Вести
Трет обид на бугарските пратеници да изберат претседател на Парламентот

Бугарските пратеници претпладнево ќе одржат нова седница, што ќе биде трет обид да изберат претседател на 51. Народно собрание.
Веќе беа направени два неуспешни обиди за избор на претседател на Народното собрание - на отворањето на новиот парламент на 11 ноември и еден ден подоцна.
На 13 ноември пратениците повторно не успеаја да се договорат кој да раководи со институцијата, па состанокот беше прекинат, јави БТА.
За функцијата беа предложени пет кандидати - Андреј Цеков од „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), Петар Петров од „Преродба“, Наталија Киселова од „БСП - Обединета левица“, Николета Кузманова од „Има таков народ“ и Раја Назаријан од ГЕРБ-СДС.
Раја Назарјан и Андреј Цеков излегоа на втор круг во двете постапки за избор на претседател, но ниту еден од нив не го доби потребниот број гласови.
На неодамна одржаните парламентарни избори во Бугарија, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доби најмногу гласови, но недоволно за самостојно да формира влада.
види ги сите денешни вести
Израелски министер најави преговори за втората фаза од прекинот на огнот во Газа

Израел оваа недела ќе почне индиректни разговори со палестинската радикална група Хамас за втората фаза од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и бара целосна демилитаризација на крајбрежната енклава, изјави Гидеон Сар, министер за надворешни работи на Израел.
Преговорите меѓу Израел и Хамас, кого САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, за втората фаза од договорот требаше да почнат на 2 февруари.
Но, Катар, кој посредува заедно со Египет и САД, кажа дека разговорите сè уште не се официјално започнати.
„Тоа ќе се случи оваа недела“, рече Сар на прес-конференција во Ерусалим на 18 февруари.
Од друга страна, вонредниот состанок на Арапската лига за Појасот Газа, првично закажан за следната недела, е одложен за 4 март, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.
Египет, како домаќин на состанокот, соопшти дека новиот датум е договорен со членките на Арапската лига како дел од „суштинските и логистички подготовки“ за самитот.
Состанокот беше свикан како одговор на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да го преземе воено разурнатиот Појас Газа и да ги премести палестинските жители на други локации, вклучувајќи ги Египет и Јордан.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин на лидерите на Египет, Јордан, Катар и Обединетите Арапски Емирати за да ги изложат нивните планови за обнова на Газа, а истовремено да се осигураат дека Палестинците ќе останат на нивната земја.
Договорот за прекин на огнот, кој вклучува враќање на 33 израелски заложници во замена за стотици палестински затвореници и притвореници, се одржа и покрај низата проблеми и наводи за прекршувања кои се заканија да го исфрлат од колосек.
Сепак, преговорите за втората фаза се очекува да бидат тешки, бидејќи вклучуваат прашања како што е управувањето со Појасот Газа, за кое се чини дека постои голем јаз меѓу страните.
„Нема да прифатиме континуирано присуство на Хамас или која било друга терористичка организација во Газа“, рече Сар.
Тој додаде дека доколку преговорите бидат конструктивни, Израел ќе остане ангажиран и може да ја продолжи првата фаза од прекинот на огнот, кој треба да трае шест недели.
Досега се вратени 19 израелски заложници во замена за ослободување на стотици палестински затвореници.
Заложниците беа заробени во напад предводен од Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе.
Повеќе од 48.000 Палестинци се убиени во следните израелски операции во Појасот Газа, според здравствените власти на територијата под контрола на Хамас.
Украинскиот напад врз рускиот гасовод го намалува извозот на казахстанска нафта

Украинскиот напад со беспилотно летало врз главниот нафтовод што минува низ јужна Русија би можел да го намали обемот на извозот на нафта за речиси една третина во следните два месеци, соопшти во вторник (18 февруари) руската државна компанија „Транснефт“.
Седум беспилотни летала со експлозив удриле во понеделникот во пумпна станица на конзорциумот на Каспискиот нафтовод, кој транспортира казахстанска нафта низ јужна Русија за извоз преку Црното Море, вклучително и во Западна Европа.
„Последиците од овој напад ќе бидат елиминирани во рок од месец и пол до два месеци, што може да доведе до пад од 30 отсто на количината на нафта испумпана од Казахстан“, соопшти Транснефт.
Гасоводот долг 1500 километри е во сопственост на конзорциум кој ги вклучува руската и казахстанската влада, како и западните енергетски компании Шеврон, Ексон Мобил и Шел.
Околу 80 отсто од извозот на сурова нафта на Казахстан и околу еден отсто од вкупната глобална понуда минуваат низ него. Три четвртини од 63 милиони тони што поминаа низ гасоводот минатата година беа испумпувани од западни енергетски компании, соопшти во вторникот Транснефт.
На прашањето на АФП како ќе ја пренасочи нафтата и какво влијание може да има врз економијата на Казахстан, Министерството за енергетика на земјата рече дека „во моментов ги утврдува сите детали за ова прашање“.
Казахстан, кој во голема мера се потпира на руската инфраструктура, ги засили напорите да ги диверзифицира своите патишта за извоз на енергија во времето на руската инвазија на Украина.
Киев ја напаѓа руската енергетска инфраструктура за време на тригодишниот конфликт, сакајќи да ги погоди локациите за кои вели дека ја снабдувааат со гориво руската војска или обезбедуваат ресурси за поддршка на нејзината инвазија.
Бербок: Германски војници нема да бидат испратени во Украина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во вторник (18 феврауари) ја нарече тековната дебата за можните европски мировни трупи во Украина предвремена.
„Ниту еден војник нема да бидат испратени во оваа жешка војна“, рече Бербок за јавниот радиодифузен сервис ZDF. Дебатата во европските метрополи беше поттикната од едностраното соопштение на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни преговори околу Украина со Русија и забелешките од Трамп и други високи американски официјални претставници дека американските трупи нема да бидат вклучени во обезбедувањето на каков било мировен договор во Украина.
Бербок призна дека „зачувувањето на мирот е европска задача“ и рече дека за каков било договор за Украина не може да се преговара без учество на Украина и на Европа. Но, Бербок рече дека е премногу прерано да се дебатира за подготвеноста да се распоредат војници во Украина пред да започнат разговорите.
Во вторникот, највисоките претставници на САД и Русија се состанаа на разговори во Саудиска Арабија, без учество на украински или европски претставници.
Разговорите во Ријад беа пред сè можност за САД и Русија да остварат контакт, рече Бербок.
„Сега не треба да направиме огромна грешка и да му направиме услуга на рускиот претседател Владимир Путин со тоа што ќе ги направиме овие разговори поголеми отколку што всушност се. На прашањето дали Германија може да прифати преговорите да се одвиваат без Украина и Европејците, Бербок категорично одговори:
„Не“.
Таа сепак додаде дека Европа мора да биде самоуверена, јасна и да застане во одбрана на своите интереси.
На самитот во Париз, имаше поделби околу тоа дали европските земји ќе бидат подготвени да придонесат со војници во можните мировни сили за да се обезбеди каков било договор за прекин на огнот.
Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер ја сигнализираше неговата подготвеност да испрати британски војници и ги повика другите да се приклучат, иако Шолц ја опиша целата дебата како „иритирачка“ и „предвремена“ од европските предлози.
И францускиот претседател Емануел Макрон предизвика реакции пред неколку месеци сугерирајќи дека француските и европските трупи би можеле да бидат распоредени во Украина.
Средба Вулин-Шојгу во Москва

Српскиот вицепремиер Александар Вулин и секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација Сергеј Шојгу најавија дека ќе го интензивираат дијалогот за да се спротистават на „обоените револуции“.
Во соопштението на српската влада, објавено по средбата меѓу Вулин и Шојгу во Москва на 18 февруари, се наведува дека „руската страна изразила подготвеност да продолжи да му дава поддршка на братскиот народ на Србија за одржување на стабилноста“.
„Потврдено е категоричното отфрлање на надворешното мешање во внатрешните работи на суверените држави“, се додава во соопштението.
Тврдењата на српските и руските функционери за „обоени револуции“ доаѓаат во време на масовни протести во Србија, каде демонстрантите повеќе од три месеци инсистираат на одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 15 февруари оцени дека е во тек обид за „обоена револуција“, обвинувајќи ги неименуваните центри на моќ дека „инвестиле три милијарди евра“ во рушење на државата.
„Обоена револуција“ е термин кој се користи за опишување на соборувањето на авторитарните режими во поранешниот Советски Сојуз, како што е Украинската портокалова револуција од 2004/2005 година.
По средбата меѓу Вулин и Шојгу во Москва, беше соопштено дека двете страни се договориле да продолжат контактите преку Советот за безбедност на Руската Федерација „во интерес на зајакнување на традиционално пријателските врски меѓу Србија и Русија, како и народите на двете земји“.
Ден пред средбата Вулин-Шојгу, шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ во Москва се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
По таа средба Лавров изјави дека Русија го осудува мешањето на други, пред се западни земји, во внатрешно-политичките процеси во Србија.
Европската Унија реагираше на средбата меѓу Ѓуриќ и Лавров во Москва.
Портпаролот на Европската комисија на 17 февруари изјави дека Србија, како земја кандидат за влез во Европската Унија, треба да се воздржи од акции и изјави кои се спротивни на надворешната политика на ЕУ.
Србија, заедно со Турција, е единствената земја кандидат за членство во ЕУ која не се приклучи на европските санкции против Русија.
Обвинителката Крстевска Цалева бара да не биде шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје

Советот на јавни обвинители на следната седница ќе одлучува по барањето на јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, на денешната седница, информира дека во текот на вчерашниот ден (17 февруари) до Советот е поднесена молба или барање од страна на обвинителката Наташа Крстевска Цалева.
Како што посочи Димитриевска, обвинителката навела дека „бидејќи од скоро време е во Вишото јавно обвинителство и сака да се посвети на предметното работење, бара да биде ослободена од обврската за раководење со ова обвинителство и неа да ја преземе друг обвинител“.
Наташа Крстевска-Цалева за раководител на ова јавно обвинителство едногласно беше избрана од Советот на јавните обвинители на 10 февруари, на предлог на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Нејзиното назначување дојде по суспензијата на шефот на скопско јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран од функцијата и против кого се води кривична и дисциплинска постапка.
Еден ден по изборот на Крстевска-Цалева, владината портпаролка Марија Митева соопшти дека Владата го задолжила Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Меѓу аргументите за донесената одлука, покрај последниот извештај на Транспаренси интернешнл за перцепцијата на корупција, Митева го наведе и, како што рече, последното именување на вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство, односно назначувањето на Крстевска-Цалева, одлука која според Владата била незаконска.
Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска(18 февруари) ќе биде разгледан на седница на Влада, по што ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители. Обвинителот Коцевски пак изјави дека доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска постапка, тој ќе го прифати разрешувањето, додавајќи дека „доколку не се исполнети условите од Законот за јавно обвинителство, јавноста ќе цени дали сум разрешен законски или незаконски“.
Песков: Нема да ја спречиме Украина да влезе во ЕУ, ама остануваме против да биде дел од НАТО

Трајно решение во Украина е „невозможно“ без решавање на поширокото прашање на европската безбедност, соопшти во вторник (18 февруари) Кремљ, додека САД и Русија ги одржаа првите разговори на високо ниво по офанзивата на Москва против Киев.
Пред да ја започне својата офанзива во февруари 2022 година, Москва побара од НАТО да се повлече од централна и источна Европа.
„Трајно и долгорочно одржливо решение е невозможно без сеопфатно разгледување на безбедносните прашања на континентот“, рече Песков, одговарајќи на прашање на АФП.
Тој, исто така, рече дека Москва нема да ја спречи Украина да се приклучи на Европската Унија, повторувајќи дека останува против Киев да биде дел од НАТО.
„Во однос на пристапувањето на Украина во ЕУ, тоа е суверено право на која било земја... Никој не може да диктира на друга земја и ние не планираме да диктираме“, рече Песков додавајќи:
„Но, тоа е сосема поинаку кога станува збор за безбедносни прашања и воени сојузи. Овде имаме поинаков пристап кој е добро познат“, рече тој.
Москва во 2014 година го анектира Крим и ги поддржа вооружените проруски сепаратисти на исток, откако про-ЕУ револуција го собори лидерот на Украина, a пријател на Москва.
Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин е „подготвен“ да разговара со украинскиот колега Володимир Зеленски.
„Самиот Путин рече дека ќе биде подготвен да преговара со Зеленски доколку е потребно, но потребна е дискусија за правната основа на договорите со оглед на реалноста дека легитимитетот на Зеленски може да се доведе во прашање“, рече Песков.
Петгодишниот мандат на Зеленски ќе истечеше минатата година, но украинскиот закон не налага претседателските избори да се одржат кога земјата е во воена состојба.
Москва го игнорира тоа и постојано нагласува дека не го гледа Зеленски како „легитимен“ претседател.
Зеленски рече дека би бил подготвен за „компромис“ и да се сретне со Путин, но само откако Украина и нејзините сојузници договорат заедничка позиција за тоа како да се стави крај на војната.
Фон дер Лајен: ЕУ сака да биде партнер на САД во обезбедувањето мир за Украина

Европската Унија сака да биде партнер со САД за да се обезбеди праведен и траен мир за Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по нејзината средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генералот Кит Келог.
„Финансиски и воено, Европа придонесува (за поддршка на Украина) повеќе од кого било друг. И ќе ја зајакнеме. Сега е критичниот момент“, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс.
Европската комисија соопшти дека на средбата со Келог, Фон дер Лајен ја нагласила клучната улога на ЕУ во обезбедувањето на финансиската стабилност и одбрана на Украина, со вкупна поддршка од 135 милијарди евра (околу 145 милијарди долари), што е повеќе од кој било друг сојузник. Во соопштението се додава дека ова вклучува и 52 милијарди долари воена помош, што е на ниво на американската поддршка за Украина.
„Претседателката фон дер Лајен истакна дека ЕУ целосно го покрива својот дел од воената помош за Украина и е подготвена да направи уште повеќе. Таа ги истакна плановите на Европа за зголемување на производството и трошоците за одбрана, зајакнувајќи ги европските и украинските воени капацитети“, се наведува во соопштението.
Потврдувајќи ја посветеноста на ЕУ за праведен и траен мир во Украина, Фон дер Лајен повторила дека при тоа мора да се почитуваат украинските независност, суверенитет и територијален интегритет, поддржани со силни безбедносни гаранции.
„Таа, исто така, ја изрази подготвеноста на ЕУ да работи заедно со САД за да се стави крај на крвопролевањето и да помогне да се обезбеди праведен и траен мир, што Украина и нејзиниот народ со право го заслужуваат“, се додава во соопштението на Европската комисија.
Келог вчера(17 февруари)во Брисел се сретна и со еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус, како и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Израел потврди дека војниците ќе останат на „пет позиции“ во јужен Либан

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац потврди дека војниците ќе останат на пет позиции во јужен Либан по истекот на крајниот рок за повлекување. Тој вети дека ќе биде преземена акција против секое прекршување на примирјето од страна на милитантната група Хезболах.
Израелската војска „ќе остане во тампон зона во Либан со пет контролни позиции и ќе продолжи да дејствува силно и бескомпромисно против секое прекршување на Хезболах“, рече Кац кратко по истекот на продолжениот рок за повлекување на Израел од Либан, според договорот за примирје од 27 ноември.
Израел неколку часа пред крајниот рок за повлекување најави дека ќе ги задржи војниците во „пет стратешки точки“ во близина на границата.
Либански безбедносен извор претходно за АФП потврди дека „израелската армија се повлече од сите погранични села освен од пет точки“.
Прекинот на огнот меѓу Израел и милитантната група поддржана од Иран е на сила од крајот на ноември, по повеќе од една година непријателства, вклучително и двомесечната сеопфатна војна во која Израел започна копнени операции.
Кац рече дека одлуката да се остане на либанска територија е донесена „во согласност со одлуката на политичкиот ешалон, за да се обезбеди заштита на сите израелски заедници и одвраќање од заканите од Либан“.
Министерот исто така рече дека силите се засилени на израелската страна на границата.
„Хезболах мора целосно да се повлече надвор од реката Литани, а либанската армија мора да го спроведе и разоружа под надзор на механизмот воспоставен од САД. Ние сме решени да обезбедиме целосна безбедност на сите заедници на северот“, рече Кац, мислејќи на условите од договорот за прекин на огнот.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Според прекинот на огнот, со посредство на Вашингтон и Париз, либанската војска требаше да се распореди заедно со мировниците на Обединетите Нации, бидејќи израелската армија се повлече во период од 60 дена, кој беше продолжен до 18 февруари.
Хезболах требаше да се повлече северно од реката Литани, на околу 30 километри од границата и да ја размонтира преостанатата воена инфраструктура таму.
Инаугурација на хрватскиот претседател Милановиќ за втор мандат

Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ денеска (18 февруари) ќе положи заклетва за својот втор петгодишен мандат. На инаугурацијата во Претседателската палата на Пантовчак ќе присуствуваат околу сто гости, меѓу кои и четворица потпретседатели на Саборот, но никој од Владата.
Милановиќ повторно беше избран за претседател на 12 јануари, кога во вториот круг го победи својот противкандидат Драган Приморац, поддржан од ХДЗ.
Инаугурацијата, која ќе започне на пладне, ќе ја следат поранешни претседатели на државата, претставници на институции и здруженија, припадници на вооружените сили, верски лидери, лидерите на партиите што го поддржаа Милановиќ, како и неговото семејство и пријатели.
Свеченоста ќе започне со постројување на Почесната гарда пред Претседателската палата, а потоа претседателот Милановиќ со сопругата Сања ќе влезе во свечената сала, каде што ќе бидат поканетите гости и судиите на Уставниот суд.
На оваа инаугурација ќе има повеќе гости отколку пред пет години, кога присуствуваа околу 40 лица. Меѓу гостите ќе бидат и тројца поранешни претседатели – Стипе Месиќ, Иво Јосиповиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ.
Милановиќ испратил покани до премиерот Андреј Пленковиќ и потпретседателите на Владата, но тие нема да присуствуваат. На свеченоста нема да дојдат ниту претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, и потпретседателот Жељко Рајнер од ХДЗ.
Во Ријад ќе преговараат високи претставници на САД и на Русија

Високи американски и руски претставници, вклучително и министрите за надворешни работи на двете земји, денеска ќе разговараат за подобрување на билатералните односи и преговори за ставање крај на војната во Украина. Тоа ќе биде најзначајната средба меѓу САД и Русија од целосната инвазија на руските трупи во соседната земја пред речиси три години.
Разговорите во Саудиска Арабија означуваат уште еден важен чекор на администрацијата на Трамп за промена на американската политика на изолација на Русија и имаат за цел да го отворат патот за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, јавија светските агенции.
Франција синоќа (17 февруари) свика итен состанок на земјите од Европската Унија и Велика Британија за да одлучат како треба да реагираат Европејците.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешни работи Јуриј Ушаков вчера пристигнаа во главниот град на Саудиска Арабија. Ушаков рече дека разговорите ќе бидат „чисто билатерални“ и нема да вклучуваат украински претставници.
Според него, делегацијата на САД е составена од „сериозни луѓе“, но наведе дека Русија „исто така дојде со сериозен пристап“.
„Важно е да се започне вистинска нормализација на односите меѓу Русија и САД“, рече тој.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе се сретнат со руската делегација, изјави портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека разговорите ќе бидат насочени првенствено кон „обновување на целиот спектар на руско-американски односи, како и подготовка за можни преговори за украинското решение и организирање средба на двајцата претседатели“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете