Достапни линкови

Вести

Мулен - Гадафи не е ни блиску до пораз

Адмиралот Мајк Мулен
Адмиралот Мајк Мулен
Силите на либискиот лидер Моамер Гадафи не се ни близу до конечен пораз, и покрај стотиците сојузнички воздушни напади, изјави американскиот воен командант, адмирал Мајк Мулен пред американскиот Конгрес. Тој изјави дека војската на Гадафи е десет пати помоќна од бунтовниците. Адмирал Мулен рече и дека лошите временски услови во Либија ги попречиле воздушните напади на коалициските сили и со тоа дозволиле Гадафи да напредува.

види ги сите денешни вести

ВМРО-ДПМНЕ: Се уште нема конечен договор со ЗНАМ

Средба на Движењето ЗНАМ со потпретседателите на ВМРО ДПМНЕ
Средба на Движењето ЗНАМ со потпретседателите на ВМРО ДПМНЕ

На само два дена пред одржување на конститутивната седница во Собранието, партијата ВМРО-ДПМНЕ која освои 58 пратенички мандати седна на преговарачка маса со Движењето Знам кое на парламентарните избори освои 6 пратенички мандати.

На вчерашната прва официјална средба во просториите на Знам, претставници од ВМРО-ДПМНЕ биле потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски наспроти генералниот секретар Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски од другата страна.

Ни ВМРО-ДПМНЕ ни Знам не соопштија никаки детали од средбата или исходот од преговорите.

„Се уште нема конечен договор, тоа што можам да го споделам е дека разговорите се одвиваат во позитивен дух, изјави портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање дали Движењето ЗНАМ станува дел од Владата и кои ресори би ги добиле.

Од Движењето ЗНАМ, кое го предводи кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кусо информираа дека на средбата се разговарало за стратешките определби, политичките начела и политичката платформа за соработка.

Претходно вчера, од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека преговорите меѓу коалициските партнери за идната Влада се во напредна фаза, но оти се уште нема конечен договор со Коалицијата „Вреди“ и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваат никакви детали.

ВМРО-ДПМНЕ, претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник, без при тоа да посочи кои се дополнителните три пратеници кои ќе им се приклучат. Новата влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20-ти јуни.

За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 58, коалицијата„ За европска иднина“ предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Французинката Ле Пен се обидува да се „обедини“ со Италијанката Мелони

Лидери на десницата во Европскиот Парламент
Лидери на десницата во Европскиот Парламент

Француската крајнодесничарска политичарка Марин Ле Пен вели дека би сакала поблиску да соработува со италијанската премиерка Џорџа Мелони.

„Сега е моментот да се обединиме“, рече Ле Пен за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ во ек на предизборната кампања.

Партијата на Ле Пен се очекува да освои повеќе гласови од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон на изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат за нешто помалку од две недели. Ваквите очекувања се дел од поширокиот бран на крајната десница кој ги зафати неколку земји членки на Европската Унија.

“ Ќе бидеме успешни, можеме да станеме втората по големина група во Европскиот парламент, мислам дека таквата можност не треба да се пропушти“, рече Ле Пен во коментарите објавени во неделата.

Според Ле Пен, таа и Мелони се согласуваат за клучни прашања а сојузот може да биде корисен .

Двете политичарки припаѓаат на две различни политички групи во Европскиот парламент. Партијата на Ле Пен учествува со десничарската група „Идентитет и демократија“ (ИД), додека „Браќата на Мелони“ од Италија, кои имаат неофашистички корени, им припаѓаат на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР).

Неодамна се отвори голем јаз во групата „Идентитет и Демократија“ поради германската партија „Алтернатива за Германија“ Проблемот го предизвика водечкиот кандидат на Алтернатива за Германија за изборите, Максимилијан Кра, велејќи дека не сите членови на СС, нацистичка паравоена група, се криминалци.

Таквата изјава ја предизвика Ле Пен која ја исфрли партијата Алтернатива за Германија од групата „Идентитет и Демократија“, затоа што се обидува да се исчисти од антисемитска репутација. Набљудувачите веруваат дека Ле Пен сака да се приближи до Мелони и нејзината партија со цел да создаде нови сојузи во Европа по расколот во групата ИД.

Најмалку 14 луѓе загинаа при руски напад врз Харкив

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Украинските спасувачи ги пребаруваа јагленосаните остатоци од трговскиот центар во Харкив за тела, бидејќи официјалните лица соопштија дека бројот на загинати од руски ракетен напад се искачи на најмалку 14.

Речиси четириесетина луѓе беа ранети во нападот на 25 мај, кој ја погоди продавницата додека голем број купувачи ја посетуваа продавницата „Епицентар“.


Гувернерот на регионот Харкив, Олех Синјехубов, рече дека билансот изнесувал 14 загинати до пладне на 26 мај, но поради стравувањата дека бројката ќе порасне, спасувачите користеле тешка опрема за да ги преберат остатоците.

Најмалку 43 лица се ранети, изјави Ихор Терехов, градоначалник на Харкив.

„Нападот беше насочен кон трговскиот центар, каде што имаше многу луѓе. Ова е очигледно тероризам“,напиша Техеров на социјалната платформа Телеграм.

Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко, пак, рече дека 16 лица се уште се водат како исчезнати по нападот.

Хамас истрела ракети кон Тел Авив за прв пат по неколку месеци

Илустрација, Газа
Илустрација, Газа

Палестинската исламистичка група Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка, истрела ракети кон Тел Авив за прв пат по четири месеци, активирајќи предупредувачки сирени во израелскиот град.

Неколку експлозии се слушнаа во центарот на Тел Авив, а се огласија и ракетни аларми во неколку градови во пошироката област.

Одговорноста за нападите ја презеде военото крило на Хамас, организација која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка.

Според здравствените власти две жени биле полесно повредени додека брзале кон засолништата.

Израелски воени извори за новинската агенција ДПА изјавија дека осум ракети биле истрелани од градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што Израел ја продолжува својата воена операција и покрај неодамнешната одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП) која нареди да престане.

Неколкуте проектили, наводно, биле пресретнати од израелскиот противракетен одбранбен систем, јавува германската новинска агенција ДПА.

Последен пат Тел Авив беше нападнат со ракети од Појасот Газа на 29 јануари.

Најмалку 10 луѓе загинаа при поплава во Авганистан

Илустрација
Илустрација

Поплавите од обилните врнежи зафатија село во североисточен Авганистан, при што загинаа 10 членови на едно семејство. Локалните талибански претставници во провинцијата Бадакшан изјавија за Радио Азади на Рaдио Слободна Европа дека четири тела се извлечени, а спасувачите трагаат по повеќе по поплавите на 26 мај во текот на ноќта.

Шефот на провинцискиот Оддел за борба против катастрофи, Мохамад Акрам Акбари, рече дека голем број села биле погодени од поплавите.

Во Баглан, околу 300 километри северно од Кабул, талибанските власти соопштија дека 40 куќи биле уништени од поплавите.

Минатата недела поројните поплави предизвикани од обилните дождови опустошија села во северен Авганистан, при што загинаа 315 луѓе, а повеќе од 1.600 беа повредени, соопштија властите.

Авганистан е земја во која често има природни катастрофи и Обединетите нации ја сметаат за една од земјите најранливи на климатските промени.

Авганистан се соочи со недостиг на странска помош откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година по повлекувањето на меѓународните сили.

Камиони со хуманитарна помош влегуваат во Газа

Илустрација, Газа
Илустрација, Газа

Камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа од јужен Израел на 26 мај, според новиот договор за заобиколување на преминот Рафа со Египет, откако израелските сили ја зазедоа палестинската страна на преминот.

Сепак, не е јасно дали хуманитарните групи ќе можат да пристапат до камиооните поради тековните борби во областа.

Египет одбива повторно да ја отвори својата страна на преминот Рафа додека на Палестинците не им се врати контролата на страната Газа. Египет се согласи привремено да го пренасочи сообраќајот преку израелскиот премин Керем Шалом, главниот карго терминал во Газа, по разговорите меѓу американскиот претседател Џо Бајден и египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси.

Но, тој премин беше главно недостапен поради борбите поврзани со израелската офанзива во блискиот град Рафа. Израел тврди дека дозволил да влезат стотици камиони, но хуманитарците од ОН тврдат дека е премногу опасно да се земе помош од другата страна.

Во осуммесечната војна меѓу Израел и палестинската група Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка, според податоците на Хамас, загинале повеќе од 35.900 Палестинци, без да се прецизира колку цивили и борци.

Околу 80 отсто од 2,3 милиони жители ги напуштиле своите домови, силна глад е широко распространета, а претставници на ОН велат дека делови од територијата доживува глад.

Хамас ја започна војната со нападот врз Израел на 7 октомври, во кој палестинските милитанти убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а земаа околу 250 заложници. Хамас сè уште држи околу 100 заложници и останките на околу 30 други, откако повеќето од другите беа ослободени за време на прекинот на огнот минатата година.

Доцна на 25 мај, Хамас тврдеше дека заробил израелски војник за време на борбите во северниот дел на Газа и објави видео на кое се гледа како ранетиот е влечен низ тунел. Израелската армија негираше дека некој од нејзините војници бил заробен, а Хамас не обезбеди други докази за да го поткрепи своето тврдење.

Европски фронт достави приговор за прегласувањето во Желино

Илустрација
Илустрација

Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до Државната изборна комисија (ДИК) за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино, велат од ДИК. Со прегласувањето на ова избирачко место, коалцијата „Европски фронт “ предводена од ДУИ изгуби едно пратеничко место, а едно повеќе доби нејзниот опонент коалицијата Влен.

Други приговори за прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петата и шестата изборна единица до ДИК нема пристигнато.

Според изборните правила ДИК за приговорот дали го прифаќа или не, треба да донесе одлука во рок од 72 часа по приемот на приговорот. На решението од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.


Според првичните резултати по прегласувањето во седум избирачки места во изборните единици пет и шест на парламентарните избори коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратенички мандати, додека Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ загуби еден пратеник и има 18 пратенички мандати, исто колку и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ. Коалицијата „Вреди“ по прегласувањето доби еден пратеник повеќе и сега има 14, додека Движење ЗНАМи Левица остануваат со по шест пратенички мандати.

Режисерот кој избега од Иран доби 12-минутни овации на канскиот фестивал

Иранскиот филмски режисер Мохамад Расулоф,
Иранскиот филмски режисер Мохамад Расулоф,

Иранскиот филмски режисер Мохамад Расулоф, кој побегна од затвор и казна од камшик во својата земја, беше награден со специјална награда од жирито на Канскиот филмски фестивал за неговата приказна за судски истражител чиј семеен живот е растргнат за време на антивладините протести.

При прифаќањето на наградата во францускиот туристички град, 51-годишниот Расулоф рече дека неговото срце е со неговата филмска екипа, која „се уште била под притисок на тајните служби во Иран“.

Специјалната награда на жирито му беше доделена на Расулоф за „привлекување внимание кон неодржлива неправда“ во Иран, соопштија организаторите по проекцијата на филмот „Семето на светата смоква“, што доведе до 12-минутни овации.


Главната награда на фестивалот, пак, отиде во рацете на филмот „Анора“, сензуална драма и комедија за егзотична танчерка која се вплеткува со син на руски олигарх.

Претходно на прес-конференција, Расулоф потсети како во рок од неколку часа морал да одлучи дали да оди во егзил или да одлежи затворска казна, велејќи дека сè уште е тешко да се зборува за тоа.

„Морав да си кажам, добро, дали сакам да бидам во затвор или да го напуштам Иран, географски Иран и да се приклучам на културниот Иран што постои надвор од неговите граници?“, рече Расулоф, кој е отворен критичар на репресијата во Иран и двапати одлежа затворски казни.

Иранското правосудство го осуди Расулоф на камшикување и осум години затвор, откако беше осуден за „дејствија против националната безбедност“, рече неговиот адвокат Бабак Пакнија на 8 мај.

Деталите за неговото бегство од Иран не се целосно познати. Тој рече дека акцијата била измислена со користење на контакти што ги остварил за време на неговиот престој во затвор.

„Колку повеќе поминувате време со испрашувачите, тајната полиција, толку повеќе учите како да ги спречите“, изјави тој за новинската агенција АФП во Кан.

„Тие ви ги покажуваат вашите мејлови, па учите како да ги пишувате.

Расулоф рече дека и дошол до идејата за „Семето на светата смоква“ додека бил во затвор.

Западните застапници за заштита на човековите права и луѓето од филмската индустрија ги осудија дејствијата на Иран против Расулоф и побараа негово ослободување.

Расулоф ја доби главната награда на Берлинскиот филмски фестивал во 2020 година за неговиот филм Нема зло, кој раскажува четири приказни слабо поврзани со темите на смртната казна во Иран и личните слободи под угнетување.

ОН: Најмалку 670 луѓе загинале при лизгање на земјиште во Папуа Нова Гвинеја

Илустрација, село во Папуа Нова Гвинеја
Илустрација, село во Папуа Нова Гвинеја

Се верува дека повеќе од 670 луѓе загинале по огромно лизгање на земјиштето во Папуа Нова Гвинеја, изјави претставникот на Обединетите Нации,Серхан Актопрак за новинската агенција Франс Прес. Првичните проценки се дека се затрупани најмалку 150 куќи и дека се загинати над 670 луѓе.

„Ситуацијата е ужасна затоа што сè уште се забележува лизгање на земјата. Водата тече и тоа создава огромен ризик за сите вклучени во спасувањето“, додаде Актопрак, кој е со седиште во Порт Морезби.

Некогаш раздвиженото село на ридот во провинцијата Енга беше речиси целосно уништено кога лизгањето на земјиштето се случи во раните утрински часови во петокот, затрупајќи голем број домови и луѓето што спиеја внатре.


„Луѓето користат лопати, но и големи земјоделски вилушки за да ги отстранат телата затрупани под надојдената почвата“, рече Актопрак.

Повеќе од 1.000 луѓе се раселени поради катастрофата, додаде тој, а градините со храна и залихите на вода се речиси целосно збришани.

Агенциите за помош и локалните лидери првично стравуваа дека меѓу 100 и 300 луѓе можеби загинале во катастрофата.

Бројот на жртвите беше ревидиран бидејќи спасувачите на терен сфатија дека во селото живеат повеќе луѓе отколку што беше првично проценето, рече Актопрак.

Станува збор за село кое е дом на повеќе од 4.000 рудари кои бараа злато во регионот на висорамнините.

Спасена група со седумгодишно дете која залутала во клисурата кај Пчиња

Директорот на ЦУК со извлечените луѓе кај Пчиња
Директорот на ЦУК со извлечените луѓе кај Пчиња

Спасени се залутани две жени, еден маж и едно седумгодишно момче, доцна синоќа откако заглавиле на исклучително стрмен терен, пред манастирот Мала Богородица по клисурата на реката Пчиња под автопатот Скопје Велес. Спасители со чамец по Пчиња од Катланово стигнале до локацијата каде што биле залутаните лица и безбедно ги извлекле од десниот на левиот брег, а потоа и до автопатот.

„Теренот таму е исклучително стрмен и опасен за движење“, информираа од Центарот за управување со кризи.

Оттаму велат дека тројцата планинари со детето биле спасени доцна во ноќта, после полноќ, со помош на тим на спасители на вода од доброволно друштво од Велес со кое ЦУК соработува за вакви ситуации.

„За жал, водејќи се по џи-пи-ес ја промашиле патеката и се заглавиле на стрмните падини и побараа помош на бројот 112. Спасителите не можеа да дојдат до нив, една карпа не дозволуваше да се пристапи до нив. Но, тие се пробија до десната страна на брегот на реката Пчиња“, вели директорот на ЦУК Стојанчо Ангелов кој синоќа бил дел од спасувачката акција.

Во 2 часот по полноќ лицата беа безбедно префрлени преку реката Пчиња и извлечени горе на автопатот, од каде што со возила се превезоа во нивните домови во Скопје соопштија од Центарот за управување со кризи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG