Достапни линкови

Вести

Унгарија го одбележува Денот на основањето, Орбан се среќава со Додик, Ердоган, Вучиќ

Претседателот на Република Српска Милорад Додик и српската членка на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Претседателот на Република Српска Милорад Додик и српската членка на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина на 20 август во Будимпешта се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Посетата на Унгарија е по повод одбележувањето на Денот на основањето на земјата - Свети Стефан.

Додик и Цвијановиќ за време на посетата на Унгарија ќе се сретнат меѓудругото и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. И турскиот претседател е во посета на Будумпешта на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан по повод Денот на основањето на Унгарија.

Нешто порано Орбан се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој на својот Инстаграм профил напиша дека секоја средба со унгарскиот лидер е „исклучителна“.

Унгарскиот лидер е еден од клучните сојузници на Додик, прорускиот лидер на Република Српска. Тие претходно годинава во јуни се сретнаа во Бања Лука во јуни, а претходно во октомври минатата година во главниот град на Унгарија.

Орбан претходно ги блокираше обидите Европската унија да го санкционира Додик, кој веќе е под санкции од САД и Велика Британија.

По средбата, Цвијановиќ и Додик за РТРС изјавија дека таа била успешна и конструктивна и дека „РС сака да соработува со Унгарија“.

види ги сите денешни вести

Молдавија потпиша безбедносен и одбранбен пакт со ЕУ

Белгија/ЕУ/Молдавија
Белгија/ЕУ/Молдавија

Малата земја од Западен Балкан Молдавија потпиша безбедносно и одбранбено партнерство со Европската унија, првата земја што потпиша таков пакт, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

„Ова партнерство ќе ја зајакне отпорноста на земјата. Тоа ќе овозможи заеднички пристап кон безбедносните предизвици, ќе го направи нашиот ангажман поефективен и ќе истражи нови области на соработка“, рече Борел.

Инаку молдавските пратеници го одредија 20 октомври како датум за претседателски избори и референдум за пристапување на земјата во Европската Унија.

Прозападната претседателка Маја Санду, чиј прв претседателски мандат завршува на 24 декември, ја објави својата намера да се кандидира за нов мандат, објави молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Водачите на опозициските социјалисти и комунисти, пријателски настроени кон Москва, изјавија дека водат разговори за предлагање заеднички претседателски кандидат.

Санду, која го победи прорускиот кандидат Игор Додон во ноември 2020 година, оттогаш ја сврте Молдавија цврсто кон Западот.

Во декември 2023 година, Европската Унија одлучи да ги отвори пристапните преговори за Молдавија, која е една од најсиромашните земји во Европа.

Молдавија, предводена од прозападната претседателка Маја Санду, изрази надеж за приклучување кон ЕУ и НАТО и остро ја осуди руската инвазија на Украина. Молдавскиот Трансдњестар, главно рускојазично парче земја на источниот брег на реката Днестар, прогласи независност во 1990 година, а Москва оттогаш стационирала трупи таму.

Нема нерегуларности при прегласувањето на болните и затворениците во 7 избирачки места

Избори 2024 година
Избори 2024 година

Државната изборна комисија (ДИК) за денешното прегласување на болните и немоќни, затворениците и лицата сместени во центрите за вонсемејна грижа, а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024, информираат дека се одвиваше непречено, без пријавени нерегуларности.

Од ДИК соопштуваат дека 43 oд вкупно 45 лица пријавени како болни или немоќни гласале на избирачките места каде се одвива прегласувањето во Желино, Крушево, Охрид, Долнени и Струга.

„На ИМ 2101 во Желино гласале сите 4 лица кои биле запишани како болни или немоќни.
На ИМ 1194 Крушево од 20 запишани лица гласале 18, а на ИМ 1202 Крушево гласале сите 6 запишани лица.
На ИМ 1272 Охрид, правото на глас денес го искористиле двете запишани лица во посебниот извод од Избирачкиот список.
На ИМ 1470 Долнени во кое имаше запишано 7 лица како болни или немоќни и на ИМ 1470/1 Долнени со запишани 2 лица, сите го искористија правото на глас.
На ИМ 1844 Струга, сите 4 лица запишани како болни или немоќни гласале во текот на денот“, велат од ДИК.


Од ДИК посочуваат дека денеска сите 5 пријавени лица за гласање во затворите во Прилеп и Шуто Оризари гласале во објектите каде престојуваат. Наведуваат дека своето право на глас го оствариле и двајцата пријавени гласачи во центрите за вонсемејна грижа во општините Карпош и Битола.

Државната изборна комисија(ДИК) го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани.

ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места. Утре ќе се прегласува за Парламентарните избори 2024 година при што може да дојде до промена на распоредот на мандати во Собранието.

Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во Парламентот.

Русија започна со вежби за тактичко нуклеарно оружје во близина на украинската граница

Нуклеарни вежби во Русија
Нуклеарни вежби во Русија

Руското Министерство за одбрана во вторникот го објави почетокот на првата фаза од вежбите за подобрување на подготвеноста на нестратешките нуклеарни сили во Јужниот воен округ. Руските власти на 6 мај објавија дека вакви вежби се планирани за во блиска иднина.

Во врска со почетокот на вежбите, воениот оддел истакна дека во рамките на сегашната фаза, „персоналот на ракетните формации на Јужниот воен округ вежба задачи за борбена обука за добивање специјална муниција за оперативно-тактичкиот ракетен систем Исканде , опремување на возила за лансирање со нив и тајно преместување во областа на одредена позиција за подготовка за лансирање ракети“.

Во исто време, објавено е дека авијациските единици на Воздухопловните сили вежбаат „опремување на авионско оружје со специјални боеви глави, вклучително и аеробалистички хиперсонични ракети Кинжал, и летаат во одредени патролни области“.

Министерството за одбрана повторно укажа дека настаните се спроведуваат „како одговор на провокативните изјави и заканите на одделни западни функционери“ против Русија.


Како што беше објавено претходно во мај, наредбата за изведување вежби за употреба на нестратегиско нуклеарно оружје ја дал врховниот врховен командант, односно рускиот претседател Владимир Путин.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, тогаш изјави дека вежбите биле предизвикани од неодамнешните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и претставници на САД.

Во исто време, Песков зборуваше за „невиден круг на тензии“ во врска, особено со изјавите на Макрон за можноста за испраќање воен персонал од западните земји во Украина.
Нестратешко нуклеарно оружје е нуклеарна муниција, чии средства за испорака се ракети со релативно мал дострел и со релативно мала моќност.

Конкретно, тактичкото нуклеарно оружје може да се користи од ракетните системи Искандер. Ова оружје неодамна беше распоредено во Белорусија.
Руските стратешки нуклеарни сили се во состојба на готовност од февруари 2022 година, кога руската армија започна целосна инвазија на Украина.

Авион од Лондон принудно слета поради турбуленции, има една жртва и седум тешко повредени

Авион на Сингапур ерлајнс, 29 ноември 2021 година
Авион на Сингапур ерлајнс, 29 ноември 2021 година

Авион на Сингапур ерлајнс кој летал од Лондон во вторникот принудно слета во Бангкок поради силни турбуленции, при што загина еден патник, а седуммина се тешко повредени.

Авиокомпанијата изрази сочувство до семејството на починатиот и се извини за трауматичното искуство што го претрпеа патниците и членовите на екипажот на тој лет.

Тие исто така рекоа дека соработуваат со тајландските власти за да се обезбеди сета потребна помош.

Авионот Боинг 777-300ER со 211 патници и 18 членови на екипажот бил на пат кон Сингапур кога принудно слетал.

Авионот влегол во „воздушен џеб“ додека екипажот во кабината служел појадок, пред да наиде на турбуленции, поради што пилотите принудно слетале.

За време на инцидентот почина 73-годишен Британец, најверојатно од срцев удар, соопштија од аеродромот.

Седум лица се тешко повредени со повреди на главата.

Сингапур ерлајнс соопшти дека 18 патници се хоспитализирани, а други 12 се згрижени во болници.

Неповредените патници се симнаа и ќе ги превезе друг авион.

Студијата од 2021 година на Националниот одбор за безбедност на транспортот покажа дека авионските несреќи најчесто се случуваат како резултат на турбуленции.

Од 2009 до 2018 година, американската агенција откри дека турбуленциите сочинуваат повеќе од една третина од пријавените авионски несреќи и дека повеќето резултирале со една или повеќе сериозни повреди, но без оштетување на авионот.

Во октомври 2000 година, авион на Singapore Airlines се урна на затворена писта за време на полетувањето во Тајван. Во таа прилика загинаа 83 лица.

Таа авиокомпанија имаше седум несреќи, според Мрежата за воздухопловна безбедност.

Притвор за осомничениот врховен судија

Кривичен суд - Скопје
Кривичен суд - Скопје

Одреден е притвор за Наке Георгиев, осомничениот актуелен врховен судија. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против Н.Ѓ., за кој постои основано сомнение за кривичното дело Примање награда за против законито влијание од чл. 359 од КЗ, ја донесе ваквата одлука.

„По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, се вели во соопштението.

Инаку вчера врховниот судија беше уапсен за примање примање награда за противзаконито влијание, а како што соопшти полицијата, тој бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело. Судскиот совет го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) отвори истражна постапка и против членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети и поранешен Државен правобранител, дека помагал на судијата. За него е побарана мерка на претпазливост.

„Со предлогот, обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавува повремено на службено лице и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница“, се вели во соопштението на обвинителството.

Инаку двајцата се осомничени дека наводно барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој се наоѓа во притвор и е осомничен за шверц на дрога. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев. Боро Стојчев веќе беше во затвор за шверц на цигари и беше осуден на 18 месеци затвор, а излезе за половина година откако му беше намалена казната.

Без влез на Западен Балкан во ЕУ европската приказна не е целосна, оцени премиерот на Србија

премиер на Србија, Милош Вучевиќ
премиер на Србија, Милош Вучевиќ

Европскиот пат е цел на меѓународната политика на Србија, изјави премиерот Милош Вучевиќ, додавајќи дека без влезот на земјите од Западен Балкан во Европската унија, европската приказна е нецелосна.

Вучевиќ, како што наведе, во експозето на новата Влада „јасно кажа“ дека Србија ќе се движи по европскиот пат.

Тој рече дека тоа не го изјавил од формални причини или „бидејќи се подразбира“, туку затоа што тоа е политичка цел на Србија на меѓународен план.

Тој рече дека е задоволен што Србија почнала да постигнува резултати во рамките на Зелената агенда, како и со реформите во областа на правдата и економијата, но и што успеала да го зачува мирот сите овие години.

Тој додаде дека Србија често заборава колку донации и грантови има од ЕУ, а најголемата поддршка има од нејзините институции.


Според него, Европа сè уште претставува систем на вредности кој е најпосакуван во човештвото, но се соочува со големи предизвици, од кои еден од најголемите е демографското прашање, во однос на старосната структура.

Зборувајќи за земјите од Западен Балкан и членството во ЕУ, тој рече дека му е тешко да замисли некоја од тие земји да стане членка пред Србија.

Коментирајќи го односот со Косово, Вучевиќ рече дека косовското прашање може да се реши само меѓу Србите и Албанците, дека прашањето не може да се реши долгорочно со наметнување решение и оти смета дека косовскиот премиер Аљбин Курти прави голема грешка со притисокот врз српскиот народ.

Тој рече дека нивната стратегија е да го зачуваат мирот и да го зачуваат својот народ на Косово, како и да договорат се што можат со Албанците и да постигнат историски договор со нив.

Србија не ја признава независноста на Косово, прогласена во 2008 година, а преговорите се водат под покровителство на Европската унија, што треба да резултира со правно обврзувачки договор.

Нови 30 дена притвор за осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски - Палчо

Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за двојно убиство однесен во Кривичен суд Скопје
Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за двојно убиство однесен во Кривичен суд Скопје

Љупчо Палевски Палчо попладнево е однесен пред судија на претходна постапка. Палевски е осомничен дека за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Пред новинарите кои го чекаа пред зградата на Кривичниот суд Скопје, негираше дека ги извршил убиствата. На прашањето дали ги извршил убиствата на Вања и Панче, кусо одговори „не“. Исто така рече дека нема да се брани со молчење, туку дека има докази дека тој не е сторителот.

Тој е првпат изведен пред судија на претходна постапка по екстрадицијата од Турција, каде побегна и потоа беше фатен од тамошната полиција.

„Осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ.П, по наредба на судија на претходна постапка денска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се произнесе во однос на мерката притвор определна во негово отсуство.

По признесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје. Постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, се вели во соопштението од судот.

Истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74) се очекува да заврши наскоро. Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски – Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија.

Тој директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор, а од затворот утрово испратиле официјално известување и до Основниот кривичен суд дека Палчо е кај нив.

Тој се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето. За помагање во бегството, обвинителството сомничи уште едно лице.

ЕУ го одобри планот за користење на замрзнатите средства на Русија за Украина

Заеднички состанок на Владата на Украина и Европската комисија, Киев, 2 февруари 2023 година
Заеднички состанок на Владата на Украина и Европската комисија, Киев, 2 февруари 2023 година

Европската унија даде официјално одобрение за користење на приходите од замрзнатите средства на руската централна банка за зајакнување на одбраната на Украина, објави Европскиот совет на 21 мај, што би можело да достигне 3 милијарди евра пренасочени за војската на Киев, оваа година.

Веста доаѓа кога Украина продолжува да ги повикува своите западни сојузници да ја зголемат и забрзаат воената помош за нејзините војници, кои се борат да ја спречат офанзивата на исток од многу побројните и подобро вооружени руски сили.

Одлуката беше објавена во Брисел од белгиската влада, која во моментов претседава со 27-члениот блок.

„Европскиот совет го потврди својот договор да користи неочекувани профити од имобилизираните средства на Русија за поддршка на воената самоодбрана и реконструкција на Украина во контекст на руската агресија“, се вели на мрежата X.

Околу 210 милијарди евра (225 милијарди долари) од средствата на руската централна банка беа замрзнати од страна на ЕУ по неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година - износ што се проценува дека ќе генерира камата од околу 3 милијарди евра (3,23 милијарди долари) годишно.


Околу 90 отсто од приходите ќе бидат ставени во Европскиот мировен фонд што го користат повеќето членки на ЕУ за да добијат надомест за воената опрема испорачана во Украина.

Одделно, Ројтерс објави, цитирајќи неименуван извор, дека Германија најголемата економија во блокот планира да ја зголеми својата воена помош за Украина за уште 3,8 милијарди евра (4,13 милијарди долари) оваа година, потврдувајќи го извештајот на германскиот весник Билд.

На крајот на минатиот месец, Германија и достави на Украина нов пакет воена помош, вклучувајќи оружје и муниција.

Во меѓувреме, регионалните власти известија дека четири лица се ранети и дека е оштетен објект на транспортна инфраструктура во серија напади со беспилотни летала врз североисточниот украински град Харков рано на 21 мај, објавија регионалните власти.

Претходно на 21 мај беше прогласена општа тревога за воздушен напад на целата територија на Украина.

Забрана за комуникација со медиуми на „Токсикологија“, ЗНМ со осуда

Илустрација
Илустрација

Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази забрани комуникација на вработените со медиумите без нејзина дозвола. Во известувањето истакнато на огласна табла на Клиниката се наведува дека средби со медиуми се дозволени само со претходно известување до в.д. организацискиот директор.

„Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба, подлежи на санкционирање“, се вели во известувањето потпишано од Иљази.

Од Министерството за здравство велат дека секоја здравствена установа која врши дејност од јавен интерес е должна да функционира организирано во согласност со правилата кои се уредени со актите кои се уредуваат прописите од областа на здравствената заштита.

Најновата одлука на Иљази ја осуди Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и го нарече обид за цензура.

„Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ. Сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес“, велат од ЗНМ.

Иљази во изјава за дел од медиумите вели дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат следните денови најавуваат нов инспекциски надзор на Клиниката.
Минатиот месец беше извршен надзор по што беше издадено решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа им се забрани пристап на Клиниката.

Демири: Изборите завршија, да се вратиме во реалноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:58 0:00

Клиниката функционира само со организацискиот директор откако на 14 мај, министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Клиниката, Данил Петровски поради „неправилности во работата“, но дека тој ќе продолжи да работи на Клиниката.

Превирањата на Клиниката започнаа минатиот месец откога вработени на Клиниката реагираа дека организациската директорка Иљази инсистира да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело. Вработените се пожалија и дека не можат да комуницираат со Иљази бидејќи таа не го говори македонскиот јазик.

Кинескиот министер за надворешни работи даде поддршка за независност на Казахстан

Казахстан, Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 20 мај 2024 година
Казахстан, Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 20 мај 2024 година

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја повтори подготвеноста на Пекинг „цврсто да ги поддржи напорите на Казахстан да ја одбрани својата независност, суверенитет и територијален интегритет“.

Говорејќи по состанокот со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев во Астана на 20 мај, Ванг повтори неколку слични изјави дадени од кинескиот лидер Кси Џинпинг во последниве години за поддршката на Кина на нејзиниот сосед на североисток.

„Кина ќе поддржи серија стратегии за развој и важни мерки иницирани од казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, со решителност против какви било надворешни сили кои се обидуваат да се мешаат во внатрешните работи на таа земја“, рече Ванг.

Екс казахстански министер прогласен за виновен за смртта на сопругата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

Откако Москва ја започна својата тековна инвазија на Украина во февруари 2022 година, многумина во Казахстан и на други места сметаа дека изјавите на кинеските лидери во врска со Казахстан и другите земји од Централна Азија се порака до Русија, каде што во последниве месеци, многу про-Кремљ политичари и политички набљудувачи навестија дека Казахстан е цел за преземање на Москва.

Токаев, пак, ги пофали кинеско-казахстанските врски, нагласувајќи дека гигантскиот сосед на неговата земја „ќе остане сигурен партнер на Казахстан“.

„Кинеската дипломатија игра важна улога во светските политики. Иднината на казахстанско-кинеските односи е значајна“, рече Токаев за време на неговите разговори со Ванг.

На собирот на министрите за надворешни работи одржан на 21 мај беше најавено дека лидерите на земјите-членки на ШОС повторно ќе се состанат во Астана на 3 и 4 јули.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG