Достапни линкови

Вести

Ревизорите се сомневаат во дел од податоците од Пописот 2021

Илустрација, Македонија, Попис 2021 година
Илустрација, Македонија, Попис 2021 година

Државниот завод за ревизија со последниот извештај го отвора прашањето за релевантноста на Пописот кој се одржа во 2021 година. Нотирал многу пропусти, но она што се издвојува е дека во прашање се доведува точноста на податоците за луѓето кои во време на пописот биле во Армијата, во странство, во затвори и за бездомниците.

Исто така проблематично за ревизорите е што имало малку попишувачи, а се попишувале луѓе надвор од нивните домови.

„Со ревизијата утврдено е дека теренското попишување е спроведено со 505 инструктори и 4.482 попишувачи, број кој е помал во однос на планираниот, а воедно спроведено е попишување на лицата кои не биле попишани во просториите на комисиите за пописни реони, начин на попишување кој не е предвиден во Законот за попис“, пишува во соопштението од Државниот завод за ревизија.

Апликацијата за онлајн попишување на македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство исто така е проблематизирана. Во 2019 година е набавена софтверска апликација за пописот, но не е набавена софтверска апликација за самопопишувањето.

Самопопишувањето започна на 01.03.2021 година, а активностите за набавка на апликација започнале неколку денови порано на 25.02.2021 година. Набавена е без пари, а за возврат Државниот завод за статистика се обврзал да го истакне името на фирмата од каде ја зема.

Ревизорите констатирале дека со ова се врши промоција, дека е спонзорство, за кое од Министерството за правда не е побарано решение дека е од јавен интерес. Подолго од една година управител на фирмата која ја изработила апликацијата бил член на Советот за статистика.

Заводот за ревизија проверувал и како се трошеле парите за пописот. За попишувачите и учесниците вкупно се исплатени 3,1 милион евра, врз основа на правилник, вредноста на бодовите е уредена со акт кој го донел директорот, но не го потпишал.

Вкупниот буџет бил 8,5 милиони евра но немало финансиски план како ќе се трошат. Така се потрошиле 7,9 милиони евра, во кои најголемо учество од над 49 проценти се потрошени за лаптопи и 40 проценти за хонорари.

Од неколку аспекти е спорна токму набавката на лаптопите бидејќи има три анекси на договорот без јавна набавка а при примопредавањето се потпишани раководителот на фирмата а не од преставници на работната група.

Во извештајот е констатирано и дека медиумска кампања од околу 120 илјади евра, надминала повеќе од 40 проценти од планираните пари. И средства за заштита од КОВИД 19 кои чинеле 20 илјади евра, биле купени без да се спроведе постапка за јавна набавка.

Според државните ревизори со измените на законот за попис се дало многу кус рок за да се подготви теренот за попис.


види ги сите денешни вести

Северна Кореја истрела балистички ракети откако негираше испорака на оружје за Русија

илустрација
илустрација

Северна Кореја истрела неколку сомнителни балистички ракети со краток дострел, неколку часа откако сестрата на севернокорејскиот лидер ги негираше тврдењата дека Пјонгјанг и испорачува оружје на Русија, соопшти Јужна Кореја.

Лансирањата се најнови во серијата сè пософистицирани тестови од страна на Северна Кореја, која истрела крстосувачки ракети, тактички ракети и хиперсонично оружје во последниве месеци, што е како што наведува оваа нуклеарно вооружената земја, надградба на нејзините одбранбени способности.

Сеул и Вашингтон ја обвинија Северна Кореја за испраќање оружје на Русија, што би прекршило низа санкции на Обединетите Нации за двете земји, а експертите велат дека неодамна тестираното оружје може да биде наменето за употреба на боиштата во Украина.

Војската на Јужна Кореја во петок (17 мај) соопшти дека открила лансирање на, како што ги опиша, „неколку летечки објекти за кои се верува дека се балистички ракети со краток дострел“ од областа Вонсан во близина на источниот брег на Северна Кореја.

Ракетите патувале околу 300 километри, соопшти генералштабот, додавајќи дека војската „ја зголемила будноста и надзорот како подготовка за дополнителни лансирања“ и споделувала информации со сојузниците САД и Јапонија.

Лансирањето дојде само неколку часа откако сестрата на Ким, Ким Јо Јонг, ги обвини Сеул и Вашингтон за „залажување на јавното мислење“ со постојано обвинување дека Пјонгјанг испраќа оружје во Москва за употреба во Украина.

Тестовите беа одржани додека рускиот претседател Владимир Путин е во дводневна посета на Кина, чија цел е да ја зајакне трговијата со Пекинг (најважниот сојузник на Северна Кореја) и да добие поголема поддршка за неговите воени напори во Украина.

Тестовите се случија и еден ден откако напредните јужнокорејски и американски стелт-ловци, вклучително и Ф-22 Рапторс, одржаа заеднички воздушни борбени вежби.

Ваквите вежби обично го разбеснуваат Пјонгјанг, кој на нив гледа како на проба за инвазија.

Северна Кореја претходно истрела балистички ракети со краток дострел од нејзиниот источен брег на 22 април.

Серијата санкции на Обединетите Нации и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистичка технологија, но нејзиниот клучен сојузник Русија го искористи ветото на Советот за безбедност на ОН во март за ефективно да го прекине мониторингот на ОН, за што Пјонгјанг конкретно и се заблагодари на Москва.

Северна Кореја долго време се обидува да совлада понапредни хиперсонични технологии и технологии на цврсто гориво за да им овозможи на своите ракети да ги неутрализираат јужнокорејско-американските ракетни одбранбени системи и да ги загрозат регионалните воени бази на САД.

Хиперсоничните проектили се побрзи и можат да маневрираат при лет, што го отежнува следењето и пресретнувањето, додека ракетите со цврсто гориво не треба да се напојуваат пред лансирањето, што ги отежнува пронаоѓањето и уништувањето и побрзи за употреба.

По протестите против законот за „странски агенти“, во Тбилиси марш за семејството

Марш по повод Денот на семејната чистота, Тбилиси, 17 мај 2024 година
Марш по повод Денот на семејната чистота, Тбилиси, 17 мај 2024 година

Високи свештеници на Грузиската православна црква и конзервативни верски групи денеска (17 мај) го одбележаа новововедениот празник „Ден на семејната чистота“ со марш по централната авенија во Тбилиси, која беше место на неколкунеделни протести поради усвоениот закон за „странски агенти“.

Денот на чистотата на семејството е основан од Грузиската православна црква во 2014 година како одговор на Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата (IDAHOBIT), кој се одбележува секоја година на 17 мај за да се подигне свеста за кршењето на правата на ЛГБТ ширум светот.

Со цел да се избегне конфронтација, не беа закажани собири против законот за „странски агенти“ за време на маршот за Денот на семејната чистота, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Маршот на Денот на семејната чистота, кој оваа година е неработен ден, е поддржан од владејачката партија Грузиски сон, која во март го протурка нацрт-законот за ограничување на правата на ЛГБТ луѓето, само неколку недели пред да го врати законот за „странски агенти“. на парламентарна процедура која наликува на драконски руски закон.

Законот за ограничување на правата на ЛГБТ забранува трансродови операции, посвојување деца од истополови двојки, назначување на пол различен од машкиот и женскиот пол во официјалните документи и организирање јавни настани кои се залагаат за истополови врски.

Двата закони се сметаат за обиди на Грузискиот сон, основан од милијардерот Бидзина Иванишвили, пријател на Русија, да ја консолидира својата моќ пред изборите закажани за октомври.

Грузијци отпуштени од работа поради протестирање
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:00 0:00

На 17 мај, претседателот на парламентот Шалва Папуашвили објави честитка на социјалните мрежи, додка официјални лица најавија учество на маршот.

Вниманието посветено на настанот се чини дека е обид да се минимизира влијанието на повеќенеделните масовни протести поради контроверзниот закон за „странски агенти“ усвоен од парламентот претходно оваа недела.

Прозападната претседателка Саломе Зурабишвили, која е во судир со Грузиски сон, рече дека законот е „неприфатлив“ и „не е во согласност“ со евроатлантската интеграција на земјата.

Законот беше критикуван од САД, Европската Унија и организациите за човекови права поради сличностите со рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користеше за да ја задуши опозицијата, невладините организации и медиумите.

Започна испораката на помош за Газа преку понтонскиот мост што го изградија САД

илустрација
илустрација

Камиони со неопходна помош за Појасот Газа во петок (17 мај) почнаа да го преминуваат понтонскиот мост изграден од Соединетите Држави, откако израелските ограничувања на граничните премини и тешките борби ја попречија испораката на храна и други залихи за опколената палестинска енклава.

Испораките се први во операцијата за која американските воени претставници предвидуваат дека може да се зголеми до 150 камиони дневно што влегуваат во Појасот Газа.

Израел во моментов врши притисок врз градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, каде се наоѓа клучниот граничен премин со Појасот Газа, преку кој се носеше помош, но кој е затворен откако Израел ја презеде контролата над него.

На окупираниот Западен Брег, десетици израелски демонстранти нападнаа камион во обид да спречат помошта да стигне до Газа во четвртокот, претепувајќи го неговиот возач и запалувајќи го.

Израелската армија соопшти дека војниците пристигнале подоцна на местото на настанот и се обиделе да ги одвојат напаѓачите од возачот и да пружат медицинска помош. Армијата соопшти дека демонстрантите потоа ги нападнале војниците, при што полесно биле повредени двајца офицери и еден војник.

Израелските медиуми јавија дека камионот превезувал обична комерцијална стока, а не помош за Газа.

Во седуммесечната војна во Појасот Газа, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас, кој САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, загинале повеќе од 35 000 луѓе.

Војната започна на 7 октомври кога Хамас го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1200 луѓе и земајќи околу 250 заложници, според израелските податоци.

Во Молдавијa претседателски избори и референдум за членство во ЕУ во октомври

Седница на молдавскиот парламент, 16 мај 2024 година
Седница на молдавскиот парламент, 16 мај 2024 година

Молдавските пратеници го одредија 20 октомври како датум за претседателски избори и референдум за пристапување на земјата во Европската Унија.

Прозападната претседателка Маја Санду, чиј прв претседателски мандат завршува на 24 декември, ја објави својата намера да се кандидира за нов мандат, објави молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Водачите на опозициските социјалисти и комунисти, пријателски настроени кон Москва, изјавија дека водат разговори за предлагање заеднички претседателски кандидат.

Санду, која го победи прорускиот кандидат Игор Додон во ноември 2020 година, оттогаш ја сврте Молдавија цврсто кон Западот.

Во декември 2023 година, Европската Унија одлучи да ги отвори пристапните преговори за Молдавија, која е една од најсиромашните земји во Европа.

Делови од Нова Каледонија надвор од државна контрола

Последици од немирите во Нова Каледонија, 16 мај 2024 година
Последици од немирите во Нова Каледонија, 16 мај 2024 година

Области на пацифичката територија на Нова Каледонија „се надвор“ од државната контрола, изјави денеска претставник на француската влада, најавувајќи нови безбедносни распоредувања по неколкудневното смртоносно насилство.

„Ќе пристигне засилување... за да ги контролираме областите што не се под наша контрола во изминатите денови “, изјави на брифинг високиот комесар на Републиката во Нова Каледонија, Луј Ле Фран.

Вонредна состојба беше воведена на францускиот архипелаг откако противењето на планот на Париз за промена на правилата за гласање таму прераснаа во подметнување пожар, грабежи и насилство, при што загинаа пет, а стотици беа повредени.

Како дел од вонредната состојба, приведени се околу 200 од околу 5000 „бунтовници“, соопштија француските власти.

Едно лице осомничено за убиство им се предаде на властите, рече Ле Фран на денешниот брифинг.

Немирите започнаа кога француските пратеници ги одобрија плановите да им се дозволи на оние кои се преселиле на територијата пред најмалку 10 години да гласаат на локалните избори.

Русија тврди дека неутрализирала повеќе од 100 украински дронови во ноќните напади

илустрација
илустрација

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала се уништени или пресретнати ноќеска во напади на југозапад на руската територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 дрон над Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролни бродови на Црноморската флота уништија шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

Руската армија редовно објавува дека одбила ноќни напади на украински беспилотни летала, но ретко се наведува толкава бројка, јавија западни медиуми.

Гувернерот на Белгородската област, која граничи со Украина, претходно денеска објави дека мајка и четиригодишно дете загинале при напад со беспилотно летало врз селото Октјабарски.

Шпанија не дозволи брод со оружје за Израел да се закотви во Картагена

илустрација
илустрација

Шпанија не дозволи брод што носи оружје за Израел да се закотви во југоисточното пристаниште Картагена, изјави синоќа министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Тој потврди дека бродот „Мариана Даница“ (Marianne Danica) кој превезува оружје во Израел побарал дозвола да се закотви во Картагена на 21 мај.

Албарес истакна дека забраната за шпанските пристаништа е во согласност со политиката на Мадрид да не го извезува своето оружје во Израел од почетокот на војната во Појасот Газа.

„Одбивме да дадеме дозвола за закотвување и тоа ќе биде конзистентна политика со секој брод што превезува израелско оружје, а сака да се закотви во шпански пристаништа“, посочи Албарес.

Шпанскиот весник „Ел Паис“ објави дека бродот превезува речиси 27 тони експлозивен материјал од Мадрас, Индија.

Новата влада ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“

Означување на почетокот на изградбата на автопатиштата од Коридорите 8 и 10д што ги градат „Бехтел и Енка“
Означување на почетокот на изградбата на автопатиштата од Коридорите 8 и 10д што ги градат „Бехтел и Енка“

За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции - да се раскине или да се репреговара. Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Христијан Мицкоски, иден мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на 16 мај.

„Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“ рече Мицкоски.

Тој најави и дека во првите сто дена новата влада ќе објави гринфилд инвестиција во енергетиката, вредна 400 - 500 милиони евра.

Мицкоски кажа дека станува збор за приватен капитал, „за голем играч со исклучително големи европски финансиски институции во акционерската структура“. Обртот на компанијата би била околу 80 - 100 милиони евра по основа на продадена електрична енергија и истргувани зелени сертификати, а договорот со неа е завршен.

Според Мицкоски, ќе се произведува околу еден терават час електрична енергија што е една третина од производството на РЕК Битола.

На прашањето дали Унгарија е земјата со која Северна Македонија ќе повлече заем до една милијарда евра, Мицкоски одговори дека се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат.

„Заемот до една милијарда евра под исклучително поволни услови, кој би се повлекол со друга држава, на ниво влада со влада, за финансирање на лошите договори на актуелната влада, државите кои ги спомнуваа не се тие“, рече Мицкоски.

Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.

Јеменските Хути ќе ги таргетираат сите бродови што пловат кон Израел

Нафтен танкер погоден од Јеменските Хути
Нафтен танкер погоден од Јеменските Хути

Сите бродови кои пловат кон израелските пристаништа ќе бидат цел на јеменските Хути поддржани од Иран, а не само во регионот на Црвеното Море, рече водачот на групата, Абдул Малик ал-Хути, во телевизиски говор на 16 мај.

Групата се закани дека ќе ги прошири своите напади врз бродовите кои пловат кон израелските пристаништа на Средоземното Море, во кампања на солидарност со Палестинците за време на израелската војна со милитантната група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.

Ел Хути ги повика Кина, Русија, азиските и европските земји да не превезуваат стока до израелските пристаништа.

Хутите претходно изјавија дека нивни главни цели се Израел и неговите сојузници САД и Велика Британија.

„Секој мора да престане да транспортира до окупираните палестински пристаништа“, рече Ел Хути.
Милитантната група што тој ја предводи влезе во војната меѓу Израел и Хамас во декември 2023 година, напаѓајќи бродови на виталните водни патишта и напади со беспилотни летала и проектили кон Израел.

Нападите на Хат ги зголемија трошоците за испорака и осигурување со прекин на клучната трговска рута меѓу Азија и Европа, принудувајќи ги бродските компании да се пренасочат кон подолги и поскапи патувања низ јужна Африка.

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија
Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија

Имам добиено извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инжинеринг со вон-институционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во Државната изборна комисија (ДИК), во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците во изборите, рече техничкиот премиер Талат Џафери на прес-конференција на 16 мај во Владата.

„Според извештаите, овие претензии за изборен инжинеринг имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собранието, преку политички договор на маса. Кредибилноста на изборите и на демократскиот процес, прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница, сега е во рацете на Управниот суд. Ги поканувам сите институции да постапат согласно законот, без партиски и политички директиви од која било страна и да го штитат кредибилитет на изборниот процес до крај“, рече Џафери на прес конференцијата.

На две пратенички столчиња се надеваат четворица кандидати за пратеници од три изборни коалиции, по одлуката на ДИК да се прегласува во седум избирачки места од две изборни единици по спроведените парламентарни избори на 8 мај.

На 17 мај, кога истекува рокот за одлучување по доставени жалби до Управниот суд, ќе се знае дали има основ за да се прегласува во седум избирачки места, од кои шест во изборна единица 5 и едно избирачко место во изборна единица 6.

Според изборните правила, доколку се прегласува на оние места каде што се запишани околу илјада гласачи, тоа би можело да влијае врз избориот количник. Право на глас по втор пат на паралментарните избори ќе имаат над четири илјади граѓани, и нивниот избор може да го промени за две пратенички места распоредот на силите во Собранието.

Коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, поднесе жалба до Управниот суд за одлуките на Државната изборна комисија која прифати приговори за неправилности на седум избирачки места, на кои може да има повторно гласање. Доколку Управниот суд ги одбие жалбите на Европскиот фронт, Државната изборна комисија ќе треба да одлучи дали ќе има повторно гласање на овие седум избирачки места.

Според првичните изборни резултати, ВМРО-ДПМНЕ осво 58 пратенички места, ДУИ доби 19, додека СДСМ има 18. Од коалицијата Влен во собранискиот состав влегуваат со 13, а партиите Левица и ЗНАМ со по 6 пратеници.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG