Вести
Трамп, наводно, размислува да го номинира Гренел за пратеник за војната во Украина

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп размислува да го избере Ричард Гренел, поранешен шеф на разузнавањето, за специјален пратеник за војната во Украина иницирана од Русија, потврдија извори блиски до Трамп.
Гренел, кој за време на претседателствувањето на Трамп од 2017 до 2021 година беше амбасадор во Германија и специјален пратеник за преговорите меѓу Србија и Косово и вршител на должноста директор на националното разузнавање, ќе одигра клучна улога во напорите на Трамп да ја запре војната во Украина, доколку тој биде избран, пишува Ројтерс.
Иако во моментов нема специјален пратеник посветен само на решавање на руско-украинскиот конфликт, Трамп размислува за тоа, велат изворите.
Гренел се залагаше за создавање „автономни зони“ како средство за решавање конфликти. Тој исто така рече дека нема да биде за влез на Украина во НАТО во блиска иднина.
Доналд Трамп, кој ќе го преземе претседателството на 20 јануари, ја критикуваше силната поддршка на поранешниот претседател Џо Бајден за Киев и рече дека ќе бара што поскоро ставање крај на руската војна во Украина.
Каролин Левит, привремената портпаролка на Трамп, не го потврди назначувањето и рече дека новоизбраниот претседател јавно ќе ги соопшти своите одлуки.
Трамп веќе јавно ги објави имињата на некои луѓе за клучните позиции во неговата администрација, а меѓу нив е и Марко Рубио, кого го постави за државен секретар на САД.
Некои од номинациите ќе треба да ги одобри американскиот Сенат, со кој на следната седница ќе претседаваат републиканците на Трамп.
види ги сите денешни вести
Османи и Курти на одделни средби со Соренсен за дијалогот Косово - Србија

Претседателката на Косово, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти се сретнаа одделно со Питер Соренсен, новиот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот Косово-Србија за да разговараат за овој процес.
Оваа прва средба беше на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која почна на 14 февруари во хотелот „Бајеришер Хоф “ во Минхен, Германија и ќе трае три дена.
„Ќе продолжиме да работиме со нашите сојузници за да го завршиме овој процес со взаемно признавање и заштита на суверенитетот, уставноста и територијалниот интегритет на нашата Република“, напиша Османи на мрежата Икс(поранешен Твитер).
Курти рече дека е важно целосно да се спроведе договорот за нормализација на односите, постигнат меѓу Косово и Србија во 2023 година. Страните не го потпишаа овој договор ниту пак презедоа какви било чекори за негова имплементација.
Од Кабинетот на Курти соопштија дека овој договор „се уште го прекршува и не го почитува Србија, која исто така одбива да го потпише и со писмото на поранешната премиерка [Ана] Брнабиќ, Србија практично се повлече од договорот“.
„За да се оди напред, неопходно е да се потпише договор, да се повлече писмото од поранешната премиерка Брнабиќ и да се предаде лидерот на терористите Милан Радоичиќ, за кого веќе постои обвинение на 160 страници на Обвинителството на Република Косово“, рече Курти.
Се верува дека Радоичиќ е на слобода во Србија по нападот во Бањска на северот на Косово во септември 2023 година, при што беше убиен косовски полицаец.
Петер Соренсен, дипломат од Данска, официјално започна со работа на 1 февруари, наследувајќи го Мирослав Лајчак.
Косовската претседателка Османи, премиерот Курти и други претставници на Косово го критикуваа Лајчак за нееднаков пристап кон дијалогот и затоа што, како што тврдат, понекогаш „застанувал на страната на Србија“.
Соренсен, за разлика од неговиот претходник, ќе се занимава само со дијалогот меѓу двете соседни земји, а не со регионалните балкански прашања.
Назначувањето на Соренсен беше позитивно оценето со оглед на тоа што овој 57-годишен дипломат го познава регионот. Беше ангажиран во Косово, во рамките на Мисијата на Обединетите нации (УНМИК), како и во други дипломатски улоги, во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Друг аргумент што властите во Приштина го наведоа како позитивен е дека тој е од Данска, земја која ја признава државноста на Косово и дека ќе има еднаков пристап до дијалогот.
Косово и Србија се во дијалог со посредство на Европската унија од 2011 година. ЕУ често ги потсетува двете страни дека напредокот во процесот на дијалог е поврзан со нивниот пат кон евроатлантските интеграции.
Трговците предлагаат пониски цени на 100 до 200 производи наместо ограничена маржа

Да се состави листа од 100 до 200 производи кои граѓаните секојдневно ги купуваат и тие реално да поевтинат наместо да се ограничи бруто-профитната маржа на 10 отсто како што предложи Владата, побараа трговците и дистрибутерите на средбата со министерот за економија на 14 февруари.
Од Министерството за економија соопштија дека конечна одлука ќе се донесе следната недела.
Даница Блажевска, претставник од Комората на трговци, изјави дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на најнеопходните производи за секојдневно живеење кое ќе биде видливо за граѓаните.
„Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење. Не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е необележана цената“, изјави Блажевска.
Откако граѓани два пати бојкотираа маркети поради високи цени на храната, Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и на детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи и до 50 отсто.
Уапсени 13 лица поради нелегално фрлање 35.000 тони опасен отпад во Хрватска

Хрватската канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) потврди дека отворила истрага за бизнисменот Јосип Шинцек од Вараждин и за уште девет други осомничени лица за тешки еколошки злосторства, откако беа уапсени на 13 февруари.
Агенцијата за соработка за спроведување на законот (Европол) на Европската унија (ЕУ), пак, на 14 февруари објави дека хрватската полиција уапсила 13 лица во врска со овие кривични дела.
„Криминалците заработиле најмалку четири милиони евра незаконски фрлајќи медицински и опасен отпад од Италија, Словенија и Германија во Хрватска. Се проценува дека најмалку 35.000 тони отпад биле фрлени незаконски“, соопшти Европол.
Лабораториските анализи покажуваат дека нелегално фрленото ѓубре, кое лажно било прогласено за пластичен отпад што може да се рециклира, законски се смета за опасен отпад.
Хрватските власти сметаат дека криминалната мрежа илегално го закопувала и отстранувала медицинскиот отпад од хрватските компании.
Вклучените во оваа мрежа се обвинети и за фалсификување службени и деловни документи, даночно затајување и перење пари. УСКОК соопшти дека Шинцек бил на чело на криминалната група.
Трговијата со отпад е нелегална активност која овозможува заработка на високи профити. Незаконското одлагање на отпад често предизвикува непоправлива штета на животната средина, загадувајќи ја почвата, водата и воздухот.
„Овие злосторства обично одат рака под рака со фалсификување документи или финансиски злосторства како што се перење пари или корупција“, соопшти ЕВРОПОЛ, кој исто така објави фотографии од локациите каде бил одлаган отпадот.
Хамас ќе ослободи уште тројца заложници во замена за палестински затвореници

Палестинската милитантна група Хамас ги објави имињата на тројца заложници за кои се очекува да бидат ослободени во сабота, 15 февруари, откако поминаа 498 дена во заробеништво на Хамас, јави агенцијата АП.
Форумот на семејства на заложниците дека станува збор за Иер Хорн (46), Сагуи Декел Чен (36) и Саша Труфанов (29).
Претходно, Хамас, која САД и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација, соопшти дека викендов ќе ги ослободи следните тројца израелски заложници, во замена за палестински затвореници. Ослободувањето на заложниците беше доведено во прашање откако Хамас го обвини Израел дека го крши договорот за примирје што стапи на сила на 19 јануари.
Од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, имаше пет размени на 21 заложник на Хамас и повеќе од 730 палестински затвореници, во првата фаза од примирјето.
Војната би можела да продолжи доколку не се постигне договор за покомплицираната втора фаза, во која е предвидено ослободување на сите преостанати заложници заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и неодредено продолжување на примирјето.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека доколку сите заложници во Газа не бидат ослободени до пладне во сабота на 15 февруари, тој ќе предложи да се прекрши примирјето меѓу Израел и Хамас, за што предупреди дека „ќе создаде пекол“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е под силен притисок да обезбеди ослободување на преостанатите заложници, откако тројца Израелци ослободени од заробеништво пристигнаа дома во многу лоша состојба минатата сабота.
Саудиска Арабија ја поздрави идејата за средба меѓу Трамп и Путин во Ријад

Саудиска Арабија ја поздрави идејата американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин да се сретнат во кралството, јави агенцијата Ројтерс.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека би можело да поминат неколку месеци пред да се договори средба меѓу Путин и Трамп, веројатно во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Трамп и Путин разговараа во средата и ја објавија својата намера да се сретнат лице в лице.
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман беше првиот странски лидер што Трамп го повика по преземањето на функцијата. Тој го опиша престолонаследникот како „фантастичен човек“ за време на неговиот говор преку видео - врска пред публиката на Светскиот економски форум во Давос.
Путин, кој ги посети Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати во 2023 година, минатиот септември рече дека му е благодарен на Мохамед бин Салман што помогнал да се организира најголемата размена на американско-руски затвореници од Студената војна.
Министерството за правда до Владата достави допис за разрешување на обвинителот Коцевски

Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.
„Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство“, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
„Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките“, се наведува во соопштението.
Од Министерството за правда посочуваат дека во Законот за Јавното обвинителство е наведено дека Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието. Собранието пак, како највисок претставнички орган на граѓаните е уставно надлежен за именување и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поради како што наведоа „постапувањето надвор од законските надлежности и нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантираше тврдењето дека постапил незаконски посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
Лекот „клексан“ ќе се подигнува со рецепт во аптека

Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
„Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено „клексан“, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност“, рече Клековски.
Како што посочи Клековски, побарани се две измени во правилникот, односно да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, како и Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани.
„Позитивната листа претставува форма на субвенција за одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени“, рече Клековски.
Додаде дека лековите кои се на позитивната листа треба да бидат достапни по пониска цена, со цел субвенциите да имаат реален ефект.
Од 16 септември лани, граѓаните од аптеките бесплатно ги земат новите девет лекови со кои беше проширена поитивната листа, по дури десет години од последното ажурирање, кога беше збогатена со само еден лек. На листата беа додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.
Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, а често и од други држави. Затоа што листата не беше ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.
Германското обвинителство: Авганистанецот призна дека намерно удрил во толпата во Минхен

Авганистанскиот државјанин призна дека намерно влетал со автомобил меѓу демонстрантите во Минхен, а властите утврдиле дека злосторството имало исламистичка позадина, соопшти денеска (14 феврауари) германското обвинителство.
Во инцидентот се повредени најмалку 36 лица, вклучително и едно дете.
„Тој призна дека намерно влетал меѓу демонстрантите. Внимателна сум со донесувањето избрзани заклучоци, но врз основа на сите информации што ги имам досега, можам да кажам дека злосторството имало исламистички мотив“, рече обвинителката Габриела Тилман на прес-конференција.
Инцидентот се случил вчера околу 10 часот и 30 минути кога возачот го забрзал својот автомобил, а потоа удрил во демонстранти во Минхен кои се собрале на повик на синдикатот на работниците „Верди“.
Напаѓачот е идентификуван како Фархад Н., 24-годишен Авганистанец кој дошол во Германија во 2016 година за да побара азил.
Како што пренесува германски „Билд“, тој е роден во 2001 година во Кабул, Авганистан, а од неодамна живее во областа Лаим во Минхен.
Сто отсто зголемен бројот на хрватски доброволци за служење воен рок

Минатата година бројот на доброволци за служење воен рок во Хрватска е зголемен за 100 отсто во однос на претходната 2023 година, а од годинава на воена обука пристигнале речиси 300, соопшти денеска (14 феврауари)Министерството за одбрана.
Од 298 волонтери, 254 се момчиња, а 44 се девојки, а меѓу нив, како што се наведува, има и шест врвни спортисти, кои ќе поминат низ скратена програма за обука прилагодена на нивните професионални обврски.
Тие обуката ја започнаа во армискиот центар во Пожега, а командантот Томислав Матиќ изјави дека нивната мотивација е подготвеноста да и служат на татковината.
Во меѓувреме Хрватска се подготвува за започнување на правната процедура за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година.
Во 2008 година, Хрватска привремено го суспендираше задолжителниот воен рок, а оттогаш тој се служеше само доброволно.
Во соседна Србија, задолжителниот воен рок, кој беше укинат на 1 јануари 2011 година, ќе биде повторно воведен во 2025 година. Оттогаш, приклучувањето во армијата е само доброволно.
Освен од Србија и Хрватска, и од Црна Гора најавија дека размислуваат за задолжителен воен рок, кој беше укинат во 2006 година.
До крајот на годината вработување за 600 специјализанти и 1180 средномедицински персонал

Дваесетте јавни здравстени установи кои веќе имаат изготвено нови систематизации, може веднаш да ги вработуваат планираните 300 приватни специјализанти од првата група, меѓу кои најзастапени се гинеколози и кардиолози, изјави денеска (14 феврауари) министерот за здравство Арбен Таравари.
По посетата на реновираниот педијатриски пункт на поликлиниката Бит Пазар, Таравари, одговорајќи на новинарски прашања, соопшти дека само во скопските јавни здравствени установи ќе бидат вработени околу 30 специјализанти гинеколози.
Според министерот, вработувања ќе има континуирано, но засега тоа што е сигурно се 1180 средномедицински персонал и 300 специјализанти во почетокот на годината, како и уште толку на крајот од годината.
„Во здравството ќе има точно 1800 вработувања, а во меѓувреме ќе бидеме принудени да имаме и нови договорци зашто насекаде посебно ни недостасува средномедицински кадар“, истакна Таравари.
Во однос на вработувањето на приватните специјализанти, информира дека на 30 декември завршиле сите процедури во министерствата за здравство и за финансии.
„Ова не беше предвидено и во систематизациите на јавните здравстени установи. На пример, на Здравственот дом му требаат седум или десет лекари кои не беа предвидени. Ианку, од вкупно 108 јавни здравстени установи кои подготвуава нови систематизации, 20 веќе се подготвени и можат веднаш да почнат да ги вработуваат првите 300 специјализанти. Останатите ги чекаат новите систематизации од Министерството за администрација“, истакна Таравари.
Лекарите кои специјализираат приватно почнаа да добиваат месечен надомест во 2018 година за време на мандатот на тогашниот министер за здравство Венко Филипче. Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување во септември таа година одлучи дека надоместот ќе го добијат оние кои ја почнале специјализацијата со конкурсот распишан во јануари.
Податоците на Македонското лекарско друштво пак покажуваат дека јавното здравство годишно го напуштаат околу 250 доктори.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете