Достапни линкови

Со нападот врз Израел, Хамас се обидува да ја „преуреди“ безбедноста на Блискиот Исток


илустрација
илустрација

Кога исламистичката група Хамас започна спектакуларен напад против Израел, таа, исто така, имаше за цел да создаде нови регионални безбедносни усогласувања што може да ги загрозат палестинските аспирации за државност и амбициите на главниот поддржувач на групата, Иран.

Саботниот напад, кој е најголемиот упад во Израел во последните децении, се совпаѓа со потезите поддржани од Соединетите Држави за потикнување на Саудиска Арабија кон нормализирање на односите со Израел во замена за одбранбениот договор меѓу Вашингтон и Ријад, потег што ќе ги притисне кочниците на неодамнешното зближување на Кралството со Техеран.

Палестински официјални лица рекоа дека вооружените напаѓачи кои упаднаа во израелските градови, убивајќи стотици Израелци и земајќи заложници, исто така пренесуваат порака дека Палестинците не може да се игнорираат доколку Израел сака безбедност и дека каков било договор со Саудиска Арабија ќе ги прекине затегнатите односи со Иран.

Повеќе стотици жители на Газа се убиени во одговорот од Израел.

„Сите договори за нормализација што вие (арапските држави) ги потпишавте со Израел нема да стават крај на овој конфликт“, рече Исмаил Ханије, лидерот на Хамас кој раководи со Газа, за телевизијата Ал Џезира.

Регионален извор запознаен со размислувањата на Иран и на либанската група Хезболах, поддржана од Иран, додаде:

„Ова е порака до Саудиска Арабија, која ползи кон Израел, но и до Американците кои ја поддржуваат нормализацијата и го поддржуваат Израел. Нема безбедност во целиот регион се додека Палестинците се оставени надвор од равенката“, рече изворот.

„Она што се случи е над секое очекување. Денес е пресвртница во конфликтот“, додава тој.

Експлозии во Газа, продолжува гранатирањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:07 0:00

Нападот на Хамас започна од Газа по неколкумесечното растечко насилство на Западниот Брег, окупиран од Израел, со засилени израелски напади, палестински улични напади и напади од еврејски доселеници врз палестинските села. Условите за Палестинците се влошија под тврдодесничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Мировниот процес е во застој со години.

Во меѓувреме, двете земји и Саудиска Арабија и Израел посочија дека се приближуваат до договор за нормализација. Но, извори претходно за Ројтерс изјавија дека решеноста на Кралството да обезбеди договор за одбрана со САД значело дека нема да го одложи договорот за нормализација за да добие суштински отстапки за Палестинците.

Лаура Блуменфелд, аналитичарка од Блискиот Исток во Школата за напредни меѓународни студии Џон Хопкинс во Вашингтон, вели дека Хамас можеби се одлучил за ваков потег поради чувството дека се соочува со ирелевантност, додека напорите кон пошироки израелско-арапски односи напредуваат.

„Додека Хамас гледаше како Израелците и Саудијците се приближуваат до договор, тие одлучија во стилот: нема место на масата, отрујте го оброкот“, рече Блуменфеилд.

Тајмигот на нападот

Осама Хамдан, лидерот на Хамас во Либан, за Ројтерс изјави дека операцијата во саботата треба да ги натера арапските држави да сфатат дека прифаќањето на израелските безбедносни барања нема да донесе мир.

„За оние кои сакаат стабилност и мир во регионот, почетната точка мора да биде ставање крај на израелската окупација. Некои (арапски држави) за жал почнаа да замислуваат дека Израел може да биде порта за Америка да ја брани нивната безбедност“, изјави Хамдан.

Нетанјаху вети моќна одмазда за овој црн ден по започнувањето на нападот во саботата, кој дојде речиси точно 50 години од почетокот на војната во Јом Кипур во 1973 година, кога Израел беше нападнат од египетските и сириските сили и се бореше за својот опстанок.

Потсетувајќи се на времето на војната во 1973 година, функционерот на Хамас, Али Барака, за нападот во саботата, рече:

„Беше неопходно раководството на отпорот да донесе одлука во соодветно време, кога непријателот е расеан со своите празници“, вели тој.

Тој рече дека нападот од воздух, копно и море бил „шок за непријателот и докажал дека израелското воено разузнавање не успеало да дознае за оваа операција“, откако Израел, кој се гордее со својата инфилтрација и следење на милитантите, бил изненаден.

Инфографика - Што е Хамас?
Инфографика - Што е Хамас?

Во 1973 година, Египет потпиша мировен договор со Израел и неколку други арапски држави, исто така, оттогаш ги нормализираа врските, вклучително и некои арапски земји од Персискиот залив веднаш до Саудиска Арабија. Но, Палестинците не се приближија до нивната аспирација за обезбедување држава, која изгледа како далечна перспектива како и секогаш.

„Иако не е веројатно главниот двигател на нападите, активностите на Хамас испраќаат јасен потсетник до Саудијците дека палестинското прашање не треба да се третира како само уште една поттема во преговорите за нормализација“, напиша Ричард ЛеБарон, поранешен американски дипломат на Блискиот Исток.

Досегот на Иран

Висок функционер во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден на новинарите им рече дека е „навистина прерано да се шпекулира“ за ефектот што конфликтот меѓу Израел и Хамас може да го има врз напорите за саудиско-израелска нормализација.

„Би рекол дека некои како Хамас, терористички групи како Хамас, нема да попречат каков било исход. Но, тој процес треба да оди“, додаде функционерот, кој сакаше да остане анонимен.

Нетанјаху претходно изјави дека на Палестинците не треба да им се дозволи да стават вето на кој било нов израелски мировен договор со арапските држави.

Регионален извор запознаен со Саудиско-израелско-американските преговори за нормализација и одбранбениот пакт за Кралството рече дека Израел прави грешка со тоа што одбива да направи отстапки за Палестинците.

Во својот одговор на нападите во саботата, Саудиска Арабија повика на „итно прекинување на насилството“ меѓу двете страни.

Во меѓувреме, Иран не ја крие својата поддршка за Хамас, финансирањето и вооружувањето на групата и уште една палестинска милитантна организација Исламски џихад. Техеран го нарече нападот во саботата чин на самоодбрана на Палестинците.

Јахја Рахим Сафави, советник на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, рече дека Техеран ќе стои на страна на палестинските борци „до ослободување на Палестина и Ерусалим“.

Палестински функционер, близок до исламистичките милитантни групи, по почетокот на нападот на Хамас со огромен налет на ракети истрелани од Газа изјави:

„Иран има раце, а не една рака, во секоја ракета што е истрелана кон Израел.Тоа не значи дека тие наредиле напад (во сабота), но не е тајна дека е благодарение на Иран, дека Хамас и Исламскиот џихад успеаја да го надградат својот арсенал“, рече официјалниот претставник, говорејќи под услов да биде анонимен.

Поддршката на Иран за палестинските групи е дел од пошироката мрежа на милиции и вооружени групи што ги поддржува низ Блискиот исток, давајќи му на Техеран моќно присуство во Либан, Сирија, Ирак и Јемен, како и во Газа.

Аналитичарите велат дека Иран веќе испратил сигнал минатата недела дека саудискиот договор ќе ги погоди затегнатите односи на Ријад со Техеран, кога јеменската група Хути, поддржана од Иран, уби четворица бахреински војници во прекуграничен напад во близина на саудиско-јеменската граница. Тој напад ги загрози мировните преговори за ставање крај на осумгодишниот конфликт во Јемен.

Денис Рос, поранешен преговарач за Блискиот Исток, кој сега е во Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика во Вашингтон, додаде:

„Ова што се прави е за да се спречи пробивот на разговорите за нормализација меѓу САД-Саудиска Арабија-Израел“.

XS
SM
MD
LG