Достапни линкови

Вести

Нови случаи на голема кашлица, најголем дел од заразените од Скопје

Илустрација
Илустрација

Институтот за јавно здравје информира дека заклучно со вчерашниот ден се регистрирани вкупно 22 случаи на голема кашлица.

Најголем број лица живеат во Скопје - 16 и тоа во осум различни општини, три лица живеат во Куманово, две во Гостивар и еден во Боговиње, Тетово.

Заболените лица се на возраст од 1 месец до 23,5 години. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно девет случаи припаѓаат на возрасната група под 1 година, а осум се деца на возраст од 1 до 4 години.

Првиот пријавен случај е на 5-ти јануари 2024 година, а само во последните 7 дена се пријавени 11 случаи или половина од досега регистрираните случаи.

Во однос на вакциналниот статус, 18 лица од заболените не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација. Два случаи се комплетно вакцинирани за возраста, за два случаи вакциналниот статус е непознат.

Од заболените, 16 лица биле хоспитализирани и тоа 14 од нив се на возраст до 4 години.

Пред два дена, заседаваше и Комисијата за заразни болести и донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје.

Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од пертусис.

Загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјава изрази и УНИЦЕФ. Од организацијата се придружуваат кон повикот на здравствените експерти до родителите и старателите да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.

Од организацијата велат дека само со постигнување колективен имунитет може да се заштитат оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет. Од таму напоменуваат дека е важно сите деца кои од која било причина, ја пропуштиле вакцината според националниот календар на имунизација, да ја примат вакцината.

„Вакцинирањето е една од најефективните мерки на заштита на децата и заедниците од сериозни болести. Докажано е дека вакцините се безбедни и глобално секоја година, тие спасуваат два до три милиони детски животи од сериозни болести. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите - обезбедете им на своите деца онаква заштита, каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото“ се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.

види ги сите денешни вести

Советот за безбедност на ОН ќе одржи вонреден состанок за Газа

Палестинци кои чекаат медицинска помош во болницата по наводниот отворен оган врз нив од израелски војници во северниот дел на Газа на 29 февруари 2024 година
Палестинци кои чекаат медицинска помош во болницата по наводниот отворен оган врз нив од израелски војници во северниот дел на Газа на 29 февруари 2024 година

Советот за безбедност на Обединетите Нации вечерва на 29 февруари ќе одржи состанок зад затворени врати по смртта на околу сто лица, кои новинарските извештаи, загинале за време на дистрибуцијата на помош во храна во Појасот Газа од напад спроведен од израелски војници.

Според информациите од здравствените власти во Газа, загинале над 100 луѓе, со што бројот на загинати од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас,којшто САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, се искачи на повеќе од 30.000.



Претставниците на болницата првично известија за израелски напад врз толпата, но очевидци подоцна рекоа дека израелските војници отвориле оган додека луѓето ваделе брашно и конзервирана стока од камионите, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

Израелската војска одби да даде изјава за улогата на војниците во инцидентот.

Градот Газа и околните области на северот на енклавата беа првите цели на израелската воздушна, морска и копнена офанзива, започната како одговор на нападот на Хамас,којшто САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, на 7 октомври.

Трамп ја обжали пресудата во Илиноис

Архивска фотографија, поранешниот американски претседател Доналд Трамп
Архивска фотографија, поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на 29 февруари ја обжали пресудата на судијата во Илиноис со која му се забранува да се појави на прелиминарните избори за претседател на републиканците во државата поради улогата на поранешниот претседател во бунтот во Капитолот на САД на 6 јануари 2021 година.

Во пресудата која беше објавена вчера судијката на округот Кук, Трејси Портер, застана на страната на гласачите од Илиноис кои тврдеа дека Трамп треба да биде дисквалификуван од прелиминарното гласање во државата на 19 март и од општите избори на 5 ноември. јавува новинската агенција Ројтерс.

Трамп поднесе жалба во четвртокот до Окружен апелационен суд во Илиноис, еден ден откако портпаролот на кампањата на Трамп рече дека одлуката на Портер е неуставна.

Според пресудата Трамп ја прекршил клаузулата против востанието од 14-тиот амандман на Уставот на САД, со кој се забранува од јавна функција секој што се заколнал дека ќе го поддржи Уставот и потоа „се вклучил во бунт или бунт против истиот, или дал помош или утеха на неговите непријатели“.

Врховниот суд на САД најверојатно ќе одлучи за конечниот исход од случајот Илиноис и слични предизвици. Врховниот суд ги сослуша аргументите поврзани со подобноста на Трамп за гласање на 8 февруари.

Европска директива за заштита на новинари од Слап тужби

Илустрација Европски Парламент
Илустрација Европски Парламент

Европратениците на 29 февруари усвоија Директива која ги штити новинарите, активистите и нивните организации од стратешки тужби против јавното учество (Слап тужби), чија цел е да се намали слободата на говорот.

Целта на оваа одлука на Европскиот парламент е да ги обезбеди поединците и организациите кои работат на прашања од јавен интерес, како што се основните права, обвинувањата за корупција, заштитата на демократијата или борбата против дезинформациите, да добијат заштита на ЕУ од неосновани и вознемирувачки тужби, се вели во соопштението на Парламентот.

За директиватата, која претходно беше договорена со Европскиот совет, гласаа 546 европратеници, 47 беа против и 31 воздржан, а ќе стапи на сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија.


Заштитни мерки ќе се применуваат за сите прекугранични случаи, освен кога и обвинетиот и тужителот се од иста земја на ЕУ како и судот, или кога случајот е релевантен само за една земја-членка.

Со директивата се обезбедува заштита на жртвите на Слап тужбите со предвремено отфрлување доколку случајот е неоснован и можноста да се бара од тужителот да ги плати проценетите трошоци на постапката.

Судот може да ги казни подносителите на барањата за тужба, кои често се политичари, корпорации или лоби групи, со налог кој ги обврзува да платат отштета нанесена на обвинетиот.

Изборниот рекламен колач за интернет ќе го делат 249 портали

Илустрација, Медиуми, интернет, весници, телевизија, радио
Илустрација, Медиуми, интернет, весници, телевизија, радио

Политички реклами за изборната кампања ќе може да објавуваат 249 интернет портали, 37 телевизии, 35 радија и 11 печатени медиуми. Оваа одлука ја донесе Државната изборна комисија ( ДИК) на 29 февруари на 84 -та седница.

Со усвојувањето на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) се отвора просторот за изборно рекламирање на двојните избори (претседателски и парламентарни) кое го регулира ДИК.

Според податоците на ДИК за платено политичко рекламирање за двојните избори се предвидени 656 милиони денари или над 10 614 000 евра.

ДИК најави дека Регистарот на медиуми кои ќе вршат платено политичко рекламирање и ценовниците ќе бидат достапни на веб-страната на Државната изборна комисија.

До ДИК пристигнале вкупно 333 барања од платено политичко рекламирање за претседателските избори, од кои ДИК им ги одобриле на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали.

Вкупно осум правни субјекти со 10 портали, еден поткаст и едно радио се одбиени поради, како што се наведува, неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање.

Против решенијата за одбивање на медиумите кои не ги исполнуваат условите за регистрација за платено политичко рекламирање, незадоволната страна има право на тужба до Управен суд на Република Северна Македонија, во рок од 24 часа од приемот на решението.

Изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април годинава, започнува на 4 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 22 април, а кампањата за парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај, ќе биде од 18 април до 6 мај.

Двојните избори кои ќе се спроведат во април и мај државата ќе ја чинат речиси 17 милиони евра.

Украина:19 руски војници загинале во Доњецк

Илустрација
Илустрација

Генералштабот на вооружените сили на Украина на 29 февруари соопшти дека 19 руски војници биле убиени, а 12 ранети во ракетниот напад на Украина врз група руски војници во градот Оленивка во руската окупирана дел од областа Доњецк.

Според соопштението, меѓу загинатите е и заменик командант на руска воена единица, додека меѓу ранетите е командантот на единицата.

Ова соопштение на украинската војска не е потврдено од руската војска.

Претходно украинската армија соопшти дека неколку припадници на украинските специјални сили се убиени за време на операција во окупираниот дел од областа Херсон на југот на Украина.

Во соопштението не е прецизирано колку украински војници загинале за време на операцијата, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Кризната состојба во Идризово продолжена до октомври

Илустрација, надзорна кула во затворот Идризово
Илустрација, надзорна кула во затворот Идризово

Владата донесе одлука со која се продолжува рокот на постоење на кризна состојба во казнено поправната установа Идризово поради спречување на безбедносни закани и зајакнување на обезбедувањето на КПД Идризово.

Со новиот рок, кризната состојба ќе трае до 30 септември 2024 година. Одлуката откако денеска беше изгласана во Собранието е објавена во Службениот весник, а нејзината примена ќе почне од 14 март 2024 година.

Првата одлука за воведување на кризна состојба во КПД Идризово беше донесела минатото лето, поради недостиг на затворски полицајци.

„Во овој случај полицијата и мал број на припадници на Армијата, кои се во поддршка на припадниците на МВР, се ангажирани со цел да можат да се справат со состојбата, односно да не се дозволи евентуално ескалирање или нарушување на безбедноста на државата“ изјави на 21 јуни министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Со прогласувањето на кризната состојба беше решено припадници на Армијата да бидат ангажиран за обезбедување на затворот, при што тие се само поддршка на полицијата и немаат допирна точка со луѓето кои се наоѓаат на издржување затворски казни.

Изминатата година затворот беше поврзан со повеќе скандали, меѓу другите копањето на подземен тунел од затвореници кои со месеци планирале бегство. Исто така се случи и спектакуларно бегство на затвореник додека беше транспортиран на лекар, па поради ова беа суспендирани командир и четворица затворски полицајци.

Функционерите нема да добијат 300 до 400 евра покачување во март

Илустрација, пленарна седница
Илустрација, пленарна седница

Пратениците на 29 февруари ги изгласаа измените на пакетот шест закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица. Овие измени на пакет закони се донесени на две недели по распишивањето на двојните избори што треба да се одржат на 24 април и 8 мај.

Со оваа одлука на пратениците ќе се стопира само мартовскиот раст на платите на избраните и именуваните лица, но им останува минатогодишното зголемување од 78 проценти. Со новото усогласување платите требаше да им пораснат за нови 300 до 400 евра во зависност од функцијата, односно за околу 15 проценти.

Повисоките функционерски плати за 78 отсто кои беа покачени од март 2023 година, поттикнаа протести на разни групи работници, а на улица ги извадија и пензионерите.

Незадоволството дополнително е и поради тоа што за разлика од функционерите, платите на работниците во скоро цел јавен сектор се врзани со растот на минималната плата, што значи не е процентуален, туку линеарен. Тие ќе добијат линеарно нето зголемување од 2.000 денари со растот на минималната плата за 2.000 денари.

Со законските измени се опфатени околу 1 060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

Предлог-измените ги поднесе пратеничката група на СДСМ, а вчера на ваквите најави реагираа од Здружението на судии, Судскиот совет и Здружението на јавни обвинители.

Здруженијата на судиите и на јавните обвинители пакетот законски измени го нарекоа неприфатлив. Судиите пак според соопштението, велат дека очекувале оти по шестгодишниот дијалог со Владата, ќе дојде до зголемување, а не до намалување на коефициентот, а обвинителите посочија дека ова нема да придонесе за нивна финансиска независност според меѓународните стандарди.

За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, се разгледува законска можност за интервенција со владина одлука, а според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тоа може да се направи и од управните и надзорните одбори.

Уставниот суд во Словачка: Нема намалување на казните за корупција

илустрација
илустрација

Намалувањето на казните за корупција нема да се стапи во сила во Словачка, откако Уставниот суд во оваа земја донесе одлука на 29 февруари со која се запира важноста на измените во Кривичниот законик усвоени од Владата за да се намалат казните за кривичното дело злоупотреба на службена должност и измами.

Измените изгласани од коалицијата на премиерот Роберт Фицо, ја вознемирија опозицијата, а Европската комисија и Европското јавно обвинителство изразија загриженост.

Критиките се фокусираа на недостатокот на широка дебата, значителното намалување на казните за финансиски криминал и намалување на застареноста што трајно ќе стави крај на тековните истраги, дури и ако законот е во сила само еден ден.

Словачкиот Уставен суд соопшти и дека ги отфрлил другите приговори на словачката претседателка Зузана Чапутова и опозицијата. Тоа значи дека ќе се реализира планот за затворање на Специјализираното обвинителство кое се занимавало со тешки кривични дела, вклучително и корупција на високо ниво.

Уставниот суд не ја поништи планираната реформа за затворање на Специјализираното обвинителство, кое поднесе кривични предмети против високи државни службеници и политичари од партијата на премиерот Фицо.

Таквата одлука значи дека на 15 март неодобрените делови од реформата нема да стапат во сила, бидејќи ќе чекаат натамошно разгледување во Уставниот суд, кое може да трае со месеци.

Форбс: Двајца милијардери се откажаа од руското државјанство

Илустрација
Илустрација

Руските милијардери Андреј Баронов и Ратмир Тимашев се последните кои влегле во листата на милијардери кои се откажале од своето руско државјанство откако Москва ја започна својата неиспровоцирана тековна инвазија врз Украина во февруари 2022 година, објави американското економско списание Форбс.

Според Форбс, Баронов и Тимашев сега се државјани на Кипар. Баронов живее во Швајцарија а Тимашев во САД.

Баранов во изјава за Форбс истакнал дека ја критикувал војната, велејќи дека таа му предизвикала „длабоко страдање“. Тимашев не сакал да коментира.

Претходно милијардерите Василиј Анисимов, Тимур Турлов, Рубен Вардањан, Јуриј Милнер, Николај Сторонски, Олег Тинков и Игор Макаров се откажале од своето руско државјанство во периодот по февруари 2022 година.

Над 100 мртви Палестинци по напад од израелски војници, тврдат сведоци

Палестинци кои чекаат медицинска помош во болницата по наводниот отворен оган врз нив од израелски војници во северниот дел на Газа на 29 февруари 2024 година
Палестинци кои чекаат медицинска помош во болницата по наводниот отворен оган врз нив од израелски војници во северниот дел на Газа на 29 февруари 2024 година

Израелските војници пукале врз толпата Палестинци кои чекале помош во градот Газа во четвртокот на 29 февруари, тврдат очевидци за новинската агенција Асошиетет прес.

Според информациите од здравствените власти, загинале над 100 луѓе, со што бројот на загинати од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас,којшто САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, се искачи на повеќе од 30.000.

Претставниците на болницата првично известија за израелски напад врз толпата, но очевидци подоцна рекоа дека израелските војници отвориле оган додека луѓето ваделе брашно и конзервирана стока од камионите.


Израелската војска одби да даде изјава за улогата на војниците во инцидентот.

Градот Газа и околните области на северот на енклавата беа првите цели на израелската воздушна, морска и копнена офанзива, започната како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври.

Областа претрпе широко распространето уништување и беше во голема мера изолирана за време на конфликтот. Камиони кои превезуваа храна стигнаа до северниот дел на Газа оваа недела, што е прва голема испорака на помош во областа за еден месец, соопштија властите во средата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG