Лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, во неделата прогласи победа на изборите, наведувајќи дека станува збор за „најголемата победа во историјата на земјата“, откако Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека таа партија, врз основа на 96,13 отсто преброени гласови, освоила 49,80 отсто од гласовите.
На второто место е Демократската партија на Косово (ДПК) со 21,18 отсто, а следуваат Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) со 13,77 отсто и Алијансата за иднината на Косово со 5,74 отсто.
Српската листа, најголемата партија на косовските Срби која има поддршка од Белград, освои 3,86 отсто од гласовите.
Курти, во обраќањето по изборите, изјави дека на изборите на 9 февруари „Движењето Самоопределување победи со партнерите, а на 28 декември победија народот на Косово и Републиката“.
Тој рече дека неговата партија е на добар пат да го надмине резултатот од 14 февруари 2021 година, кога освои 50,2 отсто од гласовите.
Според него, резултатите од неделните избори бараат веднаш да се продолжи напред, без одлагање.
„Колку побрзо (резултатите) бидат потврдени, толку побрзо ќе мора да ги воспоставиме институциите и да продолжиме со добрата работа“, рече Курти.
Тој додаде дека новиот состав на законодавната власт го очекува Планот за раст на ЕУ вреден 880 милиони евра, како и три договори со Светската банка, кои, како што рече, вкупно изнесуваат повеќе од една милијарда евра.
„Ги повикувам опозициските партии да соработуваат во Собранието околу меѓународните договори и другите законски предлози“, изјави Курти.
На прашањето за изборот на претседател на Косово, Курти рече дека е прерано да се зборува за тоа, нагласувајќи дека Самоопределување „вечерва ќе слави“, но додаде дека тоа прашање треба да се реши со опозицијата, како и со актуелната претседателка Вјоса Османи, чиј мандат истекува во март.
Претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи, изјави дека преостанатите гласови ќе бидат обработени и објавени на онлајн-платформата на ЦИК.
Вонредните избори беа одржани откако, по редовните избори во февруари, на кои Самоопределување исто така освои најмногу гласови, партиите не успеаја да се договорат околу формирањето влада.
На изборите во февруари, Самоопределување освои 42,3 отсто, ДПК 20,95 отсто, ДСК 18,27 отсто, Алијансата за иднината на Косово 7,06 отсто, а Српската листа 4,26 отсто.
Собранието на Косово има 120 пратенички места, а за обезбедување парламентарно мнозинство и формирање Влада потребни се 61 мандат.
Претседателката на Косово, Османи, по гласањето во Приштина изјави дека очекува резултатите да овозможат брзо формирање на Собранието и избор на нова Влада на Косово.
Формирањето на овие институции, според неа, е неопходно за важни внатрешни и меѓународни процеси за Косово.
Ова се втори парламентарни избори што се одржуваат во рок од една година во Косово, бидејќи на партиите им беа потребни повеќе од шест месеци за да формираат парламент со неколку интервенции од страна на Уставниот суд, но на крајот не успеаја да се договорат за извршната власт.
Поради политичката блокада и неможноста за постигнување договор, Собранието беше распуштено и беа распишани предвремени избори.
Мал број гласачки места имале проблеми со камерите и поставувањето на кабините, додека 16 проценти од местата немале соодветна инфраструктура за лицата со попреченост.
Набљудувачите, исто така, пријавиле присуство на пропаганден материјал во рамките на сто метри од центрите во три проценти од случаите и недостаток на шалтери за помош во 18 проценти од местата, главно во Урошевац, Гњилане и Пеќ.