Достапни линкови

УЈП под лупа, дел од даночните службеници соучесници во даночно затајување и измами


Илустрација, корупција
Илустрација, корупција

Резиме

  • Десетици милиони евра штета во буџетот од даночни затајување и измами
  • Над 30 даночни работници во три поголеми скандали ( афери) станаа дел од истрагите на обвинителството за даночна измама
  • УЈП вели „нулта толеранција“ за корупција, и дека соработува со Обвинителството
  • Готовината е керозин на корупцијата, вели даночниот аналитичар, Павле Гацов

Даночни инспектори, нивни заменици, началници и раководители на разни сектори во Управата за јавни приходи (УЈП) во изминативе три години беа дел од низа на афери кои откриваат организирани шеми за крадење од државната каса со помош на фиктивен поврат на ДДВ, даночно затајување, даночни измами , злоупотреба на службени овластувања и корупција.

Резултатот од институционалниот криминал се брои во десетици милиони евра кои завршиле на приватни сметки наместо во државниот буџет, покажуваат досегашните истраги на Обвинителството. Со ваквите злоупотреби дополнително се поткопува довербата во даночниот систем и се зголемува фискалната нетранспарентност, сметаат даночните експерти.

Најголема истрага поврзана со УЈП

Само во последната истрага на скопското обвинителство беа опфатени 20 луѓе меѓу кои 11 се службеници и раководители од УЈП. Тие се осомничени за даночно затајување, перење пари и злоупотреба на службена положба. Обвинителството смета дека вработените во УЈП и осомничените сопственици на фирми здружно го оштетиле државниот буџет за 4,8 милиони евра.

Истрагата на обвинителите покажува дека шемата со фиктивни фактури, сомнителни фирми, неплатен данок, барање за поврат, не можела да се оствaри без поддршка од вработени во Управата за јавни приходи.

Според неа, дел од осомничените прикажувале лажни даночни пријави по што државните службеници „замижале “ и одобриле тие да ги избегнат давачките кон државата.

„Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот од 31 милиони денари“, се вели во соопштението.

УЈП тврди дека има „нулта толеранција за корупција“ и целосно соработува со обвинителството. Додека траат институционалните и правните постапки, од УЈП посочуваат дека се преземени навремени мерки за непречено функционирање на институцијата и стабилност на работните процеси во засегнатата организациона единица.

Синдикалните организации на вработените во УЈП велат дека се против било какво коруптивно однесување и не оправдуваат ниту поддржуваат било какво незаконско постапување на било кој вработен во УЈП. Но, како што велат во денешното соопштение, бараат јасно разграничување на делата.

„Како синдикални организации, изразуваме загриженост за случувањата во кои се инволвирани вработени во УЈП, особено за јавното изнесување на информации, коментари и квалификации кои можат да создадат впечаток на однапред утврдена вина и однапред осудување на даночните службеници без правосилна судска одлука“, се вели во нивното соопштение.

Според даночни аналитичари, шемите каде што вработени во даночната администрација се вмешани во измами и затајувања најчесто укажуваат на структурни слабости во административните процедури, но и во клучните системи за контрола кои овозможуваат злоупотреби, а не само поединечни грешки. Особено ако се земе в предвид фактот дека најчесто станува збор за организирани групи како што се последните скандали, вели даночниот екперт Павле Гацов.

„Значи се работи сепак за сериозна закана за владеење на правото. Правото, од подривање на довербата на институциите, сепак Управата за јавни приходи треба да го штити државниот имот, односно приходите да ги прибере во буџетот, да внимава исто така и на трошењата кога се работи за даночни обврзници и така натаму“, вели тој.

Гацов додава дека таков контекст очигледно е потребно подобрување на системот, на воведување на редовни внатрешни и надворешни контроли во рамките на институциите, потоа избрани тела кои ќе прибираат анонимни дојави. Но, како што додава, најважна е дигитализација на процесите.

„ И уште поважно, да се намали дискреционото одлучување на лица во рамките на институциите. Овде не зборувам само за Управата за јавни приходи, сега тие се нели актуелни, но очигледно и во другите органи има премногу пренесени стари дискрециони овластувања коишто даваат шанса на некои личности коишто се далеку од моралот, еве да стекнуваат лични богатства на товар на подривање на угледот на институцијата во која работат“, објаснува тој.

Директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, чија основна цел како институција е да се грижи за државниот буџет, вели дека најголемиот дел од кривичните дела кои ги открила полицијата во 2024 и 2025 се поврзани со злоупотреба на службена положба, проневера и несовесно работење во институциите.

Тој во неодамнешното интервју за порталот МКД.мк објаснува дека институционалниот криминал станува посериозен проблем, кој има далекусежни последици за довербата на граѓаните во државата.

„Поголемиот дел од случаите што ги работиме произлегуваат од системски слабости, недоволна контрола, слаби механизми за превенција и често недостиг на лична одговорност кај поединци кои управуваат со јавни ресурси. Тоа што е заедничко за голем дел од кривичните дела е фактот дека можеле да се спречат доколку имало построги внатрешни контроли, транспарентност и навремено реагирање на сомнителни активности“, вели директорот на Финансиската полиција Ивановски.

Даночни инспектори го предупредувале сопственикот на „Пулс“

За системските пропусти во Управата за јавни приходи зборува и предметот за пожарот во кочанската дискотека Пулс, во која загинаа 63 млади луѓе, а околу 200 беа повредени. Покрај главната истрага околу причините и условите кои довеле до пожарот, Обвинителството отвори и уште една засебна истрага во која на 20 ноември беа приведени 11 луѓе.

Од нив осумина се даночни инспектори и управители на дирекции кои за одреден поткуп ја злоупотребувале службената должност и со години го предупредувале сопственикот на „Пулс“ за вонредните даночни контроли и му овозможиле да работи без фискални сметки.

„Сопственикот на “Пулс” подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот“, се вели во соопштението на Обвинителството.

„Синџир“ спроведе 15 вработени од УЈП во притвор

Но, ова не се единствените даночни работници кои завршија зад решетки. Во 2024 година 15 вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп завршија во притвор, осомничени во проширената истрага од предметот Синџир.

Станува збор за предмет во кој првоосомничен е Љупчо Пецов-Ѓаволот. Обвинителство го товари Пецов и другите осомничени се товарат дека преку мрежа од 28 компании и фиктивни фактури го оштетиле државниот буџет за околу 8 милиони евра.

Поголемиот дел од приведените даночни работници се луѓе кои се наоѓаат на раководни позиции во секторите на УЈП.

Гацов: Кешот е керозин на корупцијата

Овие истраги го отвораат системско прашање за внатрешната контрола, политичката одговорност и ефективноста на антикорупциските механизми, велат аналитичарите.

„Ова се сега откривања на криминалот. Не можеме да се пофалиме ни дека сме биле некоја земја којашто даночниот морал и на страна на институциите, но и на страна на даночните обврзници бил многу висок. Затоа и прибирањето на даноците и сивата економија не случајно, секогаш е на една третина. Тоа покажува дека системот има пропусти“, вели Гацов.

Еден од начините за справување со оваа појава е дигитализација на процедурите и истиснување на готовината од платниот промет. Според податоците од Народната банка, употребата на готовината нема тренд на опаѓање, а „таа е керозин на корупцијата“, вели Гацов.

Според последната објавена анализа на Центарот за економски анализи македонскиот буџет собира 17% од бруто-домашниот производ (БДП) во даночни приходи, процент што е практично постојан во текот на две децении. Но, во однос на другите земји кои се членки на Европската Унија, овој просек е помал, затоа што кај нив се движи од 25-50%.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG