Достапни линкови

Вести

Забранети состаноци со високиот претставник Шмит во просториите на претседателот на РС

Зградата на институцијата Претседател на РС, 12 септември 2023 година
Зградата на институцијата Претседател на РС, 12 септември 2023 година

Состаноци со високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во службените простории на претседателот на Република Српска се забранети според наредба донесена во вторник, 12 септември, во Бања Лука.

Наредбата е потпишана од генералниот секретар на претседателот на РС, Јелена Пајиќ Баштинац, а во неа се наведува дека се однесува на сите лица „кои ги користат службените простории на институцијата претседател на РС“, во која спаѓа и службата на претседателот и потпретседателите на Република Српска.

Во вторникот во Бања Лука, Шмит требаше да се сретне со лидерите и потпретседателите на опозицијата во Република Српска, Ќамил Дураковиќ и Давор Прањиќ.

Дураковиќ во вторникот за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека ја добил забраната, нагласувајќи дека не знае дали средбата е откажана.

„Тоа треба да го каже Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), а не јас. Што се однесува до мене, јас не сум откажал. Немам други информации“, рече Дураковиќ.

Зборувајќи за донесената наредба за забрана на состаноци, тој рече дека тоа „покажува колку режимот е дискриминаторски“.

„Овие институции не припаѓаат само на еден народ, тие се јавни и им припаѓаат на сите граѓани кои живеат овде“, додаде Дураковиќ.

Тој исто така нагласи дека нема да се сретне со Шмит никаде на друго место освен во неговиот кабинет, како што беше претходно планирано.

„Не можат да ми забранат влез, јас сум во мојот кабинет, а кого ќе пуштат, не сум полиција, ниту ќе спречам или одобрувам некого“, нагласи тој.

На забраната за одржување на средбата и претходеше изјавата на претседателот на РС, Милорад Додик, кој на 6 септември објави дека се подготвува указ за забрана за влез на високиот претставник во Република Српска. Додик тогаш рече дека Шмит ќе биде уапсен или депортиран доколку отиде во Република Српска.

Таа најава следува по неколкумесечните зголемени тензии во Босна и Херцеговина поради потпишувањето на контроверзните закони од страна на Додик.

На 27 јуни Националното собрание на РС усвои два контроверзни закони, кои Додик ги потпиша според редовната законодавна процедура и беа објавени во Службен весник на РС.

Станува збор за закони кои наведуваат дека одлуките на високиот претставник повеќе нема да се објавуваат во тој весник и затоа нема да се почитуваат во тој ентитет на БиХ, како и дека одлуките на Уставниот суд на БиХ повеќе нема да се применуваат во Република Српска.

Со своите одлуки од 1 јули, Шмит ги поништи двата закони.

види ги сите денешни вести

Трговците предлагаат пониски цени на 100 до 200 производи наместо ограничена маржа

Илустрација
Илустрација

Да се состави листа од 100 до 200 производи кои граѓаните секојдневно ги купуваат и тие реално да поевтинат наместо да се ограничи бруто-профитната маржа на 10 отсто како што предложи Владата, побараа трговците и дистрибутерите на средбата со министерот за економија на 14 февруари.

Од Министерството за економија соопштија дека конечна одлука ќе се донесе следната недела.

Даница Блажевска, претставник од Комората на трговци, изјави дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на најнеопходните производи за секојдневно живеење кое ќе биде видливо за граѓаните.

„Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење. Не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е необележана цената“, изјави Блажевска.

Откако граѓани два пати бојкотираа маркети поради високи цени на храната, Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.

Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и на детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.

Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи и до 50 отсто.

Уапсени 13 лица поради нелегално фрлање 35.000 тони опасен отпад во Хрватска

Хрватска - една од повеќе локации на која бил депониран медицински и опасен отпад, 14 февруари 2025 година.
Хрватска - една од повеќе локации на која бил депониран медицински и опасен отпад, 14 февруари 2025 година.

Хрватската канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) потврди дека отворила истрага за бизнисменот Јосип Шинцек од Вараждин и за уште девет други осомничени лица за тешки еколошки злосторства, откако беа уапсени на 13 февруари.

Агенцијата за соработка за спроведување на законот (Европол) на Европската унија (ЕУ), пак, на 14 февруари објави дека хрватската полиција уапсила 13 лица во врска со овие кривични дела.

„Криминалците заработиле најмалку четири милиони евра незаконски фрлајќи медицински и опасен отпад од Италија, Словенија и Германија во Хрватска. Се проценува дека најмалку 35.000 тони отпад биле фрлени незаконски“, соопшти Европол.

Лабораториските анализи покажуваат дека нелегално фрленото ѓубре, кое лажно било прогласено за пластичен отпад што може да се рециклира, законски се смета за опасен отпад.

Хрватските власти сметаат дека криминалната мрежа илегално го закопувала и отстранувала медицинскиот отпад од хрватските компании.

Вклучените во оваа мрежа се обвинети и за фалсификување службени и деловни документи, даночно затајување и перење пари. УСКОК соопшти дека Шинцек бил на чело на криминалната група.

Трговијата со отпад е нелегална активност која овозможува заработка на високи профити. Незаконското одлагање на отпад често предизвикува непоправлива штета на животната средина, загадувајќи ја почвата, водата и воздухот.

„Овие злосторства обично одат рака под рака со фалсификување документи или финансиски злосторства како што се перење пари или корупција“, соопшти ЕВРОПОЛ, кој исто така објави фотографии од локациите каде бил одлаган отпадот.

Хамас ќе ослободи уште тројца заложници во замена за палестински затвореници

Ослободен палестински затвореник како дел од размената на заложници и затвореници по договорот за прекин на огнот во Газа, 8 февруари 2025 година.
Ослободен палестински затвореник како дел од размената на заложници и затвореници по договорот за прекин на огнот во Газа, 8 февруари 2025 година.

Палестинската милитантна група Хамас ги објави имињата на тројца заложници за кои се очекува да бидат ослободени во сабота, 15 февруари, откако поминаа 498 дена во заробеништво на Хамас, јави агенцијата АП.

Форумот на семејства на заложниците дека станува збор за Иер Хорн (46), Сагуи Декел Чен (36) и Саша Труфанов (29).

Претходно, Хамас, која САД и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација, соопшти дека викендов ќе ги ослободи следните тројца израелски заложници, во замена за палестински затвореници. Ослободувањето на заложниците беше доведено во прашање откако Хамас го обвини Израел дека го крши договорот за примирје што стапи на сила на 19 јануари.

Од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, имаше пет размени на 21 заложник на Хамас и повеќе од 730 палестински затвореници, во првата фаза од примирјето.

Војната би можела да продолжи доколку не се постигне договор за покомплицираната втора фаза, во која е предвидено ослободување на сите преостанати заложници заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и неодредено продолжување на примирјето.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека доколку сите заложници во Газа не бидат ослободени до пладне во сабота на 15 февруари, тој ќе предложи да се прекрши примирјето меѓу Израел и Хамас, за што предупреди дека „ќе создаде пекол“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е под силен притисок да обезбеди ослободување на преостанатите заложници, откако тројца Израелци ослободени од заробеништво пристигнаа дома во многу лоша состојба минатата сабота.

Саудиска Арабија ја поздрави идејата за средба меѓу Трамп и Путин во Ријад

Trump Putin
Trump Putin

Саудиска Арабија ја поздрави идејата американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин да се сретнат во кралството, јави агенцијата Ројтерс.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека би можело да поминат неколку месеци пред да се договори средба меѓу Путин и Трамп, веројатно во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.

Трамп и Путин разговараа во средата и ја објавија својата намера да се сретнат лице в лице.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман беше првиот странски лидер што Трамп го повика по преземањето на функцијата. Тој го опиша престолонаследникот како „фантастичен човек“ за време на неговиот говор преку видео - врска пред публиката на Светскиот економски форум во Давос.

Путин, кој ги посети Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати во 2023 година, минатиот септември рече дека му е благодарен на Мохамед бин Салман што помогнал да се организира најголемата размена на американско-руски затвореници од Студената војна.

Министерството за правда до Владата достави допис за разрешување на обвинителот Коцевски

Министерство за правда
Министерство за правда

Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.

„Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство“, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.

„Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките“, се наведува во соопштението.

Од Министерството за правда посочуваат дека во Законот за Јавното обвинителство е наведено дека Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието. Собранието пак, како највисок претставнички орган на граѓаните е уставно надлежен за именување и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поради како што наведоа „постапувањето надвор од законските надлежности и нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“.

Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.

Републичкиот обвинител Коцевски го демантираше тврдењето дека постапил незаконски посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.

Лекот „клексан“ ќе се подигнува со рецепт во аптека

Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО)
Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО)

Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.

„Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено „клексан“, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност“, рече Клековски.

Како што посочи Клековски, побарани се две измени во правилникот, односно да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, како и Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани.

„Позитивната листа претставува форма на субвенција за одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени“, рече Клековски.

Додаде дека лековите кои се на позитивната листа треба да бидат достапни по пониска цена, со цел субвенциите да имаат реален ефект.

Од 16 септември лани, граѓаните од аптеките бесплатно ги земат новите девет лекови со кои беше проширена поитивната листа, по дури десет години од последното ажурирање, кога беше збогатена со само еден лек. На листата беа додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.

Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, а често и од други држави. Затоа што листата не беше ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.

Германското обвинителство: Авганистанецот призна дека намерно удрил во толпата во Минхен

илустрација
илустрација

Авганистанскиот државјанин призна дека намерно влетал со автомобил меѓу демонстрантите во Минхен, а властите утврдиле дека злосторството имало исламистичка позадина, соопшти денеска (14 феврауари) германското обвинителство.

Во инцидентот се повредени најмалку 36 лица, вклучително и едно дете.

„Тој призна дека намерно влетал меѓу демонстрантите. Внимателна сум со донесувањето избрзани заклучоци, но врз основа на сите информации што ги имам досега, можам да кажам дека злосторството имало исламистички мотив“, рече обвинителката Габриела Тилман на прес-конференција.

Инцидентот се случил вчера околу 10 часот и 30 минути кога возачот го забрзал својот автомобил, а потоа удрил во демонстранти во Минхен кои се собрале на повик на синдикатот на работниците „Верди“.

Напаѓачот е идентификуван како Фархад Н., 24-годишен Авганистанец кој дошол во Германија во 2016 година за да побара азил.

Како што пренесува германски „Билд“, тој е роден во 2001 година во Кабул, Авганистан, а од неодамна живее во областа Лаим во Минхен.

Сто отсто зголемен бројот на хрватски доброволци за служење воен рок

илустрација
илустрација

Минатата година бројот на доброволци за служење воен рок во Хрватска е зголемен за 100 отсто во однос на претходната 2023 година, а од годинава на воена обука пристигнале речиси 300, соопшти денеска (14 феврауари)Министерството за одбрана.

Од 298 волонтери, 254 се момчиња, а 44 се девојки, а меѓу нив, како што се наведува, има и шест врвни спортисти, кои ќе поминат низ скратена програма за обука прилагодена на нивните професионални обврски.

Тие обуката ја започнаа во армискиот центар во Пожега, а командантот Томислав Матиќ изјави дека нивната мотивација е подготвеноста да и служат на татковината.

Во меѓувреме Хрватска се подготвува за започнување на правната процедура за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година.

Во 2008 година, Хрватска привремено го суспендираше задолжителниот воен рок, а оттогаш тој се служеше само доброволно.

Во соседна Србија, задолжителниот воен рок, кој беше укинат на 1 јануари 2011 година, ќе биде повторно воведен во 2025 година. Оттогаш, приклучувањето во армијата е само доброволно.

Освен од Србија и Хрватска, и од Црна Гора најавија дека размислуваат за задолжителен воен рок, кој беше укинат во 2006 година.

До крајот на годината вработување за 600 специјализанти и 1180 средномедицински персонал

илустрација
илустрација

Дваесетте јавни здравстени установи кои веќе имаат изготвено нови систематизации, може веднаш да ги вработуваат планираните 300 приватни специјализанти од првата група, меѓу кои најзастапени се гинеколози и кардиолози, изјави денеска (14 феврауари) министерот за здравство Арбен Таравари.

По посетата на реновираниот педијатриски пункт на поликлиниката Бит Пазар, Таравари, одговорајќи на новинарски прашања, соопшти дека само во скопските јавни здравствени установи ќе бидат вработени околу 30 специјализанти гинеколози.

Според министерот, вработувања ќе има континуирано, но засега тоа што е сигурно се 1180 средномедицински персонал и 300 специјализанти во почетокот на годината, како и уште толку на крајот од годината.

„Во здравството ќе има точно 1800 вработувања, а во меѓувреме ќе бидеме принудени да имаме и нови договорци зашто насекаде посебно ни недостасува средномедицински кадар“, истакна Таравари.

Во однос на вработувањето на приватните специјализанти, информира дека на 30 декември завршиле сите процедури во министерствата за здравство и за финансии.

„Ова не беше предвидено и во систематизациите на јавните здравстени установи. На пример, на Здравственот дом му требаат седум или десет лекари кои не беа предвидени. Ианку, од вкупно 108 јавни здравстени установи кои подготвуава нови систематизации, 20 веќе се подготвени и можат веднаш да почнат да ги вработуваат првите 300 специјализанти. Останатите ги чекаат новите систематизации од Министерството за администрација“, истакна Таравари.

Лекарите кои специјализираат приватно почнаа да добиваат месечен надомест во 2018 година за време на мандатот на тогашниот министер за здравство Венко Филипче. Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување во септември таа година одлучи дека надоместот ќе го добијат оние кои ја почнале специјализацијата со конкурсот распишан во јануари.

Податоците на Македонското лекарско друштво пак покажуваат дека јавното здравство годишно го напуштаат околу 250 доктори.

ЕУ: Реципрочните тарифи на Трамп се „во погрешна насока“

Американскиот претседател Доналд Трамп, февруари 2025 година
Американскиот претседател Доналд Трамп, февруари 2025 година

Европската комисија во петокот ги критикуваше плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување реципрочни царини за стоки од земји со кои Вашингтон има висок трговски дефицит, пренесува ДПА.

„Европската комисија ја смета предложената „реципрочна“ трговска политика на претседателот Трамп како чекор во погрешна насока“, се наведува во соопштението на комисијата.

Според висок претставник на администрацијата на Трамп, новите царини нема да стапат на сила веднаш. Наместо тоа, релевантните власти имаат рок од 180 дена да ги идентификуваат погодените земји и да воведат царини специфични за земјата врз оваа основа.

Комисијата потврди дека Брисел ќе биде подготвен да воведе контрамерки. некои од најниските царини во светот и не гледа оправдување за зголемените американски царини за нејзиниот извоз“, соопшти Комисијата.

„ЕУ ќе реагира цврсто и веднаш против неоправданите бариери за слободната и фер трговија, вклучително и кога царините се користат за да се оспорат правните и недискриминаторните политики. Со воведувањето царини, САД ги оданочуваат сопствените граѓани, ги зголемуваат трошоците за бизнисот, го задушуваат растот и ја поттикнуваат инфлацијата“ , се наведува во соопштението.

Претходно Трамп најави специјални царини за увоз на челик и алуминиум.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG