Достапни линкови

Осомничениот судија заврши на распит по три дена од откриените „соѕидани“ 350.000 евра


Илустрација
Илустрација

Во случајот со судијата Ристов, осомничен е и поранешниот државен правобранител, кој како адвокат барал пари за да го подмити судијата. Екс државниот правобранител беше приведен во декември, а случајот се најде на листата „матни“ настани кои, според Транспаренси Интернешнл - Македонија, го одбележале месецот.

Куќен притвор и одземање пасош се двете мерки што обвинителите ги бараат за осомничениот судија од Апелацискиот суд Скопје Ѓоко Ристов откако во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени 350.000 евра скриени во еден од ѕидовите. За овие пари Обвинителството се сомнева дека биле незаконски стекнати и прикриени.

Но, пред судот да одлучи дали ќе Ристов ќе заврши во куќен притвор, треба да добие „амин“ од Судскиот совет бидејќи осомничениот како судија ужива имунитет.

„Денеска предметниот јавен обвинител сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар“, соопштија на 20 јануари од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое ја води истрагата.

Ристов е осомничен за кривичното дело „противправно стекнување и прикривање имот“ и за „перење пари“. Еврата во ѕидот во семејниот дом во Неготино беа пронајдени при претрес што надлежните го спроведоа во неделата.

Оттогаш, три дена немаше информации дали тој е обезбеден или е во бегство.

Итна постапка за имунитетот пред Судскиот совет

Откако ОЈО ГОКК информираше дека судијата бил сослушан и се бара куќен притвор за него, од Основниот кривичен суд Скопје се огласија дека предметот е веќе распореден кај надлежен судија и испратено е известување до Судскиот совет. Ова тело треба да одлучува за имунитетот во рок од 24 часа, како што предвидуваат законските одредбите.

„Советот на седница со најмалку седум гласови од вкупниот број на членови на Советот со право на глас, дава согласност по барањето за одобрување на притвор на судија и му го одзема имунитетот, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години“, пишува во членот 104 од Законот за Судски совет.

Советот има вкупно 15 члена од кои 13 се со право на глас. Двајцата што не гласаат се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.

Ристов, како што е наведено во неговата биографија, е избран за Апелациски судија во Скопје во февруари 2020 година. Во второстепениот суд тој постапувал во предмети од кривичниот оддел. Претходно беше судија во скопскиот Основен кривичен суд.

Покрај претресот во домот во Неготино, обвинителите во неделата најавија дека претресите и другите истражни дејствија продолжуваат. Засега, нема нови детали од истрагата.

„Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања“, велат од Обвинителството.

Случајот со Ристов и Стафа меѓу „најматните“ настани за 2025

Акцијата поврзана со претресите и сомничењето на судијата од Апелација, како што е познато, е продолжение на истрагата што беше отворена на 14 декември, а во која беше приведен адвокат кој примил 50.000 евра од осомничено лице за да посредува и „да го искористи своето реално влијание и да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје“.

Адвокатот е Фехми Стафа, поранешниот државен правобранител на Северна Македонија. Тој четири години – од август 2018 до август 2022, беше на чело на институција задолжена за правна заштита на државата и нејзините имотно-правни интереси.

Токму овој случај се најде на листата „матни“ настани што го одбележале декември, а и целата 2025 година, која денеска, 20 јануари, ја објави организацијата Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Станува збор за листа од „матни“ и „бистри“ настани преку која оваа организација ги следи случаите и дејствијата поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата.

„Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем“, наведуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Стафа во случајот се гони за делото „примање награда за противзаконито влијание“.

„Првично, осомничениот [адвокатот] побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство“, соопшти обвинителството на 14 декември кога ја отвори истрагата.

Потоа на 13 декември, според доказите на ОЈО ГОКК, адвокатот директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата.

Лицето, кое беше во бегство, а од кое Стафа барал пари, како што веќе беше објавено во јавноста, е Љупчо Пецов-Ѓаволот. Тој е обвинет во предметот „Синџир“ каде беа опфатени над триесетина физички и правни лица. Случајот се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. Во моментов Пецов се наоѓа во куќен притвор.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG