Струшко, нормализирана состојбата кај Битола

Во Струга се поплавени дворови на 4-ти Реон кај Мислешевски пат.

Надојдената вода од Струшкото поле ги поплавила дворовите каде што има канали за излевање на водите од Струшкото поле. На патот Дебар - Струга има одрони, известени се службите на „Македонија пат“ - Дебар кои се на терен и го одржуваат патот, додаваат од ЦУК.

На подрачјето на Велешкиот регион, како што велат од ЦУК, нема нарушување на редовната состојба поврзана со врнежите од дожд и снег.

Во Битолскиот регион, поточно во градското подрачје состојбата е нормализирана и е без проблеми. Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини околу 10 до 20 хектари, но нема опасност по куќите и индустриските објекти.

Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини од околу 70 до 80 хектари. Излеана е Елешка Река и има поплавено околу 50 хектари земјоделски површини. Водата во Елешка Река се повлекува во коритото. Патот за Буковски манастир е разорно раскопан.

ЈП,,Нискоградба“ интервенира со 1 липкер и скип – градежна машина. Интервенира ЈП,,Нискоградба“ на патот од село Буково кон село Горно Ореово, каде што има свлечиште.

Поради оштетување на мост од Боишка река на локален пат за село Мренога, истиот е затворен за сообраќај. Заради поројнитете врнежи во изминатите денови дојде до поматување на водата за пиење и се препорачува истата да се преврива најмалку 10 минути.

Нивото на Црна Река кај селото Бучин е покачено, но стабилно и без опасност од излевање, при што насипите се дополнително зајакнати.

Од ЦУК информираат дека во текот на следната недела ЕЛС Крушево ќе формира комисија за пријавување на штети како последица од поројните врнежи од дожд.

ЕЛС Долнени до сега има пријавено штета од еден жител на село Лажани на кого му бил поплавен дворот и приземни простории од куќата, и имал оштетувања и на тутунот. Покрај во село Лажани поплавувања имало и во село Пешталево, и на двете места заради неисчистени канали. Интервенирано е со градежна машина во двете села на расчистување на каналите.

Во Ресенскиот регион, поплавени се земјоделски површини, дворови, куќи и магацини за складирање јаболка. Нивото на Голема Река е зголемено од 1,40 на 1,65 метри, а сите расположливи машини и пумпи се ангажирани за испумпување на водата.

На територијата на Струмица засега нема пријави за направени штети од врнежите од дожд. Во моментот врнежите се со послаб интензитет и засега нема опасност од излевање на реките. Исто така, засега нема пријави за одрони и непроодни патишта.

На територија на Општина Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане нема нарушување на редовната состојба од врнежите од дожд и нема излевање на реките. На подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема нарушување на редовната состојба, сите патни правци се проодни по влажни коловози.

Во Тетово до 12 часот во северозападниот регион што ги опфаќа Тетово и Гостивар нема пријава за штети, информираат од ЦУК.

Вонредна состојба во Србија, евакуирани граѓани на Косово

Соседна Србија пак, поради проблемите кои настанаа поради снежните врнежи, прогласи вонредна состојба во девет општини, а повеќе села веќе седум дена се без електрична енергија.

Покрај проблемите со електричната енергија, граѓаните во делови од загрозените општини се соочуваат и со тешкотии во греењето, водоснабдувањето и сигналот на мобилната телефонија.

Секторот за вонредни ситуации од 4 јануари, кога започнаа снежните врнежи во Србија, имал 72 интервенции. Од тогаш се евакуирани 30 лица.

Владата на Србија на 10 јануари соопшти дека ќе се засили ангажманот на службите на терен со цел да се обезбеди брза и ефикасна помош за граѓаните.

Евакуација на граѓани има и на Косово, каде деновиве се регистрирани поплави на куќи, голема материјална штета и неизвесност.

Поплавите во изминатите денови на Косово принудија многу семејства да ги напуштат своите домови, оставајќи ги со надеж дека ќе има што да поправат кога ќе се вратат.

Рубио ја изрази поддршката на САД за иранскиот народ, додека властите ги засилуваат напорите да ги задушат протестите

Протест во Техеран, 9 јануари 2026 година
Протест во Техеран, 9 јануари 2026 година

Американскиот државен секретар, Марко Рубио во саботата ја изрази поддршката на САД за народот на Иран, додека клерикалниот естаблишмент ги засилува напорите да ги задуши најголемите протести во земјата во последните неколку години, кои траат веќе две недели.

Иранската армија соопшти дека ќе ја заштити стратешката инфраструктура и јавниот имот и ги повика Иранците да ги спречат „непријателските заговори“. Од друга страна, синoт на соборениот шах, Реза Пахлави, кој живее во САД, ги повика демонстрантите да планираат заземање на градските центри.

Соопштението на иранската армија следува откако американскиот претседател Доналд Трамп издаде ново предупредување до иранските лидери: „Подобро да не почнувате да пукате, бидејќи и ние ќе почнеме да пукаме“.

Рубио на платформата Икс (X) објави дека „САД го поддржуваат храброто иранско население“.

Немирите во Иран продолжија и во текот на ноќта.

Државните медиуми известија дека општинската зграда во Караџ, западно од Техеран, била запалена и ги обвинија „разбојниците“. Државната телевизија емитуваше снимки од погребите на припадници на безбедносните сили, за кои е наведено дека биле убиени во протестите во градовите Шираз, Ком и Хамадан.

Обвинувања против „непријателски терористички групи“

Во соопштенија објавени на полуслужбени новински портали, армијата го обвини Израел и „непријателските терористички групи“ дека се обидуваат да „го поткопаат јавниот ред и безбедност на земјата“.

„Армијата, под команда на врховниот командант, заедно со другите вооружени сили, покрај следењето на движењата на непријателот во регионот, решително ќе ги штити и брани националните интереси, стратешката инфраструктура на земјата и јавниот имот“, соопшти армијата.

Протестите се проширија во голем дел од Иран во текот на последните две недели. Тие почнаа како реакција на растот на инфлацијата, но брзо прераснаа во политички протести, при што демонстрантите повикуваа на оставка на клерикалните лидери.

Властите во Техеран ги обвинија САД и Израел за поттикнување „немири“.

Иранската организација за човекови права HRANA соопшти дека документирала 65 смртни случаи, вклучувајќи 50 демонстранти и 15 припадници на безбедносните сили, заклучно со 9 јануари. Норвешката организација за човекови права Hengaw соопшти дека повеќе од 2.500 лица се уапсени во последните две недели.

Порака од синот на последниот шах

Синот на последниот шах на Иран, кој беше соборен за време на Исламската револуција во 1979 година, се појави како истакнат глас во странство кој ги поддржува протестите.

Во својот последен апел на платформата X, Реза Пахлави рече: „Нашата цел повеќе не е само да излеземе на улиците; целта е да се подготвиме за заземање на градските центри и нивно одржување“.

Тој исто така повика „работниците и вработените во клучните сектори на економијата, особено во транспортот, нафтата, гасот и енергетиката“, да започнат национален штрајк.

Некои демонстранти на улиците извикуваа слогани во поддршка на Пахлави, како на пример „Да живее шахот“, иако мнозинството скандираше повици за крај на клерикалната власт или бараа мерки за подобрување на економијата која беше погодена со години американски и други меѓународни санкции и дванаесетдневната војна во јуни, кога Израел и САД спроведоа воздушни напади врз Иран.

Активистите изразија загриженост дека исклучувањето на интернетот може да ја прикрие репресијата на властите.

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир, Ширин Ебади, во петок предупреди дека безбедносните сили би можеле да се подготвуваат за „масакр под покровителство на целосен прекин на комуникациите“.

Врховниот лидер Али Хамнеи во петок ги обвини демонстрантите дека дејствуваат во име на Трамп, наведувајќи дека разбојниците напаѓаат јавни објекти и предупредувајќи дека Техеран нема да толерира луѓе кои дејствуваат како „наемници за странци“.

Прес-службата на Револуционерната гарда соопшти дека тријца припадници на безбедносните сили Басидж биле убиени, а петмина повредени за време на судир со, како што е наведено, „наоружани разбојници“ во Гачсаран, на југозападот на земјата.

Уште еден припадник на безбедносните сили е прободен со нож во Хамадан, на западот на Иран. Синот на висок офицер, бригаден генерал Мартир Нурали Шуштари, е убиен во областа Ахмадабад во Машхад, на североистокот.

Уште двајца припадници на безбедносните сили биле убиени во последните две ноќи во Шуштар, во провинцијата Хузестан.

Лидерите на Франција, Велика Британија и Германија во петок издадоа заедничко соопштение во кое го осудуваат убиството на демонстрантите и ги повикуваат иранските власти да се воздржат од насилство.

Властите ги опишаа протестите поради економијата како легитимни, осудувајќи, како што ги нарекуваат, насилните разбојници и судирите со безбедносните сили.

Протестите претставуваат најголем внатрешен предизвик во најмалку последните три години за иранските клерикални владејачи, кои изгледаат поранливи отколку за време на претходните изливи на немири, во услови на тешка економска ситуација и по минатогодишната војна.

Иранскиот клерикален естаблишмент преживеа повеќекратни бранови на немири, вклучувајќи студентски протести во 1999 година, протести поради спорни избори во 2009 година, протести против економските проблеми во 2019 година и протестите „Жена, живот, слобода“ во 2022 година.

Извори: Ројтерс, АФП

Киев остана без струја и вода по новите руски напади во текот на ноќта

Украински спасувач во Киев отвора шатор на таканаречената „точка на неуништливост“, каде што луѓето можат да ги полнат своите мобилни уреди и да се загреат во услови на зимска студ во градот/Јануари 2026
Украински спасувач во Киев отвора шатор на таканаречената „точка на неуништливост“, каде што луѓето можат да ги полнат своите мобилни уреди и да се загреат во услови на зимска студ во градот/Јануари 2026

Во делови од украинската престолнина Киев која брои околу три милиони жители, прекинато е снабдувањето со струја, вода и греење, по уште една ноќ на руски дронски напади.

Прекинот следи по барањето на државниот оператор на системот за пренос на електрична енергија, „Укренерго“, за намалување на потрошувачката, а се надоврзува на редовните часовни прекини на струја воведени за време на војната за да се зачуваат преостанатите резерви на електрична енергија.

Компанијата, на социјалните мрежи, соопшти дека работи на враќање на услугите.

Веста доаѓа во време кога температурите ќе паднат и до минус 15 степени Целзиусови за време на викендот, при што градските власти соопштија дека поставиле околу 1.200 центри за загревање.

Најновите прекини следуваат по денови на силни руски напади врз Украина.

На 9 јануари, масовен напад со ракети и дронови врз Киев усмрти четири лица и остави 26 повредени. Оштетени беа и 20 станбени згради, вклучително и една каде што се наоѓа Амбасадата на Катар.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко подоцна потврди дека оваа офанзива оставила половина од сите станбени згради во Киев без греење и повика сите граѓани на градот да го напуштат местото ако можат, поради сите прекини на снабдувањето.

Коментирајќи ги неодамнешните руски напади на 9 јануари, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „Москва се обидува да ја искористи студената временска состојба како инструмент на терор“.

Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане на 12 јануари за да дискутира за Украина. Овој потег следи откако украинскиот амбасадор во ОН, Андриј Мелник, во писмо до Советот за безбедност изјави дека „Руската Федерација достигна застрашувачко ново ниво на воени злосторства и злосторства против човештвото преку својот терор врз цивилите“.

Русија негира дека намерно ги таргетира цивилите во Украина, иако постојат обемни докази наспроти тоа од почетокот на нејзината целосна инвазија во февруари 2022 година.

Денеска гласаат болните и затворениците, пред утрешните повторени избори за градоначалник во четири општини

Локални избори - проверка на гласач, -илустрација
Локални избори - проверка на гласач, -илустрација

Пред утрешното гласање на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска избирачките одбори ќе им овозможат на болните и изнемоштените лица да го остварат правото на глас во нивните домови, а ќе гласаат и притворените и затворениците, жители на овие општини. Од Државната изборна комисија (ДИК) за МИА посочуваат дека се е подготвено за повторените избори.

Во Гостивар за гласање се пријавени 146 болни и изнемоштени лица, а во затворите треба да гласа 81 лице. Во Маврово Ростуше прифатени се барањата на 69 болни лица за гласање, и двајца затвореници. Во Врапчиште пријавени се 32 болни, а во затворите треба да гласаат 11 жители од оваа општина. Во Центар Жупа пријавени се само двајца болни.

Гласањето утре започнува во 7:00 часот, а завршува во 19:00 часот. Гласачите на Избирачките места ќе се идентификуваат со важечки лични документи - лична карта или пасош, а исто така нивниот идентитет ќе се потврди и со апаратите за биометриска идентификација.

Согласно членовите 132, 132а и 133 од Изборниот законик на повторените избори не е потребна излезност од една третина на гласачите туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа каде што има само еден кандидат.

Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта, од коалицијата Вреди и независниот Ваљбон Лимани поддржан од НАИ. Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од
Група избирачи. Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник и тоа Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците. Во Маврово и Ростуше, пак, има двајца кандидати и тоа Онер Јакупоски, поддржан од Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО - ДПМНЕ и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.

Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.

Растат немирите во Иран и покрај обидите на власта да го задуши незадоволството

Демонстрации во Техеран, 9 јануари 2026 г.
Демонстрации во Техеран, 9 јануари 2026 г.

Протестите во Иран продолжија на 9 јануари, што е 13-ти ден по ред и покрај бруталната репресија и заканите од власта за казнување на „бунтовниците“ кои бараат крај на Исламската Република.

Додека толпите народ ги преплавуваа улиците во големите градови, места и населби низ Техеран на 8 јануари, протестите прераснаа во најголемите демонстрации што се случиле во Иран во последните години.

Веќе следниот ден, демонстрациите стигнаа и до југоисточниот град Захедан, каде по петочните молитви, на улиците излегоа сунитските белуџи.

Протестите се зголемуваат во Техеран и поради ограничувањето на интернетот Протестите се зголемуваат во Техеран и поради ограничувањето на интернетот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:07 0:00

Од видеата што се појавии се гледаат брутални судири, додека демонстрантите прибегнаа кон порешителни тактики судирајќи се директно со безбедносните сили и палејќи упоришта на полицијата и паравоените упоришта на Басиџ.

„Толпата што беше таму нема да се откаже“, изјави еден демонстрант во Машхад во североисточен Иран за Радио Фарда на РСЕ.

„Млади и стари излегоа на протести, некои од постарите лица едвај можеа да одат, но протестираа. Имаше еден старец кој постојано го проколнуваше [иранскиот врховен лидер Али] Хамнеи. Уморни сме од високите цени, [наметнатиот] хиџаб и сè друго. Не се во прашање само за една или две работи, сакаме промена на поредокот (промена на режимот).“

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, им се обрати на поддржувачите на режимот на 9 јануари, велејќи дека „саботери, агитатори уништија згради во земјата за да му угодат“ на американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој додаде дека Трамп ја има „крвта на Иранците на рацете“ по американските напади врз Иран во јуни и дека американскиот лидер ќе биде „соборен“.

По неговиот говор, митинзи на поддржувачите на Исламската Република се одржаа во неколку градови откако завршија петочните молитви и добија широко покриеност од државните медиуми.

Демонстрантите кои палат јавен имот и се судираат со безбедносните сили, обвинителот од Техеран, Али Салехи, ги опиша како „терористи“ кои ќе бидат обвинети за „мохаребе“, или водење војна против Бога, што може да биде казнето со смртна казна.

Неколку безбедносни агенции испратија слични предупредувања до демонстрантите на 9 јануари.

Разузнавачката агенција на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека „продолжувањето на ситуацијата е неприфатливо“ и го повтори своето тврдење дека протестите се поттикнати од странски спонзори.

На 2 јануари, Трамп рече дека Вашингтон ќе интервенира во Иран ако властите убијат демонстранти.

„Ние сме подготвени, вооружени и подготвени да тргнеме“, наведе тој во објава на Truth Social.

Трамп го повтори овој став доцна на 8 јануари во интервју со конзервативниот радиоводител Хју Хјуит велејќи дека иранските власти биле предупредени „многу силно – дури и посилно отколку што ви кажувам сега – дека ако го сторат ова [убијат демонстранти], ќе се соочат со сериозни последици“.

Во меѓувреме, органите за одржување на редот издадоа соопштение во кое ги повикаа луѓето да ги „заштитат своите тинејџери“ од тоа да бидат вовлечени во немирите, нагласувајќи ја политиката на „безкомпромис“ на полицијата кон „бунтовниците“.

Иранските медиуми објавија дека неколку безбедносни припадници биле убиени во немирите на 8 јануари, вклучително и во Техеран и Марвдашт. Обвинител и неговите телохранители биле убиени и во градот Есфараен во покраината Северен Хорасан.

Норвешката организација за човекови права во Иран објави дека најмалку 45 демонстранти биле убиени до 8 јануари, а повеќе од 2.000 биле уапсени. Во заедничка изјава со Амнести Интернешнл ги обвинија иранските сили за „незаконска употреба на сила и огнено оружје и за масовни произволни апсења“.

Во изјава на 9 јануари, шефот на ОН за човекови права, Волкер Турк, рече дека е „длабоко вознемирен“ од извештаите за насилство и повика на „брзи, независни и транспарентни истраги за сите смртни случаи“.

„Оние што се одговорни за какви било прекршувања мора да одговараат во согласност со меѓународните норми и стандарди“, додаде тој.

Бранот протести, кој започна на 28 декември во Големата чаршија во Техеран, брзо ескалираше, ширејќи се во десетици градови. До вечерта на 8 јануари, од речиси секој агол на земјата се појавија снимки на кои се гледаат огромни толпи како скандираат и маршираат.

Властите прво ја успорија брзината на интернетот низ целата земја, а вечерта на 8 јануари речиси целосно го згаснаа, прекинувајќи ги и телефонските линии.

Вестите од земјата се ширеа бавно поради прекини во комуникацијата, но американските и европските лидери го зајакнаа мониторингот на развојот на настаните.

Сиљановска-Давкова предложи адвокатка и професорка за членови на Судскиот совет

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија (фотоархива).
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија (фотоархива).

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ се предлози на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нови членови на Судскиот совет.

Материјалите, како што објави државната агенција МИА, се доставени до парламентот и се очекува од понеделник да влезат во собраниска процедура.

Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка позната во јавноста, има повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети.

Арлинда Кадри-Шахиновиќ, пак, е професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитетот, а беше и член на претходната Комисија за помилување што ја формираше претседателката на државата.

Предлогот од Сиљановска-Давкова следува откако на 29 декември беше усвоен новиот Закон за Судски совет во кој се заострени условите за членовите на ова тело односно прецизирани се критериумите што значи „истакнат правник“ кој може да биде предложен за член, како и правилата за дисциплинската одговорност за членовите и за судиите.

Исто така, новото законско решение предвидува и поголема транспарентност во работата на Советот, како на пример, обврска за образложување на одлуките за избор или одговорност односно разрешување на судии итн.

Судскиот совет брои 15 членови од кои осум ги избираат судиите, тројца Собранието, двајца ги предлага претседателот на државата. Останатите двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.

Двете места што се пополнуваат на предлог од шефот на државата беа испразнети, а Сиљановска-Давкова во годишното обраќање пред пратениците на крајот на 2025 ја услови номинацијата на нови имиња со изгласување на новиот Закон за Судски совет.

Реформите во правосудството, посочи таа пред пратениците, започнуваат со новиот закон кој ги помина филтрите на Венецијанската комисија.

„Иако во правосудната сфера не постои формална одлука за усогласување со европското законодавство, реформите мора да бидат водени од принципи. Мојата одлука да се воздржам од номинација на двајца членови, не беше чин на пасивност, туку на одговорност“, рече Сиљановска-Давкова во говорот на 23 декември.

Новиот Закон за Судски совет беше и обврска што Северна Македонија ја презеде пред Европската Унија преку реформската агенда од Планот за раст. Пратениците го изгласаа законот на 29 декември што беше само два дена пред истекот на грејс-периодот кој беше до крај 2025 година.

Во Бања Лука одбележан неуставниот ден на Република Српска

Прославата на Денот на РС во Бања Лука, 9 јануари 2026 г.
Прославата на Денот на РС во Бања Лука, 9 јануари 2026 г.

Властите на Република Српска (РС) на 9 јануари го одбележуваат „Денот на РС“ и покрај тоа што има две пресуди на Уставниот суд на Босна и Херцеговина во кои се наведува дека датумот е неуставен и спорен за Бошњаците и Хрватите во БиХ.

На плоштадот „Краина“ во Бања Лука беа распоредени околу 800 полицајци кои маршираа на свечена парада, на која имаше приближно 2.000 учесници од околу триесет граѓански организации од Република Српска и од соседна Србија.

Меѓу гостите што ја гледаа парадата беа, меѓу другите, и членката на Претседателството на БиХ – Жељка Цвијановиќ, премиерот на Република Српска – Саво Миниќ со министрите, в.д. претседателката на РС – Ана Тришиќ-Бабиќ, претседателот на Народното собрание на РС – Ненад Стевандиќ и др.

Место на сцената имаше и за поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, заедно со Род Благојевиќ, поранешен гувернер на сојузната американска држава Илиноис.

Род Благојевиќ во Бања Лука, 9 јануари 2026 г.
Род Благојевиќ во Бања Лука, 9 јануари 2026 г.

За разлика од претходните години, рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабухов, не беше на сцената, додека српскиот премиер Ѓуро Мацут беше во Бања Лука еден ден претходно, а српскиот претседател Александар Вучиќ на 5 јануари беше во Требиње на отворањето на болницата „Свети архиѓакон Стефан – 9 јануари“.

Исто така, говор одржа само министерот за полиција во овој ентитет, Жељко Будимир.

На парадата учествуваа и членови на огранокот на руската моторџиска група „Ноќни волци“, позната по својата поддршка за Кремљ.

Покрај офицерите на МВР, вклучувајќи ја и Специјалната антитерористичка единица и полициските училишта, маршираа и членови на разни организации на ветерани.

Беа изложени и хеликоптери „АНСАТ“ купени од Русија од страна на Управата за воздухопловство на РС, како и оклопни возила „Деспот“ и „Вихор“.

Маршираа и членови на Цивилната заштита, Авто-мото сојузот, членови на Студентскиот и Ловечкиот сојуз на Република Србија, како и вработени во Поштата на Република Српска, шумарството, Црвениот крст и јавните претпријатија за автопатишта и аеродроми.

На дефилето имаше и членови на неколку културно-уметнички друштва и спортски клубови.

„Ноќните волци“ во Бања Лука, 9 јануари 2026 г.
„Ноќните волци“ во Бања Лука, 9 јануари 2026 г.

Претходно имаше и литургија во храмот „Христос Спасител“, предводена од српскиот патријарх Порфирије, а на комеморацијата присуствуваа и неколку министри и заменици од Србија, предводени од министерот за култура Никола Селаковиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ испрати честитка по повод „34 години постоење и борба за зачувување на српското име, религија, традиција, обичаи и идентитет“, додека српскиот министер за полиција Ивица Дачиќ, меѓу другото, изјави дека „9 јануари е еден од најважните датуми за српскиот народ“.

Денот на Република Српска го слават властите на Република Српска на датумот кога, во 1992 година, српските претставници во тогашното Собрание на Босна и Херцеговина прогласија „Република на српскиот народ во Босна и Херцеговина“.

Бошњаците и Хрватите го сметаат овој датум за почеток на војната во која беше извршен геноцид во Сребреница и други воени злосторства, за време на конфликтот што траеше до потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор кон крајот на 1995 година.

Уставниот суд на Босна и Херцеговина двапати пресуди дека прославата на овој датум во Република Српска го крши Уставот и е дискриминаторска кон несрпското население, но властите на ентитетот продолжуваат да го прославуваат.

Според измените на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина воведени во 2023 година од страна на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, се предвидуваат санкции за непочитување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина – секое лице вклучено во организирањето на неуставното прославување на 9 јануари како Ден на РС може да биде казнето со затвор од шест месеци до пет години и мерки за забрана за вршење јавна функција.

Сепак, досега никој не е санкциониран.

Од Обвинителството на БиХ за Радио Слободна Европа потврдија дека пред една година е отворена постапка во врска со претходното одбележување на 9 јануари како Ден на Република Српска и дека двајца обвинители работат на предметот.

Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во БиХ соопшти дека одбележувањето на 9 јануари претставува јасно непочитување и неспроведување на конечните и обврзувачки одлуки на Уставниот суд. Оттаму потсетија дека Уставниот суд нагласил оти воспоставувањето на 9 јануари како Ден на Република Српска не симболизира колективно и заедничко сеќавање во мултиетничко општество и дека е дискриминаторски.

Покрај „Денот на Република Српска“, беше одбележан и „Денот на бранителите на патриотската војна на Република Српска“, иако не е официјален празник, според Законот за празници на овој ентитет.

БиХ нема официјален закон за празници, иако во последните 25 години имало обиди да се донесе таков. Сепак, ентитетите усвоија свои кои се разликуваат меѓу себе.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG