Вести
Српската Национална конвенција за ЕУ го повика Брисел да не ги игнорира граѓаните

Националната конвенција за Европската унија на Србија на 4 февруари во отворено писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека протестите на студентите и граѓаните не претставуваат обид за „насилна промена на владата" или „обоена револуција" и дека „ЕУ не треба да ја сврти главата од граѓаните на Србија".
„Имајќи ги предвид досегашните реакции од Владата на Република Србија, како и од Европската Унија, на ова масовно општествено движење, ние би сакале да истакнеме дека овие протести не претставуваат обид за „насилна промена на владата" или "обоена револуција", ниту пак се последица на руското влијание и мешање во внатрешните работи во Србија", се вели во писмото до Урсула фон дер Лајен.
Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ) е група на невладини организации кои го следат процесот на европска интеграција на Србија.
Во писмото на Националната конвенција, исто така, се наведува дека „широкиот општествен протест во Србија е реакција на системските проблеми кои се констатираат со години во извештаите на Националната конвенција, како и во годишните извештаи на Европската комисија, а особено се однесуваат на колапсот на владеењето на правото, системската корупција, како и политичкото влијание врз судството".
„Протестните барања формулирани на овој начин јасно покажуваат дека сегашниот процес на пристапување на Србија кон Европската Унија не доведе до решавање на основните проблеми со кои се соочува Србија како земја кандидат", се вели во отвореното писмо.
Несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога 15 лица загинаа при пад на реконструираната бетонска настрешница, предизвика бран протести низ цела Србија. Во изминатите два месеца, протестите беа предводени од студентите барајќи кривична и политичка одговорност од властите за катастрофата. Ним им се придружија и ученици од средните училишта низ земјата.
Владата предводена од српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети. Студентите пак, сметаат дека тие не се исполнети и изјавија дека ги продолжуваат своите протести.
Европската унија ниту еднаш не се изјасни дали ги поддржува барањата на српските студенти, кои протестираат веќе три месеци. Официјалните лица на ЕУ досега се огласија единствено по бројните прашања на новинарите за ситуацијата во Србија, а реакциите главно се однесуваа на демократското право на мирни протести.
види ги сите денешни вести
Контроли и можни мерки за високите цени, најавува Владата

Можно е да се донесат мерки поради прескапите производи во маркетите, најави денеска Премиерот Христијан Мицкоски. На владина седница утре се очекува да се разгледа прашањето за високите цени на прехранбените производи и дали државаат ќе преземе чекори за нивна контрола, по граѓанскиот бојкот за пазарење во маркетите изминатите две недели.
На утрешната владина седница, како што изјави минатата недела премиерот Христијан Мицкоски, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија треба да поднесат извештај и оти се можни мерки во однос на контрола на цените.
„Мислам дека Државниот пазарен инспекторат заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредни параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производителите, дистрибутерите и ланците, тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два - три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка, изјави Мицкоски.
Не ја исклучи можноста да бидат донесени мерки на утрешната седница, иако, како што рече, се надеваат дека преку дијалог ќе се најде заедничко решение.
„Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме преку дијалог да дојдеме до заедничко решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа, беше нарушена довербата меѓу Владата и трговците, додаде Мицкоски.
Министерот за економија Бесар Дурмиши во четвртокот на прес-конференција рече дека течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.
„Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна Дурмиши.
Изминатите две недели во петок преку социјалните мрежи граѓаните беа повикани да ги бојкотираат големите трговски ланци поради високите цени на основните прехранбени производи. Првата акција покажа дека прометот во осумте најголеми трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти, а вториот бојкот минатиот петок прометот беше паднат за 22,12 проценти.
Бојкотот за пазарење почна во Хрватска, а се прошири и во другите држави од регионот. Во Србија граѓаните се повикаа да ги бојкотираат петте најголеми трговски ланци.
Студентски протести во Сараево за одговорност поплавите во БиХ

Група студенти и граѓани се собраа во понеделник во Сараево на протест, барајќи обвиненија против одговорните за поплавите што ја погодија Босна и Херцеговина на почетокот на октомври минатата година.
27 лица загинаа во поплавите и свлечиштата што на 4 октомври минатата година ги погодија Херцеговина и централниот дел на БиХ. Вкупната штета во Доња Јабланица, Коњиќ, Крешево, Фојница и Кисељак, места кои беа погодени од поплавите, изнесува 270 милиони конвертибилни марки.
Носеа транспаренти со пораки како „Кој е виновен?“, „Зошто нема апсења?“ и „Животите не се статистика“, собрани пред зградата на институциите на БиХ, на едночасовниот митинг ги читаа имињата на жртвите од поплавите, барајќи „правда за нив“.
„Не ги уби дожд или камења. Ги уби од невнимание. Поминаа четири месеци, а никој не одговара. Овој систем убива и потоа се чудиме зошто младите ја напуштаат државата“, рече еден од студентите од неформалната група „Дали ќе се случи оваа промена“, обраќајќи им се на насобраните.
Протестите завршија со извикување на толпата: „Нема да застанеме“ и порака дека собирот пред Парламентот на БиХ е само почеток.
Студентите ги прочитаа барањата на протестите, вклучително и санкции за одговорните за работата на каменоломот во Доња Јабланица, кој е под истрага на обвинителството поради сомневање дека може да предизвика лизгање на земјиштето.
Јабланица, град во јужна БиХ, беше најпогоден од минатогодишните поплави и свлечишта, кои оставија 19 жртви.
Четири месеци по поплавите се знае само дека повеќето од жртвите се задушиле од лизгање на земјиштето, што е потврдено во соопштението на Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Оттаму изјавија дека во тек се истражни дејствија за утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело и дека се работи на овој случај.
„Дали ќе биде поднесен обвинителен акт ќе зависи од резултатите од проверките, наодите на вештаците и доказите што ќе се соберат и кои ќе претставуваат основано сомнение за сторено кривично дело“, соопштија од Обвинителството на 10 февруари.
Властите во владата на Федерацијата БиХ тврдеа дека падот на каменолом е можна причина за големиот број жртви во Доња Јабланица.
Каменоломот, од кој сите нивоа на власт се дистанцираа по трагедијата, почна да работи во 2002 година, а документите што ги виде РСЕ покажуваат дека, според сите извештаи, имал дозвола од властите на ентитетот на Федерацијата Босна и Херцеговина до 2008 година.
Исто така, се наоѓа на државно земјиште управувано од компанија во мнозинска сопственост на кантоналната влада, додека нејзината работа беше оквалификувана од општинските власти во 2006 година како „јавен интерес на општината“.
Хамас „го суспендира ослободувањето на заложници“ бидејќи Израел „го прекрши договорот“

Палестинската милитантна група Хамас во понеделникот соопшти дека го одложува ослободувањето на повеќе израелски заложници „до понатамошно известување“, бидејќи Израел ги „крши условите од договорот“.
Тројцата заложници требаше да бидат ослободени во сабота на 15 февруари.
Портпаролот на вооруженото крило на Хамас рече дека „во текот на изминатите три недели, раководството на отпорот ги надгледувало прекршувањата на непријателот и неговото неисполнување на условите од договорот“, рече Абу Обеида на социјалната мрежа Телеграм.
„Овие прекршувања вклучуваат одложување на враќањето на раселените лица во северна Газа, напади во различни области на Појасот Газа и спречување на влез на хуманитарни материјали во сите форми, како што е договорено. Во меѓувреме, отпорот ги исполни сите свои обврски“, рече портпаролот на Хамас.
Тој додаде дека одлуката за одложување на ослободувањето на затворениците „ќе остане во сила додека окупаторите не ги исполнат претходните обврски и ретроактивно не направат компензација“.
„Ја потврдуваме нашата посветеност на условите од договорот се додека окупацијата се придржува до нив“, нагласи Абу Обеида.
Во одговорот на Израел на новата одлука на Хамас се наведува дека таа „претставува целосно кршење на договорот за прекин на огнот и договорот за ослободување на заложниците“.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, исто така, рече дека „им наложил на ИД (израелската војска) да биде на највисока готовност во Газа и да ги брани нашите заедници.
Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, во последната размена на 8 февруари ослободи уште тројца израелски заложници во замена за 183 палестински затвореници, како дел од договорот за ставање крај на војната во Газа, кој беше постигнат на 15 јануари.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас стави крај на разорната 15-месечна војна во Појасот Газа, со размена на заложници и 1.000 палестински затвореници и испорака на хуманитарна помош на опустошената палестинска територија.
Размената на 8 февруари е петта размена досега од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, во кој до денес беа ослободени 18 израелски заложници и 383 палестински затвореници.
Вишото јавно обвинителство доби нов шеф, додека досегашниот има кривична пријава

Советот на јавни обвинители ја избра Наташа Крстевска Цалева за прв човек на скопското Вишо јавно обвинителство. Таа на оваа позиција е назначена на местото на Мустафа Хајрулахи кој беше суспендиран после поднесени кривична пријава против него за малтретирање на обвинители.
Таа е предложена од републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, а доби поддршка од сите членови на Советот на јавни обвинители.
Нејзиниот мандат за да раководи со ова обвинителство ќе биде до завршување на Скривичната постапка за Хајрулахи.
„На денешната седница на Советот на јавни обвинители беше разгледана состојбата во Вишото јавно обвинителство во Скопје и едногласно беше одлучено да се назначи Јавен обвинител кој ќе раководи со оваа обвинителство за време додека трае оддалечувањето на Вишиот јавен обвинител“, изјави Душица Димитриеска, Претседател на Совет на јавни обвинители.
Во образложението на предлогот за Крстевска Цалева беше речено дека е обвинител со интегритет, дека нема никакви забелешки за нејзината работа, а дека од неодамна е избрана да работи во Вишото обвинителство.
„Членовите на советот сметаат дека се работи за Јавен обвинител кој е стручен во своето работење. Досега немало никакви забелешки во однос на нејзиното работење. Обвинител со интегритет и сметаме дека ќе може успешно да ја извршува оваа обврска“, вели Димитриеска.
Инаку во моментов се уште трае дисциплинска постапка против досегашниот прв човек на вишото обвинителтвото во Скопје и не се знае до каде е постапката. Комисијата за утврдување одговорност утврдила неправилности во заведување на предметите во обвинителството. Претходно, Хајрулахи обвини дека трпи притисоци од државниот обвинител заради предметот со бонусите на СЈО.
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, приведен во полиција

Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај бил приведен од полицијата во понеделникот во полициската станица во албанскиот главен град, велат извори за Радио Слободна Европа.
Ниту полицијата, ниту Специјализираната антикорупциска структура (СПАК) се уште не дале официјална изјава за притворот на Велиај за кој се верува дека е поврзан со корупција.
Според извори, Специјализираниот суд наредил Велиај да биде задржан во притвор, а неговата сопруга во домашен притвор.
Тој е уапсен врз основа на истрага покрената минатата година поради сомнение за кривично дело „пасивна корупција на високи државни функционери или избрани локални функционери“, по поднесена пријава до СПАК на 8 февруари 2024 година.
Вељиај беше повикан во Специјализираната антикорупциска институција на крајот на декември. Тој потоа им кажа на новинарите дека бил анонимно пријавен од лице по име Нести Ангони.
„Оваа личност не постои, знаеме какво име и култура на линч претставува овој стил. Ова е местенка. Нести Ангони ме нападна за да не врати на практиката на анонимни писма“, изјави тогаш Велиај.
На 26 декември, откако беше повикан во СПАК, тој истакна дека „би било вознемирувачки доколку не се појави пред Специјалното обвинителство бидејќи не е од оние политичари кои го напаѓаат СПАК кога тоа ги истражува“.
За случајот со Ерион Велиај, албанскиот премиер Еди Рама претходно изјави дека против градоначалникот на Тирана е во тек судски спор и дека тој ќе заземе став во вистинско време.
Првата реакција по апсењето на Велијај во понеделникот дојде од Лулзим Баша, поранешен градоначалник на Тирана и лидер на Демократската партија.
Тој рече дека „Велиај, со поддршка на премиерот Еди Рама, ја претвори општината на градот Тирана во центар на корупцијата“.
„Ја поздравувам решеноста на СПАК да ги продолжи истрагите за корупција до крај и ги охрабрувам судските институции да дејствуваат без никакво двоумење против корупцијата на високо ниво, која ја уништува благосостојбата на албанските семејства“, рече Баша.
Нема превоз за пациентите кои одат на дијализа во ГОБ „8 Септември“

Пациенти кои одат на дијализа во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје реагираат дека се оставени без превоз откако завршил договорот со такси - превозникот. Тие треба да добиваат паричен надоместок за превоз, но според Здружението на бубрежно болни „Нефрон“, од октомври не им се исплатени овие парични средства.
Душко Ѓоргиев од Здружението „Нефрон“ за МИА појаснува дека до октомври дел од пациентите користеле обезбеден такси превоз, а дел надоместок од Министерството за финансии во висина од две или четири автобуски карти, во зависност од тоа каде живеат. При крајот на октомври истекол договорот со такси превозот, а за пациентите кои го користеле, како што појаснува Ѓоргиев, им следува надоместок за превоз од страна на Министерството за финансии.
„Тие кои користеле такси, сега исто така треба да добиваат надоместок од Министерството за финансии, во зависност од местото на живеење и дали користат еден или два автобуса, појаснува Ѓоргиев за МИА.
Подвлекува дека некои пациенти доаѓаат со сопствено возило, некои користат автобус, а некои го носи фамилијата. - Има пациенти кои поради здравствената состојба не можат да го користат автобускиот превоз. Некои од нив ги носи фамилијата, 2-3 пациенти го напуштија овој центар за дијализа и се префрлија во други центри каде што има организиран превоз. Според нашите сознанија, нема изгледи да се врати такси превозот за пациентите со дијализа кои доаѓаат во оваа болница, додава Ѓоргиев.
Според пациенти што користат паричен надоместок за превоз, доцни исплатата на овие средства.
До сега нема одговор од директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски зошто била донесена ваква одлука и дали до нив има реакции од пациентите.
Норвешкиот совет за бегалци ги прекина активностите поради замрзнување на американската помош

Доколку американската помош не биде одмрзната, Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ), една од најголемите хуманитарни организации во Европа, ќе мора да ги прекине активностите во речиси 20 земји во светот.
Исклучувањето, прво во историјата на невладината организација, ќе влијае на стотици илјади луѓе во земјите погодени од војна, катастрофи и раселување, соопшти НРЦ во понеделникот.
НРЦ наведува дека во 2023 година им помогнала на речиси десет милиони луѓе во околу 40 земји ширум светот.
НРЦ, чии скоро 20 проценти од финансирањето дојде од Соединетите Држави во 2024 година, вели дека чека исплата од повеќе милијарди долари од американската влада.
Доколку не се најде решение веднаш, НРЦ ќе биде принудена да ги прекине виталните хуманитарни програми финансирани од Соединетите држави на крајот на февруари - од обезбедување вода за пиење за населението на Буркина Фасо до поддршка на пекари во регионот Дарфур во Судан погоден од глад, пренесува АФП.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја замрзна меѓународната помош на САД, освен за Египет и Израел, и ја распушти Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).
На крајот на јануари, друга норвешка невладина организација, Norsk Folkehjelp, го суспендираше чистењето мини во 13 земји од истите причини.
Штрајк во Народниот театар во Белград, поддршка за студентите и барање за повисоки плати

Вработените во Народниот театар во Белград на 10 февруари стапија во штрајк во знак на поддршка на студентите во Србија и бараат подобри услови за работа на уметниците.
Во 11:52 часот, кога на 1 ноември загинаа 15 лица на Железничката станица во Нови Сад, тие го блокираа сообраќајот пред Народниот театар и одржаа 15-минутен молк за жртвите.
Дарко Томовиќ, претседател на Сојузот на српските актери (СИНГЛУС), изјави дека драмскиот, балетскиот и техничкиот персонал на Народниот театар се во суспензија и дека претставата нема да се одржи до дополнително известување.
Младите кои треба да ја наследат оваа земја ги следиме во законските обичаи кои создаваат стабилна држава и земја прилагодена на потребите на човекот“, изјави Томовиќ за Радио Слободна Европа.
Со протест во понеделникот пред зградата на оваа 157-годишна културна установа, тие официјално влегоа во штрајк со кој драмскиот ансамбл ќе штрајкува до 19 февруари, а балетскиот ансамбл до крајот на неделата.
Претставниците на синдикатот најавија дека потоа ќе се решаваат понатамошни чекори.
Ивана Савиќ Јаќиќ, претседател на Сојузот на балетани, истакна дека се солидаризираат со студентите.
„Подолго време повикуваат на одговорност и работа на институциите. Правдата мора да постои и ние ја поддржуваме борбата за подобро и поздраво општество“, изјави Савиќ Јаќиќ за Радио Слободна Европа.
Поголеми плати преку прекин на работата бараат и уметниците од Народниот театар.
„Имаше долгогодишни проблеми. Буџетот за култура е се помал. Платите ни се под националниот просек“, рече Ивана Савиќ Јаќиќ.
Просечната плата во Србија е околу 850 евра.
На 17 ноември, по изведбата на Мајсторот и Маргарита, актерите на Народниот театар јавно побараа одговорност за трагедијата на Железничката станица во Нови Сад.
Директорот на Народниот театар, Светислав Гончиќ, функционер на владејачката Српска напредна партија (СНС), тогаш оцени дека тие ги „злоупотребиле ресурсите на народниот театар за еднострано изразување на политички ставови“.
Три последователни земјотреси во близина на Санторини

Денеска на 10 фебруари, во период од 20 минути во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос денеска беа регистрирани три последователни земјотреси со јачина од 4, 4.3 и 4.9 степени според Рихтер, паралелно со серијата помали земјотреси од околу 3 степени, јавува државната новинска агенција МИА.
Земјотреси над 4 степени беа регистрирани и синоќа, од кои најсилниот беше 5 степени.
Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите посочи дека поради сеизмичката активност меѓу двата островa, цивилната заштита и понатаму е во состојба на готовност.
Тој истакна дека Владата презема превентивни мерки и ги следи препораките од експертите.
Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун Костас Папазахос за грчките медиуми утрово објасни дека земјотресите во близина на Санторини може да траат со недели, па дури и месеци и не е нешто што ќе се промени преку ноќ.
Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи поради земјотресите ќе бидат затворени и оваа седмица, со одлука на Комисијата за проценка на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.
Романскиот претседател Јоханис поднесе оставка

Романскиот претседател Клаус Јоханис изјави дека си поднесува оставка од функцијата поради напорите на опозицијата да го отповика, откако тој остана на власт кога Уставниот суд ги поништи претседателските избори на кои десничарскиот, проруски кандидат Калин Георгеску неочекувано победи во првиот круг.
Клаус на 10 февруари изјави дека се повлекува и дека ќе ја напушти функцијата на 12 февруари.
Уставниот суд побара од него да остане на функцијата по завршувањето на неговиот мандат во средината на декември поради поништувањето на изборите.
Уставниот суд ги откажа изборите два дена пред да се одржи вториот круг меѓу Георгеску и проевропската центристичка кандидатка Елена Ласкони.
Во него се цитирани државни документи кои, наводно, покажале дека Георгеску, кој се кандидирал како независен кандидат, имал корист од нефер кампањата на социјалните мрежи, најверојатно организирана од Русија. Москва негира вмешаност во изборите.
Новите претседателски избори се планирани за 4 мај, а евентуалниот втор круг е закажан за 18 мај.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете