Министре, од 1 јануари во Северна Македонија започна да се имплементира Законот за сајбер безбедност кој е и прв од ваков вид во државата. Кои се клучните промени во овој сегмент што треба да ги донесат?
Па бидејќи станува збор за сложено законско решение коешто како што кажавте за првпат се носи во Македонија, станува збор за за голем број на промени кои ги носи. Често зборував за повеќе од 10 правилници кои само Министерството за дигитална трансформација треба да ги донесе во наредниот период, а коишто се однесуваат и на надоместокот за вработени во сајбер единиците во нашето министерство и во другите институции.
Начинот на обука, на сертификација на сајбер професионалци во приватниот сектор, во јавната управа, стандардите коишто треба да ги исполнат државните институции, стандардите за набавки коишто треба да бидат исполнети за набавка на опрема и на софтвер којшто по овие стандарди од NIZ2 директивата, а исто така начинот на репортирање на сајбер инциденти, кој е одговорен, кој е една точка за контакт.
Mеѓународната соработка којашто е клучна во Законот за сајбер безбедност и начинот на споделување на информациите помеѓу засегнатите страни, критичните важни субјекти, затоа што овој закон за првпат дефинира кои се критично важни субјекти во поглед на сајбер безбедноста во државата и кои области се исто така важни. И наметнува некои обврски за приватниот сектор во овие области од крична
Кога зборуваме во однос на законското решение тоа предвидува и две точки на пријавување на сајбер напади. Едното е МКД цирт којшто и досега функционираше во рамки на АЕК, меѓутоа имаме и нов момент владин цирт којшто треба да функционира во рамки на вашето министерство. Може ли да зборуваме и за некакво преклопување на овие циртови или се конкретно поделени? Кој за која област буквално ќе функционира?
Многу добро законот ги дели надлежностите на двата одговорни циртови. Ова се центри за одговор на сајбер инциденти. Националниот ЦИРТ или МКД ЦИРТ кој до ден денес функционираше, за првпат се озаконува со овој закон, затоа што досега функционираше во една сива зона, затоа што немаше законска основа за функционирање и тоа е национален ЦИРТ во кој должни се да пријавуваат инциденти сите институции и приватни субјекти коишто се надвор од владината управа.
А владиниот ЦИРТ е надлежен за органите на државната управа, што значи министерствата и органите во состав на министерствата, како и агенциите коишто се под Влада. И на тој начин се создава одговорност и отчетност на секоја од овие институции да имаат каде да пријават, а истовремено двата цирта по формирањето на владиниот цирт во 2026 година ќе имаат една платформа за меѓусебна соработка и споделување на информациите постојано.
Ова е редовна пракса затоа што и во државите од Европската унија се формираат по неколку циртови коишто имаат своја конкретна надлежност во определени функционални подрачја. Па така, тука треба да се очекува кај нас и да речеме циртот во Армијата.
Можеби понатака да се појави и во високото образование кое ќе служи за образование на нов млад кадар и можеме да очекуваме и во безбедносните служби да имаме посебни одговорности или посебни ЦИРТ-ови. Така што ова е една редовна пракса за којашто ние се одлучивме да не одиме и да не очекуваме одговорност само од една институција кога нешто ќе се случи во сајбер просторот.
Законот предвидува и назначување офицери за сајбер безбедност. Тоа значи дека треба да бидат именувани во државните институции, меѓутоа и во приватниот сектор?
Тоа се однесува на државните институции и на приватниот сектор којшто се наоѓа во критичната инфраструктура. А да речеме ако станува збор за определена банка или телеком оператор, ние и енергетиката ја ставивме во овој домен да речеме производител на електрична енергија или оператор со мрежи, тогаш ќе имаат обврска за поставување на одговорно лице за сајбер безбедност или офицер за сајбер безбедност.
Во случај ако офицерот не пријави, предвидени се казни?
Да. Предвидени се за прв пат одговорност кои најчесто се прекршочни одредби и започнуваат одговорното лице во определениот субјект па одат нагоре во зависност од тоа на кое ниво немаме пријавување. Со ова сакаме да го надминеме оној страв или оние ситуации коишто постоеа и во минатото, кога имало безбедносни инциденти во сајбер просторот, тие не биле пријавувани па се проширувале и зафаќале и други системи што ја чинеле државата повеќе милиони евра.
Би сакал да ве прашам за платформата е- услуги каде што може да се аплицира за широк спектар на документи од државните институции. При еден обид да се извади извод од од матичната книга на умрени во електронска форма се добива одговор дека е успешно аплицирано. Меѓутоа дека документот може да се добие само на шалтер во хартиена форма. Воопшто не ја дава опцијата дека може да се подигне електронски. Зборуваме за дигитализација, а се уште го имаме елементот на хартиена форма. Зошто ова се случува?
Претпоставувам дека станува збор за редиректирање од националниот портал за услуги.gov.mk до конкретниот портал на установата Управа за водење на матични книги. Го забележавме тоа, затоа што таа сама ги публикуваше до сега услугите електронски. А во тек сме на промени за четирите услуги коишто ги нуди Управата за водење матични книги, изводот од матична книга на родени, венчани, умрени и слободна брачна состоба. Сите тие за многу скоро време веќе сме во фаза на тестирање на услугите ќе бидат пренесени на националниот портал за услуги и за секоја од нив потврдата ќе биде добивана и електронски, а ќе имате можност да изберете да ја добиете на шалтер или да ви ја биде доставена по пошта.
Постоела ваква пракса да определени услуги или користи за граѓаните или некои поволности се даваат исклучиво во електронски формат за да полека се движи населението кон дигитализацијата и да ја прифаќа. Ние тоа го направивме со електронските електронските ваучери за електронски уреди за студенти каде што можеше да се аплицира исклучиво онлајн и ваучерот се се добиваше во електронска форма. Но, не сакаме тоа да го направиме за сите граѓани одеднаш, затоа што и државата не е доволно подготвена да сите услуги ги нуди електронски.
Кога државата ќе ја исполни својата одговорност да сите услуги ги нуди електронски во дигитален формат, тоа тогаш можеме да го бараме да го прифаќаат и граѓаните. Се до тогаш, сметам дека не смееме да заборавиме на тој јаз којшто се формира, да некои граѓани немаат пристап, немаат знаење, немаат искуство во користење на дигитални алатки и не треба според мене не треба да ги обврземе да мораат да користат дигитални алатки.
Има ли таква некоја друга институција во која проблемот што го зборуваме е дека се уште се издава во хартиена форма, а не во дигитална?
Постојат неколку институции со кои граѓаните најчесто комуницираат, коишто се уште работат во комбиниран формат или пак исклучиво на хартија. Прво што можам да се сетам е Управата за јавни приходи. Царинската управа работи претежно електронски, но определени услуги ги нуди и во хартиена форма. Катастарот за недвижности претежно електронски, но некои услуги се достапни исклучиво во хартиена форма, така што голем е бројот на институции коишто се уште работат на двата начини, а имаме институции за жал коишто исклучиво работат хартиено се уште.
Кои се тие?
По моите анализи тоа се институции можеби коишто не нудат услуги на компании и граѓани коишто бараат дигитализација подинамично, еве би го спомнал секторот земјоделие каде што претежно услугите се во хартиена форма.
Можете ли да објасните што точно претставуваше вашата изјава дека станува збор за „техничка грешка“ којашто доведе до одложување на роамингот со Европската унија и дали тоа е поврзано со домашните регулативи или пак во преговорите со Европската Унија?
Па можеби не сум бил доволно јасен. Техничка грешка се однесуваше на на рокот којшто си го поставив како обврска на Министерството за дигитална трансформација за исполнување на домашната задача за акцискиот план за Роаминг како дома.
За жал, сите клучни обврски ни беа оставени нерешени, иако дел од тие регулативи и директиви се однесуваат или биле донесени во 2016, 2018, 2020 година, а најголема од нив беше европскиот електрокомуникациски код, таканаречената директива код, којашто била донесена во 2018 година, една сеопфатна директива којашто ние првпат ја пресликавме во 2025 година во новиот Закон за електронски комуникации.
Мојата забелешка беше дека до крајот на 2025 ние ќе ги исполниме сите услови, но заради нивната сложеност имаме уште четири дополнителни регулативи коишто треба да се усогласат. Еве го поместуваме рокот, тоа го кажав во едно телевизиско интервју и рокот ќе биде февруари 2026. Целата домашна задача што се однесува на Роаминг како дома е исполнета од наша страна како држава.
Тоа се уште помали измени на Законот за електронски комуникации и две два подзаконски акти коишто најверојатно ќе треба да ги донесе Агенцијата за електронски комуникации, а не Министерството. Мислам дека до негде средината на февруари ќе бидеме готови со овие обврски.
Вториот елемент, политичкиот којшто исто така сметам дека е важен елемент на лобирање, елемент на создавање некој вид на позитивен притисок да ова прашање роаминг како дома биде актуелизирано на ниво на Западен Балкан и сите три држави од регионот Црна Гора, Албанија и Македонија добијат можност таа можност којашто веќе ја добија Украина и Молдавија.
Конкретно за Албанија и Црна Гора се споменуваше период средината на јуни 2026 година. Па сходно на тоа граѓаните во Македонија ги интересира дали и ние да го фатиме тој временски рок или не може да се даде јавно јавно ветување кога Македонија ќе ги почувствува тие бенефити?
Не постои официјална изјава дека некоја од државите ќе биде изземена од овој пакет од три држави и дека ќе оди во ромин како дома пред останатите. Така што немаме официјален податок од Европската унија која држава кога или каков е планот временски или временските рокови каков е планот на страната на Европската Унија.
Како што кажав, освен исполнување на домашната задача којашто ние според моето ветување ќе бидеме први од овие три држави коишто целосно ќе ја исполниме. Вториот елемент е одлуката на Европската Унија да ни дозволи пристап до Роаминг како дома и тоа е одлука којашто ќе ја носи Европската комисија заедно со европските телеком оператори.
Се надевам дека таа ќе биде позитивна за сите држави во текот на 2026 година. Тоа е последната информација којашто имаме дека во текот на 2026 година сите овие држави доколку ќе исполнат своите критериуми ќе им биде дадена шансата да бидат дел од од овој процес.
Kако министерство го водевте и процесот за укинување на нелегални приредувачи на игри на среќа минатата година известивте ако добро се сеќавам негде околу 300 нелегални страници коишто ги има можеби повеќе од 2000. Колку макотрапно оди тој процес? Гледаме деновиве соопштение на МВР дека е сузбиена некоја нелегална група. Асоцијациите за приредувачи на игри на среќа алармираат дека лажни приредувачи во нивно организираат игри на среќа. Колку е тој проблем комплексен за да биде решен на пократок рок?
Овој процес е, јас го нареков колоквијално процес на играње „мачка и глушец“, затоа што постојано се создаваат нови нелегални страници кои приредуваат на игри на среќа и ние постојано со помош на алатки ги откриваме кои се и ги забрануваме и тоа е тековен процес во кој секој месец имаме нови 30 страници коишто се откриени и тие се забрануваат.
Мислам дека доста успешно го движиме процесот досега, затоа што најголем дел од големите придувачи на игри на среќа, каде што 80 до 90% од играчите нелегално играа игри на среќа беа веќе забранети и сега овие се тековни коишто се појавуваат секојдневно и ќе го тераме овој процес се додека не се донесе нов Закон за игри на среќа којшто е во подготовка, а којшто на некој посистемски начин ќе може да го регулира правото на добивање лиценца и правото на забранување или преку алгоритми и софтвери следење на паричните текови. Затоа што најлесна забрана на нелегалните приредувачи на онлајн игри на среќа е преку запирање на нелегалните текови на средства.
Знаете дека тие одат преку банкарски картички кои средства можат да бидат забранети, но тоа бара системски пристап во новиот Закон за игри на среќа. Ова наше решение е палијативно коешто се појавува кога веќе ќе се појави определен играч во дигиталниот простор и ние можеме тој да го забраниме, но како што кажав ова е една тековна работа којашто постојано ја извршуваме. Овој месец ќе имаме нови 37 забрани за нови 37 сајтови кои приредуваат нелегално игри на среќа.
Во однос на „Везилка“, тоа е капитален проект за диле дигитална трансформација на Северна Македонија преку кој државата стана дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Кога можеме да ги очекуваме првите резултати од овој проект. Имаше некакви најави за напролет?
Според информациите коишто ги имаме од носителот на проектот, а тоа е Финки, факултетот за информатички технологии, компјутерско инженерство и УКИМ како секако носител, информациите се дека се пред потпишување на договорот со Европската Комисија за отпочнување на проектот. Ние обезбедивме пред финансирање за да можат да го истерат овој прв дел од проектот во износ од отприлика околу 10 милиони денари кон крајот на минатата година.
И во очекување сме да штом потпишат веќе започнеме со подготвителни активности коишто значат обезбедување на регистар кој ќе биде корпусот на литература којашто треба да биде дигитализирана истата да биде сместена на нивните машини а тие машини претходно да бидат обезбедени и софтверски и хардверски. Така што очекувам дека во наредниов период веќе ќе видиме по зголемена динамика затоа што договарањето е помеѓу партнерот односно ФИНКИ и Европската Комисија.
Што конкретно треба како резултат ако може малку поопипливо да им го објасниме на граѓаните треба да донесе Везилка?
Па нешто што прво треба да се очекува е голем јазичен модел на на македонски јазик во текот на 2026 година којшто ќе биде автохтон македонски којшто ќе има македонска историја, контекст ако сакате и филозофија идентитетски обележја и јазички и синтаксички и семантички ќе одговара на македонскиот литературен јазик, историја и граматика и тоа значи дека ќе имаме ќе можат и странските провајдери на вештачка интелигенција да се повикуваат на овој отворен јазичен модел на македонски јазик.
Тоа е најкапиталното нешто што треба да се случи од овој проект. А потоа неговото искористување ќе биде во пет сектори коишто ги детерминираше и нашата национална развојна стратегија и стратегијата за развој на ИКТ сферата. Така што, тука ќе имаме негова имплементација во пракса и во бизнис секторот и во јавната администрација, земјоделието, енергетиката, здравството, така што неколку различни сектори. Но, клучниот елемент е дигитализација на македонскиот јазичен корпус.
По Kонгресот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски најави реконструкција на владата. Кога таа може да се очекува и дали конкретно реконструкцијата може да ве опфати и вас?
Во смисла на временските рокови очекувам прво да се формираат органите и телата на ВМРО-ДПМНЕ после Конгресот. А сигурно знаете дека ВМРО-ДПМНЕ избра претседател за четири години и тој претседател сега има право и должност да номинира генерален секретар, членови на Извршниот комитет, а потоа формирање на Централниот комитет и Општинските комитети. Ова е значајно затоа што на тој начин се исцртуваат политичките контури за наредните две години. Мандатот на овие тела и органи се две години и очекувам по завршување на тој процес претседателот на владата како мандатар направи определени измени доколку смета и на владиниот кабинет.
Што се однесува до мојата позиција, јас зборував за амбициозна агенда на почетокот на доаѓањето во ова ново министерство коешто претходно не постоеше. Голем дел од таа агенда којашто ми беше зацртана за овие две години е исполнета и тоа ме храбри да зачекорам уште попосериозно во периодот којшто следи да реализираме уште проекти за граѓаните, па да можеме да зборуваме за нови услуги, за употреба на вештачка интелигенција во пракса, за поддршка на бизнис секторот, за нова инфраструктура, за сајбер безбедност и се надевам дека во наредниот период ќе успеам тоа да го реализирам.
Што се однесува до мојата позиција оставам на претседателот на владата да одлучи каде најдобро можам да ги да ги искористам моите капацитети ако тоа биде во ова министерство во ред. Доколку смета дека не сум ја исполнил својата задача, тогаш јас сум подготвен и за промени.
Дали за ВМРО-ДПМНЕ се опција предвремени парламентарни избори?
Често сме го зборувале тоа. Ние гледаме дека треба да има избори во 2028 година. Заради структурата на буџетот, заради процесот на реформи коишто се случуваат во општеството. Сметам дека е најдобро владата да го истера целосно својот мандат, за да можеме на крајот на четирите години да кажеме ова е тоа што го ветив во програмата. Ова е она што го испорачавме со нашите можности. Тука можеби потфрливме, тука бевме подобри и застануваме пред граѓаните да тие го кажат својот став.
Се измеѓу би било пресекување на проектите, а со техничката влада и преголемо одолговлекување на некои процеси. А сметам дека бизнисот не треба да да трпи и да чека да влегуваме секоја година во избори. Ние впрочем во изминатите години освен 2023 година постојано сме во некаков изборен или референдумски циклус последниве седум или осум години. Што значи стагнација на целосна стагнација на на општеството.
Досега и нема влада којашто го истерала четиригодишен мандат...
Одамна немало влада којашто истерала четиригодишен целосен четиригодишен мандат. Ако не ја сметам владата 2020 и 2024 којашто беше време на две технички влади, одолговлекување на техничката влада и така нтаму. Така што мислам дека е време за цел изборен циклус, но се секогаш како политичка партија којашто освои толку многу мандати на парламентарните избори и огромна победа, убедлива историска победа на локалните избори, ние сме подготвени за избори доколку сите политички чинители сметаат дека се потребни избори.