Вести
Пронајдени двете тинејџерки кои беа исчезнати
Пронајдени се двете тинејџерки на возраст од 12 и 15 години кои цели два дена не се вратиле дома, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според полицијата, тинејџерките биле пронајдени денеска во 13.30 часот на улицата „Џон Кенеди“, кај продажен објект во паркот, од страна на полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар.
„Пронајдени се малолетничките М.К.(15) и А.А.(12), за кои на 30.03.2023 во вечерните часови беше пријавено дека се оддалечиле“, се вели во соопштението на МВР.
Од МВР велат дека откако ќе го документираат случајот, малолетничките ќе им бидат предадени на родителите.
Исчезнувањето на двете тинејџерки го пријавија нивните родители во полициската станица Бит Пазар дека не се вратиле дома.
Во кусото полициско соопштение за исчезнувањето беше наведено дека 15 годишното девојче и претходно, во повеќе наврати се оддалечувало од домот и била враќана дома со полициска придружба.
Таткото на 12 годишното девојче јавно преку дел од медиумите упати апел за помош во нејзиното пронаоѓање. Тој за ТВ 21 изјави дека последен пат ја видел ќерка си вчера во 7 часот наутро пред да ја испрати во училиште.
види ги сите денешни вести
Трамп потпиша извршна наредба за запирање на мигрантите за влез преку јужната граница
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за запирање на влегување на мигранти во САД преку јужната граница со Мексико, соопшти Белата куќа.
Документот им наложува на Одделот за домашна безбедност, Министерството за правда и Стејт департментот да го забранат влезот на илегалните мигранти преку јужната граница, да ги вратат во татковината и да ги протераат.
Покрај тоа, наредбата го ограничува правото на овие лица да останат во САД под изговор дека бараат азил.
Претходно, Пентагон соопшти дека на границата со Мексико ќе бидат распоредени дополнителни 1500 војници.
Дополнителните трупи вклучуваат 500 маринци, како и екипажи на армиските хеликоптери и разузнавачки аналитичари. Тие ќе им се придружат на 2200 активни воени лица и илјадници војници на Националната гарда, кои беа на границата пред инаугурацијата на Трамп.
Трамп за време на првиот мандат нареди нареди распоредување на 5200 војници за обезбедувањето на границата со Мексико. Демократот и поранешен претседател Џо Бајден, исто така, испрати војници на границата.
Бербок не ја исклучува можноста за учество на Германија во мировна мисија во Украина
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека евентуалната мировна мисија во Украина треба да вклучува Европејци, како и претставници од други региони, и не ја исклучи можноста за учество на германски претставници.
Во однос на можноста за испраќање германски трупи во Украина, Бербок нагласи дека разгледува „различни елементи на стабилни мировни напори во соработка со клучни европски партнери и Украина“.
„Мировната мисија може да биде дел од овие напори. Секако, потребно е учество на нас, Европејците, но и на други региони. Знаеме дека колку е поголема меѓународната обврска, толку се мисиите постабилни. Истовремено, тоа вклучува и земји надвор од Европа, со кои рускиот претседател Владимир Путин е заинтересиран за добри односи. Во овој контекст, нашето учество на други континенти, било во развојни или во безбедносни области е многу важно“, изјави Бербок во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Бербок истакна дека членството на Украина во Европската Унија и НАТО претставува „гаранција за живот“. Таа нагласи дека еден од нејзините најважни приоритети во изминатите три години била промоцијата на процесот на проширување на ЕУ.
„На самитот на НАТО во Вашингтон јасно ставивме до знаење дека иднината на Украина е во Алијансата, исто како што тоа беше случај со неколку земји од Западен Балкан по нивните искуства со војна. За траен мир е потребна реална перспектива,“ подвлече Бербок, нагласувајќи дека крајот на војната е во рацете на Путин“, нагласи Бербок.
Таа додаде дека новата американска администрација јасно дала до знаење дека постигнувањето мир во согласност со евроатлантските интереси е потешко и не може да се реши за 24 часа.
Еден загинат, 16 повредени во руски напад во Запорожје
Во рускиот ракетен напад врз јужниот украински град Запорожје во четврток (23 јануари) едно лице загина, а 16 се ранети, изјави регионалниот гувернер.
„Рускиот ракетен напад врз Запорожје однесе еден живот. Загина 47-годишен маж“, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров на Телеграм.
„Меѓу 16-те повредени има и двомесечно бебе. Станбените згради беа оштетени од удар. Експлозивниот бран ги проби прозорците и оштети покрив“, рече гувернерот.
Нападот беше последен во засилената серија напади врз јужна Украина, додека Москва и Киев се борат за предност во првите денови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во средата, Трамп го засили притисокот врз рускиот колега Владимир Путин да склучи мировен договор со Украина, заканувајќи се со поостри економски мерки доколку Москва не се согласи да стави крај на речиси тригодишната војна, пишува АФП.
Пред неговата инаугурација во понеделникот (20 јануари), Трамп вети дека ќе стави крај на војната во Украина веднаш по преземањето на функцијата, зголемувајќи ги очекувањата дека ќе ја искористи помошта за да го принуди Киев да направи отстапки за Русија, која изврши инвазија во февруари 2022 година.
Мексико гради привремени засолништа како подготовка за депортации од САД
Мексиканските власти почнаа да градат огромни шаторски засолништа во градот Сиудад Хуарез за да се подготват за можен прилив на Мексиканци согласно со масовните депортации што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп.
Привремените засолништа во Сиудад Хуарез ќе имаат капацитет да сместат неколку илјади луѓе и треба да бидат готови за неколку дена, изјави општинскиот функционер Енрике Ликон, пренесува Ројтерс.
„Ова е без преседан“, рече Ликон додека работниците ги растовараа долгите метални потпори од тракторски приколки паркирани покрај Рио Гранде, реката што го дели градот од Ел Пасо во Тексас.
Шаторите во Сиудад Хуарез се дел од планот на мексиканската влада да подготви засолништа и прифатни центри во девет градови низ северно Мексико.
Властите на локациите на депортираните Мексиканци ќе им обезбедат храна, привремено сместување, медицинска нега и помош за добивање лични документи, се вели во владиниот документ во кој се опишува стратегијата наречена „Мексико ве прегрнува“.
Владата, исто така, подготвува голем број автобуси за превоз на Мексиканците од прифатните центри назад во нивните родни места.
Трамп вети дека ќе ја спроведе најголемата акција за депортација во историјата на САД и ќе отстрани милиони имигранти од земјата. Сепак, операција од тој размер веројатно би траела со години и би била многу скапа.
Речиси пет милиони Мексиканци живеат илегално во САД, според анализата на мексиканскиот тинк-тенк El Colegio de la frontera norte, врз основа на неодамнешните податоци од американскиот попис.
Инспекциски контроли на десетици училишта во Србија
Просветни инспектори во Србија досега извршиле контроли на 84 основни и средни училишта во Србија чија работа е блокирана, соопшти ресорното министерство додавајќи дека инспекцискиот надзор продолжува и во училиштата каде дел од наставниците го блокираат наставно-образовниот процес.
Во соопштението се наведува дека надзорот го вршат општински, градски, покраински и републички инспектори.
Министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ оцени дека блокадите во образованието не се предвидени со закон и дека секој што учествува во нив „мора да биде свесен дека тие повлекуваат последици согласно законот“.
„Најголема штета од блокадата на наставно-образовниот процес трпат учениците, бидејќи со неодржување настава децата не стекнуваат знаења, не се подготвуваат за завршниот испит на крајот од основното образование и матурските испити на завршување на средното образование“, рече Ѓукиќ Дејановиќ, додавајќи дека Министерството побарало од училиштата увид во планот за компензација.
Таа додаде дека „таквиот начин на нарушување на наставно-образовниот процес може да резултира со продолжување на учебната година и да влијае врз организацијата на приемните испити за упис во специјализираните одделенија на средните училишта и уметничките училишта, завршниот испит кој е планиран за 16, 17 и 18 јуни“, како и одржување на матурски испити во средните училишта“.
Некои вработени во училиштата во Србија продолжија со прекинот на работа на 22-ри јануари до можна конечна одлука за генерален штрајк во образованието.
Самостојниот синдикат на наставници соопшти дека нема настава во голем број училишта низ државата или дека часовите се скратени од 45 на 30 минути.
Српското Министерство за образование на 21 јануари соопшти дека наставата се одвива во повеќе од 96 отсто од основните и средните училишта, додека Независниот сојуз наведува дека нема прецизни податоци, но дека најголем број училишта и гимназии во Белград се целосно затворени.
Наставниците кои штрајкуваат бараат повисоки плати и подобри услови за работа во образованието.
Тие не го прифатија претходниот договор меѓу четирите репрезентативни синдикати и српската влада за зголемување на платите и мораториум на штрајковите.
Наставниците кои штрајкуваат им даваат поддршка и на студентите кои два месеца ги блокираат факултетите, барајќи одговорност од властите за смртта на 15 луѓе во уривањето на бетонската настрешница на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Косово потпиша договор со Европската асоцијација за слободна трговија
Косово потпиша договор за слободна трговија со земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), која ги вклучува Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
На церемонијата на потпишувањето во Давос, Швајцарија, членките на ЕФТА и косовскиот премиер Албин Курти рекоа дека договорот ќе донесе взаемна корист.
Договорот нуди бројни можности, меѓу кои и увоз и извоз на стоки. Производите со потекло од Косово ќе можат да се извезуваат во земјите на ЕФТА, а локалните компании нема да мора да плаќаат царина за нив.
Домашните производители досега беа принудени да плаќаат и до 10 отсто дополнителни царини.
Договорот е постигнат по повеќе од две години преговори, а според претседателката на ЕФТА, Сесилија Мирсет, Косово е првата земја од регионот на Западен Балкан која на нејзино барање ги вклучила услугите во овој договор.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека овој договор отвора поглавје за зајакнување на економските односи, како и за подобрување на трговските односи меѓу неговата земја и членките на ЕФТА.
„Договорот што го потпишуваме денеска воспоставува рамка за трговски односи меѓу земјите на ЕФТА и Косово и ќе создаде нови можности со тоа што ќе му овозможи пристап на Косово до пазарите на ЕФТА. Ова отвора нови можности за извоз за нашите компании и подлабока интеграција во европската економска рамка, овозможувајќи ни да се натпреваруваме во поголем обем“, рече Курти на церемонијата на потпишување.
Средба Вучиќ - Зеленски во Давос: Надеж за продолжување на „добрата соработка“
Српскиот претседател Александар Вучиќ во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос на 22 јануари рече дека „се надева на продолжување на добрата соработка меѓу двете земји“.
Вучиќ и Зеленски, како што наведе, разговарале за „актуелната геополитичка и регионална ситуација, за можностите за постигнување одржлив мир и стабилност на европскиот континент, како и за енергетската безбедност“.
„Изразив надеж за континуирана добра и отворена соработка меѓу двете земји со цел подобар живот на нашите граѓани и взаемна поддршка на нашиот заеднички европски пат“, објави Вучиќ на Инстаграм.
Во изјавата за новинарите во Давос, Вучиќ рече дека политиката на Европската унија дека напредокот на патот се заснова на заслуги е „делумно лага“.
Србија, рече тој, „најдобро ги испорача резултатите“ што ЕУ ги побара од неа за реформската агенда и планот за раст во декември.
„Тие ветија дека ќе го отворат кластерот 3 и дали го отворија? Го отворија за оние за кои самите рекоа дека се послаби во исполнувањето на тие услови, и на мене и на сите други. Со што може да се каже дека не е бас според заслуга, туку малку е по тоа кој повеќе им се допаѓа, а кој не“, рече Вучиќ.
Кластерот 3, кој Србија чека да го отвори, се однесува на конкурентноста и инклузивниот раст.
Пристапните преговори беа забавени поради одбивањето на Белград да воведе санкции кон Русија по нејзината агресија врз Украина.
Некои земји членки на Европската унија се незадоволни и од ситуацијата во Србија во однос на владеењето на правото, слободата на изразување и немањето напредок во дијалогот со Косово.
По пауза од декември 2021 година, Србија го отвори Кластерот 4 на крајот на 2024 година, кој вклучува Зелена агенда и одржливо поврзување.
Поднесено уште едно обвинение за нападите врз припадници на КФОР во Косово
Специјалното обвинителство на Косово објави дека подигнало обвинение против едно лице за нападите од мај 2023 година врз членови на мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР.
Како што се наведува во соопштението, Министерството за правда го сомничи обвинетиот дека на 29.05.2023 година во соработка и координација со други обвинети од српска националност од Косово, со употреба на насилство, оружје и други средства „нанел телесна повреда и материјална штета“.
Обвинителот на Специјалното обвинителство побара Судот да го прогласи осомничениот за виновен, да го казни согласно законот и да му го продолжи притворот до завршување на оваа кривична постапка“, се вели во соопштението.
Насилството во Звечан избувна кога локалните Срби се спротивставија на влегувањето на новите албански градоначалници во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток - општини во северно Косово населени со српско мнозинско население, по локалните избори во мај 2023 година, кои тие ги бојкотираа.
Косово ја обвини Србија за настаните на почетокот на 2023 година во Звечан, наведувајќи дека тие биле извршени од „криминални групи блиски до српскиот претседател Александар Вучиќ“.
Србија ги отфрли ваквите обвинувања, обвинувајќи го косовскиот премиер Албин Курти дека сака да турне Србите „кон конфликт со НАТО“.
Неколку десетици лица досега се уапсени за слични злосторства поврзани со нападот врз војниците на КФОР во Звечан на 29 мај 2023 година, но повеќето од нив се пуштени да се бранат од слобода.
Во судирите беа повредени 93 припадници на КФОР, од кои некои се здобија со тешки повреди.
Поради насилството на северот, како и нападот врз косовската полиција во Бањска кај Звечан во септември минатата година, КФОР го зголеми своето воено присуство на Косово.
КФОР е третата по големина сила одговорна за безбедноста на Косово, по косовската полиција и мисијата на Европската унија за владеење на правото ЕУЛЕКС.
Трамп сака да го укине правото на американско државјанство при раѓање во САД
Неколку часа откако положи заклетва на 20 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша серија извршни наредби за исполнување на предизборните ветувања, вклучително и одземање на правото за стекнување државјанство за оние кои се родени во САД.
Оваа извршна наредба, насловена како „Заштита на значењето и вредноста на американското државјанство“, го исклучува правото на државјанство за бебињата родени во Соединетите Американски Држави чии родители не се ниту државјани ниту законски жители спо право на постојан престој. Тоа е дел од сеопфатната акција за сузбивање на имиграцијата што Трамп ја најави на својот прв ден на функцијата.
Извршната наредба, која стапува на сила за 30 дена (19 февруари), потенцијално влијае на десетици илјади деца родени во земјата секоја година чии родители се без правен статус, вклучувајќи ги и децата на оние на кои им е одобрен азил, но се уште немаат постојан престој или државјанство или на странци кои имаат долгорочни H-1B работни дозволи.
Групите за човекови права, очекувајќи го потегот на Трамп, веќе поднесоа тужба до федералниот суд за да се спречи наредбата да стапи во сила, нарекувајќи ја сурова и спротивна на вредностите за кои се залага земјата.
Околу 22 држави предводени од демократите, заедно со округот Колумбија и градот Сан Франциско, исто така поднесоа слична тужба.
Џејш Ратод, професор по право и директор на Клиниката за правда за имигранти на Правниот факултет на Американскиот универзитет во Вашингтон, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) дека случајот на крајот би можел да заврши во Врховниот суд, кој се сврте надесно откако Трамп во неговиот првиот мандат назначи тројца судии во институцијата составена од девет судии.
„Мислам дека она што се прави овде е да се постави тест случај што ќе помине низ федералните судови. Не би бил изненаден ако Врховниот суд на крајот го преиспита ова прашање“, рече Ратод.
Парламентот на ЕУ ги осуди „лажните“ избори во Белорусија
Европскиот парламент ги осуди претстојните претседателски избори во Белорусија со резолуција која го означува процесот како „измама“, додека беа упатени критики кон режимот на авторитарниот владетел Александар Лукашенко.
Европските пратеници на 22 јануари гласаа за одобрување на резолуцијата со големо мнозинство со 567 гласови за, 25 против и 66 воздржани. Гласањето се случува четири дена пред претседателските избори на 26 јануари на кои Лукашенко лесно ќе победи поради недостаток на сериозни противници.
Резолуцијата дава мрачна слика за политичкото опкружување во Белорусија, каде што 70-годишниот Лукашенко е на власт од 1994 година. Гласањето овој викенд се првите претседателски избори по гласањето во 2020 година кое предизвика масовни немири откако Лукашенко беше прогласен за победник и покрај тврдењата на опозицијата и многу западни влади дека гласањето било наместено.
Резолуцијата „го повторува своето непризнавање на изборот од 2020 на Аљаксандар Лукашенко на функцијата претседател на Белорусија; го смета актуелниот режим во Белорусија за нелегитимен, нелегален и криминален; ја потврдува својата непоколеблива поддршка за белорускиот народ во нивната потрага на демократија, слобода и човекови права“.
Исто така, се забележува дека над 1.250 политички затвореници се држат во притвор во Белорусија, од кои многумина се соочуваат со тортура, услови опасни по живот и одбивање да им биде овозможена медицинска нега.
Пратениците го осудија „недостигот од слобода, правичност и транспарентност пред таканаречените претседателски избори во Белорусија и ја повикаа ЕУ, нејзините земји-членки и меѓународната заедница, категорично да ги отфрлат претстојните избори во Белорусија и предизборната кампања како лажна, бидејќи не ги исполнуваат минималните меѓународни стандарди за демократски избори“.
Минатата недела, Соединетите Држави рекоа дека гласањето во Белорусија не може да биде слободно или фер поради „репресивно опкружување“ каде што на гласачките ливчиња може да се појават само кандидати одобрени од режимот, а членовите на опозицијата се или затворени или во егзил.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете