Достапни линкови

Вести

Ерменија уапси руски активист, Москва го бара за „тероризам“

Плоштадот на Републиката во Ереван
Плоштадот на Републиката во Ереван

Роман Шкловер, 34-годишен активист од руската дијаспора во Ерменија (РДА), денеска (21 октомври) беше приведен во Ереван, на централниот плоштад на Републиката, се вели во соопштението на РДА.

Ерменските власти го уапсија врз основа на меѓународна потерница од Русија, каде што се бара за „јавно оправдување на тероризмот користејќи Интернет“.

Шкловер, чие име е додадено на руската листа на „терористи и екстремисти“, е во тридневен притвор и може да биде екстрадиран во Русија, соопшти групата.

Апсењето е дел од трендот на апсења во Ерменија на руски државјани кои ги бара Москва. Во декември 2023 година, руските безбедносни сили го приведоа Дмитриј Сетраков во Ерменија, а во април оваа година Анатолиј Шчетинин беше приведен во градот Ѓумри.

Двајцата се префрлени во Русија. Активистите и организациите за човекови права изразија загриженост поради овие апсења и вмешаноста на руските безбедносни сили во Ерменија.

види ги сите денешни вести

Мицкоски обвинува земји-членки на ЕУ за булинг кон Северна Македонија, Филипче вели дека единствениот булинг го врши ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски и Венко Филипче
Христијан Мицкоски и Венко Филипче

Северна Македонија е жртва на булинг во процесот на евроинтеграција, тоа треба јасно и гласно да си го признаеме, а и сè повеќе политичари во Брисел тоа го признаваат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во воведното обраќање на Конференцијата „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“, која втор ден во Скопје се одржува во организација на Паневропската Унија на Македонија.

„Македонија е жртва на класичен булинг од земји-членки кои одвнатре го уценуваат нејзиното интегрирање во ЕУ. И тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку според тоа дали ќе го смениме Уставот, името, знамето, банкнотите и така натаму“, рече премиерот.

Тој посочи дека европската интеграција на земјата е можеби единствен случај во Европа, бидеќи процесот во самата Европска унија не се цени според системот на напредок, односно според тоа како се совладуваат предизвиците, туку се темели на билатерални прашања и самото тоа го нарушува кредибилитетот на ЕУ.

„Само за нас, како земја-кандидат, не важи мерит-базираниот пристап. За нас важи билатерализација на пристапниот процес. Спорот меѓу Хрватска и Словенија беше билатерален спор кој се реши во рамки на неколку месеци, откако тогаш Европскиот совет јасно кажа дека откако Хрватска ќе ги заврши преговорите ќе стане дел од ЕУ, а потоа на рамноправна основа, ќе има арбитражен спор во рамки на кој ќе се бара решение за билатералниот спор меѓу двете земји – Словенија и Хрватска“, посочи Мицкоски и додаде дека тоа за нас не важеше и сè уште не важи.

Мицкоски посочи дека во моментов треба да се обрне внимание на иницијативата, за која сè повеќе се зборува во политичките кругови во Брисел, а тоа е т.н. прва и втора лига земји-членки, односно т.н. градуална или постепена интеграција.

„Затоа треба многу добро да размислиме, во однос на тоа што сега се заговара за прва и втора лига членки на ЕУ, односно за градуална или постепена интеграција, со многу заштитни механизми и како регион да донесеме одлука што мислиме и како мислиме да постапиме. Бидејќи и сега имаме земја што ја нарекуваат „фронтранер“. Се сеќавам дека и нас нè убедуваа дека сме фронтранер, само ако можеме да создадеме нова ентитетска структура на Балканот која ќе се нарекува „Северномакедонци“, па тогаш птиците ќе пеат и сè ќе биде убаво. Но реалноста е сосема поинаква и затоа треба да сме свесни за сите предизвици со кои ќе се соочуваме во годините што следат“, додаде Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на обраќањето на премиерот Мицкоски на конференцијата посветена на европската иднина на Западен Балкан. Според него, ваквиот наратив на Мицкоски значи „намерна политика на изолација и антиевропска кампања што која се спроведува од страна на актуелната власт“.

Како што напиша Филипче на „Фејсбук“, она што премиерот го нарекува „булинг“ и концепт на „прва и втора лига“ во ЕУ е всушност директна последица на неисполнетите реформи кои Унијата ги бара од Северна Македонија во правосудството, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.

„ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност“, напиша Филипче.

Обвинителството им забрани на две фирми да вршат ископ кај струшките извори за вода во Шум

Илустрација
Илустрација

Основното јавно обвинителство Струга предложи определување мерки на претпазливост - забрани на две фирми од Велешта да ги посетуваат парцелите во селото Шум каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.

Како што се наведува во соопштението, преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнале работни машини на две компании од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите.

Поради сомненија за кривичните дела за незаконска експлоатација на минерални суровини и загадување на водата за пиење, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш доставил предлог за забрани на фирмите да ги посетуваат парцелите.

„ОЈО Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење“, се додава во соопштението.

На 13 февруари, ОЈО Струга оформи предмет по информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот, со цел да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.

Водата од струшкиот водовод од неделата е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност во изворот Шум и низ сите мерни места низ градот. Мострите земени на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, соопштија од Институтот за јавно здравје во Охрид.

Oд струшкото јавно претпријатие „Водовод и Канализација“ известија дека водата во градот Струга и околината не е чиста и до наредното известување не треба да се користи за пиење или други потреби.

Путин ја зајакна контролата на Федералната служба за безбедност врз рускиот интернет

Некои Руси протестираа против зголемените ограничувања на интернет во Русија, Москва, јули 2025 година
Некои Руси протестираа против зголемените ограничувања на интернет во Русија, Москва, јули 2025 година

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој на главната разузнавачка агенција во земјата ѝ се даваат нови овластувања да го исклучи интернетот во земјата.

Законот, потпишан на 20 февруари, е најновиот во низата прописи што ја заоструваат можноста на властите да ограничуваат вести и информации во Русија.

Новата мерка, усвоена од пратениците претходно оваа недела, ѝ дава на Федералната служба за безбедност (ФСБ) овластување да бара од давателите на интернет услуги, мобилни или фиксни, да го исклучат или ограничат пристапот во случаи „утврдени со регулаторни правни акти на претседателот на Руската Федерација“.

Овој потег му овозможува на Путин лично да одлучи кога треба да се исклучат онлајн комуникациите во една земја или одреден регион, без да мора да наведува причина.

Исто така, се отстранува секоја одговорност на давателите на услуги за постапување по таква наредба.

„Само претседателот може да воведе ограничувања“, беше цитиран адвокатот и долгогодишен интернет активист Саркис Дарбињан.

Како што изјави тој, претседателските декрети се „уште поедноставни од владините декрети“.

Во последните месеци, руските власти се обидуваат да најдат начини да спречат влегување на украински беспилотни летала во рускиот воздушен простор.

Во многу случаи, беспилотните летала користат руски сигнали за да летаат кон цели, понекогаш и на долги растојанија.

Властите, исто така, го засилија притисокот врз популарните интернет алатки, особено апликациите за пораки како WhatsUp и Telegram.

Двете апликации се значително забавени како дел од владините напори да ги охрабрат Русите да ја користат апликацијата Max, поддржана од државата.

Според еден извештај, Telegram би можел да биде целосно блокиран од 1 април. Ограничувањата на Telegram предизвикаа негодување кај блогерите кои внимателно ги следат случувањата на бојното поле во Украина и собираат средства за руските трупи. Telegram е широко користен од руските војници распоредени на терен.

Технолошкиот регулатор Роскомнадзор го обвини Telegram, основан од протераниот претприемач Павел Дуров, за создавање пазар за протечени лични податоци на руски граѓани.

Трамп воведува дополнителни царини од 10% по одлуката на Врховниот суд

Доналд Трамп на брифинг во Белата куќа
Доналд Трамп на брифинг во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека потпишал извршна наредба со која му се дозволува да го заобиколи Конгресот и да воведе данок од 10 проценти на увозот од целиот свет, по одлуката на Врховниот суд на САД со која се поништи широк спектар на тарифи што ги наметна минатата година на голем број земји.

Трамп беше огорчен од одлуката на Врховниот суд, која ја критикуваше остро, објави Бета.

Тој рече дека е „засрамен“ од судиите кои гласаа за поништување на неговите сеопфатни тарифи и ја нарече одлуката „длабоко разочарувачка“.

„Многу ми е чест што штотуку потпишав, во Овалната соба, глобални тарифи од 10 проценти за сите земји, кои ќе стапат на сила речиси веднаш“, напиша Трамп на својата социјална мрежа True Social.

Трамп ги воведе новите тарифи повикувајќи се на Законот за трговија од 1974 година.

Мерките делумно ги заменуваат тарифите наметнати според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (IEEPA) од 1977 година, со кој се воведоа претходни тарифи што Врховниот суд ги прогласи за нелегални бидејќи не беа одобрени од Конгресот.

Врховниот суд пресуди дека Трамп ги пречекорил своите претседателски овластувања со тие тарифи.

Трамп, исто така, нареди истражување за можноста за повторно воведување царини во рамките на други закони. Белата куќа објави дека администрацијата ќе укине одредени царински мерки.

Во извршната наредба се вели дека дополнителните тарифи, наметнати според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (ИЕЕПА) со претходни извршни наредби, „веќе нема да бидат во сила и, штом ќе биде практично, повеќе нема да се собираат“, објави Ројтерс.

Првичната реакција на одлуката на Трамп да ги укине тарифите во Европа се фокусираше на конфузијата и нарушувањата на трошоците со кои се соочуваат фирмите што извезуваат во САД.

Европската комисија постигна договор со администрацијата на Трамп за ограничување на тарифите за европскиот увоз на 15 проценти, договор што им даде на компаниите сигурност за планирање и беше заслужен за помагањето на еврозоната од 21 земја да ја избегне рецесијата минатата година.

САД ја продолжија лиценцата за српската нафтена индустрија до 20 март

Бензинска пумпа во сопственост на НИС во Белград, 6 јануари 2026 година
Бензинска пумпа во сопственост на НИС во Белград, 6 јануари 2026 година

Канцеларијата за контрола на странски средства на Соединетите Американски Држави (ОФАК) донесе одлука за продолжување на лиценцата за работа на Нафтената индустрија на Србија (НИС) до 20 март, објави Радио телевизија на Србија (РТС).

НИС побара ново продолжување на својата работна дозвола од американската администрација минатата недела, додека во јануари беше предаден прелиминарниот договор за продажба помеѓу руската компанија „Газпромнефт“ и унгарската група МОЛ.

Одговорот на ОФАК на тој договор сè уште се чека. Одобрувањето од Вашингтон е клучно за НИС да биде отстранет од листата на санкции, која почна да се спроведува на почетокот на октомври.

Санкциите беа воведени врз најголемата нафтена компанија во Србија поради мнозинско руско сопствеништво. Целта на американските санкции насочени кон рускиот енергетски сектор, под кој се најде најголемата нафтена компанија во Србија, е да се спречи Русија понатамошно финансирање на инвазијата на Украина.

Унгарската група МОЛ на 19 јануари потврди дека ги потпишала главните одредби од обврзувачкиот рамковен договор со рускиот Гаспромнефт за купување на 56,15 проценти од акциите на НИС.

Групацијата е во преговори со компанијата АДНОК од Обединетите Арапски Емирати за нејзино влегување во сопственичката структура на НИС како малцински акционер. А тоа ќе бара одобрение од американските власти.

НИС има лиценца за преговарање за излез на руското сопствеништво од компанијата до 24 март.

Врховниот суд на САД ги поништи царините на Трамп

Врховен суд на САД (фотоархива).
Врховен суд на САД (фотоархива).

Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ги пречекорил своите овластувања со воведувањето серија царини што ја потресоа глобалната трговија. Со тоа, судот ја блокира една од клучните алатки што претседателот ги користеше за спроведување на својата економска агенда.

Врховниот суд, во кој доминираат конзервативни судии, одлучи со шест наспроти три гласови, нагласувајќи во пресудата дека Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби (IEEPA) „не му дава на претседателот овластување да наметнува царини“.

Трамп почна да воведува широки царини откако се врати во Белата куќа минатата година, наметнувајќи нови тарифи за речиси сите трговски партнери на САД.
Мерките вклучуваа „реципрочни“ царини за трговски практики што Вашингтон ги смета за неправедни. Тие погодија и земји од Западен Балкан.

САД, исто така, воведоа посебни царини и за клучните партнери, вклучувајќи ги Мексико, Канада и Кина, поради прашања поврзани со трговијата со дрога и имиграцијата.

Во пресудата на Врховниот суд се вели дека „доколку Конгресот имал намера да му даде на претседателот специфично овластување да воведува тарифи“ преку IEEPA, „ќе го стореше тоа, како што го стори и во други закони поврзани со тарифите“.

Пресудата не влијае на специфичните тарифи што Трамп ги воведе одделно за одредени сектори, вклучувајќи ги тие за челик, алуминиум и други стоки.

Во гласањето за пресудата, тројцата либерални судии се придружија на тројца конзервативни со цел да ги потврдат одлуките на пониските судови кои претходно пресудија дека тарифите воведени според IEEPA се нелегални.

Претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс, при објавувањето на пресудата рече дека „IEEPA не содржи ниту една одредба што се однесува на тарифи или царински давачки“.

Во мај минатата година, понискиот трговски суд пресуди дека Трамп ги пречекорил своите овластувања кога вовел широки тарифи, но пресудата не беше спроведена бидејќи Владата поднесе жалба.

БиХ санкционираше 11 граѓани поврзани со ИСИЛ и Ал-Нусра

Нусрет Имамовиќ, радикален салафитски лидер кој пред неколку години беше на листата на десетте најбарани терористи во светот
Нусрет Имамовиќ, радикален салафитски лидер кој пред неколку години беше на листата на десетте најбарани терористи во светот

Советот на министри на Босна и Херцеговина ги замрзна средствата и финансиските ресурси на 11 граѓани на БиХ поврзани со терористички организации, таканаречените Исламска држава (ИСИЛ) и Ал-Нусра, спроведувајќи ги обврските што произлегуваат од Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации.

За повеќето од санкционираните лица е издадена црвена потерница на Интерпол на барање на властите на Босна и Херцеговина.

Одлуките се однесуваат на замрзнување на економските ресурси и финансиските ресурси на лица кои се поврзани со кривични дела поврзани со тероризам и негово финансирање.

На листата е вклучен и Нусрет Имамовиќ, радикален салафитски лидер кој пред неколку години беше на листата на десетте најбарани терористи во светот и е под санкции на Обединетите нации, Соединетите Држави и Европската Унија. Според достапните информации, тој престојува со своето семејство во Сирија повеќе од десет години.

Советот на министри соопшти дека одлуките имаат превентивен карактер и се насочени кон заштита на безбедноста на Босна и Херцеговина и исполнување на меѓународните обврски на државата, вклучително и обврските кон MONEYVAL во врска со воведувањето финансиски санкции за тероризам.

Беше истакнато дека мерките не претставуваат утврдување на кривична одговорност, ниту пак го прејудицираат исходот од каква било постапка пред надлежните судови или обвинителството.

Според информациите од разузнавачките и безбедносните агенции, околу 300 граѓани на БиХ, вклучувајќи мажи, жени и малолетници, ја напуштиле Босна и Херцеговина за време на конфликтот во Сирија и Ирак помеѓу 2012 и 2016 година, а неколку деца се родени во тие области.

Повеќето од заминувањата се евидентирани во раните години од конфликтот.

Од тој број, се проценува дека помеѓу 80 и повеќе од сто луѓе биле убиени или починале на бојното поле, додека неколку десетици се вратиле во Босна и Херцеговина, или приватно или преку организирани репатријации.

Според податоците од 2025 година, повеќе од 100 граѓани на Босна и Херцеговина, претежно жени и деца, престојувале во кампови и притворни установи во северна Сирија, без јасно утврден датум на враќање.

Во 2014 година, Босна и Херцеговина воведе посебни казнени одредби со кои се казнува заминувањето на нејзините граѓани на странски бојни полиња за терористички организации, вклучително и организирање терористички групи, приклучување кон странски паравоени формации и други поврзани дела.

Досега, повеќе од 30 лица се осудени за кривични дела поврзани со Сирија и тероризам, со затворски казни до осум години во многу случаи.

Повеќето од нив биле осудени на околу три години затвор, во случаи на спогодби за признавање вина или поради недостиг на докази за посериозни обвиненија.

Шест лица под истрага за марихуаната во Северна Македонија и Србија

Запленетата марихуана во реонот на селото Коњух во близина на Крушевац, Србија.
Запленетата марихуана во реонот на селото Коњух во близина на Крушевац, Србија.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага за шест лица поврзани со заплените на марихуана во Северна Македонија и Србија.

Тие се осомничени за кривичното дело „неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.

ОЈО ГОКК тврди дека осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во 2025 година се здружиле со цел неовластено да продаваат наркотична дрога. Според обвинителството, не само марихуана, туку и кокаин, но за него во објавата за истрагата нема повеќе детали.

Секој од членовите на групата имал определена улога.

Македонското обвинителство го оформи предметот откако на 29 јануари во Србија беа откриени пет тони марихуана, за кои тамошните власти излегоа со сомнежи дека тие потекнуваат од Северна Македонија. Во рамки на предистрагата, надлежните вршеа претреси во фабриките за производство на медицински канабис во скопскиот и струмичкиот регион при што запленија 40-тина тони марихуана.

По ваквите заплени, доаѓа отворањето на истрага за шесте лица во Северна Македонија. Во Србија од претходно се осомничени пет лица.

Двајца од осомничените во Србија, според Обвинителството, во договор со првоосомничениот – кој е сопственик на фирма за канабис во Скопје, како и други непознати лица организирале набавка на марихуана и нејзин транспорт до Србија. Дел од оваа шема за шверц била и марихуана произведена во друга фабрика за канабис во струмичкиот регион.

„Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели, вработените спакувале над 200 кутии, по што првоосомничениот им одобрил колективен одмор“, велат од ОЈО ГОКК.

Во Северна Македонија, повеќе од осум години со закон е легализирано одгледувањето и извозот на канабис за медицинска употреба.

По пакувањето во декември, според хронологијата на настаните што ја објавија од обвинителството, на 13 јануари двајцата ортаци – едниот сега осомничен во Северна Македонија, а другиот во Србија, организирале транспорт на „поголема количина сув цвет од канабис“, првично од Скопје до локација во Свети Николе кое се наоѓа на 50-тина километри од главниот град. Транспортот помеѓу овие две локации се правел во два наврати.

Според ОЈО ГОКК, во исто време, кај локалната црква во селото Сарамзалино, кое е во околината на Свети Николе, другите петмина осомничени во истрагата во Северна Македонија, вршеле претовар на царинета стока од еден камион во друг. Со испразнетиот заминале во Свети Николе и го натовариле со кутиите со канабис.

„По извршениот утовар, осомничените се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата. На 14.01.2026 година, во 03:41 часот, товарното моторно возило се исклучило од автопат и се упатило кон селото Коњух, каде заедно со други неидентификувани лица било извршено растоварање на кутиите со наркотична дрога марихуана во објект на правно лице од Крушевац“, наведуваат од ОЈО ГОКК.

Двајца од осомничените во истрагата во Северна Македонија од вчера се наоѓаат во 48-часовен притвор, а обвинителството побара тој да им биде продолжен за уште 30-дена. Од Основниот кривичен суд Скопје, соопштија дека го прифатиле барањето.

Нема информации дали се бара притвор и за останатите осомничени.

Обвинителството истражува дали имало сериско убиство во кумановско

Куманово (фотоархива).
Куманово (фотоархива).

Основното јавно обвинителство во Куманово истражува дали во овој регион имало сериско убиство извршени од едно осомничено лице.

Ваквата информација надлежните ја соопштија објавувајќи дека 25-годишно момче од селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, е осомничено дека со „умисла на свиреп и подмолен начин лишил од живот“ жена родена 1947 година.

„Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала“, соопштија од ОЈО Куманово.

Оттаму потенцираат дека изминатите денови истражниот центар заедно со МВР и екипи на Институтот за судска медицина обезбедиле докази кои „укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско“.

„Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат“, наведува обвинителството.

Освен дека се работат сложени вештачења и анализи, ОЈО Куманово посочува дека не може да открие повеќе детали во овој момент.

Осомниченото момче се наоѓа во притвор, а за него е наредено и психијатриско вештачење од страна на форензички психијатри од Институтот за психијатрија.

Извозот на челик од ЕУ во САД падна за 30% по царините на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Високите царини на челикот од страна на американскиот претседател Доналд Трамп предизвикаа пад на европскиот извоз во САД за една третина од јули 2025 година, соопшти европската група за челична индустрија „Еурофер“ повикувајќи се на „избалансираниот“ договор за царини меѓу САД и ЕУ.

Трамп минатата година воведе царини од 50 проценти на увозот на челик и алуминиум во САД, како дел од неговата примена на царини врз партнерите ширум светот.

Според договорот постигнат минатата година, САД се согласија да воведат царина од 15 проценти на повеќето стоки од ЕУ, но таа не ги вклучуваше челикот и алуминиумот.

Повикувајќи се на официјални податоци од ЕУ, „Еурофер“ соопшти дека извозот во САД се намалил за 30 проценти во втората половина од минатата година во споредба со истиот период во 2024 година, пад за кој ги обвини царините на Трамп.

Трамп подоцна ги прошири своите царини во август за да вклучи неколку стотици производи што содржат челик или алуминиум, што би можело да има дополнителни негативни ефекти за европските производители на машини и други стоки со висока содржина на метал.

„Бројките ја нагласуваат потребата секој трговски договор меѓу ЕУ и САД да биде фер, избалансиран и применлив“, се вели во соопштението на „Еурофер“.

Вашингтон одби да ги намали царините за метали и покрај апелите на ЕУ, но ѝ порача на ЕУ да го преиспита својот пристап кон дигиталната регулатива ако сака пониски давачки - зделка што е неприфатлива за Брисел.

ЕУ во октомври презеде чекори за да ја заштити својата индустрија во криза со удвојување на царините за странски челик, како дел од мерките за спасување што мора да се договорат до јуни 2026 година пред да истечат сегашните заштитни мерки.

Апелот на „Еурофер“ доаѓа во време кога се очекува трговскиот комитет на Европскиот парламент да гласа во вторник за спроведувањето на договорот меѓу ЕУ и САД.

Комитетот ја прекина својата работа по заканите на Трамп за анексија на Гренланд, но парламентот се чини дека е подготвен да го даде своето одобрение, иако со заштитни мерки и клаузула за преглед.

Шефот на ЕУ за трговија, Марош Шефковиќ, ги повика пратениците на ЕУ да го одобрат договорот „што е можно побрзо“, пред разговорите со министрите за трговија на ЕУ и на Кипар.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG