Достапни линкови

Дигитализацијата како клучна алатка против корупцијата


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Долгите редици пред институциите и коруптивните практики ја нагласуваат потребата од целосна дигитализација на јавните услуги во Северна Македонија

Пред зградата на Управата за водење на матичните книги во Скопје, скоро секогаш има редици граѓани кои чекаат да добијат различни услуги: од вадење извод од матичната книга на родените, до закажување на термин за склучување брак или пријавување на новороденче.

Чекањето не секогаш е долго, но нервозата кај оние што трпеливо стојат во редот расте кога некои граѓани, со „помош“ на лични познанства со службениците успеваат да ги прескокнат редовите.

„Постојано поминуваат луѓе преку ред, дали за поднесување или за земање на документи. Чекањето иако не е премногу долго, но како сите да сакаат да завршат работа преку „врски“, ни раскажа Стојна Р. од Скопје која чекаше извод од матична книга на родени за да може да реализира исплата на кредит во банка.

Имено, ако електронски аплицирате за извод од матична книга на родени или венчани, сепак ќе мора да го подигнете во хартиена форма.

Многу граѓани се прашуваат зошто со години овој тип на услуги не се целосно дигитализирани, од поднесување, до подигнување на документите, со што освен поедноставен пристап, би се намалила и можноста за коруптивни практики.

Властите веќе со години ветуваат дигитализација на услугите и на институциите, но реалноста во зградите на институциите не е многу различна од времето пред развојот на интернетот и комуникациските технологии.

Сликата од редиците во зградата на Македонската радио телевизија (МРТВ) или пред полициските станици, се уште е свежа во меморијата на сите граѓани кои до неодамна мораа да ги променат своите лични документи поради истекувањето на роковите кои дојдоа со промената на името на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија.

Шалтерите беа преплавени со луѓе, а добивањето на термин за фотографирање за нова лична карта, пасош или возачка дозвола со новото име беше речиси невозможно.

Но, во тие моменти граѓани сведочеа дека има одредени службеници кои „посредуваат“ во хаосот.

За сума од 1.000 денари, наводно тие земаа лични податоци и број од граѓаните и ветуваа дека ќе им се јават за два-три дена за да дојдат на фотографирање без чекање во ред.

Овој пример уште повеќе ја засилува перцепцијата дека кога граѓаните доаѓаат во контакт со институциите, значително се зголемува ризикот од корупција.

Тоа се потврдува и во бројни истражувања на граѓанските огранизации кои ја анализираат оваа област, како што е „Метамофрозис“.

„Дигитална услуга не е само кога можеме да видиме електронски какви документи ни требаат. Таа мора да овозможи комплетно завршување на процесот – од поднесување, барање, до добивање на потребниот документ,“ вели за РСЕ Данче Даниловска, програмска директорка од граѓанската организација „Метаморфозис“.

Според неа, сцените од долгите редици пред институциите, неправедното добивање услуги „преку врски“ и злоупотребите што произлегуваат од нив, само ја потврдуваат потребата за целосна дигитализација на јавните услуги во Северна Македонија.

„Транспарентноста треба да биде на многу високо ниво за да се намалува корупцијата, тоа е прва претпоставка“ вели Даниловска.

„Втората претпоставка е дека дигитализацијата треба да ја искористиме во насока на спречување на корупцијата“, додава таа.

Како пример таа го наведува порталот open.finance.gov.mk, каде што може да се следат државните трошења на пари, овозможувајќи граѓаните, новинарите и граѓанските здруженија да ги идентификуваат евентуалните злоупотреби на државниот буџет. Но, Даниловска вели дека и оваа веб-страници не функционира како порано, а одговорот на властите кон нив бил дека причината е технички проблем.

Сепак, според анализите на „Метаморфозис“, дигитализацијата не е подеднакво применета на сите нивоа. Посебен проблем е на локално ниво, каде истражувањата на Метаморфозис покажуваат дека помалку од 40 отсто од вкупно 80 општини им нудат на своите граѓани сетови на податоци кои имаат отворен формат.

На локално ниво, каде што општините обезбедуваат многу од секојдневните услуги за граѓаните, дигиталните решенија се или недоволни или воопшто не постојат, покажуваат истражувањата на Метаморфозис.

Проблемите се многубројни: недостаток од капацитети, инфраструктура и финансирање, но и недоволно разбирање за тоа кои услуги се најранливи на корупција.

„Анализата покажува дека е потребно да се креира национална стратегија за општински услуги и дигитализација за да може сите, без оглед дали единицата е од град или село, да имаат ист дигитален напредок. Исто така е потребно да се организираат обуки за општинската администрација, а локалните власти да прават анкетирање на граѓаните за општинските услуги кои тие сакаат да бидат понудени“ нагласува Даниловска.

И покрај тоа што граѓанските организации побарале креирање на посебна национална стратегија за дигитализација на локално ниво, одговорот од државата бил дека проблемот ќе биде опфатен во Националната ИКТ стратегија.

„За успешна дигитализација, не е доволно само да се креираат платформи – потребни се инвестиции во инфраструктурата, финансии, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и администрацијата, како и транспарентно водење на процесите“, вели Даниловска.

И покрај бројните ветувања од претходните министри за дигитална трансформација, напредокот во оваа област останува ограничен.

Во подкастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“, актуелниот министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги претстави плановите за дигитализација на јавните услуги со цел намалување на гужвите во институциите и подобрување на функционирањето на граѓаните.

Министерот најави проект за дигитализација на личните документи, финансиран со грант од 1,2 милиони евра од Европската унија.

Овој проект, вели тој, предвидува развој на апликација која ќе обедини повеќе услуги за граѓаните и ќе содржи дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола, со планирано воведување во 2025 година.

Во однос на дигитализација на образованието, Андоновски истакна дека родителите играат клучна улога во заштитата на младите од сајбер закани, нагласувајќи ја важноста на активното вклучување на семејството во овој процес.

Министерството планира да воспостави кол-центар за поддршка на лицата кои се соочуваат со опасности на интернет, како и да соработува со училиштата, педагозите и психолозите за едукација на децата и родителите за безбедно користење на интернетот.

И покрај овие најави, останува да се види дали новите иницијативи ќе резултираат со конкретен напредок во дигиталната трансформација на земјата, имајќи ги предвид претходните неуспеси во оваа област.

Северна Македонија заедно со останатите држави од Западен Балкан се обврза да ги исполни принципите од Дигиталната агенда – иницијатива на ЕУ, чија цел е граѓаните од регионот да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација и со која треба да се модернизира јавната администрација, да се намали сивата економија и корупцијата и да се зголеми транспарентноста.

„Во многу институции транспарентноста зависи од политичката волја и затоа дигитализацијата може да се искористи во насока на спречување на корупција“, вели Даниловска.

Меѓу најдобро дигитализираните земји во Европа е Естонија која нуди широк спектар на е-услуги, вклучително можност на странци онлајн да основаат и управуваат со компании. Данска има високо развиена дигитална инфраструктура која обезбедува услуги во здравството и администрацијата, додека Финска во фокусот ја има ставено дигитализацијата на образованието.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG