Вести
Мостот на Крим затворен по извештаите за експлозии
Во градот Керч на полуостровот Крим утрината на 6 декември се слушнале експлозии, а мостот што го поврзува полуостровот окупиран од Русија бил затворен за сообраќај, објавија локалните канали на Телеграм.
Според каналот „Кримски ветер“ експлозии се слушнале во областа на бродоградилиштето.
Првите експлозии биле пријавени во 07:00 часот по локално време, изјавија очевидци за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Руското Министерство за одбрана соопшти дека регионот Керч е цел на воздушни и беспилотни напади извршени од Украина. Ова министерство соопшти дека руските сили го собориле дронот и потонале две поморски беспилотни летала.
Украина не ги коментираше овие руски тврдења.
Crimea.Realities, проект на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа, објави дека за време на нападот во Керченскиот теснец биле активирани системи за противвоздушна одбрана.
Керч е еден од најголемите градови на Крим и е клучен индустриски, транспортен и туристички центар.
Русија илегално го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година, а започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Нападите на Крим се случуваат постојано, особено во близина на мостот.
Силната експлозија што го погоди мостот во октомври 2022 година доведе до пожар и уривање на дел од коловозот. Според руските извештаи, во тој инцидент загинале три лица.
види ги сите денешни вести
Автомобил влета во толпа демонстранти во Белград, повредена една девојка
Една девојка е повредена откако автомобил влетал во толпа демонстранти во Нов Белград, за време на акцијата „генерален штрајк“ во Србија, јавија српските медиуми.
Автомобилот се залетал во редарите и возел со девојката на хаубата, која потоа паднала.
Девојката носела жолт елек, како што носат редарите кои ги обезбедуваат овие собири и протести. Таа била пренесена во Ургентниот центар во Белград.
Полицијата во Србија соопшти дека за инцидентот била приведена девојка родена 1999 година, која управувала со автомобилот. Оттаму додадоа дека приведената ќе биде спроведена во полициска станица за понатамошна постапка од страна на полицијата и обвинителството.
На повик на студентите, во Србија денеска се одржа генерален штрајк во повеќе градови, вклучително и најголемите – Белград, Нови Сад, Ниш.
На повикот да се прекине работата на 24 часа се одзваа културни институции, адвокати, некои училишта и неколку стотици приватни компании, а најавени се и протестни маршеви во Белград.
Низ Србија изминатиот период се одржува акцијата „15 минути молк“ во чест на загинатите во уривањето на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Студентите блокираат повеќе од 60 факултети и два универзитетски кампуси, барајќи и кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница.
Почна депортацијата на илегални мигранти од САД
Соединетите Американски Држави (САД) уапсија 538 илегални мигранти и депортираа уште стотици во масовна операција за која објави Белата куќа, само неколку дена откако Доналд Трамп го започна својот претседателски мандат.
Соопштението дојде во моментот кога новиот американски претседател го започна своето прво патување во Северна Каролина на југоисток на земјата, како и во демократското упориште Калифорнија на запад - двете држави кои беа погодени од природни катастрофи за што Трамп жестоко критикуваше.
„Администрацијата на Трамп уапси 538 илегални мигранти, криминалци“, објави портпаролката на Белата куќа Каролина Левит на мрежата Икс, додавајќи дека „стотици“ биле депортирани со воени авиони.
„Во тек е најголемата операција за масовна депортација во историјата. Ветувањата исполнети“, напиша Левит.
Доналд Трамп во својата предизборна кампања вети дека ќе се бори против илегалната миграција и својот втор мандат на 20 јануари го започна со серија извршни наредби за запирање на приливот на мигранти во САД.
Тој прогласи „национална вонредна состојба“ на јужната граница со Мексико и најави распоредување на војници, ветувајќи дека ќе ги протера „странските криминалци“.
На денот на инаугурацијата на Трамп, американскиот Сенат, во кој мнозинството се републиканци, усвои нацрт-закон со кој се бара од федералните органи за спроведување на законот да приведат илегални мигранти осомничени за одредени злосторства.
По протестите, Владата и УПОЗ следната недела на средба
На почетокот на следната недела ќе има средба меѓу Владата и Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) за барањето на синдикалците за додадтоци на плата од 30 проценти и за потпишување на колективни договори.
Премиерот Христијан Мицкоски, најави дека ќе им предложи два-три термини за средба на која ќе разговараат и како што рече „ќе ги анализираме заедно работите“.
„Ќе се сретнеме, ќе разговараме, ќе ги анализираме заедно работите, меѓу другото се подготвува и состанок на Економско-социјалниот совет, ќе можеме и таму да разговараме. Така што само со разговор се решаваат работите. Само со разговор можеме да дојдеме до решение коешто ќе биде успешно“, изјави Мискоски.
Вработени од неколку министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив од 14 до 17 јануари годинава одржаа неколку предупредувачки протести барајќи потпишување на колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на плата.
Претходно, Владата го обвини УПОЗ дека незаконски го организира штрајкот и дека е политички мотивиран.
Денешната најава за средба следува откако претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, на протестот од пред Министерството за финансии на 17 јануари годинава, рече дека поднеле формално барање за средба со премиерот за „повторно продолжување на дијалогот што еднострано беше прекинат од страна на Министерството за финансии, со одбивање на предложените колективни договори за додатокот на плата“.
Сенатот го потврди изборот на Трамп за нов директор на ЦИА
Американскиот Сенат потврди уште еден клучен член на тимот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, гласајќи Џон Ретклиф да биде 25-ти директор на највисоката национална разузнавачка агенција, ЦИА.
Ретклиф, кој беше директор за национална безбедносна служба на крајот од првиот мандат на Трамп, подоцна во текот на денот положи заклетва на церемонија предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс.
Венс го нарече Ретклиф „голем патриот“ и рече дека тој е некој што ја има довербата на претседателот.
Ретклиф сега ќе ја води разузнавачката операција која Трамп и републиканците ја критикуваа дека не можела да собере информации за критичните случувања во места како Украина, Авганистан и Блискиот Исток. Исто така, републиканците ја критикуваа ЦИА и за користење информации во одбрана на политиките на претходната администрација.
Ретклиф минатата недела беше испрашуван од членовите на Комитетот за разузнавање во Сенатот кои се интересираа за тоа дали ќе се отпуштаат вработени поради нивните политички ставови и мислења за Трамп кој често ја напаѓаше ЦИА и нејзините проценки.
Ретклиф вети дека нема да го направи тоа.
Тој на сослушувањето во Сенатот рече дека ЦИА треба да работи подобро и да биде чекор пред глобалните закани од Русија, Кина и другите американски непријатели.
Ретклиф пред сенаторите рече и оти ќе се заложи за употреба на вештачката интелигенција и нови чипови, но и дека ќе го зајакне персоналот кој работи на собирање разузнавачки информации.
„Не сме таму каде што треба да бидеме“, рече тој на сослушувањето.
Исто така, кажа и дека ја гледа Кина како најголем американски надворешнополитички ривал и оти Русија, Иран, Северна Кореја, како и нарко-картелите, хакерските банди и терористичките организации се најголема закана за националната безбедност на САД.
Мицкоски за „27 април“: Aко нема организатори, не може да има терористи
Факт е дека ако нема организатори, не може да има терористи. Никој не вели дека тие луѓе не згрешиле, никој не вели дека тие луѓе не направиле престап, но тие луѓе за тој престап доволно време поминале таму и треба тие што водеа политички монтиран процес да си стават прст на чело и да размислат што прават и што направиле, ја коментираше премиерот Христијан Мицкоски, одлуката за амнестија на обвинетите за случајот организатори за 27 април.
Прашан дали можеби смета дека имало притисок врз судијата, Мицкоски рече дека тој ниту го познава, ниту пак некогаш се видел физички со судијата.
„Можеби за тоа треба да дадат одговор сите оние кои што вршеа притисок да преку еден политички монтиран процес луѓе денеска лежат во затвор седум-осум години поради тероризам. Никој од нив не вели дека не направил грешка, направил, но никако не се терористи. Сега кога веќе е јасно дека нема организатори, не знам како може да има терористи“, изјави Мицкоски, кој денеска (24 јануари)изврши увид на градежните активности на патот Катланово-Градманци.
Нагласи дека не станува збор за застарен случај, туку, како што рече, толкувањето е дека обвинението е покренато, откако истекол рокот за да може да се поднесе барање согласно Законот за амнестија.
„Тие немале можност во рокот да поднесат барање, односно биле обесправени. Тоа е суштината, не е дека е застарен предметот или нешто друго“, додаде Мицкоски.
Основниот Кривичен суд Скопје вчера го уважи барањето за амнестија на обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“ - ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски.
Судот донесе решение со кое барањето за амнестија на обвинетите се уважува и се запира постапката за обвинетите за кривичното дело загрозување на уставниот поредок на државата.
Апелацискиот суд во април минатата година ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.
Клуч на многу врати ширум Србија, во тек е генерален штрајк на повик на студентите
Во Србија се одржува генерален штрајк на повик на студентите за блокади. На повикот да се прекине работата на 24 часа се одзваа културни институции, адвокати, некои училишта и неколку стотици приватни компании, а најавени се и протестни маршеви во Белград.
Студентите ги повикаа граѓаните да не одат на работа на 24 јануари, како и да не се занимаваат со никакви набавки или други финансиски трансакции. Повеќе од 200 бизниси претходно потврдија дека ќе ја прекинат работата во знак на солидарност со студентите.
Во еднодневен штрајк е и Републичкиот синдикат на културата. И адвокатите најавија протест пред Претседателството на Србија.
Голем број основни и средни училишта во Србија го продолжија прекинот на наставата што ја започнаа на 20 јануари, придружувајќи се на барањата на учениците.
Низ Србија се одржа акција „15 минути молк“ во чест на загинатите во уривањето на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Студентите блокираат повеќе од 60 факултети и два универзитетски кампуси, барајќи и кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница.
Во меѓувреме, пратеничката од опозициската Партија на слободата и правдата Мариника Тепиќ изјави дека полицијата ја запрела и привела неа и уште неколку пратеници и градски советници од Нови Сад кои претходно го блокираа автопатот Нови Сад-Белград во знак на солидарност со барањата на студентите.
Тепиќ на социјалната мрежа Х објави видео во кое вели дека полицијата ги исклучила од автопатот. На видеото се гледаат неколку полициски возила-автомобили и џипови.
На посебна снимка што Тепиќ ја испрати до телевизијата N1, може да се види како полицијата товари неколку луѓе во полициско возило.
Тепиќ претходно изјави дека полицијата ги запрела и им се заканувала дека ќе ги однесе до Судот за прекршоци.
„Човекот ни рече дека сепак ќе не стави сите во полициско возило и ќе не однесе до Прекршочен (Суд) на итна постапка. Ни ги тргнаа возилата на страна, не ни дозволуваат да ги исклучиме, има уште многу полицајци овде, а сега доаѓаат со полициска кола да не уапсат“, рече Тепиќ.
Таа додаде дека нема да се повика на пратеничкиот имунитет кој ја штити од кривично гонење.
Организаторите истакнуваат дека ова нема да биде генерален штрајк во вистинска смисла на зборот, но форма на граѓанска непослушност и еден вид солидарен штрајк. Во изминатиот период секој ден во Србија дел од студентите, учениците и граѓаните застануваат по 15 минути на градските сообраќајници, со цел да им оддадат почит на жртвите од падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
СЗО вели дека ќе ги преиспита приоритетите пред излегувањето на САД од организацијата
Светската здравствена организација соопшти дека ги разгледува своите приоритети во подготовка за повлекување на нејзиниот најголем донатор, Соединетите Држави, притоа истакнувајќи дека обезбедува витални услуги кои ја штитат земјата од здравствени закани.
Трамп во понеделникот (20 јануари)потпиша извршна наредба со која Соединетите Држави се повлекуваат од СЗО, тело кое тој постојано го критикуваше поради неговото справување со пандемијата со „Ковид-19“.
„Оваа објава ја направи нашата финансиска состојба поакутна и знаеме дека создаде значителна загриженост и несигурност за работната сила на СЗО“, рече шефот на организацијата Тедрос Аданом Гебрејесус во писмото испратено до персоналот на СЗО во четвртокот, а во кое имаше увид АФП АФП.
Тој истакнува дека здравствената агенција на ОН жали за одлуката на Соединетите Држави и се надева дека „новата администрација ќе ја преиспита“.
„Отворени сме за вклучување во конструктивен дијалог за зачувување и зајакнување на историските односи меѓу СЗО и САД“, вели Гебрејесус.
Портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер, денеска (24 јануари) пред новинарите истакна дека повлекувањето на САД би било грешка.
„СЗО ги штити САД со софистициран здравствен разузнавачки систем кој работи на откривање, карактеризирање и проценка на заканите во реално време“, рече тој.
Тој особено укажа на моменталната појава на птичји грип (Х5Н1), кој зарази десетици и однесе еден живот во Соединетите Држави.
„Всушност, имавме поединци кои веќе не контактираа за загриженоста дека ова сега може да биде проблем, бидејќи податоците повеќе не се појавуваат и можеби нема да се споделуваат“, рече Линдмајер.
Во меѓувреме, Тедрос во своето писмо истакна дека агенцијата на ОН сега ќе треба да бара да ги идентификува своите „клучни приоритети“.
„Превидуваме на кои активности да им дадеме приоритет со намалени ресурси“, рече тој.
Тој истакна дека СЗО неодамна ја прошири својата база на финансирање и ќе продолжи да се потпира на силна поддршка од нејзините земји-членки и други извори. Сепак, тој ја призна потребата да се „намалат трошоците и да се реализираат придобивките од ефикасноста“.
Меѓу другото, тој рече дека агенцијата „го замрзнува регрутирањето, освен во најкритичните области“ и драматично ги намалува патните трошоци.
Четворица уапсени за тероризам: планирале напади врз јавни објекти
Четворица терористи, со идеологија на ИСИС се уапсени, а од Министерството за внатрешни работи информираа дека планирале напади на јавни објекти во земјава.
За првопријавениот постојат сомневања дека создал терористичка ќелија во која што со активно учество делувале останатите три лица.
„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“, соопштија од МВР.
Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, а за остварување на намерата првопријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади.
Останатите членови биле дел од групите на Телеграм, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.
Претходно Обвинителството соопшти дека акцијата се одвивала на пет локации во Скопје и Гостивар. Биле извршени претреси на дом и други простории при што се пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења. На осомничените им е определен 30-дневен притвор.
Во декември беше спроведена акција којашто, истотака, се однесуваше на разбивање на ќелија на ИСИС која делувала во Гостивар. Првоосомничен беше 21-годишен гостиварец кој ги ширел намерите на групата преку повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде што споделувал и пропаганден материјал на терористичката организација „Исламска држава“ чија идеолошка матрица, според Обвинителството, била во основите на групата.
Песков: Путин е подготвен за контакт со Трамп, Москва чека сигнали
Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за контакт со американскиот претседател Доналд Трамп, а Москва чека сигнали и навремено ќе ја информира јавноста за можниот разговор, изјави денеска (24 јануари)портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Путин е подготвен, чекаме сигнали, сите се подготвени“, рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали за викендот очекува контакти меѓу претседателите на Русија и САД.
Тој додаде дека е „тешко да се предвиди“ што ќе се случи.
Песков, исто така, рече дека конфликтот во Украина произлегува од заканата за руската национална безбедност и целосното одбивање на Западот да ја слушне загриженоста на руската страна за заканите за Русите кои живеат на територии кои еднострано прогласија отцепување од Украина.
Трамп деновиве изјави дека украинскиот конфликт може да се заврши „на полесен или потежок начин“. Тој апелираше за постигнување договор со Русија за решавање на украинската криза и се закани со воведување царини и санкции на рускиот извоз доколку не се постигне договор.
„Време е да се договориме. Нема повеќе време за губење! Ако не постигнеме договор, нема да имам друг избор освен да воведам високи даноци, царини и санкции за сè што Русија извезува во САД и други земји кои се вклучени“, напиша Трамп на „Truth Social“.
Запалена руска рафинерија по најголемиот украински воздушен напад годинава
Нафтена рафинерија во рускиот град Рјазан беше зафатена од пламен откако Киев изврши масовен напад со беспилотни летала-најголемиот украински напад од почетокот на годината, насочен кон повеќе од десетина региони низ земјата, вклучително и Москва, јавува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Сведочења на очевидци и проверено видео објавено на Телеграм покажаа голем пожар во нафтена рафинерија управувана од Роснефт во Казан рано на 24 јануари. На видеото се гледа како луѓето врескаат пред да побегнат додека пожарот го зафати индустрискиот објект.
Пожари се забележани и во близина на блиската термоцентрала Ново-Рјазан.
Засега нема информации за жртви, додека руското Министерство за одбрана објави само пресретнување и уништување на повеќе од 120 украински беспилотни летала низ руска територија.
Според градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, шест беспилотни летала биле пресретнати над самата Москва, а неколку други биле соборени во блиските области Шчолково, Коломна, Раменскоје и Подолск.
Собјанин извести дека нема значителна штета или повредени на местата на падот на дронот, но нападот предизвика значителен прекин на цивилниот воздушен сообраќај, при што операциите беа привремено прекинати на трите главни аеродроми во Москва - Внуково, Домодедово и Жуковски.
Според Министерството за одбрана, 37 беспилотни летала биле пресретнати во областа Брјанск, а 17 беспилотни летала биле соборени во други области како Курск и Саратов. Помал број беспилотни летала се пресретнати во регионите Ростов, Белгород, Воронеж, Тула, Ориол и Липецк.
Министерството го потврди и пресретнувањето на дрон над анектираниот полуостров Крим во Украина. Воведени се и привремени ограничувања за пристигнување и полетување летови на аеродромите во Казан, Нижни Камск, Пенза, Самара и Саратов поради постојаната закана од беспилотни летала.
Нападот со дронови врз Русија се совпадна со серијата руски воздушни напади на украинска територија. Во Киев, руски напад резултираше со смрт на тројца цивили. Пријавени се и штети на станбени области, вклучително и значително уништување во градовите Фастив и Бровари во близина на главниот град на Украина.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете