Достапни линкови

Вести

Ердоган побара од парламентот да гласа за кандидатурата на Финска за НАТО

Финскиот претседател Саули Нинисто во посета на Турција, 17 март, 2023
Финскиот претседател Саули Нинисто во посета на Турција, 17 март, 2023

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска стави крај на повеќемесечните одложувања и побара од парламентот да гласа за кандидатурата на Финска да се приклучи на одбранбениот блок на НАТО.

Најавата на Ердоган доаѓа по разговорите со неговиот фински колега кој беше во посета на Анкара, со што се зголемуваат шансите нордиската нација да се приклучи на одбранбената алијанса предводена од САД, без нејзиниот сосед Шведска.

Финска и Шведска ставија крај на децениското воено неврзување и решија да се приклучат на одбранбената алијанса предводена од САД по руската воена инвазија на Украина, а нивните апликации беа прифатени на самитот на НАТО лани во јуни.

Сепак, за влез во Алијансата е потребна согласност од сите членки, односно ратификација од сите 30 парламенти, процес кој беше прекинат откако стигна на редот на Турција и Унгарија.

Пробивот денеска ги зголемува шансите Финска формално да стане 31-ва членка на НАТО на самитот на Алијансата закажан за јули во литванскиот главен град Вилнус.

Ердоган му рече на финскиот претседател Саули Нинисто дека Хелсинки покажал силна посветеност на решавањето на безбедносните грижи на Анкара.

„Одлучивме да го започнеме протоколот за пристапување на Финска во НАТО во нашиот парламент“, изјави Ердоган.

Претходно Ердоган ги обвини нордиските соседи дека ги прекршиле условите од одвоениот договор што го постигнаа во јуни 2022 година, според кој Турција се согласи да ги одобри барањата.

Турција побара екстрадиција на десетици Курди и други осомничени кои ги обвинува за врски со забранети милитанти и неуспешниот обид за државен удар во 2016 година. Ердоган во овој дел изрази особено незадоволство од Шведска, земја со поголема курдска дијаспора и подолга историја на спорови со Анкара.

Финска и Шведска првично се спротивставија на идејата да ги одвојат своите барања, но шведскиот премиер Улф Кристерсон во вторникот призна дека веројатноста Финска сама да се приклучи на НАТО е „зголемена“.

види ги сите денешни вести

Пентагон ѝ вети на Украина оружје во вредност од 300 милиони долари

Украина - Украински војници возат американска М109 од 155 мм, среде рускиот напад врз Украина, во Доњецк, 13 јуни 2022 година
Украина - Украински војници возат американска М109 од 155 мм, среде рускиот напад врз Украина, во Доњецк, 13 јуни 2022 година

Пентагон ќе ѝ обезбеди на Украина околу 300 милиони долари во оружје, откако пронајде некои заштеди во своите договори, изјавија високи претставници на одбраната на 12 март.

Тоа е првиот најавен безбедносен пакет на Пентагон за Украина од декември, кога Пентагон призна дека нема средства да го пополни пакетот.

Само во последните денови функционерите јавно признаа дека не само што останале без средства, туку и дека надминале 10 милијарди долари.

Средствата за надополнување му овозможија на Пентагон да повлече муниција, системи за противвоздушна одбрана и друго оружје од резервите, да ги испрати во Украина, а потоа да склучи договори за замена на тоа оружје.

Најавата за помош доаѓа откако полските водачи во Вашингтон извршија притисок врз САД да обезбедат средства за Украина во критичниот период од војната.

Полскиот претседател Анджеј Дуда се состана со демократските и со републиканските лидери во Домот и Сенатот на 12 март и требаше да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден подоцна во текот на денот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бараше помош од Конгресот, но републиканското раководство на Претставничкиот дом не беше подготвено да го стави на гласање прашањето за помошта за Украина, велејќи дека секоја помош мора прво да ги реши потребите за безбедност на границата на САД.

Високи претставници на одбраната изјавија дека Пентагон успеал да заштеди околу 300 милиони долари во претходните договори со Украина и со оглед на ситуацијата на бојното поле, одлучил да ги искористи тие заштеди за да продолжи да испрати повеќе оружје.

Ова е втор пат за помалку од девет месеци Пентагон да „најде“ пари за дополнителна испорака на оружје за Украина. Минатиот јуни, претставниците на одбраната изјавија дека ја прецениле вредноста на оружјето што САД и го испратиле на Украина за 6,2 милијарди долари во последните две години.

Од почетокот на администрацијата на Бајден, САД определија повеќе од 44,9 милијарди долари помош за Украина, вклучително и повеќе од 44,2 милијарди долари од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари 2022 година.

Претседателот на Романија објави кандидатура за лидер на НАТО

Клаус Јоханис, претседател на Романија, на конгрес во Букурешт, 7 март 2024 година
Клаус Јоханис, претседател на Романија, на конгрес во Букурешт, 7 март 2024 година

Романскиот претседател Клаус Јоханис изјави дека одлучил да се кандидира за лидер на НАТО, позиција за која многу земји-членки го поддржуваат холандскиот премиер Марк Руте.

„Одлучив да учествувам на конкурсот за функцијата генерален секретар на НАТО“, изјави Јоханис на 12 март.

„Мислам дека НАТО треба да го обнови својот поглед на својата мисија. Источна Европа има вреден придонес во дискусиите и одлуките на НАТО“, додаде тој.

Лидерите на НАТО се назначуваат со консензус, што значи дека сите членки мора да се согласат со конечната одлука.

Алијансата има 32 членки по неодамнешното пристапување на Шведска.

Дипломати велат дека Руте бил единствениот официјален кандидат за функцијата во трката, иако некои рекоа дека името на Јоханис, исто така, било објавено во неформални дискусии.

Романија, која дели 650 километри граница со Украина, е домаќин на американски систем за одбрана од балистички проектили и е постојана борбена група на НАТО.

Ескобар: Дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија да остане врз основа на факти

Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД и специјален претставник за Западен Балкан
Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД и специјален претставник за Западен Балкан

Соединетите Американски Држави се залагаат да продолжи дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија базиран на факти и се посветени на определбата за одржување на европска перспектива на Северна Македонија, рече Габриел Ескобар, пратеник на САД за Западен Балкан, на онлајн брифинг за медиумите во Брисел.

Ова беше одговорот на Ескобар на прашање дали Предлог-резолуцијата на американскиот Сенат со која се бара отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со земјава без дополнителни билатерални услови, претставува промена на позицијата на САД во однос на промената на Уставот.

„Северна Македонија и Бугарија се ценети НАТО членки и сојузници и сакаме мирно решение на сите прашања, но го охрабруваме дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија да остане врз основа на факти и вкоренет во заложбата Северна Македонија да продолжи да има ЕУ перспектива. И верувам дека имаме осигурувања од Бугарија дека тие сакаат Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Сакаме да ги искористиме тие можности бидејќи Северна Македонија треба да биде целосен кандидат и итен кандидат за членство во ЕУ“, рече Ескобар.

Како што кажа тој, Вашингтон очекува по изборите, Северна Македонија да добие влада посветена на членството во Алијансата и на интегрирањето во ЕУ.

„Претходната Влада беше посветена на членство во НАТО и на пристапувањето во ЕУ и нашите очекувања се владата што ќе дојде по изборите да биде слично посветена на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата“, рече Ескобар на брифинг во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и Подгорица.

Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се напнати во изминатите години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.

Минатото лето Бугарија, како и Северна Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ.

За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Северна Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата.

Погубно е спроведувањето на одлуката на Централната банка на Косово

Ескобар ја нарече „катастрофална“ и „некомпетентна“ одлуката на косовските власти да го спроведат указот на Централната банка на Косово, со кој еврото стана единствена валута за плаќање.

Со тоа е оневозможено користењето на српскиот динар во општините со српско мнозинство во Косово.

„Ја повикуваме Владата на Косово да ја земе предвид загриженоста на српската заедница и меѓународниот механизам за третман на малцинствата во Косово“, рече тој.


Во периодот од 10 до 18 март, Ескобар ќе одржи низа средби во Белгија, Австрија, Косово и Црна Гора.

Тој се очекува да се сретне со официјални лица во Приштина на 13 март. Ескобар изјави дека за време на посетата на Приштина ќе се фокусира на „можното решение за недоговорената одлука за стопирање на динарот, како и за трансферите од Србија до граѓаните на Косово кои зависат од нив“.

Прашан дали политиката на САД кон Косово и Србија се променила по почетокот на руската војна во Украина во февруари 2022 година, Ескобар рече дека ништо такво не се случило.

„Итноста што постои за решавање на предизвиците за европската стабилност во рамките на европскиот континент се промени“, објасни тој.

Во оваа насока, Ескобар оцени дека е итно „да се започне со решавање на некои отворени прашања на Западен Балкан“.

Според него, она што се случува на Западен Балкан, „иако го отвора патот за злонамерно влијание на Русија, не е секогаш предизвикано од активностите на Москва“, истакнувајќи дека проблемите се враќаат многу далеку во минатото.

„Со решавање на овие прашања, се надевавме дека ќе спречиме каква било можност Русија да ја искористи нестабилноста на Балканот како начин за слабеење на трансатлантската безбедност“, рече Ескобар.

Катар објави дека Израел и Хамас „не се блиску до договор“ за прекин на огнот во Газа

Засолниште на иранската Црвена полумесечина во Газа
Засолниште на иранската Црвена полумесечина во Газа

Израел и Хамас, организација која Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја означија како терористичка, не се блиску до договор за запирање на борбите во Газа и ослободување на заложниците, рече катарскиот посредник на 12 март, предупредувајќи дека ситуацијата и натаму е „многу комплицирана“.

И покрај неколкунеделните преговори на кои учествуваа американски, катарски и египетски посредници, сè уште нема примирје и размена на заложници кон кои тие се стремеле.

„Не сме блиску до договор, што значи дека не гледаме дека двете страни се приближуваат кон јазик што може да го реши сегашното несогласување околу спроведувањето на договорот“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Мајед ал-Ансари.

Сите страни „продолжуваат да работат на преговорите за постигнување договор, се надеваме дека за време на Рамазан“, рече Ансари на прес-конференција.


Тој додаде дека не може „да понуди никаква временска рамка“ за договор, додека конфликтот останува „многу комплициран на теренот“.

Војната започна со нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.160 луѓе во Израел, главно цивили.

Екстремистите на Хамас земаа и околу 250 заложници, од кои десетици беа ослободени за време на еднонеделниот прекин на огнот во ноември. Израел верува дека во Газа останале живи 99 заложници, а таму останале телата на 31 заложник.

Во израелското бомбардирање и копнената офанзива загинаа 31.112 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.

Катар претходно посредуваше за еднонеделна пауза во борбите на крајот на ноември, кои доведоа до ослободување на десетици израелски и странски заложници, како и доставување помош за Газа.

Јанакиески од јуни на условен отпуст, за Мијалков ќе одлучува Кривичен суд

Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски
Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски

Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски, ќе излезе на условен отпуст на 17 јуни, наместо на 16 јануари 2025 година, како што беше првичната одлука. Тој беше осуден на три и пол години затвор во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности.

Кривичниот суд ќе одлучува дали на предвремен отпуст ќе оди и Сашо Мијалков, поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, осуден на три години затвор за перење пари во случајот наречен „Империја.

Овие две одлуки ги објави Апелацискиот суд на својата интернет-страница.

„Апелациониот суд - Скопје ја информира јавноста дека Кривичен совет на Судот донесе решение со кое жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се одбива како неоснована, додека жалбата на осудениот М.Ј, од С., изјавена преку неговиот бранител, со која се бара условен отпуст, се уважува. Согласно донесеното решение на Апелациониот суд - Скопје, одлуката за условен отпуст е преиначена и условниот отпуст за осудениот М.Ј. наместо, како што гласеше првичната одлука, да започне на 16.01.2025 година, ќе започне на 17.06.2024 година, но под услов до истекот на условниот отпуст обвинетиот да не стори ново кривично дело“, соопштија од Апелацискиот суд.

Од овој суд информираа дека е уважена и жалбата на Мијалков.

„Апелациониот суд Скопје постапувајќи по жалба на осудениот С.М., од С., а изјавена преку Казнено-поправниот дом од отворен вид - Струга, донесе решение со кое жалбата се уважува, а предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд. Инаку, уважувањето на жалбата на осудениот С.М. доаѓа откако претходно предлогот на директорот на Казнено-поправниот дом Струга за условен отпуст на осудениот беше одбиен како неоснован“, соопштија од Апелацискиот суд.

Мијалков е во затвор од отворен вид во Струга.

Двата случаи „Титаник“ и „Империја“ се дел од предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кои пропаданаа откако Собранието во 2023 година донесе измени на Кривичниот законик со кои се намалија предвидените казни за злоупотреба на службената положба, па делата порано застаруваат.

Сите граѓани да имаат можност да гласаат, да се пријавува вознемирувачки говор

Скопје - Комисија за заштита од дискриминација, прес-конференција, 12.3.2024 година
Скопје - Комисија за заштита од дискриминација, прес-конференција, 12.3.2024 година

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација(КСЗД) за време на предизборната кампања ќе врши засилен мониторинг на вознемирувачкиот говор на социјалните мрежи и во традиционалните медиуми, најави Игор Јадровски, претседател на комисијата, на денешната прес-конференција.

За таа цел ќе биде изработен образец за пријавување вознемирувачки говор кој ќе биде закачен на интернет-страната на Комисијата.

Јадровски апелираше до политичките партии, претседателските кандидати, носителите и кандидатите од партиските листи да се воздржат од вознемирувачки говор и говор на омраза во предизборната кампања.

Комисијата за заштита од дискриминација ќе врши и мониторинг на пристапноста до повеќе гласачки места во државата, за да утврди дали е спроведена општата препорака дадена до Државната изборна комисија (ДИК). Комисијата препорача измени и дополнување на Изборниот законик за да можат да гласаат и граѓаните кои за време на избори се сместени во здравствени установи.


Исто така, Комисијата констатирала дека со процесот на деинституционализација околу 300 лица живеат во нов облик на заштита, а со решение за сместување сѐ уште се водат како лица згрижени во Специјален завод Демир Капија, Завод за заштита и рехабилитација на деца и младинци Скопје и Завод за заштита и рехабилитација, „Бања Банско“ - Струмица).

„Нашите препораки што се дадени се во насока на измени и дополнување на Изборниот законик со цел на сите лица на еднаква основа да им биде овозможено правото на глас. Зборуваме за сите категории на лица, а во насока на остварување на правото на глас на една основа. И ицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата избирачки круга, постои опасност да бидат исклучени лицата кои што се наоѓаат во здравствените установи, постои опасност на бидат исклучени лицата кои што живеат во новиот формат на социјална заштита со поддршка во станбени единици“, рече Јадровски.

Комисијата на локалните избори во Северна Македонија во 2021 година утврди директна дискриминација извршена од страна на ДИК и индиректна дискриминација која произлегува од одредбите на Изборниот законик, врз основа на возраст, во остварување на гласачкото право на лицата кои наполниле 18 години меѓу два изборни круга на претседателските избори во 2019 година. Овие лица заради одредбите од изборниот законик не можеле да бидат запишани во избирачкиот список помеѓу двата изборни круга, а со тоа биле спречени да го остварат уставно загарантираното право на глас.

На изборите пред три години Комисијата утврди и дискриминација по основ на личен статус, возраст, здравствена состојба во областа на остварувањето на избирачкото право кон граѓаните кои за време на изборите се сместени во здравствени установи.

Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје не примиле ДиТеПер вакцина

илустрација
илустрација

Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, додека во внатрешноста над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, информираше денеска (12 март) директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска.

ДСЗИ, како што рече, ги контролира и приватните градинки.

Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно, како што оцени, е поразувачки. Податоците се од списоците што биле доставени вчера до ДСЗИ од градинките, а акцијата ќе продолжи.

Од вчера ДСЗИ врши надзори низ градинките и издава решение за забрана за примање деца кои се невакцинирани или нецелосно против пертусис.

„Директорите ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат, а за тоа ќе провериме во текот на денов и во наредните денови“, рече Младеновска.

Бројот на заболени со голема кашлица, според податоците до 6 март, само во Скопје изнеснува 141 лице. Само минатата недела Институтот за јавно здравје регистрираше 50 нови случаи на голема кашлица. Вчера (11 март) Центарот за јавно здравје - Скопје потврди 3 нови случаи, сите целосно вакцинирани, двајца се на училишна возраст и една е 24 годишна жена.

Кај деца, првата доза вакцина ДТП се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.

Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.

Се урна руски воен авион кај Иваново

авион IL-76 (архивска фотографија)
авион IL-76 (архивска фотографија)

Руското Министерство за одбрана соопшти дека воен транспортен авион со 15 лица се урнал при полетување од воздухопловна база во западна Русија.

Министерството соопшти дека авионот IL-76 со осум членови на екипажот и седум патници се урнал во регионот на Иваново.

Во соопштението се наведува дека запалувањето на моторот при полетувањето, е најверојатно причина за несреќата.

Независниот руски медиум Медуза, цел на сајбер напади

Медуза, независен медиум на руски јазик
Медуза, независен медиум на руски јазик

Медуза, независен медиум на руски јазик, ги обвини руските власти дека минатиот месец започнале бран сајбер напади со намера да ги „уништат“.

Во соопштението од 11 март, Медуза со седиште во Латвија наведува дека нападите започнале во времето кога Алексеј Навални, најистакнатиот руски опозициски лидер, почина во затвор на Арктикот.

„Во февруари 2024 година, руските власти започнаа серија сајбер напади врз Медуза поинтензивни од сите со кои досега сме се соочиле. Иако немаме директни докази, веруваме дека оваа кампања е обид за целосно уништување на Медуза“, се наведува во соопштението.

Овој медиум информира дека руските власти и организации поврзани со Кремљ сè повеќе ги блокираат неговите сервери, го оневозможуваат пристапот до неговата веб-страница, хакираат сметки на новинари користејќи таканаречен „фишинг“ и други техники.

Весникот наведува дека нападите покажуваат дека руските власти се подготвени да потрошат огромни ресурси за да ја постигнат својата цел.

Нападот врз Медуза, водечки извор на рсуки вести, се случува пред строго контролираните претседателски избори кои ќе се одржат од 15 - 17 март. Претседателот Владимир Путин се очекува да освои петти мандат, бидејќи нема конкуренција.

Минатата година Русија ја означи Медуза, (медиум финансиран од читателите), како „непожелна организација“, тврдејќи дека претставува „закана“ за уставниот поредок и безбедноста на Русија.

Западен Балкан под ризик од меѓуетничко насилство во 2024, проценуваат американските разузнавачи

Милорад Додик, претседател на Република Српска
Милорад Додик, претседател на Република Српска

Во годишниот извештај за глобалните закани на Разузнавачката заедница на Соединетите Држави, се наведува дека „Западен Балкан најверојатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година“.

Во три кратки параграфи за Западен Балкан, документот наведува дека „националистичките лидери најверојатно ќе ги влошат тензиите во своја политичка корист и надворешните актери ќе ги зајакнат и искористат етничките разлики, за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или да спречат поголема интеграција на Балканот во ЕУ или евроатлантските институции.“

Во изештајот се потсетува дека „судирите меѓу српските националисти и косовските власти во 2023 година резултираа со смртни случаи и повредени, вклучително и повреди на мировниците на НАТО“.

Веднаш потоа се посочува дека „лидерот на босанските Срби, Милорад Додик презема провокативни чекори за да го неутрализира меѓународниот надзор во Босна и Херцеговина и да обезбеди, де факто, отцепување на својата Република Српска“.

На крајот од делот за Западен Балкан, се наведува дека „неговата (на Додик) акција може да ги поттикне водачите на бошњачкото население да го зајакнат сопствениот капацитет за заштита на нивните интереси и евентуално да доведе до насилни конфликти кои би можеле да ги совладаат мировните сили“.

Разузнавачката заедница на Соединетите Држави е група од посебни разузнавачки агенции и подредени организации на владата на Соединетите Држави кои работат одделно и заеднички за спроведување на разузнавачки активности за поддршка на надворешната политика и националната безбедност на САД.

Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), се обидува во последните две години да ги преземе овластувањата на државата и да воспостави паралелни институции, со закани дека РС ќе ја напушти Босна и Херцеговина и со тоа да ја подели земјата засекогаш.

Поради неговата „антидејтонска активност“, Додик се наоѓа на списокот со санкции на САД и Велика Британија.

Додик претходно изјави дека не се плаши од американските предупредувања и дека ќе реагира доколку некој се обиде да го прекрши Дејтонскиот договор, заканувајќи се дека границата на ентитетот ќе ја претвори во државна.

Американската амбасада во Сараево предупредува на опасноста од сепаратистичката политика на Додик, наведувајќи дека таа „ја загрозува европската перспектива на Босна и Херцеговина, нејзината демократија и економија“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG