Достапни линкови

Вести

Муртезани: Средствата од Планот за раст за Западен Балкан не се под закана

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани

Целиот просек во регионот за исполнетост на реформската агенда од Планот за раст за Западен Балкан е околу 50-60 проценти успешно спроведени реформи. Тоа што се гледа сега е дека процентот на имплементирање со реформите во јуни ќе биде малку понизок од тој што беше во декември, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани на денешната прес-конференција (30 јуни) на која даде отчет за сработеното во изминатата година.

Европските средства, според Муртезани не се под закана, сепак додавајќи дека би можеле да бидат, ако во дополнителниот рок од 12 месеци не се завршат успешно потребните реформи.

„Тоа значи дека во јуни во 2026 година ќе бидат под ризик, бидејќи тогаш ќе ги изгубиме, но дотогаш средствата ќе ни бидат на располагање“, увери Муртезани.

За планот од петте чекори со рок до декември, кој беше пролонгиран до февруари 2025, Муртезани рече дека се чека формалниот извештај, кој треба да биде готов до крајот на месецот.

„Согласно тоа што ќе помине како успешно спроведена реформа, нормално дека ќе ни бидат исплатени и финансиските средства предвидени за тие реформи“, изјави Муртезани.

Во однос на реформите со рок до јуни 2025, Муртезани повика да се почека уште еден ден.

„Претходната недела и денес сме во интензивна комуникација со сите институции. Тоа што претходниот пат беше како слабост значи, сите насоки за финализирање на чекорите стигнаа буквално после крајниот рок за спроведување на реформите. Сега има малку појасна слика, меѓутоа појасната слика значи дополнително покомплексен процес“, рече тој.

Муртезани посочи дека Владата донела Одлука за структурата за имплементација, и според неа, министрите во однос на нивниот домен се надлежни за спроведувањето на реформите.

Според Муртезани, не сите чекори се реформи, посочувајќи дека во Министерството за економија и труд има неколку чекори кои што не се поврзани со закони и до истекување на рокот, можно е исполнување на уште некој дополнителен чекор.

„Откако формално ќе помине извештајот и ќе имаме појасна слика, ние со премиерот на тематски средби редовно го следиме процесот на евроинтеграција, ќе видиме кои се причините, ако е нешто каде што Владата може да интервенира да се забрза, секако тоа ќе го направиме“, рече Муртезани.

Во однос на критиките во последниот Извештај на ЕК дека СЕП го нема капацитетот да се носи со процесот и за тоа што е направено годинава, Муртезани рече дека, тоа е заклучок што се повторува неколку години наназад и дека таа забелешка е дојдена како резултат на високиот одлив на кадар, премногу ниските плати и проблемот со привлекување на професионален кадар.

Очекува тоа да се реши со новиот Закон за административни службеници и дополнителни вработувања во Министерството за европски прашања.

види ги сите денешни вести

Македонските превозници се повлекуваат од блокадите

Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин „Богородица“, 26 јануари 2026 г.
Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин „Богородица“, 26 јануари 2026 г.

Македонските превозници вечерва (29 јануари) во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Асоцијацијата Макам-транс“, откако Европската комисија одлучи да донесе нова стратегија за визи која треба да даде решение на проблемот со кој се соочија професионалните возачи за престојот од 90 дена во рамки на 180-дневниот период дозволен престој во шенген-зоната.

Повлекувањето од блокадите значи дека по речиси четиридневен застој ќе се нормализира товарниот сообраќај на граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“.

„Макам-транс“ во објава на Фејсбук наведе дека се повлекуваат од блокадите, бидејќи со одлуката на ЕУ е добиена потврдата која ја очекувале за промени и се заблагодари на сите кои „неуморно во изминатите денови ја дадоа својата поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини“.

Транспортерите од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата на почетокот на неделава со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации.

Нова стратегија од Европската комисија значи дека во оваа фаза се уште нема конкретно решение, освен потврдувањето дека ова прашање ќе се разгледува во иднина.

Во неа се наведува дека институцијата ќе соработува тесно со земјите-членки за да најде „прагматични решенија“ за да овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, а воедно да обезбеди безбедност и економски придобивки за Унијата, како и правна сигурност за патниците.

Стратегијата, исто така, наведува дека, за да се најдат овие прагматични решенија, меѓу другото ќе се разгледа и можноста за воведување ново законодавство на ниво на ЕУ, со специфичен сет правила за продолжен краткорочен престој.

„Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжен престој, со цел нивно постепено укинување“, се наведува во стратегијата.

Усвоената стратегија признава дека одредени категории работници треба да останат подолго од 90 дена во рамките на 180-дневниот период дозволен со Шенгенските правила.

Ова се категории кои во голема мера се потпираат на мобилноста, како што се уметници на турнеја, спортисти или возачи на камиони, кои треба да останат подолго во Шенген зоната без потреба од престој или дозвола за престој.

Бислимоски по кривичната: Нема да дозволам да се валка моето име

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде извалкано моето име, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски откако Управата за финансиска полиција му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања.

„Сè што стои на располагање, јас ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум сигурен дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување, ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, нагласи Бислимоски.

Финансиската полиција го товари дека иако бил законски обврзан, тој не и ја одземал лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.

Бислимоски, пак, тврди дека сите постапки се водени според закон и на истиот начин за оваа и за сите останати компании не само во делот за нафтени деривати туку и во секторот за електрична енергија.

Претседателот на РКЕ на прес-конференција убедуваше дека не постоел повластен статус за ниту една компанија и постапките при одземање на лиценци се утврдувани од, како што рече, сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика.

„Во истиот период кога се води постапката за одземање на лиценцата на таа компанија што се споменува, и за други компании се води буквално истата постапка. Некои завршија со одземање на лиценца, а некои компании кои што во текот на постапката докажаа дека не ги исполнуваат критериумите за одземање на лиценца, лиценцата не им беше одземена… Апсолутно се применувани пропишаните рокови и процедури, во понатамошен период апсолутно тоа и ќе се докаже дека е така“, рече Бислимоски.

Од Управата за финансиска полиција претходно наведоа дека на компанијата „Тритерол Петрол“ лиценцата требало да биде одземена на 15 јануари 2024, но тоа не се случило тогаш туку на 14 април 2025. Оттаму посочија дека со тоа компанијата остварила вкупен промет од над 194,5 милиони денари, а стекнала и противправна имотна корист од околу 14,1 милион денари.

Во ноември лани Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против лицата Љ.П. и З.А. во својство на управители на правното лице „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, како и против самата компанија, поради сомнение за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“.

На Бислимоски во тек му е вториот петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот беше во периодот од јуни 2018 до јуни 2023. Тој беше реизбран за функцијата со одлука на Собранието од јули 2023 годна.

Европската Унија воведе нови санкции за Иран

илустрација
илустрација

Министрите за надворешни работи на Европската Унија се согласија за нови санкции врз Иран како одговор на бруталното задушување на антивладините протести, изјавија официјални лица за агенцијата ДПА во четврток, 29 јануари.

Во исто време расте и поддршката за означување на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC) како терористичка организација.

Според последната мерка, околу 30 поединци и субјекти се санкционирани со замрзнување на средствата и забрани за патување.

„Ако ги потиснувате луѓето, тоа има цена и ќе бидете санкционирани и за ова“, рече високиот дипломат на ЕУ, Каја Калас, пред одлуката.

Имињата наскоро ќе бидат објавени од ЕУ, но францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, рече дека меѓу таргетираните се „членови на владата, обвинители, водачи на полициски единици, членови на Корпусот на револуционерната гарда, оние кои се одговорни за блокирање на интернетот“.

Извештаите сугерираат дека меѓу 3.000 и 10.000 демонстранти биле убиени во насилното задушување на демонстрациите што го зафатија Иран.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, и министерот за надворешни работи на Луксембург, Ксавиер Бетел, сугерираа дека до 30.000 луѓе се убиени за време на бранот насилства.

Размерот на бруталностите, исто така, доведе до растечка поддршка во рамките на ЕУ за означување на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран како терористичка организација, а одлуката на министрите се очекува денеска.

По долга блокада, Франција во среда вечерта објави дека ќе го поддржи чекорот што го побараа Берлин и некои други главни градови, што би можело да го отвори патот за договор за класификацијата на ИРГЦ.

„Неподносливото угнетување што е извршено врз мирното востание на иранскиот народ не може да остане без одговор. Не може да има неказнивост за извршените злосторства“, рече Баро, по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Калас ги повика министрите за надворешни работи на блокот едногласно да се согласат со означувањето. Сепак, потегот се смета за симболичен бидејќи ИРГК веќе е санкционирана од ЕУ за кршење на човековите права.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул рече дека е „многу задоволен што многу земји-членки сега сигнализираа дека го поддржуваат конечното ставање на листата“ и „многу уверен дека ќе се постигне заеднички заклучок по ова прашање“.

Вучиќ најави задолжителен воен рок од декември 2026 или март 2027 година

илустрација
илустрација

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека задолжителниот воен рок ќе започне или во декември 2026 година или во март 2027 година.

Одлуката за почеток на воениот рок, рече тој, зависи од подготвеноста на капацитетите и воените објекти.

„Наскоро ќе ја донесеме таа одлука, во следниот месец или два, и ќе одиме пред Собранието и ќе започнеме со регистрација на регрутите“, рече тој на 29 јануари, по состанокот со воените лидери за состојбата и анализата на капацитетите на српските вооружени сили за 2025 година.

Како што потсети, воениот рок ќе трае 75 дена.

„Мора да ги подготвиме сите објекти. Имаме доволно оружје и чизми, но има некои работи што сè уште не се целосно подготвени“, рече тој.

Додаде дека регрутните центри мора да се реновираат, клиниките да се подобрат и реновираат и други работи.

„Ова се важни прашања бидејќи сакаме лесно да одговориме на нив и овие млади луѓе да го поминат своето време во војската во најдобри услови. Да стекнат потребна одговорност и сериозност, како и став кон патриотизмот“, рече Вучиќ.

Воведувањето на задолжителен воен рок мора да биде одобрено од парламентот, со донесување закон. Во последните години, претставниците на властите постојано најавуваат враќање на воената служба.

Идејата беше конкретизирана во јануари 2024 година. Потоа Генералштабот на српската армија покрена иницијатива и му предложи на претседателот воведување на воен рок.

Потоа, во септември истата година, Вучиќ потпиша договор за враќање на задолжителниот воен рок во Србија.

Од нејзиното укинување на 1 јануари 2011 година, приклучувањето кон војската е само доброволно.

Во октомври 2025 година, соседна Хрватска, исто така, гласаше за враќање на задолжителен воен рок.

Меѓу земјите што не ја укинале задолжителната воена служба се Швајцарија, Норвешка, Данска, Финска, Австрија, Турција, Естонија, Грција, Кипар, Украина, Русија и Белорусија.

ЕК разгледува опции за возачите на камиони од Западен Балкан

Илустрација
Илустрација

Европската комисија (ЕК) разгледува можност за наоѓање решенија за одредени категории професионалци од трети земји, вклучително и возачи на камиони, со цел да се овозможи подолг престој во Шенген зоната.

Сепак, во оваа фаза нема конкретно решение, освен потврдувањето дека ова прашање ќе се разгледува во иднина.

Стратегијата за визите усвоена од Европската комисија на 29 јануари наведува дека институцијата ќе соработува тесно со земјите-членки за да најде „прагматични решенија“ за да овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, а воедно да обезбеди безбедност и економски придобивки за Унијата, како и правна сигурност за патниците.

Стратегијата, исто така, наведува дека, за да се најдат овие прагматични решенија, меѓу другото ќе се разгледа и можноста за воведување ново законодавство на ниво на ЕУ, со специфичен сет правила за продолжен краткорочен престој.

„Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжен престој, со цел нивно постепено укинување“, се наведува во стратегијата.

Ова важи и за превозниците од Западен Балкан, кои ги блокираат граничните премини со Шенген зоната од 26 јануари.

Потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен, потврди дека европските претставници се свесни за загриженоста изразена од транспортните оператори од Западен Балкан, но предупреди дека воведувањето на систем за влез-излез не подразбира промена на правилата или воведување дополнителни барања.

„Свесни сме за тешкотиите во оваа област. Исто така, го решаваме ова прашање во визната стратегија. Затоа, предлагаме да се разгледа поголема флексибилност, без да се загрози безбедноста“, рече Виркунен.

Таа објасни дека ситуацијата со возачите на камиони е различна од онаа на прекуграничните работници, кои редовно ја преминуваат границата на истите гранични премини и за кои веќе постои одреден степен на флексибилност.

„Ова е различно на пример за возачите на камиони. Постојат и други професии каде што идентификувавме предизвици, како што се спортистите и уметниците на турнеја. Ги решаваме овие прашања во оваа визна стратегија“, додаде Виркунен.

Усвоената стратегија признава дека одредени категории работници треба да останат подолго од 90 дена во рамките на 180-дневниот период дозволен со Шенгенските правила.

Ова се категории кои во голема мера се потпираат на мобилноста, како што се уметници на турнеја, спортисти или возачи на камиони, кои треба да останат подолго во Шенген зоната без потреба од престој или дозвола за престој.

„Ова создава сложен систем, дополнително усложнет од постоењето на билатерални договори склучени од некои земји-членки пред стапувањето во сила на Шенгенското acquis. Овие договори им дозволуваат на државјаните на одредени трети земји да останат подолго од 90 дена, но само на територијата на одредена земја-членка, со што се поткопува унифицираната примена на Шенгенската правна рамка“, се наведува во документот на Европската комисија.

Превозниците од четири земји од Западен Балкан ги блокираат граничните премини од 26 јануари поради воведувањето на Системот за влез/излез во Шенген зоната поради.

Европскиот систем за влез/излез (ЕВС) е автоматизиран ИТ систем кој го заменува рачното печатирање на пасошите за граѓани кои не се членки на ЕУ и влегуваат во Шенген зоната. Системот евидентира биометриски податоци (отпечатоци од прсти и слики од лицето), како и име и датуми на патување, со цел подобрување на безбедноста на границите, откривање на лица кои го пречекориле дозволениот престој и спречување на кражба на идентитет.

Системот беше делумно воведен во октомври 2025 година, додека се очекува да стане целосно оперативен во април 2026 година.

Безвизниот режим, кој важи и за земјите во регионот, опфаќа краткорочни престои до 90 дена во кој било период од 180 дена.

Овие правила се хармонизирани на ниво на Европската Унија и регулирани со законодавството на ЕУ, со униформни услови, процедури и важност низ целата Шенген зона.

Кривична пријава за претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување, на начин што ѝ овозможил на една нафтена компанија незаконски да продолжи со работа повеќе од една година.

Како што информираат од Финансиска полиција, Бислимоски иако бил законски обврзан, не и ја одземал лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.

„Наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година, со што ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки“, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.

Оттаму наведуваат дека со ваквото постапување, „Тритерол Петрол“ остварила вкупен промет од над 194,5 милиони денари, а стекнала и противправна имотна корист од околу 14,1 милион денари.

Во ноември лани Финансиската полиција поднесе кривична пријава против лицата Љ.П. и З.А. во својство на управители на правното лице „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.

Црногорските превозници ја прекинаа блокадата на границите

илустрација
илустрација

Здружението на транспортери на Црна Гора донесе одлука за прекин на блокадата на товарниот сообраќај. Ова следува по нивната средба со претставниците на Владата.

Од здружението велат дека се дефинирани решенија за значителен број проблеми, а започнало и повлекувањето на камионите од граничните премини, јави Радио телевизија на Црна Гора.

„ДДВ се враќа во законски предвидениот рок. Добивме уверение дека транзитниот период за увоз на стоки од Црна Гора ќе биде 72 часа. Добивме уверение дека предлогот за бенефицирано работно искуство ќе биде ставен на гласање пред Владата“, беше кажано по состанокот.

Превозниците од Црна Гора додаваат дека проблемот со акцизата за горивото уште не е решен.

„Но, добивме уверувања дека сите главни теми со европските партнери, вклучувајќи го ETIAS и акцизата за дизел горивото, ќе бидат разгледани за да не стимулираат. Зголемувањето на работното време на фитосанитарните инспектори ќе биде продолжено“, истакнаа претставниците на превозникот.

Здружението на меѓународни превозници на товар на Црна Гора го блокираше товарниот сообраќај во близина на девет гранични премини: Дебели Бријег, Илина Брдо, Враќеновича, Ранча, Метељка, Добраково, Драченовац, Кула и Божај, како и влезот и излезот од пристаништето во Бар.

За време на протестот, патниците и камионите што превезуваат лекови, животни, експлозиви и оружје можеа да поминат.

Црногорските превозници протестираат и затоа што Министерството за финансии не ги прифати нивните барања за зголемување на износот на поврат на акцизите за горива што ги имаат нивните колеги во регионот, а бараат и побрзо враќање на износот на ДДВ за 30 до 60 дена затоа што чекаат со години, како и да се продолжи работата на царинската и фитосанитарната инспекција.

Превозниците од Црна Гора, како и нивните колеги од Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, веќе неколку дена ги блокираат товарните терминали на граничните премини.

Здруженијата на превозници од овие четири земји од Западен Балкан бараат измени во новите правила на Европската Унија, бидејќи поради нивната примена, сега имаат проблем со регулативата според која професионалните возачи од трети земји можат да останат во Шенген зоната максимум 90 дена во рок од шест месеци.

Европската комисија претходно соопшти дека работи на наоѓање решение што би им овозможило на професионалните превозници да останат подолго во зоната на Шенген земјите.

Гаши: Добро е да има меѓупартиски договор за укинување на техничката влада

Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ
Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши не верува Владата да предложи законски измени за укинување на техничката влада без да има некој начелен договор помеѓу партиите.

„Можам да кажам дека сè уште нема никаков предлог од Владата во однос на оваа тема. Мислам дека разговори течат. И не верувам дека Владата без да има некој начелен договор помеѓу партиите ќе предложи нешто така големо круцијално, но сепак зависи од нив, рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Потенцира дека кога ќе пристигне предлог од Владата, ќе го достават до пратениците и ќе почне процедурата. Потоа, вели Гаши, политичките партии, но и граѓаните, ќе ценат дали е во ред тоа или не.

На новинарско прашање дали се подготвени како владејачко мнозинство да гласат за укинување на техничката влада без согласност од опозицијата, Гаши рече дека законот тоа го овозможува и не го забранува, но според него подобро е да се постигне договор.

„Мислам дека подобро би било сите заеднички да се договориме кога престанува потребата од таква техничка влада. Сега ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира и да се дојде до решение кое сите заедно еден ден ќе кажеме - оваа техничка влада веќе не ни треба. Ако дојде до таков момент, мислам дека е добро заедно да го изгласаме тоа решение. Воопшто зборувам во принцип, силината на аргументите да бидат битни за решавање на проблемите, а не некој посебен интерес на некоја политичка партија“, рече спикерот Гаши.

На 14 јануари се одржа лидерска средба, а едно од прашањата за кои се разговараше беше и укинувањето на Техничката (Пржинската) Влада. По средбата беше кажано дека се размислува за две варијанти поврзани со ова прашање. Едната е да се укине веднаш, а втората по следните парламентарни избори.

На средбата не присуствуваше лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче. Подоцна тој го повтори ставот на партијата дека укинување на техничката влада не треба да има. Филипче смета дека ќе има предвремени парламентарни избори, на кои СДСМ ќе настапи кога и да се случат.

Мерц: Европа треба да стане доминантна сила во новиот светски поредок

Германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германскиот канцелар Фридрих Мерц

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Европа треба повторно да стане доминантна сила за да се наметне во новонастанатиот светски поредок предводен од неколку моќни играчи.

Европејците ќе можат да ги спроведат своите идеи само „ако самите научиме да го зборуваме јазикот на политиката на моќ“, им рече Мерц на германските пратеници додека држеше говор за надворешна политика во Бундестагот.

Во последните децении, Европа беше политичката сила што инсистираше на владеењето на правото како основа за односите меѓу државите и народите, рече Мерц истакнувајќи:

„Сакаме да го зачуваме сето ова и да продолжиме да го заштитуваме во иднина“.



Осврнувајќи се на обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да го стекне Гренланд, Мерц го пофали обединетиот одговор на европските сојузници во НАТО.

Трамп ги отфрли заканите за воведување царини или дури и стекнување на територијата во сопственост на Данска со сила откако европските нации се заканија со контрацарини.

Ова искуство накратко им овозможи на Европејците да ја почувствуваат „радоста на самопочитувањето“, рече Мерц, додавајќи дека „оваа новооткриена самодоверба“ сега мора да се искористи за справување со понатамошни проблеми.

Стармер се сретна со Си во обид за „пософистицирани“ односи со Кина

Британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот претседател Си Џинпинг
Британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот претседател Си Џинпинг

Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, велејќи му на кинескиот претседател дека сака „пософистициран“ однос со Кина. Средбата е втора меѓу двајцата мажи и претставува кулминација на месеците подготовки за посетата на Стармер, додека тој се стреми да ги ресетира односите меѓу двете земји.

Кажувајќи му на Си дека поминало „премногу долго“ откако британски премиер ја посетил земјата, тој рече:

„Кина е клучен играч на глобалната сцена и е од витално значење да изградиме пософистициран однос“.

Нагласувајќи ги економските придобивки од подобрените односи со Кина, Стармер рече: „Имајќи го предвид британскиот народ, јас сум тука денес“. Дадов ветување пред 18 месеци кога бевме избрани во владата дека ќе ја натерам Британија повторно да се сврти кон надвор. Бидејќи, како што сите знаеме, настаните во странство влијаат на сè што се случува во нашите матични земји, до цените на полиците во супермаркетите и колку безбедно се чувствуваме“.

Си рече дека односите меѓу Велика Британија и Кина во последните години биле проследени со „пресврти што не им служеле на интересите на нашите земји“.

Опишувајќи ја состојбата во светот како „турбулентна и флуидна“, Си рече дека повеќе дијалог меѓу Велика Британија и Кина е „императив“, без разлика дали е „заради светскиот мир и стабилност или за економиите и народите на нашите две земји“.

„Во минатото, лабуристичките влади дадоа важен придонес во растот на односите меѓу Кина и Велика Британија. Кина е подготвена да развие долгорочно и конзистентно стратешко партнерство со Велика Британија. Тоа ќе им користи на нашите два народа“, рече Си.

Пред средбата со кинескиот лидер, Стармер беше пречекан од претседателот на Националниот народен конгрес, Жао Леџи, во Големата народна сала во Пекинг. Жао рече дека е „значајно“ да се развиваат односите меѓу Велика Британија и Кина во услови на „променлив и турбулентен меѓународен пејзаж“.

Тој, исто така, ги пофали напорите на Стармер за постигнување зближување со Кина, велејќи дека односите се на „правилниот пат кон подобрување и развој“ и дека е „постигнат позитивен напредок“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG