Достапни линкови

Вести

Цивилизирана дебата меѓу Волц и Венс

Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс, 1 октомври 2024 година
Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс, 1 октомври 2024 година

Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс се спротивставија околу кризата на Блискиот Исток, имиграцијата, даноците, абортусот, климатските промени и економијата на потпретседателската дебата на која имаше повеќе политички несогласувања, а помалку лични напади.

Венс праша зошто Харис не направила повеќе за решавање на инфлацијата, имиграцијата и економијата додека служела во администрацијата на претседателот Џо Бајден.

„Ако Камала Харис има толку одлични планови за тоа како да се справи со проблемите на средната класа, тогаш таа треба да ги направи сега - не кога бара унапредување, туку на работата што и ја даде американскиот народ пред три и половина години“, рече Венс.

Волц го опиша Трамп како нестабилен лидер кој им давал приоритет на милијардерите и ги сврти критиките на Венс по прашањето за имиграцијата, напаѓајќи го Трамп за притисок врз републиканците во Конгресот да се откажат од двопартискиот нацрт-закон за безбедност на границата на почетокот од оваа година.

Дебатата во Центарот за емитување на Си-Би-Ес во Њујорк започна со ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, откако Израел продолжи со нападот врз јужен Либан, а Иран изврши одмазднички ракетни напади против Израел.

Волц рече дека Трамп е премногу „променлив“, додека Венс тврди дека Трамп го направил светот побезбеден за време на неговиот мандат.

На прашањето дали ќе поддржи превентивен напад врз Иран од страна на Израел, Венс посочи дека тоа е одлука на Израел, додека Валц не одговори директно на прашањето.

Волц, исто така, го критикуваше Трамп за неговата улога во назначувањето на тројца судии од Врховниот суд на САД, кои се приклучија на одлуката на судот за елиминирање на речиси половина век националното право на абортус, прашање што се покажа како штетно за републиканците.

Волц (60), либерален гувернер на Минесота и поранешен учител во средно училиште, и Венс (40), најпродаваниот автор и конзервативен американски сенатор од Охајо, се претставија себеси како двајца кандидати со длабоко спротивставени ставови за прашањата важни за дражавата.

Во јуни, Трамп учествуваше во дебата со претседателот Бајден, чии лоши перформанси доведоа до повици да се повлече од претседателската трка. Откако Харис стана кандидат на демократите, таа учествуваше во дебата со Трамп минатиот месец.

Гласачите во 6 од 50 американски држави веќе имаат можност да гласаат предвреме. До 16 октомври ќе се организира предвремено гласање во уште 14 држави.

види ги сите денешни вести

Владата на Косово делумно ја укина забраната за увоз на стоки од Србија

Илустрација
Илустрација

Владата на Косово ја замени одлуката за забрана за увоз на стоки од Србија со зголемена контрола, изјави на 7 октомври косовскиот премиер Албин Курти.

„До пристигнувањето на скенерите, ќе дозволиме да влезе стока само на (премин) Мердаре бидејќи безбедносната ситуација не е променета“, рече Курти.

Курти рече дека очекува САД и ЕУ да му помогнат на Косово да обезбеди скенери кои ќе бидат инсталирани на сите гранични премини за да се осигура дека стоката што влегува од Србија не претставува безбедносен ризик за Косово.

Тој го повтори ставот дека тие мерки никогаш не биле економски туку безбедносни.

Одлуката на Владата на Косово да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија доаѓа по притисокот од Германија, која инсистираше дека тоа му штети на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и на Берлинскиот процес, иницијатива која има за цел да им помогне на економски развој на шесте земји од Западен Балкан и нивно приближување кон Европската Унија.

Десеттиот самит на Берлинскиот процес ќе се одржи на 14 октомври, а од Владата на Косово минатата недела за РСЕ изјавија дека работат на тоа да биде успешна десетгодишнината од оваа регионална иницијатива.

Владата на Косово донесе одлука за забрана на увоз на стоки од Србија во средината на јули 2023 година од „безбедносни“ причини, откако тројца косовски полицајци беа уапсени од српската полиција. Иако во меѓувреме беа ослободени косовските полицајци, одлуката за забрана за увоз на српска стока остана на сила.

Во меѓувреме, кон крајот на декември минатата година, бизнисмени од северот на Косово поднесоа петиција до косовските власти со барање да се повлечат владините мерки за забрана за увоз на стоки од Србија.

Српската стопанска комора во неколку наврати ја повика Владата на Косово да ги отстрани „штетните блокади“ кои предизвикуваат последици и за српските и за косовските компании.

Исто така, Европската унија го соопшти ставот дека мерките на косовските власти се во спротивност со договорот ЦЕФТА и во спротивност со духот на Договорот за стабилизација и асоцијација на Косово со ЕУ.

Меѓутоа, Косово досега остана на ставот дека станува збор за безбедносни, а не за економски мерки.

Инспекторатот влезе во две болници поради смртта на 14 месечното дете

North Macedonia - Ministry of health and Institute of public health
North Macedonia - Ministry of health and Institute of public health

Се истражува смртта на 14 месечното дете кое завчера почина, а неговите родители барале да биде хоспитализирано, но не е примено на Детската клиника во Скопје. Инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од утринава вршат инспекциски надзор во болницата Козле и Детската клиника во Скопје, потврди денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.

Министерот за здравство, Таравари истакна дека утринава имал состанок со директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

„Првиот состанок утрово беше со директорот, екипата веќе е на терен. Комисијата веќе е формирана и се наоѓа на работа, на терен за да ги испита сите факти и аргументи, изјави Таравари.

Тој потврди дека инспекторите на ДЗСИ и на Комисијата која е формирана од негова страна веќе од 9 часот се во двете болници во Скопје.

Инаку, министерот за здравство, Таравари вчера потврди дека детето кое почина на Детската клиника претходно било одбиено да се хоспитализира и истакна „некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“.

Од Детската клиника претходно информираа дека е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции.

Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација. Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта“, пишуваше и во соопштението од Министерството за здравство.

Кремљ тврди дека државната медиумска фирма е жртва на „невиден хакерски напад“

Илустрација
Илустрација

Руската државна телевизија и радиодифузна компанија (ВГТРК) е погодена од невиден сајбер напад, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека експертите работат напорно за да откријат кој е одговорен за тоа.

ВГТРК, најголемата руска медиумска компанија, која е во рацете на руската влада и која вклучува голем број телевизиски и радио канали, претходно во понеделникот објави дека нејзините интернет сервиси станале цел на сајбер напад во текот на ноќта, но дека радио и телевизиското емитување функционирало нормално и покрај нападот, јавува Ројтерс.

„Нашиот државен медиумски холдинг, еден од најголемите, се соочи со невиден хакерски напад врз неговата дигитална инфраструктура“, рече Песков за новинарите, велејќи дека ВГТРК работи на надминување на последиците од нападот.

„Специјалистите се обидуваат да ги утврдат сите околности за да разберат каде водат трагите што ги оставија оние што го организираа овој хакерски напад врз критичната инфраструктура“, додаде тој.

Јаневска: Ќе има договор за платите на наставниците

Весна Јаневска, министерка за образование
Весна Јаневска, министерка за образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека ќе има поголем буџет за образование и наука во 2025-та, а најави и дека наскоро ќе биде постигнат договор со СОНК и покачување на платите на наставниците годинава.

„Сè уште сме во фаза на преговори. Очекувам за релативно време дека ќе постигнеме договор и тој ќе биде сериозен и повеќегодишен. Се уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го реализираме со тек на време. Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците за разлика од пред неколку месеци кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реално можности за покачување на платите на наставниците“, рече Јаневска.

На прес-конференција за сто дена од работењето на Владата, Јаневска рече дека МОН дискутира со Министерството за финансии за поголем буџет за идната година за кога, рече, е предвидено зголемување и на средствата за наука, пред сè за научните институции.

По најавата дека учебници по странски јазици ќе има за сите ученици, но од следната учебна година, министерката извести дека најдоцна на почетокот на следната година ќе го распише тендерот за нивна набавка.

„Набавката на учебници по странски јазици, најверојатно, ќе биде распишана најдоцна во јануари. Тоа значи дека за следната учебна година ќе ги има и учебниците по сите странски јазици“, рече министерката Јаневска.

Учебници по странски јазици во основните училишта нема петта учебна година по ред.

Меѓудругото, Јаневска соопшти дека МОН прави анализи како да продолжи градењето на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на УКИМ и дека до крајот на мандатот „ако не целосно, градбата секако ќе продолжи на двете згради“.

Објектите и на факултетите за информатички технологии и за физичка култура ФИНКИ и на ФФК уште чекаат да заврши ревизијата за да се знае колку ќе чини доизградбата. Тендер за завршување на зградите се најавува в година. Но тендер ќе има за нов кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, за кој во следните пет години ќе се одвојат 34,5 милиони евра.

Мицкоски и Вучевиќ договорија енергетско поврзување меѓу двете земји

Српскиот и македонскиот премиер Милош Вучевиќ и Христијан Мицкоски, 7 октомври 2024 година
Српскиот и македонскиот премиер Милош Вучевиќ и Христијан Мицкоски, 7 октомври 2024 година

Македонски и српски владини претставници денеска (7 октомври) во Скопје потпишаа меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Како што појасни премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес конференција со неговиот српски колега, Милош Вучевиќ, дел од приоритетите на двете влади во престојниот период ќе бидат изградба на гасен интерконектор од Грција преку Македонија до Србија и централна Европа, како и реализација на Коридорот 10, односно брза пруга од Скопје кон Србија и кон Грција.

Премиерот Мицкоски објасни дека целта на двете држави е сериозно енергетско поврзување и осамостојување.

„Ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа“, нагласи Мицкоски на прес конференција по средбата со неговиот српски колега.

Српскиот премиер Вучевиќ истакна за Србија е клучна изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас за Србија, преку Северна Македонија.

„Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот, фактот е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави“, изјави Вучевиќ.

Двајцата премиери разговарале и за брзата пруга од Коридорот 10, која претставува стратешки приоритет како и Коридорот 8.

„За нас е важна одлуката на македонската Влада за Коридорот 10, како стратешки правец за железничкиот транспорт, што е единствена прилика заедно со европските партнери да се поврземе од Виена до Атина, полесно ќе се поврземе со грчките пристаништа. Ова е природен пат меѓу Азија до Европа, а патот ќе оди преку Македонија и Србија, што ќе обезбеди подобар карго и патнички транспорт“, рече српскиот премиер Вучевиќ.

Македонскиот премиер додаде дека било разговарано и за предизвиците со кои се соочува регионот и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“. Вучевиќ истакна дека Србија целосно ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат и „верува во заедничката европска судбина за целиот регион“.

За реките во светот, 2023 година била најсушна во последните три децении

Реката Амазон (илустрација)
Реката Амазон (илустрација)

Светската метеоролошка организација (СМО) соопшти дека 2023 година е најсушната година за реките во светот во последните три децении, бидејќи рекордната топла година ги пресушила водните патишта и придонела за продолжени суши на некои места.

Во извештајот на СМО објавен во понеделник (7 октомври), исто така, се вели дека глечерите што ги хранат многу реки во светот претрпеле најголема загуба на маса во последните пет децении, предупредувајќи дека топењето на мразот може да ја загрози долгорочната безбедност на водата за милиони луѓе ширум светот, пренесува АФП.

„Податоците говорат за опасноста од сè поекстремни врнежи, поплави и суши кои носат голем данок врз животите, екосистемите и економиите“, рече генералниот секретар на СМО, Селесте Сауло.

Таа рече дека зголемувањето на температурите делумно предизвикало хидролошкиот циклус да стане „понепредвидлив“ на начини што може да произведе „премногу или премалку вода“ и преку суши и поплави.

СМО вели дека околу 3,6 милијарди луѓе се соочуваат со несоодветен пристап до вода најмалку еден месец годишно, а таа бројка се очекува да се искачи на дури пет милијарди до 2050 година.

Светот се соочи со најтоплата година досега во 2023 година, а летото оваа година беше и најжешкото досега, што предизвика предупредувачки знаци за можен нов годишен рекорд во 2024 година.

„Во последните 33 години податоци, никогаш не сме имале толку голема површина низ светот што била под толку суви услови“, рече директорот за хидрологија, вода и криосфера на СМО, Стефан Уленбрук.

СМО повика на подобрувања во собирањето и споделувањето податоци за да се разјасни реалната слика за водните ресурси и да им се помогне на земјите и заедниците какви мерки да преземат како одговор.

Во извештајот се вели дека јужниот дел на САД, Централна Америка и јужноамериканските земји Аргентина, Бразил, Перу и Уругвај се соочуваат со услови на суша и „најниски нивоа на вода досега забележани во Амазон и езерото Титикака“, кое се наоѓа на границата меѓу Перу и Боливија.

Расте бројот на „руски закони“ низ земјите од некогашниот Источен блок

илустрација
илустрација

По Грузија, која веќе усвои два контроверзни закони по моделот на соодветни законски решенија воведени во Русија, слични тенденции се појавуваат и во три членки на ЕУ, кои до 90-те години на минатиот век беа дел од Источниот блок - Бугарија, Словачка и Унгарија.

Како што наведува „Еурактив“ во ЕУ расте загриженоста дека ваквите тенденции во постсоцијалистичките држави членки ќе резултира со усвојување на закони кои не се во согласност со европската легислатива, но и со раст на влијанието на „проруските идеологии“.

„Само неколку недели пред клучните парламентарни избори на 26 октомври, Тбилиси усвои контроверзен анти-ЛГБТК закон, кој веднаш предизвика споредби со рускиот репресивен закон за „геј пропаганда“, наведува бриселскиот портал.

Законот предложен од владејачката популистичка социјал-конзервативна партија Грузиски сон предвидува ограничување на ширењето „пропаганда за истополови врски и инцест“ во училиштата и на телевизија, како и забрана за промена на полот и посвојување деца од страна на припадници на ЛГБТК заедницата. Ова го вклучи алармот во ЕУ и меѓу организациите за заштита на човековите права, кои предупредија дека на ваков начин „строго се ограничуваат правата на хомосексуалците во земјата“.

Според „Еурактив“, ограничувањето на правата на ЛГБТК или на работата на независните медиуми и невладините организации, сепак не е случај само во Грузија, туку такви тенденции се јавуваат и во членки на ЕУ од Источна Европа, за што најнови примери се Бугарија и Словачка.

Така, Бугарија во август усвои закон, предложен од националистичката проруска партија Преродба (Вазраждане), со кој во училиштата „се забрануваат секаков вид образовни програми за нетрадиционална сексуална ориентација“, иако ЕУ, Советот на Европа и невладините организации апелираа до пратениците во бугарското Народно собрание да го отфрлат ваквиот законски предлог.

Во Бугарија во предлог форма е и законско решение за „странски агенти“, со кое се предвидува третман на промотори на странски интереси да добијат медиумите или здруженијата, кои годишно добиваат над 500 евра средства од странство. Усвојувањето на ова законско решение засега останува неизвесно, пред се поради политичката криза во Бугарија.

Во Словачка, пак, ултрадесничарската националистичка Словачка национална партија (СНС), кој е дел од владината коалиција во земјата, иницира закон се кој се прават обиди за воведување „јасна дефиниција за нетрадиционалната сексуална ориентација“ и забрана за нејзина „промоција и ширење“ во училиштата. Предлагачите на ваквото законско решение тврдат дека со него треба да се „заштитат традиционалните морални вредности на земјата содржани во Уставот“.

И во Словачка беше предложен закон за „странски агенти“, според кој ваков третман требаше да добијат медиумите или невладините организации кои годишно добиваат над 50 000 евра финансии од странство. Но, по жестоките реакции на ЕУ и граѓанското општество ова предлог законско решение беше повлечено, иако според словачкиот вицепремиер Питер Кмец, Владата во „моментов работи на нов предлог“.

Анти-ЛГБТК законски решенија и „закон за странски агенти“ се промовираат и во Унгарија, што резултираше со спор меѓу ЕУ и унгарската Влада на премиерот Виктор Орбан.

По притисок од Брисел, владејачката партија Фидес на Орбан го повлече усвојувањето на „законот за странски агенти“, додека од друга страна Унгарија се соочува со правна постапка иницирана од Еврокомисијата во врска со анти-ЛГБТК законодавството.

Експлозија во близина на израелската амбасада во Копенхаген

Полицајци пред амбасадата на Израел во Копенхаген, Данска
Полицајци пред амбасадата на Израел во Копенхаген, Данска

Полицијата на Данска соопшти дека денеска (7 октомври) во близина на Амбасадата на Израел во Копенхаген имало уште една експлозија.

Експлозијата е на годишнината од упадот на Хамас во Израел. Инцидентот се случи на околу 500 метра од Амбасадата на Израел и пет дена откако беа активирани две експлозивни направи во близина на дипломатскиот објект, за што се уапсени двајца државјани на Шведска.

„Се разбира, разгледуваме дали би можело да има поврзаност со (претходниот) инцидент во Израелската амбасада. Нема индикации дека тоа е така“, изјави полициската инспекторка, Трине Молер.

Шведската разузнавачка агенција Сапо соопшти дека можеби Иран бил вмешан во експлозиите на 2 октомври во Данска, како и во пукотницата во близина на Израелската амбасада во Стокхолм еден ден претходно.

Рускиот активист Илдар Дадин наводно бил убиен додека се борел за Украина

Рускиот опозициски активист Илдар Дадин
Рускиот опозициски активист Илдар Дадин

Рускиот опозициски активист Илдар Дадин, кој се борел на страната на Украина, бил убиен за време на борбите против руските сили во областа Харкив, објави поранешната новинарка на Ехо Москва, Ксенија Ларина.

Таа на платформата X, доцна на 5 октомври, објави дека била информирана за смртта на Дадин од Игор Волобујев, поранешен потпретседател на Гаспромбанк, кој исто така се бори на страната на Украина против неиспровоцираната инвазија на Русија.

Смртта на Дадин беше потврдена за „Инсајдер“ и од Легијата за слобода на Русија, која се бори заедно со Украина против руските сили.

Мнозинството Казахстанци гласаа „за“ изградба на нуклеарна централа во земјата

Референдум за изградба на нуклеарна централа, Астана, Казахстан, 7 октомври 2024
Референдум за изградба на нуклеарна централа, Астана, Казахстан, 7 октомври 2024

Повеќе од 71 отсто од Казахстанците гласале за изградба на првата нуклеарна централа во Централна Азија, објави Централната изборна комисија на земјата на 7 октомври по строго контролираниот референдум претходниот ден.

Комисијата соопшти дека одѕивот бил 63,66 отсто, лесно надминувајќи ги потребните 50 отсто и претставува 7 820 204 гласачи.

Поддржувачите велат дека нуклеарната централа ќе помогне да се стави крај на зависноста на Казахстан од јаглен, но противниците велат дека е премногу скапа и ќе претставува опасност за животната средина.

Набљудувачите пријавија одредени неправилности во богатата со енергија, но авторитарна поранешна советска република. Казахстанската влада проценува дека изградбата на нуклеарна централа би чинела до 12 милијарди долари.

Нацијата богата со ресурси најмногу се потпира на електрани на јаглен за производство на електрична енергија. Казахстан, исто така, увезува електрична енергија од Русија бидејќи сопствената застарена инфраструктура се бори да ја задоволи домашната побарувачка.

Прашањето кој ќе ја гради нуклеарката не беше ставено на гласање на референдумот.

Владата објави дека ги разгледува апликациите од Русија, Кина, Јужна Кореја и Франција.

Претседателот Касим-Жомарт Токаев по гласањето во Астана на 6 октомври изјави дека меѓународен конзорциум би можел да ја преземе изградбата на нуклеарната централа. Тој не соопшти повеќе детали.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG