Достапни линкови

Вести

Ванковска и Јакимовски ги собраа потписите, официјализирани пет кандидатури за претседател

Избори, Северна Македонија (Илустративна фотографија)
Избори, Северна Македонија (Илустративна фотографија)

Податоците на Државната изборна комисија (ДИК) покажуваат дека заклучно со вчера, од вкупно 11 кандидати, уште шестмина од нив ги немаат потребните 10.000 потписи за претседателска кандидатура, а петорица веќе ја постигнаа потребната бројка.

Од синоќа, до потребните потписи стигна и Билјана Ванковска (Левица) која според пресекот на ДИК има 10.278 потписи, како и Стевчо Јакимовски (ГРОМ) кој има 10.269 потписи.

Претходно со собрани 10.000 потписи претседателски кандидати се Максим Димитриевски (ЗНАМ-За наша Македонија), со 11.562, Бујар Османи (ДУИ), со 11.079 и Арбен Таравари (коалиција „Вреди“) со 10.706.

Од другите кандидати, Вело Марковски има 1330 потписи, Мерсиха Смаиловиќ 1286, Ѓорѓи Манасков 388, Зорица Цветковска 176, Господин Поповски 106 и Томе Николовски со 0 потписи.

Од утре пак, потписи ќе собираат и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски, и покрај поддршката што за нив се очекува партиите да ја официјализираат овој викенд.

Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари, а ќе трае до 8 март до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

види ги сите денешни вести

Американскиот наставник Марк Фогел ослободен од руски затвор во 'размена'

Марк Фогел беше уапсен во 2021 година.
Марк Фогел беше уапсен во 2021 година.

Американскиот наставник, Марк Фогел кој служеше 14-годишна затворска казна во Русија за поседување марихуана беше ослободен во размена, соопшти Белата куќа денеска (11 февруари).

Руската полиција го уапси Фогел во 2021-та година, по доаѓањето во Москва поради поседување медицинска марихуана за која тој тврдеше дека му е препишана по операција на грбот.

Фогел, кој предаваше во Англо-американско училиште во руската престолнина, не беше вклучен во претходните размени на затвореници помеѓу САД и Русија - пренесе редакцијата на РСЕ на англиски јазик.


„Денес, претседателот Доналд Трамп и неговиот специјален пратеник Стив Виткоф можат да објават дека г-дин Виткоф го напушта рускиот воздушен простор со Марк Фогел", се вели во соопштението.


„Претседателот Трамп, Стив Витоф и советниците на претседателот преговараа за размена која служи како покажување на добра волја од страна на рускиот народ и знак дека се движиме во правилната насока за да се стави крај на бруталната и ужасна војна во Украина", се додава во соопштението.

Белата куќа не наведе кого го ослободила во замена за Фогел.

Во август 2024 година, Русија, САД и неколку други земји ја извршија најголемата размена на затвореници од крајот на Студената војна, ослободувајќи 16 луѓе, вклучувајќи ја и новинарката на Радио Слободна Европа, Алса Курмашева.

Меѓу ослободените беше и новинарот на Вол Стрит Џурнал (Wall Street Journal) Иван Гершкович и извршниот директор за корпоративна безбедност, Пол Вилан.

Осум Руси беа испратени дома.

Коцевски по барањето за негово разрешување: „Секогаш сум работел согласно закон“

Љупчо Коцевски, архивска фотографија
Љупчо Коцевски, архивска фотографија

Откако Владата го задолжи Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски тој регираше преку писмена изјава во која тврди дека секогаш работел согласно закон.

„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски“, вели Коцевски кој смета дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации.

Во писмената изјава тој објаснува дека распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, бил со важност до 31.12.2024 година.

„Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година“, вели Коцевски.

Понатаму, тој објаснува дека распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Ова, според Коцевски, значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство.

„Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје“, посочува Коцевски.

Во писмената изјава тој наведува дека не е првпат да се постапува на овој начин и дека приоритет било да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за професионално работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи.

„Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител, туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје“, посочува Коцевски.

На денешната владина седница, Министерството за правда беше задолжено да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на Коцевски кој беше именуван за државен јавен обвинител во февруари минатата година.

Портпаролката на Владата Марија Митева на прес-конференција ги објасни аргументите и причините поради кои била донесена ваквата одлука.

„Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес од Транспаренси интернешнл Македонија и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител на должноста - шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за Јавното обвинителство“, нагласи Митева.

Пандовски: Бележиме пад од 12 позиции на Индексот на перцепција на корупцијата за 2024

Претходно денеска (11 февруари), претседателот на Транспаренси интернешнл, Благоја Пандовски информираше дека во извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година имаме 40 поени.

Со ова, Северна Македонија бележи пад од 12 позиции, заземајќи ја 88 позиција на табелата.

„Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание на судството, лошата контрола на Судскиот совет кој ја врши врз судиите и 40-те препораки на Оценската мисија на ЕУ, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите што го тресеа судството“, рече Пандовски.

Тој оцени дека слична е состојбата и во Обвинителството.

„Обвинителството не е ажурно во гонењето на високата корупција и не ги процесуира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата“, истакна Пандовски.

Споредено со земјите од регионот, само три држави годинава имаат раст – Словенија, Косово и Албанија, додека Северна Македонија, заедно Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора имаат пад во поените и рангирањето.

Најдоброрангирана е Грција, која иако стагнира е на 59 позиција со 49 индексни поени, а најлошо рангирана е Босна и Херцеговина, која бележи пад од 2 поени и е на 114 позиција со 33 индексни поени.

Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2024 година покажува дека корупцијата е опасен проблем во секој дел од светот, но промените на подобро се случуваат во многу земји.

ИПК рангира 180 земји и територии ширум светот според нивното воочено ниво на корупција во јавниот сектор. Резултатите се дадени на скала од 0 (многу корумпирани) до 100 (многу чисти).

Ограничување на маржите на над 100 групи на производи, одлуката ќе трае до крајот на април

Илустрација
Илустрација

Владата на денешната седница го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за десетпроцентно ограничување на маржата во трговија на мало и десет проценти во трговија на големо на основните прехранбени производи. Станува збор за истите 73 групи производи кои претходно се најдоа во есенската и новогодишната кошница.

Ограничувањето на маржата сега ќе треба да ги опфати и средствата за хигиена како што се детергентите. Одлуката исто така, ќе се однесува и на бебешката храна, но и на други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.

Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес конференција попладнево рече дека очекуваат во ограничувањето да бидат вклучени над 100 групи на производи.

„Во моментот Министерството е задолжено да ја изработи оваа одлука. Откако ќе биде донесена на владина седница истата ќе стапи на сила и ќе важи до 30 април“, рече Митева.

Покрај ова, Владата им препорачува на сите маркети да започнат со транспарентно објавување на цените на сите производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа.

„Ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите“, посочи Митева.

Таа додаде дека Владата дополнително го задолжила Министерството за економија и труд да организира итен работен состанок со сите надлежни институции како што се Државниот пазарен инспекторат, Министерствата за финансии и земјоделие, КЗК и други каде што ќе може да се разгледуваат и други предлози и мерки кои ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба.

Прашањето за ограничување на маржите се најде на владина седница откако Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд изготвија извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени.

„Кај трговците на мало односно кај маркетите за основните прехранбени производи коишто се најобртни, тука се млеко, леб, зејтин и така натаму, имаме над 20 проценти маржа. Имаме над 30 проценти бруто профитна маржа кај основни непрехранбени производи, а тоа се средствата за лична хигиена“, рече Митева информирајќи за она што е утврдено од страна на инспекторите.

Таа најави дека до петок тие ќе направат дополнителна контрола кај производителите на млеко и млечни производи и месо и месни производи.

Прашана дали ова ќе значи дека нема да има рамазанска и велигденска кошница, Митева истакна дека новата одлука практично ќе ги вклучи и овие празници, но Министерството дополнително ќе разгледува дали надвор од ова ограничување од десет проценти ќе има потреба да се носат и некои дополнителни кошници како што беше случајот со есенската и новогодишната кошничка.

Во текот на изминатите две недели, граѓаните во два наврати ги бојкотираа големите трговски ланци поради високите цени на основните прехранбени производи. Тие се организираа преку социјалните мрежи, откако бојкотот за пазарење го почнаа граѓаните на Хрватска, а потоа продолжи и во другите земји од регионот.

Првата акција во земјава покажа дека прометот во осумте најголеми трговски ланци се намалил за речиси 50 проценти, а со вториот бојкот прометот бил паднат за 22,12 проценти.

„Патувачки театар“: Протестен марш на театарските уметници во Белград

Протест пред Народниот театар во Белград
Протест пред Народниот театар во Белград

Од театар до театар, пред Министерството за труд, вработување, ветерани и социјални прашања - така се одвиваше денешниот протестен марш на театарските уметници, студенти и граѓани во Белград.

Пред зградата на Министерството, присутните оддадоа 15-минутна почит на жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.

Маршот почна од пред Храмот „Свети Сава“, а потоа продолжи покрај белградските театри, кои ја прекинаа работата на седум дена во знак на поддршка на студентските барања.

Во Србија подолго од два месеца траат протестите поради петнаесетте лица кои ги загубија животите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Протестите се организирани од студентите чие клучно барање е да се утврди политичка и кривична одговорност за трагедијата.

„За првпат во историјата на српските театри се одлучуваме на ваков чекор, прифаќајќи го повикот на студентите за борба за одговорен однос на институциите“, беше наведено во соопштението на 6 февруари.

Зад соопштението застанаа Народниот театар, Атеље 212, Белградскиот драмски театар, Театарот „Бошко Буха“, Мал театар „Душко Радовиќ“, театарот „Теразије“ и Југословенскиот драмски театар, а потоа за прекин на работата се одлучија и дел од останатите театри во земјата.

Трагедијата во Нови Сад предизвика бран протести низ цела Србија. Протестите почнаа на иницијатива на студентите, но потоа ним им се придружија и средношколците.

Поддршка за протестите тие добија од нивните професори, од адвокати, земјоделци, актери и други граѓани.

Владата предводена од српскиот претседател, Александар Вучиќ сепак тврди дека барањата на студентите се исполнети.

Студентите порачаа дека тие не се исполнети и најавија дека ги ги продолжуваат своите протести.

Владата бара да се разреши државниот јавен обвинител, Коцевски

Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител - архивска фотографија
Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител - архивска фотографија

Владата денеска (11 февруари) го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“, изјави на прес конференција владината портпаролка, Марија Митева.

„Најпрво, се отвори расправата за последниот индекс на транспарентност кој беше објавен денес и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството“, образложи Митева.

Дополнително, рече таа, последното именување за вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е надвор од одредбите пропишани во Законот за јавното обвинителство.

Премиерот, Христијан Мицкоски лани во ноември од собраниската говорница реагираше дека неколку стотици случаи од МВР и од Финансиската полиција се наоѓаат во Обвинителството, но по нив не се постапува. Тој најави „робусна акција“ против сите судии и обвинители кои како што рече, го заробиле судскиот систем додавајќи дека трпение повеќе нема да има.

„Очигледно дека прежостоки се нападите наеднаш на дијареа, грчеви во цревата, главоболка, температура, анксиозност и така натаму кога ќе треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата, кај поедини обвинители, за жал“, рече премиерот.

Државен јавен обвинител, Коцевски подоцна ги оцени како неосновани обвинувањата на премиерот дека некои обвинители не си ја вршеле работата под изговор дека имаат здравствени проблеми.

„Ако се однесува на тој еден случај, тоа беше пред некаде дваесетина дена кога предметниот обвинител имаше вирус и не можеше да дојде на закажаниот состанок. Истиот се одложи за три-четири-пет дена, со тоа што присуствуваше потоа и од тогаш до денес има одржано неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети“, изјави Коцевски на 29 ноември пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители.

Еден месец подоцна, во интервју за Радио Слободна Европа тој рече дека не очекува да го разрешат, и покрај незадоволството на Мицкоски.

„Лично јас, а сметам дека и јавните обвинители не чувствуваат никаков притисок затоа што работат согласно закон. Во законот за јавно обвинителство се строго определени условите под кои може да биде разрешен државниот јавен обвинител. Работата ја работам чесно и одговорно и ќе продолжам така“, рече Коцевски.

Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.

Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години. Коцевски дојде на оваа позиција пред една година.

Коцевски е поранешен адвокат, кој во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Од јануари 2022 година е избран за јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство, меѓу десеттемина обвинители во оваа институција. Тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, но и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.

Претходниот државен обвинител Љубомир Јовески, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.

Лекарите бараат законски измени за подобри стандарди во естетската медицина

Илустрација
Илустрација

Со измени и дополнување на Законот за јавно здравје да се ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација. Ова го бараат Здружението на дерматовенеролози, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружението за естетска медицина од каде велат дека на овој начин ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.

„Иницијативата е поради сѐ почестата злоупотреба на медицински помагала во контекст на употреба на хилајуронски филери, неуротоксин од страна на немедицински лица и сѐ поголемиот број на комликации од истите“, вели д-р Игор Пеев од Здружението на дерматовенеролози.

Трите здруженија своите барања веќе ги испратиле до министерот и заменик министерот за здравство и до собраниската Комисија за здравство.

Иницијативата вклучува и измена и дополнување на Законот за јавно здравје, особено во како што велат, сегментот на неговата застареност и недореченост. Од здруженијата сметаат дека тоа дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица.

Д-р Анџелка Илиева од Здружението за естетска медицина предупреди дека последиците од нестручен третман можат да бидат навистина сериозни.

„Започнувајќи од ткивни инфекции, комликации на кожата кои можат да доведат и до сепса, понатаму запушување на крвни садови поради кои може да доведе до изумирање на дел од ткивото со трајни последици, ботулизам и.т.н...така што последиците се навистина сериозни. За жал, дел од нив се и ревирзибилни како што е на пример слепило кое може да биде предизвикано како последица на запушување на крвен сад“, рече д-р Илиева.

Таа истакна дека со предложените измени на Законот за јавно здравје, пациентите ќе бидат заштитени од несоодветно изведени интервенции и ќе се воспостават јасни правила за тоа кој може да извршува ваков вид медицински процедури.

Во насока на подигнување на свеста и стручната едукација, во сабота, на 22 февруари во Скопје ќе се одржи Шестиот симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество. Овој настан ќе обедини експерти од земјата и регионот, со цел размена на искуства и презентирање на најновите достигнувања во областа на естетската медицина.

Јаневска: Одлуката за забрана за телефони на часовите ја носат општините

Весна Јаневска, министерка за образование и наука - архивска фотографија
Весна Јаневска, министерка за образование и наука - архивска фотографија

Општините се надлежни за училиштата и тие може да донесат одлука за забрана на мобилни телефони за време на наставата, изјави денеска (11 февруари) министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Според неа, кога кај учениците нема мобилни телефони, тие повеќе се фокусираат на знаењето.

„Но, училиштата се под ингеренции на општините и тие со менаџерите на училиштата заеднички ја носат таа одлука“, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали МОН може да донесе општоважечка одлука откако родители бараа без телефони за време на часовите да бидат учениците во сите училишта, вклучително и во средните.

Јаневска посочи дека треба да се види дали дава резултати одземањето на телефоните од учениците и да се направи анализа.

„Но секако, во денешно време може да има и потреба од употреба на такви уреди и при наставата. Па оттука, наставникот, кој е носител на образовната дејност во училницата, ќе одлучи дали децата во тој момент ќе ги користат или нема да ги користат телефоните“, додаде ресорната министерка.

Советите на општините Аеродром и Центар веќе донесоа препораки за забрана за користење на мобилните телефони од почеток до крај на наставата, со цел зголемување на безбедноста на учениците и подобрување на образовниот процес. Препораките се прифатени од училишните одбори и мобилните телефони од неодамна се забранети за учениците од училиштата во овие општини.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски вчера (10 февруари) оцени дека забраната за мобилни телефони во училиштата е добра мерка.

Прашан дали тоа може да се случи на државно ниво, односно мобилните да бидат забранети во сите училишта одговори дека може, но дека тоа е сепак надлежност на општините и училишните одбори.

Неизвесност по изборите на Косово: Опозицијата нема да коалицира со „Самоопределување“

Косовскиот премиер и лидер на партијата Самоопределување, Албин Курти им се обрати на своите поддржувачи во Приштина на 10 февруари.
Косовскиот премиер и лидер на партијата Самоопределување, Албин Курти им се обрати на своите поддржувачи во Приштина на 10 февруари.

Двете опозициски партии во Косово, Демократската партија на Косово (ДПК) и Алијансата за иднината на Косово (АБК), ја отфрлиja можноста за формирање коалиција со Движењето за самоопределување на Албин Курти, кое победи на парламентарните избори на 9 февруари.

Бедри Хамза, кој беше кандидат за премиер од редовите на ДПК, изјави дека неговата партија нема да влезе во коалиција во која е вклучена партијата на премиерот Курти.

„Има големи разлики меѓу нас", изјави Хамза за новинарите во понеделникот (10 февруари).

„Тие (Самоопределување) сакаат апсолутна моќ и немаат програма. За време на кампањата, тие избегнуваа дебати, дури и на телевизија. Тие ги навредуваа политичките противници и граѓаните. Поттикнуваа омраза, а ние промовираме единство и соработка", додаде Хамза, чија партија е на второ место со 25 пратенички места заклучно со денеска (11 февруари).

Со повеќе од 95% од преброените гласови, Централната изборна комисија на Косово објави дека Самоопределување води со околу 40% од гласовите, ДПК со околу 22%, Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) со околу 17% и АБК-Нишма со околу 7%.

Сепак, со цел да обезбеди мнозинство во Собранието, партијата треба да има најмалку 61 пратеник во Собранието, кое има вкупно 120 пратенички места.

До овој момент, (11 февруари) Самоопределување има освоено 47 места. Овој број може да се зголеми по пребројувањето на гласовите на дијаспората во текот на следните денови.

Лидерот на ААК, Рамуш Харадинај претходно ја отфрли можноста за коалиција со Самоопределување, наведувајќи дека тој претпочита формирање влада од страна на опозициските партии.

„Ние со задоволство би соработувала со албанските опозициски политички субјекти за да формираме мнозинство, што е и можно“, изјави за новинарите Харадинај, кандидат за премиер од редовите на АК, партијата која досега освои осум места.

„Чест ми е да ја поддржам опозициската влада, под никакви околности со Самоопределување“, додаде тој.

Лидерот на ЛДК, Лумир Абдиџику, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека дека неговата партија чека да заврши целосното броење на гласовите пред да ги изнесе своите политички ставови.

„Во оваа фаза, ние продолжуваме да ги броиме останатите гласови, особено оние од дијаспората. По конечното пребројување, ЛДК ќе ги претстави своите политички ставови", изјавил Абдиџику, чија партија досега освои 20 места.

За време на изборната кампања, Абдиџику ја исклучи можноста за коалиција со Курти.

Тој не го коментираше повикот на Харадинај за формирање на опозициска влада.

Поддршката на ЛДК е намалена за десет проценти во споредба со изборите во 2021 година.

Дејвид Канин, професор по Европски студии на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, изјави за Радио Слободна Европа дека останува да се види дали Курти ќе се држи до своето ветување дека нема да формира коалиција ако тоа значи да ја изгуби моќта.

„Дел од тоа зависи од она што Курти навистина го мисли кога вели дека нема да коалицира. Не знам дали тој навистина верува во тоа“, рече Канин.

Папата ги нарече депортациите на мигрантите од САД „голема криза“

Папата Франциск
Папата Франциск

Папата Франциск во вторникот (11 февруари) упати остра критика за депортациите на мигрантите без документи од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, опишувајќи го како „голема криза“ што „го повредува достоинството на мажите и жените“.

Во писмото до американските бискупи, тој ги повика католиците и другите „да не попуштаат на наративи кои ги дискриминираат и предизвикуваат непотребно страдање на нашите браќа и сестри мигранти и бегалци“.

Папата Франциск постојано ги бранеше правата на мигрантите за време на неговото 10-годишно раководење со Католичката црква, повикувајќи ги светските лидери да бидат подобредојдени кон оние кои бегаат од сиромаштија или насилство.

„Внимателно ја следам големата криза што се случува во Соединетите Држави со започнувањето на програмата за масовни депортации“, напиша тој во вторник.

Тој го призна „правото на нацијата да се брани и да ги чува заедниците безбедни од оние кои извршиле насилни или сериозни злосторства додека биле во земјата или пред пристигнувањето“.

Папата напиша дека „актот на депортирање на луѓе кои во многу случаи ја напуштиле својата земја поради екстремна сиромаштија, несигурност, експлоатација, прогон или сериозно влошување на животната средина, го нарушува достоинството на многу мажи и жени и на цели семејства“.

Депортацијата „ги става во состојба на особена ранливост и без одбрана“, напиша тој.

Папата Френциск предупреди дека ветувањето на Трамп дека ќе ја спроведе најголемата кампања за депортација во историјата на САД, со протерување милиони имигранти без документи, ќе биде „несреќа“.

„Ова не е минорен проблем-автентичното владеење на правото се проверува токму во достоинствен третман што го заслужуваат сите луѓе, особено најсиромашните и најмаргинализираните“, напиша тој во своето писмо.

Папата, меѓудругото, ја поздрави работата на католичкото свештенство со бегалците и мигрантите.

Трамп: „Преплашениот“ Иран е подготвен да склучи нуклеарен договор

илустрација
илустрација

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти може да се постигне договор со Иран за неговата нуклеарна програма, бидејќи Техеран е подготвен да преговара и да избегне ескалација што може да вклучи и воена опција.

Говорејќи во интервју за Фокс њуз доцна на 10 февруари, Трамп рече дека иранските власти се „загрижени и исплашени“ за последиците доколку не се постигне договор, неколку часа откако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја доведе во прашање искреноста на Вашингтон во барањето преговори со Техеран.

„Сите мислат дека Израел, со наша помош или одобрение, ќе влезе и ќе ги бомбардира. Јас повеќе би сакал тоа да не се случи“, рече Трамп.

„Не можете да му дозволите на Иран да има нуклеарно оружје, но има два начини да го запрете: со бомби или со писмен договор. Мислам дека Иран би сакал да направи договор и јас би сакал да склучам договор со нив без бомбардирање“, додаде американскиот претседател.

Трамп рече дека Техеран е ослабен поради „огромната загуба“ во неговата противвоздушна одбрана, очигледно мислејќи на израелските напади кон крајот на октомври за кои аналитичарите велат дека нанеле „значаен удар“ на способноста на Иран да произведува балистички ракети со долг дострел.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи минатата недела ја отфрли можноста за нуклеарни разговори со Соединетите Држави, инсистирајќи дека преговорите нема да ги решат проблемите на Иран, неколку дена откако Трамп зборуваше за постигнување договор што ќе им овозможи на Иранците да „продолжат“ со своите животи.

На 4 февруари, Трамп потпиша наредба за обновување на неговата политика на „максимален економски притисок“ врз Иран со цел да му наштети на извозот на нафта и да ја забави неговата нуклеарна програма, за која Техеран тврди дека е за цивилни цели.

Значајниот договор од 2015 година со светските сили ја ограничи иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.

Сепак, Трамп ги повлече Соединетите Држави од договорот за време на неговиот прв мандат и повторно воведе санкции во 2018 година, што доведе Техеран да го забрза збогатувањето ураниум и да ги ограничи меѓународните инспекции на неговите нуклеарни постројки.

Кога ги повлече САД од нуклеарниот договор, Трамп рече дека Техеран не го почитува духот на договорот и дека продолжува со обидите да развие нуклеарно оружје. Тој, исто така, го обвини Иран дека го поддржува екстремистичкото насилство во регионот, што Техеран го негираше.

Трамп за Фокс њуз изјави дека секој нов договор со Техеран мора да вклучува способност за следење, инспекција и проверка на нуклеарните активности на Иран и уништување на нуклеарниот материјал или едноставно да се осигура дека тој „повеќе не е нуклеарен“. Не соопшти повеќе детали за тоа што ќе вклучува договорот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG