Достапни линкови

Шукова: Треба десетици години да се реши проблемот со загадениот воздух


Шукова - Баланс меѓу економскиот раст и еколошката одговорност во стратегијата за минерални суровини
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:38 0:00

Интервју со министерката Каја Шукова: Баланс меѓу економскиот раст и еколошката одговорност во стратегијата за минерални суровини

Илузорно е да мислиме проблемот со аерозагадувањето можеме да го решиме две, три или четири години. Праксите покажуваат дека тоа се случува од десет до 20 години, одобено за големите градови, вели министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во неделното интервју на РСЕ.

Г-ѓо Шукова, британски Гардијан објави дека сите во Европа дишат токсичен воздух, но во Северна Македонија е најтоксичен. Дали сте запрепастена од овој поразителен податок или веќе ни станува нормално да живееме во најзагадениот дел од Европа?

Не би одела со таква квалификација – најтоксичен. Тоа се одредени денови во годината кога имаме проблем, особено во градовите коишто се во котлина како што е Скопје. Не би одела баш со такви квалификации, а дека има проблем, има. Ние работиме постојано на негово надминување, и централната и локалната власт.

Податоците во истражувањето Гардијан ги зема од мерни станици и од сателитски снимки и според тоа доаѓаат до заклучок дека во земјава воздухот е најтоксичен.

Тоа се определени денови во годината и морам да кажам дека во изминатите денови бројот на тие денови се намалува, што е многу добро и значи дека сме презеле одредени мерки. Јас се надевам дека, меѓу другото, и кај граѓаните се подигнала малку јавната свест, па не користат нееколошки материјали за да се затоплуваат. Она што го кажуваа статистиките во Европа и во светот, е дека особено на главните градови им требаат повеќе години за да можат да се справат со овој проблем, односно да се префралт од нееколошки системи за затоплување, кон еколошки системи за затоплување, коишто помалку го загадуваат воздухот. Илузорно е да мислиме дека тоа можеме да го направиме за две, три или четири години. Праксите покажуваат дека тоа се случува од десет до 20 години. За големина на градот Скопје треба најмалку треба околу десетина години за да се инвестира сериозно, да се научат граѓаните како да се однесуваат, да се научиме сите како треба да се однесуваме, меѓутоа само заеднички можеме да го решиме проблемот.

Меѓутоа проблемот трае веќе десетици години ?

„Проблем имаме и проблемот го решаваме.

Подготвен е Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, но граѓанските организации вклучени во процесот, велат дека тој се носи врз основа на набрзина подготвена студија за валоризација, во чија изработка не се вклучени доволно експерти и дека во неа недостасуваат клучни видови како Охридската пастрмка. Дали со ова продолжува само декларативното спроведување на препораките на УНЕСКО?

Повторно не би се согласила со ваква констатација. Изработката на студијата за валоризација е согласно законот и точно е утврдено кој треба да биде вклучен во изработката на студијата и беа вклучени сите инволвирани страни, и во изработката на студијата и во изработката на законот, вклучително сега и во јавната расправа што ја имаме за самиот закон, пред да го пуштиме на влада и пред да оди на Собраните. Сите коментари коишто ги имаат невладините организации се добредојдени, ќе ги прибереме и ќе дискутираме заедно со нив, меѓутоа прво интерно во министерството да видиме во кој опсег се коментарите што ги имаат. Меѓутоа не се согласуваме дека не е направена студијата за валоризација согласно закон и дека е декларативно направена.

Во моментов во процес изработка на стратегија за минерални суровини во Министерството за економија. Граѓански организации и експерти оценуваат дека со неа се планира масовно давање на концесии за користење минерални суровини (каменоломи, песок од реки, ре-отворање на веќе затворени рудници) и експортирање на минералните суровини во земјите на ЕУ? Дали сте запознаени со овој процес, дали Министерството за животна средина учествува во изработката на овој документ?

Секоја стратегија која се работи во државата, а има допирна точка со животна средина, Министерството секако мора да биде вклучено во тој процес. Драфт-стратегијата кога ќе биде готова ќе ја добиеме како ресор, која секако и согласно закон, на стратегијата мора да се направи стратешка оценка на влијание. Така дa ние секако ќе биде вклучени во процесот. Мојот став во врска со екплоатирањето на руди и минерални суровини е познат, меѓутоа мислам дека и нашите закони се такви, а и јавната свест е подигната и кај граѓаните и кај министерството, дека треба да бидеме многу внимателни кога даваме концесии. Случајот со Иловица од скоро ви е познат, познат е мојот став, а и ставот на граѓаните. Јас сум за тоа дека треба да одлучиме како држава, во регионите и деловите од државата каде што е развиено земјоделското производство и каде што сакаме да развиваме дополнително, бидејќи сме една од земјите лидери на користење на ИПАРД средствата, таму треба да размислуваме сериозно дали треба да имаме нови концесии за минерални суровини или на руда. А, во деловите на државата каде што немаме развиено земјоделско производство, таму зошто да не. Тоа е секако економска гранка која што носи бенефит и од економски и од социјален аспект на државата. Меѓутоа, животната средина мора да ни биде приоритет, не треба да познава политика и треба сите сериозно да се занимаваме со неа.

Од друга страна, Енергетската заедница отвори случај и утврди дека Македонија ја прекршува Директивата за ОВЖС (Оценка за влијанието врз животна средина) со нејзино несоодветно спроведување, односно дека не прави доволна проценка за ризиците од проектите со потенцијално голема штети, како ископи на песок, хидроелектрани, автопати, рудници, експлоатација на минерални суровини? Како планирате ова да го надминете?

Го подигнавме нивото во правилникот каде што се утврдени објектите, дали ќе се прави елаборат или ќе се прави студија, се јасно дефинирани. За покапиталните проекти исклучително мора да се прави студија. Ако се прави студија имате многу експерти, многу инволвирани страни, ако е прекугранично влијание, тогаш ги консултираме и нашите земји соседи. Оваа постапка е јасна, и оваа постапка е најверојатно за еден случај. Знам дека дискутиравме со енергетска заедница за тоа дека малку повеќе треба да обрнеме внимание во делот на природа и дека треба да даваме посебни мислења: посебни мислења во делот на води, во делот на природа, но сето тоа мора да биде дел од постапката и дел од студија. Така да го контролираме тоа како процес и јасно ние утврдено со закон.

Меѓутоа се одобруваат стотици концесии врз база на елаборати, а не врз основа на Студии за Оценка за влијание врз животната средина, а тие имаат енормна штета врз животната средина. На пример, одобрени се над 90 елаборати за мали хидроцентрали, од кои минимум 30 се во заштитени подрачја, со огромна штета врз биодиверзитетот.

Тоа е политика која што се спроведуваше пред 10-15 години. Ставот на оваа Влада јас после неколкуте мали хидро коишто беа во заштитени подрачја, особено кога се прогласуваше Шар Планина, секако и во Националниот парк Маврово, се повеќе се размислува и мислам дека ќе биде политика на оваа Влада, особено на партијата која јас ја застапувам СДСМ, дека веќе нема да ги поддржуваме малите хидроелектрани и мислам дека веќе е време да се стави крај на тоа, особено на оние каде што има проблем со водниот биланс.

Меѓутоа, овде сличен е случајот за уништувањето на археолошкиот локалитет Влахо при копањето на јаглен во рудникот во близина на село Живојно. Точно ли е дека причината зошто е уништен Влахо е бидејќи Министерството за животна средина побарало од инвеститорот и го одобрило елаборатот во кој никаде не бил спомнат Влахо, наместо да побара студија за Оцена за влијание за животна во која ќе мора да се вклучи културното наследство?

Конкретно за овој случај не знам, меѓутоа правилникот е јасен и точно кажува за која големина на проект треба да се работи елеборат, а за која се рабите студија. Ако е направен вако привид, не знам дали имате инфорамција која година се случило ова, ако е ваков привид направен, треба да одговараат тие што ја направиле гршката.

За ова ми се чини дека скоро е одобрен елаборат?

Ние имеме посебен сектор за Животна средина, каде се утврдува дали ќе биде елаборат. Секој потенцијален инвеститор којшто сака да спроведе проекти прово доставува писмо за намери во Министерството. Врз основа на податоците коишто ги наведува во писмото за намери, ние одлучуваме дали ќе биде на ново на елабрат или на ниво на студија. Претпоставувам дека колегите врз основа на информациите коишто ги добиле и врз основа на обемот на инвестицијата утврдител дека треба да биде на ниво на елаборат. Меѓутоа, дури и во самиот елаборат, јас колку што знам, се даваат податоци и за природното и за културното наследство, така да во овој момент стварно во детали не можам да ви кажам што се случувало.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG