Достапни линкови

Вести

Трамп го поддржа мировниот договор меѓу Тајланд и Камбоџа

Премиерот на Малезија, премиерот на Тајланд, премиерот на Камбоџа и претседателот на САД држат документи по церемонијата на потпишување на договорот за прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа, на 26 октомври 2025 година.
Премиерот на Малезија, премиерот на Тајланд, премиерот на Камбоџа и претседателот на САД држат документи по церемонијата на потпишување на договорот за прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа, на 26 октомври 2025 година.

Лидерите на Тајланд и Камбоџа потпишаа проширен договор за прекин на огнот во неделата, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, кој пристигна во Малезија за самитот на АСЕАН и за да надгледува серија клучни трговски разговори на маргините.

Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул и неговиот камбоџански колега Хун Манет го потпишаа договорот на церемонија за прекин на огнот пред знак на кој пишуваше „Носење мир“, градејќи врз основа на прекин на огнот потпишан пред три месеци.

„Оваа декларација, доколку биде целосно имплементирана, ги поставува темелите за траен мир, но што е поважно, таа го започнува процесот на обнова на нашите односи“, изјави Хун Манет за Ројтерс.

„Нашите гранични заедници се поделени од конфликтот, а невините цивили претрпеа огромни загуби.“

Трамп помогна да се заврши петдневниот конфликт во јули повикувајќи ги тогашните лидери на двете земји да ги прекинат непријателствата, предупредувајќи дека нивните трговски разговори со Вашингтон би можеле да бидат прекинати доколку не го сторат тоа.

Двете страни се обвинуваат меѓусебно за ескалација на размена на ракетни напади и тешка артилерија, во која загинаа најмалку 48 лица и околу 300.000 се раселени - најлошото насилство во нивната понова историја.

Анутин речиси го пропушти потпишувањето на договорот поради смртта на поранешната кралица Сирикит на Тајланд во петокот, но подоцна сепак одлучи да отпатува на церемонијата. Тој рече дека двете страни ќе го отстранат „тешкото оружје од граничните области за да ја обезбедат безбедноста на нашиот народ“ и дека Тајланд ќе ослободи 18 заробени камбоџански војници.

По пристигнувањето во Малезија, Трамп беше пречекан од премиерот Анвар Ибрахим и група церемонијални танчери на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур. Трамп застана на црвениот тепих за да танцува со изведувачите пред да го земе американското знаме во едната рака, а малезиското знаме во другата.

Додека Трамп се дружеше со другите лидери, американските и кинеските преговарачи се состанаа на маргините на самитот за да се обидат да спречат понатамошна ескалација на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.

На прашањето на новинарите дали ретките земјини елементи беа тема на дискусија за време на разговорите што започнаа во саботата, главниот американски трговски преговарач Џејмисон Грир рече дека се дискутирало за широк спектар на теми, вклучително и продолжување на примирјето за трговските мерки.

„Мислам дека стигнуваме до точка каде што лидерите ќе имаат многу продуктивен состанок“, рече Грир.

Доминацијата на Кина во глобалните залихи на ретки земјини елементи е во срцето на разговорите, бидејќи Вашингтон се стреми да ги диверзифицира своите синџири на снабдување.

Трамп на церемонијата за прекин на огнот изјави дека САД наскоро ќе потпишат договори за клучни минерали со Тајланд и Малезија, додека поширок трговски договор со Камбоџа е исто така во подготовка.

Подоцна во недела, се очекува Трамп да разговара за високите американски царини со бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, кој е меѓу неколкуте светски лидери што присуствуваат на самитот за време на викендот.

Лула рече дека планира да тврди дека царините од 50 проценти што Вашингтон ги воведе на бразилските производи се „грешка“, наведувајќи го трговскиот суфицит на САД од 410 милијарди долари со Бразил во текот на 15 години. Трамп сигнализираше на патувањето во Азија дека е отворен за намалување на царините.

Сличен состанок со канадскиот премиер Марк Карни не беше планиран откако разговорите меѓу соседите ненадејно прекинаа. Трамп во саботата изјави дека ги зголемува царините за Канада за дополнителни 10 проценти „над она што тие моментално го плаќаат“.

Најмладата нација во Азија, Источен Тимор, во неделата стана 11-та членка на АСЕАН, исполнувајќи ја визијата поставена од нејзиниот сегашен претседател пред речиси половина век кога земјата беше португалска колонија.

Позната и како Источен Тимор, земјата со 1,4 милиони жители е една од најсиромашните во Азија и се надева дека ќе постигне напредок со интегрирање на својата млада економија, која со околу 2 милијарди долари претставува само мал дел од комбинираниот бруто домашен производ на АСЕАН од 3,8 трилиони долари.

Пристапувањето на Источен Тимор доаѓа по 14 години чекање и иако не се очекува членството да биде трансформативно, тоа претставува симболична победа за претседателот Хозе Рамос-Орта и премиерката Ксанана Гузма, херои на борбата за независност.

„За луѓето од Источен Тимор, ова не е само остварување на сон, туку силна потврда на нашиот пат“, рече Гусмао во говорот.

види ги сите денешни вести

Извозот на челик од ЕУ во САД падна за 30% по царините на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Високите царини на челикот од страна на американскиот претседател Доналд Трамп предизвикаа пад на европскиот извоз во САД за една третина од јули 2025 година, соопшти европската група за челична индустрија „Еурофер“ повикувајќи се на „избалансираниот“ договор за царини меѓу САД и ЕУ.

Трамп минатата година воведе царини од 50 проценти на увозот на челик и алуминиум во САД, како дел од неговата примена на царини врз партнерите ширум светот.

Според договорот постигнат минатата година, САД се согласија да воведат царина од 15 проценти на повеќето стоки од ЕУ, но таа не ги вклучуваше челикот и алуминиумот.

Повикувајќи се на официјални податоци од ЕУ, „Еурофер“ соопшти дека извозот во САД се намалил за 30 проценти во втората половина од минатата година во споредба со истиот период во 2024 година, пад за кој ги обвини царините на Трамп.

Трамп подоцна ги прошири своите царини во август за да вклучи неколку стотици производи што содржат челик или алуминиум, што би можело да има дополнителни негативни ефекти за европските производители на машини и други стоки со висока содржина на метал.

„Бројките ја нагласуваат потребата секој трговски договор меѓу ЕУ и САД да биде фер, избалансиран и применлив“, се вели во соопштението на „Еурофер“.

Вашингтон одби да ги намали царините за метали и покрај апелите на ЕУ, но ѝ порача на ЕУ да го преиспита својот пристап кон дигиталната регулатива ако сака пониски давачки - зделка што е неприфатлива за Брисел.

ЕУ во октомври презеде чекори за да ја заштити својата индустрија во криза со удвојување на царините за странски челик, како дел од мерките за спасување што мора да се договорат до јуни 2026 година пред да истечат сегашните заштитни мерки.

Апелот на „Еурофер“ доаѓа во време кога се очекува трговскиот комитет на Европскиот парламент да гласа во вторник за спроведувањето на договорот меѓу ЕУ и САД.

Комитетот ја прекина својата работа по заканите на Трамп за анексија на Гренланд, но парламентот се чини дека е подготвен да го даде своето одобрение, иако со заштитни мерки и клаузула за преглед.

Шефот на ЕУ за трговија, Марош Шефковиќ, ги повика пратениците на ЕУ да го одобрат договорот „што е можно побрзо“, пред разговорите со министрите за трговија на ЕУ и на Кипар.

Шпанија ќе побара од ЕУ укинување на санкциите за лидерката на Венецуела

Привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез
Привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез

Шпанија ќе побара од Европската Унија да ги укине санкциите врз привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез, откако беше одобрен закон за амнестија што би можел да ослободи стотици политички затвореници, изјави министерката за надворешни работи во петокот.

Законот е значајна реформа што ја спроведе новото раководство на јужноамериканската земја откако САД го заробија социјалистичкиот моќник Николас Мадуро во смртоносен напад врз Каракас минатиот месец.

Поранешната потпретседателка на Мадуро е меѓу високите функционери на венецуелската влада на кои им е забранет влез на територијата на ЕУ според санкциите воведени во 2018 година.

Европската Унија соопшти дека таа одиграла улога во наводните изборни нерегуларности таа година, кршење на правата и поткопување на „демократијата и владеењето на правото“ во поранешната шпанска колонија.

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, им изјави на новинарите во Барселона дека „санкциите никогаш не се цел, тие се средство за постигнување цели, така што во Венецуела се одвива широк, мирен, демократски дијалог“.

„Европската Унија мора да испрати сигнал дека се движиме во вистинската насока во оваа нова фаза“, рече Албарес, поздравувајќи го законот за амнестија.

И без Мадуро, Венецуела би можела да ги задржи блиските односи со Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:38 0:00

Албарес додаде дека Мадуро никогаш не бил предмет на санкции од ЕУ бидејќи таквите ограничувања „секогаш ги исклучуваат претседателите и министрите за надворешни работи“.

Законот за амнестија, едногласно одобрен од Националното собрание на Венецуела во четврток, не се однесува на оние кои биле гонети или осудени за промовирање воена акција против земјата.

Тоа би можело да ги исклучи опозициските лидери како добитничката на Нобелова награда за мир Марија Корина Мачадо, која е обвинета од владејачката партија дека повикува на меѓународна интервенција како онаа со која беше соборен Мадуро.

Критичарите, исто така, стравуваат дека законот би можел да го искористи владата за да ги помилува своите и селективно да им ја одземе слободата на затворениците.

Родригез се залагаше за законот под притисок од Вашингтон, кој соработуваше со нејзината влада во замена за пристап до огромните нафтени резерви на Венецуела.

Обвинителство: Нема снимка од трамвајот што излета од шините во Сараево

Сараево, Босна и Херцеговина
Сараево, Босна и Херцеговина

Нема снимки од трамвајот што излета од шините минатата недела, потврди за Радио Слободна Европа, Обвинителството на кантонот Сараево.

На 12 февруари, трамвајот излета од шините и ја урна постојката, при што загина 23-годишно момче, а неколку други беа повредени.

„Форензичката обработка на хард дискот што беше изваден од кабината на возачот утврди дека нема снимен материјал од 29 ноември 2025 година. Обвинителството, меѓу другото, утврдува зошто системот за видео надзор не работел“, потврди Обвинителството на КС.

Ден претходно, Кантоналното обвинителство објави дека истражителите на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево запленуваат документација од Градското транспортно претпријатие (GRAS) поврзана со користењето на трамвајот број 516 што беше вклучен во несреќата, техничката документација на сите чешки трамваи и одредени персонални досиеја на вработените.

Обвинителството на Сараевскиот кантон во среда објави дека се сослушани 30 сведоци како дел од истрагата за трамвајската несреќа, а запленети се 10 снимки од видео надзор од околните згради, како и снимка од трамвајската кабина.

Обвинителството претходно изјави дека утврдило дека „постои основано сомнение дека возачот сторил кривично дело загрозување на јавниот сообраќај од небрежност со смртни последици“, но дека ја почитува одлуката на Судот, кој го отфрли нивниот предлог за притворање на возачот на трамвајот и го ослободи.

Возачот се изјасни за невин и дека несреќата се случила поради техничка неисправност на трамвајот, што го тврдеше и синдикатот на GRAS.

Во деновите по несреќата, премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, како и директорот на градскиот превозник GRAS, Сенад Мујакиќ, поднесоа оставка.

Стотици граѓани протестираат секој ден на местото на несреќата и пред владините и судските институции, барајќи одговорност за трагедијата.

Украински беспилотни летала го нападнаа Севастопол

илустрација
илустрација

Украински беспилотни летала го нападнаа Севастопол, окупираниот од Русија, град на Кримскиот полуостров, изјави во петок, 20 февруари, рускиот администратор на пристанишниот град во кој се наоѓа руската Црноморска флота, Михаил Развожаев. Како што пренесува АФП, еден маж бил убиен, а една жена повредена.

Не даде информации за можни напади, вклучително и дали биле нападнати воени цели, но рече дека воздушната одбрана на градот соборила 26 беспилотни летала, изјави градскиот администратор на Телеграм.

Нападот искршил прозорци и предизвикал помала штета на куќите, рече тој.

Русите нелегално го окупираа Крим во 2014 година и започнаа целосна инвазија на Украина пред речиси четири години.

Рускиот, но проукраински канал на Телеграм, Кримски Ветер, објави експлозии во близина на Џанкој во северен Крим, каде што има воен аеродром.

Поради опасноста од украинските воздушни и морски дронови, Црноморската флота одамна ги премести повеќето од своите бродови во пристаништето Новоросијск во јужна Русија, но сè уште има многу воени бази во и околу Севастопол.

Украина известува и за руски напади врз Никопол. Руски дронови и артилерија го погодија градот Никопол на фронтовската линија на југот од регионот Дњепропетровск, при што беа повредени тројца, објавија украинските власти во петок наутро. Тие додаваат дека ракета го погодила и Харкив.

Русинка призна дека лажела за врски со руското разузнавање

Нома Зарубина
Нома Зарубина

Русинката Нома Зарубина, обвинета дека го лажела Федералното истражно биро (ФБИ) на САД за нејзините врски со највисоката разузнавачка агенција на Русија - а потоа пијана му пишувала пораки на агент на ФБИ додека била ослободена со кауција - се изјасни за виновна пред американскиот суд.

Според поднесоците на федералниот суд, Зарубина го променила своето сведочење околу два месеци откако судијата ја поништи нејзината кауција за постојано испраќање пораки на агент на ФБИ и нареди да биде затворена.

Покрај тоа што се изјаснила за виновна по обвинението за лажно сведочење, таа се изјаснила и за друго обвинение поврзано со нејзиниот имиграциски статус, покажаа судските поднесоци.

„Намерното прикривање на Зарубина за нејзиното недолично однесување и нејзините лаги за нејзината поврзаност со руската разузнавачка служба се навреда за напорите на спроведувањето на законот за зачувување на националната безбедност“, соопшти Министерството за правда.

Нејзиниот адвокат не одговори веднаш на барањето за коментар.

Зарубина првично беше обвинета во декември 2024 година, откако беше постојано испрашувана од агенти на ФБИ почнувајќи од октомври 2020 година.

Родена во сибирскиот град Томск, Зарубина се преселила во САД во 2016 година и изгради мрежа од професионални и лични врски меѓу руските емигрантски групи, како и во американските тинк-тенкови и активистички организации.

Федералните агенти првпат ѝ пристапија неколку недели откако ФБИ го претресе станот на Менхетен на друга Русинка, Елена Бренсон, и заплени десетици компјутери и други електронски уреди.

Бренсон, која избега во Русија кратко време по операцијата, подоцна беше обвинета дека е нерегистриран странски агент.

Според изјавите на ФБИ, Зарубина наводно лажела за своите комуникации со двајца службеници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) кои ја воделе нејзината мрежа, идентификувајќи луѓе и организации со кои требало да контактира.

По обвинението, Зарубина беше ослободена со кауција.

Сепак, во месеците што следеа, таа наводно испратила многу е-пошта и фотографии до агенти на ФБИ кои ја испрашувале - понекогаш и среде ноќ.

Обвинителите и нејзиниот адвокат му рекоа на федералниот суд дека Зарубина има проблем со пиењето и дека ѝ е наредено да побара советување за ментално здравје. Во ноември 2025 година, судијата ја поништи нејзината кауција и нареди таа да биде испратена во затвор до судењето.

Изрекувањето на пресудата е закажано за јуни.

Трамп: Сојузниците придонесоа со повеќе од 7 милијарди долари за Газа

Прв состанок на Одборот за мир во Вашингтон.
Прв состанок на Одборот за мир во Вашингтон.

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека сојузничките земји придонеле со 7 милијарди долари за помош на Газа, додека Косово се обврзало да помогне со испраќање воени трупи.

Говорејќи во четврток во Вашингтон на првиот состанок на Одрборот за мир, Трамп рече дека пет земји меѓу кои Косово и Албанија, се обврзале да испратат трупи во Меѓународните безбедносни сили за Газа.

На свечениот состанок учествуваше и претседателката на Косово, Вјоса Османи, бидејќи Косово е една од земјите-основачки на Одборот.

Одборот за мир, кој брои 27 членки, беше основан на 22 јануари во Давос, Швајцарија, во присуство на претседателот Трамп.

Советот за безбедност на Обединетите нации ја овласти оваа структура да го надгледува спроведувањето на примирјето во Газа и да се вклучи во прашања поврзани со управување и обновување на регионот.

Основaњето на Одборот е предвидено со планот на Трамп од 20 точки за мир во Газа.

Овој план го прифатија Израел и Хамас – организација што САД и други држави ја прогласија за терористичка во октомври минатата година, со цел да се стави крај на двегодишните судири.

Во меѓувреме, за време на својот говор во четврток, Трамп исто така рече дека помогнал во намалувањето на тензиите меѓу Косово и Србија. Тој ја пофали претседателката Вјоса Османи и порача дека двете земји треба да го контактираат „ако не оди добро“, на што Османи одговори: „Ќе ве повикаме“.

Придонесот на Косово

Претседателството на Косово претходно потврди за Радио Слободна Европа дека од државата не е побарано плаќање од милијарда долари.

Се наведува дека земјата, за да стане постојан член на Одборот, би требало да уплати износ од милијарда долари.

Претходно, косовските власти потврдија дека се разгледува формата и капацитетот во кои припадниците на Косовските безбедносни сили (ФСК) би можеле да придонесуваат во Меѓународните сили за стабилизација за Газа.

Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека учеството на ФСК во оваа мисија произлегува од учеството на конференција одржана во декември минатата година во Доха, Катар, која ја организираше Централната команда на американската армија.

Министерот за одбрана, Ејуп Македончи, изјави за Радио Слободна Европа дека конференцијата во Катар имала информативен карактер во врска со Меѓународните сили за стабилизација и дека Косово било повикано да учествува од страна на американската армија.

Во четврток, командантот на Меѓународните сили за стабилизација, американскиот генерал-мајор Џаспер Џеферс, на состанокот на Одборот даде дополнителни детали за оваа мисија.

„Првите пет земји ангажираа трупи за служба во Меѓународните сили за стабилизација (ISF) – Индонезија, Мароко, Казахстан, Косово и Албанија. Две земји ја презедоа обврската за обука на полицијата – Египет и Јордан“, рече Џеферс.

Тој додаде дека ISF ќе започне распоредување во Рафах, на југот на Газа, каде ќе ја обучува локалната полиција, а потоа ќе се „шири сектор по сектор“.

Според Џеферс, долгорочниот план предвидува ангажирање на 20.000 војници од ISF и обука на 12.000 полицајци.

Војната меѓу Израел и Хамас почна во октомври 2023 година, откако Хамас уби повеќе од 1.200 луѓе во Израел и зема стотици заложници.

Израелските напади врз Газа како одмазда предизвикаа смрт на повеќе од 60.000 луѓе, криза со глад и огромни штети на инфраструктурата.

Иран и Русија изведуваат поморски вежби додека САД го засилуваат военото присуство во Арапско Море

Илустрација - Арапско Море/06.02.2026
Илустрација - Арапско Море/06.02.2026

Иран и Русија во четврток започнаа заеднички поморски вежби во јужните води на Иран, додека САД продолжуваат да го прошируваат своето воено присуство во Арапско Море.

Вежбите се одвиваат првенствено во Ормуски Теснец, Омански Залив и северниот дел на Индиски Океан.

Познати како „Поморски безбедносен појас“, вежбите се одржуваат од 2019 година и обично ја вклучуваат и Кина, иако Пекинг, како што изгледа, не учествува во актуелните вежби.

Контраадмиралот на иранската морнарица, Хасан Максудлу, им изјави на новинарите дека една од целите на вежбите е „да се спречи каква било еднострана акција во регионот“, што изгледаше како имплицитна референца на засилувањето на присуството на американската војска.

Иранско-руски вежби

Иранската и руската морнарица изведоа вежби на воздушно извидување и практикуваа тактички формации и маневрирање, пренесоа иранските медиуми.

Вежбите, исто така, опфатија сценарија на офанзивни формации насочени кон подобрување на тактичката координација, зајакнување на заедничката команда и контрола и увежбување на брза реакција во оперативни услови, при што единиците практикуваа комбинирано распоредување и техники на маневрирање.

Меѓу силите што учествуваа беа единици на иранската морнарица и морнарицата на Корпусот на исламската револуционерна гарда - воени бродови, ракетни чамци, хеликоптери, тимови за специјални операции и летала за брзи напади, заедно со руската корвета „Стојкиј“ и авиони на иранската воена авијација.

Се очекува Европска Унија оваа недела да го означи Корпусот на исламската револуционерна гарда, кој одржа свои поморски вежби во Ормуски Теснец на 16 и 17 февруари, како терористичка организација. Одлуката за ставање на IRGC на „црна листа“ беше донесена минатиот месец.

Од руската страна, се чини дека во вежбите учествува само еден воен брод.

„Мали“ и „симболични“

Укажувајќи на слабото присуство на Русија, поранешниот ирански морнарички офицер Мохамед Парси ја опиша вежбата како „мала“ и „симболична“.

„Не можам да замислам дека Русија би понудила вистинска поддршка во директен судир меѓу Иран и САД“, изјави тој за Радио Фарда (ирански сервис на РСЕ), додавајќи дека Москва веројатно го користи Техеран во својот поширок судир со Западот, наместо да се обврзе на заемна одбрана.

Вежбите се одржуваат додека САД и Иран ги продолжуваат разговорите за можен договор што би го ограничил иранскиот нуклеарен програм и би спречил војна.

„Иран би бил многу мудар доколку постигне договор“, изјави во средата портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, откако втората рунда разговори меѓу САД и Иран во Женева заврши без напредок.

Вашингтон во последните недели го засилуваше своето воено присуство на Блискиот Исток и неодамна распореди втор носач на авиони во Арапско Море.

Според некои извештаи, американската воздушна моќ во регионот сега го достигнала своето најсилно ниво од инвазијата на Ирак во 2003 година.

Истражителите одземаат документација за трамвајот што учествуваше во несреќата во Сараево

Несреќа во Сараево, 12 февруари 2026 година.
Несреќа во Сараево, 12 февруари 2026 година.

Истражителите од Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон одземаат документација од Кантоналното јавно комунално претпријатие ГРАС, која се однесува на употребата на трамвајот број 516 што учествуваше во несреќата во која едно лице загина, а повеќе лица беа повредени, како и техничката документација за сите чешки трамваи и одредени персонални досиеја на вработените, соопшти во четвртокот Сараевското кантонално обвинителство.

Во рамки на истрагата за несреќата од 12 февруари, од Министерството за сообраќај на Сараевскиот кантон се одзема документација поврзана со стручниот надзор над трамвајскиот сообраќај што се спроведувал во ГРАС, јавното комунално претпријатие задолжено за градскиот превоз во Сараево.

Во рамки на проверката на наводите од пријавата што се однесува на јавните набавки на магнетни сопирачки, се вршат претреси во просториите на фирмата „Виклер-Промет“ на две локации, се наведува во соопштението на Обвинителството на Кантонот Сараево.

Откако трамвајот со број 516 излета од шините и урна трамвајска постојка, загина едно 23-годишно момче, додека повеќе лица се повредени.

Обвинителството на Кантонот Сараево во средата соопшти дека во рамки на истрагата за трамвајската несреќа се сослушани 30 сведоци, а одземени се 10 снимки од видеонадзор од околните објекти, како и снимка од кабината на трамвајот.

Од кантоналното Министерство за сообраќај веќе е одземена „обемна документација што се однесува на реконструкцијата на целосната трамвајска пруга и сигналните планови на сите релевантни раскрсници, кои ќе бидат предмет на вештачење“.

Обвинителството претходно наведе дека утврдило оти „постои основано сомнение дека возачот сторил кривично дело „загрозување на јавниот сообраќај од небрежност со смртна последица“, но дека ја почитува одлуката на Судот кој го одби нивниот предлог за притвор за возачот на трамвајот и го пуштил на слобода.

Возачот се изјасни дека не е виновен и дека несреќата се случила поради техничка неисправност на трамвајот, што го тврди и Синдикатот на КЈКП ГРАС.

Во деновите по несреќата на 12 февруари, оставки поднесоа премиерот на Кантонот Сараево, Нихад Ук, како и директорот на КЈКП ГРАС, Сенад Мујакиќ.

Стотици граѓани секој ден протестираат на местото на несреќата, како и пред зградите на владините и правосудните институции, барајќи одговорност за трагедијата.

Усвоени законските измени за продолжување на рокот за легализација на дивоградбите

Фотоархива: Отстранување на нелегални објекти од страна на Општина Охрид
Фотоархива: Отстранување на нелегални објекти од страна на Општина Охрид

Собранието денеска (19 февруари) во рамки на 85. седница по скратена постапка го донесе Закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со овие измени, рокот за легализација на дивоградбите се продолжува за уште пет години, односно до 2031 година.

Дополнителните пет години се дадени за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година и формално измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.

Барање од Управниот одбор на ЗЕЛС

Законот беше донесе со 67 гласови „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан.

Управниот одбор на ЗЕЛС на почетокот на месецов до Собранието, Владата и Министерството за транспорт достави барање со цел да се овозмои продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградени објекти заклучно со 2031 година.

Во самото барање од Управниот одбор на ЗЕЛС е образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење на судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката која се води пред општината, одложување на донесување на управни акти во постапката поради наследни и други имотно-правни околности кои требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности.

При тоа, продложувањето на рокот има за цел само довршување на постапките кои се веќе отпочнати, а не и доставување на нови барања и оформување на нови предмети за постапување.

Првично ваков закон беше донесен во 2011 година, а со денеска усвоените измени во членот 5 зборовите „петнаесет години“ се заменуваат со зборовите „дваесет години“, со што се означува времетраењето на процесот на озаконување.

Од парламентарното мнозинство во текот на општата расправа посочија дека станува збор за техничко продолжување, со цел да не се прекинат илјадници предмети кои се наоѓаат во различни фази на постапка.

Пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Предлог-законот е предложен по скратена постапка, бидејќи станува збор за закон со кој им се дава можност на граѓаните кои имаат покренато процес за легализација на дивоградбите, а досега не добиле разрешница поради тоа што надлежните институции не ги завршиле своите обврски.

Таа додаде дека не станува збор за решение со кое се отвора нов процес на легализација.

„Ако не се донесе ваков закон ќе се казнат граѓаните кои навреме поднеле барања, а не ги исполниле роковите за легализација не по нивна вина, туку поради процесни причини“, рече Златеска.

Таа истакна дека овој предлог не отвора можност за нови дивоградби, туку се однесува на довршување на започнати објекти без дозвола, без нови барања.

Појасни дека рокот се продолжува до март 2031, наместо март 2026. Додаде дека продолжувањето нема финансиски импликации врз буџетот, не создава нови предмети и ги затвора старите.

Пратеникот Малиша Станковиќ од СПМ нагласи дека во 2011 е донесено првичното законско решение, кое, како што рече, во тој период било контроверзно. Додаде дека и самото име на предлогот е таков бидејќи се бара легализирање на нешто што е бесправно.

„Но, и тогаш и сега, треба да се решат проблемите на овие граѓани, кои не по своја вина, не го завршиле процесот“, рече Станковиќ кој го поддржа предлогот.

Потсети дека во 2011 година на пример, во Кисела Вода околу 4600 до 4700 објекти биле дивогради.

Пратеникот Беким Ќоку од БЕСА нагласи дека ќе го поддржат законското решение, бидејќи како што се надоврза, овозможува завршување на сите постапки за легализација на објекти, кои се изградени без дозвола.

Според пратеникот Сашко Јанчев од Левица, предлогот има погрешно име и треба да се нарече „закон за стимулирање изградба на дивоградби“. Тој рече дека првично закон бил донесен во 2011 година и требал еднократно да го реши проблемот, но владите кои се менувале го продолжиле периодот за легализација на 15 години, а со новиот предлог се оди на вкупно 20 години.

Основната идеја на законот беше да се постави ред во урбанизмот кој беше во хаос поради ненавременото носење на урбанистичките планови. Петнаесет години подоцна, сѐ уште илјадници граѓани чекаат локалните власти да им ги решат проблемите и да им дадат документ за сопственост на имот.

Уапсен принцот Ендру, брат на кралот Чарлс

Помладиот брат на кралот Чарлс, Ендру е уапсен во четврток, 19 февруари под сомнение за злоупотреба на јавна функција поради наводи дека му испратил доверливи владини документи на Џефри Епстин, објави Би-Би-Си.

Полицијата претходно овој месец соопшти дека полицајците ги разгледуваат наводите дека принцот Ендру му доставил документи на починатиот осуден сексуален престапник, според досиејата објавени од американската влада.

„Полицијата отвори истрага за кривично дело злоупотреба на јавна функција. Маж во шеесеттите години од Норфолк е уапсен и останува во полициски притвор. Според националните правила, нема да го именуваме уапсениот човек“, се вели во соопштението на полицијата на платформата X.

Претходно весници објавија дека шест необележани полициски автомобили и околу осум полицајци во цивил пристигнале во Вуд Фарм на имотот Сандрингам во источна Англија, каде што сега живее принцот Ендру, кој денеска полни 66 години.

Поранешниот принц, вториот син на покојната кралица Елизабета, отсекогаш негирал какво било кривично дело во врска со Епстин и изјавил дека жали за нивното пријателство. Но, тој не одговорил на барањата за коментар по последното објавување на документите.

Засега нема коментар од Бакингемската палата.

Принцот Ендру бил пријавен во полиција од страна на антимонархистичката кампања „Република“ по објавувањето на повеќе од 3 милиони страници документи поврзани со Епштајн, кој беше осуден за барање проституција од малолетник во 2008 година.

Овие досиеја сугерираат дека во 2010 година принцот Ендру му проследил на Епстин извештаи за Виетнам, Сингапур и други места што ги посетил на службени патувања.

Полицијата и Службата за обвинителство на Британската круна претходно изјавија дека разговарале за случајот. Полицијата соопшти дека обвинувањата за злоупотреба на јавна функција, што е кривично дело од „општото право“ и затоа не е опфатено со пишано законско законодавство, вклучуваат „посебни сложености“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG