Достапни линкови

Вести

Македонската полиција пресретна група од 77 мигранти и уапси седуммина Пакистанци

Заедничка операција на македонска полиција со ФРОНТЕКС, архивска фотографија
Заедничка операција на македонска полиција со ФРОНТЕКС, архивска фотографија

Македонската полиција на 28 октомври соопшти дека пронашла 77 мигранти на југот на земјата и уапсила седум Пакистанци осомничени за трговија со луѓе. Во полициското соопштение е посочено дека осомничените за трговија со луѓе се уапсени во близина на Негорци, по дојавите за поголема група луѓе во движење.

Меѓу 77-те уапсени имало 52 Сиријци, 13 Пакистанци, пет Ирачани, пет Турци и двајца Индијци. Седуммина од Пакистанците, за кои се верува дека се организатори на илегалниот влез на групата во Македонија од соседна Грција, беа уапсени и против нив се поднесени кривични пријави.

Мигрантите се згрижени во прифатен центар во Гевгелија, во очекување на депортација назад во Грција.

Полициските извештаи од почетокот на годинава покажуваат дека низ земјава се евидентирани вкупно 5.280 обиди за илегален премин, од кои мнозинството обиди се на границата со Грција.

„Во моментот немаме индиции дека може да дојде до зголемување на мигрантски бран или обиди за влегувањето на територијата на нашата држава“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното интервју за новиската агенција МИА.

Тој вели дека годинава е забележан пад на нелегалните премини од 43 отсто во однос на истиот период минатата година. Тој додава дека тоа најмногу се должи на тоа што европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс од април започна заедничка операција за гранична патрола со македонските власти.

види ги сите денешни вести

Прекин на Телеграм во Русија, но се вратија Инстаграм и Фејсбук

Логото на Телеграм.
Логото на Телеграм.

Привремен прекин на Телеграм, најпопуларната апликација за пораки што се користи во Русија, е регистриран на 27 февруари. Прекинот е од необјаснети причини.

Додека имало прекин на Телеграм, пак некои од претходно блокирани апликации за социјални медиуми, како Инстаграм и Фејсбук, одеднаш станаа достапни во Русија.

Центарот за мониторинг на руската јавна комуникациска мрежа соопшти дека нивните специјалисти забележале „масовен пропуст“ на Телеграм, иако не е веднаш јасно зошто.

Руското Министерство за дигитална технологија соопшти дека веднаш започнала работа за обновување на Телеграм и голем број други услуги во Русија, додавајќи дека имало пропусти на апликацијата и надвор од Русија.

„Работиме на утврдување на причината за инцидентот. Што се однесува до руските телекомуникациски оператори, нивните мрежи работат нормално“, се вели во соопштението.

Дописниците на Ројтерс во Москва забележале прекини од околу 90 минути на апликациите Телеграм, Јутуб и Вконтакте.

Набргу по прекинот, неколку претходно блокирани апликации за социјални медиуми, вклучувајќи ги Инстаграм и Фејсбук, одеднаш станаа достапни во Русија, велат новинарите на Ројтерс во Москва.

Регулаторот за комуникации Роскомнадзор по руската инвазија на Украина во февруари 2022, го спречи пристапот до тогашен Твитер и ги забрани Фејсбук и Инстаграм на компанијата Мета.

Бочварски - Професионалните превозниците ќе имаат приоритет за пасоши

 Пасоши
Пасоши

Приоритет за издавање пасош ќе имаат превозниците кои вршат патнички товарен транспорт и од Министерството за транспорт и врски имаат сертификат за професионален возач, соопшти ресорниот министер Благој Бочварски.

Владата на седница попладнево ја усвои информацијата на Министерството за пасошите на превозниците, соопшти министерот.

Цената ќе биде за редовна постапка за возачите да не бидат оптоварени финансиски да плаќаат за итна постапка, додаде Бочварски.

Претходно превозниците на средба со министерот побараа да се забрза процесот за добивање пасоши за нивните членови.

Министерот Бочварски во изјава за МИА соопшти дека Владата на седница го задолжила Министерството за внатрешни работи кое веќе утре од Министерството за транспорт и врски ќе го добие списокот на возачи со сертификат кои немаат патна исправа. Здруженијата на транспортери, рече Бочварски, до нив доставиле список со 120 возачи, дел од нив веќе се во постапка за издавање пасош, а дел треба да ја почнат постапката.


Тој очекува за десетина дена да биде завршена процедурата од започнување до издавање на пасоч на возачите.

Во земјава има околу 16 000 возачи со сертификат за професионален возач издаден од Министерството за транспорт и врски.

Пасошите со името Република Македонија не важат по 12 февруари годинава. Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор што Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година.
За термини за нов пасош се чека со месеци, фалеа и обрасци, па и оние кои се фотографирале за нови документи чекаат да си го подигнат.

Лајчак - Многу прашања за уредбата на ЦБК за динарот остануваат неодговорени

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, на 27 февруари, рече дека разговорите за указот на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на употребата на српскиот динар на Косово се „важен прв чекор“, но дека „многу политички прашања остануваат неодговорени“.

Со негово посредство денеска во Брисел се сретнаа претставниците на Приштина и Белград.

„Ќе бидат потребни дополнителни состаноци“, рече Лајчак во објава на мрежата „Х“.

Тој не појасни дали двете страни имаат некаков договор, но ја поздрави нивната посветеност за изнаоѓање одржливо решение за заедниците погодени од декретот на Централната банка на Косово.

Гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, рече дека на состанокот во Брисел не се разговарало за регулативата со која се забранува употребата на српскиот динар во Косово, туку се претставени технички модели за тоа како Србија може да продолжи со финансирањето од нејзините буџет преку законски и транспарентни канали.

Тој посочи дека предлогот бил да се плаќа на банкарските сметки на корисниците во евра, „како што Централната банка на Косово и предложила на Народната банка на Србија“.

„Не прифативме други разговори“, рече Исмаили.

Регулативата на Централната банка на Косово, која стапи на сила на 1 февруари, го предвидува еврото да е единствена валута за готовинско плаќање во Косово и забранува употреба на српскиот динар.

Според Европската унија, оваа одлука предизвикала практични проблеми на српската заедница во Косово, која го користела динарот и добивала помош од Србија во таа валута.

Затоа Европската унија денеска одржа состаноци за да се најде решение за ова прашање.

Сепак, разговорите со посредство на пратеникот на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак завршија без конкретни резултати.


Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, изрази уверување дека тоа е проблем што треба да се реши на политичко ниво.

„Средбата покажа дека одлуката на таканаречената Централна банка на Косово подразбира решение на политичко ниво. Затоа јас бев тука, но не и Бислими [Бесник, главен преговарач на Косово]. Последиците од таквата одлука се политички“, изјави Петковиќ.

„Точно е дека за динарот никогаш досега не се разговарало во дијалогот, но со оглед на тоа што одлуката на таканаречената Централна банка на Косово директно ги засега Србите, се разбира за тоа ќе се разговара во Брисел“, додаде Петковиќ.

На заедничката средба присуствуваа само финансиски експерти од Приштина и Белград.

Над 3.000 вработени во УКИМ ќе добијат повисоки плати

Студенти пред Филозофскиот факултет на УКИМ, Скопје
Студенти пред Филозофскиот факултет на УКИМ, Скопје

Повисоки плати за околу 22 отсто од ќе добијат вработените на најстариот Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“(УКИМ)- Скопје од овој месец, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за јануари, соопшти Министерството за образование и наука на 27 февруари.

Од Министерството соопштуваат дека на тој начин се исполнува обврската на државата која произлегува од колективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа, потпишан на 29 декември 2022, а со примена од 1 јануари 2024.

Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека повисоки плати ќе добијат 3200 вработени во УКИМ. Во нивното соопштение се наведува дека одлуката за повисоки плати била заглавена во Министерството за труд и социјална политика и со доаѓањето на техничкиот министер Ѓоко Велковски започнал легалистичкиот процес за решавање на проблемот.

Повеќе пари ќе добијат и професорите, асистентите, но и административни и технички лица.

Ангелова - Платите во високото образование се непристојни
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:24 0:00

Покрај ова зголемување од околу 22 отсто, кое им следува според колективниот договор, тие од март ќе имаат дополнително зголемување за одреден процент оти е предвидено зголемување на минималната плата во државата. Основицата на плата се пресметува според минималната плата помножена по коефициент на сложеност, според различни профили на вработените.

Минатата година, во интервју за Радио Слободна Европа, ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, изјави дека никогаш порано во историјата универзитетските професори немале пониски плати. Доцентите имаат плата на ниво на просечна плата во Северна Македонија. А асистентите со магистратура имаат под македонскиот просек, рече Ангелова.


Минималната плата во земјата е 20 илјади денари, а од март треба да се зголеми за 2.000 денари.

Агелер - Изборната кампањата да се фокусира на суштински прашања, а не на лични напади

Анџела Агелер, американска амбасадорка во Северна Македонија
Анџела Агелер, американска амбасадорка во Северна Македонија

Изборите се за граѓаните, но и за иднината на државата, порача американската амбасадорка Анџела Агелер на 27 февруари.

Таа се надева дека изборната кампањата ќе се фокусира на суштинските прашања, а не на лични напади, затоа што, како што вели, луѓето се уморни од негативности.

„Дури тогаш гласачите ќе можат да направат избор меѓу кандидатите за оние за кои веруваат дека најдобро ќе им помогнат да ги остварат своите надежи и соништа за себе, нивните деца и нивното општество“,, изјави Агелер за порталот PRESSonline.al.

Таа вели дека се надева оти овие одлуки ќе ја доближат државата до целосна интеграција во европската заедница.

Американската амбасадорка вели дека владините институции треба да воспостават процеси за слободни и фер избори за претседателските и парламентарните избори.

„Гласачите мора да се информираат преку сигурни извори на информации, а да ги препознаат и отфрлат сите дезинформации и манипулации. И што е најважно, гласачите мора да гласаат! Демократијата функционира кога сите ја исполнуваме нашата обврска. Моите очекувања за изборите се исти како и оние на гласачите, а тоа е целиот процес, од периодот на кампањата до формирањето на идната влада, да се одвива на транспарентен начин, преку кој ќе се обезбедат слободни и фер избори“, рече Агелер.

Првиот круг од претседателските избори се закажани за 24 април, а на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските и парламентарни избори.

Зеленски во посета на Саудиска Арабија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија на 27 февруари
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија на 27 февруари

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пристигнал во Саудиска Арабија на 27 февруари за да разговара со престолонаследникот Мохамед бин Салман. Зеленски на својот профил на социјалната мрежа „X“, порано Твитер, напиша дека првата тема е Формулата за мир.

„Минатата година во Џеда одржавме ефективен состанок на советници за да разговараме за неговото спроведување. Сега се приближуваме до првиот мировен самит и се потпираме на тековната активна поддршка на Саудиска Арабија“, напиша Зеленски.

Втората тема е враќањето на заробениците и депортираните.

„Раководството на Кралството веќе придонесе за ослободување на нашиот народ. Уверен сум дека и оваа средба ќе даде резултати“, напиша Зеленски.

Ријад посредуваше за ослободување на група украински заробеници во септември 2022 година.
Освен тоа ќе се разговара и за перспективните за економска соработка и за учеството на Саудиска Арабија во обновата на Украина.

Протест на полските фармери против политиките на ЕУ

Протест на полски фармери
Протест на полски фармери

Илјадници земјоделци во Полска излегоа на улиците во Варшава на 27 февруари, ескалирајќи го протестот што започна на почетокот на февруари против увозот на храна од Украина и зелените правила на ЕУ.

Земјоделците ширум Европа протестираат со недели против ограничувањата што им ги поставуваат регулативите за „Зелениот договор“ на ЕУ, наменети за справување со климатските промени, како и зголемените трошоци и, како што велат, нелојалната конкуренција надвор од ЕУ, особено Украина. Полските фармери се собраа во центарот на Варшава пред да маршираат кон парламентот, а потоа и кон кабинетот на премиерот.

Полските земјоделци започнаа серија протести низ целата земја на почетокот на овој месец, а за време на протестите целосно ги блокираа и сите украински гранични премини, како и пристаништата и низ целата земја.

„Нема да се откажеме. Немаме избор. Нашите фарми ќе банкротираат, ќе ги загубиме нашите средства за живот“, рече Павел Валковиак, 47 - годишен производител на пченка и пченица од Конарзево во западна Полска.

Полскиот премиер Доналд Туск за време на посетата на Прага во вторникот рече дека ЕУ мора да ги реши проблемите создадени со нејзината одлука да ги отвори границите за увоз на украински прехранбени производи откако Русија го нападна својот сосед на почетокот на 2022 година.

„Никој нема право да мисли дека Чешка и Полска не ја поддржуваат Украина, но... ќе работиме заедно во Брисел за корекции кои ќе го заштитат нашиот пазар од негативните ефекти на оваа одлука“, рече Туск.

СДСМ поднесе измени на закони за да нема нов раст на функционерските плати

Денари и евра
Денари и евра

Измени на шест закони со кои ќе се спречи зголемувањето на платите на функционерите, поднесе пратеничката група на СДСМ и коалиција.

Со овие измени треба да бидат опфатени околу 1.060 именувани и избрани лица, соопшти на 27 февруари пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски.

Ќе се менуваат Законот за плата на функционери, Законот за пратениците, за платите на обвинителите, судиите, на членовите на Судски совет и Советот на јавните обвинители. Сите ќе се менуваат по скратена постапка.

Но со овие измени платите на избраните и именуваните функционери нема да имаат нов раст, кој годинава треба да е околу 15 отсто. Сепак платите на функционерите остануваа зголемени, оти минатата година со одлука на Уставен суд платите им се зголемија за 78 отсто.

Повисоките функционерски плати поттикнаа протести на разни групи работници, а на улица ги извадија и пензионерите.

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата очекуваат поддршка од сите пратеници во македонското Собрание.

За соработниците на Навални нема место во Москва за збогување со него

илустрација
илустрација

Соработниците на починатиот опозициски политичар Алексеј Навални велат дека не можат да најдат локација во руската престолнина за да одржат јавна церемонија за збогување со критичарот на Кремљ, откако неговата мајка рече дека официјални лица ја уценувале да одржи тајна комеморација.

„Ги повикавме повеќето приватни и државни агенции за погреби, трговски субјекти и погребални салони. Некои велат дека местата се зафатени. Некои одбиваат да разговараат кога ќе го слушнат името на Навални. На едно место директно ни кажаа дека им било наредено да не соработуваат со нас“, напиша портпаролката на Навални, Кира Џармиш, за платформата X.

Роднините на Навални допрва треба да ги потврдат деталите за прошталната церемонија и погребот на борецот за борба против корупцијата, објави Current Time, медиумски проект на руски јазик кој го води Радио Слободна Европа во соработка со Гласот на Америка.

Телеграмскиот канал База во понеделникот (26 февруари), повикувајќи се на неименувани извори на гробиштата Борисовско во Москва, објави дека неговите вработени започнале со подготовките за погребот на Навални во текот на ноќта, додавајќи дека 29 февруари е одреден како прелиминарен датум.

База објави и видео што го добило од следбеник, а на кое се гледа дека местото на гробиштата Борисовско претходната вечер било темелно исчистено од снег, со присуство на голем број полициски возила. Видеото не е независно потврдено.

Неколку телеграмски канали спомнаа можни места каде што би можел да биде погребан Навални, вклучително и три гробишта во Москва, Борисовско, Хованско и Троекуровско.

Телото на Навални и беше предадено на неговата мајка Људмила Навални на 24 февруари, повеќе од една недела по неговата сомнителна смрт во казнената колонија на Арктикот. Причината за смртта на 47-годишниот лидер на опозицијата не е соопштена.

Пред да биде предадено телото, Навалнаја рече дека властите поставуваат услови за тоа каде, кога и како да биде погребан нејзиниот син.

„Тие сакаат тоа да биде тајно“, рече таа.

Во меѓувреме, стотици Руси беа уапсени додека му оддаваа почит на Навални на локации низ Русија. Роднините, соработниците и западните претставници на Навални го обвинија претседателот Владимир Путин за смртта на опозицискиот лидер во затвор. Руските власти ја отфрлија вината и го нарекоа „хистеричен“ гневот на Меѓународната заедница поради смртта на Навални додека беше во затвор.

Митрески за продолжување на рокот на патните исправи: Меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон

Јован Митрески, претседател на Собранието на РСМ
Јован Митрески, претседател на Собранието на РСМ

На прашањето дали мнозинстовото во законодавниот дом утре (28 февруари) ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи, претседателот на македонското Собрание, Јован Митрески одговори дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

„Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот“, изјави Митрески.

Тој додаде дека во текот на денешниот ден ќе го дополни дневниот ред за утрешната седница за законот на патни исправи, а во врска со поддршката на пратениците рече дека одлуките ги носат самите пратенички групи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела повика на поддршка од владеjачкото мнозинство за продолжување на важноста на патните исправи. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски минатата недела пак, изјави дека залудно ќе биде менување на закон со којшто ќе се продолжи рокот на траење на пасошите со Република Македонија, затоа што тоа треба да биде усогласено со Грција и со ЕУ.

Тој посочи дека Владата треба да обезбеди согласност од земјите-членки на ЕУ и од другата потписничка страна – Грција, па потоа да разговара за менување на закон.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG