Достапни линкови

Вести

Полска доби нацрт-регулатива од ЕУ за продолжување на забраната за увоз на жито од Украина

Илустрација
Илустрација

Полскиот министер за земјоделство Роберт Телус вели дека добил нацрт-регулатива од Европската комисија со која се продолжува забраната за увоз на украинско жито до 15 септември.

ЕУ на 2 мај постави ограничувања до 5 јуни за увоз на украинска пченица, пченка, семе од репка и семе од сончоглед за да го олесни прекумерна понуда на житарки во Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка.

Овие земји се пожалија дека поевтиното украинско жито го прави домашното производство непрофитабилно и побараа од ЕУ да ја продолжи забраната.

„Од ЕК добивме нацрт на нова регулатива со која се забранува увоз на четири производи во 5-те земји“, напиша Телус на социјалната мрежа Твитер.

„Датумот на стапување во сила предвиден во нацртот е 15 септември годинава. Тоа е нацрт, но се надевам дека ќе стапи на сила од утре“, додаде тој.

Украинската пченица, пченка, семе од репка и сончоглед може да се продаваат на која било друга земја во 27те земји членки на ЕУ. ЕУ претходно го либерализираше целиот увоз од Украина за да им помогне на напорите на Киев да се одбрани од руската инвазија. Петте земји станаа транзитни патишта за украинското жито кое не можеше да се извезе преку нејзините пристаништа на Црното Море поради војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот повика на безусловно отстранување на сите извозни ограничувања на украинските земјоделски производи на разговорите со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

види ги сите денешни вести

Анкета на ИРИ за Западен Балкан: Поддршка за членството во ЕУ, нападите на Русија врз Украина неоправдани

илустрација
илустрација

Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската Унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана.

Анкетата е спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година, соопшти ИРИ Македонија.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ. Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската Унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет“, рече Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.

Кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

„Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот“, вели Мекарти.

Истражувањето беше спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ од страна на Ипсос во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година.

Функционер во руското министерство за одбрана уапсен поради поткуп

Рускиот генерал потполковник Јуриј Кузњецов
Рускиот генерал потполковник Јуриј Кузњецов

Јуриј Кузњецов, шеф на главната кадровска управа на Министерството за одбрана на Русија, е уапсен под сомнение дека примил мито, изјави официјалниот претставник на Истражниот комитет на Русија, Светлана Петренко.

„Главната истражна управа на Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка против шефот на кадровската управа на Министерството за одбрана на Русија, Јуриј Кузњецов. Тој е осомничен за примање голем поткуп (6 дел од член 290 од Кривичниот законик на Русија)“, објави Петренко.

Според информациите на истрагата, Кузњецов од 2021-2023 година кога бил шеф на Осмата управа на Генералштабот примил поткуп од претприемач „за извршување одредени дејствија во нивна корист“.

При претресот кај генералот биле пронајдени пари во вкупна вредност од над 100 милиони рубљи во различни валути (околу еден милион долари), златници, колекционерски часовници и луксузни предмети.

Судот му определи мерка притвор на Кузњецов.

Путин неделава патува во Кина

Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг
Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг

Рускиот претседател Владимир Путин оваа недела ќе ја посети Кина на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг, соопшти во вторник (14 мај) кинеското Министерство за надворешни работи.

Путин ќе биде во Пекинг од четврток до петок, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјинг.

Кремљ во соопштение потврди дека Путин оди во Кина, наведувајќи дека тоа е негова прва посета во странство откако положи заклетва и го започна својот петти претседателски мандат.

Неколку дена пред Русија да ја започне својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Пекинг и Москва прогласија партнерство „без задржување“ и оттогаш ја зголемија трговијата на рекордно високо ниво.

Русија се потпира на Кина за клучна економска помош откако Западот воведе санкции кон Москва поради нејзината агресија во соседна Украина.

Дотогаш, Кина имаше корист од евтиниот руски увоз на енергија и пристапот до огромни природни ресурси, вклучително и стабилно снабдување со гас преку гасоводот Моќта на Сибир.

Нивното блиско економско партнерство, сепак, се најде под лупа на Западот, при што САД се заканија дека ќе ги санкционираат странските банки и компании кои соработуваат со Москва.

update

Блинкен во ненајавена посета на Украина: Новиот пакет оружје од САД пристигнува

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска (14 мај) во Киев изјави дека веќе пристигнува нов пакет оружје за Украина.

На средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на ненајавената посета на Киев, Блинкен рече дека ќе стигне уште оружје и дека „тоа ќе направи разлика“.

Зеленски му рекол на Блинкен дека на Украина сега и се потребни две батерии за противвоздушна одбрана за Харкив, откако Русија започна нова офанзива во областа минатата недела.

„Знаеме и дека помошта е на пат сега, некои веќе пристигнаа, а уште ќе пристигнуваат. И тоа ќе направи вистинска разлика против руската агресија на бојното поле“, рече Блинкен.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен доцна во понеделникот допатува во ненајавена посета на Украина, каде што е планирано да се сретне со украинските власти и да ја потврди континуираната поддршка на САД за Украина додека Киев се бори против руската инвазија, соопштија од Стејт департментот.

Блинкен треба да се сретне со претседателот Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и министерот за надворешни работи Дмитро Кулебa.

Блинкен и украинските власти треба да разговараат за „новите информации од бојното поле, влијанието на новата безбедносна и економска помош на САД, долгорочните безбедносни и други обврски“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Мулер.

Американскиот државен секретар во текот на денот ќе одржи говор пред студентите на Политехничкиот институт во Киев, додаде тој.

Во меѓувреме, украинската војска соопшти дека руските сили го засилиле нападот од големи размери на пограничниот регион Харкив и дека ситуацијата во областа на градот Вовчанск станала многу тешка и довела до евакуација на жителите.

Патријархот Порфириј доби забрана за влез во Косово

патријархот Порфириј
патријархот Порфириј

Властите во Приштина му забранија на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј и на седумте епископи кои го придружуваат да влезат во Косово, каде што за денеска беше закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќката патријаршија.

„Патријархот требаше да пристигне на Косово во попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре, од Приштина стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово“, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.

Пеќката патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.

Директорот на Канцеларијата, Петар Петковиќ, рече дека, согласно сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „спротивно на сите договори, (косовскиот премиер Албин) Курти негираше можност патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поддршка на својот народ и верници.

Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и вели „дека и самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.

„Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе“, наведе Порфириј.

Косовското Министерство за надворешни работи потврди дека го одбило барањето на патријархот на СПЦ да ја посети Патријаршијата во Пеќ, пренесоа косовските медиуми.

Забраната на косовските власти на поглаварот на Српската православна црква предизвика бројни реакции во Белград, при што најчеста оценка е дека тоа е „срамен“ и „нецивилизиран чин“, и „уште еден во низата потези со кои официјална Приштина ја покажува својата позиција и нетрпеливост кон Србите и Белград“.

Српската православна црква ја оквалификува одлуката како - „неразумна“.

Бајден го потпиша законот за забрана за увоз на збогатен ураниум од Русија

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша закон со кој се забранува увоз на збогатен ураниум, односно нуклеарно гориво за производство на електрична енергија во нуклеарните централи во Соединетите Држави од Русија.

Таа забрана за нуклеарно гориво ќе стапи на сила за околу 90 дена, но на Министерството за енергетика на САД му е дозволено да одобри исклучоци до 2027 година, во случај да има загриженост за недостиг на гориво.

Нацрт-законот, исто така, овластува 2,7 милијарди долари за финансирање на изградбата на американската индустрија за нуклеарно гориво, чии 24 отсто од збогатениот ураниум што се користи во нуклеарните централи доаѓа од Русија.

СПЦ ќе одржи Собор во Белград наместо во Косово поради забраната за влез на патријархот

Патријархот Порфирије, СПЦ
Патријархот Порфирије, СПЦ

Српската православна црква (СПЦ) ќе одржи Собор во Белград на 14 мај, наместо во Косово на 13 мај, како што беше планирано, по забраната за влез на патријархот на СПЦ Порфирије и седум владици во Косово, соопшти црквата.

Заседанието на Соборот на СПЦ ќе започне на 14 мај попладне во црквата Свети Сава во Врачар во Белград, соопшти СПЦ.

Тие наведуваат дека на 13 мај патријархот Порфирије и епископите требало да пристигнат во манастирот на Пеќката патријаршија на годишното собрание на Архиерејскиот собор.

„На административниот премин Мердаре беа запрени од службениците на привремените власти во Приштина и без никакво објаснување соопштија дека им е забранет влез во провинцијата“, соопшти СПЦ на 13 мај.

СПЦ наведува дека од гледна точка на човековите права и слободи, оваа одлука е неприфатлива и дека е „точна слика за позицијата на СПЦ и српскиот народ“ на Косово.

Се додава дека патријархот апелира до сите кои имаат влијание врз ситуацијата во Косово да овозможат слобода на движење и дека во најбрз можен рок ќе се сретне со верниците во Косово.
Министерството за надворешни работи и косовската дијаспора на 13 мај потврдија дека е забранет влезот на патријархот Порфири во Косово.

Србија не ја признава независноста, која Косово ја прогласи во 2008 година, а двете земји преговараат во Брисел со посредство на Европската унија за нормализација на односите.

Партиите имаат потпишано голем број договори, но не сите се спроведени.

Ќе се прегласува во Желино, „Европски фронт“ со обвинувања дека ќе им бидат одземени пратеници

Државна изборна комисија
Државна изборна комисија

Еден прифатен и еден отфрлен приговор поднесен од коалицијата Вреди е епилогот од денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК).

Прифатениот приговор се однесува за гласањето на избирачкото место 2102 во Желино. Поднесен е бидејќи 110 гласачи немале отпечаток од прст во фингер принт уредот, туку тие гласале само по матичниот број и скенирање на личната карта.

Најгласна на денешната седница беше потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху предложена од ДУИ, која на почетокот на седницата побара да бидат објавени записниците од гласањето на официјалната страница на Комисијата, но ваквото нејзино барање беше одбиено од членовите на Комисијата.

Таа ги повика и лицата кои работеле во архивата при поднесување на приговорите и бараше да кажат кој ги донел приговорите бидејќи, како што рече Шеху, овластениот претставник требало да го стори тоа. Останатите членови на ДИК и укажаа на Шеху дека е небитно кој ги донел овие приговори во архивата, бидејќи, како што посочија, сите биле потпишани од партијата.

Членот на ДИК, Абдуш Демири рече дека откако по пребројување и увидот на целокупниот изборен материјал се утврдило дека има едно гласачко ливче повеќе побара да се повтори гласањето на ова избирачко место.

Што по исходот од претседателските и парламентарните избори?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Шеху ги обвини претседателот на ДИК Александар Даштевски и другите членови дека им го ускратиле нејзиното право со тоа што беше одбиено нејзиното барање да се повикаат и да дојдат претставниците од оваа избирачко место.

Вториот приговор поднесен од „Вреди“ кој беше одбиен, се однесуваше на избирачкото место 1953 во Тетово – шестата изборна единица.

Даштевски истакна дека по направените проверки не биле утврдени никакви неправилности и предложи приговорот да се одбие како неоснован. Приговорот беше одбиен едногласно.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Во меѓувреме Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ обвини дека македонските политички партии во координација со коалицијата „Влен“ сакаат преку ДИК да му одземат еден до два пратенички мандата на „Европскиот фронт“.

Според Скендер Реџепи, лидер на партјата „Народно движење“ која е дел од „Европскиот фронт“ нема никаква логика партија која има победено во одредени избирачки места да поднесува приговори за тие изирачки места.

„свен ако единствена цел е да му се оневозможи на „Европскиот фронт“ да биде втора политика сила во земјата, иако легитмитетот го има добиено на демократски начин, рече Реџепи.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска почна со разгледувањето на 27 приговори поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Досега ДИК од поднесените приговори од коалицијата „Влен“ еден прифати, а еден отфрли.

За изборните резултати до ДИК се поднесени 27 приговори, девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.

Тешки борби во североисточна Украина, Русија почна масовни напади

Eвакуација во Харков, 12 мај 2024 година, Украина
Eвакуација во Харков, 12 мај 2024 година, Украина

Украинската војска соопшти дека руските сили го засилиле нападот од големи размери на пограничниот регион Харков и дека ситуацијата во областа на градот Вовчанск станала многу тешка, што доведе до евакуација на жителите.

Во својот утрински извештај од 13 мај, Генералштабот изјави дека руските сили имале „тактички успех“, иако борбите сè уште траат за Вовчанск, каде Русија фрлила до пет баталјони во битката. Се вели дека украинските резерви биле распоредени во областа за зајакнување на одбранбените линии.

Главниот воен командант на Украина, генерал-полковник Олександар Сирски ја нарече ситуацијата во областа „тешка“, но рече дека неговите сили прават се за да ги задржат своите одбранбени линии и позиции во регионот Харков.

„Ги знаеме плановите на непријателот и реагираме флексибилно на сите негови дејствија. Се преземаат сите неопходни мерки за зајакнување на одбраната и брзо се носат одлуките, вклучително и кадровските решенија“, додаде Сирски.

Се смета дека руските сили имаат за цел да добијат што е можно поголем импулс на бојното поле пред да пристигне новиот бран воена помош за Киев во наредните недели од САД и европските сојузници.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин, чија војска е критикувана дома за перцепиран недостаток на напредок и големи загуби за време на инвазијата на Украина, најави дека ќе го замени долгогодишниот сојузник Сергеј Шојгу како министер за одбрана.

Кремљ објави дека Шојгу (66) ќе биде заменет со поранешниот прв вицепремиер Андреј Белоусов (65), малку познат политичар кој е специјализиран за економски прашања без воено искуство.

Дописникот на РСЕ од терен јави дека луѓето се евакуираат од областа под постојано гранатирање на Вовчанск, каде пред војната имало околу 17.500 жители.

Вовчанск, град кој се наоѓа на околу 5 километри од руската граница, стана фокус на најновата руска офанзива додека силите на Кремљ се обидуваат да ги освојат населбите источно од Харков, вториот по големина град во Украина со население од 1,4 милиони пред војната.

Харков е исто така еден од најважните економски и индустриски центри на Украина и беше една од првичните цели на руската инвазија, доживувајќи тешки борби во пролетта 2022 година.

Одделно, руското Министерство за одбрана на 13 мај соопшти дека нејзината воздушна одбрана соборила 31 украински беспилотни летала и 16 проектили во текот на ноќта над регионите Белгород, Курск, Липецк и Крим окупирани од Москва.

Информиран извор за РСЕ изјави дека Украинската служба за безбедност (СБУ) извршила напади со беспилотни летала рано на 13 мај врз две инфраструктурни цели во руските региони Липецк и Белгород.

Цели на нападот биле магацинот за нафта „Осколнафт“ во близина на градот Стари Оскол во Белгород и 500-киловолтната трафостаница Јелецк во областа Липецк, изјави изворот.

Информацијата не можеше веднаш да биде независно проверена.

ЕУ: Новата претседателка Сиљановска Давкова имаше несреќен настап

Гордана Сиљановска Давкова, претседател на Република Северна Македонија
Гордана Сиљановска Давкова, претседател на Република Северна Македонија

Европската Унија се радува на заедничка соработка со избраните претставници во Северна Македонија, и со новата влада и со претседателот, повтори денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика, Петер Стано.

Тој одговарајќи на новинарско прашање рече дека јасен бил ставот на ЕУ која се залага да помогне за земјата да напредува и да го испорача очекуваното што ЕУ го зададе во однос на пристапувањето на Северна Македонија.

„Ние, искрено мислиме, очекуваме и веруваме дека новите власти ќе продолжат да испорачуваат и не би шпекулирале што ако не испорачаат. Новите власти имаат чист почеток, имаат можност да ги убедат сите во ЕУ дека се посветени на европската иднина земја на нивната земја и дека ќе направат сè што можат за се продолжи на успешниот пат на пристапување“, рече Стано.

На новинарско прашање да ги повтори позициите на ЕУ во однос на условите за натамошен напредок на Северна Македонија кон европската интеграција, рече дека вчера имале изјава за несреќниот настап на новата претседателка која не го спомена уставното име на земјата во давањето заклетва.

„Она што се очекува од Северна Македонија беше многу јасно наведено во последниот извештај за проширувањето во кој пишува дека во делот на регионалната соработка земјата одржала добри односи со другите држави од процесот на проширување и го продолжила учество во регионална иницијативи, постоечките билатерални договори треба, во добра волја, да се имплементираат од сите страни, вклучувајќи го и Преспанскиот договор склучен меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, вклучувајќи ги и протоколите. Ова е очекувањето од ЕУ“, рече Стано.

Тој беше прашан какви чекори планира да преземе ЕУ ако новото раководство продолжи да се однесува како на вчерашната инаугуративната церемонија на новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова. Нагласи дека ЕУ искрено смета, очекува и верува дека новите власти на земјата ќе продолжат да испорачуваат и затоа не би навлегувал во шпекулации „што или ако“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG