Достапни линкови

Вести

Мостот на булеварот Беласица отворен само за лесни возила

Мостот на булеварот Беласица во Скопје.
Мостот на булеварот Беласица во Скопје.

Град Скопје соопшти дека мостот на булеварот Беласица од денеска ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете коловозни ленти, откако експертите утврдила дека нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста, откако пред неколку месеци мостот беше зафатен од пожар.

„Од експертскиот извештај било констатирано дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија“, велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека од денес, мостот ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.

Мостот на булеварот Беласица во мај беше зафатен од пожар.Од Центарот за управување тогаш иформираа дека пожарот избил од долната страна на мостот, а случајот го пријавило затекнато лице на 112. Официјалните информации беа дека била запалена електрична инсталација и систем за парно греење.

Мостот „Беласица“ ги поврзува општините Центар и Аеродром во главниот град Скопје.


види ги сите денешни вести

Русија ја предупреди ЕУ на остар одговор ако воведе ограничувања за руските медиуми

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова

Русија ја предупреди Европската Унија дека доколку Брисел воведе ограничувања за руските медиуми, западните известувачи во Русија ќе почувствуваат брз, остар и болен одговор од руската држава.

Потпретседателката на Европската Комисија, Вера Јоурова, изјави дека ЕУ ќе го санкционира „Гласот на Европа“, заедно со рускиот весник „Риа Новости“ и „Известија“, објави Блумберг на 6 мај.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека западните новинари во Москва ќе го почувствуваат одговорот доколку Европската Унија преземе мерки против руските медиуми.

„Ако овие мерки се преземат против руските медиуми, руските новинари, тогаш, и покрај тоа што западните дописници нема да го сакаат тоа, тие исто така ќе мора да ги почувствуваат нашите одмазднички мерки“, порача Захарова.

Во Русија, заедно со затворањето на независните медиуми, странските медиумски куќи се најдоа под притисок, додека двајца странски новинари беа затворени. Станува збор за американско-руската новинарка на Радио Слободна Европа, Алсу Кумаршева и дописникот на The Wall Street Journal, Еван Гершкович, за обвиненијата кои ги отфрлаат.

„Порано ја чувствуваа нашата љубов, но сега ќе мора да го почувствуваат одговорот. Ќе одговориме со молскавична брзина и крајно болно“, рече Захарова.

Европската Унија веќе ги забрани руските медиуми РТ (порано познати како Русија денес) и Спутник како пропагандни алатки како дел од санкциите наметнати на Москва поради нејзината агресија врз Украина.

Захарова рече дека секој потег за ограничување на кој било руски медиум веднаш ќе доведе до одговор во Русија против западните дописници.

„Ако само еден руски медиум е подложен на неоправдани ограничувања, тогаш тоа ќе се одрази на нивните колеги овде во Русија, мислам, на западните новинари“, рече Захарова.

Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) во извештајот во јануари рече дека Русија ги засилила своите напори да го потисне слободното известување.

Покрај Кумаршева и Гершкович, во руски затвор се и десет други новинари од Украина, од кои пет се кримски Татари.

Во февруари Русија го означи Радио Слободна Европа како „непожелна организација“, која ги изложи на кривични пријави своите новинари, соработници, донатори или оние што ги интервјуираше. Во март 2022 година, неколку недели по почетокот на руската инвазија, веб-страниците на неколку медиуми беа блокирани во Русија, меѓу кои РСЕ, Би-Би-Си и Дојче веле.

САД ја предупредија Рајфајзен банка дека пристапот до финансии може да и биде ограничен

илустрација
илустрација

Американското Министерство за финансии писмено ја извести Рајфајзен Банк Интернационал (РБИ) дека може да и биде ограничен пристапот до американскиот финансиски систем поради нејзините операции во Русија, изјави за Ројтерс лице кое ја видело преписката.

Заменик-министерот за финансии Воли Адежемо испрати писмо до РБИ на 6 мај, во кое изрази загриженост за проширувањето на РБИ во Русија, како и за договорот од 1,5 милијарди долари со санкциониран руски тајкун што банката во меѓувреме го прекина, рече лицето кое побара да биде анонимно.

Иако Рајфајзен се повлече од договорот со тајкунот Олег Дерипаска неколку дена по пристигнувањето на писмото, изворот рече дека загриженоста на американското Министерство за финансии за бизнисот на Рајфајзен во Русија, останува.

Тоа е најсилното предупредување досега до најголемата западна банка во Русија и по неколкумесечниот притисок од Вашингтон, кој повеќе од една година го истражува работењето на австриската банка во земјата под санкции поради инвазијата на Украина.

Портпаролот на Рајфајзен изјави дека банката се откажала од договорот во врска со градежната компанија Страбаг.

Портпаролот рече дека РБИ „значително ги намалила“ своите активности во Русија и презела широки мерки за да го ублажи ризикот од санкции.

„РБИ ќе продолжи да работи на деконсолидација на својата руска подружница“, изјави портпаролот за Ројтерс.

Во писмото, Адежемо, вториот највисок функционер во американското Министерство за финансии, вели дека продолжувањето на Рајфајзен би било во спротивност со уверувањата на гаранциите што РБИ му ги дала на Министерството за финансии дека се обидува да се повлече од Русија, рече изворот.

Адежемо предупреди дека активностите на РБИ го зголемуваат ризикот дека Министерството за финансии ќе мора да преземе акција за да го ограничи пристапот на банката до финансискиот систем на САД, со оглед на загриженоста дека нејзиното однесување ја доведува во опасност националната безбедност на САД.

САД се најмоќниот регулатор во светот, главно затоа што може да го прекине пристапот на банката до доларот, што е основа на меѓународните финансии. Губењето на пристапот до доларот веројатно би ја турнал секоја банка во криза.

Предупредувањето врши поголем притисок врз Рајфајзен банка, која е клучен финансиски мост за руските поединци и компании кон Запад, давајќи им пристап до евра и долари.

Стотина повредени во немирите во Нова Каледонија, Макрон свика кризен состанок

илустрација
илустрација

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (15 мај) итно свика состанок на Советот за одбрана и национална безбедност на кој ќе се разговара за немирите во кои загинаа две лица, а стотици беа повредени во Нова Каледонија, соопшти неговиот кабинет.

Макрон го откажа патувањето во францускиот регион планирано за денеска за да се справи со кризата на територијата на Тихиот Океан, а редовниот неделен состанок на владата е поместен за попладне, соопштија официјални лица.

Во немирите во Нова Каледонија едно лице е застрелано, а повредени се стотици луѓе, вклучувајќи околу 100 полицајци и жандарми, соопшти претходно францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин. Десетици домови и деловни објекти биле запалени за време на немирите поврзани со гневот поради уставните реформи. Повеќе од 130 лица се приведени.

Немирите започнаа во понеделникот додека Франција расправаше за планираниот закон со кој на илјадници француски граѓани на јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право на глас, а со тоа и поголемо политичко влијание. Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас за и 153 против.

Дубаи документи: Македонска елита со имоти во Емиратите

Дубаи
Дубаи

Јордан Камчев, Душко Чифлиганец, Ристо Секуловски, Бобан Заев се дел од македонските државјани кои имаат имот во Дубаи, покажува најновото истражување на Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ, во соработка со глобалната мрежа на истражувачки новинари „OCCRP“ и норвешкиот медиум „Е24“.

Истражувањето покажува дека повеќе од 40 недвижни имоти во Дубаи се во сопственост на граѓани од Северна Македонија. Според истата анализа, вкупната вредност на овој имот во сопственост на македонски граѓани изнесува нешто повеќе од 15 милиони американски долари.

„Поседувањето недвижен имот во Дубаи само по себе не е доказ за погрешно постапување или криминал, но внимателно ги испитавме и идентификувавме имињата кај кои има релевантни информации за јавен интерес. Станува збор за лица кои биле политичари или се роднини или блиски пријатели на политичари во Македонија, луѓе против кои има истраги или судски пресуди, луѓе кои се под меѓународни санкции и луѓе кои го стекнале своето богатство преку прекршување на законите. Овие податоци за недвижностите на македонски државјани не ја отсликувааат нивната вкупна приватна и деловна активност. Тие може, но и не мора, да имаат и други имоти во Дубаи“, се вели во истражувањето на ИРЛ.

ИРЛ потсетува дека до 2019 година Македонците не можеа да вложуваат во недвижности надвор од државата. Со измените на Законот за девизно работење, на граѓаните и компаниите им беше овозможено легално да купуваат акции и недвижности во странство. Условот е дека имаат должност купениот имот да го пријават во регистарот за вложувања во недвижности во Централниот регистар на Северна Македонија.

Но, според информациите кои што самите лица од интерес ги споделиле со новинарите на ИРЛ, речиси сите го прекршиле законот за девизно работење со непријавување на странскиот недвижен имот, а нечии имоти биле нелегално купени кога ова со закон било забрането.

Во шестмесечната истрага за ова меѓународно истражување, репортерите од 74 медиуми во 58 држави откриле најмалку 200 осудени криминалци, бегалци, политичари обвинети за корупција или нивни соработници и санкционирани поединци кои поседувале недвижен имот во Дубаи.

Меѓународното истражување покажува како Дубаи стана еден од најголемите даночни раеви во светот, каде тајноста и годините на попустливи политики направија град каде недвижностите се запоседнати од контроверзни и проблематични сопственици.

Русија тврди дека одбила „масовен“ украински напад врз Крим

Армиски тактички ракетен систем, илустрација
Армиски тактички ракетен систем, илустрација

Руските власти на окупираниот Крим денеска(15 мај) објавија дека е одбиен „масовен“ украински ракетен напад врз градот Севастопол, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Михаил Развозаев, назначен од Русија за гувернер на окупираниот украински полуостров, рече дека неколку проектили биле соборени над морето и во областа на аеродромот Белбек.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзината воздушна одбрана соборила 10 ракети со долг дострел над Крим.

Руските тврдења не можеа да бидат независно проверени.

Во последните недели, Москва ја обвини Украина, без да обезбеди докази, дека почнала да користи ракетни системи ATACMS (Армиски тактички ракетен систем) испорачани од Соединетите Држави.

Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина за забраната за користење на динарот на Косово

илустрација
илустрација

Нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главни преговарачи ќе се одржи денеска во Брисел, а главна тема ќе биде изнаоѓање решение во врска со одлуката за користење на динарот на Косово. Белградската делегација повторно ќе ја предводи директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, а од Приштина се очекува учество и на нејзиниот главен преговарач Бесник Бислими.

Тоа е седма рунда од дијалогот каде што ќе се разговара за забраната за користење на динарот на Косово.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најави дека ќе биде домаќин на главните преговарачи на Белград и Приштина на разговори со цел да се најде „одржливо привремено решение“ за оние кои се погодени од регулативата на Централната банка на Косово за готовински трансакции.

Претходниот состанок, на кој се разговараше за одлуката на Приштина да ги укине трансакциите за плаќање динари на Косово се одржа на крајот на април во Брисел, но заврши без конкретни резултати.

Путин го поддржува кинескиот план за мирно решавање на војната во Украина

Владимир Путин
Владимир Путин

Рускиот претседател, Владимир Путин во интервју објавено денеска вели дека го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина.

Во интервју за кинеската новинска агенција Ксинхуа пред посетата на Путин на Кина оваа недела, рускиот лидер рече дека Пекинг ги разбира причините за кризата во целост, пренесе БТА.

Путин вели и дека Русија е отворена за дијалог и преговори за решавање на конфликтот кој трае повеќе од две години.

„Планот и принципите на Кина, објавени минатиот месец од кинескиот лидер Си Џинпинг, ги земаат предвид факторите зад конфликтот. Позитивно го оценуваме пристапот на Кина за решавање на украинската криза. Пекинг навистина ги разбира причините за кризата и нејзиното глобално геополитичко значење. Дополнителните принципи за решавање на кризата, кои Си Џинпинг ги постави во рамките на неговите преговори со германскиот канцелар Олаф Шолц, се реални и конструктивни чекори кои ја развиваат идејата дека е неопходно да се надмине менталитетот на Студената војна“, изјави Путин.

Пред повеќе од една година, Пекинг објави план од 12 точки што ги содржи општите принципи за ставање крај на војната во Украина.

Планот беше поздравен и од Русија и од Украина

САД, ЕУ и ОН загрижени поради усвоениот грузиски закон за „странски агенти“

Протести во Грузија против контроверзниот закон за „странски агенти“, илустрација
Протести во Грузија против контроверзниот закон за „странски агенти“, илустрација

Соединатите држави (САД), Обединетите Нации (ОН) и Европската Унија (ЕУ) денеска на 14 мај изразија загриженост за одлуката на грузискиот парламент со кој се одобри контроверзниот закон за „странски агенти“ кој предизвика неколкунеделни масовни протести. Демонстрантите во Грузија го сметаат овој закон за закана за интеграцијата на земјата во евро-атлантските институции бидејќи го отсликува слична репресивна легислатива како во Русија.

Веќе неколку недели, десетици илјади Грузијци протестираа против нацрт-законот, кој беше презентиран од владејачката партија Грузиски сон. Протестите многупати беа насилно потиснати со водени топови, солзавец и гумени куршуми, додека демонстрантите беа жртви и на насилници.


Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на 14 мај ги пофали демонстрантите, за кои рече дека „сонуваат за Европа“. Мецола рече дека Европскиот парламент „стои со народот на Грузија“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок исто така испрати порака за солидарност и поддршка до грузиските демонстранти.

„Владеењето на правото, демократските стандарди и слободата на медиумите се од суштинско значење за пристапувањето во Европската унија. И десетици илјади луѓе во Грузија покажуваат дека срцето на Европа чука не само меѓу Варшава и Лисабон“, напиша Баербок на Инстаграм.

Норвешкото Министерство за надворешни работи соопшти дека усвојувањето на законот „ја поткопува демократијата на Грузија“ и „го загрозува нејзиниот пат за европска интеграција“.

Претставништвото на Обединетите нации во Тбилиси предупреди дека усвојувањето на законот „ја загрозува слободата на изразување“ и ги повика властите да го истражат насилниот третман на демонстрантите.

Нови судири меѓу полицијата и демонстрантите во Тбилиси
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:21 0:00


Пред последното гласање, во парламентот избувнаа препукувања меѓу пратениците на Грузискиот сон и опозицијата, при што телевизиските снимки покажуваат како пратеници, мажи и жени, се туркаат и си разменуваат удари.

Грузиската полиција уапси 20 лица додека насилно го растури собирот пред парламентот на 13 мај.

Според контроверзниот нов закон, медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат како да „ги спроведуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.

Владејачката партија „Грузиски сон“ која го протурка законот, возврати на критиките, соопштувајќи дека овој потег ќе ја промовира транспарентноста и националниот суверенитет.

Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати законот до претседателот Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето. Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го поништи нејзиното вето со ново гласање, овојпат со просто мнозинство.

Италијанската полиција приведе над 100 луѓе од најголемиот мафијашки клан

Читање на судски пресуди во еден од најголемите судски процеси против италијанскаа мафија, архивска фотографија
Читање на судски пресуди во еден од најголемите судски процеси против италијанскаа мафија, архивска фотографија

Над 100 луѓе, припадници на еден од најмоќните италијански мафијашки кланови, се приведени во полициска рација, соопшти на 14 мај италијанската полиција. Станува збор за членови на озогласениот мафијашки клан „Ндрагета“, кој е познат по трговија со дрога во италијанската област Калабрија.

Во полициската рација учествуваа федералната полиција, локалните полициски сили и специјалистите од единицата за економски криминал, предводени од обвинителите за борба против мафијата од јужниот крајбрежен град Катанзаро, кој е административен центар на областа Калабрија.

Уапсените се членови на познатите кланови на семејството Ланцино-Патитучи и Зингари од Козенца, град во италијанската област Калабрија.

За време на акцијата е уапсен и службеник од италијанската царинска и финансиска полиција.

На уште 20 лица им е одреден домашен притвор, а на уште 13 други рестриктивни мерки.

Групата е осомничена за различни прекршоци, вклучително и членство на „Ндрангета“, „шверц на дрога отежната од мафијашкото здружение“ и други прекршоци, според полицијата.

Јавниот обвинител кој ја предводеше акцијата, Винченцо Капомола, изјави дека членовите на оваа мафијашка група вршеле рекет врз населението и сопствениците на приватни компании, а нивната главна активност бил шверцот на дрога.

„Трговијата со дрога беше еден од начините на кои „Ндрангета изврши контрола над територијата. Само луѓе овластени од Ндрангета можеа да шверцуваат дрога. Секој друг вклучен во неовластена трговија беше казнет, и финансиски и физички“, изјави обвинителот.

Мафијашкиот клан „Ндрангета“ е со седиште во Калабрија, сиромашен регион кој се наоѓа во јужна Италија. Тој е еден од најбогатите и најмоќните мафијашки кланови во земјата, поради неговиот „квази монопол“ во недозволената европска трговија со кокаин. Според полициските извештаи овој клан е пристутен со свои преставници во над 40 други земји.

Двојно убиство во скопско Стајковци

Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента
Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента

Македонската полиција соопшти дека на 14 мај во скопското село Стајковци се случил напад при што едно лице загинало на лице место, додека другото им подлегнало на повредите и починало во болница. Според полицијата, 57 и 64 годишните лица биле пронајдени во семејна куќа во Стајковци со повреди на главата.

„Лекар од Итна медицинска помош на местото констатирал смрт кај 57 годишното лице, додека 64 годишното лице со повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што во 14.00 часот починал“, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

Во него е посочено дела полицајците од станицата во Гази Баба и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје со убодни рани го пронашле и 67 годишниот брат на починатите, со убодни рани, и дека засега постои сомнение дека тој е сторител на убиството.

„Причините се утврдуваат. Сторителот е идентификуван и обезбеден. Тој е хоспитализиран со повреди“, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.

Обвинителството соопшти дека обезбедени се траги на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител телата на починатите ќе бидат дадени на обдукција.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG