Вести
Отворена истрага против сопствениците и менаџерите на клубот во Кран-Монтана
Двајцата сопственици и менаџерите на ноќниот клуб во Кран-Монтана, во кој избувна пожар, се осомничени под кривична истрага поради сомнение за сторени кривични дела, вклучително и убиство од небрежност.
„Тие се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност“, соопшти полицијата на кантонот Вале, каде што се наоѓа Кран-Монтана.
Околу 40 лица загинаа, а стотина се повредени при пожарот кој избувна за време на новогодишната забава во преполн бар во луксузниот ски-центар Кран-Монтана во југозападна Швајцарија.
Првичните резултати од истрагата за пожарот на новогодишната ноќ укажуваат на тоа дека пената на таванот се запалила поради искри од „прскалки“ кои биле поставени на шишиња со пијалак. Пожарот се проширил за многу кратко време.
Сопствениците на барот, брачниот пар од Франција Жак и Џесика Морети, изјавија за медиумите дека се скршени од трагедијата и дека соработуваат со властите за расветлување на катастрофата.
види ги сите денешни вести
Рубио: Владата во Куба е „огромен проблем“
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја опиша владата на Куба како „огромен проблем“ во неделата, еден ден откако администрацијата на Доналд Трамп го зароби венецуелскиот лидер Николас Мадуро и го изнесе од земјата со авион.
На прашањето дали Куба би можела да биде следна по драматичната воена операција на САД во Каракас, Рубио во интервју за NBC News рече дека не сака да шпекулира за „идните чекори“.
„Но, не мислам дека е мистерија што ние не сме големи обожаватели на кубанскиот режим, кои, патем, се оние што го поддржуваа Мадуро“, изјави Рубио.
Родителите на Рубио емигрирале од Куба во Соединетите Држави во 1956 година за време на диктатурата на Фулгенсио Батиста. Неговиот татко подоцна работел како шанкер, а неговата мајка како хотелска собарка.
Рубио долго време инсистирал Вашингтон да заземе цврст став кон Хавана, вклучително и кога бил сенатор од Флорида.
Американската војска изврши голем напад врз Венецуела рано наутро во саботата. За време на операцијата наречена „Апсолутна решителност“, елитните единици ги заробија Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, и ги изведоа од земјата.
Мадуро сега е задржан во притворен центар во Њујорк, каде што треба да му се суди по обвиненија, вклучувајќи заговор за извршување нарко-тероризам и заговор за увоз на кокаин.
Според активистите за човекови права, во Куба моментално се наоѓаат повеќе од илјада политички затвореници.
Односите меѓу Хавана и Вашингтон се напнати со децении. Чекорите кон претпазливо зближување под водство на поранешниот американски претседател Барак Обама подоцна беа повлечени од неговиот наследник, Доналд Трамп.
Мицкоски: Македонската Влада ги поддржува аргументите на САД за Мадуро
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Ова го изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски по вчерашното приведување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од американските воени сили.
„Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ“, одговори Мицкоски.
На прашање дали американскиот потег со приведување на Мадуро е преседан којшто отсега може да се случи каде било, Мицкоски посочи на случувањата со македонскиот случај и спорот со името.
„Ппреседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН. Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани... Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат... А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави“, изјави Мицкоски.
Николас Мадуро од Венецуела е во американски затвор откако беше транспортиран во Њујорк по неговото апсење од страна на американските сили.
На прес-конференција, американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша воената операција во Венецуела спроведена за апсење на Мадуро, додавајќи дека САД привремено ќе ја „управуваат“ јужноамериканската земја „сè додека не можеме да направиме безбедна, правилна и разумна транзиција“.
Американскиот државен обвинител Пам Бонди изјави дека Мадуро и неговата сопруга - која исто така беше заробена - се соочуваат со кривични обвиненија во Њујорк, обвинети за злосторства поврзани со трговија со дрога.
Нападите на САД во Венецуела и заробувањето на Мадуро беа остро осудени од некои од сојузниците на Каракас, како и од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој рече дека американската воена акција претставува „опасен преседан“.
Вучиќ: Меѓународниот правен поредок „не функционира“
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „јасно е дека меѓународниот правен поредок и Повелбата на Обединетите нации (ОН) не функционираат“. Ова го изјави денеска, откако вчера Соединетите Американски Држави (САД) го уапсија и пренесоа венецуелскиот претседател Николас Мадуро во Њујорк.
„Светот е доминиран од правото на сила, правото на посилниот, и тоа е единствениот принцип на модерната политика што постои во светот денес“, рече Вучиќ во обраќањето до медиумите на 4 јануари во Белград по седницата на Советот за национална безбедност.
На 3 јануари, САД извршија акција врз Венецуела и го уапсија претседателот на земјата Николас Мадуро и неговата сопруга. Потоа беа однесени во Њујорк, каде што се очекува да се соочат со обвиненија поврзани со трговија со дрога.
Српските власти одржуваат блиски врски со Мадуро, за кого Европската унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) веруваат дека нема легитимитет на демократски избран претседател поради изборни нерегуларности.
„Сакаме пријателство со САД, но наше е да кажеме кога има кршење на меѓународното право“, рече тој.
Вучиќ коментирајќи ја акцијата на САД
Вучиќ последен пат разговараше со Мадуро по телефон на 21 август 2025 година. Во објава на својот Инстаграм профил, Вучиќ го нарече Мадуро „голем пријател“ на Србија и изјави дека разговарале за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји.
Еден од клучните аргументи за зајакнување на соработката со Венецуела што го презентираа српските претставници е дека Венецуела не ја признава независноста на Косово, која беше прогласена во 2008 година.
На инаугурацијата на Мадуро за претседател во јануари минатата година присуствуваше претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, по што следеа критики од Брисел.
Србија и Венецуела потпишаа договор за укинување на визите во 2023 година и најавија отворање на српска амбасада во земјата, која граничи со Колумбија, Бразил и Гвајана.
Венецуелскиот режим е под санкции од Европската Унија (ЕУ), кон чие членство се стреми Србија, САД, Обединетото Кралство и Канада.
Над 30 убиени и неколкумина киднапирани во Нигерија
Повеќе од 30 лица беа убиени, а неколку други киднапирани од „бандити“ во централната нигериска држава Нигер, соопшти локалната полиција на 4 јануари.
Бандитите го нападнаа селото Касуван Даџи во округот Кабе и запалија пазар, пред да ограбат продавници за храна.
„Над 30 жртви ги загубија животите за време на нападот, а некои лица беа и киднапирани“, изјави портпаролот на полицијата во Нигер, Васиу Абиодун.
Киднаперите, кои локалното население ги нарекува бандити, често вршат масовни киднапирања за откуп и ограбуваат села во деловите од северозападна и северноцентрална Нигерија. Но, државата Нигер е една од најтешко погодените во последните месеци.
Во ноември, вооружени банди киднапираа повеќе од 250 ученици и персонал од католичко училиште во државата. Властите објавија нивно ослободување во две групи недели подоцна, без да кажат дали е платен откуп.
Израелската војска уби тројца Палестинци во Газа, соопштија локалните власти
Израелските сили убија најмалку тројца Палестинци во одделни инциденти во градот Кан Јунис, јужен дел од Појасот Газа, во неделата, соопштија локалните здравствени власти.
Медицинските лица известија дека меѓу загинатите има 15-годишно момче, рибар убиен надвор од областите што сè уште се окупирани од Израел во енклавата и трет маж кој бил застрелан и убиен источно од градот во областите под израелска контрола.
Израелската војска немаше непосреден коментар за пријавените инциденти. Израел изврши повеќекратни воздушни напади откако прекинот на огнот стапи на сила во октомври, велејќи дека тие имаат за цел да спречат напади или да уништат инфраструктурата на милитантите.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека 420 Палестинци се убиени откако започна прекинот на огнот, додека милитантите убија тројца израелски војници.
Израел и Хамас се обвинија за прекршување на договорот за прекин на огнот, постигнат под посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израел ја задржа контролата врз 53% од Газа според првата фаза од планот на Трамп, кој вклучуваше ослободување на заложниците што ги држеа милитантите во Газа и на Палестинците приведени од Израел.
Последниот заложник што треба да се предаде е оној на израелски полицаец убиен на 7 октомври 2023 година - денот кога милитантите од Газа го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 и земајќи околу 250 заложници, според израелските пресметки.
Во воениот напад на Израел врз Газа се убиени повеќе од 71.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, и доведе до обвинувања за геноцид и воени злосторства што Израел ги негира.
Зеленски:Украина ќе продолжи да се бори ако мировните преговори не успеат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистираше дека доколку не може да се постигне дипломатски крај на војната за време на тековните мировни преговори, неговата земја ќе продолжи да се брани од целосна инвазија на Русија.
„Ако Русија го блокира сето ова, и како што реков, тоа зависи од нашите партнери, ако нашите партнери не ја принудат Русија да ја запре војната, ќе има друг пат: да се браниме“, рече тој на 3 јануари во пресрет на уште една недела на исполнета со дипломатија.
Претходно украинскиот лидер во своето новогодишно обраќање, посочи дека мировен договор со Русија не може да дојде „по секоја цена“.
„Што сака Украина? Мир? Да. По секоја цена? Не. Сакаме крај на војната, но не и крај на Украина“, рече Зеленски во телевизиското обраќање.
Американскиот претседател Доналд Трамп во ноември 2025 година го притисна Зеленски да прифати мировен предлог од 28 точки, кој многумина го сметаа за многу фаворизирачки за Русија.
Украина и нејзините европски сојузници, предводени од Велика Британија, Франција и Германија, се потрудија да развијат контрапредлог, на крајот предлагајќи план од 20 точки што ги опфаќаше повеќе интересите на Киев, особено безбедносните гаранции и територијалниот интегритет.
Безбедносни гаранции, економско закрепнување
Зеленски зборуваше додека советниците за безбедност од 15 сојузници се состанаа во украинската престолнина, дискутирајќи за фините точки од мировниот план во развој, вклучувајќи ги и потенцијалните безбедносни гаранции за Украина.
Од сесијата се појавија малку детали, но украинскиот преговарач Рустем Умеров рече дека учесниците „разговарале за безбедносните гаранции, точките од мировниот план, економското закрепнување и воено-политичките прашања“.
Умеров тврди дека „повеќето позиции, 90 проценти од мировниот план, веќе се договорени, работата продолжува на деталите“.
Зеленски, во својот говор на 31 декември, исто така рече дека договорот е „90 проценти завршен“, но предупреди дека преостанатите 10 проценти ќе бидат тешки за финализирање.
Специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, се придружи на состанокот преку видео врска, додека претставници од НАТО и Европската Унија учествуваа лично. По состанокот ќе следат уште најмалку два важни собири во текот на следната недела.
На 5 јануари, Украина ќе биде домаќин на состанок на началниците на генералштабовите на европските земји и други „со цел да се обезбеди дополнителна координација на активностите со сојузниците во безбедносната димензија“, рече Умеров.
Макрон ветува „конкретни“ обврски
Следниот ден во Париз, францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде домаќин на собир на европски лидери. Макрон во својот новогодишен говор рече дека европските држави и другите сојузници ќе преземат „конкретни“ обврски за безбедноста на Украина за време на разговорите.
Зеленски изрази надеж за самит на глобални лидери во Соединетите Држави до крајот на јануари за да се разговара за мировните предлози.
„Ќе се подготвуваме за состанок во Соединетите Држави на лидерско ниво. Би сакале сето ова да се случи во јануари, до крајот на јануари“, рече Зеленски.
Русија не учествува директно во разговорите на Украина со Соединетите Држави или Европејците, бидејќи Киев бара цврсти гаранции што би го придружувале секој потенцијален мировен договор.
„Се движиме по три клучни патеки: безбедносни гаранции, реконструкција и основна рамка за вистински мир“, напиша Зеленски на Телеграм.
„Подготвуваме состаноци во Европа што ќе се одржат следната недела. Исто така, се подготвуваме за состаноци во Соединетите Држави“, додаде тој.
Трамп „не е воодушевен“ од рускиот лидер
Во меѓувреме, Трамп на 3 јануари изрази незадоволство од рускиот претседател Владимир Путин поради продолжената војна во Украина.
„Не сум воодушевен од Путин. Тој убива премногу луѓе“, им рече Трамп на новинарите во неговото одморалиште во Палм Бич, Флорида.
Трамп често го фалеше Путин и рече дека верува оти рускиот лидер е заинтересиран за мировен договор. Многу набљудувачи велат дека Зеленски е под зголемен притисок поради руските придобивки на бојното поле, особено во источна Украина.
Иако овие напредоци беа ограничени и тешко се бореа уште од првата година од целосната војна во Украина, анализата од 2 јануари од Институтот за проучување на војната, тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон, покажа дека придобивките на Москва на бојното поле во 2025 година беа највисоки од 2022 година.
Врховниот командант на Украина, Александар Сирски, рече дека тие придобивки резултирале со речиси 420.000 мртви и ранети Руси во 2025 година, според украинските проценки. Двете страни генерално не пријавуваат бројки за жртви.
Идентификувани 16 тела на загинати во пожарот во Кран-Монтана
Швајцарската полиција во неделата соопшти дека идентификувала уште 16 тела на луѓе кои загинале во пожар во бар на новогодишната ноќ, во швајцарскиот луксузниот ски-центар Кран-Монтана во југозападна Швајцарија. Станува збор за пожар во бар во кој загинаа 40 лица, што е една од најлошите катастрофи во поновата швајцарска историја.
Меѓу идентификуваните се 10 државјани на Швајцарија, двајца на Италија, едно лице со италијанско-Емиратско државјанство, еден државјанин на Романија, едно лице од Франција и едно од Турција, соопшти полицијата. Не беа соопштени имиња.
Полицијата сега идентификувала 24 лица кои загинале во пожарот во планинското одморалиште Кран-Монтана, во јужна Швајцарија. Меѓу нив е и македонскиот државјанин Стивен Ивановски кој се водеше како исчезнат во пожарот во Кран- Монтана.
Двајцата сопственици и менаџерите на ноќниот клуб во Кран-Монтана, во кој избувна пожар, се осомничени под кривична истрага поради сомнение за сторени кривични дела, вклучително и убиство од небрежност.
Првичните резултати од истрагата за пожарот на новогодишната ноќ укажуваат на тоа дека пената на таванот се запалила поради искри од „прскалки“ кои биле поставени на шишиња со пијалак. Пожарот се проширил за многу кратко време.
Сопствениците на барот, брачниот пар од Франција Жак и Џесика Морети, изјавија за медиумите дека се скршени од трагедијата и дека соработуваат со властите за расветлување на катастрофата.
И Македонија понуди помош за лекување на повредените во пожарот.
Македонец меѓу загинатите во пожарот во Кран-Монтана
Еден од 40-те жртви во пожарот во швајцарскиот луксузниот ски-центар Кран-Монтана во југозападна Швајцарија е Македонец. Македонската влада потврди дека е утврден идентитетот на Стивен Ивановски, кој се водеше како исчезнат во пожарот во Кран- Монтана.
Неговото тело е идентификувано врз основа на ДНК анализа.
„Има потврда од Берн, телото е идентификувано. За жал, станува збор за починато лице. Член на семејството потврдило согласно ДНК. Изразуваме длабоко жалење и сочувство“, велат од Владата.
Ивановски се водеше за исчезнат по пожарот во дискотеката во Кран Монтана, а неговото семејство преку социјалните мрежи бараше помош за негово пронаоѓање.
Во пожарот, според швајцарските медиуми, загинаа над 40 луѓе, а над 100 се повредени. Двајцата сопственици и менаџерите на ноќниот клуб во Кран-Монтана, во кој избувна пожар, се осомничени под кривична истрага поради сомнение за сторени кривични дела, вклучително и убиство од небрежност.
Првичните резултати од истрагата за пожарот на новогодишната ноќ укажуваат на тоа дека пената на таванот се запалила поради искри од „прскалки“ кои биле поставени на шишиња со пијалак. Пожарот се проширил за многу кратко време.
Сопствениците на барот, брачниот пар од Франција Жак и Џесика Морети, изјавија за медиумите дека се скршени од трагедијата и дека соработуваат со властите за расветлување на катастрофата.
И Македонија понуди помош за лекување на повредените во пожарот.
Гутереш е „длабоко вознемирен“ од американските напади врз Венецуела
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, е „длабоко вознемирен“ по нападите на Вашингтон врз Венецуела, изјави неговиот портпарол во саботата, велејќи дека тоа би можело да „претставува опасен преседан“.
Главниот секретар на ОН е „длабоко загрижен што правилата на меѓународното право не се почитувани“, соопшти портпаролот Стефан Дужарик.
Тој посочи дека Гутереш „ги повикува сите актери во Венецуела да се вклучат во инклузивен дијалог, со целосно почитување на човековите права и владеењето на правото“.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп, објави на својот профил на социјалните мрежи Truth Social дека Соединетите Американски Држави извршиле „голем воен напад врз Венецуела“ и „го заробиле нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, и неговата сопруга“.
„Соединетите Американски Држави успешно извршија голем напад врз Венецуела и нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, кој беше заробен и изнесен од земјата заедно со неговата сопруга. Оваа операција беше спроведена во соработка со американските органи за спроведување на законот“, напиша тој.
Деталите за настаните сè уште се појавуваат, но американскиот сенатор Мајк Ли изјави дека американскиот државен секретар Марко Рубио го информирал оти Мадуро бил уапсен од американски сили за да му се суди по кривични обвиненија во Соединетите Американски Држави.
На почетокот на 3 јануари, експлозии го потресоа главниот град Каракас по месеци закани од претседателот Доналд Трамп кон венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Владата на Венецуела соопшти дека нападите покрај Каракас се случиле и во Миранда, Арагуа и Ла Гваира, што го натерало Мадуро да прогласи вонредна состојба и да ги мобилизира одбранбените сили.
Трамп во понеделникот изјави дека би било „мудро“ Мадуро да се повлече. Соединетите Американски Држави извршија големо воено засилување во регионот, вклучувајќи носач на авиони, воени бродови и напредни борбени авиони стационирани во Карибите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете