Достапни линкови

Вести

Путин ги кажа условите за мировни преговори со Украина

Владимир Путин, претседател на Русија
Владимир Путин, претседател на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе преговара со Украина ако украинските сили се повлечат од четири региони, за кои тврди дека се руска територија и ако Киев се откаже од влезот во НАТО.

Путин денеска, 14 јуни, зборуваше пред претставници на руското Министерство за надворешни работи, во пресрет на мировната конференција за Украина во Швајцарија на која Русија не беше поканета.

„Штом Киев зпочне со повлекување на војниците од регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје и откако ќе објави дека се откажува од планот за влез во НАТО, веднаш ќе дадеме наредба за прекин на огнот и за почеток на преговорите“, рече Путин, наведувајќи ги условите за мир кои се спротивни на условите поставени од Украина.

Тој рече дека целта на предлогот е конечно решение на конфликтот, нагласувајќи дека Кремљ е „подготвен да ги почне преговорите без одлагање“.

Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател, ги отфрли условите поставени од Путин, нагласувајќи дека „се е целосна измама“, пренесе агенцијата АФП.

„Ослободете се од илузиите и престанете да ги сфаќате сериозно „предлозите на Русија“ кои се навредливи за здравиот разум“, напиша Подољак на социјалните мрежи.

Ставот на Украина е дека мирот може да се заснова само на целосно повлекување на руските сили и обновување на украинскиот територијален интегритет.

Изјавата на Путин доаѓа во моментот на самитот во Италија на лидерите на групата седум развиени земји во светот (Г7) и додека Швајцарија се подготвува да биде домаќин на светските претставници со цел да се обиде да ги претстави првите чекори кон мир во Украина.

Русија почна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Откако украинските сили го спречија рускиот напредок кон Киев, борбите главно беа преместени на југ и на исток.

Покрај анексијата на Крим во 2014 година, Путин во септември 2022 година прогласи анексија на четири региони на источна и јужна Украина, иако тој не контролира целосно ниту еден од нив.

види ги сите денешни вести

Федерална судијка го отфрли случајот против Трамп во врска со доверливите документи

Оваа слика, како доказ во обвинението против поранешниот претседател Доналд Трамп, покажува кутии со плочи складирани во бањата и тушот на имотот на Трамп Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, САД.
Оваа слика, како доказ во обвинението против поранешниот претседател Доналд Трамп, покажува кутии со плочи складирани во бањата и тушот на имотот на Трамп Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, САД.

Федерална судијка во понеделникот на 15 јули го отфрли обвинението против Доналд Трамп во кривично дело поврзано со неговото несоодветно чување на доверливи владини документи на неговиот имот во Мар-а-Лаго, откако тој ја напушти функцијата.

Судијката Ајлин Канон од Флорида, која беше номинирана од Трамп, заклучи дека специјалниот обвинител Џек Смит е незаконски назначен на функцијата и нема овластување да го отповикува Трамп.

Ова е уште една голема правна победа за Трамп, по одлуката на Врховниот суд на 1 јули, кога беше заклучено дека поранешниот претседател ужива имунитет од гонење кога станува збор за бројните дејствија што ги презел додека бил на функцијата, потсетува Гласот на Америка.

Обвинителството најверојатно ќе поднесе жалба на оваа пресуда. Во други случаи, судовите често го поддржуваа правото на Министерството за правда да назначува специјални обвинители за спроведување одредени политички чувствителни истраги.

Сепак, одлуката на судијката Кенон фрли сомнеж во иднината на случајот, за кој се веруваше дека претставува сериозна правна закана за Трамп.

Смит исто така го гони Трамп пред федералниот суд во Вашингтон за обид да ги поништи изборите во 2020 година, но неговите адвокати не поднесоа слична жалба против специјалниот советник во тој случај.

Во понеделникот Трамп повика на отфрлање на сите судски случаи против него.

„Отфрлањето на незаконското обвинение во Флорида треба да биде само првиот чекор, по што брзо ќе следи отфрлање на сите лов на вештерки“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.

Во случајот со документите, Трамп е обвинет дека свесно чувал доверливи документи за национална безбедност во неговиот голф клуб и одморалиште Мар-а-Лаго по завршувањето на неговиот мандат и дека ги попречувал напорите на владата да го врати материјалот.

Личниот соработник на Трамп, Волт Наута и менаџерот на имот во Мар-а-Лаго, Карлос де Оливера, исто така беа обвинети за попречување на истрагата.

Адвокатите на Трамп го оспорија правното овластување на одлуката на министерот за правда Мерик Гарланд од 2022 година да го назначи Смит да води истрага против Трамп. Тие тврдат дека назначувањето го прекршило Уставот бидејќи неговиот кабинет не бил формиран од Конгресот и неговото назначување не било потврдено во Сенатот.

Адвокатите од канцеларијата на Смит ги оспоруваат тврдењата на Трамп, велејќи дека постои разработена практика на назначување специјални обвинители да водат политички чувствителни истраги. Пресудата е најновата и најзначајната во низата одлуки на судијата Кенон за поддршка на одбраната на Трамп. Таа претходно го одложи судењето на неодредено време додека разгледуваше серија правни жалби поднесени од тимот на Трамп.

Невообичаена беше и нејзината одлука да дозволи тројца надворешни адвокати, вклучително и двајца кои застанаа на страната на Трамп, да ги изнесат своите аргументи на судското рочиште поврзани со оспорувањето на Трамп за назначувањето на обвинителот Џек Смит.

Конзервативниот судија на Врховниот суд Кларенс Томас, исто така, даде поттик на оспорувањето на Трамп за легитимитетот на специјалниот советник.

Во мислењето што се согласува со одлуката на тој суд да му даде широк имунитет на Трамп, Томас се запраша дали назначувањето на Смит е легално, користејќи аргументи слични на оние на адвокатите на Трамп.

Гарланд го назначи Смит, обвинител кој се занимаваше со корупција и меѓународни воени злосторства, доколку на истрагите против Трамп им даде одреден степен на независност од Министерството за правда на администрацијата на Бајден.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше ранет викендов во “обид за атентат“ за време на предизборен митинг во западна Пенсилванија.

Трамп беше застрелан во увото, а на видеото од митингот на 13 јули се виде крв што тече од десната страна на неговото лице, додека агентите на тајната служба го симнуваа од бината каде што требаше да оддржи предизборен говор.

Албанското Специјално обвинителство запленило имот вреден 41 милион евра во 2023 година

Илустрација
Илустрација

Првиот човек на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), Алтин Думани, презентирајќи го извештајот за 2023 година пред тамошните народни избраници, рече дека во текот на извештајната година запленет е имот во износ од 41 милион евра стекнат од криминални активности.

Шефот на Специјалното обвинителство нагласи дека во „главниот град и приморските градови криминалните групи главно се повеќе ориентирани кон перење пари“.

„Анализата на криминалните пазари во Албанија покажува вознемирувачка ситуација со активните групи во градовите како Тирана, Драч, Валона, Ѓирокастро, Фиер, Скадар, Елбасан, Курбин и Фуш Круја. Во Тирана и другите крајбрежни градови, криминалните групи главно се повеќе ориентирани кон перење пари, што се врши преку вложување во движен и недвижен имот, како и преку депонирање пари на банкарски сметки на трговски друштва или нивни роднини. Во однос на перењето пари, инвестициите во движен и недвижен имот се главните начини во Албанија, особено во станови, згради и услужни единици во Тирана и туристичките области“, нагласи Думани.

Тој посочи и на случај на меѓународна криминална организација која имала за цел да пере пари преку софистицирани шеми во Албанија, но органите на прогонот соработувале и станало можно да се заплени голема сума пари и да се гонат некои од членовите на структурираната криминална група.

„Истрагите од 2023 година покажуваат дека криминалните групи се софистицирани и вклучени на меѓународните пазари на тешки дроги и имаат доминантна позиција. Овие групи се активни и на меѓународните пазари. Загрижувачки треба да се смета и софистицираната активност на криминалните групи кои работат со кол-центри, кои ги мамат граѓаните на ЕУ“, посочи Думани.

Според него, шверцот со наркотици е проблем во Драч, Валона, Ѓирокастро, Фиер и Курбин.

Во Скадар, Драч, Лач и Фуш Круја, евидентирана е корупција на правосудните службеници, додека убиствата и обидите за убиства се чести во Драч, Фуш Круја, Фиер, Валона, Скадар и Елбасан.

Во Фуш Круја се врши трговија со оружје, распрскувачки материи, но и украдени автомобили кои служат како орудие за извршување убиства, објасни тој.

Инаку, и денешната пленарна седница ја карактеризираа тензични ситуации, предизвикани од опозицијата, кога нејзини пратеници се патуваа кон говорницата додека зборуваше Думани, поради што мораше да интервенира обезбедувањето, составено од претставници на Националната гарда.

Во Гамбија, сепак, останува забраната за осакатување на женските гениталии

Членовите на Жените за ослободување и лидерство, кои се противат на осакатувањето на женските гениталии, водат сесија за подигање на свеста за ова прашање, во Банџул, Гамбија, на 6 јуни 2024 година.
Членовите на Жените за ослободување и лидерство, кои се противат на осакатувањето на женските гениталии, водат сесија за подигање на свеста за ова прашање, во Банџул, Гамбија, на 6 јуни 2024 година.

Парламентот на Гамбија во понеделникот на 15 јули го отфрли предлог-законот со кој би се укинала сегашната забрана за осакатување на женските гениталии, на која често се подложени девојчињата на возраст од пет години.

Таа одлука е донесена по неколкумесечна дебата во таа западноафриканска земја со мнозинско муслиманско население, пишува Асошиетед Прес.

Женското осакатување е широко распространето во делови на Африка со векови во име на „сексуалната чистота“ и контролата, а освен инвалидитет, на жртвите им носи и болести и трајно стресно нарушување.

Верските конзервативци водеа кампања за поништување на забраната, тврдејќи дека осакатувањето е „една од вредностите на исламот“, но не успеаја.

Во Гамбија, според Обединетите нации, повеќе од половина од жените и девојчињата на таа возраст биле подложени на оваа постапка.

Поранешниот претседател Јахија Џаме ја забрани оваа практика во 2015 година, но активистите велат дека спроведувањето на неговиот закон е слабо и дека практиката продолжува, а досега се гонети само два случаи.

УНИЦЕФ годинава објави дека 30 милиони жени ширум светот биле осакатени само во последните осум години, најмногу во Африка, но и во Азија и на Блискиот Исток.

Повеќе од 80 земји имаат закони кои ја забрануваат или казнуваат оваа практика, соопшти Фондот за население на Обединетите нации оваа година. Меѓу нив се Јужна Африка, Иран, Индија и Етиопија.

Пристигнуваат „ер трактори“ и хеликоптери од Турција, Словенија, Србија и Црна Гора за гаснење на пожарите

Пожар во регионот на Свети Николе
Пожар во регионот на Свети Николе

Во Центарот за управување со кризи денеска на 15 јули се одржа седница на Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На седницата присуствуваа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов, соопшти МВР.

„На седницата беше утврдена потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во воздухоплови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата. Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора“, изјави министерот Тошковски.

Министрите изразија благодарност до пријателските земји кои ни помагаат во справувањето со огнената стихија, се вели во соопштението од МВР.

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека телефонски е пристигнато барање за помош од Северна Македонија поради големиот број пожари.

„Сè уште не сме го добиле официјално, но разговаравме на телефон. Побараа од Северна Македонија да им помогнеме да го изгаснат пожарот. Слични барања има и од Република Српска. Мислам дека имаме доволно капацитет за помош во двете држави истовремено, во хуманата акција за гасење пожари“, рече Дачиќ.

Дачиќ нагласи дека Србија ќе испрати хеликоптери за гаснење на пожарот и додаде дека не сака тоа да биде оценето како испраќање хеликоптери заради остварување на воена доминација.

Пожарите беснеат и опустошуваат површини колку цели градови во Северна Македонија. Прогласена е 30 дена кризна состојба. Но, има криза и во делот на опремата за справување со пожарите, гаснат и возила стари 45 години. Нема и луѓе, па општините си помагаат, а почна да пристига помош и од други држави.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП „Национални шуми“, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.

Целосната забрана за движење во шумите од 06:00 до 20:00 часот почна денеска (15 јули), а ќе трае до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален.

Претседателката на Грузија го оспорува законот за „странски агенти“ пред Уставниот суд

Саломе Зурабишвили - претседателка на Грузија
Саломе Зурабишвили - претседателка на Грузија

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили поднесе жалба до Уставниот суд на Грузија за валидноста на неодамна усвоениот закон за „транспарентност на странско влијание“, кој ги зголеми тензиите меѓу владата и значителен дел од општеството и го налути Западот.

Во изјавата на официјалната веб-страница на Претседателството, во која се најавува нејзината прва судска постапка, нејзиниот помошник Гиорги Мсхиладзе ги искористи зборовите на демонстрантите за да го опише законот, донесен кон крајот на мај поради претседателското вето, како т.н. руски закон.

„Законот е „неуставен“ и е во спротивност со членот 78 од уставот на земјата“, рече тој, кој им наредува на уставните тела, вклучително и владата, „да ги преземат сите мерки во рамките на нивните овластувања за да обезбедат целосна интеграција на Грузија во Европската унија и НАТО“.

„Со тужбата се оспоруваат низа правни норми со кои се повредуваат бројни основни права загарантирани со устав. Претседателот преку оваа тужба бара суспензија на споменатиот закон и негово конечно укинување“, се наведува.

Зурабишвили се судри со владејачката партија Грузиски сон, која ја поддржа нејзината претседателска кандидатура во 2018 година, што кулминираше со спор околу нејзиното право да ја претставува Грузија во странство, а потоа неуспешно отповикување во 2023 година.

Законот, кој стапи на сила минатиот месец и покрај масовните протести и ветото на претседателот на земјата, бара од медиумите, невладините организации и другите непрофитни групи да се регистрираат како „странски агенти“ доколку добијат повеќе од 20 отсто од нивното финансирање од во странство.

Опозицијата го осуди нацртот како „руски закон“ бидејќи Москва користи сличен закон за да ги стигматизира независните медиуми, организации и поединци кои го критикуваат Кремљ, тврдејќи дека неговото усвојување е знак за руско влијание во Грузија.

Во меѓувреме, приклучувањето на Грузија во Европската унија е стопирано, а дел од финансиската поддршка на земјата е замрзната откако грузиските власти го усвоија контроверзниот закон.

Зеленски планира нова мировна конференција за Украина

Володимир Зеленски - претседател на Украина
Володимир Зеленски - претседател на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во понеделникот дека има намера да ги подготви сите елементи од мировниот договор до ноември за Киев потоа да може да одржи втор меѓународен мировен состанок.

Првиот состанок се одржа минатиот месец во Швајцарија, а на него учествуваа претставници на 92 земји, но не и Руси, потсетува Ројтерс.

Киев најави дека може да покани и претставници на Русија на следната конференција.

„Ја поставив целта дека ќе имаме целосно подготвен план во ноември“, изјави украинскиот лидер за новинарите.

Зеленски го изјави ова по враќањето во Киев од Вашингтон, каде што присуствуваше на состанокот на НАТО, повеќе од 28 месеци по руската инвазија.

Рускиот заменик министер за надворешни работи минатата недела изјави дека Москва нема да учествува на вториот состанок, иако Кремљ не е категоричен и изјави дека се уште нема јасни индикации за идејата за негово одржување.

Украина најави дека на вториот состанок ќе се разговара за планот, кој ќе го разработат десетици земји поделени во работни групи.

Зеленски рече и дека Украина летово ќе добие дел од борбените авиони Ф-16, а останатите до крајот на годинава, но не може точно да прецизира колку ќе ги има.

„Нема да има доволно. Тие сигурно ќе не засилат, но дали ќе ги има доволно за да се бориме на исто ниво како и руските воздухопловни сили? Мислам дека не. Чекаме поголем број, “, рече украинскиот претседател.

Парламентарни избори во Сирија

Избори во Сирија
Избори во Сирија

Сиријците во областите под контрола на владата излегоа на гласање во понеделникот за да изберат нов парламент, а опозицијата гласањето, кое се очекува да предизвика неколку изненадувања, го нарече фарса.

Граѓаните избираат 250 членови на парламентот, кој има мала реална моќ во сирискиот претседателски систем, а две третини од местата се резервирани за членовите на партијата Баас на претседателот на земјата, Башар ал Асад.

Повеќе од 13 години по почетокот на сириската граѓанска војна, владата на Асад контролира голем дел од Сирија, откако Иран и Русија му помогнаа да ги победи бунтовничките групи.

Североисточниот дел на земјата сè уште го држат Сириските демократски сили предводени од Курдите, додека исламистите и бунтовниците поддржани од Турција држат делови од северозападот, додека повеќе од пет милиони бегалци се во странство и не можат да гласаат, пишува Ројтерс.

Економијата на земјата и понатаму е во тешка состојба со висока инфлација и мали странски инвестиции во услови на западни санкции и закочен процес предводен од ОН, чија цел е изнаоѓање политичко решение за конфликтот.

Сириската преговарачка комисија со седиште во Истанбул, која претставува широка коалиција на главните опозициски групи, го повтори ставот на противниците на Асад дека изборите биле фалсификувани.

Во регионот Свеида, упориште на сириската малцинска заедница Друзи, каде што протестите против Асад траат од август минатата година, десетици демонстранти протестираа повикувајќи на бојкот на изборите.

Нови израелски напади врз Газа откако десетици Палестинци беа убиени во текот на викендот

Последици од израелски напад на шаторски камп во областа Ал-Маваси
Последици од израелски напад на шаторски камп во областа Ал-Маваси

Израел го нападна јужниот и централниот дел на Појасот Газа во понеделникот за да изврши притисок врз Хамас, по нападот викендов насочен против раководството на милитантната група во која загинаа десетици Палестинци во таканаречената безбедна зона.

Два дена откако израелскиот напад ја претвори преполната област Маваси во близина на брегот на Медитеранот во пустелија преполна со тела и запалени автомобили, раселените Палестинци рекоа дека немаат идеја каде да одат понатаму.

„Оние моменти кога земјата се тресеше под моите нозе, а прашината и песокот се издигнаа на небото и кога видов распарчени тела - се нешто што досега не сум го видел“, рече Аја Мохамад, продавач на пазарот во Маваси.

Понатаму на југ во Рафа, во фокусот на израелската офанзива од мај, жителите пријавија нови борби. Тие соопштија дека израелските сили разнеле неколку куќи во западните и централните делови на градот.

Здравствените власти објавија дека пронашле десет тела на Палестинци убиени од израелски оган во источните области на градот, а некои од телата веќе почнале да се распаѓаат.

Армијата, исто така, ги засили воздушните и тенковските напади во централното подрачје на Појасот Газа, врз камповите Ал-Буреј и Ал-Магази.

Здравствените власти информираат дека пет Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз куќа во кампот Ал-Магази.

Израелската војска соопшти дека нејзините воздушни сили нападнале десетици палестински воени цели низ Појасот Газа, при што убиле многу од вооружените лица. Таа исто така изјави дека силите убиле вооружени мажи во Рафа и централното подрачје на Појасот Газа.

Масакрот во Маваси во саботата, еден од најсмртоносните израелски напади во војната, ги засени разговорите кои двете страни претходно ги опишаа како најблиску до постигнување траен прекин на огнот.

Висок функционер на Хамас во неделата изјави дека групата не ги напуштила преговорите и покрај нападот врз Маваси.

Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници.

По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива на Газа.

Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, во борбите загинале најмалку 38.664 луѓе.

Летонија забрани влез на патнички автомобили со белоруски регистарски таблички

Илустрација
Илустрација

Службата за државни приходи на Летонија соопшти дека од 16 јули на патничките автомобили регистрирани во Белорусија ќе им биде забранет влезот во Европската унија преку премините долж границите на балтичката држава со Белорусија и Русија.

Забраната се однесува на влез во Европската унија преку летонско-белоруските и летонско-руските гранични точки.

Овој потег е преземен во согласност со законите на Европската унија за да се спречи заобиколувањето на санкциите на ЕУ наметнати на Русија и Белорусија поради целосната агресија на Москва против Украина. Претходно оваа година, Летонија и неколку други земји на ЕУ забранија автомобили со руски регистерски таблички од нивните територии поради инвазијата.

Забраната за влез нема да важи за возила наменети за употреба во движење на дипломатско-конзуларните претставништва.

Ако некое лице одбие да ги исполни упатствата на царинскиот орган, вклучително и при враќање во Белорусија или Русија, може да се донесе одлука за одземање на возилото во согласност со прописите на царинската сфера.

Чибишев: Тројца од малолетниците ќе бидат пуштени дома, еден ќе остане на дополнителни прегледи

Клиника за токсикологија (архивска фотографија)
Клиника за токсикологија (архивска фотографија)

Тројца од вкупно четворицата малолетници кои во петокот беа донесени на Клиниката за токсикологија ќе бидат пуштени на домашно лекување, бидејќи параметрите се задоволителни, а едниот ќе остане на дополнителни испитувања, изјави директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев за Македонската информативна агенција МИА.

Четирите малолетници од кои двајца во бесознание беа пронајдени во куќата на 40-годишник и донесени на Клиниката за токсикологија. По извршените испитувања беше утврдено присуство на психоактивни супстанци.

Основното јавно обвинителство - Скопје во саботата на 13 јули информираше дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишникот, кој се сомничи за тешки дела против здравјето на луѓето.

Според Обвинителството, осомничениот со децата консумирал алкохол и во текот на вечерта извадил лекови, што ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил да ги испијат за подобро расположение. Тој им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохол, иако бил свесен за штетната последица и ги оставил во сериозно влошена здравствена состојба што самиот ја предизвикал.

Од извршените разговори со малолетните лица е констатирано дека тие во текот на вечерта во четвртокот пристигнале во куќата на 40-годишниот Д.Ѓ. во која понекогаш престојувало едно од малолетните лица.

Четириесегодишникот е приведен и ги потврдил исказите од малолетните лица. Тој бил во пријателска врска со роднина на малолетникот.

„Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале и при тоа се здобиле со повреди“, информираа од СВР Скопје.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG