Достапни линкови

Вести

Обвинение за поранешната организациска директорка на Токсикологија

Универзитетска клиника за токсикологија
Универзитетска клиника за токсикологија

Покренато е обвинение против организациска директорка на Јавна здравствена установа - Универзитетска клиника за токсикологија. Како што информираат од Основното јавно обвинителство, обвинетата ги пречекорила своите службени овластувања, а буџетот на Клиниката го оштетила за сума од 659 781 денари.

„Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

Додаваат дека обвинетата на списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи.

„На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659 781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист“, соопштија од ОЈО.

Обвинетата за организациска директорка беше назначена на 14 февруари, од страна на поранешниот министер за здравство Илир Демири. Нејзиното директорување беше проследено со неколку скандали.

види ги сите денешни вести

Хрватска следната недела ќе биде домаќин на Балкански самит за Украина

Архивска фотографија, хрватскиот премиер во посета на Киев
Архивска фотографија, хрватскиот премиер во посета на Киев

Хрватска, следната недела ќе биде домаќин на Самитот на балканските лидери посветен на Украина. На Самитот ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави на 3 октомври хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

„Целта на состанокот, кој ќе се одржи во јужното јадранско одморалиште Дубровник, е целиот регион да се обедини во поддршката за Украина и украинскиот народ во борбата за слобода“, изјави хрватскиот премиер Пленковиќ на редовната владина седница.

Претходниот самит „Украина-Југоисточна Европа“ се одржа во февруари во главниот град на Албанија, Тирана.

Зеленски присуствуваше на тој собир и повика на поголема поддршка за да се помогне да се одвратат руските сили, при што неговите трупи од првата линија страдаат од недостиг на муниција.

Во четвртокот, зборувајќи заедно со новиот шеф на НАТО Марк Руте во Киев, Зеленски рече дека неговата земја се обидува да ги убеди своите западни поддржувачи да му помогнат со модерна воена опрема со која ќе можат да ги соборат руските ракети и беспилотни летала испукани врз Украина.

Самитот во Хрватска ќе се одржи во услови на внатрешен спор меѓу владата и претседателот Зоран Милановиќ околу Украина.

Милановиќ во вторникот одби да го поддржи предлогот на владата за испраќање хрватски офицери во мисијата на НАТО во Германија за обука на украински војници.

Милановиќ, чии овластувања се ограничени, но е врховен командант на вооружените сили на земјата, на социјаната мрежа Фејсбук напиша дека нема да дозволи хрватските војници да „учествуваат во активности што ја туркаат Хрватска во војна“.

Премиерот го обвини Милановиќ дека дејствува против националните интереси.

Тој ги повика пратениците да ја поништат одлуката на претседателот, за што е потребно двотретинско мнозинство гласови во парламентот.

Притвор од осум дена за осомничен за полово вознемирување

Илустрација
Илустрација

Основниот суд во Тетово му изрече мерка притвор од 8 дена на осомничен 29 годишен жител на тетовското село Церево по предлог на јавниот обвинител. 29 годишниот маж е осомничен за полово вознемирување и злоупотреба на лични податоци на 17 годишно девојче.

Обвинителството посочува дека сомничениот преку социјалните мрежи во неколку наврати објавувал фотографии од девојчето со вулгарна и недолична содржина.

„Тој упатувал непристојни пораки со што ја нарушувал нејзината чест и углед и предизвикувал чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Демнењето и сексуалното вознемирување станаа кривични дела во февруари минатата година со измените на кривичниот законик. Откако измените стапија во сила, работата на обвинителите се зголеми.

Во Обвинителствата (ОЈО) од февруари минатата година до март годинава се примени 51 кривична пријава за ова кривично дело. Најголем дел се пристигнати во скопското Обвинителство, вкупно 13, по што следува Струмица со 6 и во другите по три.

Со новите измени на законот се предвидува дека со парична казна или затворска до три години ќе се казни човекот за кој судот ќе утврди дека ве следи, прогонува, психички ве вознемирува, злоставува или застрашува, лично или преку пишана комуникација, како и ви ги злоупотребува личните податоци.

Казната е поголема ако ова дело го стори близок човек, односно сегашен или поранешен интимен партнер, како и доколку делото е сторено кон дете, тогаш казната може да достигне и до пет години затвор.

Мицкоски: Очекувам предизвикувачка зима

Илустрација, РЕК Битола
Илустрација, РЕК Битола

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски очекува предизвикувачка грејна сезона. Тој во изјава на 3 октомври посочи дека очекува цената на електричната енергија на светските берзи да се зголеми поради војната во Украина.

„Имам чувство дека оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка, не поради температурите, туку поради состојбата што се случува во Украина, каде што комплетно е уништен електроенергетскиот систем и Украина влече енергија од Европа, што значи дека тоа ќе ја зголеми цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината, така што ние мораме да бидеме подготвени, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека очекува нова енергетска криза во Европа. Мицкоски уверува дека работењето во АД ЕСМ е нормализирано, иако, како што вели, компанијата наследила долг од над 80 милиони евра.

„Бидете сигурни дека е нормализирано работењето на компанијата и ќе има одговорност за тоа што се случувало, но нема да правиме естрада и театар од тоа. Многу скоро од денеска, ќе бидат посочени лицата што се виновни за состојбата во која е оставена компанијата,“ изјави Мицкоски.

Во меѓувреме раководството ЕСМ и РЕК Битола соопшти дека пред стартот на грејната сезона, , РЕК Битола, е оставен без доволни количини јаглен, а затекнатата руда на депонијата е со исклучително лош квалитет. Директор на производството во АД ЕСМ Зоран Коњановски изјави дека состојбата во рудниците Суводоол и Брод-Гнеотино состојбата е лоша. Тој објасни дека од Суводол може дневно да се експлоатираат околу 4.000 тони јаглен и 2.500 до 3.000 тони од Брод-Гнеотино.

„Тоа значи околу 7.000 тони јаглен, што е доволно за работата на еден блок и нешто малку да остане. Другото ќе го увезуваме за да има доволно РЕК да работи со два блока. За да работат трите блока потребни се 18.000 тони јаглен дневно. Доколку успееме да набавиме јаглен со соодветен квалитет во текот на зимата, ќе го ставиме во функција и третиот блок“, изјави Коњановски.

Со цел да се излезе од кризата со јаглен, новото раководство најави реорганизација во однос на капацитетите во рудниците, за да може, како што велат, да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен.

СЗО: Во еден ден најмалку 28 медицински работни загинале во Либан

Архивска фотографија, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус. 
Архивска фотографија, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус. 

Најмалку 28 дежурни медицински лица се убиени во изминатите 24 часа во Либан, каде Израел започна воздушни напади и испрати војници да се борат против Хезболах во ескалирачкиот конфликт, изјави во четвртокот генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

„Многу (други) здравствени работници не се пријавуваат на должност и побегнаа од областите каде што работат поради бомбардирањето“, изјави тој повикувајќи на посилна заштита за здравствените работници.

„Ова сериозно го ограничува обезбедувањето на управување со масовната траума и континуитетот на здравствените услуги“, рече Гебрејесус.

Претставникот на СЗО во Либан, д-р Абдинасир Абубакар, на брифингот изјави дека сите здравствени работници кои загинаа во изминатиот ден биле на должност, помагајќи им на повредените.

„Болниците се веќе евакуирани. Мислам дека засега можам да кажам дека постои капацитет за масовно управување со жртвите, но прашање на време е додека системот навистина не ја достигне својата граница“, рече Абубакар од СЗО.

„Светската здравствена организација не може да ја испорача големата планирана пратка со лекови за траума и медицински материјали во земјата во петок поради ограничувањата на летовите, рече Тедрос.

Зголемените тензии на Блискиот Исток доведоа до хаос во воздушниот сообраќај, при што светски авиокомпании ги пренасочуваат или откажуваат летовите, а пријавени се долги доцнења на регионалните аеродроми.

СЗО преговара со земјите за да ја олесни испораката на итни резерви во Либан и да истражува други опции за транспорт на хуманитарна помош по море или копнен пат.

Уапсена организирана група на криумчари на мигранти во Србија

Архивска фотографија, мигранти пронајдени во камион кој транзитирал низ Србија
Архивска фотографија, мигранти пронајдени во камион кој транзитирал низ Србија

Приведени се 12 членови на две организирани криминални групи за криумчарење на 178 мигранти во Србија, изјави на 3 октомври српскиот министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

Според него, по неколку месечна меѓународна истрага, се приведени 12, а по уште две лица полицијата се уште трага. Осомничените се товарат дека од мај до август годинава „го олесниле нелегалниот транзит“ на најмалку 178 мигранти преку територијата на Србија и илегалниот премин на државната граница на Србија и Босна и Херцеговина, „со цел на нивното натамошно нелегално пренесување во земјите на Европската унија (ЕУ)“.


Според досегашната истрага, едната организиран група за одредена сума на пари пренесувала мигранти од Србија преку БиХ до ЕУ, додека втората била задолжена за нивниот „шверц“ во земјите членки на ЕУ.

Осомничените добиле мерка притвор во времетраење од 48 часа, по што ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство.

Србија се наоѓа на миграциската рута низ Балканот, низ која луѓето минуваат во движење, бегајќи од војна и сиромаштија, во обид да стигнат до земјите на ЕУ.

Тројца лекари загинаа во сообраќајна несреќа, Таравари изрази сочувство

Архивска фотографија, илустрација за сообраќајна несреќа
Архивска фотографија, илустрација за сообраќајна несреќа

Тројца доктори загинале утрово во сообраќајна несреќа, а едно лице е тешко повредено. Сообраќајната несреќа се случила при судир на патничко возило и камион на магистралниот пат Прилеп-Битола, на излезот од градот, кај селото Лагово.

„При несреќата патничкото возило се запалило и на местото починале тројцата патници. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош Прилеп, информираат од СВР Битола.

Министерот за здравство Арбен Таравари на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук изрази сочуство семејствата на загинатите лекари.

„Прим. Др. радиолог Александар Ристески, спец. гинеколог Др. Никола Василевски и технологот за радиологија Фанче Јованоска ги загубија животите додека одеа да ја извршуваат својата благородна мисија, како што е докторската работа“, се вели во неговата порака.

Повреден бил возачот на камионот, кој со итна помош е пренесен во прилепската болница. Повеќе од час и половина екипите на прилепската противпожарна единица интервенирале за да го изгаснат пожарот.

„Кога дојдовме на местото видовме дека не гори само камион, туку и патничко моторно возило, односно се случила сообраќајна несреќа. За да го изгаснеме пожарот интервениравме со пет возила и 12 пожарникари“, изјави Виктор Стојчески, заменик- момандир на ТППЕ- Прилеп.

Со порака за сочувство се огласи и битолската болница „Плодност“, каде што загинатите лекари биле вработени.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца“, се вели во нивното соопштение.

Рачна бомба и над 180 куршуми пронајдени во дом на пензинер од скопската населба Козле

Илустрација
Илустрација

Рачна бомба со 100 грама ТНТ екпслозив, 181 куршуми боева муниција со различен калибар наменети за автоматски пушки и тешки митралези, шест тегли со сачми со различна големина. тешки речиси 3 килoграми и четири најлонски ќеси со барут, запленило Основното јавно обвинителство при претрес со полицијата во дом на 66 годишен пензионер во скопската населба Козле.

Обвинителството покренало исстрага против скопскиот пензионер за кривичноте дело „ Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“.

Во соопштението е наведено дека поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.

Според податоците на МВР за 2023 година, во земјава, во областа недозвoлена трговија со оружје се откриени 180 кривични дела. Полицијата при претреси во домовите на 204 осомничени сторители на делото „недозволена трговија со оружје“ запленила 170 парчиња оружје, од кои 16 полуавтоматски пушки, 77 пиштоли, 38 ловни пушки и 4 револвери. Претходната година, МВР зпаленила 139 парчиња оружје.

Путин потпиша законот со кој им овозможува на обвинетите за криминал да станат војници

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша нов контроверзен закон со кој се суспендираат кривичните постапки против поединци кои се повикани на воена служба или склучуваат договор со Министерството за одбрана да служат во вооружените сили.

Овој потег им овозможува на обвинетите, дури и на оние кои веќе се на суд или на обжалена пресуда, да избегнат гонење со тоа што ќе се приклучат на војската.

Законот претставува уште еден чекор во обидите на Русија да ја зголеми својата воена сила без прибегнување кон политички чувствителната опција за масовна мобилизација.


Со таргетирање на затворениците и обвинетите, Кремљ може да продолжи да регрутира војници додека го минимизира јавното несогласување.

Според новиот закон, обвинетите за кривични дела сега ќе имаат можност да се пријават во војска во различни фази од нивната правна постапка.

Ова вклучува кога нивниот случај е испратен до суд или дури и за време на процесот на судење. Законот, исто така, важи и за оние чии казни сè уште не се финализирани, што значи дека поединците кои поднеле жалба на нивните пресуди сепак би можеле да избегнат затворска казна со тоа што ќе се пријават.

Руте во посета на Киев, откако Романија го испорача системот „Патриот“

Илустрација, анти-ракетен систем Патриот
Илустрација, анти-ракетен систем Патриот

Ракетниот одбранбен систем „Патриот“ дониран од членката на НАТО Романија пристигна во Украина, објавија двата соседа на 3 октомври. Во меѓувреме генералниот секретар на воената алијанса, Марк Руте, дојде во ненадејна посета на Киев само два дена по преземањето на функцијата.

Тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а во текот на денот сирените за воздушен напад двапати се огласија низ главниот град, нагласувајќи ја ситуацијата со која се соочуваат жителите на главниот град и другите региони на земјата.

„Им благодарам на секоја земја што ни помага со противвоздушната одбрана. Посебна благодарност до Романија за системите „Патриот“, напиша Зеленски на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

Во меѓувреме романското Министерство за одбрана потврди за РСЕ дека системот Патриот е испорачан.

Говорејќи по неговиот состанок со Зеленски, Руте вети дека ќе помогне во изградбата и одржувањето на поддршката на Западот за Украина додека таа се бори да ја одбие руската инвазија во целосен обем, започната од Кремљ во февруари 2022 година.

„Украина е поблиску до НАТО од кога било досега“, рече тој, забележувајќи ги неодамнешните чекори преземени од страна на алијансата кои помагаат да се „изгради мост за членство во НАТО“.

Тој го истакна и ризикои со кој се справуваат земјите членки на НАТО, како што е Романија, која се граничи Украина.

Руските беспилотни летала повторно го погодија критично важното украинско пристаниште Измајил, што го натера Букурешт со борбени авиони Ф-16 за да ја надгледува ситуацијата доцна на 2 октомври.

Имено портпарол на романското Министерство за одбрана, Константин Спину, за РСЕ на 3 октомври, потврди дека системот Патриот пристигна во Украина, откако претгодно минатиот месец во Букурешт беше усвоен предлог-законот потребен за трансфер на системот во Киев.

Според нацрт-законот, Романија ѝ дава на Украина право на слободно користење на системот.

Киев постојано бара од своите западни сојузници да достават помодерно оружје и системи за противвоздушна одбрана што ќе му помогнат од една страна да го заштити своето небо, а од друга страна да му дозволи да напаѓа воени цели подлабоко во Русија за да ги спречат силите на Москва да лансираат напади врз Украина од безбедно растојание.

Четворица руски новинари на судење поради поврзаност со Навални

Антонина Фаворскаја во судница во Москва, март 2024
Антонина Фаворскаја во судница во Москва, март 2024

Судењето на четворицата руски новинари поврзани со починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, вклучително и двајца кои работеле за меѓународни новински агенции, започна зад затворени врати во судот во Москва.

Антонина Фаворскаја, Сергеј Карелин, Константин Габов и Артјом Кригер се обвинети за учество во екстремистички активности на каналите на YouTube поврзани со Фондацијата за борба против корупцијата на Навални (ФБК).

Габов и Карелин се хонорарни новинари кои работеле за неколку новински организации, вклучувајќи ги Ројтерс и Асошиетед прес.

Фаворскаја и Кригер работат за независниот медиум SOTAVision, кој е означен како „странски агент“ во Русија. Секој од новинарите се соочува со казна затвор до шест години доколку бидат прогласени за виновни.

ФБК и сродните организации беа означени како „екстремистички“ од руските власти во 2021 година, со што секое здружување со нив се смета за кривично дело.

Десетици новинари во моментов се во притвор во Русија по слични основи, според групите за човекови права.

Судот ја затвори постапката за јавноста повикувајќи се на предупредување од рускиот Центар за борба против екстремизмот, во кое се тврди дека ФБК може да се обиде да го попречи судењето, што е дел од пошироката акција против поранешните соработници на Навални.

„Ова е само некаков вид архаизам. Така прават во тоталитарните режими“, независниот медиум Медиазона ја цитираше изјавата на судијата Кригер.

Навални, кој почина во затвор во февруари под контроверзни околности, отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвиненија кои нашироко се сметаат за политички мотивирани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG