Достапни линкови

Вести

Вучиќ најави отстранување на „Ќациленд“

Шаторскиот камп беше поставен во центарот на Белград во март.
Шаторскиот камп беше поставен во центарот на Белград во март.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека отстранувањето на „Чациленд“, шаторскиот камп пред српското Собрание, ќе започне во недела навечер, што треба повторно да го овозможи сообраќајот низ една од централните улици во Белград по неколку месеци блокада.

За време на поставувањето камен-темелник на зградите на Министерството за одбрана и Генералштабот во општина Бањица во саботата, Вучиќ изјави дека наместо шаторот, пред Собранието ќе се направи „прекрасно божиќно село“, по што сообраќајот наскоро ќе биде повторно воспоставен, објави агенцијата Бета.

„Чациленд“ првпат се појави во март како населба од шатори во Пионерскиот парк помеѓу Претседателството и Собранието на Србија како одговор на власта на масовните протести со кои се бараше одговорност за трагедијата во Нови Сад во која загинаа 16 лица. Подоцна, „Чациленд“ беше проширен на булеварот пред парламентот, што го оневозможи поминувањето на возилата, вклучително и јавниот превоз, чии рути се менуваа со месеци.

Вучиќ рече дека е задоволен што студентите почнале да користат редовни и легални политички канали, откако студентите во блокадата најавија дека в недела ќе собираат потписи за распишување избори, кои ги бараат со месеци наназад – барање кое српскиот претседател го одбиваше.

Студентите во блокада претходно оваа недела изјавија дека граѓаните треба да најдат еден од штандовите во градовите и да ја потпишат одлуката за распишување предвремени парламентарни избори.

„Со вашиот потпис, правите три важни работи: станувате лице кое прво ќе биде информирано за понатамошните активности на студентите и за начините на кои можете да помогнете; станувате врска помеѓу движењето и вашата околина; станувате дел од промената што се бори за воспоставување систем кој е прилагоден на сите граѓани“, наведоа студентите во апелот претходно оваа недела.

Студентите во блокада објавија и детален список на места во Србија каде што ќе има штандови за собирање потписи од граѓани за барањето за распишување предвремени парламентарни избори.

„Дојдете и заедно да прогласиме победа! Потпишете ја одлуката! Бидете контролор. Учествувајте во подигањето на свеста. Ќе продолжиме заедно од недела“, напишаа студентите во својата објава.

Вучиќ во саботата изјави дека просторот пред српскиот парламент ќе биде отворен за сообраќај „од 2 до 3 јануари“, и дека поддржувачите на владата ќе останат „некое време“ во Пионерскиот парк. Во оградениот простор пред најважните српски институции, како што претходно објави РСЕ, престојуваа и лица со криминално досие, поранешни членови на паравоени формации и членови на екстремно десничарски групи.

„Ќе ги поздравам утре, ќе им се заблагодарам за сè и ќе кажам дека ќе останат во учебниците по историја бидејќи издржаа на сите притисоци и ја спасија својата татковина со својот хероизам“, рече Вучиќ.

Во ноември, луѓето од „Чациленд“ фрлаа пиротехнички средства, петарди и топовски истрели кон граѓаните што демонстрираа во близина на шаторската населба и државниот парламент.

Во оваа импровизирана населба на поддржувачи на владејачката Српска напредна партија, во ноември имаше и пукање, во кое 70-годишен маж со пиштол рани 57-годишник.

Во текот на годината, кампот беше прошируван и надградуван, опкружен со бетонски бариери, беа поставени пријавници, мобилни тоалети и беше обезбедуван од полиција и маскирани цивили.

види ги сите денешни вести

Украинските истражители испитуваат шема за купување пратенички гласови

Врховната рада, украински парламент (фотоархива).
Врховната рада, украински парламент (фотоархива).

Водечките украински антикорупциски агенции соопштија дека истражуваат наводно купување гласови од страна на членови на парламентот и обвинија дека безбедносните служби ги попречуваат напорите за спроведување претреси.

Истрагата, објавена на 27 декември, е најновата во серијата истраги од двете агенции – Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата и Националното биро за борба против корупцијата на Украина – кои ја потресоа политичката сцена во Украина.

Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата – познато како САПО – соопшти дека неговите истражители наводно идентификувале „организирана криминална група“ во која биле вклучени актуелни пратеници во Врховната рада, како што се нарекува украинскиот парламент.

Членовите на групата, соопшти САПО, добиле нелегални придобивки во замена за нивните гласови во парламентот.

Не беа објавени дополнителни детали.

Поврзано со тоа, Националното биро за борба против корупцијата, познато како НАБУ, соопшти дека на неговите истражители им е блокиран пристапот до административните згради што ги користат членовите на парламентот.

Од Агенцијата за државна заштита, која е задолжена за обезбедување на пратениците, ги негираа обвинувањата во изјава за РСЕ посочувајќи дека чуварите само ги проверуваат идентитетите на истражителите.

„Факт е дека вработените во НАБУ се обидуваат да внесат непознати или неразбирливи луѓе на територијата на владиниот ентитет“, изјави портпаролот на Агенцијата, Олексиј Морозов.

На истражителите подоцна им беше дозволено да влезат во силно обезбедуваниот комплекс, соопшти безбедносната агенција во објава на Фејсбук.

Основани во 2015 година како дел од сеопфатните реформи насочени кон искоренување на вкоренетата корупција, двете агенции изградија репутација за спроведување политички обоени истраги, како и репутација за борбата за зачувување на нивната независност од другите субјекти задолжени спроведување на законот.

Истрага за мито во енергетскиот сектор – вклучително и финансирање на системи за воздушна одбрана за инфраструктура на електричната мрежа, беше обелоденета во јавноста минатиот месец кога антикорупциските службеници извршија рации во канцеларии во Киев.

Таа истрага, која е во тек, на крајот доведе до тоа претседателот Володимир Зеленски да го отпушти Андриј Јермак, неговиот долгогодишен шеф на кабинет и клучен посредник во мировните преговори со САД.

Разрешувањето на Јермак дојде во тежок момент за Зеленски. Обвинувањата го нарушија неговиот углед дома и го зголемија притисокот за одржување нови избори, нешто на што украинскиот претседател се спротивстави поради воената состојба и тоталната војна на Русија против Украина.

Грчките земјоделци пак го блокираа преминот „Евзони“ со Северна Македонија

Блокадите на автопатиштата и граничните премини започнаа на 30 ноември.
Блокадите на автопатиштата и граничните премини започнаа на 30 ноември.

Грчките земјоделци повторно го блокираат влезот во земјата на дел граничните премини. Од 11 часот, невозможен е влез го Грција од Северна Македонија преку граничниот премин „Евзони“ – „Богородица“ од македонска страна (кај Гевгелија).

Според најавите од грчките земјоделци, блокадата на 27 декември се одвива во два наврати од по четири часа прво од 11 до 15 часот по македонско време, а потоа од 17 до 21 часот.

Протестите на земјоделците со блокади започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи. Едно од нивните барања е исплата и на заостанатите субвенции со кои се им се помага да ги покријат производствените трошоци.

Со денешните блокади, грчките земјоделци ги продолжуваат протестите кои беа на пауза четири дена поради божиќните празници.

Исто така, две четиричасовни блокади се можни и во текот на утрешниот ден, 28 декември.

Покрај на граничните премини, блокадите се активираат и на автопатиштата низ цела Грција, меѓу кои и на автопатот Солун- Атина. Според најавите, се очекува земјоделците да направат нова пауза од вторник до петок, поради Нова година.

Грчките медиуми претходно јавија дека поради блокадите во некои популарни зимски дестинации во земјата, откажани се и до 50 отсто од резервациите за празничниот период.

Дел од хотелиерите во повеќе региони во централна Грција, каде се наоѓаат планинските туристички дестинации, излегоа со реакција дека „загубите се веќе големи и не се ограничени само на деновите околу Божиќ и Нова година, бидејќи започнаа заедно со почетокот на протестите на земјоделците“, пренесе весникот „Та неа“.

Израел стана првата земја што ја призна Сомалиленд како независна држава

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Израел во петокот стана првата земја во светот што официјално ја призна самопрогласената Република Сомалиленд како независна и суверена држава. Ваквата одлука би можела да ја промени регионалната динамика и да ја стави на тест Сомалија, која се спротивставува на отцепувањето.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе побара итна соработка со Сомалиленд во земјоделството, здравството, технологијата и економијата.

Во соопштението, тој му честиташе на претседателот на Сомалиленд, Абдирахман Мохамед Абдулахи, го пофали неговото лидерство и го покани во официјална посета на Израел.

Нетанјаху рече дека изјавата е „во духот на Авраамовите договори, потпишани на иницијатива на претседателот Трамп“. Договорите од 2020 година, посредувани од првата администрација на Доналд Трамп, ги формализираа дипломатските односи на Израел со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, а подоцна им се придружија и други земји.

Нетанјаху, министерот за надворешни работи Гидеон Саар и претседателот на Сомалиленд потпишаа заедничка декларација за меѓусебно признавање, се вели во израелското соопштение.

Абдулахи рече дека Сомалиленд ќе се приклучи на Авраамовите договори, оценувајќи го потегот како придонес кон регионалниот и глобалниот мир. Тој додаде дека Сомалиленд е посветен на градење партнерства, зајакнување на заедничкиот просперитет и промовирање на стабилноста на Блискиот Исток и Африка.

Во меѓувреме, Египет соопшти дека министерот за надворешни работи Бадр Абделати во петокот разговарал телефонски со своите колеги од Сомалија, Турција и Џибути за „опасните случувања“ во регионот по објавата на Израел.

Министрите го осудија признавањето на Сомалиленд од страна на Израел, ја повторија својата целосна поддршка за единството и територијалниот интегритет на Сомалија и предупредија дека признавањето на сепаратистичките региони претставува закана за меѓународниот мир и безбедност, соопшти Министерството за надворешни работи на Египет.

Сомалиленд ужива автономија, како и релативен мир и стабилност, од 1991 година, кога Сомалија беше зафатена од граѓанска војна, но регионот не успеа да обезбеди меѓународно признавање.

Со текот на годините, Сомалија соработуваше со меѓународни актери за да спречи признавање на Сомалиленд.

Поранешниот британски протекторат се надева дека признавањето од страна на Израел ќе ги охрабри другите држави да го следат примерот, со што ќе се зголеми неговото дипломатско влијание и пристапот до меѓународните пазари.

Почина Драган Штављанин, ветеран на Радио Слободна Европа

Драган Штављанин известува од протестите во Белград, 12 декември 1996 година.
Драган Штављанин известува од протестите во Белград, 12 декември 1996 година.

Драган Штављанин, новинар и уредник на Радио Слободна Европа и автор на неколку книги и стручни трудови, почина во Прага од тешка болест на 62-годишна возраст.

Сè што правеше носеше јасен професионален печат. Тој великодушно го споделуваше своето знаење и време, испорачувајќи исклучително новинарство на сите наши платформи.

Кога Балканскиот сервис на РСЕ ја одбележа својата 30-годишнина, во нашите архиви беше пронајдена фотографија од Драган како известува од граѓанските протести во Белград од 1996-97 година.

Патувањето на Драган водеше од новинар до уредник, а тој постигна извонредни резултати кога, за време на кампањата на НАТО против Србија во 1999 година, беше домаќин на петчасовна вечерна програма за Радио Слободна Европа. Во тие месеци на страв и неизвесност, РСЕ достигна рекордна публика во Србија како еден од ретките објективни извори на информации, добиени од новинари присутни од сите страни на конфликтот.

Драган Штављанин за време на интервју со поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ во Загреб, 8 јуни 2018 година.
Драган Штављанин за време на интервју со поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ во Загреб, 8 јуни 2018 година.

Драган изгради и координираше мрежа на дописници што ги покриваа Србија, Косово и Црна Гора. Тој остана во професионални и пријателски односи со многу од нив по 1999 година, исто како што секогаш беше добредојден меѓу колегите и пријателите во сите земји од поранешна Југославија.

Тој интервјуираше светски познати личности, вклучувајќи ги Лех Валенса, Марија Тодорова, Јоргос Папандреу, Франсис Фукујама и многу други, и се докажа како внимателен и почитуван соговорник на водечки гласови во политиката, економијата и надворешните работи.

Ја заврши својата кариера во РСЕ/РЛ како уредник за надворешна политика.

Во последните години во РСЕ/РЛ, Драган ја започна видео серијата „Пост Скриптум“, концизни објаснувања за глобалните случувања - од Балканот до војната во Украина; од демократската регресија во Унгарија до авторитаризмот во Турција; од технолошката индустрија до ширењето на дигиталното влијание на Кина.

Серијата е една од најгледаните содржини на социјалните мрежи на РСЕ/РЛ.

Ја започна својата кариера во втората половина на 1980-тите како еден од најмладите новинари во тогаш високо почитуваното и популарно неделно списание НИН. Ќе ја продолжи во Радио Белград.

Посветен на професионално и етичко известување, тој беше меѓу првите што ја напуштија таа куќа, одбивајќи да ја прифати строго контролираната уредувачка политика наметната од владините кругови на Слободан Милошевиќ.

Верувајќи дека промените во Србија можат да се спроведат дури и во услови на меѓународна изолација на тогашна Југославија и војните во околните области, како помошник-министер за информации од редот на непартиски личности, тој се приклучи на тимот на противникот на Милошевиќ, премиерот Милан Паниќ, на почетокот на 1990-тите.

Тој е автор на неколку книги; меѓу неговите најважни дела се „Студен мир: Кавказ и Косово“, компаративна студија за конфликтите во поранешниот Советски Сојуз, во која случајот со Косово послужи како клучна точка - врз основа на интервју што го даде за РСЕ/РЛ; и „Балканизација на интернетот и „смртта“ на новинарите“, книга за промените во новинарството во дигиталното доба.

Драган Штављанин.
Драган Штављанин.

Тој има магистерска диплома по меѓународни односи од Отворениот универзитет во Лондон и Будимпешта. Во 2012 година, тој ја одбрани својата докторска дисертација под наслов „Демократија и медиуми во ерата на глобализацијата“ на Факултетот за политички науки во Белград.

Од Чачак, каде што е роден, до Белград, каде што влезе во светот на новинарството, до Прага, каде што живееше речиси три децении, се адаптираше и играше разни улоги: беше сопруг и татко на три деца, колега и незаменлив пријател. Секогаш остануваше доследен, принципиелен, етички и професионален.

Од болницата каде што се бореше со својот најтежок предизвик, тој им испрати порака на своите колеги во РСЕ/РЛ:

„Нашите повремени несогласувања едни со други никогаш не беа поттикнати од националноста, религијата или која било друга групна припадност на кој било од нас, туку од различните професионални ставови за тоа како да се постигне најдобриот резултат. И во тој поглед, ние сме оаза во светот поделен по различни основи.“

Од радио репортер до аналитичар и писател, Драган Штављанин остана брилијантен до крајот.

Костадиновски апелира за итен избор на уставен судија

Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд.
Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска упати апел до Судскиот совет итно да предложи кандидат за уставен судија, а до Собранието без одлагање да пристапи кон негов избор, предупредувајќи дека Судот веќе се соочува со сериозни потешкотии во работењето поради некомплетен состав.

„Веќе имаме проблеми. На вчерашната седница имавме не еден, три предмети во кои немавме мнозинство. Значи од заминувањето на колешката во мај месец, до денес мислам дека имаме десетина предмети кадешто немаме одлука. И повторно, неблагодарно е да ги квалификувам како важни или помалку важни. Сите наши одлуки се важни„, изјави Костадиновски.

На годишната прес-конференција, тој повика и на повисоко ниво на уставноправна култура кај политичките актери, со воздржување од поделби и етикетирања и со реална, а не декларативна посветеност на владеењето на правото.

Костадиновски информираше дека од заминувањето на една судијка во мај, Уставниот суд има десетина предмети во кои не е донесена одлука поради недостиг од мнозинство. Само на последната седница, како што рече, имало три предмети без потребното мнозинство за одлучување, нагласувајќи дека сите предмети што ги разгледува Судот се подеднакво важни.

Во однос на предметот за пензиите, Костадиновски појасни дека законите се поделени на последната седница и дека одлука ќе биде донесена веднаш по изборот на нов судија. Тој потенцираше дека поведувањето постапка не значи конечна одлука, бидејќи Уставниот суд одлучува во две фази, при што втората не секогаш завршува со укинување или поништување на закон.

Одговарајќи на прашања зошто Судот не постапил порано по сопствена иницијатива во случајот со пензиите, Костадиновски истакна дека последните законски измени биле оспорени со повеќе иницијативи и дека Судот постапувал по нив, додавајќи дека располага со механизми со кои може да ги коригира последиците од законите, без оглед на времето на одлучување.

Осврнувајќи се на измените на Кривичниот и Изборниот законик, Костадиновски оцени дека дел од државните органи не ги почитуваат роковите утврдени од Уставниот суд, но најави дека Судот е подготвен да воведе „уставна дисциплина“ преку своите одлуки. Тој посочи дека парламентот доцнел со постапување по повеќе предмети и најави дека следната година може да се очекуваат „многу поинакви одлуки“ од Уставниот суд.

Костадиновски нагласи дека, иако Уставниот суд е надвор од класичната поделба на власта, негова обврска е да ја контролира рамнотежата меѓу институциите и да не дозволи надмоќ на една власт врз друга.

Палестинец уби маж и жена во северен Израел

Израелските безбедносни сили на местото на нападот во северен Израел, Афула, 26 декември 2025 година.
Израелските безбедносни сили на местото на нападот во северен Израел, Афула, 26 декември 2025 година.

Палестинец од Западниот Брег кој е окупиран од Израел, денеска убил маж и жена во напад со нож и удирање со автомобил во северен Израел, пред да биде ранет и застрелан, соопштија полицијата и спасувачките екипи.

„Прелиминарните истраги укажуваат дека станува збор за терористички напад што започнал во градот Беит Шеан, каде што бил прегазен пешак“, соопшти полицијата, додавајќи дека жртвата е 68-годишен маж.

„Подоцна, млада жена била избодена во близина на Патот 71, а осомничениот на крајот отворил оган во близина на раскрсницата Маонот во Афула откако интервенирал цивилен минувач“, се вели во соопштението, во кое се додава дека напаѓачот бил однесен во болница.

Двете жртви им подлегнале на повредите, соопшти израелската служба за итни случаи Маген Давид Адом (MDA).

MDA, исто така, објави дека 16-годишен тинејџер бил полесно повреден откако бил „удрен од возило“.

Израелската војска соопшти дека напаѓачот „се инфилтрирал на израелска територија пред неколку дена“.

Нападот се случи еден ден откако израелски воен резервист, облечен во цивилна облека, со своето возило удри во Палестинец на Западниот Брег.

Најмалку шестмина загинати во експлозија во џамија на малцинска верска група во Сирија

Внатрешноста на џамија во Хомс по експлозија, Сирија, 26 декември 2025 година.
Внатрешноста на џамија во Хомс по експлозија, Сирија, 26 декември 2025 година.

Смртоносна експлозија денеска ја погоди џамијата во претежно алавитската област Хомс во Сирија, соопштија властите, при што се пријавени најмалку шест смртни случаи.

„Терористичка експлозија ја таргетираше џамијата Али Бин Аби Талиб за време на петочната молитва на улицата Ал-Хадри во населбата Вади ал-Дахаб во Хомс“, соопшти Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека шест лица се убиени, а 21 се ранети.

Хомс е место каде се случуваше сериозно секташко насилство за време на граѓанската војна во Сирија.

Сириската државна новинска агенција САНА, која исто така ја објави експлозијата, соопшти дека нејзината причина и природа се истражуваат.

Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, не е веднаш јасно дали експлозијата е „предизвикана од самоубиствен напад или од експлозивна направа“.

Локален безбедносен извор во Хомс за АПФ изјави под услов на анонимност дека експлозијата можеби е предизвикана од „експлозивна направа поставена во џамијата“.

Жител на областа, кој побара да остане анонимен од страв за својата безбедност, изјави за АФП дека луѓето „слушнале гласна експлозија, по што се случи хаос и паника во населбата“.

„Никој не се осмелува да ги напушти своите домови, а ние слушаме сирени на брза помош“, додаде тој.

САНА објави фотографии од внатрешноста на џамијата, од кои едната покажува дупка во ѕидот.

Црн чад покриваше дел од џамијата, а теписи и книги беа расфрлани во близина.

Хомс е дом на сунитско муслиманско мнозинство, но има и неколку области претежно алавитски.

Додека повеќето Сиријци се сунитски, соборениот владетел Башар ал-Асад припаѓа на алавитската заедница, чија религија произлегува од шиитскиот ислам.

Од соборувањето на Асад во 2024 година, Опсерваторијата и обичните Сиријци во Хомс пријавија киднапирања и убиства насочени кон членови на малцинската заедница.

Масакр врз алавитски цивили се случи во крајбрежните области на Сирија во март, а властите ги обвинија вооружените поддржувачи на Асад за поттикнување на насилството со напаѓање на безбедносните сили.

Националната комисија за истрага соопшти дека најмалку 1.426 членови на малцинската заедница биле убиени во нападот, додека Сириската опсерваторија за човекови права го процени бројот на жртви на повеќе од 1.700.

update

Прифатена иницијативата за дислокација на цементарница „Усје“

Цементарница „Усје“, Скопје
Цементарница „Усје“, Скопје

Советот на Град Скопје едногласно ја усвои иницијативата на Зелен хуман град (ЗХГ) за започнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и другите големи индустриски загадувачи надвор од скопската котлина, соопштија од ЗХГ.

Со усвоените заклучоци, Град Скопје е задолжен да се обрати до Министерството за животна средина и просторно планирање со официјално барање да се испита работењето на Цементарница Усје и на сите големи индустриски загадувачи, како и дали целосно ги исполнуваат условите и обврските од дозволите за работа и важечката еколошка регулатива.

Министерството треба во најкраток рок да го извести Градот за резултатите.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата, во рамки на своите законски надлежности ќе постапува по заклучоците што ги донесе Советот на Град Скопје за можната дислокација на цементарницата УСЈЕ и за спроведување вонредни инспекциски контроли врз големите загадувачи.

„Што се однесува до дислокација и тоа не е никаков проблем за Владата. Така што сè тоа што е проблем за граѓаните е и проблем за Владата. Но, сакам да дојдам до суштината, а суштината е дека загадувањето е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови“, рече Мицкоски.

Истовремено, од Државниот инспекторат за животна средина се бара да спроведе серија ненајавени вонредни инспекциски надзори, со цел да се утврди фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди и дозволените емисии, како и примената на мерките за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

Советот ја повикува Општина Кисела Вода, врз основа на наодите и мислењата од надлежните институции, да води особена сметка при изработката на деталните урбанистички планови, а истата обврска се однесува и на останатите општини во составот на Град Скопје и на самиот Град, со цел усогласен и одржлив пристап во просторното и урбанистичкото планирање.

Дополнително, градоначалникот на Град Скопје е задолжен да се обрати до Владата за да се разгледа можноста за започнување постапка за дислокација на „Усје“ и на другите големи индустриски загадувачи на соодветни локации надвор од скопската котлина, согласно Законот за животна средина и Просторниот план.

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздрави одлуката на Советот на Град Скопје за иницијатива за дислокација на тешката индустрија, но предупредува дека дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која би траела со години. Прашањата за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти засега немаат временска рамка, ниту финансиска конструкција.

Вчера, 25 декември се одржа и протест пред Усје. Од иницијативата „Стоп за Усје“ побараат мерната станица од Кисела Вода – поставена во дворот на Цементарата уште во 2023 – да се стави во функција, да работи 24 часа и да се интегрира во јавните апликации за приказ на загаден воздух.

Од иницијативата побараа да се акредитира и државната лабораторија за да може да се мери аерозагадувањето, да се поништи одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, како и да се запрат активностите на рудникот за лапорец во склоп на Усје.

Од „Титан Усје“, претходно реагираа дека работењето на Цементарницата е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина. Од компанијата тврдат дека последниот инспекциски увид бил извршен на 18 декември, како и ненајавена контрола на 18 ноември, при што во двата случаи било утврдено дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.

Сепак, граѓаните од улица најавија уште протести и блокади во наредниот период.

Собраниската комисија даде зелено светло за договорот за железнички тунел меѓу Северна Македонија и Бугарија

Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија
Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија

Собраниската комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска едногласно го прифати предлогот на закон за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија во врска со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел и го достави предложеното законско решение на усвојување на Собранието.

Според Крум Ефремов, директор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се работи за договор со кој се уредуваат техничките, финансиските и организационите прашања поврзани со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел во насока на поврзување на двете држави.

„Практично изградбата на оваа инфраструктура, која е предмет на договорот, треба да ги исполнува и барањата на ЕУ и НАТО за ваков вид на инфраструктура, особено во однос на стандардите и техничките спецификации на трансевропската транспортна мрежа. Овој договор, исто така, ќе создаде и позитивни политички и економски предуслови за трговска и индустриска поголема соработка на Република Бугарија и нашата земја, со цел изградба, но и оперативно функционирање и на граничниот премин и на активностите во делот на одржување на овој тунел“, истакна Ефремов.

Додаде дека со ратификацијата на овој договор се овозможува почеток и спроведување на оваа акативност.

Инаку, според Предлог законското решение станува збор за тунел долг 2, 4 километри, од кои 1, 2 километри се на територијата на Република Бугарија, а 1, 2 километри на територијата на Република Северна Македонија, односно тунелот ја поврзува железничката линија Софија-Перник-Радомир-Ѓуешево-границата меѓу двете држави-Крива Паланка-Бељаковци-Куманово-Скопје.

Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.

Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој, на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG