Достапни линкови

Вести

Столтенберг: Шведска ги исполни обврските кон Турција за влез во НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Шведска ги исполни своите обврски кон Турција, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по двочасовната средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турција веќе 13 месеци го блокира влезот на Шведска во НАТО, обвинувајќи ја за попустливост кон курдските активисти кои живеат на нејзина територија.

Столтенберг изрази надеж дека Турција ќе го одобри влезот на Шведска во НАТО пред самитот на шефовите на државите на земјите-членки на Алијансата на 11 и 12 јуни во Вилнус.

Меѓудругото, шефот на НАТО и се заблагодари на Турција што одговорила на барањето за испраќање засилување на северот на Косово.

Турското Министерство за одбрана вчера соопшти дека планира да испрати свои сили во Косово како одговор на барањето на НАТО да се приклучи на мировните сили на КФОР по немирите во северно Косово.

Столтенберг вчера присуствуваше на инаугурацијата на Ердоган, кој го започна својот трет претседателски мандат, што ќе трае пет години.

види ги сите денешни вести

Косовската полиција врши претреси во три општини на северот

илустрација

Косовската полиција во петокот на 29 септември соопшти дека врши проверки на пет локации во три општини на северот на Косово, во врска со нападите врз полицијата во селото Бањска во општина Звечан.

Во судирите меѓу полицијата и вооружените групи во Бањска на 24 септември загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.

Според информациите на Радио Слободна Европа на терен, полициски службеници во Северна Митровица се во близина на градската болница и ресторанот Греј.

Се претпоставува дека овој ресторан е во сопственост на Ема Радојчиќ, сопругата на Милан Радојчиќ, потпретседателот на Српската листа, кого косовските власти го обвинуваат дека го организирал и учествувал во нападот во Бањска.

Полицијата соопшти дека проверките ги врши во координација со мисијата ЕУЛЕКС за владеење на правото и мисијата на НАТО на Косово, КФОР.

Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља објави видео од дрон на кое вели дека се гледа Радојчиќ вооружен во униформа.

На 28 септември, Собранието на Косово усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција во Бањска и се наведува потребата од меѓународна истрага за улогата на Србија во тој напад.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на косовскиот премиер Албин Курти.

Нападот во Бањска го осудија САД и Европската Унија. Многу членки на Европската Унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа.

Затворањето на американската влада е сѐ поизвесно

Американски конгрес

Прекинот на работата на американската федерална влада е сè поизвесно поради спорот меѓу демократите и републиканците за буџетските трошења во Конгресот. Затворањето, една минута по полноќ на 1 октомври, ќе наруши многу услуги, ќе влијае на вработените во владата и ќе предизвика нови нарушувања во американската политика, пренесува Гласот на Америка.

Демократите во Сенатот гласаа да се отвори дебата за нацрт-законот со кој се продолжуваат федералните трошоци до 17 ноември, но републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом, веќе рекоа дека нема да го поддржат усвојувањето на тој закон.

Според „Вашингтон пост“, прекинот на работата на владата значи дека милиони федерални вработени и членови на војската ќе престанат да добиваат плата и дека многу од нив ќе мора да се појавуваат на работа.

Во исто време, некои национални паркови и музеи ќе бидат затворени, а ќе има нови прекини и одложувања на аеродромите низ САД. Затворањето на владата ќе влијае и на најважните федерални програми за помош, како што е онаа што им помага на жртвите од смртоносните шумски пожари во Мауи, Хаваи.

Во меѓувреме Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за одбрана, јавија британските медиуми, забележувајќи дека тоа се случи откако претседателот на Долниот дом на американскиот Конгрес, Кевин Мекарти, го отстрани финансирањето за Украина, на барање на тврдокорните членови на неговата Републиканска партија.

Во меѓувреме Претставничкиот дом на САД, исто така, усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за домашна безбедност.

Предлог-законите се меѓу неколкуте изгласани законски проекти, на крајот на седницата во текот на ноќта, што меѓутоа нема да спречи делумно затворање на владата, од недела, 1 октомври.

Стано за Денот на жалост во Србија: Напаѓачите никогаш не треба да се поистоветуваат со жртвите

Петер Стано, портпарол на Европската унија

Европската унија (ЕУ) е суштински против глорификацијата на криминалците, терористите и жалењето за нив, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано по повод прогласувањето ден на жалост во Србија по конфликтот во селото Бањска во општината на Звечан на северот на Косово.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано потврди дека на 25 септември, кога беше прогласен ден на жалост во Косово, Канцеларијата на ЕУ во Приштина го подигна знамето на ЕУ на половина копје во чест на убиените и ранетите косовски полицајци, „жртви на страшниот терористички напад во неделата“.

Тој рече дека тоа не го направила делегацијата на ЕУ во Белград на 27 септември, кога во Србија беше ден на жалост.

„Напаѓачите никогаш не треба да се поистоветуваат со жртвите“, рече Стано во писмениот одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во неделата, на 24 септември, косовската полиција го истражуваше подрачјето околу селото Бањска на северот од земјата, кога во раните утрински часови група маскирани и вооружени лица ја нападнаа полицијата на северот на Косово.

Во таа прилика е убиен еден полицаец, додека во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност. Овој напад го осуди меѓународната заедница, а ЕУ оценува дека станува збор за „терористички напад“.

Претставниците на ЕУ продолжуваат да инсистираат дека е неопходна истрага за нападот во Бањска и дека ЕУ ќе одлучи како да продолжи врз основа на резултатите од истрагата.

„Она што се случи во неделата беше многу сериозно и треба да се разјасни бидејќи ќе има последици“, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

„Ова беше терористички напад и терористичкиот напад треба да се истражи. И одговорните за него треба да бидат изведени пред лицето на правдата. И секој кој има се што е вклучено што може е должен да учествува и да соработува за да се осигура дека овој терористички напад не само што е целосно истражен , но правдата да биде задоволена за оние кои го планирале, што го извршиле и кои стојат зад овој напад“, подвлече Стано.

Додека Косово ја обвинува Србија дека стои зад нападот, Србија тоа го негира.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека за него напаѓачите на косовската полиција не се терористи.

„За мене, како претседател на Србија, тие луѓе никогаш нема да бидат терористи. Дали можам да го оправдам убиството на полицаецот...нема оправдување и поради тоа државните органи на Србија ќе преземат чекори“, рече Вучиќ. во интервју за јавниот сервис РТС.

Многу членки на ЕУ бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска.

Лога на средба со Синдикатот на УПОЗ за барањата на судската и јавнообвинителската служба

Министерство за правда

Министерот за правда, Кренар Лога, се сретна со претставници на Синдикатот на УПОЗ, соопштија од министерството. На средбата се разговарало за актуелните протести, проблеми и барања со кои се соочуваат судската и јавнообвинителската служба.

„Министерството за правда ќе достави информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледа можноста за отпочнување на процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ со цел да се најде заедничко решение и да не се закочи процесот со движење на предмети во судовите и јавните обвинителства“, се наведува во соопштението од Министерството.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски, како што се наведува во соопштението, изразил благодарност до министерот Лога за неговите напори и заложби за решавање на проблемите на вработените.

Вработени во судската администрација, поделени во два синдикати, денеска во истовреме протестираа низ центарот на Скопје со исти барања - повисоки плати за 78 отсто и да им се исплатат додатоците на плата од 35 отсто, што не ги земаат со месеци.

Поворката собрана зад големиот бел транспарент „Бараме плата за достоинствен живот“, помина и пред зградата на Собранието, кое се наоѓа на стотина метри од зградата на ССМ, а потоа низ центарот на градот, се до пред Влада.

Се истражува евентуална руска вмешаност за нападот во Бањска

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, изјави дека Косово ја истражува евентуалната вмешаност на Русија во нападот врз полицијата во Бањска во Звечан.

На 24 септември, наредникот Африм Буњаку беше убиен, а неколку полицајци беа повредени откако органите на редот беа нападнати од вооружена група. Исто така, при размена на оган загинаа и тројца осомничени напаѓачи.

Косово ја обвини Србија за овој напад, кој го нарекува терористички. Белград негираше дека е вмешан во настаните во Бањска и Звечан.

Свечла во интервју за „Асошиетед прес“ рече дека истражителите бараат докази кои ја поврзуваат Русија со вооружениот напад. Руското оружје и опрема и други документи укажуваат на вмешаноста на Русија во вооружениот напад, рече тој.

„Она што со сигурност го знаеме е дека (напаѓачите) дошле од Србија. Некои од нив се косовски Срби, кои имаат двојно државјанство - косовско и српско и според информациите од нашите разузнавачки служби, тие биле обучени во кампови во Србија. Најдовме некои документи поради кои се сомневаме дека имало и луѓе од Русија. Што се однесува до опремата имаме докази, но за поединците се уште само се сомневаме“, изјави Свечла.

На Запад постои страв дека Русија, дејствувајќи преку Србија, би можела да има за цел да го дестабилизира Балканот и да го оттргне вниманието од нејзината окупација на Украина. Русија и понуди поддршка на Србија по нападот во Бањска, обвинувајќи го Западот дека не ги заштитил косовските Срби.

Свечла рече дека врз основа на собраните сведоштва и снимките од дрон, некои од напаѓачите, кои тој ги нарече „терористи“, носеле маски за време на операцијата.

„Дури и членовите на групата кои беа уапсени не знаеја кои се тие. Значи, или се високи функционери на српскиот безбедносен сектор или дошле директно од Русија.

Според него, целта на операцијата очигледно била да се преземе контрола врз северот на Косово со крајна цел да се одвои оваа област населена претежно со Срби од остатокот на земјата.

„Тие имаа над 100 униформи. Планираа да регрутираат повеќе луѓе во (заедниците) каде што живеат Србите...Косовските институции тогаш ќе треба да се соочат со неколку стотици терористи, според сценариото што го планираа“, рече тој.

Овие тврдења тој ги засноваше и на големиот број оружје што според него полицијата го пронашла во Бањска.

Според Свечла, опасноста од ново востание не поминала.

„Немаме конфликт, но имаме информации дека обуката на такви терористи продолжува во Србија. Во Косово сè уште има луѓе кои се дел од оваа група“, изјави Свечла за „Асошиетед Прес“.

За настаните во Бањска во моментов се уапсени четири лица, а на 25 септември полицијата покажала оружје и друга опрема за која велат дека биле запленети во ова село.

Свечла претходно презентира снимки од дрон, велејќи дека на нив се гледа потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, вооружен во Бањска. Косовскиот функционер изјави дека Радоичиќ го водел и учествувал во нападот на 24 септември.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан. Сепак, тој рече дека не ја знае целта на нападот на групата врз косовската полиција.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија најостро го осудија нападот и побараа одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.

Лога: Одговорноста за измените на Кривичниот законик е на Собранието

Кренар Лога, министер за правда

Одговорноста за измените на Кривичниот законик е на Собранието. Тие измени се направени со глас на одредени пратеници, изјави министерот за правда Кренар Лога.

На прашањето дали ја овластил заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ да го потпише предлог законот за измена на Кривичниот законик, министерот Лога, рече дека заменикот министер има право во негово во отсуство да биде предлагач, а останува Владата да се изјасни со гласање.

„Не се согласувам со квалификациите. Така што, заменик-министерот има право како и секој министер во Владата кога министерот е отсутен и може да биде предлагач на се и сешто. Значи, останува после поддршката на Владата изјаснета со гласање дали е за тоа или не. Како и да е, и да е како што вие го кажувате предлогот, одговорноста е на Собранието на РСМ. Значи, тие измени се направени со глас на одредени пратеници“, изјави Лога.

Прашан, директно дали тој ја овластил заменик министерката да потпише вакво предлог, Лога рече дека овластувањето е пропишано во Законот за влада.

„Овластувањето е пропишано во Законот за влада, така што јас не сум никој што може со обична хартија да овластува или да деовластува кој било во државата“, изјави Лога.

Во однос на тоа дали работната група што ги напиша измените е истата што работи и новиот Кривичниот законик, Лога рече дека за ова прашање треба да се изјасни Аврамовска - Мадиќ.

„Најодговорно тврдам дека работната група има работено на драфт верзијата за нов Кривичен законик и нема работено во овие измени кои беа предложени од страна на заменичката. За кој дел од тимот кој ги има предложени ќе треба да се изјасни заменик-министерот за правда“, изјави Лога.

Со законските измени на Кривичниот законик кои Собранието ги изгласа на 6 септември, во членот за делото злоупотреба на службената положба и овластувања се укина еден став, а се воведе и горна граница на казната која сега е до пет години затвор. За злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, казната се намали од максимални 10 на најмногу три години затвор.

Додека македонската влада го бранеше донесувањето на измените со усогласување со европската регулатива, Европската комисија критикуваше дека измените на Кривичниот законик биле донесени без комуникација со нив, ниту пак со домашните чинители.

Во реакцијата на Европската комисија е наведено дека ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените на Кривичниот законик се усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, а кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста ќе влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво.

Вучиќ бара повлекување на косовската полиција

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ повика на повлекување на припадниците на косовската полиција од северот на Косово.

На состанокот на 28 септември во Белград со министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Расмусен, Вучиќ ги повика претставниците на меѓународната заедница да ги преземат сите мерки за да се спречат „опасните и неодговорни потези на Приштина и да се заштити српското население“, објави претседателството на Србија.

Како што се наведува, Вучиќ го означи развојот на ситуацијата во Косово како „најкомплицирана и најопасна досега“ и додаде дека настаните од 24 септември „се најјасен показател за намерата на Приштина да спречи каков било договор со Белград“.

Во соопштението се наведува дека Србија е „подготвена да работи на продолжување на дијалогот со посредство на Европската унија“.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица во близина на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово. Во конфликтот загинал полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина се повредени.

После тоа, во размената на оган загинаа тројца српски напаѓачи.

Косово го смета нападот за терористички и ја обвинува Србија за тоа, додека Белград негира дека има некаква врска со нападот.

Групата која ја нападна косовската полиција, како што тврди официјална Приштина, ја предводел Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српската листа, најголемата српска партија на Косово, која има поддршка од Белград.

Приштина овие тврдења ги темели на видеа снимени со дрон, кои ги објави министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, тврдејќи дека на нив се гледа Радоичиќ.

На 27 септември, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за Радио телевизија Србија изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан.

На прашањето дали видеото е автентично и дали Радоичиќ бил во Бањска, Вучиќ одговори дека тоа ќе го утврдат надлежните органи.

„За мене, како претседател на Србија, тие луѓе никогаш нема да бидат терористи. Дали можам да оправдам убиство на полицаец, нема оправдување и поради тоа државните органи на Србија ќе преземат чекори“, рече Вучиќ.

Косовската полиција откри арсенал оружје од различен калибар, автомобили, униформи и други предмети планирани за напад во областа Бањска.

Осум лица беа уапсени по 24 септември.

Нападите на косовската полиција ги осудија САД и Европската унија, а упатија и повици сторителите да се изведат пред лицето на правдата.

Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, соопштија дипломатски извори на Радио Слободна Европа (РСЕ), без да го прецизираат бројот на инволвирани земји.

Косово со резолуција бара меѓународна истрага за нападот во Бањска

Косовскиот премиер Албин Курти, архивска фотографија.

Собранието на Косово на 28 септември усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција на 24 септември во Бањска, општина Звечани. Во неа се наведува потребата од меѓународна истрага за Србија и за нејзината улога во овој напад.

Резолуцијата беше усвоена со 97 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“ или воздржан.

Косовскиот премиер Албин Курти го повика меѓународниот фактор да ја казни Србија за нападот во Бањска, во кој беше убиен косовски полицаец.

„Ако остане неказнето, тогаш ќе го повтори делото“, рече тој на седницата на Собранието, која започна со едноминутно молчење за убиениот полициски наредник Африм Буњаку.

Косовското собрание се согласи да подготви резолуција за осуда на нападите врз косовската полиција во селото Бањска во северно Косово.


Во судирите меѓу полицијата и вооружената група во Бањска во општина Звечан загинаа полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.

Курти побара и од државите партнери на Косово да ги прогласат за терористички организациите „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“.

На 29 јуни, Владата на Косово ги прогласи за терористички овие две организации, за кои се верува дека дејствуваат на северот на Косово и дека имаат стотици членови од српската заедница.

Нападот во Бањска го осудија САД и Европската унија. Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа.

Едно лице загина, 160 се повредени во експлозија во Ташкент

илустрација

Силна експлозија во текот на ноќта погодила магацин во близина на главниот аеродром во главниот град на Узбекистан Ташкент, при што загинало 16-годишно момче, а најмалку 160 лица биле повредени.

Најмалку 24 лица се во критична состојба на единиците за интензивна нега во локалните болници, јавува узбекистанскиот сервис на РСЕ.

Силната експлозија, која се случила околу 3 часот по полноќ во областа Сергели во главниот град на Узбекистан, била придружена со голем пожар.

Министерството за одбрана соопшти дека околу 1 000 војници биле вклучени во санирањето на последиците од инцидентот. Властите отворија истрага за причините за експлозијата што го погоди магацинот на Интер Логистик.

Експлозијата, наводно, искршила прозорци во блиските станбени блокови, продавници и други згради. Узбекистанската национална новинска агенција UzA објави дека и покрај експлозијата, меѓународниот аеродром Ислам Каримов, најголемиот во Узбекистан, работи нормално.

Пожарите предизвикани од застарена опрема и непочитување на безбедносните стандарди се редовна појава во Узбекистан.

Вршителот на должноста градоначалник на Ташкент, Шавкат Умурзаков, вети дека во рок од два до три дена градот ќе ги обештети оние чии куќи беа оштетени од експлозијата.

Столтенберг од Киев: Украинската војска постепено освојува територии

Володомир Зеленски и Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 28 септември пристигна во ненајавена посета на Киев, од каде изјави дека украинските сили постепено освојуваат територии во контраофанзива против руските сили.

Зборувајќи на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Столтенберг кажа дека руските сили се борат за „империјалните заблуди“ на Москва, пренесоа британските медиуми.

Столтенберг наведе дека НАТО сега има големи рамковни договори со компании за производство на оружје во вредност од 2,4 милијарди евра за муниција, вклучувајќи и милијарда евра во цврсти нарачки.

Тој рече дека таквите договори ќе им овозможат на членките на НАТО да ги надополнат своите исцрпени залихи, додека ќе продолжат да ја снабдуваат Украина со муниција.

Столтенберг, исто така, ги осуди руските воздушни напади во близина на украинската граница со Романија, која е членка на НАТО.

Тој додаде дека нема докази дека овие напади биле намерно насочени кон Романија и нагласи дека тие биле „непромислени“ и „дестабилизирачки“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG