Достапни линкови

Вести

Бадникови поворки 2026: Радост и заедништво низ земјава и во дијаспората

Бадникова поворка во Скопје/Јануари 2026
Бадникова поворка во Скопје/Јануари 2026

Носејќи ја Божиќната ѕвезда и пеејќи ја „Вечниот бог“, неколку илјади деца денеска (6 јануари) ја формираа Бадниковата поворка низ повеќе градови во државата. Оваа манифестација се одржува во повеќе од 80 градови и населени места низ државава, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и САД.

Точно на пладне, во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, тргна од Музејот на Град Скопје и движејќи се по улица „Македонија“, пристигна на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божиќната пештера.

На сцената, како круна на целокупната манифестација, е изведена „Божиќна авантура“ - голема музичко-сценска изведба во живо, во која учествуваа повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.

Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.

Пораката од оваа манифестација, велат организаторите, е да останеме на страната на светлината.

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки остварија празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и кај градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Претседателката Сиљановска-Давкова, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека „во духот на празникот, ги дарувала децата со Бадникови пакетчиња“, а тие, како што пишува во објавата, „небаре славејски хор, со озарени лица и блескави насмевки ја поттикаа надежта за подобро утре“.

Во меѓувреме, пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа и централното одбележување на Бадник. Кум оваа година е Зоран Кондратенко, а здравичар, Јаков Дренковски.

Претходно, членови на Бадникарскиот одбор заедно со Кондратенко и Дренковски, во пресрет на централната манифестација Бадник 2026, утрово ги посетија штитениците на Домот за стари лица Мајка Тереза, за да им ги честитаат праазниците Бадник и Божиќ.

види ги сите денешни вести

Поплавени домови во Охридско и Кичевско, одрони и свлечишта по силниот дожд

Илустрација за одрон по пороен дожд во Прилепско
Илустрација за одрон по пороен дожд во Прилепско

По обилните дождови во делови од земјата се пријавени поплави и одрони на патиштата.

Поплави се пријавени во Кичево, каде се евакуираат жители од повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во Охрид, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби“, велат од ЦУК.

Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои, како што велат, постапуваат по пристигнатите пријави.

Во Битола обилните врнежи од дожд кои предизвикаа поплавување на улици низ градот битолската „Нискоградба“ и другите јавни претпријатија започнаа акција за санирање на состојбата.

Дополнително пријавени се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања и на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда - Струшко.

„Се апелира до граѓаните да не патуваат по делницата Тетово- Бањиче додека не се стабилизира состојбата. Општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата“, наведуваат од ЦУК.

По пријави преку бројот за итни случаи 112, евидентирани се излевања на реката Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови.

Поради зголемен водостој од поројните дождови ХЕЦ Маврово презема мерки за намалување на производството на електрична енергија.

Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечки канали, поплавено е обработливо земјиште.

Покрај преспанското селото Сирхан, е саниран одрон, додека во с. Дрмени поплавени се два двора, известуваат од ЦУК.

Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.

ЕУ подели 40 илјади билети за бесплатно патување со воз низ Европа

Илустрација
Илустрација

Европската комисија подели околу 40.000 билети за бесплатно патување со воз низ Европа на млади луѓе кои лани наполнија 18 години. Според соопштението, поводот за делењето на бесплатни билети за патување со воз е одбележување на 40-годишнината од постоењето на Шенген зоната.

Добитниците на билетите можат со нив да патуваат низ Европа во временска рамка од 30 дена. Можниот период на патување се протега од март 2026 до мај 2027 година.

Покрај тоа, постои картичка за попуст за користење на друг јавен превоз, како и културни, сместувачки и други понуди во 36 европски земји.

Програмата започна во 2018 година и доделува илјадници билети на млади луѓе двапати годишно.

Трамп се сомнева дека „НАТО ќе биде тука за САД“ доколку е потребно

„Ние секогаш ќе бидеме тука за НАТО, дури и ако тие не бидат тука за нас“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social, по објавата на Белата Куќа дека се разгледуваат „низа опции“ за преземање на Гренланд, вклучително и користење на војската.

Трамп, чии закани за преземање на Гренланд од членката на НАТО, Данска, ја вознемирија трансатлантската алијанса, изјави на 7 јануари дека се сомнева оти сојузниците „ќе бидат тука за САД ако навистина им се потребни“.

Тој во својот пост, повтори дека многу земји членки на Алијансата до неодамна не ги исполнувале обврските за воени трошоци сè додека тој не се вмешал.

„САД, глупаво, плаќаа за нив! Јас, со почит, ги доведов до 5% од БДП-то, И ТИЕ ПЛАTИЈА, веднаш“, напиша тој.

Сепак, лидерот на САД додаде дека земјите членки на НАТО се како што вели, негови пријатели. Тој додаде дека Русија и Кина „немаат никаква страв од НАТО“ без САД како дел од алијансата.

Намерата на Трамп за минерално богатата, самоуправувана данска територија Гренланд предизвика аларм кај европските членки на НАТО, кои ваквиот потег го гледаат како егзистенцијална закана за алијансата.

Данската премиерка Мете Фредериксен на 5 јануари изјави дека нема да прифатат ситуација во која Данска и Гренданд ќе бидат загрозени .

„Ако САД одлучат воено да нападнат друга земја од НАТО, тогаш сè запира,“додаде таа повикувајќи се на вклучувањето на Гренланд во НАТО како територија на Данска.

Сегашниот фокус врз Гренланд е само најновото оживување на повеќе од 150-годишната амбиција на Вашингтон да ја преземе територијата. Предлозите САД да го купат Гренланд датираат од 1867 година, кога оваа идеја за прв пат сериозно ја разгледал Вашингтон.

Данска прогласи суверенитет над Гренланд во 1921 година и спроведе трговски монопол со островот. За време на Втората светска војна, Данска беше нападната од нацистичка Германија, оставајќи ја данската територија на Гренланд отворена за германско преземање.

Американските сили ја окупираа територијата, обезбедувајќи го нејзиниот вреден рудник Криолит. Соединетите држави го вратија Гренланд под контрола на Данска по војната, но не ја повлекоа својата војска.

Во 1951 година, двете земји потпишаа договор со кој на Вашингтон и на новоформираната воена алијанса на НАТО му дозволија „да ја подобрат и генерално да ја прилагодат областа за воена употреба“.

САД заплени руски танкер по долга потера

Припадник на крајбрежната стража на САД го гледа танкерот M/V Bella 1, кој беше запленет на 7 јануари 2025 година поради прекршување на санкциите на САД.
Припадник на крајбрежната стража на САД го гледа танкерот M/V Bella 1, кој беше запленет на 7 јануари 2025 година поради прекршување на санкциите на САД.

Американските поморски сили запленија руски танкер кој пловел низ Северниот Атлантик, што претставува најнов потег на Вашингтон против бродови поврзани со нелегална трговија со венецуелска нафта.

Командата на американските сили во Европа соопшти на 7 јануари на социјалните мрежи дека танкерот Маринера (Marinera), претходно именуван како Бела 1 ( Bella 1), бил запленет во Северниот Атлантик, меѓу Исланд и Обединетото Кралство.

„Бродот беше запленет во Северниот Атлантик врз основа на налог издаден од американски федерален суд“, се наведува во соопштението.

Претходно, руските медиуми прикажаа американски хеликоптер како лебди над танкерот, додека повеќе медиуми, повикувајќи се на извори, известуваа дека се спроведува операција што го вклучува овој брод.

Овој потег следи само неколку дена по изведувањето на напад на Венецуела од американските сили и приведувањето на нејзиниот лидер, Николас Мадуро.

Американските сили веќе запленија два брода во рамки на кампањата против Венецуела во последните недели: Скипер (Skipper) на 10 декември и Сентурис (Centuries) на 20 декември.

Американскиот претседател Доналд Трамп тогаш изјави дека наредува „блокада“ на танкерите под санкции кои влегуваат и излегуваат од Венецуела.

Танкерот „Бела 1“ отплови од Иран кон Венецуела, наводно за да наполни нафта од земјата која е под американски санкции. Во декември, Американската крајбрежна стража се обиде да се качи на бродот додека се приближуваше кон венецуелските води.

Обидот беше спречен, а бродот брзо отплови кон Атлантикот и беше преименуван во „Маринера“. Беше додаден во официјалниот руски бродски регистар, а членовите на екипажот на него поставија руско знаме.

Москва од тогаш поднесе официјален дипломатски протест, барајќи од Вашингтон да ја прекине потрагата по бродот, кој е под американски санкции од јули 2024 година.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека бродот делувал „целосно во согласност со нормите на меѓународното поморско право“.

Белата куќа и Министерството за надворешни работи на САД не одговорија веднаш на барањето за коментар од Радио Слободна Европа.

Американските официјални лица исто така, обвинија, дека бродот бил вклучен во нелегален транспорт за компанија во сопственост на Хезболах, група со седиште во Либан која САД ја сметаат за терористичка организација.

Активисти во Иран повикуваат на внатрешни промени, а не на странска интервенција

Антивладини демонстранти излегоа во иранскиот град Абданан на протест на 6 јануари 2026 година
Антивладини демонстранти излегоа во иранскиот град Абданан на протест на 6 јануари 2026 година

Она што првично започна како протести поради економско незадоволство прерасна во најголемата закана за иранските верски владетели во последниве неколку години. Истакнати активисти во земјата, кои зборуваа за Радио Фарда, сервис на Радио Слободна Европа, велат дека националните демонстрации укажуваат дека многу Иранци сакаат да замине верскиот естаблишмент.

Но, тие додаваат дека промената мора да дојде одвнатре, а не како резултат на странска интервенција. Соединетите Американски Држави се заканија со воена интервенција доколку властите продолжат со бруталната пресметка со демонстрантите.

„Она што го гледаме е знак дека луѓето достигнаа заедничко разбирање“, изјави Мехди Махмудијан, политички активист и бранител на човекови права со седиште во Техеран.

„Ова повеќе не се само наставници или една општествена група што протестира. Овојпат, безгласните формираа сојуз“, додаде тој.

Според Махмудијан, демонстрантите повеќе не повикуваат на реформи на политичкиот систем доминиран од свештенството, туку бараат темелни промени.

„Она што сега треба да се промени е самата Исламска Република, и тоа мора да се случи од темел“, рече тој.

Тековните демонстрации се најголеми во Иран од движењето „Жени, живот, слобода“ во 2022 година. Властите ги задушија тие протести, при што беа убиени стотици демонстранти.

И на најновиот бран протести властите одговорија со брутална сила, убивајќи десетици демонстранти и апсејќи повеќе од 1.000 лица.

Тоа, според активистите, ја покажува неподготвеноста на властите да ги слушнат и да ги адресираат легитимните незадоволства на населението.
Економскиот колапс, поттикнат од вртоглава инфлација и слободен пад на националната валута, нашироко се наведува како клучен поттик за протестите.

Верската научничка и активистка за човекови права Седигех Васмаги изјави дека влошените услови за живот турнале големи делови од општеството преку точката на издржливост.

„Економската и егзистенцијалната состојба на луѓето денес е похаотична од кога било“, изјави Васмаги за Радио Фарда.

Таа рече дека властите се наоѓаат во значително послаба позиција отколку за време на претходните бранови немири, наведувајќи ја продлабочената економска криза во земјата, поттикната од разорните американски санкции, како и од лошото владеење и корупцијата.

Васмаги предупреди дека проширувањето на репресијата од страна на државата може дополнително да ја радикализира ситуацијата.

„Ако државата истрае, ова неизбежно ќе прерасне во конфронтација“, рече таа.

„Луѓето, со сила, ќе го соборат режимот“, додаде таа.

Без воена интервенција, но поддршката е добредојдена

И покрај сè поостриот тон, активистите категорично нагласуваат дека не сакаат странско воено вклучување во Иран. Махмудијан направи јасна разлика меѓу меѓународна поддршка и интервенција.

„Поддршката и мешањето не се исто“, рече тој.

„Меѓународните институции можат и треба да понудат поддршка во рамките на меѓународното право, но секој воен напад или странска воена интервенција е недвосмислено осудена“, смета Махмудијан.

Васмаги го повтори тој став, нагласувајќи дека надворешната воена акција би го поткопала легитимитетот на протестите.

„Лично се противам на странска воена интервенција. Меѓународната заедница треба да ги поддржи мирните протести, но не смее да има интервенција“, рече таа.

Активистката за човекови права Мотахарех Гоунеи укажа на невидената инфлација во последните месеци како дополнителен доказ дека јавноста сака промени.

„Луѓето повеќе немаат никакви очекувања од Исламската Република. Јасно порачуваат: не го сакаме овој систем“, изјави таа за Радио Фарда.

Гоунеи опиша сцени од протестите во изминатите денови, во кои толпи директно се движеле кон безбедносните сили, што укажува дека населението повеќе нема чувство дека има што да изгуби.

„Сакаме оваа порака да стигне до светот“, рече Гоунеи.

„Не го сакаме овој политички естаблишмент,“ додаде тој.

Смртоносни судири во сириски Алепо меѓу владините и курдските сили

Илустрација
Илустрација

Жестоки борби повторно избија во северниот сириски град Алепо меѓу владините сили и курдските борци, втор ден по ред во средата, принудувајќи илјадници цивили да избегаат и оставајќи најмалку четири лица загинати.

Насилството, како и меѓусебните обвинувања околу тоа кој го започнал, укажуваат дека застојот меѓу Дамаск и курдските власти, кои се спротивставуваат на интеграцијата во централната власт, се продлабочува и станува сè посмртоносен.

Судирите започнаа во вторникот, кога најмалку шест лица беа убиени, меѓу кои две жени и едно дете, во размена на артилериски оган меѓу сириските владини трупи и Курдските сириски демократски сили (СДФ).

По релативен мир во текот на ноќта, гранатирањето продолжи во средата и се интензивираше во попладневните часови, изјавија новинарите на Ројтерс од градот. Дирекцијата за здравство во Алепо соопшти дека уште четири лица се убиени, а 18 се ранети.

Владата отвори хуманитарни коридори за цивилите да избегаат од жариштата на судирите, превезувајќи ги со градски автобуси. Извор од владината служба за цивилна заштита изјави дека се проценува оти околу 10.000 луѓе избегале.

„Ги пренесуваме безбедно до местата каде што сакаат да одат, според нивната желба или во прифатни центри за раселени лица“, изјави Фајсал Мохамад Али, шеф на операциите на цивилната заштита во Алепо.

Последните борби го нарушија секојдневниот живот во еден од водечките сириски градови, затворајќи го аеродромот и автопатот кон Турција, запирајќи ја работата на фабриките во индустриската зона и парализирајќи ги главните патишта кон центарот на градот.

Владата во Дамаск соопшти дека нејзините сили одговараат на ракетен оган, напади со дронови и гранатирање од населбите под контрола на СДФ, но курдските сили изјавија дека го сметаат Дамаск „целосно и директно одговорен за … опасната ескалација што ги загрозува животите на илјадници цивили и ја поткопува стабилноста во градот“.

За време на 14-годишната граѓанска војна во Сирија, курдските власти воспоставија полуавтономна зона во североисточна Сирија, како и во делови од градот Алепо.

Тие беа воздржани да се откажат од тие зони и целосно да се интегрираат во исламистичката влада што дојде на власт по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година.

Минатата година, владата во Дамаск постигна договор со СДФ кој предвидуваше целосна интеграција до крајот на 2025 година, но двете страни постигнаа мал напредок, меѓусебно обвинувајќи се за одолговлекување или постапување со лоша намера.

Неуспехот да се интегрира СДФ во сириската армија носи ризик од понатамошно насилство и потенцијално може да ја вовлече Турција, која се закани со упад против курдските борци што ги смета за терористи.

Зеленски очекува средба со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева дека наскоро ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, евентуално во Вашингтон.

Во меѓувреме во Париз продолжуваат разговорите за рамка за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина.

Зеленски, кој бара цврсти повоени безбедносни гаранции од САД и европските земји за да ја одврати Русија од повторен напад, им рече на новинарите дека сè уште не добил јасен одговор од партнерите на Украина за тоа каков би бил нивниот одговор на таков напад.

Покрај Зеленски, на разговорите одржани на 6 јануари во Париз учествуваа и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп — Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

„Потврдивме дека обезбедувањето на суверенитетот и трајната безбедност на Украина мора да биде составен дел од мировниот договор и дека секое решение мора да биде поткрепено со силни безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во соопштението објавено по состанокот.

„И Коалицијата на партнери и Соединетите Американски Држави ќе имаат клучна и тесно координирана улога во обезбедувањето на овие безбедносни гаранции“, се додава во соопштението.

Состанокот се одржа во услови на засилена дипломатска активност со цел финализирање на мировен предлог за ставање крај на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна наваму.

Политичарите испратија божиќни честитки до граѓаните

Празнување на Божиќ во Скопје со детска поворка
Празнување на Божиќ во Скопје со детска поворка

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и собранискиот претседател Африм Гаши упатија божиќни честитки до православните граѓани кои го прославуваат празникот. Христијанските верници денеска го одбележуваат големиот празник Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос, кој се смета за симбол на мирот, љубовта и надежта.

„Кога денеска постојано слушаме Христос се роди, навистина се роди, тоа не е само обична изјава, туку тоа е едно длабоко потсетување за себе, за најблиските, за државата, за христијаните дека оваа изјава има длабока тежина и големо значење. Значи дека треба да се потсетиме на она што го означува, а означува подготвеност и способност и желба човечкото во себе да го разбудиме, а човечкото е секогаш врзано за светлина, за добрина, за надеж или ако можеби уште подобро може да се објасни божественото во нас да го разбудиме“, изјави Сиљановска-Давкова која денеска присуствуваше на божикната литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“.

Премиерот денешниот празник го честиташе и преку објава на социјалните мрежи, во која наведе дека Божиќ е ден кога тишината зборува погласно од зборовите и ден кога се потсетуваме на она што навистина нè држи заедно – семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит.

„Божиќ нè потсетува дека силата на едно општество започнува во домот, дека стабилната држава се гради врз здрави семејства и дека иднината ја чуваме преку грижата за најмладите“, се вели во честитката на премиерот Мицкоски.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката по повод православниот Божиќ истакна дека овој празник е можност да се нагласи значењето на меѓусебното почитување, соживотот и општествената хармонија како темелни вредности на институционалната и демократската стабилност на државата.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче упати честитка посакувајќи им на верниците мирни и весели празници.

„Посакувам денот да помине мирно, а во мирот во овие турбулентни времиња ни е тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме, да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно“, изјави лидерот на СДСМ.

Белата куќа:САД разгледува опции за преземање на Гренланд

Гренланд, на 7 март 2025 година.
Гренланд, на 7 март 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп разговарал за „низа опции“ за преземање на Гренланд, вклучително и користење на војската, соопшти Белата куќа, јавува новинската агенција Ројтерс.

Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека „аквизицијата на Гренланд е приоритет за национална безбедност“ за Трамп за да ги одврати американските противници како Русија и Кина.

„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, користењето на американската војска е секогаш опција на располагање на врховниот командант“, рече таа во изјава за новинската агенција Франс Прес.

Американскиот економски весник „Волстрит Џурнал“ објави дека според нивни извори од Белата Куќа претпочитаната опција на Трамп е да го купи Гренланд од Данска, додавајќи дека заканите не сигнализираат непосредна инвазија.

Данска предупреди дека секој потег за преземање на Гренланд со сила би значел дека „сè ќе престане“, вклучително и НАТО и 80-годишните блиски трансатлантски безбедносни врски.

Секоја воена акција на САД против Гренланд ефикасно би го урнала НАТО, бидејќи Членот пет на алијансата ветува дека земјите-членки ќе ги бранат сите нивни членови кои ќе бидат нападнати.

Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, напиша на социјалните мрежи дека тие барале средба со Рубио во текот на 2025 година, но „тоа досега не било можно“.

Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен, рече дека средбата со Рубио треба да „разјасни одредени недоразбирања“.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, инсистираше дека островот не е на продажба и дека само неговите 57.000 жители треба да одлучат за неговата иднина.

Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска и Шпанија ѝ се придружија на Данска во изјава во вторник, велејќи дека ќе ги бранат „универзалните принципи“ на „суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите“.

Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер се обидоа да го намалат значењето на спорот додека присуствуваа на мировните преговори за Украина во Париз, заедно со претставникот на Трамп, Стив Виткоф, и зетот Џаред Кушнер.

„Не можам да замислам сценарио во кое Соединетите Американски Држави би се нашле во позиција да го нарушат данскиот суверенитет“, рече Макрон.

Трамп ја предлага идејата за анексија на Гренланд уште од својот прв мандат. Во последната година, Копенхаген инвестираше многу во безбедноста, издвојувајќи околу 90 милијарди круни односно 14 милијарди долари.

Цената на нафтата почна да паѓа по најавата дека Венецуела ќе испраќа нафта во САД

Нафтени платформи во Венецуела
Нафтени платформи во Венецуела

Цената на нафтата почна да паѓа на 7 јануари, поради страв од зголемување на понудата откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Венецуела ќе испрати до 50 милиони барели во САД.

Во објава на неговата платформа Truth Social на 6 јануари, Трамп рече дека привремената влада на Венецуела ќе им предаде помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта на САД, во потег што го формулира како во корист на двете нации. Количината е еквивалентна на еден до два месеци производство на венецуелска нафта.

Нафтата ќе се продава по пазарни цени, а приходите ќе ги контролира тој како претседател за да се осигури дека се „во корист на народот на Венецуела и САД“, објави Трамп.

Според последните податоци од нафтената берза, цените во просек за 24 часа се намалени за 2 до 3 проценти, јавува германската новинска агенција ДПА.

Првично не беше јасно во кој период количината на сурова нафта што ја наведе Трамп ќе биде достапна за Венецуела.

Нафтата е најважниот извор на приходи и странска валута за Венецуела. Новото раководство во Каракас не коментираше веднаш за најавата на Трамп.

Инфографика - Во кои држави се најголемите резерви на нафта во светот
Инфографика - Во кои држави се најголемите резерви на нафта во светот

Екстра-тешката сурова нафта на Венецуела е многу барана бидејќи е идеална за специјализирани рафинерии како оние на американскиот Заливски брег, кои располагаат со единици што овозможуваат преработка на оваа густа нафта во високопрофитни производи како бензин и дизел.

Со оглед на тоа што ситуацијата сè уште е неизвесна, ова претставува едно од неколкуте потенцијални влијанија врз глобалната економија, како и врз клучните партнери на Венецуела: Русија, Иран, Кина и Куба.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG