Вести
Блинкен им порача на Израел и Хамас дека е време за прекин на огнот
Државниот секретар на Соединетите Држави (САД) Ентони Блинкен се состана со израелските лидери на 1 мај, за време на посетата на Израел, а во таа прилика му порача на претседателот на земјата дека „е дојдено времето“ за договор за прекин на огнот во војната во Газа.
Ова е седма посета на Блинкен од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас - палестинска група прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија уште од октомври.
Блинкен се обидува да постигне договор кој би ги ослободил заложниците кои ги држат милитантите на Хамас во замена за прекин на борбите. Како дел од договорот се очекува да бидат ослободени и палестинските затвореници.
Блинкен го обвини Хамас за какво било одложување на постигнувањето договор.
„Решени сме да постигнеме прекин на огнот што ќе ги врати заложниците дома и сакаме да го постигнеме тоа сега, а единствената причина што нема да биде тоа постигнато е поради Хамас“, рече тој.
Блинкен ги посети клучните регионални лидери во Саудиска Арабија и Јордан пред да пристигне во Израел. Тој се сретна со израелскиот претседател Исак Херцог, а подоцна ќе се сретне и со премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Според американскиот Стејт департмент, тој ќе се сретне и со семејствата на заложниците и ќе посети израелско пристаниште каде се проверува влезот на хуманитарна помош во Газа.
Се чини дека тековниот договор меѓу Израел и Хамас постигнува напредок, пренесува новинската агенција АП, но останува клучното прашање дали војната ќе заврши како дел од договорот - барање што Хамас го повтори, а Израел го отфрли.
Блинкен во вторникот рече дека Израел планира да отвори голем премин за хуманитарна помош во северниот дел на Газа. Војната меѓу Израел и Хамас срамни со земја големи делови од северна Газа, а гладот е неизбежен за стотиците илјади цивили кои остануваат таму.
Речиси седум месеци израелски бомбардирања и копнени офанзиви во Газа, според локалните здравствени власти убиле повеќе од 34.000 Палестинци и предизвикале хуманитарна катастрофа.
Војната меѓу Израел и Хамас предизвика напад без преседан на 7 октомври во јужен Израел, во кој милитантите убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираа околу 250 заложници. Израел тврди дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници, како и останките на повеќе од 30 други лица.
види ги сите денешни вести
Конгрес на ДУИ: Ахмети бара Национален договор за напредок
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) го одржа петтиот конгрес на партијата, од кој лидерот Али Ахмети испрати неколку барања: секоја нова Влада да се избира со двојно мнозинство (таканареченo Бадентерово мнозинство), истиот принцип да се применува и при носење одлуки во Уставниот суд, целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години и Национален договор за напредок.
Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинствата. Тоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).
Според Ахмети, доколку Владата се бира со двојно мнозинство, тоа ќе ѝ обезбеди „да ужива двоен легитимитет и да биде вистински репрезентативна за сите етникуми“.
Имплементација на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд „ќе го зачува интегритетот на законите што се одобрени со двојно мнозинство, ќе ја зголеми довербата на граѓаните во правдата и ќе спречи каква било форма на институционален мајоризација“, според претседателот на ДУИ.
Ахмети од партискиот конгрес во Скопје побара и продлабочување на децентрализацијата и финансиска независност на општините што би имало за цел „да го консолидира единството на државата“.
Според претседателот на ДУИ, на државата ѝ е потребен еден нов историски договор – национален договор.
„Нашите граѓани бараат повеќе, нашите деца заслужуваат повеќе, затоа дојде време за нов историски договор, договор не за опстанок, туку за напредок, национален договор за напредок. Националниот договор за напредок не е само политички, тој е обврска на сите заедници што живеат во нашата република и на експерти од соодветните области. Договорот е морална обврска, ветување кон нашите деца и визија за земја каде што соништата се остварливи, а достоинството е загарантирано“, рече тој.
Ахмети кажа дека ДУИ поддржува истрага за сите носители на јавни функции во последните 34 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители и припадници на полицијата, проверка на имотот и потеклото на имотот за секој јавен функционер, темелна истрага на процесот на приватизација и истрага за дејствувањето на државните безбедносни служби и нивните службеници од 1945 година до денес.
По петтиот конгрес на ДУИ, се очекуваат значајни промени во раководните структури на партијата.
По парламентарните избори во Северна Македонија во мај 2024 година победи сега владејачките ВМРО-ДПМНЕ која формира влада со коалицијата Вреди, а ДУИ замина во опозиција.
ДУИ, предводена од Али Ахмети, беше формирана во 2002 година и околу две децении беше коалициски партнер на речиси сите главни партии во владите на Северна Македонија.
Одржувањето партиски конгреси е редовна пракса по избори. Последни избори во Северна Македонија беа локалните избори чиј прв круг се одржа на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.
На почетокот на декември, Конгрес одржа и ВМРО-ДПМНЕ, на кој лидерот и премиер Христијан Мицкоски беше реизбран да ја води партијата и во следните четири години.
Опозициската СДСМ исто така најави партиски Конгрес, што уште не е закажан. Партијата одржа состаноци на Централниот на Извршниот одбор при што беше сменето дел од раководството, но лидерот Венко Филипче најави дека ќе продолжи да ја води СДСМ.
Во јануари се очекува и основачки Конгрес на коалицијата Вреди, по најавите дека ќе прераснува во партија.
За 24 часа, втор дрон пронајден урнат во северозападна Турција
Дрон со непознато потекло е пронајден во Турција, помалку од еден ден откако друго беспилотно летало за кое има сомнежи дека е од руско потекло се урна во северозападниот дел на државата, јави агенцијата АФП, повикувајќи се на турски медиуми.
Според неколку независни телевизиски мрежи и весникот „Џумхуриет“, дронот е пронајден на празно поле во близина на градот Баликешир, околу три часа југозападно од Истанбул.
Сè уште нема реакција од турските власти, но телевизиските куќи „Халк ТВ“ и „Хабертурк“ објавија дека дронот е транспортиран во Анкара за анализа.
Инцидентот, трет од ваков вид од понеделникот, доаѓа откако Турција ги предупреди и Русија и Украина да не дозволат нивната тековна војна да се прелее на други места во регионот.
Властите го вперија прстот кон Русија за беспилотното летало откриено на 19 декември во близина на градот Измит, околу 30 километри јужно од Црното Море, каде во последните недели беа извршени напади врз бродови.
Според турското Министерство за внатрешни работи, кое отвори истрага, „се верува дека дронот е од типот Орлан-10 произведен во Русија, кој се користи за извидување и за надзор, според првичните наоди“.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, предупреди дека Црното Море може да стане „зона на конфронтација“ меѓу Русија и Украина, кои ги зафаќаат спротивните брегови на водената површина од Турција.
Од оваа есен, руски дронови нашправија упад во воздушниот простор и на повеќе еверопски држави, меѓу кои Полска, Романија, Естонија, кои се членки на НАТО и на Европската унија.
Пради тоа, на 12 септември објави обид за зајакнување на одбраната во своето таканаречено источно крило, започнувајќи „активност“, наречена Источна стража, која би распоредила дополнителна воена опрема од Велика Британија, Данска, Франција и Германија за да се одврати потенцијална руска агресија.
Маглата одложи неколку слетувања на скопскиот аеродром
Маглата го отежнува авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром во Скопје. Одложени неколку слетувања на авиони од Истанбул и Виена, според податоците од официјалната веб страница на аеродромот.
Одлежено е слетувањето на авион на авион од Истанбул кој се очекуваше во 12.30 часот и на три авиони од Виена кои требаше да слетаат во истото време, 12.30 часот.
Управата за хидрометеролошки работи (УХРМ) утрово најави дека времето во Скопје ќе биде променливо облачно и тивко, со појава на магла.
Според УХМР, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.
Магла со видливост до 50 метри има на патиштата Македонски Брод-Битола-Ресен-Охрид и Дебар, а од 100 до 200 метри на патот Скопје-Куманово-Сарамзалино-Велес-Неготино-Демир Капија, соопшти Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) во пладневниот извештај за состојбата на патиштата.
АМСМ укажува дека на одредени патни правци можна е појава на поситни одрони. Од АМСМ апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Во сила е законската обврска за задолжително носење зимска опрема во возилата.
Интензивни воздушни напади на САД врз екстремистичката група Исламска држава во Сирија
Силите на Соединетите Американски Држави(САД) спроведоа голема операција против екстремистичката група Исламска Држава (ИД) во Сирија, операција што американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша како „многу сериозна одмазда“ за нападот во кој загинаа тројца Американци - двајца војници и еден цивил.
Вашингтон објави дека напаѓач на ИД го извршил нападот на 13 декември во Палмира, кога беа ранети и тројца американски војници.
„Американските сили спроведоа воздушни напади во Сирија за да ги елиминираат борците на ИД, инфраструктурата и складиштата за оружје како директен одговор на нападот на 13 декември врз американските сили во Палмира, Сирија“, напиша американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на мрежата Икс.
„Ова не е почеток на војна, ова е декларација за одмазда“, напиша тој, додавајќи: „Денес ги следевме и убивавме нашите непријатели. Многу од нив, и ќе продолжиме.“
Трамп напиша на својата социјална мрежа „Трут сошиал“ (Truth Social) дека американските сили „се одмаздуваат многу сериозно, како што ветив, против убиствените терористи кои се одговорни“ и дека оние кои ги напаѓаат Американците „ќе бидат погодени посилно од кога било порано“.
Централната команда на САД соопшти дека американските сили „започнале голем напад врз инфраструктурата и објектите за оружје на ИСИС во Сирија“.
Централната команда, исто така, соопшти дека биле погодени „повеќе од 70 цели на неколку локации во Сирија“.
Сириската опсерваторија за човекови права изјави за агенцијата АФП дека најмалку пет членови на ИСИС, вклучувајќи го и водачот на ќелијата, биле убиени во нападите на американските сили ноќта меѓу 19 и 20 декември.
Сириското Министерство за надворешни работи, иако не коментираше директно за нападот на САД, објави на Икс дека земјата е посветена на борбата против ИСИС „за да се осигури дека нема безбедни засолништа на сириска територија“.
Американците убиени во нападот во Палмира минатиот викенд беа Вилијам Хауард и Едгар Торес Товар, наредници на Националната гарда на Ајова како и Ајад Мансур Сакат, цивил од Мичиген кој работел како преведувач.
Нападот во Палмира беше прв инцидент од ваков вид по соборувањето на долгогодишниот сириски владетел Башар ал-Асад во декември минатата година, а портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи, Нуредин ал-Баба, рече дека сторителот бил член на безбедносните сили кој требало да биде отпуштен поради „неговите екстремистички исламистички идеи“.
Во 2014 година, ИД зазеде големи делови од сириската и ирачката територија. Американскиот персонал беше цел бидејќи ги поддржуваше меѓународните напори за пораз на ИД.
ИД е поразена, но сè уште е присутна во Сирија.
Забелешка: Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба во септември 2025 година, со која го смени името на Министерството за одбрана во Министерство за војна, како друг назив.
Руски претставник ќе се придружи на преговорите за Украина во Мајами
Рускиот претставник Кирил Дмитриев се упати кон Мајами, каде што е закажана уште една рунда разговори за решавање на војната во Украина, јави агенцијата АФП.
Украински и европски тимови беа исто така во сончевиот американски град за преговорите со посредство на Стив Виткоф, претставникот на Доналд Трамп и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер.
„На пат кон Мајами“, напиша Дмитриев во објава на мрежата Икс, додавајќи емотикон од гулаб и прикачувајќи кратко видео од утринско сонце што сјае низ облаците на плажа со палми.
„Додека военоподбуцнувачите продолжуваат да работат прекувремено за да го поткопаат мировниот план на САД за Украина, се сетив на ова видео од мојата претходна посета - светлина што се пробива низ облаците од бура“, напиша Дмитриев.
Вклучувањето на Русија и Европа во разговорите претставува чекор напред во однос на претходната фаза, кога Американците водеа одделни преговори со секоја страна на различни локации.
Сепак, малку е веројатно дека Дмитриев ќе одржи директни разговори со украинските и европските преговарачи, бидејќи односите меѓу двете страни остануваат исклучително затегнати, пренесува АФП.
Москва, која испрати војници во Украина во февруари 2022 година, тврди дека вклучувањето на Европа во разговорите само ќе го попречи процесот и има тенденција да ги прикаже лидерите на континентот како про-војнички настроени.
Разговорите овој викенд доаѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи со својата воена офанзива во Украина, поздравувајќи ги придобивките на Москва на бојното поле речиси четири години од неговата војна на годишната прес-конференција во петокот, на 19 декември.
Емисарите на Трамп инсистираа на план во кој САД би понудиле безбедносни гаранции за Украина, но веројатно ќе се очекува од Киев да предаде дел од територијата, перспектива на која се противат многу Украинци.
Пакистан ја лансираше четвртата кинеска подморница
Пакистанската морнарица на 17 декември ја лансираше својата четврта подморница од класата Хангор, во базата во Вухан, со што се одбележа завршувањето на изградбата на сите четири брода изградени во Кина во рамките на програмата за осум подморници наменети за Пакистан.
Според договорот за одбрана од 2015 година, вреден околу 5 милијарди долари со меѓународната оф -шор компанија Бродоградителство Кина (China Shipbuilding & Offshore International Company), Пакистан купува осум напредни дизел-електрични напаѓачки подморници од класата Хангор за да ги модернизира своите подводни борбени капацитети и да ја замени својата застарена флота.
Програмата Хангор претставува една од најголемите и најсофистицираните странски воени набавки во историјата на Пакистан, што го одразува продлабочувањето на соработката меѓу Кина и Пакистан во одбраната што опфаќа борбени авиони, ракетни системи и проекти за нуклеарна енергија.
Подморниците од 2.800 тони, се опремени со системи кои овозможуваат продолжени подводни операции, шест торпедни цевки од 533 мм за тешки торпеда и ракети и компатибилност со крстосувачката ракета Бабур-3 на Пакистан, лансирана од подморница, со нуклеарна способност.
Пакистанската војска ја поздрави програмата како голем поттик за подобрување на оперативната флексибилност и нејзината способност да одржува кредибилно присуство во Арапското Море и поширокиот регион на Индискиот Океан.
Аналитичарите велат дека овие подморници се наменети да го зајакнат ставот на Пакистан против непријателските површински операции и подводното следење во спорните води, особено додека Индија ги проширува своите сопствени подморнички и антиподморнички борбени капацитети.
Медиумите од ривалската Индија го прикажуваат распоредувањето на Хангор како дел од засилената регионална поморска конкуренција, при што аквизициите на Исламабад се гледаат во контекст на пошироката индо-пацифичка безбедносна динамика и Квадрилатералниот безбедносен дијалог (QUAD) предводен од САД, во кој учествуваат Австралија, Индија, Јапонија и САД.
Со лансирањето на последнава подморница наречена „Гази“, сите четири подморници произведени во Кина сега се подложени на ригорозни морски тестирања и се очекува да почнат да влегуваат во употреба веќе во 2026 година, според пакистанските и кинеските одбранбени претставници.
ЕK ќе го суспендира безвизниот режим за грузиските дипломати
Европската Комисија соопшти дека ќе ја суспендира визната либерализација за носителите на грузиски дипломатски пасоши. Новите правила на Европската Унија стапуваат во сила на крајот од месецот, притоа не исклучувајќи ја можноста за таргетирање на целото население на земјата од Јужен Кавказ, доколку не се спроведат мерки за зајакнување на демократските права и слободи.
Објавата дојде откако Комисијата на 19 декември го презентираше својот годишен извештај за земјите надвор од ЕУ чии граѓани уживаат безвизно патување до 90 дена во секој 180-дневен период.
Правилата важат за влез за повеќето членки на блокот, како и за земјите поврзани со ЕУ, како што се Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Грузиските граѓани ја уживаат оваа придобивка од 2017 година.
Злоупотреба на правата во Грузија
Комисијата соопшти дека Тбилиси „прекршил бројни обврски преземени за време на дијалогот за либерализација на визите“ и беше обвинет дека не ги спровел препораките во минатогодишниот извештај, како што се заштитата на основните права, вклучувајќи ги слободите на здружување, собирање и изразување.
Во тој извештај, Брисел, исто така, го критикуваше контроверзното законодавство на грузиската влада за „транспарентност на странското влијание“ и „семејните вредности и заштитата на малолетниците“.
Во извештајот се наведува дека „со оглед на системската и намерна природа на ова назадување, комисијата ќе разгледа соодветни мерки во рамките на ревидираниот Механизам за суспензија на визите, кој ќе стапи на сила на 30 декември 2025 година“.
Минатиот месец, еврокомесарката за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека Грузија „нема одржлив пат кон ЕУ во оваа фаза, освен ако условите драматично не се променат“.
Според извештајот, вината е во политиката на грузиската влада, која врши репресија врз политичките противници и промената на политиката што се чини дека е наклонета кон Москва, со што ги поткопаа односите со европскиот блок од 27 членки.
Нови правила за визи
Новите правила, кои беа одобрени претходно оваа есен, ѝ дозволуваат на Европската комисија делумно или целосно да ја суспендира либерализацијата на визите за една земја не само за прекршувања на внатрешните работи, како што се пречекорување на дозволениот престој, недостаток на враќања или неосновани барања за азил, туку и за злоупотреба на човековите права.
Исто така, ѝ дозволува на извршната власт на ЕУ сама да ја донесе оваа одлука, иако е веројатно дека ќе се консултира со земјите-членки на ЕУ пред да донесе конечна одлука.
Претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, го обвини европскиот блок за „уцена“.
Дипломатски извори изјавија за Радио Слободна Европа дека мнозинството земји членки на ЕУ би сакале барем да ја суспендираат визната либерализација за грузиските носители на одлуки, а воедно да ги поштедат обичните граѓани.
Сепак, комисијата дозволува суспензијата во втора фаза „да се прошири на целото население доколку грузиските власти не ги решат проблемите“.
Исто така, се додава дека во последната фаза „Грузија би можела целосно да го изгуби статусот на безвизен режим и да биде префрлена на листата на ЕУ на трети земји со потреба од виза“.
Досега, ова се случило само со јужнопацифичката нација Вануату кон крајот на 2024 година.
Односот на Грузија со ЕУ се влоши откако Тбилиси усвои анти-ЛГБТ законодавство и таканаречен закон за „странски агенти“ минатата година, кога ЕУ ги прекина преговорите за пристапување.
Тензиите се продлабочија уште повеќе по парламентарните избори во октомври 2024 година, на кои партијата „Грузиски сон“ ја задржа власта, ги замрзна разговорите за пристапување на Грузија во Европската Унија и го обвини блокот дека се обидува да заговори државен удар во Тбилиси.
Курти го поздрави потегот на ЕУ за укинување на казнените мерки против Косово
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти ја поздрави одлуката на Европската Унија (ЕУ) да ги укине казнените мерки што беа воведени во таа земја во 2023 година, поради тензиите на север, каде што мнозинството се Срби.
Сепак, Курти за време на состанокот на извршната власт рече дека институциите на Косово „не се причина за ескалација на ситуацијата“ на север, туку намалувањето на тензиите во таа област е „токму заслуга на институциите“ на државата.
Тој истакна дека по воведувањето на казнените мерки, кои ќе бидат целосно укинати кон крајот на јануари и кои ќе ѝ овозможат на земјата да добие милиони евра финансиска помош, Косово се соочило со два напада, во септември 2023 година во Бањска во Звечан и во ноември 2024 година во каналот Ибер-Лепенц.
Во врска со двата напада, Курти го повтори својот став дека постојат докази за вмешаност на српската држава.
„Гледајќи наназад, секој компромис со владеењето на правото би бил фатален за Косово. Мирната ситуација, слободното движење и функционирањето на државните институции на северот од Косово се токму затоа што триумфираа владеењето на правото и јавниот ред. И покрај сето ова, никогаш не бевме огорчени кон ЕУ. Останавме целосно посветени на европската интеграција, на исполнувањето на критериумите за членство“, нагласи тој.
Зборувајќи за мерките, тој ги критикуваше партиите што беа во опозиција во претходниот мандат, бидејќи во ноември не гласаа за Планот за раст и трите договори со Светската банка, пред Собранието да се распушти.
„Косово не ги претрпе најголемите финансиски мерки од Европската Унија, туку од парламентарната опозиција“, рече Курти.
Опозициските партии одбија да учествуваат на седницата што ја свика партијата на Курти во тоа време, тврдејќи дека сегашната влада ги користи овие прашања како „инструменти на своите политички игри“.
Недостигот на консензус за создавање нови косовски институции по изборите во февруари доведе до распишување нови избори, кои ќе се одржат на 28 декември.
Заедно со мерките на ЕУ, владата предводена од Курти се соочи со критики од Соединетите Држави за неколку одлуки на северот од земјата, вклучително и затворањето на јавните претпријатија што работеа според српскиот систем.
На север, употребата на српскиот динар е исто така забранета. Србија финансираше паралелни структури на северот и ги поддржуваше Србите таму преку пензии и други бенефиции во динари.
Сепак, институциите ги сметаа овие дејствија како дел од проширувањето на суверенитетот во овој дел од земјата. Соединетите Држави и ЕУ многу од овие дејствија ги опишаа како некоординирани.
Казнените мерки го чинеа Косово околу 613,4 милиони евра во суспендирани или неопределено одложени проекти. Поради пропуштени рокови, 7,1 милион евра беа целосно изгубени, според анализата на Институтот за напредни студии.
Уапсени 11, осомничени 33 лица за злоупотреби во ЕСМ
Единаесет лица се уапсени, а против вкупно 33 лица е отворена истражна постапка поради сомнеж за сериозен организиран криминал поврзан со јавни набавки во ЕСМ Дистрибуција на топлина, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Акцијата била спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември и во текот на вчерашниот ден, на повеќе локации во Скопје и околината, Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани, под раководство на јавен обвинител и со учество на полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал при МВР.
Од Обвинителството соопштија дека сите осомничени лица се товарат за кривично дело Злосторничко здружување.
Дополнително, 7 лица дел како помагачи, а дел како поттикнувачи, се осомничени за продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, 12 лица за продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на 20 лица на товар им се става дека, како соизвршители, сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според наводите во истрагата, во текот на 2023 година, тројца службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, заедно со четворица управители и/или сопственици на две приватни компании, формирале организирана група со цел изигрување на постапките за јавни набавки.
Групата однапред изготвила техничка спецификација за набавка на „СКАД ормари – мониторинг ормари со ГСМ контролор за топлински станици“, со што, според обвинителството, била наместена постапката за конкретни фирми.
На јавниот повик се пријавиле две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово.
„Правното лице од Куманово се јавило како економски оператор со непотполна документација и со понуда повисока од понудената цена од правното лице од Скопје, кое понудило речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако вредноста не била објавена во огласот за јавната набавка“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Со тоа, било овозможено скопската фирма да го добие тендерот, со што се стекнала со противправна имотна корист од 472.470.407 денари со ДДВ, односно околу 7,68 милиони евра, на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција на топлина.
По реализацијата на јавната набавка, во периодот од 2023 до 2025 година, осомничените, со цел прикривање на потеклото на средствата, пуштиле во оптек, примиле и пренеле 125.556.930 денари, односно околу 2,04 милиони евра, со што, според обвинителството, го оствариле кривичното дело перење пари.
По предлог на јавен обвинител, Кривичниот суд прифатил и ги определил притвор за седум лица, додека за шест лица се определени мерки за обезбедување на присуство.
Претставник на Хамас вели дека разговорите во Мајами мора да стават крај на „кршењата“ на примирјето во Газа
Висок функционер на Хамас изјави дека разговорите во Мајами во петок, 19 декември за унапредување на следната фаза од прекинот на огнот во Газа мора да имаат за цел да се стави крај на израелските „кршења“ на примирјето на палестинската територија.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, треба да се сретне со високи претставници од Катар, Египет и Турција во Флорида во петок, поради стравувањата дека напорите за постигнување на втората фаза од договорот се во застој.
„Нашиот народ очекува овие разговори да резултираат со договор за ставање крај на тековното израелско беззаконие, запирање на сите прекршувања и принудување на окупацијата да се придржува до договорот од Шарм Ел Шеик“, изјави за АФП членот на политичкото крило на Хамас, Басем Наим.
Според втората фаза, Израел треба да се повлече од своите позиции во Газа, привремена власт треба да управува со палестинската територија наместо Хамас, и треба да се распоредат меѓународни сили за стабилизација.
Но, напредокот во преминувањето кон таа фаза од октомврискиот договор меѓу Израел и Хамас, кој беше посредуван од Вашингтон и неговите регионални сојузници, досега е бавен.
Примирјето, исто така, останува кревко, при што двете страни тврдат дека се прекршени, а медијаторите стравуваат дека Израел и Хамас се во застој.
Министерството за здравство во Газа, управувана од Хамас, во четврток соопшти дека најмалку 395 Палестинци се убиени од израелски оган на територијата откако прекинот на огнот стапи на сила на 10 октомври.
Израел, исто така, постојано го обвинува Хамас за кршење на примирјето, а израелската војска објави дека тројца војници се убиени на територијата откако примирјето стапи на сила.
Наим рече дека новите разговори треба да го поттикнат влезот на хуманитарна помош во Газа.
Разговорите треба да се фокусираат и на „влезот на помош, отворањето на преминот Рафа во двата правци и испораката на сè што е потребно за поправки и рехабилитација на инфраструктурата“, рече Наим.
Тој рече дека разговорите треба да се осврнат и на тоа „како да се спроведат преостанатите елементи од планот на Трамп на начин што ќе постигне одржлива стабилност, ќе започне сеопфатен процес на реконструкција и ќе го отвори патот за политички пат што ќе им овозможи на Палестинците сами да се управуваат, што ќе кулминира во целосно суверена и независна држава“.
Во првата фаза од договорот за Газа, палестинските милитанти се обврзаа да ги ослободат преостанатите 48 живи и мртви заробеници што се држат на територијата.
До денес, тие ги ослободија сите заложници освен едно тело.
Но, администрацијата на Трамп сега е заинтересирана да продолжи кон тешката втора фаза, при што одредбата Хамас да го положи оружјето е посебна точка на сопнување.
Шефот на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, во неделата изјави дека милитантната група има „легитимно право“ да држи оружје. Израел постојано инсистираше дека Хамас „ќе биде разоружан“.
Третата фаза од прекинот на огнот вклучува планови за реконструкција на огромните области на Газа срамнети со земја од одмаздничката воена кампања на Израел за нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете