Вести
Демонстранти се судрија со полицијата на антивладини протести во Тирана
Протестот на опозицијата против албанската влада ескалираше во судири меѓу демонстрантите и полицајците, при што десетици лица беа повредени од двете страни вечерта на 24 јануари во главниот град Тирана, соопштија властите.
Демонстрантите, повикани од Сали Бериша, лидер на опозициската Демократска партија, се собраа пред албанската влада и пред парламентот во Тирана, скандирајќи против владата на премиерот Еди Рама.
Бериша ги повика демонстрантите да се соберат „за да го изведат Рама пред суд“.
Бериша бара соборување на владата на Рама обвинувајќи ја за корупција, откако властите започнаа истраги кон крајот на минатата година за наводи за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку и против руги функционери.
Демонстрантите се собраа неколку часа во близина на зградата на владата во саботата, каде фрлаа предмети и молотови коктели врз полицајците.
Полицијата одговори со водни топови во обид да ги растера, но демонстрантите се приближија до зградата на парламентот. По околу три часа, демонстрантите се разотидоа.
Државната полиција објави дека 11 полицајци се повредени и добиваат медицинска помош. Властите не пријавија повредени меѓу демонстрантите, но државната телевизија РТСХ и други медиуми во земјата објавија дека демонстранти се повредени.
„И покрај континуираните повици на полицијата да се прекинат актите на насилство, тие продолжија, што доведе до интервенција за растерување на толпата, во согласност со важечките законски одредби“, соопшти полицијата по протестот.
Уапсени се 23 лица, вклучувајќи и неправедно притворање малолетник.
„Родителите беа веднаш известени и сè додека не го земаа, малолетникот не беше придружуван до собите за придружба, туку остана во канцеларијата за прием на граѓани“, се вели во соопштението.
Претходно, Бериша објави видео на Фејсбук од она што го нарече „апсење на малолетникот кој ја напуштал џамијата каде што се молел“, обвинувајќи ја државата за „насилство врз деца“.
Полицијата соопшти дека почнала истраги за насилството на протестот.
Бериша рече битката ќе продолжи „бидејќи имаме една мисија и само една мисија, соборување на овој криминален режим, овој нарко-режим, овој непријател на Албанците и Албанија“.
Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) поднесе обвинение против министерката Балуку минатиот октомври и побара од Собранието да ѝ го одземе имунитет и да одобри нејзино апсење.
Балуку, која е и пратеничка и министерка за инфраструктура и енергетика, е обвинета за сторени прекршоци при доделување тендери.
Балуку ги негираше обвиненијата и рече дека целосно ќе соработува со правдата.
Таа беше суспендирана од службените должности и ѝ беше забрането да ја напушти земјата, но одлуката на СПАК да ја суспендира беше поништена од Уставниот суд.
Рама рече дека по одлуката на Уставниот суд, СПАК сега бара овластување да ја уапси Балуку, да ја прати во затвор или во домашен притвор.
Тој рече дека „апсењата без судење“ станале „груба мода во Албанија“, но додаде дека не може однапред да го процени конкретното барање.
види ги сите денешни вести
Повеќе од 30.000 луѓе можеби се убиени во протестите во Иран, според списанието „Тајм“
Бројот на жртви на протестите во Иран можеби надминува 30.000 луѓе, според двајца високи ирански здравствени службеници кои разговарале со списанието „Тајм“, пренесе англискиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во извештајот, објавен на 25 јануари, се вели дека поголемиот дел од смртните случаи се случиле од 8 до 9 јануари, кога владиното задушување на протестите низ целата земја го достигна врвот.
Поради интензивната цензура и продолжено исклучување на интернетот, информациите не можеа да бидат независно потврдени.
Пријавената бројка остро се спротивставува на официјалниот број жртви (3.117) објавен од Врховниот совет за национална безбедност на Иран, но е поблиску до меѓународните проценки.
Обединетите нации(ОН) посочија на значително поголеми жртви, а Маи Сато, специјалниот известувач на ОН за човекови права во Иран, на 22 јануари изјави дека бројот на цивили убиени во репресијата би можел да надмине 20.000, според извештаи од лекарите.
Организацијата „Амнести интернешнл“ ги опиша убиствата како убиства од „невидени размери“.
Според „Тајм“, обемот на смртни случаи во текот на тие два дена - кога опозиционерите ги повикаа луѓето да се приклучат на протестите - ги преоптовари државните ресурси. Според извештаите, службениците останале без вреќи за тела, амбулантните возила не можеле да ги транспортираат мртвите, а властите прибегнале кон користење камиони со 18 тркала.
Овие проценки, според извештаите, се совпаѓаат со болничките податоци прегледани од д-р Амир Параста, германско-ирански очен хирург. Според него, проценките на лекарите и на други лица кои први реагирале покажува најмалку 30.304 смртни случаи од 23 јануари, бројка за која предупреди дека останува нецелосна.
Протестите избувнаа кон крајот на декември 2025 година, во услови на растечко јавно незадоволство поради економски тешкотии, зголемена инфлација и остриот пад на иранската валута, ријалот.
Првичните демонстрации поради трошоците за живот и лошо економско управување брзо се проширија во неколку градови и ескалираа во пошироки антирежимски протести, предизвикувајќи смртоносен одговор од безбедносните сили.
Бура во САД остави 230.000 луѓе без струја, откажани илјадници летови
Повеќе од 4.000 летови беа откажани во САД пред огромната зимска бура која веќе ја прекина електричната енергија на повеќе од 230.000 луѓе дури до Тексас на запад и се закани да ги парализира источните држави со обилни снежни врнежи, јави Ројтерс.
Метеролозите рекоа дека снег, замрзнат дожд и опасно ниски температури ќе ги зафатат источните две третини од земјата во недела и во деновите потоа.
Нарекувајќи ја бурата „историска“, американскиот претседател Доналд Трамп на 24 јануари одобри прогласување на федерална вонредна состојба за катастрофа во Јужна Каролина, Вирџинија, Тенеси, Џорџија, Северна Каролина, Мериленд, Арканзас, Кентаки, Луизијана, Мисисипи, Индијана и Западна Вирџинија.
„Ќе продолжиме да ги следиме и да останеме во контакт со сите држави на патот на оваа бура. Останете безбедни и стоплетени“, напиша Трамп.
Седумнаесет држави прогласија вонредна временска состојба, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Бројот на прекини на струја продолжи да расте. До 2:44 часот наутро на 25 јануари, околу 230.000 американски граѓани немаа електрична енергија, поголемиот дел од нив во Луизијана, Мисисипи, Тексас, Тенеси и Ново Мексико.
Министерството за енергетика во саботата издаде итна наредба со која го овластува Советот за електрична сигурност на Тексас да распореди резервни ресурси за генерирање во центри за податоци и други големи објекти, со цел да се ограничат прекините на струја.
Националната метеоролошка служба предупреди за невообичаено експанзивна и долготрајна зимска бура што ќе донесе широко распространета, тешка акумулација на мраз на југоистокот, каде може да се очекуваат „оштетувачки до локално катастрофални влијанија“.
Повеќе од 4.000 летови во САД закажани за 24 јануари беа откажани, според интернет-страницата за следење летови FlightAware. Повеќе од 9.400 летови во САД првично закажани за недела, 25 јануари, исто така, беа откажани.
Главните американски авиокомпании ги предупредија патниците да бидат внимателни за ненадејни промени во распоредот и откажувања на летови.
Украина, Русија и САД се договорија за нови разговори следната недела во Абу Даби
Украина и Русија ги завршија дводневните директни разговори со посредство на Соединетите Американски Држави (САД) на 24 јануари и се согласија да одржат уште следната недела во Абу Даби, и откако Киев ја обвини Москва дека ги поткопува преговорите за завршување на војната со нови напади, јави АФП.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „многу се дискутирало и важно е разговорите да бидат конструктивни“.
Тој додаде дека следната рунда би можела да се одржи „уште следната недела“.
Во пресрет на вториот ден од разговорите, Русија почна напад со беспилотни летала и ракети врз Украина, исклучувајќи милиони луѓе од електрична енергија на температури под нулата.
Киев ја обвини Москва дека ги поткопува преговорите со уште една „ноќ на руски терор“.
Портпарол на владата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) рече дека разговорите, во кои учествувале врвни воени офицери од двете страни, се одржале во „конструктивна и позитивна атмосфера“.
Но, изморените жители на Киев, кои поминаа низ уште една бессона ноќ, имаат малку надеж.
„Тие само ќе кажат дека сè е во ред, дека повторно, ништо не е договорено и повторно ќе има ракети“, рече Анастасија Толкачов, која мораше да ја помине ноќта на паркинг.
Според портпаролот на ОАЕ, разговорите беа за „извонредни елементи од предложената мировна рамка од САД, како и мерките за градење доверба“.
Според Зеленски, „централниот фокус на дискусиите беа можните параметри за завршување на војната“.
Двете завојувани страни велат дека судбината на територијата во источниот регион Донбас е главното нерешено прашање во потрагата по решение.
Повеќе од милион луѓе во Киев и Чернигив останаа без струја ноќта меѓу 23 и 24 јануари на температури под нулата поради руските напади. Околу половина од станбените блокови во Киев беа исклучени од греење, соопштија украинските власти.
Европската унија, која испрати стотици генератори на електрична енергија во Украина, ја обвини Москва за „намерно лишување на цивилите од топлина“.
Зеленски минатата недела прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор, кој е погоден од неуморните руски напади врз снабдувањето со топлина и електрична енергија.
Руските и украинските преговарачи последен пат се сретнаа лице в лице во Истанбул минатото лето, во разговори што завршија само со договори за размена на заробени војници.
Средбата во Абу Даби беше првпат тие да се соочат еден со друг за да разговараат за планот на администрацијата на Трамп.
„Безбеден град“ в недела ќе се тестира во Тетово
Во Тетово утре ќе се тестира проектот „Безбеден град“ во чии рамки ќе се спроведуваат активности за калибрација и верификација на поставените камери за сообраќаен надзор, соопшти Секторот за внатрешни работи (СВР) - Тетово.
Поради тоа на локациите каде има камери привремено ќе биде запиран сообраќајот.
- Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“, соопшти СВР Тетово.
Тестирањето на камерите ќе биде од 8 часот до 20 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе трае од 15 минути до 30 минути.
Главните аргументи на власта за овој проект се подигање на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајки и жртви. Опозициските СДСМ и ДУИ не дадоа поддршка за законските измени за да стартува овој проект кои владејачкото мнозинство ги изгласа со 81 глас „за“ на седница на Собранието оддржана во петокот, 23 јануари.
Покрај за трите града – Скопје, Куманово и Тетово, опрема за „Безбеден град“ е поставена и во првичната фаза треба да почне да се имплементира и на коридорите 8 и 10.
Санкционирањето на почеток, како што е познато, ќе биде за четири сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација.
Во записникот што го добиваат граѓаните преку линк добиен на СМС и електронска адреса (што ја оставил сопственикот при регистрација) пишува кој прекршок, кога и каде е направен, како и казната што треба да се плати.
Казната ќе може да се плати електронски, во пошта и во банка.
Ако сопственикот на возилото ја прифаќа во рок од осум дена ќе може да плати половина од казната.
СДСМ на Конгрес, Филипче порача дека партијата нема време за предавства
Критики кон власта, порака дека во СДСМ нема простор за внатрешни поделби и повик за мобилизација за подобар живот на граѓаните, упати Венко Филипче, претседател на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) од 31 Конгрес на партијата што се одржува на 24 јануари во Скопје.
Конгресот се одржува во услови на засилени внатрепартиски тензии и јавни критики кон Филипче од поранешни партиски функционери за лошите резултати на локалните избори во октомври 2025 и му бараат оставка.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека говорот бил „празен“, а дека Филипче е штетен за Македонија и за нејзините интереси.
Филипче рече дека оти имало турбуленции и разочарувања, но и дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ сака контролирана опозиција во Македонија, што успеало со формирањето на партијата ЗНАМ.
Максим Димитриевски, лидер на ЗНАМ, се отцепи од СДСМ во 2021 година и формира партија.
На „оние кои мислат дека можат да седат на две столчиња - да бидат во СДСМ, да работат за власта или да формираат фракции“, Филипче им порача дека тоа време завршува.
„Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е. Кој планира да нѐ поткопува одвнатре, да биде тројански коњ на ВМРО - ДПМНЕ или на други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавства“, рече тој.
Претседателот на СДСМ ја обвини власта дека ветила гордост и реформи, а „донесе грабеж од епски размери“. Според него, државата е во дипломатска изолација, европскиот пат е блокиран и дека „наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата на Европа“.
„Ја откривме оската со Србија и Унгарија, сојузот со Орбан и Вучиќ, каде се застапуваат антиевропски и се поддржуваат про-руски ставови, што нѐ доведоа да сме на листата на САД со земји од третиот свет. Таа оска ги штити интересите на Москва на Балканот, со инвестиции што не врзуваат за авторитарните режими“, рече Филипче.
Тој кажа дека СДСМ ќе тропнe на секоја врата, но не за да молат за гласови, туку за да ја „разбудат“ Македонија.
„Јас бирам борба, искрена, силна и чесна. Затоа, другарки и другари, нема седење, нема пишување статуси на фејсбук од удобни фотелји. СДСМ е на терен, одиме во секој град, во секое село. Ќе им кажеме на луѓето за долгот од 2 милијарди евра, за новиот заем од 6 милијарди евра, ќе кажеме за изолацијата од Европа и од Америка, поради корупцијата и пљачката, за предавството на националните интереси и безбедност, за мигрантите. Нека слушнат добро во Белата палата и во Владата, мислеа дека сме на колена, мислеа дека сме готови. Штотуку почнавме, СДСМ се разбуди, а кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно“, рече Филипче.
Конгресот на СДСМ е отчетен за резултатите од локалните избори, се состои од отворен и од затворен дел. Отворениот дел беше говорот на Филипче, а во затворениот дел, генералниот секретар и шеф на изборниот штаб Александар Саша Димитријевиќ ќе го презентира извештајот за изборите. Планирано е да се гласа и доверба на Централниот и на Надзорниот одбор, како и да се направат статутарни измени за воспоставување нови дигитални платформи за комуникација со членството и со гласачите.
На локалните избори во октомври СДСМ освои шест градоначалнички места. Кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ победија во 54 општини.
По поразот, оставки поднесе речиси целото раководство на СДСМ освен Филипче - потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор на СДСМ. Тогаш од СДСМ соопштија дека оставаат простор за ново поглавје и следува период на кадровско освежување и зајакнување на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, го повика Филипче да објасни зошто СДСМ е петта партија во Скопје и трета во Македонија и, меѓу другото, го прозва дека не се оградил од „неговиот ментор Зоран Заев“.
„Не објасни зошто СДС сервираше услуги кон Бугарија и Грција, го наметна францускиот предлог, склучи штетен договор со Бугарија.
Не објасни зошто ги напаѓаат САД, се во политичка војна со Обединетото Кралство. Не се огради од Артан Груби и неговиот криминал во „Лотарија“. Филипче самиот исто така не изостанува од криминалниот синџир на тендери, не кажа од каде му е службеното луксузно „Ауди“ и каква е неговата врска со Енис Колашинац кој ЕСМ го снабдуваше со јаглен за време на власт на СДС, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Руски воздушен напад врз Украина остави над милион објекти без струја
Русија почна уште еден огромен напад врз енергетскиот систем на Украина во раните утрински часови во саботата, потресувајќи го Киев со експлозии во текот на ноќта и оставајќи 1,2 милиони објекти без струја низ целата земја, јави Ројтерс.
Речиси шест илјади згради во главниот град останаа без греење на 24 јануари утрото, бидејќи температурите се движеа околу -10 целзиусови степени. Становите на многу жители веќе беа ладни и од прекините во централизираниот систем за дистрибуција на топлина во градот по претходните напади.
Москва нападна додека трилатералните разговори меѓу Русија и Украина со посредство на САД, продолжија втор ден во Абу Даби, без знаци за компромис во петокот, на 23 јануари.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека едно лице е убиено а четворица се повредени, додека 19 лица, вклучувајќи едно дете, се ранети во Харков.
Русија, која ја напаѓа електроенергетската мрежа на Украина од нејзината целосна инвазија во 2022 година , ја спроведува својата
најсилна кампања на бомбардирање на енергетските објекти
оваа зима, оставајќи ги луѓето низ Украина само со неколку часа струја дневно, а некои без греење или без вода, според Ројтерс.
Повеќе од 800.000 луѓе во главниот град на Украина и уште 400.000 во северниот регион Чернигов останаа без струја по последните напади, изјави вицепремиерот Олексиј Кулеба.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија во овој ноќен напад лансирала 375 беспилотни летала и 21 ракета, вклучувајќи две од нејзините балистички ракети „Циркон“.
Тимур Ткаченко, шеф на воената администрација на Киев, пријави напади во најмалку четири области. Меѓу оштетените згради беше и медицинска установа.
Пред саботата, Киев веќе претрпе два масовни напади преку ноќ по Нова Година, што ги прекинаа електричната енергија и греењето на стотици станбени згради.
Во Харков, честа цел на 30 км од руската граница и многу поблиску до источните бојни фронтови, градоначалникот Игор Терехов рече дека 25 беспилотни летала погодиле неколку области.
Сопственикот на швајцарскиот бар ослободен со кауција по смртоносниот пожар на Нова Година
Сопственикот на швајцарски бар кој беше зафатен од смртоносен пожар на Нова Година на 23 јануари беше ослободен од притвор со кауција, соопштија судските власти, предизвикувајќи гнев кај семејствата на жртвите и кај италијанската премиерка, јави Ројтерс.
Жак Морети и неговата сопруга Џесика се под истрага за убиство од небрежност и други кривични дела поврзани со пожарот во бар во Кран - Монтана на Нова година, во кој загинаа 40 лица и повеќе од 100 беа повредени, многу од нив тинејџери.
Многу од преживеаните сè уште се хоспитализирани со тешки изгореници во болниците низ Европа.
Жак Морети беше приведен на 9 јануари. Кауцијата за него е 200.000 швајцарски франци (253.485 долари) и налог за секој ден да се јавува во полициска станица, соопшти судот.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја нарече одлуката за негово ослободување „навреда кон сеќавањето на жртвите од новогодишната трагедија и навреда кон нивните семејства, кои страдаат од загубата на своите најблиски“.
„Италијанската влада ќе бара одговори од швајцарските власти за тоа што се случило“, напиша таа на мрежата Икс.
Шестмина од загинатите беа Италијанци, како и десет од повредените.
Адвокатите на жртвите и нивните семејства, исто така, рекоа дека се обидуваат да ја разберат судската одлука и рекоа дека нивните клиенти се загрижени дека ќе исчезнат доказите.
„Моите клиенти забележуваат дека уште еднаш не е земен во предвид ризикот од исчезнување на доказите - ризик што многу ги загрижува и го загрозува интегритетот на постапката“, рече Ромен Џордан, швајцарски адвокат на повеќе од 20 семејства на жртви.
Сопствениците на барот изразија жалење поради трагедијата и рекоа дека ќе соработуваат со обвинителите.
„Џесика и Жак Морети ќе продолжат да ги исполнуваат сите барања на властите“, соопштија нивните адвокати по наредбата за ослободување.
Обвинителите рекоа дека ги испрашувале сопствениците на барот „Ле Констелејшн“ за безбедносни прашања и за реновирањата на објектот во две рочишта кои траеле повеќе од десет часа.
Обвинителите рекоа дека исто така, наредиле претреси, обезбедиле докази и заплениле средства.
Двајцата сопственици и менаџерите на ноќниот клуб се под истрага поради сомнение за сторени кривични дела вклучително и убиство од небрежност.
САД ја продолжија лиценцата, НИС и рафинеријата продолжуваат со работа
Американската Канцеларија за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (ОФАЦ) ја продолжи оперативната лиценца на Нафтната индустрија на Србија до 20 февруари, потврди во петокот претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ.
„Ова значи дека НИС и Рафинеријата ќе продолжат со работа. Со ова се обезбедува дополнително време за нашите граѓани, за државата и за стопанството“, изјави Брнабиќ на прес-конференција во Собранието на Србија.
Како што јави Радио-телевизија Србија, ОФАЦ во писмото наведува дека услов за продолжување на лиценцата е трансакциите да не вклучуваат американски субјекти или финансискиот систем на САД, како и да не бидат поврзани, да не се вршат во име или во корист, директно или индиректно, на кој било друг блокиран субјект освен НИС.
Услов е и трансакциите да не вклучуваат каква било друга активност што е предмет на санкции согласно Прописите за санкции поради штетни надворешнополитички активности на Русија.
НИС во моментов е под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво, а за укинување на санкциите американската администрација бара повлекување на Русија од сопственичката структура.
Унгарската групација МОЛ на 19 јануари потврди дека ги потпишала главните одредби на обврзувачки рамковен договор со руската компанија „Гаспромнефт“ за купување на 56,15 проценти удел во НИС.
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, на 20 јануари изјави дека НИС поднел барање до американската администрација за продолжување на лиценцата за работа, додека траат преговорите во врска со тоа.
За склучување на таа трансакција неопходна е согласност од Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.
Претходната лиценца за продолжување на работата, која НИС ја доби пред три седмици, истекува на полноќ.
Сѐ повеќе заболени од рак на грлото на матката
Расте бројот на заболени од рак на грлото на матката. Во 2025 година, на Клиниката за онкологија во Скопје бројот на новодијагностицирани е речиси дуплиран во споредба со претходната.
Најновата епидемиолошка статистика на оваа клиника покажува дека лани за првпат со оваа дијагноза се јавиле 122 пациентки, за разлика од 2024, кога имало само 74 пациентки.
Овие наоди, денеска (23 јануари) беа соопштени по повод одбележувањето на Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката.
Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, проф.д-р Горан Димитров рече дека новата метода што е во скринингот и која според Светската здравствена организација би требале да ја применуваат веќе сите земји од 2030 година е ХПВ тестот.
Според него, овој тест, е примарно средство за скринирање на ракот на грлото на матката.
„Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме, за тоа имаме персонал, имаме изучен кадар, така што подготвени сме кога би можеле да прејдеме на таков приод во скринирањето, да направиме скринингот на жените во нашата Република оди во најдобар можен ред“, истакна д-р Димитров.
Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и претседател на Комисијата за превенција на цервикален карцином, проф.д-р Ирена Алексиоска-Папестиев истакна дека според последните податоци од клиничката студија, изработена од Институтот за епидемиологија, за период од 2016 до 2023 година за жал, сѐ уште овој превентибилен карцином кај нас претставува сериозен проблем, поради тоа што во тој период биле дијагностицирани 2.263 пациентки.
„Повеќе загрижува што кај сѐ помлади пациентки се јавува. Најмладите пациентки се на 18 годишна возраст, дијагностицирани 2017 и 2020 година и средната возраст е некаде 55 години“, рече д-р Алексиоска Папестиев.
Другата работа која загрижува, според неа, е тоа што 24 отсто од пациентките починале, иако се работи за карцином кој е превентибилен.
Директорката на ГАК посочи дека конечно ги имаат резултатите од пилот студијата за ефикасноста на ХПВ базираниот скрининг, затоа што навистина резултатите покажале дека тоа како и што светот го говори, всушност е најсофистицираниот метод.
„Како резултат на тоа, работна група во рамки на Комисијата за превенција на цервикален карцином изготви упатство во кое ние даваме предлог како гинеколози, а беа вклучени и патолог и онколог и епидемиолог, кој е најдобриот начин за конечно ХПВ базираниот скрининг да стане примарно помагало за откривање на овој превентабилен карцином“, додаде проф.д-р Алексиоска Папестиев.
Раководителката на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката за радиотерапија и онкологија, проф.д-р Виолета Клисаровска рече дека висок процент од овие пациентки се јавуваат во локално напредната болест.
Таа посочи дека најсилното и најмоќното оружје кое го имаме за превенција во борба со оваа болест е ХПВ вакцинацијата, што поширока популација да биде благовремено вакцинирана, регуларен скрининг програм кој сериозно треба да се спроведува и да опфати што поширок дел од популацијата.
Националниот координатор за имунизација, проф.д-р Александра Грозданова рече дека 2025 година ја одбележале со комплетно преоѓање на деветвалентната ХПВ вакцина и ја вовеле таа вакцина и за момчињата.
Ако досега товарот беше и фокусот беше ставен само на девојките, појасни таа, сега имаме имунизација и за момчињата.
„Веќе има 60 отсто опфат со оваа вакцина, бидејќи долги години наназад не можевме да стигнеме до овој процент. Во регионот сме меѓу лидерите, бидејќи и првпат меѓу првите ја воведовме ХПВ вакцината. Го зголемивме и временскиот период кога оваа вакцина може да се прима затоа што родителите најчесто немаа против, меѓутоа и ја одложуваа временски оваа вакцина“, рече д-р Грозданова.
На товар на државата се вакцинираат сите момчиња и девојчиња до 19 годишна возраст.
„Во пораст е и орофаренгиалниот карцином за која оваа вакцина исто така обезбедува заштита“, додаде д-р Грозданова.
Специјалистот патолог и раководител на Цитолошката лабораторија на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Верди Станојевиќ рече дека според податоците за 2025 година, од 60.000 пап тестови, 2.500 биле со позитивен наод.
Посочи дека запрепастувачко е што имаат осум пациентки со инвазивен карцином.
„Значи кога ќе откриете инвазивен карцином на пап тест тоа е значи многу напредна фаза. Тоа се пациенти кои веројатно долго време не биле на контрола“, додаде д-р Станојевиќ.
Јованка Брајовиќ Григоријевиќ од УНФПА рече дека образованието во рана возраст е дел од тој цел циклус на универзална здравствена покриеност и постигнување на сите на потенцијалот и на младите и на возрасните и на постарите лица.
„Покрај одредени предизвици во изминатиот период, гледано значи години наназад постепено има напредок. Работиме на збогатување на ЕДУИНО платформата со содржини, материјали од домен на сексуално образование. Ќе продолжиме да го поддржуваме тој процес, да се направи пристапот до информации и за младите и за наставниците полесен и согласно стандарди коишто се препорачани од УНЕСКО и другите меѓународни релевантни организации“, додаде Брајовиќ Григоријевиќ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете