Вести
О'Брајан: САД сакаат Србија и Косово да бидат во Европа
Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија, Џејмс О'Брајан, во понеделник (21 октомври) за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека САД сакаат Србија и Косово да се движат во правец кон Европа.
Тој во интервју за РТС нагласи и дека сака да ги почитува сите договори и нивните одредби постигнати за време на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека не знае кога ќе се формира Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) на Косово.
Тој посочи и дека целта е да се разговара за практични работи - како да се забрза протокот на стоки и да се отворат сите гранични премини.
„Отворањето на преминот е успешно. Сегашниот метеж на границите е резултат на големиот проток на сообраќај, што е добро. Овие гужви треба да се решат со текот на времето со пренасочување на сообраќајот на други премини“, изјави О'Брајан за РТС.
Владата на Косово на 7 октомври ја замени одлуката за забрана за увоз на стоки од Србија со зголемена контрола на преминот Мердаре.
Одлуката за забрана за увоз на стока од Србија ја донесе Владата на Косово во средината на јули 2023 година од „безбедносни“ причини, откако тројца косовски полицајци беа уапсени од српската полиција.
Иако во меѓувреме беа ослободени косовските полицајци, одлуката за забрана за увоз на српска стока остана во сила.
Џејмс О'Брајан изјави и дека има последици за Косово поради дејствија кои не биле координирани со САД.
„Најголемата последица е што земјите од Европа не гласаа за приклучување кон нивните институции (Советот на Европа). Косово заостанува зад другите балкански држави. Сето ова се случува затоа што Приштина презема некоординирани акции“, рече О'Брајан.
Зборувајќи за евроинтеграциите, тој рече дека САД сакаат сите земји од Западен Балкан да се движат кон Европската Унија.
„Србија е најголемата економија и регионот нема да може да напредува ако Србија не биде интегрирана. Старите конфликти можат само да ја задржат Србија на тој пат“, рече О'Брајан.
Претходно, на 20 октомври тој се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и рече дека разговарале за билатералната соработка на полето на безбедноста и одбраната.
види ги сите денешни вести
Запленети над 40 илјади парчиња пиротехника на граничниот премин Блаце
Во акција на мобилен царински тим, Царинската управа заплени 40.872 парчиња пиротехнички средства – петарди и огномети, кои претставуваат ризик по здравјето и безбедноста на граѓаните.
Како што информираат од Царинската управа, сторителот е македонски државјанин од Гостивар, против кого е поднесена кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, казниво по Кривичниот законик.
Случајот бил откриен на граничниот премин Блаце, при контрола на возило со швајцарски регистарски таблички. При прегледот, царинските инспектори од мобилниот тим забележале дека задните седишта биле спуштени, а целиот простор зад нив и багажникот биле исполнети со пиротехнички средства.
Во текот на истрагата било утврдено дека пиротехниката била набавена во Приштина и дека осомничениот се обидел нелегално да ја внесе во земјава.
Од Царинската управа предупредуваат дека употребата на нелегални пиротехнички средства претставува сериозна закана по безбедноста и здравјето на граѓаните, особено на децата, и најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со засилени контроли и координирани активности за спречување на нелегалната трговија и заштита на јавната безбедност.
Почнува зимскиот распуст за основците и средношколците
За околу 250 илјади ученици во основните и средните училишта во земјава денеска започнува зимскиот распуст.
Учениците повторно ќе се вратат во училишните клупи на 20 јануари 2026 година, со што ќе започне второто полугодие од учебната 2025/2026 година.
Во вториот дел од учебната година ќе продолжи процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето едносменска настава, со која досега се опфатени околу 200 училишта низ државата.
На крајот од учебната година, во јуни, матурантите ќе полагаат државна матура по нов концепт, кој ќе се применува согласно видот на образованието што го посетуваат.
Покрај тоа, наставниците во март се очекува да добијат зголемување на платите од 7,5 до 10 проценти, во зависност од договорените услови.
Грчките земјоделци привремено ги стопираат блокадите
Земјоделците низ цела Грција од денеска до петок нема да ги блокираат автопатиштата и граничните премини, со цел да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот и полесно патување на граѓаните за новогодишните празници.
Одлуката е донесена привремено, а во недела ќе биде одржан состанок на кој ќе се одлучува за следните чекори, јави МИА.
Граничниот премин Евзони кон Северна Македонија, кој во изминатите четири дена беше блокиран во одредени термини, до петок ќе остане отворен. Иако тракторите и понатаму ќе бидат паркирани во близина на границата, тие нема да го попречуваат сообраќајот.
Според извештаите, тракторите на земјоделците се распоредени во една коловозна лента без целосно блокирање на патиштата, а како што најавија на почетокот на протестите, ако е потребно подготвени се празниците Божиќ и Нова година да ги дочекаат на блокадите доколку не бидат исполнети нивните барања.
Во недела напладне, кај патарината Малгара во близина на Солун, ќе се одржи состанок со претставници од сите блокади во земјата, на кој ќе се утврдат идните активности.
Протестите на грчките земјоделци траат речиси еден месец и започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство, ниските откупни цени, како и скандалот поврзан со европските земјоделски субвенции. Нивното главно барање е исплата на заостанатите субвенции.
Прослави во Скопје и низ светот за дочек на Новата 2026 година
Новата 2026 година први ќе ја дочекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати, во 11 часот по македонско време, додека последни во новата година ќе влезат Американска Самоа и островите Бејкер и Хауленд – на 1 јануари во 13 часот по македонско време.
Тоа значи дека Новата година „патува“ вкупно 26 часа од првото до последното место на Земјата.
Во Македонија, Новата година ќе се слави со организирани забави во Скопје и во другите градови низ земјата.
Во главниот град, вечерва ќе настапат македонски изведувачи, во рамки на празничната програма „Новогодишна зимска бајка“, која ќе трае цел ден и ќе кулминира на плоштадот „Македонија“.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги покани граѓаните на, како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година – ноќ која повторно ќе го сплоти градот.
Според него, програмата со домашни изведувачи, омилени на публиката, е осмислена така што ги поврзува сите генерации.
Новогодишната програма започнува во 19:45 часот со настап на Миле Кузмановски, по што следуваат Огнен Здравковски, Дина Јашари, Куку Леле и Тамара Тодевска.
Кулминацијата ја носат Пајак, Лара и Два Бона, а пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.
Османи очекува брзо формирање на нова влада во Косово
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека очекува новиот парламент и влада на земјата да бидат формирани брзо откако завршија предвремените парламентарни избори, повикувајќи ги пратениците веднаш да дадат приоритет на усвојување на државниот буџет и ратификација на клучните меѓународни договори.
Во интервју за косовскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), Османи предупреди дека одложувањата во формирањето на институциите би можеле да блокираат речиси 1 милијарда евра – пари од меѓународните финансирање, вклучувајќи ги фондовите за раст на Европската унија и договорите поддржани од Светска банка.
Османи зборуваше еден ден откако Косово на 28 декември одржа предвремени парламентарни избори – втори оваа година по неуспехот да се формира влада по гласањето во февруари, кога премиерот Албин Курти и неговата партија „Самоопределување“ не успеаја да обезбедат парламентарно мнозинство.
Врз основа на прелиминарните резултати, се предвидува дека „Самоопределување“ ќе освои околу 56 пратенички мандати, во споредба со 46-те на изборите во февруари, што ќе ја стави партијата поблиску до обезбедување мнозинство од 61 во 120-члениот парламент на Косово. Курти претходно за да обезбеди мнозинство се потпираше на поддршката од партиите на несрпските малцинства.
Откако ќе бидат потврдени резултатите, Османи рече дека избраните пратеници треба брзо да дејствуваат, гласајќи „за влада рано наутро, а веќе попладне да ги изгласаат меѓународните договори“.
Избор на претседател
Пратениците, исто така, ќе се соочат со притисок да постигнат договор за избор на претседател на државата, бидејќи сегашниот мандат на Османи истекува во април 2026 година. Таа потврди дека има намера да се кандидира за втор мандат, тврдејќи дека континуитетот е од суштинско значење во услови на регионална нестабилност и зголемени безбедносни предизвици низ Европа.
Косово претседателот го бира во парламентот. Според Уставот, изборот мора да се одржи најдоцна 30 дена пред крајот на мандатот на актуелниот претседател. Евентуален неуспех да се избере претседател може да предизвика нови парламентарни избори.
Османи беше избрана за претседателка во 2021 година откако се кандидираше на пратеничката листа на Курти и „Самоопределување“, а откако претходно замина од опозициската партија Демократска лига на Косово, каде имаше високи функции.
Обвинувања кон Белград
Османи во интервјуто рече дека Косово останува целосно посветено на дијалогот посредуван од ЕУ за нормализирање на односите со Србија, но го обвини Белград за блокирање на спроведувањето на договорот за развивање добрососедските односи од 2023 година
„Имаме проблем со српската страна, која никогаш не го спроведува она што го ветува. Се надевам дека Брисел ќе биде многу појасен во постапките, а не само во зборовите, и ќе бара од Србија целосно спроведување на своите обврски“, рече Османи.
Косово досега одбиваше да достави нацрт-статут за Заедницата на српски општини до Уставниот суд на земјата. Формирањето на вакво тело, чија цел е да обезбеди одреден степен на самоуправување за српската заедница на Косово, беше договорено во рамките на дијалогот посредуван од ЕУ во Брисел. Нацрт-статутот за Заедницата на српски општини беше предложен од ЕУ и поддржан од западните партнери, вклучувајќи ги САД, Германија, Франција и Италија.
Србија, од своја страна, го обвинува Косово дека не го спроведува договорот со тоа што одбива да продолжи со планираното формирање на Заедницата на српски општини. Османи, пак, ја обвинува Србија дека таа постојано ги крши своите обврски.
Врските со САД и безбедносните предизвици
Османи, која го посети Стејт департментот двапати оваа година, рече дека видела, како што опиша, растечки интерес од САД под водство на претседателот Доналд Трамп, особено за одржување на регионалната стабилност и за спречување на обновување на насилствата.
„Постои зголемен интерес од администрацијата на Трамп да помогне во односите меѓу Косово и Србија и да го одржи регионалниот мир и стабилност по секоја цена, за да не се толерира никаква акција што го дестабилизира нашиот регион“, рече Османи.
Таа, исто така, ги наведе безбедносните предизвици што произлегуваат од, како што ги опиша, долгогодишните напори на Русија за дестабилизација на Западен Балкан преку Србија, нагласувајќи ја улогата на косовските институции, континуираното присуство на НАТО и соработката со западните сојузници.
„Додека тесно соработуваме со нашите сојузници, нашите граѓани може да се чувствуваат безбедно и заштитено“, рече таа.
Владата со заем од 21 милион евра ќе набавува електрични локомотиви
Северна Македонија ќе се задолжи со 20,9 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за да купи електрични товарни локомотиви со резервни делови.
Договорот беше потпишан на 30 декември во Владата од каде оценуваат дека ова е чекор кон модернизација на македонските железници и кон унапредување на сигурноста и ефикасноста на товарниот железнички сообраќај.
„Зборуваме за нешто што со децении беше занемарувано, а е од суштинско значење за економијата, извозот и европската иднина на Македонија, а тоа е железницата. Состојбата што ја наследивме беше катастрофална. До неодамна МЖ Транспорт немаше ниту една целосно функционална локомотива“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Договорот со ЕБОР, го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која оцени дека набавката на локомотивите ќе значи посигурен и пообемен товарен железнички превоз, како и „подобра поврзаност и поголема конкурентност на домашната економија“.
Договорот за заем следува откако на 26 декември пратениците во Собранието изгласаа закон за задолжување со цел обнова на товарниот возен парк на железници.
Претходно, во јули 2025 власта достави барање до ЕБОР за изразување интерес за финансирање на проектот. Европската банка, која одговори позитивно, во компаративна анализа со независен консултант, препорача да се спроведе набавка на најмногу пет електрични локомотиви.
Дополнително проектот вклучува и набавка на систем за планирање на ресурси на претпријатието (ERP).
Рокот на отплата на заемот од 20,9 милиони евра е 15 години со грејс периодот од четири години. Кредитот ќе се отплаќа на 22 полугодишни рати – на 20 јануари и 20 јули секоја година.
„Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%“, пишува во законот за задолжување што беше изгласан од пратениците.
Дополнително, предвидено е Северна Македонија да плаќа провизија на ЕБОР доколку не ги повлекува парите од заемот, во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво.
Трамп со предупредувања кон Иран и Хамас, по состанок со Нетанјаху
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би можеле да поддржат уште еден голем напад врз Иран ако Техеран повторно ја покрене својата нуклеарна програма, а го предупреди и Хамас за сериозни последици ако не се разоружа.
Хамас е палестинска група која САД и други сили, ја прогласија за терористичка организација.
Зборувајќи во друштво на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по состанокот во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида на 29 декември, Трамп посочи дека Техеран можеби работи на рестартирање на својата програма за нуклеарно оружје по бомбардирањето во јуни.
„Прочитав дека тие развиваат оружје и други работи. Ако го прават тоа, не ги користат локациите што ние целосно ги уништивме, туку веројатно други локации“, рече Трамп на прес-конференцијата.
„Знаеме точно каде одат, што прават и се надевам дека нема да го сторат тоа, бидејќи не сакаме да трошиме гориво за Б-2 бомбардерите. Тоа е 37-часовно патување во двата правци. Не сакам да трошам многу гориво“, додаде тој.
Трамп, кој во последните месеци ја споменуваше можноста за нуклеарен договор со Техеран, рече дека неговите разговори со Нетанјаху се фокусирале на напредокот во постигнувањето на кревкиот мировен договор за Газа што тој го посредуваше, како и на решавањето на израелската загриженост за Иран и Хезболах во Либан.
Иран, кој во јуни водеше 12-дневна војна со Израел, минатата недела изјави дека извршил ракетни вежби по втор пат овој месец.
Нетанјаху минатата недела изјави дека Израел не бара конфликт со Иран, но е свесен за извештаите и ќе разговара со Трамп за активностите на Техеран.
Втора фаза од прекинот на огнот во Газа?
Во однос на договорот за Газа, кој беше постигнат во октомври по две години борби, Трамп посочи дека сака да премине на втората фаза кон прекин на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
Втората фаза вклучува распоредување на меѓународни мировници во палестинската енклава.
Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за сериозни прекршувања на договорот и се чини дека за многу потешките чекори утврдени за следната фаза не се блиску до договор.
Хамас, кој одбива да се разоружа, ја зацврсти својата контрола, а израелските трупи сега контролираат само половина од Газа.
Израел сигнализираше дека ако Хамас не се согласи на мирно разоружување, ќе продолжи со воените операции за да го принуди да го стори тоа.
Трамп ја обвини милитантната група за бавно разоружување, тврдејќи дека Израел го исполнил својот дел од договорот и предупредувајќи дека Хамас предизвикува сериозни последици.
„Ќе има ужасни последици“, предупреди Трамп кога беше прашан што би направил ако Хамас не го предаде оружјето.
Слични изјави тој даде и претходно.
Планот на Трамп за завршување на војната во Газа предвидува повлекување на Израел од палестинската територија, разоружување на Хамас и негово исклучување од управувањето со оваа енклава.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот вклучуваше делумно повлекување на израелските сили, зголемена хуманитарна помош и размена на заложници и затвореници.
Лукашенко помилува 20 политички затвореници
Долгогодишниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко, во вторник, 30 декември помилува 20 политички затвореници, соопштија властите.
Белорусија сè уште има над 1000 политички затвореници, повеќе од пет години откако Лукашенко ги потисна огромните протести против неговото владеење.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го обнови дијалогот со сојузникот на Москва, Белорусија, во последните месеци, додека се залага за ослободување на белоруските затвореници и се обидува да посредува во крај на војната во Украина.
Прес-службата на кабинетот на Лукашенко соопшти дека 22 лица се помилувани - вклучувајќи 20 осудени за „екстремистички злосторства“ - термин што Белорусија го користи за политички случаи.
„Петнаесет жени и седум мажи беа ослободени“, се вели во соопштението, додавајќи дека Лукашенко дејствувал „во интерес на своите семејства“.
Порано овој месец, Минск ослободи повеќе од 100 политички затвореници - вклучувајќи ја лидерката на протестите, Марија Колесникова и дисидентот Алеш Бјалијатски - во замена за укинување на некои санкции на САД.
Тие беа помилувани и депортирани преку Литванија и Украина.
Групите за човекови права соопштија дека некои од ослободените биле на крајот од нивните затворски казни.
По неговото ослободување, Бјалијатски - кој ја освои Нобеловата награда за мир во 2022 година, за АФП изјави дека поминал месеци во и надвор од замрзнувачки казнени ќелии.
Тој, исто така, предупреди дека додека Белорусија ослободува затвореници со „едната рака“, апси повеќе луѓе „со другата“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги поздрави разговорите со Соединетите Држави.
Неговата репресија во Белорусија принуди стотици илјади луѓе во егзил.
Трамп вели дека САД го нападнале пристаништето за бродови за дрога во Венецуела
САД нападнаа и уништија пристаниште за наводни венецуелски бродови за дрога, изјави претседателот Доналд Трамп во понеделник (29 декември) во она што би можело да се смета за прв копнен напад од воената кампања против трговијата со дрога од Латинска Америка.
Потврдата од страна на американскиот лидер за инцидентот доаѓа во време кога тој ја засилува кампањата за притисок врз левичарскиот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, кој го обвини Трамп дека бара промена на режимот.
„Имаше голема експлозија во пристаништето каде што ги товарат бродовите со дрога“, им рече тој на новинарите во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида, додека беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Значи, ги нападнавме сите бродови, а сега ја нападнавме областа, тоа е областа за имплементација, таму тие ја спроведуваат. И тоа повеќе го нема.“
Трамп не кажа дали станува збор за воена операција или операција на ЦИА или каде се случил нападот, истакнувајќи само дека бил „по должината на брегот“.
Извори запознаени со операцијата им кажаа на Си-Ен-Ен и на Њујорк Тајмс дека ЦИА извршила напад со беспилотно летало врз пристанишен објект.
Се верува дека нападот бил насочен кон венецуелската банда Трен де Арагва, иако никој не бил присутен во времето на операцијата и немало жртви, објавија американските медиуми.
Засега нема официјален коментар од венецуелската влада.
Пентагон не упати на Белата куќа. Белата куќа не одговори на барањата за коментар од АФП.
На прашањето дали неодамна разговарал со Мадуро, Трамп рече дека разговарале „прилично неодамна“, но дека „од тоа не произлегло ништо посебно“.
Трамп откри детали за операцијата откако беше замолен да ги објасни коментарите што ги даде во радио интервју емитувано во петокот, во кое се чинеше дека за прв пат се споменува копнен напад.
„Тие имаат голема фабрика или голем објект каде што ги испраќаат и од каде доаѓаат бродовите“, му рече Трамп на милијардерот и поддржувач Џон Кациматидис на радио станицата WABC во Њујорк.
Трамп не кажа каде се наоѓа објектот, ниту даде други детали во интервјуто.
Трамп со недели се заканува дека копнените напади врз нарко-картелите во регионот ќе започнат „наскоро“, но ова е првиот очигледен пример.
Нов американски напад во Пацификот
Американските сили, исто така, извршија бројни напади и во Карипското Море и во источниот Тихи Океан од септември, таргетирајќи ги она што Вашингтон го нарекува бродови за шверц на дрога.
Администрацијата не обезбеди докази дека целните бродови биле вклучени во трговија со дрога, што предизвика дебата за легалноста на овие операции.
Експерти за меѓународно право и групи за човекови права велат дека нападите веројатно претставуваат вонсудски убиства, обвинение што Вашингтон го негира.
По говорот на Трамп во понеделник, американската војска на социјалните медиуми објави дека извршила уште еден напад врз брод во Источниот Пацифик, убивајќи двајца и зголемувајќи го вкупниот број убиени во поморската кампања на најмалку 107.
Вјската не прецизираше каде точно се случил нападот.
Администрацијата на Трамп го зголемува притисокот врз Мадуро, обвинувајќи го венецуелскиот лидер дека самиот раководел со нарко-картел и дека вовел блокада на танкери за нафта.
Русија тврди дека Украина ја нападнала резиденцијата на Путин
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека Украина нападнала една од резиденциите на претседателот, Владимир Путин. Лавров денеска (29 декември) изјави дека Москва ќе возврати и ќе го преиспита својот став во преговорите што се водат за ставање крај на руската инвазија врз Украина.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски за тврдењата дека Киев ја гаѓал резиденцијата во Новгородската област, северозападно од Москва, изјави дека станува збор за „лага“.
Тој рече дека Русија се обидува да ги поткопа разговорите меѓу САД и Украина за војната и дека „подготвува терен за изведување удари, најверојатно врз (украинската) престолнина и владините згради“.
Руското обвинување следува еден ден откако Зеленски и Трамп на состанок на Флорида претставија, како што наведоа, напредок. Американскиот претседател кој телефонски разговараше со Путин пред состанокот изјави дека мировниот договор за завршување на речиси четиригодишната инвазија би можел да биде „поблиску од кога било“.
Москва наведе дека не е подготвена да направи значајни отстапки.
Русија тврди дека Украина извела „терористички напад“
Во соопштение објавено на Телеграм на 29 декември, Лавров тврди дека Украина употребила 91 дрон во, како што наведе, „терористички напад“, но дека сите биле соборени и дека засега нема извештаи за причинета штета.
Лавров изјави дека Русија нема да остане без одговор и дека ги избрала „целите и времето“ за одмазда.
Тој додаде дека, откако украинската влада, која ја нарече „криминален киевски режим“, прибегнала кон „политика на државен тероризам“, руската „преговарачка позиција ќе биде преиспитана“. Тој не даде подетални информации.
Руските официјални претставници и во минатото користеа слични зборови за да ја опишат украинската влада, а Путин повеќепати тврдеше дека Зеленски не е легитимен лидер бидејќи во 2024 година не беа одржани избори.
Изборите во Украина се забранети поради вонредната состојба, која е на сила откако Русија ја започна инвазијата во февруари 2022 година.
Лавров не ја именуваше резиденцијата, но локацијата во Новгородската област сугерира дека станува збор за добро обезбеден комплекс во Валдај, град чија шумска околина, Путин ја претпочита во однос на другите државни резиденции откако ја започна инвазијата врз Украина во 2022 година - откри истрага на „Система“, руската истражувачка единица на РСЕ.
Зеленски во соопштение, тврдењата на Лавров ги нарече „уште една лага на Руската Федерација“.
„Силни“ безбедносни гаранции
Неколку часа пред објавата на Лавров, Зеленски изјави дека САД ѝ понудиле на Украина „силни“ безбедносни гаранции во траење од 15 години во рамки на договор за ставање крај на војната со Русија, но дека Киев бара подолго ветување од Вашингтон за држење на Москва под контрола.
„Му реков (на Трамп) дека веќе имаме војна и дека таа трае речиси 15 години. И затоа навистина сакав гаранциите да бидат подолготрајни“, им изјави Зеленски на новинарите во разговор преку WhatsApp, ден по состанокот со Трамп на Флорида.
Тој зборуваше за руската анексија на Крим во 2014 година, која ѝ претходеше на целосната инвазија на Москва во февруари 2022 година.
„Му реков дека навистина сакаме да ја разгледаме можноста за 30, 40, 50 години. Претседателот рече дека ќе размисли за тоа“, додаде Зеленски.
„Без безбедносни гаранции, оваа војна навистина не е завршена. Не можеме да признаеме дека е завршена, бидејќи може да постои ризик од обновување на агресијата од таков сосед“, изјави тој.
Двајцата лидери се сретнаа во неделата во одморалиштето на Трамп,
Мар-а-Лаго, во Палм Бич, Флорида, на разговори за договор за ставање крај на најдолгиот и најсмртоносен конфликт во Европа од Втората светска војна. Двајцата ја оценија средбата како „продуктивна“, иако не беше постигнат конкретен напредок.
Зеленски во разговор со новинарите изјави дека некои прашања од мировниот план од 20 точки остануваат нерешени и повика на состанок на советниците за национална безбедност од двете земји, како и од Европа, во „наредните денови“.
По двочасовните разговори, Трамп изјави дека мировните преговори „се движат во вистинска насока“.
Тој не ја спомена можноста да биде домаќин на лидерите во Вашингтон во јануари.
Трамп и Зеленски исто така остварија телефонски разговор со европски лидери, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Зеленски им изјави на новинарите дека секој мировен план мора да биде потпишан од Украина, Европа, САД и Русија, додавајќи дека Киев се надева на „брз напредок“ и дека е „отворен“ за секој формат на средби.
Киев останува непоколеблив во барањето безбедносни гаранции особено од САД, но и од Европа и се спротивставува на тврдите барања на Кремљ, кои вклучуваат отстапување украинска територија на Русија.
Едно од клучните прашања во сржта на тековните преговори е судбината на источниот регион Донбас.
Поголем дел од таа територија е под руска контрола, а Москва бара Киев да ги предаде и деловите што Русија не ги контролира. Тоа вклучува два големи града – Краматорск и Славјанск, кои се клучни за украинската одбрана во тој регион.
Трамп им изјави на новинарите на Флорида, за време на заедничката прес-конференција, дека територијалните прашања вклучително и иднината на регионот Донбас остануваат нерешени и дека се покажале како „многу тешко прашање“.
Додека траат дипломатските активности и преговорите, Русија покажа мала подготвеност за компромис, дури и одбивајќи да го разгледа божиќното примирје што го предложи Зеленски.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите во Москва во понеделникот дека се согласува со оценката оти разговорите се во завршна фаза, но истовремено го повтори ставот на Путин дека Украина треба да ги повлече своите трупи од Донбас за процесот да напредува.
Непосредно пред почетокот на разговорите на Флорида, Трамп и Путин ненадејно разговараа телефонски, за што Кремљ соопшти дека разговорот траел повеќе од еден час и дека бил остварен на барање на Трамп. Во објава на социјалните мрежи, Трамп го опиша разговорот како „добар и многу продуктивен“.
Песков изјави дека двајцата лидери ќе одржат уште еден разговор „многу скоро“.
Главниот помошник на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека Путин и Трамп се согласиле да не ја поддржат иницијативата за привремен прекин на огнот пред да се постигне решение, за што Зеленски повторно се заложи во разговор со новинарите во понеделникот.
Зеленски изјави дека е потребен прекин на огнот од 60 дена за да се овозможи одржување референдум во Украина за мировниот план.
Русија не е заинтересирана за каков било вид прекин на огнот, „засега“, додаде Зеленски.
Минатиот месец, Белата куќа предложи план од 28 точки кој беше оценет како многу поволен за Русија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете