Предлог-законот за ветинг стои во моето биро. Две минути ми требаат да го пуштам во процедура, вели Арбр Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ за Радио Слободна Европа, за тоа кога и дали ќе се направи таканаречениот ветинг што го предложи ДУИ пред точно четири години.
Ветинг по дефиниција значи институционална проверка на вршителите на јавни функции во насока дали се соодветни за работната позиција и дали имаат одговорност, интегритет и кредибилитет да ја вршат функцијата.
Оваа тема повторно ја актуелизира Али Ахмети, претседател на ДУИ, од собраниската говорница за време на изборот на техничката влада минатата недела (28.1), во одговор кон пратеникот Антонио Милошоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Набројувајќи примери со тендери и конкретни лица, Милошоски рече дека ДУИ е криминална партија и тоа е една од причините поради што ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за избор на техничката влада.
„Тоа што го велевте, има обвинителство, ние побаравме ветинг и предлагавме закон што ова Собрание требаше да го изгласа. Да не се правиме обвинители ни истражители“, рече тогаш Ахмети.
ДУИ до Собранието поднесе предлог-законот за ветинг на 31 јануари 2020 година, за ветинг на избраните и именуваните функционери во законодавната и извршната власт, во судството, обвинителството и полицијата. Се предвидуваше и Агенција што ќе ги контролира сите носители на јавни функции.
Само 16 дена подоцна, Собранието се распушти во пресрет на парламентарните избори на 12 април 2020, па предлогот никогаш не стана закон.
„Овој предлог-закон го поминал првото читање и толку. После дошол нов собраниски состав. Ако некој сака ваков предлог - закон, треба одново да ја почне процедурата“, велат од Собранието за РСЕ.
Адеми вели дека ДУИ уште стои зад предлог-законот, но ако го поддржат од сите партии.
„Ако има волја, ние уште денеска би го предложиле истиот закон. Но, да не се бламираме и да се доведеме во ситуација да го блокираат со амандмани, уште еднаш ги повикувам сите партии да дадат поддршка“, вели Адеми.
Антикорупционерите не веруваат во ветинг
Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата во заминување, смета дека партиските најави за ветинг се декларативни заложби и предизборна реторика.
„Никој не излезе со идеја како да се спроведе ветингот. Не е тоа така едноставно. Ако функционира системот така како што е поставен, ветингот ќе си постои и без за тоа да има посебен закон. Прво, како ќе правиме ветинг ако немаме мерит-систем (систем за вработување и напредок според заслуги)? Многу е важно која е целта, дали тие што се на власт, без разлика која власт е, имаат искрена желба нешто да постигнат или е само декларативна, пред избори“, рече Ивановска вчера (31.1) на брифингот на кој ги презентираше резултатите од работењето на овој мандат на комисијата.
Нејзиниот колега Нури Бајрами смета дека ако се направи проверка на функционерите во Северна Македонија за минатите 32 години, институциите би останале без службени лица.
„Што го спречи ДУИ да направи ветинг? Секој може во чекор да врши ветинг и да спречи на функции да дојдат луѓе кои не ги исполнуваат условите. Тоа би бил почетен и главен столб на ветингот. Кога би се спречило тоа од почетокот, тогаш би имале помалку работа отколку да го правиме тоа отпосле“, рече Бајрами.
Башким Селмани, професор по правни и политички науки на Универзитетот во Тетово, посочува дека економијата, криминалот и корупцијата долго време се најголеми проблеми во Северна Македонија.
„Корупцијата не е само теорија. Сите актери, кои се убедени и сигурни дека никој ништо не им може, го уништија јавниот интерес. Нема што да ни докажуваат пред избори - истите актери се на политичката сцена повеќе од 20 години, а само организиран криминал може да ги држи истите луѓе толку време на функции. Прво треба да се направи истрага зошто јавниот долг на државата е толку голем, а потоа да се направи проверка во институциите кои се скроени така што одговорноста е колективна, наместо индивидуална“, изјави Селмани за РСЕ.
За ветинг за залагаше и СДСМ. Поранешниот премиер Димитар Ковачевски минатата година најави дека се разгледуваат опции ветингот да се спроведе со поддршка на Европската унија(ЕУ).
„Веќе разговарав со претседателката на Европската комисија дека Владата сака на експертско ниво да спроведе ветинг на сите веќе избрани и именувани функционери како и за сите кои ќе бидат избрани или именувани на функција“, изјави тогаш Ковачевски(23.2.2023).
Но ниту еден закон за ветинг до денес не е ставен на дневен ред во Собранието.
Додека ДУИ предлага ветинг, нејзиниот актуелен функционер Рамиз Мерко, градоначалник на Струга, прв беше ставен на црната листа на Соединетите Американски Држави(САД) поради наоди за негова вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството. Потоа од Јавното обвинителство соопштија дека е извршен вонреден надзор во неколку обвинителства во вкупно 30-тина заведени предмети против Рамиз Мерко.
Обвинителството ја уверуваше јавноста дека евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон. Но до каде е постапката за „заборавените предмети во фиока“ нема одговор од Обвинителство.
Во регионот само Албанија имаше храброст да спроведе ветинг, и тоа во редовите на судскиот систем. Овој процес почна во 2016 година и исфрли на на површина голем процент на корупција помеѓу судиите и јавните обвинители. Над 60 проценти од судиите беа сменети, а голем дел од нив си дадоа оставки уште пред да почне ветингот.