Достапни линкови

Вести

Гласањето тече „непречено“ на клучните избори за Грузија

Грузија - Изборен процес во Рустави, 26 октомври 2024 година
Грузија - Изборен процес во Рустави, 26 октомври 2024 година

Гласачите излегуваат на гласачките места во Грузија на 26 октомври за да го дадат својот глас на парламентарните избори кои се сметаат за клучни за идната насока на кавкаската земја или кон Европската Унија или кон Русија.

На изборите се соочуваат владејачката партија Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, со поделената опозиција која се залага за интеграција со Западот.
Грузиски сон ги прикажа изборите како избор на мир или војна, велејќи дека ако опозицијата победи, тоа ќе ја вовлече Грузија во војна против Русија.

Опозицијата го окарактеризира гласањето како избор меѓу Западот и Русија и меѓу демократијата и авторитаризмот, наратив што го повторија официјални лица во САД и Европа кои беа критички настроени кон Грузиски сон за демократско назадување.

Натија Јоселиани, портпаролка на Централната изборна комисија, утрото за медиумите изјави дека по „мали технички дефекти“, процесот се одвива „мирно“ во сите 3111 избирачки места.

Новиот изборен систем значи дека партиите или коалициите треба да го исполнат прагот од 5 проценти за да влезат во парламентот. Тоа ги мотивираше опозициските партии во Грузија да формираат коалиции кои имаат разумни шанси да го надминат прагот.

Грузискиот сон е основан од милијардерот поранешен премиер Бидзина Иванишвили, најбогатиот човек во Грузија. Кремљ не крие дека ја претпочита победата на Грузиски сон.

Анкетите покажуваат дека Грузијците во голема мера го поддржуваат пристапувањето во Европската унија и НАТО, но исто така сакаат да избегнат конфликт со Русија и се длабоко конзервативни за прашања како што се правата на ЛГБТ.

Меѓу контроверзните нацрт-закони што ги усвои Грузискиот сон е закон со кој се бара од групите кои добиваат 20 или повеќе проценти од своето финансирање од странство да се регистрираат како „странски агенти“.

Противниците го нарекоа „руски закон“, опишувајќи го како авторитарен и инспириран од слични закони што се користат за спречување на несогласувањето во Русија.

Усвојувањето на законот претходно оваа година предизвика големи протести и ги поттикна Соединетите држави да воведат санкции за неколку Грузијци и да се заканат дека ќе ја прекинат помошта за Тбилиси.

Европската Унија може да размисли за привремено укинување на безвизниот режим со Грузија доколку изборите „не бидат слободни и фер“, изјави во септември амбасадорот на блокот во Тбилиси.

Други контроверзни закони ги ускратија правата на хомосексуалците

Четирите опозициски партии кои најверојатно ќе го надминат прагот од 5 проценти се Единство, Да ја спасиме Грузија, коалиција предводена од поранешното владејачко Обединето национално движење (ЕНМ), Коалиција за промени, главно составена од поранешни личности поврзани со ЕНМ, Силна Грузија, идеолошки широка коалиција која се обиде да се позиционира ниту како ЕНМ ниту како Грузиски сон и За Грузија, партија која се отцепи од Грузиски сон.

Во кампањата тие го насочија својот оган кон владејачката партија, а не кон едни кон други, имајќи заедничка цел да се стави крај на 12-годишното владеење на Грузискиот сон и да се оживее застојот на Грузија за пристап во Европската унија.

Тие се согласија дека во случај на победа на опозицијата, ќе му дозволат на претседателот Саломе Зурабишвили да формира технократска влада која ќе ги врати добрите односи со Западот и ќе ги укине најавторитарните закони што Грузиски сон ги донесе во пресрет на кампањата.

Зурабишвили, чија улога е главно церемонијална, беше во судир со Грузиски сон.

За прв пат, Грузија користи нов електронски систем за пребројување на гласачките ливчиња, со хартиена резервна копија, со резултати кои се очекуваат еден до два часа по затворањето на гласачките места во 20 часот по локално време.

види ги сите денешни вести

Мексико не сака депортирани од САД кои се со потекло од други земји

Кубанскa имигрантка кој бара азил во САД, Мексико
Кубанскa имигрантка кој бара азил во САД, Мексико

Мексико сака да постигне договор со администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за да не мора да прифаќа депортирани кои потекнуваат од трети земји во случај на масовни депортации на нерегуларни мигранти од САД, изјави денеска (5 декември) мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум.

Трамп вети дека ќе ги депортира мигрантите кои живеат илегално во САД, а неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека ќе депортира милион луѓе годишно, пренесува Ројтерс.

Мексико е клучна алка во американската имиграциска политика во последниве години, прифаќајќи имигранти од земји како Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела кои биле депортирани од САД.

Сложените дипломатски односи што САД ги имаат со некои од овие земји го отежнуваат депортирањето на мигрантите од овие националности директно во нивните земји на потекло.

„Се надеваме дека ќе постигнеме договор со администрацијата на Трамп, така што, ако дојде до тие (масовни) депортации, тие да ги испраќаат луѓето од други земји директно во нивните земји на потекло“, рече Шејнбаум на прес-конференција.

Мексиканската претседателка додаде дека Мексико е „во солидарност со сите, но главна цел е да прими Мексиканци“.

Францускиот премиер Мишел Барние поднесе оставка

Францускиот премиер Мишел Барние на седницата на француското национално собрание, Париз, 3 декември 2024.
Францускиот премиер Мишел Барние на седницата на француското национално собрание, Париз, 3 декември 2024.

Францускиот премиер Мишел Барние поднесе оставка откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада, втурнувајќи ја втората по големина економија на еврозоната подлабоко во политичка криза.

Претседателот Емануел Макрон побара од Барние и владата привремено да останат на функцијата додека тој не го номинира новиот премиер, објави Елисејската палата, пренесува Ројтерс.

Барние, политички ветеран и преговарач на Европската унија за Брегзит, стана премиер со најкраток стаж во модерната француска историја.

Ниту една француска влада не ја изгуби довербата во парламентот, уште од Жорж Помпиду во 1962 година.

Политичките превирања дополнително ја ослабуваат Европската унија, која веќе беше потресена од падот на германската коалициска влада, а сето тоа доаѓа само неколку недели пред враќањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа.

Левицата и десницата го казнија Барние со гласање недоверба на 4 декември затоа што се обиде низ парламентот да протурка дел од буџетот поврзан со социјалното осигурување, без гласање.

Ова дополнително ја ослабува позицијата на претседателот Макрон, кој ја забрза актуелната криза со несреќната одлука за распишување предвремени избори во јуни.

Макрон, кој се соочува со зголемени повици да поднесе оставка, има мандат до 2027 година.

„Главниот виновник за сегашната ситуација е Емануел Макрон“, рече на 4 декември лидерката на Националното собрание, Марин Ле Пен.

„Распуштањето (на парламентот во јуни) и цензурата (на владата) се последица на неговата политика и значајната поделба што постои денес меѓу него и Французите“, посочи таа.

Три извори изјавија за Ројтерс дека Макрон има намера брзо да постави нов премиер, а еден од нив изјави дека францускиот претседател сака да именува премиер пред церемонијата на повторното отворање на катедралата Нотр Дам, на 7 декември , каде се очекува да присуствува Трамп.

Сибиха на самитот на ОБСЕ: Лавров е воен злосторник

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на 31. самит на ОБСЕ, Та'Кали, Малта, 5 декември 2024
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на 31. самит на ОБСЕ, Та'Кали, Малта, 5 декември 2024

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, го нарече неговиот руски колега, Сергеј Лавров, „воен злосторник“, за време на меѓународниот состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на 5 декември, во Та'Кали, Малта, јавува АФП.

„Украина продолжува да се бори за своето право да постои. И рускиот воен злосторник на оваа маса мора да знае: Украина ќе го добие ова право и правдата ќе победи“, рече Сибиха.

Тој, исто така, порача дека учеството на Русија во организацијата е „закана за соработката во Европа“ и „најголема закана за нашата заедничка безбедност“.

Според дипломатски извор на АФП, министрите од Полска и Латвија и шест други делегати излегле кога Лавров се обратил на состанокот.

Тој, седејќи меѓу претставниците на Сан Марино и Романија, ги обвинил НАТО и ЕУ дека го политизираат ОБСЕ и го прават ирелевантен.

Руската агенција РИА Новости јавува дека Лавров смета оти „Западот стои зад „реинкарнацијата на Студената војна, само сега со многу поголем ризик од транзиција кон жешка војна“.

Зборувајќи со новинарите потоа, Лавров, исто така, го обвинил Западот дека не ги послушал „многу јасните предупредувања“ на Москва за опасностите од испраќање трупи за поддршка на Украина, поради шпекулациите за можни распоредувања.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го критикувал рускиот претседател Владимир Путин за „империјалниот проект за бришење на Украина од мапата“.

Тој, исто така, го обвинил Лавров, кој во тој момент ја напуштил просторијата, за „давење на слушателите со цунами на дезинформации“.

Блинкен ја напушти Малта без да се сретне со својот руски колега.

Украина, исто така, претходно повика Русија да биде исклучена од ОБСЕ, а минатата година го бојкотираше годишниот министерски самит на организацијата во Северна Македонија поради присуството на Лавров, каде рускиот дипломат ја обвини ОБСЕ дека станува „додаток“ на НАТО и ЕУ.

Лавров, кој е санкциониран од Европската Унија, не го посетил блокот од декември 2021 година кога присуствуваше на состанокот на ОБСЕ во Стокхолм, објавија руските медиуми.

Бубевски: Со конфискација да се покаже дека криминалот е неисплатлив

Основниот јавен обвинител, Гаврил Бубевски
Основниот јавен обвинител, Гаврил Бубевски

Конфискацијата на незаконски стекнатиот имот е клучна за да се покаже дека криминалот е неисплатлив. Ова го истакна шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, пред студентите Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.

Како што соопштуваат од Јавното обвинителство, фокусот на предавањето бил на организациската поставеност на Обвинителството и улогата на јавните обвинители во борбата против корупцијата.

„Затворската казна не е доволна. Таа може да влее страв кај сторителите на кривични дела, но преку конфискацијата и одземањето на незаконскиот имот ние мора да им покажеме дека криминалот е неисплатлив“, рече Бубевски пред студентите.

Предавањето е дел од активностите за одбележување на 9 декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

По овој повод, претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели, зборувал на панел-дискусија за клучните активности и предизвици за градење на систем отпорен на корупцијата.

Тој истакнал дека борбата против корупцијата не може да биде одговорност на една институција или на еден поединец, како и дека „се јакнат капацитетите на истражните центри и тоа најмногу благодарение на донации од меѓународните партнери, кои ја препознаваат важноста на борбата против корупцијата и се зголемува бројот на финансиски истраги“.

Северна Македонија е рангирана на 76. место од 180 држави во светот, според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година, објавен од меѓународната организација Транспаренси Интернешнл на почетокот на 2024.

Земјава има освоено 42 бода на скалата во која нула значи дека една држава е многу корумпирана, а 100 – некорумпирана, односно држава чиста од корупција.

Во споредба со извештајот за 2022 година, Северна Македонија бележи скок од девет места – тогаш беше рангирана на 85. позиција, но ако се гледаат освоените поени, има само два плус во споредба со една година претходно.

Тоа што има 42 поени значи дека во земјава останува високото ниво на корупција.

МОН формираше комисија за случајот со ученикот од „Лазо Ангеловски“

Министерство за образование и наука
Министерство за образование и наука

Интердисциплинарна комисија ќе го разгледува случајот со третоодделенецот од основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје кој требаше да биде префрлен во основното училиште „11 октомври“, најави Министерството за образование и наука (МОН).

„На иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветни мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани“, велат од МОН.

Поради овој случај денеска (5 декември) немаше настава во двете скопски училишта.

Третоодделенецот од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“.

Родителите на ученици од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во матичното училиште „Лазо Ангеловски“, денеска (5 декември) празно остана и ова училиште.

Според вчерашната изјава на министерката Весна Јаневска, случајот добил преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност и обем.

„Системот на државата е должен да му овозможи на било кое дете да поминува низ образовен процес. Училиштето од каде што потекнува детето, на располагање има психолог, педагог и директор и цел систем за да го реши проблемот. Ист таков систем има и училиштето во кое што оди сега детето. Тоа не смее да остане на улица“, изјави Јаневска.

Основното образование е задолжително во Северна Македонија.

Министерката повика на разум и рече дека ако училиштата, стручните служби, општините не најдат решение, проблемот ќе го решава МОН.

РЕК Битола раскина еден од тендерите со „Марковски“, вреден 46 милиони евра

Рударско-енергетски комбинат „Битола“ (РЕК Битола)
Рударско-енергетски комбинат „Битола“ (РЕК Битола)

РЕК Битола еднострано го раскина договорот со Марковски Компани за ископ на јаглен и јаловина затоа што фирмата несовесно и неквалитетно ги извршувала задачите, соопшти денеска (5 декември) директорот на термоелектраната Тони Петрушевски.

Тој посочува дека со раскинувањето на тендерскиот договор, активирана е банкарската гаранција од речиси два милиони евра.

„Овој економски оператор, со неодговорно постапување, покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата. Во тој контекст, со несоодветна динамика за отстранување на јаловинските маси ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино“, вели Петрушевски.

Тој додава дека на раскинувањето на договорот, му претходеле опомени и укажувања, но фирмата, како што вели, продолжила со несериозниот однос.

„Станува збор за договор склучен на 13 февруари годинава, чие извршување престанува да важи согласно член 15 според кој една од страните може да го раскине пред истекот на важноста, доколку другата страна не ги извршува договорните обврски“, додава Петрушевски.

Овој тендер е во вредност од 46 милиони евра и се однесува на договор склучен за ископ на јаглен во рудникот Брод -Гнотино. Но, според податоците од Бирото за јавни набавки, Марковски има склучено десетина други тендери со РЕК Битола, чија што важност е се уште во сила.

Само последните три тендери кои фирмата „Марковски “ ги доби од РЕК Битола во последните три месеци „тежат“ околу два и пол милиони евра. Тие се однесуваат на браварско-заварувачки работи, ангажирање на градежна помошна механизација и ремонтни активности.

Оваа компанија во изминатиот период добиваше најголем број од тендерите за ископ на јаловина во РЕК Битола, за кои државната компанија плаќаше милионски суми.

„Марковски компани“ е компанија која лани имала најголем удел во јавните набавки, со вкупно 20 договори со ЕСМ, вредни 52 милиони евра. Сите договори биле за ангажирање механизација и работна рака во РЕК Битола.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција критикуваше дека тендерите склучени со оваа фирма се „местени“ во корист на тогашното раководство поставено од СДСМ.

Ѓорѓиевски: Градоначалници да се отповикуваат на референдум, за да нема нови неуспешни примери

Орце Ѓорѓиевски, претседател на Заедницата на единиците на  локалната самоуправа и градоначалник на Кисела Вода
Орце Ѓорѓиевски, претседател на Заедницата на единиците на  локалната самоуправа и градоначалник на Кисела Вода

Градоначалниците да можат да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат е предлог кој го подготвуваат работни групи, за да се направат измени во Законот за локална самоуправа.

„Ќе треба заедно да се седне и со Министерството за локална самоуправа во наредниот период, да се обединат сите сили околу овој закон. Експертската јавност ќе треба јавно да се вклучи, да се дискутира на таа тема. Отповикувањето, според мене, треба да се врши на начин граѓаните по пат на референдум да можат да отповикаат градоначалник“, ијзави претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски по форумот на ЗЕЛС „Здружени“ во ставање крај на родово базираното насилство.

Тој потенцираше дека ова е процес во којшто се засегнати градоначалниците, но, како што нагласи, сите тие едногласно го поддржуваат.

„Сите градоначалници го поддржуваме тој процес, затоа што, за жал, во државава освен во моментот што ни се случува во Градот Скопје, имаме и многу други неуспешни примери и приказни од минатото каде што се чекало да поминат четири години за на некого да му заврши мандатот и затоа имаме состојби во кои во 21 век решаваме фекални канализации, населени места се непокриени со водоводна мрежа, немаат градинки, училиште…“, додаде првиот човек на ЗЕЛС.

Нагласи и дека верува во законско решение кое што во перспектива нема да дозволи да се повтори ситуацијата во Градот Скопје.

Јавниот превоз колабираше минатиот месец откако Бирото за јавна набавка го поништи тендерот за набавка на гориво на ЈСП и автобусите останаа во гаражите. Владата на 21 ноември одлучи да интервенира со гориво од државните резерви за привремено да се нормализира јавниот превоз.

Ова не е прв пат, скопјани да имаат проблем со јавниот превоз. Во февруари годинава, за прв пат Скопје остана цел ден без јавен превоз, затоа што вработените во ЈСП стапија во штрајк поради неисплатени плати.

Во неколку наврати главниот град се соочи со проблеми со несобраното ѓубре од контејнерите. Преку протест вработени во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ лани во јули бараа повисоки плати и враќање на отпуштени работници, за кои што надлежните тврдеа дека не доаѓале на работа, а земале плата.

Ситуацијата во главниот град тогаш ја разгоре вербалната „војна“ меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје, а им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица.

Биткоинот надмина 100.000 долари, владата размислува за законска рамка

Илустрација - Криптовалута биткоин
Илустрација - Криптовалута биткоин

Македонската влада размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки. Според премиерот Христијан Мицкоски, тоа е иднината.

„Сакаме сето тоа легално да го канализираме во рамки на законот, но има премногу работи што треба претходно да се усогласат и тоа и го правиме - ги усогласуваме тие работи за да дојдеме до финалниот производ. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, такво нешто да направиме“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната (5 декември ) прес-конференција за новогодишната кошничка.

Инаку, цената на биткоинот за прв пат денеска надмина 100.000 долари, достигнувајќи рекордно високо ниво.

Вредноста на најпознатата криптовалута во светот е зголемена поради растечките надежи дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе усвои низа политики кои ги поддржуваат криптовалутите, пишува Ројтерс.

Највисокото ниво на биткоинот беше достигнато неколку часа откако Трамп рече дека ќе го номинира поранешниот комесар на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Пол Аткинс, исто така застапник за криптовалути, да ја води КХВ.

Се смета дека Аткинс е многу повеќе наклонет кон криптовалутите од сегашниот шеф на КХВ, Гери Генслер.

Вредноста на еден биткоин е еден од барометрите на оптимизмот во индустријата за криптовалути, кој сега се проценува на 3,3 трилиони долари, според аналитичката компанија „Coin Market Cap“.

Сириската армија соопшти дека ја изгубила контролата над Хама

илустрација
илустрација

Сириската армија денеска (5 декември) призна дека ја изгубила контролата врз стратешкиот централен град Хама за прв пат по избувнувањето на војната во 2011 година, во услови на офанзива на бунтовниците.

„Во текот на изминатите неколку часа, со интензивирањето на конфронтациите меѓу нашите војници и терористичките групи... овие групи успеаја да се пробијат до градот и да влезат во него“, се вели во соопштението на армијата, во кое се додава дека „воените единиците стационирани таму се прераспоредени“ надвор од градот.

Претходно сириските бунтовници соопштија дека ја презеле контролата врз затворот Хама и ги ослободиле затворениците.

„Нашите сили влегоа во централниот затвор во Хама и ослободија стотици затвореници“, напиша Хасан Абдел Гани, водач од единицата за воени операции на бунтовничките фракции, на каналот Телеграм.

Во четвртиот по големина сириски град, Хама, имаше големи демонстрации против претседателот Башар ал-Асад во 2011 година, а масакрот таму во 1980-тите останува меѓу најтемните поглавја во историјата на земјата.

На околу 210 километри северно од главниот град Дамаск, Хама е стратешки позициониран, поради неговата локација меѓу градот Алепо кој бунтовниците го зазедоа на 1 декември и Дамаск, кој важи за моќната база на Асад.

Градот, со население од околу еден милион, е претежно населен од сунити, но има и малцинство од алавитската секта на шиитскиот ислам, на која и припаѓа Асад. Неговото семејство владее со Сирија повеќе од пет децении.

Како и другите сириски градови, Хама се побуни во 2011 година против Асад по бруталното задушување на антивладините протести од страна на владата, што предизвика граѓанска војна што привлече странски сили и џихадисти.

Во тоа време, стотици илјади луѓе излегоа на улиците на Хама, а амбасадорите од САД и Франција се сретнаа со демонстрантите, што предизвика гнев на владата. На 31 јули истата година трупите започнаа голема офанзива против градот, при што според опозициските групи загинале најмалку 139 луѓе.

Осум поранешни членови на комисии ќе добијат апанажа

Собраниска Комисија за прашања на избори и именувања
Собраниска Комисија за прашања на избори и именувања

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска (5 декември) даде поддршка за барањата за апанажа на осум лица од поранешните состави на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и на Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, на кои мандатите им беа прекинати откако двете комисии беа споени со законски измени на 17 септември годинава.

Одобрени се апанажи во времетраење од девет месеци за поранешната претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен Даница Чадиева и за членовите на Комисијата Шефки Јашари, Даниела Бочварска, Виктор Бубевски, Ивана Шапкар и Неждет Винца, како и за претседателката на Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка Елизабета Русевска и членот на Комисијата Кирил Давков.

Комисијата за избори и именувања ги поддржа и барањата за отпреминина поради заминување во пензија на поранешните членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен Менсур Зенуни и Бошко Китановски. Ним им се одобрува двократен износ на отпремина согласно законските прописи.

На седницата на Комисијата беше поништена претходната одлука за избор на заменик директор на Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) и ќе биде доставена нова предлог одлука за објавување јавен оглас, откако претходниот еден од вкупно двајца кандидати не ја доставил потребата документација со што се нарушила конкурентноста на постапката.

Мандатот на актуелниот директор на АЗЛП истекува на 25 декември и Комисијата за прашања на изборите и именувањата до Собранието ќе достави предлог одлука за објавување оглас за избор на нов директор.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG