Достапни линкови

Распишувањето на изборите ќе го „отклучи“ Избирачкиот список


ДИК треба да го потпише избирачкиот список најдоцна 15 дена пред одржување на изборите (архивска фотографија).
ДИК треба да го потпише избирачкиот список најдоцна 15 дена пред одржување на изборите (архивска фотографија).

Ажурирање на Избирачкиот список, консензус за измени на Изборниот законик и договор за комплетирање на ДИК се дел од прашањата пред институциите и партиите во пресрет на претседателските и парламентарни избори што се распишуваат денеска. Промовирањето на кандидатите треба да заврши во март.

Во Избирачкиот список во моментов се запишани точно 1 801 760 граѓани кои имаат право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори. Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска, 14 февруари, го потпиша правниот акт со што и формално ги распиша двојните избори што треба да се одржат на 24 април и 8 мај.

Со ова почнуваат да тече и рокот од 48 часа во кој институциите треба да ги достават податоците до Државната изборна комисија (ДИК) за ажурирање на списокот. Ова ќе бидат први избори откако државата по две децении успеа да спроведе попис на населението во 2021, но тоа, посочуваат од ДИК, не е поврзано со Избирачкиот список.

„Во јавноста веќе неколку години наназад несоодветно се споредуваат податоците во Избирачкиот список со податоците од пописот на население. За составување на овие две бази на податоци се користи сосема различна методологија, и тие се неповрзани меѓу себе“, велат од ДИК за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Новаковски: Невозможна е споредба на пописот и Избирачкиот список

Со ова е согласен и поранешниот претседател на ДИК, адвокатот Александар Новаковски, кој вели дека тоа го сметаат и странски експерти со кои тој имал искуство во неговата кариера и посочувале дека споредбата на попис со Избирачки список е исто како да се споредува јаболко и портокал.

„Споредба на пописот и Избирачкиот список е невозможна затоа што пописот е статистичка евиденција, согласно законот со него се попишуваат лица кои до една година биле во државата. А Избирачкиот список се прави врз основа на државјанство. Во никој случај тоа не може да биде корисно ниту може да се земе како параметар за да се каже дали списокот е добар или не“, вели Новаковски.

Институциите од кои ДИК во наредните два дена ги очекува податоците за ажурирање на списокот се: Министерството за внатрешни работи (МВР), Управата за водење на матични книги, основните судови, Управата за извршување санкции и Министерството за труд и социјална политика.

Откако ќе се обработат, податоците ќе се стават на јавен увид на граѓаните. За време на изборен процес, тој трае 20 дена по што Избирачкиот список се заклучува. Потпишувањето на Избирачкиот список односно изводите од него, треба да се направи најдоцна 15 дена пред денот на одржување на изборите. Ова значи дека до тогаш, моменталната бројка од 1 801 760 гласачи може да претрпи измени.

Граѓаните податоците во Избирачкиот список може да ги проверат електронски или во подрачните одделенија на канцелариите на ДИК, како и да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци. Тоа може да се направи во секо време без оглед дали се распишани избори или не.

Во меѓувреме, ДИК редовно прави ажурирање за што институциите доставуваат податоците четири пати годишно. Ваквите редовни ажурирања до овој момент довеле до намалување на бројот на гласачи за речиси 13.000 во споредба со локалните избори во 2021 кога право на глас имаа 1 814 644 државјани.

Ќе се одрази ли хаосот со издавање документи на изборите?

На гласачките места граѓаните се идентификуваат со важечка лична карта или пасош. Поради обврските од Преспанскиот договор, од вчера, 13 февруари, сите пасоши со старото уставно име се неважечки. Лични карти со Република Македонија, пак, остануваат да важат за домашна употреба што значи дека гласачите ќе може да се идентификуваат со нив. Но, што, на пример, ќе се случи со граѓаните кои немаат заменето пасош, а не може да ја променат ниту личната карта доколку е со истечена важност имајќи ја предвид моменталната состојба со немање термини, како и недостатокот на обрасци за пасоши.

Од ДИК се децидни дека е потребен важечки документ или евентуално документ кој истекол по распишување на денот на изборите.

„Согласно член 108 од Изборниот законик кој е во сила, кога избирачот пристапува да гласа избирачкиот одбор го проверува неговиот личен идентитет. Личниот идентитет избирачот го докажува со важечка лична карта или важечка патна исправа, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување. Изборниот законик и останатото позитивно право не препознаваат друг документ со кој на гласачко место би можел да се докажува идентитетот“, нагласуваат од ДИК.

Консензус за Изборниот законик и за местото во ДИК

А, токму актуелниот Изборен законик е уште проблем кој треба да се надмине во пресрет на изборите. Тој треба да претрпи измени согласно препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но за тоа се уште нема консензус меѓу политичките партии, а како што е познато во јавноста, главна пречка е партискиот договор околу тоа дали за кампањата ќе се трошат пари од државниот буџет или партиите сами ќе ја плаќаат.

Драфт верзија на измените од Министерството за правда е доставена до пратениците, а претседателот на Собранието Јован Митрески очекува да добие текст потпишан од сите координатори за да ги стави измените на гласање.

„Имам информации дека се водат преговори, дека се блиску до консензус посебно во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР не сум слушнал досега дека има какви било забелешки. Сигурно таму се отвораат и други прашања за коишто се чека да се обезбеди консензус. Очекувам од пратеничките групи да дадат предлог за измени на Изборниот законик барем таму каде што имаат консензус, барем тоа да бидат забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, да бидат ставени во предложениот Изборен законик“, рече Митрески во интервју за државната агенција МИА објавено на 13 февруари.

Консензус во Собранието е потребен и за пополнување на испразнетото место во ДИК, за што е потребно двотретинско мнозинство. Станува збор за местото кое се испразни откако поранешниот член на комисијата, Кренар Лога, стана министер за правда откако неговата партија Алијанса за Албанците реши од опозиција да премине во владината коалиција.

Со оглед на преструктуирањата во владејачките и опозициските редови, партиите досега не успеваа да најдат консензус за тоа која од нив треба да го предложи членот на ДИК, но според информациите од Собранието денеска, еден од двајцата кандидати се повлекол и за утре (15 февруари) е закажана седница на Комисијата за избори и именувања. Од ова собраниско тело треба да го достават предлогот до пленумот и кандидатот потоа треба да биде изгласан на пленарна седница.

Се повлекол Зулфи Адили предложен од Европската демократска партија на Арјанит Хоџа, а останал само Абудуш Демири зад кого стои опозициската коалиција Европски сојуз за промени.

Информацијата ја потврди и пратеникот Фадил Зендел од Беса, која е дел од опозицискиот блок, како и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој посочува дека сега се отвора патот за пополнување на седмото столче во ДИК.

Комисијата може да функционира и да ги спроведе изборите и со еден член помалку, но експертите предупредуваа дека непотполна ДИК може да фрли сенка на кредибилитетот на изборниот процес.

Кандидатите треба да се промовираат во март

Додека во Собранието се чека консензус околу овие прашања, надвор од него партиите веќе прават калкулации околу изборниот настап.

Коалициите, кандидатските листи за пратеници и имињата на носителите во шестте изборни единици официјално се уште не се познати. Се очекува партиите да ги објават во текот март, додека на почетокот на април ќе започне кампањата. Она што е потврдено во досегашните јавни изјави на политичарите е оти во првата изборна единица која го опфаќа најголемиот дел од Скопје носители на листи ќе бидат лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица – Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев.

Официјални претставувања досега немаше ниту на претседателските кандидати од поголемите политички партии. Ковачевски рече дека како предлози за кандидат од СДСМ од општинските организации на партијата пристигнати се повеќе имиња. Меѓу нив и за актуелниот претседател Стево Пендаровски, како и други поранешни претседатели на државата и на СДСМ, поранешни секретари на партијата, поранешни судии.

Во ВМРО-ДПМНЕ распишан е конкурс, а лидерот на партијата Мицкоски посочи дека независно од тоа се испитува јавното мислење и се мерат рејтинзите на „не повеќе од три имиња“. Партијата својот претседателски кандидат ќе го избере на конвенција закажана за 2 март. Меѓу најсериозните кандидати се споменуваа актуелната пратеничка Гордана Силјановска-Давкова и универзитетскиот професор Александар Спасеновски.

Од парламентарните партии, единствено Левица официјално ја претстави професорката од Филозофскиот факултет Билјана Ванковска за своја кандидатка. За кандидатурата тие ќе треба да соберат 10 000 потписи од граѓани.

Кандидат ќе има и албанскиот опозициски блок обединет во коалицијата Европски сојуз за промени. Оттаму, понуда доби актуелниот претседател на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, кој првично посочи дека не е заинтересиран. Но, во гостувањето на ТВ 21 на 13 февруари, лидерот на Беса, Билал Касами, рече дека и тој и Таравари се во игра и најави дека наскоро ќе го објават името на кандидатот.

Свои претседателски кандидати се очекува да имаат и други партии кои не се дел од парламентот. Независна кандидатура, пак, досега единствено најави докторот Вело Марковски, но треба да ги собере потребните потписи.

За претседателски кандидат потребно е да се соберат потписи од 30 пратеници или 10.000 потписи од граѓани. Претседателските избори што треба да се одржат на 24 април – прв круг и на 8 мај – втор круг, ќе бидат седми по ред откако прв пат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994 година.

Парламентарните избори на кои ќе се гласа заедно со вториот круг претседателски избори на 8 мај, ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG