Вести
Унгарија: Бугарија и Романија од јануари може да станат полноправни членки на Шенген
Бугарија и Романија би можеле да станат полноправни членки на Шенген зоната од почетокот на 2025 година, соопшти денеска (22 ноември) Унгарија – земјата претседавач со ЕУ, додавајќи дека конечната одлука ќе биде донесена на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во декември.
Двете источноевропски земји се приклучија на Европската унија во 2007 година, но не беа дел од безграничната Шенген зона до март годинава, кога делумно беа укинати граничните контроли односно само за морскиот и воздушниот сообраќај.
Контролата на копнената граница остана на сила поради противењето првенствено од Австрија, која долго време го блокираше влезот на двете земји во Шенген зоната поради загриженоста за илегалната миграција.
Откако министрите за внатрешни работи на Австрија, Бугарија, Унгарија и Романија денеска се сретнаа во Будимпешта, Австрија се повлече од своето противење, отворајќи го патот за конечна одлука на самитот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во декември.
Унгарскиот министер за внатрешни работи, Шандор Пинтер, изјави дека Романија и Бугарија, кои се граничат со земји надвор од ЕУ, сега се „чекор поблиску до полноправни членки на Шенген“.
Тој додаде дека постои „јасна можност“ да се заврши процесот до крајот на годината и дека земјите ќе мора заеднички да испратат најмалку 100 граничари на границата меѓу Бугарија и Турција.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, која исто така учествуваше на состанокот, во видеото објавено на мрежата Х порача: „Ова е голем ден за целосна слобода за сите граѓани на Бугарија и Романија во Шенген зоната и многу сум среќна“.
Романскиот премиер Марсел Чолаку претходно во понеделникот најави дека двете земји ќе се приклучат на Шенген зоната следната година, опишувајќи го состанокот во Будимпешта на четворицата министри за внатрешни работи како „клучен“.
Чолаку рече дека холандскиот парламент, кој исто така се спротивстави на пристапувањето на Бугарија во Шенген, исто така ќе мора да даде зелено светло.
Романија и Бугарија се на главните рути за илегална трговија со оружје и дрога, но и со луѓе. Сепак, Европската комисија по деталната анализа објави дека тие ги исполнуваат сите шенгенски услови.
Романија го опиша австриското вето како неоправдано, повикувајќи се на податоци на граничната агенција Фронтекс кои покажуваат дека илегалните мигранти најмногу влегле во ЕУ од Западен Балкан, а не од Романија.
Шенген зоната е основана во 1985 година. Пред делумниот прием на Бугарија и Романија, во неа беа 23 од 27-те земји-членки на ЕУ, заедно со Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, преку мрежата X порача дека двете земји „целосно припаѓаат на Шенген зоната“.
„Го поздравувам позитивниот исход од неформалните разговори во Будимпешта денеска. Шенген нека биде посилен во 2025 година“, напиша Фон дер Лајен.
види ги сите денешни вести
Притвор од 30 дена за осомничениот за трговија со дрога Раде Трајковски- Штекли
Притвор од 30 дена доби осомничениот Раде Трајковски - Штекли од Кривичниот суд по приведувањето на 18 јануари. Тој е осомничен за трговија со дрога.
Судијата на претходна постапка одреди притвор и за други осумина осомничени кои се смета дека биле дел од криминалната банда на Штекли. Судот се одлучил за притвор за нив, поради опасност од бегство и можност да влијаат врз сведоци во тек на обвинителската истрага.
За еден од осомничените судот донел решение за куќен притвор.
„Воедно, прифатен е и предлогот за определување на мерка притвор против две лица кои се недостапни за органите на прогон, а притворот почнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.
Во 2024-та година имаше три обиди за убиство на Раде Трајковски - Штекли во скопскиот трговски центар „Ист Гејт“ и неговата семејна куќа, кој според дел од медиумите се смета за близок до картелот „Беланоца“.
Претходно во декември минатата година Обвинителството почна истрага против 18 припадници на криминалната банда позната во јавноста како „Беланоца-Барон“ за сторени најмалку осум убиства, рекет, лихва и опожарени спортски обложувалници. Дел од уапсените,се сомничат дека наплаќале од 10 до 25о илјади евра за убиство.
Честитки од Путин за инаугурацијата на Трамп
Рускиот претседател Владимир Путин му ја честита инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој при гостувањето на руската национална телевизија изјави дека е отворен за дијалог со новата американска администрација со цел ставање крај на украинскиот конфликт. Путин очекува договор за „траен мир заснован на почитување на легитимните интереси на сите луѓе“.
Русија започна неиспровоцирана, целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година. При овој конфликт загинаа десетици илјади луѓе. Путин бара руска контрола врз делови од украинска територија, надвор од она што неговите сили го окупираа.
Трамп рече дека завршувањето на војната е клучен приоритет на американската надворешна политика. Трамп во последните негови коментари во јавноста истакна дека се надева на решение на овој конфликт во рок од шест месеци, но не откри детален план за тоа.
Трамп ќе положи заклетва како 47-ми американски претседател
Американската церемонија на која новоизбраниот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј -Ди Венс ќе положат заклетва на 20 јануари започнува во 18:00 часот по средноевропско време.
Претходно, Трамп и Венс со своите семејства ќе присуствуваат на верска служба во црквата Свети Јован. Трамп потоа ќе и се обрати на јавноста со говор во кој се очекува да ги изнесе своите цели за следните четири години.
Неговиот последен инаугуративен говор траеше 17 минути. Според информациите на американскиот медиум „Волстрит журнал“, Трамп во своето обраќање ќе повика на „револуција на здравиот разум“.
По говорот, Трамп ќе оди во „претседателската соба“ во близина на Сенатот за да потпише неколку клучни документи.
Потоа следи ручек организиран од заеднички конгресен комитет, по што американскиот претседател ќе биде дел од маршот на парадата од Капитол до Белата куќа. Во текот на ноќта, Трамп ќе присуствува на три инаугуративни балови што ќе се одржат низ Вашингтон.
Инаугурацијата на американски претседател низ историјата симболизира мирен трансфер на власта.
Иранските власти „отворени“ за разговори со Трамп
Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во 2018 година ги прогласи преговорите со администрацијата на Трамп за „забранети“ откако републиканскиот претседател се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.
Но, на 20 јануари годинава, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаи, изрази надеж дека втората администрација на Трамп ќе усвои „реален пристап“ и ќе ги почитува интересите на земјите од Блискиот Исток, вклучително и Иран.
Мајк Волц, кој ќе служи како советник за национална безбедност на Трамп откако тој ќе ја преземе функцијата, рече дека владата ќе донесе „клучни одлуки“ за Техеран „во текот на следниот месец“.
Високи ирански функционери како претседателот Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Аракчи навестија дека владата е отворена за разговори со Трамп.
Но, таа одлука на крајот лежи кај Хамнеи, па останува отворено прашањето дали Хамнеи ќе го преиспита својот став за преговарање со лидерот што некогаш го сметаше за несигурен.
Лула да Силва се надева дека САД под Трамп ќе остане „историски партнер“ на Бразил
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека се надева оти Соединетите држави ќе останат „историски партнер“ на неговата земја по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа на 20 јануари, јавува новинската агенција Франс прес.
„Се надевам дека (Трамп) има успешна администрација и дека Американците ќе продолжат да бидат историски партнер на Бразил“, рече левичарскиот лидер Лула на министерскиот состанок.
За време на неговиот прв мандат, Трамп беше сојузник на екстремно десничарскиот претходник на Лула да Силва, Жаир Болсонаро.
Болсонаро се надеваше дека ќе присуствува на инаугурацијата на републиканецот на 20 јануари, но судот му го одзеде пасошот, поради ризик дека може да побегне, додека е во тек истрагата за наводниот обид за државен удар во 2022 година, откако ги загуби изборите од Лула да Силва.
Локализиран пожарот во старскиот дом во близина на Кавадарци, нема повредени
Локализиран е пожарот кој настана во старскиот дом „Доктор Јанески“ во кавадаречкото село Чемерско. Вкупно 30 луѓе кои се корисници на домот, се пренесени во болницата во Кавадарци и сите се во стабилна состојба, соопштија од домот. Пожарот настанал на покривот на зградата, и набрзо е локализиран.
„Сите штитеници на домот во Чемерско се сега за сега стабилни. Ќе бидат згрижени сè до нивно понатамошно транспортирање дали до фамилиите или до другите домови. Чекаме уште две пациентки, и тие се во стабилна состојба и ќе бидат под надзор од нашите вработени и од вработените во Домот за стари лица“, изјави за новинската агенција МИА директорката на Општата болница Кавадарци.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, изјави дека лицата биле пренесени од домот со возила на Итната медицинска помош од Свети Николе, Велес, Кавадарци и Неготино, противпожарната единица Кавадарци и ОВР Кавадарци. Тој истакна дека противпжарните служби реагирале брзо и соодветно. На терен излегле 10 пожарникари со три противпожарни возила.
ЕК очекува истрага за „инцидентите“ против демонстрантите во Србија
Европската комисија внимателно ја следи актуелната внатрешна политичка ситуација во Србија поврзана со масовните протести на студентите и други групи и ги охрабрува сите политички актери за враќање на дијалогот и за воздржување од ескалација на тензиите, изјави денеска (20 јануари) портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
„Изразуваме загриженост поради пријавените инциденти против демонстрантите, за кои очекуваме брза истрага“, рече Мерсие.
Тој нагласи дека слободата на собирање е меѓу основните права на ЕУ, што треба да се штити и почитува согласно принципите на владеење на правото и одржување на јавниот ред.
„Политичките чинители треба да се вклучат конструктивно во меѓупартиски политички дијалог, што ќе овозможи одново фокусирање на вниманието и на енергијата за комплетирање на реформите во сферата на владеењето на правото и во согласност со законодавството на ЕУ, со цел забрзување на пристапниот процес на Србија согласно декларираните определби на српското раководство и интересот на српските граѓани“, истакна Мерсие.
Во Белград, на 16 јануари, студентка беше повредена во една од акциите кога во неа удри автомобил за време на протестна блокада на раскрсница. Возачот побегна од местото на настанот, а полицијата и обвинителството соопштија дека е пронајден и му е одредена мерка притвор до 48 часа.
Тој е осомничен за тешко убиство во обид.
По инцидентот илјадници студенти и граѓани протестираа во повеќе градови во Србија.
Во акциите „Стоп, Србија“ кои речиси секојдневно се одржуваат низ земјава, студенти и граѓани 15 минути ги блокираат патиштата за да им оддадат почит на петнаесетте загинати во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.
Акциите симболично започнуваат во 11:52 часот, време кога на 1 ноември се урна бетонската настрешница на Железничката станица.
Папата Франциск го нарече „срамен“ планот на Трамп за депортирање имигранти
Поглаварот на Римокатоличката црква ја критикуваше најавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека по преземањето на функцијата ќе иницира построго спроведување на антиимиграциските мерки, вклучително и депортации.
Во интервју за италијанскиот канал Канал 9, папата Франциск рече дека би било „срамота“ доколку Трамп продолжи со најавениот план, објави во понеделникот Ројтерс, додавајќи дека употребата на груби зборови е невообичаен начин на комуникација за поглавар на Римокатоличката црква.
Франциск, духовниот водач на 1,4 милијарди христијани, обично внимателно ги избира своите зборови кога зборува за политички прашања.
„Тоа не функционира. Така не се решава проблемот“, изјави папата.
Прифаќањето и пречекувањето на мигрантите е една од клучните теми на Папата во текот на неговиот 12-годишен понтификат.
Тој претходно ја критикуваше антиимигрантската политика на Трамп, а во 2016 година го обвини дека „не е христијанин“.
Администрацијата на САД најави голема рација во Чикаго за да се пронајдат и депортираат илегалните имигранти, но Трамп го преиспитува планот.
Католичкиот надбискуп, кардиналот Бласе Чупич, исто така, го критикуваше планот за депортирање илегални имигранти, велејќи дека тоа ќе биде „навреда на достоинството на сите луѓе и заедници“.
Сепак, критиките за антиимиграциските политики на Трамп не се единственото отстапување од воздржаноста на папата Франциско за чувствителните политички прашања.
Во март 2024 година, тој го повика Киев „да го подигне белото знаме и да преговара“ за завршување на војната „пред ситуацијата да се влоши“. Украина го обвини папата дека го „легализира правото на посилниот“ и го покани амбасадорот на Ватикан да зборува.
Во декември тој неколку пати ја осуди суровоста на израелските воздушни напади врз Газа и затоа беше критикуван од израелските власти за „двојни стандарди“. Израел одговори дека критиката треба да биде насочена кон терористите, а не кон демократијата што се бори против нив.
На самиот крај на својот мандат, претседателот Џо Бајден, кој е католик, го одликуваше папата Франциск со Претседателскиот медал на слободата со одлика.
Намалена е испораката на топлинска енергија во делови од Скопје
Во повеќе делови од Скопје денеска (20 јануари) жителите се без парно греење.
Од ЕСМ Снабдување информираат дека поради зголемени загуби на вода во топлификациската мрежа е намалена испораката на топлинска енергија.
„Екипите на Дистрибуција на топлина се на терен и активно работат на изолирање на проблемот, со цел воспоставување стабилен хидрауличен режим во системот и нормализација на снабдувањето со топлинска енергија“, стои во информацијата од ЕСМ Снабдување.
Парно греење нема во делови од скопските населби Кисела Вода, Капиштец, Ново Лисиче, Аеродром, но и во други населени места.
Од ЕСМ Снабдување додаваат дека се користат сите расположливи ресурси, а екипите преземаат засилени мерки и вложуваат максимални напори за што побрзо воспоставување на редовно снабдување со топлина до потрошувачите.
Очекувањата се дека снабдувањето брзо ќе биде нормализирано.
Коцевски: Постапката за Груби продолжува, иако е во бегство
Без разлика што е во бегство, и за Артан Груби и за другиот осомничен, постапката и натаму продолжува и јавноста ќе биде известена, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за медиумите прашан дали има напредок во истрагата за поранешниот вицепремиер, додавајќи дека и покрај меѓународната потерница, јавните обвинители и „понатаму преземаат дејствија во однос на постапката“.
Коцевски пред почетокот на 14-тата седница на Советот на јавни обвинители прашан дали има предистрага за судијата Енвер Беџети, ставен на „црната листа“ на САД, одговори дека „заедно со тој предмет што се однесува и за судијата, и за Артан Груби и, евентуално, за друг сторител, се води предистражна постапка и понатаму ќе се види како ќе се одвива.
Соопшти дека не е почната истрага за ставањето во фиока на предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
„Истрага не, се уште се работи за предистрага, се прибираат докази и за тој предмет јавноста ќе биде известена, а во моментот за оние дејствија што се преземени од наша страна, јавноста е известена“, изјави Коцевски.
За случајот со ЕСМ, јавниот обвинител посочи дека Основното јавно обвинителство Битола води постапки за шест јавни тендери.
„Можам да истакнам сега дека интензивно се работи и плус е вклучена Финансиската полиција. Се надеваме на брзо доаѓање до евентуални докази“, рече Коцевски.
На прашање дали Обвинителството го истражува сертификатот за англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, како и за голем број други спорни сертификати за кои се зборуваше во јавноста, обвинителот одговори дека за предметот со Христовски чекаат одговор на барањето што е доставено до Бугарија за меѓународна правна помош.
Како што појасни, барањето до колегите од Бугарија е дали сертификатот е издаден од надлежен орган односно школа, институција или некоја установа која во моментот давала такви сертификати и била регистрирана.
„Во однос на сертификатите, и министерот за внатрешни работи изјави дека по негово сознание има околу 500 сертификати кои наводно биле фалсификувани. Што се однесува за лицето што го спомнавте, и за тој предмет до бугарските надлежни органи доставено е барање за меѓународна правна помош, штом го добиеме, ќе постапиме и ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, изјави Коцевски.
На прашање како го коментира тоа што на собраниска комисија е негативно оценет Годишниот извештај на Советот за јавни обвинители и дали смета дека петтемина членови во Советот кои ги избира Собранието треба да поднесат оставка од морални причини, Коцевски одговори дека тоа не може да го коментира зашто тоа, рече, е став на Советот и е нивна морална обврска дали ќе поднесат оставка.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете