Достапни линкови

Вести

Путин би преговарал, ама на Зеленски му истекол претседателскиот мандат

Средба на рускиот претседател Владимир Путин со белорускиот колега Александар Лукашенко
Средба на рускиот претседател Владимир Путин со белорускиот колега Александар Лукашенко

Рускиот претседател Владимир Путин на 24 мај изјави дека Русија е подготвена да разговара за војната во Украина, но се сомнева дали украинскиот претседател Володимир Зеленски има легитимитет да преговара во име на Украина.

Путин, кој зборуваше во Минск по средбата со авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко, рече дека петгодишниот мандат на Зеленски требаше да заврши на 20 мај.

„Се разбира, свесни сме дека легитимитетот на актуелниот шеф на државата заврши“, рече Путин на заедничката прес-конференција со Лукашенка.

„Мораме да бидеме целосно сигурни дека имаме работа со легитимни власти“, додаде тој.

Зеленски беше инаугуриран со петгодишен мандат на 20 мај 2019 година. Изборите требаше да се одржат на 31 март оваа година, но беа одложени бидејќи земјата се уште е под воена состојба.

Според украинскиот Устав, Зеленски мора да продолжи да ги извршува своите должности додека не биде избран нов шеф на државата.


Украина е под воена состојба откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година и ќе мора да го измени законот за да се одржат избори за време на воена состојба.

Кога прашањето за легитимноста на Зеленски беше покренато претходно оваа недела, портпаролот на ЕУ рече дека Европската унија не се сомнева во статусот на Зеленски како лидер на Украина. Портпаролот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека Зеленски „останува човекот со кој генералниот секретар комуницира кога треба да контактира со украинскиот лидер“.

Во своите коментари на заедничката прес-конференција, Путин, кој беше реизбран за петти мандат во март на изборите кои САД и другите западни земји не ги сметаа за слободни и фер, не ги призна ограничувањата за Украина да одржува избори додека земјата е редовно под руски напад.

Путин повтори дека Русија „е за преговори за Украина“, но рече дека би било можно враќање на разговорите „само врз основа на денешната реалност во зоната за специјални операции“.

Зеленски ги отфрли предусловите на Москва, вклучително и дозволувањето на Русија да ја задржи територијата што нејзините сили ја зазедоа досега во војната.

Во јуни во Швајцарија треба да се одржи меѓународна мировна конференција за Украина на која ќе се разговара за мировниот план на Зеленски, но Русија не е поканета. Путин ја отфрли важноста на конференцијата.


Според американскиот помошник државен секретар Џејмс О'Брајан изјави дека сојузниците на Украина не го гледаат Путин како заинтересиран за мир во моментов.

„Тој избра пат на војна и важно е Украина да има можност да се стабилизира на бојното поле. Секогаш сме заинтересирани да видиме кога Украина ќе биде подготвена да склучи мир, таа да може да го стори тоа под услови кои се успешни за Украина“, објасни О'Брајан.

Русија и Белорусија, во меѓувреме, ги подобрија своите односи и најавија дека разговарале за „прашања за формирање на обединет одбранбен простор“, истакнувајќи дека „заедничка регионална групација на војници, руски одбранбени комплекси и тактичко нуклеарно оружје се распоредени на белоруска територија“.

види ги сите денешни вести

Израел продолжи со нападите врз Газа

Чад се крева од пепел во шаторска област, еден ден по нападот во областа Ал-Маваси, северозападно од палестинскиот град Рафа, на 22 јуни 2024 година.
Чад се крева од пепел во шаторска област, еден ден по нападот во областа Ал-Маваси, северозападно од палестинскиот град Рафа, на 22 јуни 2024 година.

Израелската војска продолжи со нападите врз Газа во саботата, откако Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека 22 лица загинале во гранатирање што ја оштетило неговата канцеларија на опколената палестинска територија.

Размената на оган преку либанската граница меѓу Израел и моќната милитантна група Хезболах поддржана од Иран, исто така, ескалираа во последниве недели, зголемувајќи ги стравувањата од проширување на војната.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш на 21 јуни рече дека прекуграничните непријателства не смеат да го претворат Либан во „уште една Газа“, предупредувајќи на ризикот од предизвикување „незамислива“ катастрофа.

Неговото предупредување дојде откако Израел ги засили своите напади во Појасот Газа, каде што болницата во градот Газа објави најмалку 30 мртви во петокот.

Борбите продолжија утрото на 22 јуни, при што сведоците пријавија судири меѓу милитантите и израелските сили во градот Газа.

Во градската населба Зејтун, израелски хеликоптери пукаа врз милитантите, изјавија очевидци.

Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека војниците продолжиле да спроведуваат операции во централна Газа „елиминирајќи неколку вооружени терористи и уништувајќи терористичка инфраструктура во областа“.

„Воени авиони и дополнителни авиони нападнаа голем број терористички цели во Појасот Газа, вклучувајќи вооружени терористи, складишта за оружје и дополнителна терористичка инфраструктура“, се додава во нивното соопштение.

„Тежок и брутален ден“

Во јужниот дел на Газа, Меѓународниот комитет на Црвениот крст на 21 јуни објави дека 22 мртви тела и 45 ранети лица биле префрлени во теренската болница на Црвениот крст откако биле гранатирани „проектили од тежок калибар“ во близина на канцеларијата на хуманитарната организација во Газа.

Министерството за здравство на територијата со која владее Хамас го обвини Израел за гранатирањето, велејќи дека во нападот загинале 25 луѓе, а 50 се повредени во јужната крајбрежна област Ал-Маваси, каде што илјадници раселени луѓе се засолнети во шатори.

На северот на Појасот, територијалното Министерство за здравство соопшти дека директорот на болницата Ал-Ахли во градот Газа пријавил 30 мртви во воздушните напади.

Портпаролот на Агенцијата за цивилна одбрана Махмуд Басал изјави дека пет општински работници загинале кога била бомбардирана гаража во градот.

Израелската инвазија на Газа започна откако милитантите на Хамас од палестинска територија го нападнаа јужен Израел на 7 октомври. Во нападот загинаа 1.194 луѓе, од кои повеќето цивили, според извештајот на Агенцијата Франс Прес заснован на официјални израелски податоци.

Милитантите зедоа и повеќе од 100 заложници.

Во повеќемесечната израелска офанзива, според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на милитантите на Хамас, загинале најмалку 37.431 лице, исто така главно цивили.

Војната уништи голем дел од инфраструктурата на Газа и ги остави жителите без храна, гориво и други основни работи.

Затвор за индиски милијардер поради експлоатација на работници во Швајцарија

Илустрација
Илустрација

Индискиот милијардер по име Пракаш Хиндуџа и тројца членови од неговото семејство беа осудени на затворски казни во Швајцарија на 21 јуни за експлоатација на индиски работници во нивната вила во таа земја со одземање на нивните пасоши, забрана за излегување надвор и принудувајќи ги да работат до 18 часа на ден.

Пракаш Хиндуџа (79), неговата сопруга Камал (75), синот Ајај и сопругата на неговиот син Намрата се осудени на затвор од четири до четири и пол години. Петтообвинетиот, семејниот менаџер Наџиб Зијази, е осуден на 18 месеци затвор.

Судот одлучи дека четворицата се виновни за експлоатацијата и незаконското вработување на работниците, речиси целосното одбивање на здравственото осигурување на работниците и исплата на плати кои не достигнуваат ни десетина од платата што се исплаќа во Швајцарија за таквите работни места.

Според обвинителите, работниците опишале „атмосфера на страв“ која Камал Хиндуџа ја заведувал. Тие биле принудени да работат со многу малку или без време за одмор, а во моментот на прием работеле до доцна во ноќта. Тие спиеле во подрумот на вилата, лоцирана покрај езерото, и тоа не на кревети, туку на душеци на подот.

Швајцарскиот суд не ги прогласи обвинетите за одговорни за некои од посериозните точки од обвинението, како што е шверц на луѓе, бидејќи, како што беше речено во судот, работниците знаеле во што се навлегуваат - барем делумно.

Тоа се главно неписмени Индијци кои не биле платени во швајцарски франци, туку во индиски рупии, а овие средства им биле исплаќани во банките во Индија до кои немале пристап.

Адвокатите на осудените тврдат дека ќе се жалат и дека казната е преголема, но велат дека за нив е олеснителна околност кога ја добиле веста дека судот нема да го осуди Камал Хиндуџа за шверц на луѓе.

Според нив, осудените биле во „многу лоша здравствена состојба“ и биле стари лица, па не присуствувале на судењето.

Магазинот Форбс го проценува имотот на семејството Хиндуџа на околу 20 милијарди долари.

Семејството има живеалиште во Швајцарија од осумдесеттите години на минатиот век.

Пракаш Хиндуџа, кој доби швајцарски пасош во 2000 година, веќе беше осуден во 2007 година со слично обвинение. Против него се води посебна даночна постапка.

Русија изврши голем напад врз електроенергетската инфраструктура на Украина

Работници стојат покрај урнатините во оштетената термоцентрала ДТЕК по рускиот напад во Украина на 2 мај 2024 година.
Работници стојат покрај урнатините во оштетената термоцентрала ДТЕК по рускиот напад во Украина на 2 мај 2024 година.

Украина на 22 јуни објави дека Русија во текот на ноќта извршила „масовен“ напад врз енергетската инфраструктура на западот и југот на земјата.

„Опремата е оштетена во објектите на (операторот) Укренерго во регионите Запорожје и Лавов“, соопшти Министерството за енергетика, додавајќи дека двајца работници се ранети и хоспитализирани во Запорожје.

Се вели дека ова е „осми масивен, комбиниран напад врз објекти на енергетската инфраструктура“ во изминатите три месеци.

Повеќе од две години по почетокот на руската инвазија, целните напади со ракети и беспилотни летала го осакатија капацитетот за производство на електрична енергија на Украина и го принудија Киев да наметне прекини и да увезува снабдување од Европската унија.

Украинските власти во четвртокот соопштија дека енергетската инфраструктура, вклучително и електрана, била оштетена во голем напад во текот на ноќта, во кој беа ранети седум вработени.

ДТЕК, најголемата приватна енергетска компанија во Украина, рече дека ударите предизвикале „сериозна штета“ на една од нејзините фабрики.

Руски воздушен напад во текот на ноќта погоди украински објект за природен гас на западот од земјата, соопшти Министерството за енергетика на 22 јуни.

Министерството соопшти дека планира да увезе рекордни 33.559 мегават часови електрична енергија по најновите воздушни напади врз енергетскиот систем на Украина.

Руските напади уништија половина од енергетскиот капацитет на Украина, изјави претседателот Володимир Зеленски.

Зеленски оваа недела рече дека сите болници и училишта во Украина мора да бидат опремени со соларни панели „што е можно поскоро“.

„Правиме се за да не успеат обидите на Русија да не уценува со топлина и електрична енергија“, рече тој во четвртокот на 20 јуни.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, во четвртокот изјави дека Вашингтон ќе даде приоритет на испораката на противвоздушни ракети за Киев, пред другите земји што ги нарачале.

Украинскиот претседател постојано ги повика сојузниците на Украина да испратат повеќе системи за противвоздушна одбрана за заштита на виталната инфраструктура на земјата.

ЕУ не ја казнува Кина со царини, вели германскиот министер за економија

Роберт Хабек, германски министер за економија
Роберт Хабек, германски министер за економија

Предложените царини на Европската унија (ЕУ) за кинески стоки не се „казна“, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек за време на состанокот со кинеските власти во Пекинг на 22 јуни.

Посетата на Хабек на Кина е прва на висок европски функционер откако Брисел предложи високи царини за увоз на електрични возила од кинеско производство за да се бори против она што ЕУ го гледа како прекумерни субвенции.

Кина во петокот пред неговото пристигнување предупреди дека ескалацијата со ЕУ околу електричните возила може да предизвика трговска војна.

„Важно е да се разбере дека тоа не се казнени тарифи“, рече Хабек на првата пленарна седница на Дијалогот за климата и трансформацијата. Земјите како САД, Бразил и Турција користеа казнени царини, но не и ЕУ. Европа работи поинаку“, рече министерот за економија.

Хабек рече дека Европската комисија девет месеци детално истражува дали кинеските компании неправедно користеле субвенции.

Секоја мерка за компензирачка царина што произлегува од ревизијата на ЕУ „не е казна“, рече тој, додавајќи дека таквите мерки треба да ги надоместат предностите што Пекинг им ги дава на кинеските компании.

„Треба да постигнеме заеднички, еднакви стандарди за пристап до пазарот“, рече Хабек.

На состанокот со Џенг Шанџи, претседател на кинеската Национална комисија за развој и реформи, Хабек рече дека предложените царини на ЕУ имаат за цел да ги израмнат терените за игра со Кина.

Женг рече дека кинеската страна „ќе стори се“ за да ги заштити своите компании.

„Предложените увозни тарифи на ЕУ за електрични возила од кинеско производство ќе им наштетат на двете страни“, додаде Женг. Тој му рече на Хабек дека се надева дека Германија ќе покаже лидерство во ЕУ и „ќе ја направи вистинската работа“.

Тој, исто така, ги негираше обвинувањата за неправедни субвенции, велејќи дека развојот на новата енергетска индустрија во Кина е резултат на сеопфатните предности во технологијата, пазарите и индустриските синџири, поттикнати од жестоката конкуренција.

Привремените тарифи на ЕУ треба да важат до 4 јули, а истрагата ќе продолжи до 2 ноември, кога би можеле да бидат воведени конечните тарифи, обично на пет години.

Временска прогноза: Сончево и многу топло со температура до 40 степени

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне облачноста ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 15 до 23, а максималната ќе достигне од 33 до 40 степени, соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во Скопје сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од западен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 40 степени.

Во деновите од викендот Северна Македонија и понатаму ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса од југ поради што времето ќе биде претежно сончево и натпросечно топло. Од понеделник во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Дневните температури ќе бидат во постепено благо опаѓање, велат од УХМР.

Собраниска седница за избор на нова влада

Собраниска седница (архивска фотографија)
Собраниска седница (архивска фотографија)

Собранието на Северна Македонија денеска на 22 јуни во 11 часот ќе ја започне седницата за избор на новата влада, предложена од Христијан Мицкоски, мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го поднесе предлогот за состав на владата и програмата на 18 јуни. Собраниската расправа за избор на новата влада треба да заврши до недела на полноќ, со оглед на тоа дека Деловникот на законодавниот дом предвидува седницата да трае најмногу два дена.

Мандаторот Мицкоски денеска ќе ја образложи програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата со јавно гласање. Владата ќе биде избрана доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број пратеници.

Потоа, претседателот на Собранието треба да ја извести претседателката Гордана Сиљановска - Давкова за изборот на Владата.

Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата Влада во законодавниот дом брои 78 пратеници - 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 пратеници од коалицијата Вреди и шест од Движењето ЗНАМ.

Влада скроена од 24 члена

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.

Во неа ќе има пет вицепремиери и само три жени министерки.

Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Панче Тошковски, кој досега беше технички министер за внатрешни работи ќе продолжи да го води ова министерство.

Александар Николоски е е партиското решение во ресорот транспорт, а ќе биде и вицепремиер. Владо Мисајловски, кој претходно беше министер за транспорт и државен секретар во МНР, сега ќе го предводи Министерството за одбрана.

Тимчо Муцунски, од градоначалник во Аеродром ќе се пресели во Министерството за надворешни работи, кое со реорганизацијата ги доби и ингеренциите за надворешна трговија.

Четвртата потпретседателка на партијата, Гордана Димитриеска Кочоска, пак, ќе биде министерка за финансии. Таа веќе беше дополнителна заменик-министерка во овој ресор во претходната техничка влада предводена од Оливер Спасовски.

Другите две жени во владата на Мицкоски ќе бидат Весна Јаневска во Министерството за образование и наука и Сања Божиновска во новоформираното Министерство енергетика, рударство и минерални суровини.

Со новото Министерство за спорт ќе раководи поранешниот ракоментен голман Борко Ристовски. Прв човек на Министерството за култура ќе биде актерот Зоран Љутков кој е актуелен претседател на Советот на Општина Велес.

Вицепремиерски места ќе имаат Љупчо Димовски, претседателот на Сoцијалистичката партија кој ќе биде и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, претседателот на Демократката партија на Србите ќе биде вицепремиер задолжен за односи со заедниците.

Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е предложен Изет Меџити од коалицијата Вреди.

За министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е предложен Арбен Фетаи, за министер за здравство Арбен Таравари, а Орхан Муртезани е предложен за министер за европски прашања. За министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Фатмир Лимани, а за министер за економија Бесар Дурмиши.

Од Движењето ЗНАМ, Игор Филков ќе биде министер за правда додека Горан Минчев за министер за јавна администрација.

Со изгласувањето на новиот владин состав во Собранието, прекинува мандатот на техничката влада.

Христијан Мицкоски ќе биде 13-тиот премиер на Северна Македонија.

Србија најави соработка со Унгарија за промоција на „семејните вредности“

Белград - Министерката за семејна помош и демографија Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски и амбасадорот на Унгарија Јожеф Золтан Маѓар
Белград - Министерката за семејна помош и демографија Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски и амбасадорот на Унгарија Јожеф Золтан Маѓар

Министерот за семејна грижа во Владата на Србија иницираше потпишување на Меморандум за соработка со Унгарија „во делот на унапредување на семејните вредности“.

Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски на средбата со унгарскиот амбасадор во Србија рече дека тоа „ќе придонесе за зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Србија и Унгарија“.

„Соговорниците констатираа дека Србија и Унгарија се заедно на линијата на одбраната на семејството и дека во заеднички интерес ќе ја продолжат борбата тоа да стане стратешки приоритет на целото општество и на државата“, соопштија од Министерството за семејна грижа. на 21 јуни.

Министерот рече дека Србија „врз основа на добрата практика на Унгарија, спроведува голем број мерки за зголемување на наталитетот Ова не е првпат Унгарија и Србија да најавуваат соработка во „одбрана на породилните вредности“.

На почетокот на 2024 година, претседателите на Србија, Бугарија и Унгарија објавија заедничка декларација со истото име иницирана од унгарскиот претседател Катлин Новак.

Владата на Виктор Орбан се претставува пред унгарската јавност како борец за „традиционалните семејни вредности“.

Во исто време, унгарскиот премиер се залага за антиимигрантски позиции во својата семејна политика, со пораки дека имиграцијата „не може да биде решение за зголемувањето на наталитетот“.

Промовирајќи ја семејната политика, Орбан изразува и дискриминаторски ставови, како што се оценките дека концептот на семејство е релативизиран на Запад со помош на „родовата идеологија и ЛГБТ лобито“.

Поради односот кон мигрантите и ЛГБТ популацијата, меѓу другото, Орбан е мета на критики од Европската Унија, пак, во Србија, втора година по ред се одржаа Денови на семејството во Белград. а во 2024 година траеја два месеци.

Кандидатот за градоначалник на владејачката Српска напредна партија, Александар Шапиќ, кој исто така беше на таа функција во претходниот мандат, одби да го отвори настанот EuroPride во 2023 година.

Шапиќ тогаш најави дека ќе го отвори настанот „Денови на семејството“, а тоа ќе биде настан „на кој ќе учествува“.

Над 10 загинати во пожарите во Турција

Турција пожари
Турција пожари

Во пожар што избувна во посевите и се прошири низ населбите во југоисточна Турција во текот на ноќта, загинаа 11 лица, а десетици беа повредени, соопштија властите на 21 јуни.

Во соседна Грција, властите евакуираа неколку села јужно од Атина и во јужниот регион на Пелопонез поради пожари.

Пожарот во Турција избувна во областа меѓу провинциите Дијарбекир и Мардин, а поради ветрот брзо се прошири во селата, изјави гувернерот на Дијарбекир Али Ихсан Су, додавајќи дека пожарот е ставен под контрола на 21 јуни.

Министерот за здравство Фахретин Коџа на социјалната мрежа Х објави дека 11 лица починале, а 80 побарале лекарска помош.

Во пожарот настрадаа и стотици фармерски животни.


Министерот за правда Јилмаз Тунч рече дека властите започнале истрага за причината.

Во меѓувреме, во северозападна Турција, пожарникарите работат на гаснење на пожарот во близина на градот Ајваџик во провинцијата Чанаккале, објави државната новинска агенција Анадолу.

Покраината се соочи со неколку пожари во изминатата недела поради високите температури и силниот ветер.

Пожари избувнаа и во Грција поради ветровито, топло и суво време.

Превентивно се евакуирани шест села, а засега нема извештаи за повредени или материјална штета.

Кина се заканува дека ќе им изрече смртни казни на „сепаратистите“ во Тајван

Илустрација
Илустрација

Кина се закани дека ќе воведе смртна казна во екстремни случаи на „сепаратисти“ од независност на Тајван, иако кинеските судови немаат јурисдикција на самоуправниот остров.

Кина, која го гледа Тајван како дел од својата држава, не ја крие својата нетолеранција кон тајванскиот претседател Лаи Чинг-те, кој ја презеде функцијата минатиот месец.

Пекинг вели дека тој е „сепаратист“ и откако беше инаугуриран за претседател, Кина одржува воени вежби на отцепување“, објави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.


Според агенцијата, издадена е и инструкција дека „државниот суверенитет, единството и територијалниот интегритет мора да бидат заштитени.

Овој закон и дава на Кина правна основа да преземе воена акција против Тајван доколку островот се обиде да се отцепи.

Сè уште нема реакција од Владата на Тајван на оваа најава на Кина.

Кина во минатото презеде правни дејствија против тајванските официјални лица, вклучително и воведување санкции за Хсијао Би-ким, поранешен де факто амбасадор на Тајван во САД.

Во моментов е потпретседател на Тајван.

Вреди најави дека балансерот за правична застапеност ќе го замени со закон

Вреди
Вреди

Платформа на патриотизмот како знаење, професионализам и одговорност промовираа денеска лидерите на партиите од Коалицијата „Вреди“.

Ова доаѓа пред собраниската седница за избор на новата влада, па денеска беа пртставени и нивните министри, заменици министри и раководители на институции кои во наредниот четиригодишен период како дел од новата влада ќе ја почитувале нивната платформа.

„Заврши времето на демагогија, денеска се бараат образовани, искусни и храбри луѓе да бидат носители на сложени реформски птроцеси за да ја направиме нашата земја нормална, економски развиена и подготвена за интегрирање за интегрирање во ЕУ. Ќе се фокусираме на работата, почитување на институциите, олдговорност за преземената задача, исполнување на обврските навмремено и успешно, рече лидерот на Демократското движење Изет Меџити, кој во новата влада ќе биде прв министер за животна средина и просторно планирање.

Тој подвлече дека „Вреди“ е победник на парламентарните избори и е новиот политички фактор кој ги претставува Албанците. Вети дека правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат согласно Уставот и Рамковниот договор. При тоа Меџити најави дека балансерот како механизам за обезбедување правична застапеност ќе биде заменет со закон.

„Балансерот првично даде добри резултати, но во последните години има случаи каде многу често Македонци се запишуваат како Албанци, Албанци како Турци, не беше во функција на правичната засртапеност на заедниците што не се мнозинство во државата или на локално ниво. изјави за медиумите Меџити.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за в сабота (22 јуни) ја закажа седницата за избор на новата влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Почетокот на седницата е предвиден во 11 часот, а расправата во парламентот може да трае најмногу два дена.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG