Достапни линкови

Вести

Вагнер тврди руските војници се доближуваат до центарот на Бахмут

Украина - Видео снимка од градот Бахмут, 27 февруари 2023 година

Руските воени платеници тврдат дека се доближуваат до центарот на Бахмут. Шефот на руската платеничка група, Евгениј Пригожин, денеска објави видео од, како што тврди, локација во близина на центарот на градот.

„Ова е зградата на градската администрација“, рече тој покажувајќи кон една зграда оддалеку. „Тоа е на еден километар и 200 метри“,додаде Пригожин.

Зборувајќи додека во позадина се слуша артилерија, Пригожин рече дека најважно е сега да се добие повеќе муниција од армијата и да се „тргне напред“. Пригожин тврдеше дека победил на бојното поле и во минатото, но последните тврдења не може да се потврдат.

Британското Министерство за одбрана пак, во своето секојдневно ажурирање соопшти дека украинските сили сè уште го држат западниот дел од градот и дека уништиле мостови на реката во обид да го спречат напредувањето на руската војска.

„Оваа област стана зона за убивање, што веројатно го прави голем предизвик за силите на Вагнер кои се обидуваат да го продолжат својот фронтален напад на запад“, соопшти Министерството.

Сепак, се предупредува дека „украинските сили и нивните линии за снабдување остануваат ранливи како резултат на континуираните руски напади. НАТО во текот на неделата објави дека падот на Бахмут е прашање на денови. Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

види ги сите денешни вести

Петмина мртви, од кои три деца, во напад во дом на американски војник

Илустрација

Поранешен војник застрела и уби активен припадник на американската војска и три деца во дом во Јужна Каролина пред да се застрела, соопштија денеска официјални лица.

Двајца американски официјални лица потврдија дека станува збор за воени лица.

Полицијата соопшти дека се пронајдени телата на три деца и двајца мажи, а се претпоставува дека едниот од нив е убиецот.

Истрагата е во тек, а неофицијално има сведоци кои раскажале што се случило.

Идентитетот на жртвите не е соопштен.

Обновата на Украина по руската инвазија ќе чини над 400 милијарди долари

Илсутративна фотографија

Обновата на украинската економија по руската инвазија која започна пред повеќе од една година сега се очекува да чини 411 милијарди долари, покажа новото истражување на Светската банка, Обединетите нации, Европската комисија и Украина.

Проценката објавена на 22 март го опфаќа периодот од една година од руската инвазија и ја квантифицира директната штета на инфраструктурата и зградите, влијанието врз животите на луѓето и трошоците за „подобро да се изгради“, соопшти Светската банка.

Износот е 2,6 пати поголем од очекуваниот бруто-домашен производ на Украина во 2022 година и е значително зголемен од проценката од 349 милијарди долари објавена минатиот септември.

УЕФА: Знамето на „Голема Унгарија“ не е дозволено

Илустрација

Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека не дозволува користење на знамето на таканаречената Голема Унгарија на натпреварите во нејзина организација.

Како што јави агенцијата Бета, УЕФА соопштила дека употребата на тој симбол на нејзините натпревари подлежи на санкции.

„На наше изненадување, најдовме информации во медиумите дека УЕФА дозволила употреба на такво знаме или транспаренти на нивните натпревари. За да се избегне каква било забуна, би сакале да појасниме дека УЕФА никогаш не го дозволила тоа“, се вели во пресот на УЕФА. објавување на 22 март.

Претходно, еден од унгарските весници објави дека УЕФА го одобрила барањето на Фудбалскиот сојуз на Унгарија да се користат знамиња со „Голема Унгарија“.

Силно препорачуваме да преземете соодветни мерки за да спречите појава на вакви знамиња на натпреварите. Во спротивно, надлежната дисциплинска комисија на УЕФА ќе поднесе извештај“, се додава во соопштението од Нион, Швајцарија, седиштето на Европската фудбалска унија.

Знамето на таканаречената Голема Унгарија покажува и области кои денес им припаѓаат на Србија, Хрватска, Словенија, Романија, Словачка, Австрија и Украина.

Во јануари, УЕФА го прогласи прикажувањето на Голема Унгарија за политичка порака и објави дека не може да биде на фудбалски настани. Врз основа на таа одлука, забрането е да се внесува што било со тој симбол на стадионите.

Унгарската фудбалска репрезентација во квалификациите за ЕП 2024 година игра во група со Србија, Црна Гора, Бугарија и Литванија.

Германската министерка за надворешни работи утре во Скопје

Министерката за надворешни работи на Германија

Министерката за надворешни работи на Германија утре ќе престојува во посета на Северна Македонија.

Баербок во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со други претставници на владата, опозицијата и парламентот.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека главниот фокус во разговорите ќе биде на пристапувањето на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како неопходен чекор кон Унијата.

По посетата на Скопје, Аналена Бербок во петок ќе отпатува во Грузија.

Косовската претседателка бара казна за Србија за прекршување на Договорот

КОСОВО: Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на свечената седница на Собранието на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека во рок од 24 часа од прифаќањето на Анексот за спроведување на Договорот за нормализација на односите, официјален Белград најавил дека нема да го почитува.

Османи ја повика меѓународната заедница да насочи „притисок врз Србија“ за да се почитуваат обврските преземени од Основниот договор, за кој двете страни се договорија во Брисел на 27 февруари, како и од Анексот за негова имплементација, што беше договорено во Охрид на 18 март.

Мислам дека сите напори, сите притисоци, застапувањето на меѓународната заедница треба да бидат на српскиот претседател Александар Вучиќ“, рече Османи. Таа подвлече дека Договорот за нормализација на односите претставува „де факто признавање на Косово“ и посочи дека во него се споменува почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и еднаквоста меѓу страните.

Недостасува само признанието кое тој (Александар Вучиќ) не го потпишал“, рече Османи. Таа истакна дека „сите се изложени на ризик“ додека претседателот на Србија одбива да го спроведе Договорот.

Навистина се надевам дека казната на меѓународната заедница за Србија ќе биде јасна“, нагласи Османи.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 21 март повтори дека Белград нема да ги спроведе деловите поврзани со членството на Косово во Обединетите нации.

Османи тврди дека Вучиќ со ваквите изјави го прекршил членот 4 од Основниот договор во кој се вели дека Србија нема да го блокира членството на Косово во меѓународните организации.

Претходно, косовскиот премиер Албин Курти оцени дека меѓународната заедница треба да ја осуди Србија поради одбивањето да го потпише европскиот предлог за нормализација на односите и Анексот за негово спроведување.

Арсовска за пречистителната станица-Нема проблем затоа што не дозволивме да има

Арсовска – Над 99 проценти од фирмите се погодени од кризата

Нема проблем, затоа што не дозволивме да го има, рече градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска на новинарско прашање околу постапката за Пречистителната станица за отпадни води во Скопје за којашто денеска беше потпишан договор за грант од Европската инвестициска банка.

Според неа, станува збор за најголемиот еко капитален проект во државава и во регионот, којшто, како што рече, е навистина неопходен имајќи ги предвид додадените вредности што самиот по себе ги носи.

„Од една страна е тоа што ќе имаме прочистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води во градот Скопје, а од втора страна затоа што комплементарно се надополнува со сите останати работи коишто ги тераме како проекти во овие неколку години, а тоа е отпочнувањето конечно на справување со проблемот со тоа што веќе верувам сите го знаете како детектирен предизвик а тоа е дека 60 проценти од водите практично завршуваат не кај корисниците, односно се одлеваат од нашата мрежа. Значи, ова се навистина сериозни предизвици со коишто се справуваме. Отпочнавме со нивна реализација“,рече Арсовска.

Пречистителната станица беше во центарот на вниманието откако градоначалникчата Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ се фатени со „рачиња во мед“ односно во малверзации со тендерот за изградба и го разреши директорот на Водовод и Канализација – Златко Перински што наиде на жестока реакција од неговата матична партија која на крајот резултираше со целосно раскинување на соработката меѓу градоначалничката и ВМРО – ДПМНЕ.

Одобрени 243 милиони евра на „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10д

На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се одобрени 243 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д

На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се одобрени 15 милијарди денари односно 243 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д, средства што се предвидени со буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава. Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година е донесена вчера на седница на Владата, а денеска е објавена во Службен весник на РСМ.

Програмата влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањетo во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање. Стартни активности за проектот, од ЈПДП најавија за 22 април годинава на делниците Тетово - Гостивар и Прилеп - Битола.

Како што образложија од Министерството за транспорт и врски на церемонијата на потпишувањето на Договорот, цените се поткрепени врз основа на физибилити студија изготвена од Градежниот факултет, а ревидирана од консултантската компанија „Гранд Тортон“. Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, односно според принципот на измерени количини. Тоа значи дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен.

За правен трансакциски советник и надзор за проектот е избран конзорциумот ИРД, а по објавените сомнежи во јавноста за компании кои се дел од овој конзорциумот Државната комисија за спречување корупција отвори предмет

Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали. Премиерот Димитар Ковачевски, завчера на новинарско прашање рече дека што и да утврдат надлежните за коридорите 8 и 10д Владата ќе постапи согласно со наодите.

Кривична за тероризам против малолетник поради лажни закани до училишта

Илсустративна фоторграфија

Македонската полиција денеска до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15-годишник од Скопје, за сторено кривично дело „тероризам”.

Како што соопштија од МВР, пријавениот малолетник на 24.02.2023, користејќи го својот мобилен телефон креирало електронска адреса, и истиот ден, користејќи го својот лап-топ компјутер од својот дом испратило порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно средно училиште во Скопје, за која по извршени проверки било утврдено дека е лажна. Притоа, со цел да ги прикрие своите активности при испраќање на поракaта малолетникот користел VPN апликација.

„По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика утврдена е користената IP адреса, чиј сопственик е таткото на малолетникот, а врз основа издадена Наредба за претрес на дом од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на родителот на малолетникот, од каде привремено се одземени мобилен телефон, сим картичка и лаптоп компјутер кои ги користело малолетното лице“, се вели во соопштението од МВР.

Вештачењето утврдило дека истата електронска адреса е користена за да се испраќаат пораки со заканувачка содржина до неколку училишта на територијата на град Скопје од мобилен телефон и од лаптоп компјутер, во повеќе наврати.

На трети месецов во присуство на неговиот родител, инспектор за малолетници и адвокат, во полициска станица извршиле службен разговор со малолетникот, во текот на кој тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

Зеленски во посета на Бахмут

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на градот Бахмут

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети градот Бахмут на линијата на фронтот каде што се водат жестоки борби. Опколениот град стана централно место на војната, кое Русија со месеци се обидува да го освои.

Посетата на Зеленски доаѓа откако руските сили ги нападнаа украинските градови во текот на ноќта, при што загинаа најмалку три лица во напад со беспилотно летало во близина на главниот град.

Во соопштението, претседателскиот кабинет наведува дека Зеленски разговарал на фронтот со војниците на неговата армија во Бахмут и им се заблагодарил за нивните напори да ја одбранат Украина.

„Чест ми е што сум овде денес“, им рекол украинскиот претседател на своите војници, „на истокот на нашата земја, во Донбас и да ги наградам нашите херои, да ви се заблагодарам, да се ракуваме“, кажал Зеленски.

Бахмут е во урнатини. Жестоките борби се водат повеќе од седум месеци додека руските сили се обидуваат да постигнат територијални придобивки.

Министерството за одбрана на Украина соопшти дека контранападот западно од Бахмут најверојатно ќе го намали притисокот врз главниот градски украински пат за снабдување.

„Борбите продолжуваат околу центарот на градот, а украинската одбрана останува под ризик од навлегување од север и југ. Сепак, постои реална можност рускиот напад врз градот да го изгуби ограничениот импулс што го доби, делумно поради тоа што некои руски воени единици се прераспоредени во други сектори“, се вели во соопштението.

Претходно Зеленски изјави дека Москва лансирала повеќе од 20 „убиствени беспилотни летала“, како и проектили и гранати. Напади со беспилотни летала во станбена област во регионот на Киев ги погодија горните катови на два студентски домови во градот Ржишчов.

Осврнувајќи се на заминувањето на кинескиот претседател Си Џинпинг од Русија неколку часа порано, украинскиот лидер рече дека секогаш кога „некој се обидува да го слушне зборот „мир“ во Москва“, се дава уште една наредба за напад.

Потпишан договорот за 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица

Потпишан Договорот за 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје

Македонија го потпиша договорот со Европската инвестициона банка за 70 милиони евра грант за изградба на пречистителната станица во Скопје.

„Овој проект е над сите политички интереси во земјава и императив ако сакаме да бидеме дел од европското семејство, но и уште една потврда за конкретната поддршка што и ја дава ЕУ на земјава“, беше истакнато пред потпишувањето на Договорот.

Министерката за животна средина, Каја Шукова рече дека со изградбата на пречистителната станица, ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во Скопје со што ќе се исполнат минималните барања од Директивата на ЕУ за третман на урбани отапдни води. И евроамбасадорот Гир потврди дека грантот е уште еден практичен пример за поддршката од ЕУ за Северна Македонија.

Заменик претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Лилјана Павлова потсети дека овој проект досега добил голема техничка помош и поддршка, а во претстојните денови треба да се потпишат договорите за изградба и надзор од Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“.

„Мора да ги чуваме водените природни ресурси и внимателно да ги користиме. Овој проект е од витална важност за скопјани, но и за Северна Македонија воопшто. Се работи за најголем инвестициски грант за Северна Македонија во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан“, рече Павлова.

Пречистителната станица беше предмет на големи контроверзи, откако лани во октомври, скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле вмешани во малверзации со тендерот за изградба, по што следуваа разрешувања на директори и други функционери, смени во комисијата која треба да одлучи кој ќе ја гради пречистелната станица.

Гир: Приклучувањето кон ЕУ е достижно многу брзо

Македонија - Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Македонија

Евроамбасадорот Дејвид Гир е цврсто уверен дека приклучувањето на Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ) е достижно многу брзо. Гир денеска на новинарско прашање рече дека најдобриот начин за тоа да се случи е преку реформи, кои треба да напредуваат брзо.

„Има голем број на области каде што треба да се направат реформи и само тоа е патот којшто води напред кон ЕУ. Уверен сум дека оваа земја може да ги унапреди реформите и многу сум уверен, цврсто верувам дека приклучувањето кон ЕУ е достижно многу брзо“, нагласи Гир.

Додаде дека има редовни контакти со различни политички партии кои се дел од Владата, но и од опозицијата, образложувајќи дека пристапниот процес за ЕУ мора да биде процес во кој има согласност меѓу сите политички партии.

„Нема да навлегувам во детали за специфични разговори за она што се случува, но може да бидете сигурни дека сите наши дискусии и во сите наши дискусии ние секогаш го кажуваме она што сметаме дека е стратешки интерес на ЕУ и на оваа земја која што треба да се приклучи кон ЕУ што е можно поскоро, рече Гир.

Во однос на уставните измени евроамбасадорот вели дека тоа е суверена одлука што треба да ја донесе оваа држава. Гир се осврна и на реформите во правосудството за кои рече дека потребни се значајни чекори за натамошен напредок. Нагласи оти ќе продолжат да обезбедуваат финансиска и техничка помош во тој процес.

Академици од цел свет го одбележаа роденденот на затворениот научник Мифтахов

РУСИЈА - Азат Мифтахов, студент на Московскиот државен универзитет, на судско рочиште во Москва, 18 јануари 2021 година

Група математичари од универзитетите во САД, Европа, Јапонија и Русија го одбележаа 30-тиот роденден на затворениот научник Азат Мифтахов, со низа пораки и повторни повици за слобода.

Групата објави десетици фотографии и пораки на веб-страница формирана за да го привлече вниманието на случајот со Мифтахов, кој беше широко отфрлен како политички мотивиран.

Судот во Москва го осуди Мифтахов, тогаш дипломиран студент по математика на Московскиот државен универзитет, на шест години затвор во јануари 2021 година, откако го прогласи за виновен за вмешаност во подметнување пожар во канцеларијата на владејачката партија Единствена Русија во Москва во 2018 година.

Мифтахов ги отфрли обвиненијата. Неговите адвокати велат дека е прогонуван поради неговите анархистички уверувања и поддршката за политичките затвореници.

Групата академици кои го поддржуваат Мифтахов вклучува професори, наставници и дипломирани студенти од Универзитетот Харвард, Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), Француската академија на науките на Универзитетот во Сорбона, Институтот Макс-Планк во Германија, Универзитетот од Токио и Московскиот државен универзитет.

Дописниците на РСЕ јавија дека летоци со честитки за роденденот на Мифтах и потсетување на неговиот случај биле дистрибуирани во неколку руски градови.

Мифтахов беше уапсен на почетокот на 2019 година и обвинет дека помогнал да се направи импровизирана бомба пронајдена во градот Балашиха во близина на Москва. Тој беше ослободен неколку дена откако првобитното обвинение беше отфрлено, но веднаш беше повторно уапсен и обвинет за учество во напад на канцеларијата на политичката партија Единствена Русија.

Комисијата за јавен мониторинг, група за човекови права, рече дека на телото на Мифтах имало знаци на тортура, за кои математичарот тврди дека се резултат на неуспешниот обид на истражителите да го натераат да го признае обвинението за правење бомба.

Угледната руска организација за човекови права Меморијал го призна Мифтахов како политички затвореник во тоа време, додека 2.500 математичари од 15 земји потоа потпишаа писмо во кое го повикуваат Меѓународниот конгрес на математичари (ICM) да помогне во ослободувањето на Мифтахов.

Косово воведе санкции против Вагнер

Илустрација

Владата на Косово ја дополни одлуката за санкции против руската платеничка војска „Вагнер“ во согласност со одлуката на Соединетите држави, кои ја означија како „транснационална криминална организација“.

Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими изјави дека санкциите против „Вагнер“ се воведуваат со цел да се ослабне капацитетот на Руската Федерација за војната против Украина.

„Поради оваа причина, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово предлага да се дополни и измени одлуката на Владата на Косово од 16 мај 2022 година за спроведување на меѓународните санкции воведени од САД, а кои ги спроведува нашата Република во однос на меѓународните обврски кон групацијата „Вагнер“ како и нивните соработници и други компании кои ја поддржуваат руската воена кампања“, рече тој.

Вагнер е платеничка војска основана во 2014 година од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, кој е близок до Кремљ. Исто така е под санкции на Европската унија од декември 2021 година поради кршење на човековите права во вооружените конфликти низ целиот свет.

Оваа група е активно вклучена и во војната во Украина, а неодамна нејзините платеници се сметаат за значајна сила во напорите на Русија да ја преземе контролата над Бахмут.

Владата на Косово претходно воведе санкции против Русија во согласност со санкциите воведени од Соединетите држави и земјите од Европската Унија поради инвазијата на Украина.

Сијарто: ЕУ згреши што не го забрза проширувањето кон Западен Балкан

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја критикуваше политиката на Европската унија кон западен Балкан, тврдејќи дека сегашниот пристап не им помогнал ниту на Унијата ниту на регионот, особено во справувањето со илегалната миграција.

„Ако ова веќе беше домашен терен на ЕУ, би можеле многу поефикасно да се справиме со проблемите и тешкотиите на миграцијата со кои се соочуваме денес, а ЕУ би била посилна“, рече Сијарто за време на неговата посета на Сараево.

По средбата со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ, Сијарто истакна дека војната во Украина донесе и глобална криза во снабдувањето со храна и дека Унгарија очекува зголемување на миграцијата.

„Запревме 265.000 мигранти минатата година на нашите јужни граници. Знаеме дека колку е подобра и поефикасна соработката во земјите од Западен Балкан, толку е поефикасно управувањето со миграцијата“, рече тој.

Тој додаде дека миграцијата е главниот столб на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Унгарија и Министерството за безбедност на БиХ, а членството на БиХ во ЕУ останува насока на дејствување на Унгарија.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ рече дека соработката со Унгарија е добра и без отворени прашања, а обемот на трговската соработка расте и се отвораат нови можности. Тој додаде дека разговарале и за иницијативата Отворен Балкан, како шанса за Босна и Херцеговина, која треба да биде дел од интегративниот процес.

„Блиску сме до крајот на берлинскиот процес и ратификацијата на документите, кои брзо треба да бидат потврдени во парламентите на Србија и Црна Гора. И се надевам дека и Босна и Херцеговина ќе ги ратификува тие документи, за потоа да разговараме за Отворен Балкан како нов предизвик и нова шанса“, рече Конаковиќ.

Тројца загинати во нов напад со руски дрон врз Украина

Илустративна фотографија

Најмалку три лица загинаа, а седум се ранети во руски напад со беспилотно летало, соопшти денеска украинската војска. Според информациите од спасувачките служби меѓу жртвите е и едно единаесетгодишно момче.

„Како резултат на синоќешниот напад со беспилотно летало во регионот на Киев, оштетен е цивилен објект. Засега знаеме за тројца загинати и седум ранети“, соопштија градските власти на Киев на апликацијата Телеграм.

„Ноќта на 22 март, непријателот изврши уште еден масовен воздушен напад со беспилотни летала Шахед-136 од иранско производство“, се вели во дневниот извештај на Генералштабот на украинската војска.

„Според прелиминарните информации, 16 од 21 беспилотно летало лансирани од непријателот се уништени од нашите бранители“, се вели во соопштението, во кое се додава дека опасноста од воздушни напади останува висока низ целата земја.

Во северниот регион Житомир, напад со дрон оштети инфраструктурен објект, изјави на Телеграм началникот на регионалната воена администрација Виталиј Бунечко. „Единиците за противвоздушна одбрана соборија три непријателски беспилотни летала“, рече Бунечко, додавајќи дека нема жртви.

На исток, украинските сили одбиле 114 напади во изминатите 24 часа, со фокус на Бахмут, каде руските сили се обидуваат да напредуваат кон центарот на градот, соопшти Генералштабот.

Бахмут, кој сега во голема мера е претворен во урнатини, беше епицентарот на повеќемесечните интензивни борби во кои имаше големи жртви од двете страни.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG