Достапни линкови

Вести

Американската амбасада предупредува на напади од екстремисти во Москва во следните 48 часа

Руското и американското знаме пред американската амбасада во Москва
Руското и американското знаме пред американската амбасада во Москва

Амбасадата на Соединетите Држави (САД) во Москва ги предупреди Американците за непосредна закана од напади на големи собири во руската престолнина во следните два дена.

Безбедносното предупредување беше објавено на нејзината веб-страница доцна вечерта на 7-ми март.

„Амбасадата ги следи извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови да таргетираат големи собири во Москва, вклучително и концерти, а на граѓаните на САД им се советува да избегнуваат големи собири во следните 48 часа“, се вели во предупредувањето.

Засега нема повеќе детали.

Предупредувањето од САД беше објавено и на веб-страницата на британското Министерство за надворешни работи.

Исто така, Стејт департментот го подигна нивото на ризик за патување во Русија на највисоко, четврто ниво.

Руските власти сè уште не ја коментираат оваа информација.

Во Москва денеска се планирани бројни настани посветени на Меѓународниот ден на жената.

види ги сите денешни вести

Словачкиот премиер Фицо е во свесна состојба

Премиерот на Словачка Роберт Фицо
Премиерот на Словачка Роберт Фицо

Премиерот на Словачка Роберт Фицо е свесен и комуникативен, а последователно му беше извршена томографија, соопштија денеска неговите лекари.

„Истовремено се преземаат натамошни чекори за подобрување на неговото здравје“, соопштија од болницата во словачкиот град Банска Бистрица, каде што премиерот се заздравува по атентатот.

Вицепремиерот Роберт Калинак пред два дена изјави дека Фицо е надвор од животна опасност, иако сè уште е во премногу сериозна состојба за да биде префрлен во болница во Братислава.

Словачкиот премиер Роберт Фицо беше застрелан додека се движел меѓу толпа луѓе во градот Хандлова откако претходно бил одржан состанок на владата, објавија локалните медиуми на 15 мај.

Тој беше погоден со неколку куршими, по што итно беше однесен во болница и му беа извршени неколку операции.

Министерството за внатрешни работи инцидентот го квалификуваше како „обид за атентат“, а осомничениот беше приведен.

Во Полска уапсени деветмина осомничени за саботажа

Доналд Туск, премиер на Полска
Доналд Туск, премиер на Полска

Деветмина осомничени за саботажа поврзани со руската разузнавачка служба се уапсени во Полска, изјави премиерот на оваа земја, Доналд Туск.

Тој за ТВН24 изјави дека осомничените, кои се државјани на Белорусија, Украина и Полска, планирале саботажа во Полска и Литванија.

Полскиот премиер ја нарече ситуацијата „многу сериозна“, пренесува РСЕ на англиски јазик.

Туск тврди дека вмешаноста на руските разузнавачки служби во саботажата е „несомнена“ и дека некои од обвинетите се „луѓе од светот на криминалот“.

Тој додаде дека Полска тесно соработува со своите сојузници по ова прашање и дека е задоволен од ефективната работа на разузнавачките служби.

Претходно полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека во последните денови во земјата имало неколку сериозни пожари кои најверојатно биле подметнати пожари.

Тој рече дека тоа би можело да биде „обид за дестабилизација на ситуацијата во Полска“.

Двојно зголемен бројот на претставки против дискриминација

Прес конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Прес конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување остануваат најчестата основа за пријава на дискриминација, покажува Годишниот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2023 година (КСЗД).

Претседателот на КСЗД Игор Јадровски, вели дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, степенот на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД е низок.

„Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година, што веројатно говори дека Комисијата добива на видливост, дека граѓаните се поинформирани и дека институцијата можеби добива уште повеќе на доверба. Забележуваме тренд на поистоветување на истите области на дискриминација претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работата, работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги, во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои што се пријавува дискриминацијата“, истакна Јадровски.

ЛГБТИ сигурна куќа - засолниште од општеството што не прифаќа различности
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:24 0:00

Во споредба со 2022 година, вели Јадровски, има тренд на намалување на дискриминацијата врз национална и етничка припадност, но пораст на случаите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и етничкиот родов идентитет.

Предизвиците со кои се соочува Комисијата се намалените човечки капацитети. Јадровски упати апел до законодавниот дом, како и останатите надлежни институции, да имаат слух за лимитираниот буџет на Комисијата и континуираното прекршување на нејзината финансиска независност.

Комисијата и натаму ќе врши притисок за вклученост во закони и политики кои значат подобрување на принципот на еднаквоста, унапредување на еднаквоста и заштитата од дискриминација. Во следниот период очекуваат повторно да се активираат процесите за носење на законот за родова еднаквост и измените на законот за матична евиденција во делот за признавање на родот и чекаат Комисијата да биде препознаена како тело кое треба да боде вклучено во работните групи.

Галант: Повикот за апсење е срамен обид да се негира правото на Израел на самоодбрана

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека повикот на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд да се издаде налог за апсење по него и премиерот Бенјамин Нетанјаху е „срамен“ обид да се ускрати правото на Израел на самоодбрана.

„Обидот на обвинителот Карим Кан да го ускрати правото на државата Израел да се брани и да ги ослободи киднапираните мора целосно да се отфрли“, напиша Галант на X.

Тој додаде дека обидот на обвинителот на МКС нема да успее и оти неговата „паралела меѓу терористичката организација Хамас и државата Израел е срамна и одвратна“.

Галант истакна дека „израелската армија води војна во согласност со меѓународното право“ и дека се бори против „непријателот кој изврши злосторства врз жени, деца и мажи на Израел, чии луѓе сега ги користи како жив штит“.

Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан вчера изјави дека поднел барање за налози за апсење поради воени злосторства на највисоките лидери на Израел и Хамас поради нивниот конфликт.

Кан во изјавата соопшти дека бара потерници против израелските лидери Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за злосторства, вклучувајќи „намерно убиство“, „истребување и/или убиство“ и „изгладнување“.

OJO покрена истрага против две лица за противзаконито влијание

илустрација
илустрација

Основното јавно обвинителство (ОЈО) отвори истражна постапка против активен врховен судија и уште едно лице за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот“, се наведува во денешното соопштение од ОЈО.

Според извештаите во медумите станува збор за врховниот судија Наке Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети кои наводно барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој се наоѓа во притвор и е осомничен за шверц на дрога. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев. Боро Стојчев веќе беше во затвор за шверц на цигари и беше осуден на 18 месеци затвор, а излезе за половина година откако му беше намалена казната.

Инаку вчера врховниот судија беше уапсен за примање примање награда за противзаконито влијание, а како што соопшти полицијата, тој бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело. Судскиот совет го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.

Доцна вечерта, по наредба на судија на претходна постапка биле извршени претреси во Врховниот суд, но и во домот и во канцеларијата на второосомичениот, поради сомневање дека имал влијание во случајот со барањето поткуп.

За разлика од судиите, јавните обвинители немаат имунитет, на кој може да се повикаат доколку се осомничени за кривично дело.

„Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело. Во однос второосомничениот, како што информираат од Обвинителството, до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување“, велат од ОЈО.

Од Обвинителството додаваат дека истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи.

Почнува погребната церемонија за иранскиот претседател

Луѓето се редат на улица во Табриз пред почетокот на погребната церемонија на претседателот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа на 19 мај
Луѓето се редат на улица во Табриз пред почетокот на погребната церемонија на претседателот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа на 19 мај

Илјадници Иранци се собраа во вторник (21 мај) на погребната поворка за претседателот Ебрахим Раиси во северозападниот град Табриз, каде што тој неочекувано загина во хеликоптерска несреќа.

Хеликоптерот ја загуби комуникацијата додека се враќаше во Табриз, откако Раиси претходно присуствуваше на заедничкото пуштање во употреба на браната со азербејџанскиот колега Илхам Алиев на меѓудржавната граница во неделата.

По напуштањето на Табриз, телото на Раиси во вторник ќе пристигне во Ком, пред да биде пренесено во Техеран. Врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи ќе ги води молитвите на прошталната церемонија во Техеран во вторник навечер, пред големите поворки што треба да започнат во среда наутро.

Раиси потоа ќе биде пренесен во провинцијата Јужен Хорасан во четврток наутро, а подоцна во неговиот роден град Машад, каде што ќе биде погребан во четврток навечер.

Во меѓувреме, началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери, назначи делегација за истрага на случајот со хеликоптерската несреќа во која беше иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Истрагата која веќе започна на местото на инцидентот ја води генералот Али Абдолах, а резултатите ќе бидат објавени по нејзино завршување, пренесува ИРНА.

Како што беше претходно објавено, се верува дека причина за падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Раиси е технички дефект на леталото.

„Раиси маченички настрада во неделата како последица на хеликоптерска несреќа што се случи поради технички дефект на авионот“, објави иранската државна новинска агенцијa, не прецизирајќи каква е природата на дефектот на хеликоптерот.

Погребните обреди за иранскиот претседател, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерската несреќа ќе се одржат денеска во Табриз, главниот град на Источен Азербејџан, во 9:30 часот по локално време.

Телото на Раиси подоцна ќе биде пренесено во Техеран, пред да биде погребано на 23 мај во неговиот роден град Машхад, во североисточниот дел на Иран.

Хеликоптер со иранскиот претседател Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, при што загинаа уште шест лица.

Иран на крстопат по загинувањето на претседателот Раиси
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

Баербок во ненајавена посета на Киев

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бaербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бaербок

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бaербок пристигна изутринава во Киев и повика за поголема меѓународна поддршка за заштита на небото на Украина од руските воздушни напади, јави ДПА.

„За да се заштити Украина од руски ракети и беспилотни летала, итно и треба засилена воздушна одбрана“, рече таа на почетокот на нејзината седма посета на Украина по избивањето на сеопфатна војна во февруари 2022 година.

Нејзиното патување не беше најавено од безбедносни причини.

Бaербок рече дека сојузниците на Киев мора да ги „здружат силите“ заради Украина и да го спречат рускиот претседател Владимир Путин да испрати војници до „нашите граници“.

Таа истакна дека иницијативата предводена од Германија, чија цел е зајакнување на воздушната одбрана на Украина, собрала речиси една милијарда евра (една милијарда долари).

Во април, германската влада објави дека веднаш ќе и го испрати на Украина противвоздушниот одбранбен систем „Патриот“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски го побара од западните сојузници.

Украинската армија во последните недели беше под голем притисок поради новата руска офанзива во областа Харкив. Киевските војници исто така се соочуваат со недостиг на муниција.

Русија тврди дека ја презела контролата врз голем број населени места за време на оваа офанзива.

Стејт департментот разочаран од полициската акција на северот на Косово

илустрација
илустрација

Американскиот Стејт департмент во вторник (21 мај) објави дека е разочаран што косовската полиција презела мерки во финансиските канцеларии на северот на Косово.

Во одговорот за Радио Слободна Европа, Стејт департментот додава дека акцијата не била координирана со меѓународните партнери и дека тензиите ескалираат.

„Ја повикуваме Владата на Косово да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со посредство на Европската Унија како соодветен канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да одговори на основните потреби на сите нејзини граѓани, вклучувајќи ги и оние на српското малцинство, негативно погодени од неодамнешните промени во регулативата за валутата“, се вели во одговорот од Стејт департменот.

Според Стејт департментот, оваа акција ја поткопува перцепцијата за добрата волја на Косово за решавање на отворените прашања со Србија преку дијалог со посредство на ЕУ.

Властите во Косово спроведоа полициска акција против српските финансиски институции на северот на Косово, што резултираше со затворање на шест филијали на Поштенската штедилница и Народната банка на Србија во четири општини на северот на Косово, каде што живее српското мнозинство.

За време на акцијата, за која косовските власти соопштија дека се работи за воспоставување „ред и законитост“, биле одземени различни докази, вклучително и пари.

Косовската полиција, која прикачи фотографии од запленетите пари, соопшти дека се пронајдени „околу 1.600.000 евра, околу 74.700.000 српски динари, околу 19.500 франци, околу 13.800 американски долари и околу 40 австралиски долари“.

Косовската полиција соопшти дека акцијата на северот на Косово била спроведена по пријави од институции за финансиски надзор, како што се единицата за финансиско разузнавање и Централната банка на Косово. Во акцијата учествуваше и даночната управа на Косово.

Високите функционери во Србија остро ја осудија полициската акција на северот, нарекувајќи ја „незаконска“. Од Белград е упатена покана до Меѓународната заедница да ги запре акциите од Косово кои според нив го „загрозуваат опстанокот“ на Србите на Косово.

Серија земјотреси во регионот на Неапол

Вулканот Везув, Неапол, Италија
Вулканот Везув, Неапол, Италија

Серија од 49 земјотреси се регистрирани синоќа во близина на Неапол, во јужна Италија, без поголема материјална штета, но предизвикало паника кај населението, соопштија тамошните власти.

Според Националниот институт за геофизика и вулканологија, тоа е најголемата серија земјотреси во последните 40 години. Земјотрес со јачина од 4,4 степени е регистриран во 20 часот и 10 минути на длабочина од 2,5 километри. Неколку минути претходно имаше земјотрес со јачина од 3,5 степени по Рихтер, проследен со десетици последователни потреси.

Институтот соопшти дека серијата земјотреси започнале синоќа точно во 19 часот и 51 минута во Флегранските полиња кај Неапол, што е вулканска зона во Италија.

Во таа зона на земјотресот живеат околу половина милион луѓе, а за денеска беше соопштено дека училиштата ќе бидат затворени, додека се отворени прифатните центри и се поставени шатори на неколку паркинзи.

Флегранските полиња, чија ерупција пред 40 000 години влијаеше на климата на планетата, ги загрижува локалните жители и научниците поради обновувањето на нивната активност поради гасовите што ги испушта магмата, што влијае на пукањето на површината на почвата.

Сценариото за катастрофа, односно исфрлање лава, пепел и камења во блиска иднина, според експертите е малку веројатно.

Гласаат болните и затворениците пред утрешното прегласување во седум избирачки места

илустрација
илустрација

Во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 денеска гласаат болни и изнемоштени лица, како и затвореници пред утрешното прегласување за парламентарните избори во седум избирачки места.

Прегласување ќе се спроведе на избирачките места 2101 во Желино,1194 во Крушево, 1202 исто така во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 во Долнени, 1470/1 исто така во Долнени, како и во 1844 во Струга.

Право на глас во овие избирачки места имаат вкупно 4521 гласач.

Поради повторување на гласањето за Парламентарните избори 2024 во седум гласачки места во Изборните единици 5 и 6, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера ги извести националните радиодифузери и радиодифузерите кои емитуваат програма на подрачјето на Охрид, Крушево, Струга, Долнени и Желино дека за нив важат обврските за изборниот молк, кој почна од ноќеска на полноќ и ќе трае до 19 часот на 22 мај 2024 година.

За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.

Државната изборна комисија(ДИК) го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани.

ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места.

Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во Парламентот.

Парламентарните избори во Северна Македонија се одржаа на 8 мај, заедно со вториот круг претседателски избори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG