Достапни линкови

Антисемитските испади во Северен Кавказ го разоткриваат „опасното“ балансирање на Москва за војната во Газа


Локален жител вее палестинско знаме со порака на која пишува „Дагестан стои покрај вас“ за време на пропалестинскиот митинг на аеродромот во Махачкала по пристигнувањето на летот од Тел Авив, 29 октомври 2023
Локален жител вее палестинско знаме со порака на која пишува „Дагестан стои покрај вас“ за време на пропалестинскиот митинг на аеродромот во Махачкала по пристигнувањето на летот од Тел Авив, 29 октомври 2023

Ненадејниот изблик на повремено насилните антисемитски протести во рускиот главно муслимански регион Северен Кавказ ги разоткри домашните опасности од напорите на авторитарниот претседател Владимир Путин да има политичка корист од војната меѓу Израел и екстремистичката палестинска група Хамас.

На 29 октомври, толпа од повеќе од 1 000 луѓе упаднаа на аеродромот во Махачкала, главниот град на регионот Дагестан, извикувајќи антисемитски пораки и сакајќи да ги спречат патниците кои пристигнуваа со лет од Израел да влезат во градот. Во немирите беа повредени повеќе од 20 луѓе, десетици беа уапсени, а аеродромот беше затворен.

Локалните власти ги повикаа „жителите на Pепубликата да не подлегнуваат на провокациите на деструктивните групи и да не создаваат паника во општеството“.

Настаните на аеродромот беа само најшокантните од серијата антисемитски инциденти во нестабилниот Северен Кавказ во последните денови, повеќето од нив поттикнати од гласините дека еврејските бегалци се пречекани во регионот.

Евреите во страв по обидот за погром во Дагестан
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

На 28 октомври, голема толпа луѓе се собра пред хотел во градот Хасавјурт во Дагестан, откако различни канали на Телеграм објавија дека таму престојува лице „што според надворешниот изглед личи на граѓанин на Израел“.

Полицијата ја смири тензијата дозволувајќи им на претставниците да влезат во хотелот сами за да се уверат дека нема израелски граѓани. Подоцна хотелот поставил натпис на кој пишувало дека на израелските граѓани и на Евреите не им е дозволено да влезат или да останат таму.

Следниот ден, вандалите запалија пожар на градилиштето на еврејскиот културен центар во Налчик, главниот град на регионот Кабардино-Балкарија. Иако во нападот нема повредени, вандалите на ѕидот од зградата со спреј ја испишале паролата „Смрт за Евреите“. Онлајн петицијата против изградбата на еврејскиот центар собра речиси 20 000 потписи пред да биде отфрлена поради „расизам“.

Како одговор на немирите на аеродромот во Махачкала, портпаролот на Путин најави средба со голема група владини, законодавни и безбедносни претставници во Москва. Темата на дискусијата беше: „Напорите на Западот да ги користат настаните на Блискиот Исток за да го поделат руското општество“.

Откако Хамас го нападна Израел на седми октомври, Москва јавно се обиде да оди по тенка линија која има за цел да го искористи глобалното одвлекување на вниманието од инвазијата на Украина и да им се додворува на арапските држави и глобалниот југ, а исто така се обидува да не ги наруши односите со Израел или клучниот регионален сојузник на Русија-Иран, велат аналитичарите.

Русија не ги осуди јасно акциите на Хамас во јужен Израел.

Таа беше домаќин на делегација на Хамас во Москва минатата недела и постојано ги обвинуваше Соединетите Држави и Западот за конфликтот. Пропагандистите во корист на Кремљ на државната телевизија и на социјалните мрежи, без докази, тврдат дека Хамас главно бил вооружен со западна воена помош украдена од корумпирани украински функционери.

„Руските лидери треба да му бидат благодарни на Хамас. Вниманието е одвлечено од војната во Украина, а американските конгресмени се расправаат околу тоа дали да се комбинира помошта за двете нападнати земји во еден пакет, напиша украинскиот политички коментатор Виталиј Портников за рускиот сервис на РСЕ.

Олег Степанов, поранешен координатор на Москва за затворениот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави дека Путин ги става „своите лични политички интереси над размислувањата за хуманост или морал“ и „ја бара сопствената корист“ во војната меѓу Израел и Хамас.

Но според Хана Ноте, експерт за руска политика на Блискиот Исток, нападот на аеродромот покажа дека пристапот на Кремљ кон војната меѓу Израел и Хамас доаѓа со значителни „ризици и ранливости“ за Русија и во странство, но и дома.

„Путин сега го жнее тоа што го посеа“ откако Русија „силно се потпре на палестинската страна во последните две недели. Во грижата за глобалните пропалестински чувства за нејзината војна на наративи со Западот, руската држава ги поттикна домашните сили, кои сега би можеле да станат проблем“, уверена е Ноте.

„Кошмар за Кремљ“

„Додека официјалната руска дипломатија се обидуваше да одржи некаква неутрална улога на миротворец во војната во Газа, руската државна телевизија и социјалните медиуми кои го поддржуваат Кремљ беа главно антиизраелски, создавајќи опасен притисок во сиромашниот Северен Кавказ“, рече Серхи Данилов, заменик директор на украинската Асоцијација за блискоисточни студии во Киев.

„Државната пропаганда ја зголемува омразата кон Израел и Израелците“, изјави Данилов за Current Time, мрежата на руски јазик што ја води РСЕ во соработка со Гласот на Америка.

„Делумно, ова е насочено кон Евреите генерално, вклучувајќи ги и оние кои живеат во Русија. Пропагаторите јасно ставија до знаење дека се на страната на Палестинците. И не само Палестинците, туку и Хамас. И ова го загреа целиот Север Кавказ, не само Дагестан“, смета Данилов.

Данилов вели дека „социјалните тензии“ во регионот, кои долго време не се решени од владата на Путин и локалните лидери инсталирани од Кремљ, се зголемуваат и создаваат потенцијал за испади.

„Социјалната тензија во Северен Кавказ е поголема отколку во другите региони на Русија. Конкуренцијата меѓу клановите и етничките групи е малку поголема во Северен Кавказ. И тука, не се работи само за исламот“, вели Данилов.

Марк Галеоти, автор и аналитичар на руската политика, напиша дека локалните лидери во Северен Кавказ „се обидуваат да одат по деликатна линија“ настојувајќи да го избегнат „отуѓувањето на локалното муслиманско чувство“ и „се прави се за да поттикне дополнително меѓуетничко насилство“.

Сега, се чини дека Кремљ сериозно ги сфаќа неодамнешните испади,(барем гледано оддалеку) бидејќи опширно ги покрива немирите на аеродромот на државната телевизија, а случајот го надгледува лично шефот на Истражниот комитет Александар Бастрикин. Со оглед на тоа што муслиманите сочинуваат околу 10 отсто од населението во Русија и се несразмерно застапени меѓу руските трупи кои се борат во Украина, Москва ги има сите причини да биде загрижена, напиша Галеоти.

„Во време кога руските вооружени сили се ангажирани во Украина, а идната стабилност на Чеченија е доведена во прашање со оглед на гласините за лошата здравствена состојба на локалниот воен лидер Рамзан Кадиров, сè што може да донесе поголеми турбуленции во регионот е кошмар за Кремљ“, напиша Бастрикин.

Кадиров е чеченскиот лидер назначен од Кремљ, на кој Путин се потпира 15 години за да го држи под контрола регионот кој беше место на двете постсоветски сепаратистички војни, игнорирајќи ги доказите за широко распространето кршење на човековите права под неговото владеење.

Според државната новинска агенција ТАСС, полицијата воспоставила обезбедување околу синагогите во главните градови во регионот.

Рускиот политички коментатор Андреј Гусија тврди дека ситуацијата во Дагестан не се појавила преку ноќ и дека требало да и се дозволи на „пареата да излезе“.

„Тие можеа да одржат овластен митинг, организиран од властите. Сега таква мирна опција веќе не е можна. Единственото решение што останува е репресијата“, изјави Гусија за РСЕ.

XS
SM
MD
LG