Вести
Шефот на грчката дипломатија го посети турскиот регион погоден од земјотресот
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас денеска пристигна во Турција за да им понуди поддршка на жителите погодени од разорниот земјотрес пред седум дена, соопшти грчкото Министерство.
Дендиас се сретна со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу пред да се качат на хеликоптери за областите погодени од земјотресот, пренесува АФП.
Неговото пристигнување е прва посета на европски министер на Турција, по земјотресот што ги погоди Турција и Сирија.
„Би сакал да му пренесам на турското раководство и народот сочувството од Владата и целиот грчки народ за загубите по двата разорни земјотреси“, рече Дендиас.
Чавушоглу рече дека оваа посета ја покажува солидарноста на грчкиот народ со турското население.
„Грција беше една од првите земји што се јави и понуди помош на Турција по земјотресот“, додаде Чавушоглу.
Двајцата министри патуваат за Антакија, каде грчките спасувачи помагаат во операциите за пребарување и спасување. Министерството најави дека тој ќе ги посети и членовите на грчката хуманитарна мисија во земјава.
И покрај вековното ривалство со Турција, Грција беше меѓу првите европски земји што испрати спасувачи и хуманитарна помош, неколку часа по катастрофата.
види ги сите денешни вести
Руте повика на „ефикасни безбедносни гаранции“ за Украина
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вети континуирана поддршка од алијансата за Украина на четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година.
„НАТО беше со Украина од самиот почеток. Ние сме со вас денес и ќе бидеме со вас во текот на предизвиците што претстојат. Императив е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што ѝ е потребна“, рече Руте во седиштето на алијансата во Брисел.
Руте додаде дека воената помош е „неопходна“.
„Бидејќи ветувањето за помош не ја завршува војната. На Украина ѝ е потребна муниција денес, и секој ден, сè додека не престане крвопролевањето.“
Шефот на НАТО, исто така, ги повика сојузниците да се обврзат да обезбедат мир во Украина откако ќе престанат борбите.
„Кога борбите конечно ќе престанат, мирот мора да се одржи“, рече тој. „Со силни украински сили подготвени да одвратат и да се бранат, и ефикасни безбедносни гаранции од партнерите на Украина: Европа, Канада и САД.“
Руте истакна дека украинскиот народ заслужува праведен и траен мир.
„Нивната безбедност е наша безбедност. Не може да има вистински мир во Европа без вистински мир во Украина“, рече првиот човек на НАТО.
Зеленски: Путин не успеа да ги постигне целите во Украина
Украинскиот претседател Володомир Зеленски го обвини рускиот колега Владимир Путин дека се обидува да ја преземе Украина, велејќи дека не успеал да ја постигне оваа и други воени цели.
Во видео обраќање по повод четиригодишнината од војната на кое беа прикажани Украинците како вршат отпор против руските војници во првите денови од конфликтот, Зеленски додаде дека Украина е подготвена да направи „сè“ што може за да обезбеди силен, траен мир.
Стотици илјади луѓе загинаа откако Русија го нападна својот сосед на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најсмртоносната војна на европско тло од Втората светска војна.
Разговорите меѓу двете страни, обновени минатата година од страна на Соединетите Американски Држави, досега не успеаја да ги запрат борбите, кои ја опустошија земјата и ја оставија соочена со огромна задача за реконструкција.
„Путин не ги постигна своите цели. Тој не ги скрши Украинците. Тој не ја доби оваа војна. Ние ја зачувавме Украина и ќе направиме сè за да постигнеме мир - и да обезбедиме правда“, рече Зеленски во своето обраќање.
„Сакаме мир. Силен, достоинствен и траен мир“, рече Зеленски, додавајќи дека секој договор „не смее едноставно да се потпише, туку мора да биде прифатен од Украинците“.
Лидерите на сојузниците на Украина, вклучувајќи го финскиот претседател Александар Стаб и шведскиот премиер Улф Кристерсон, се во земјата во вторник, 24 февруари за да ја одбележат годишнината.
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така е таму, велејќи дека сака да потврди дека Европа „непоколебливо стои со Украина, финансиски, воено и низ оваа сурова зима“.
„И да испрати јасна порака до украинскиот народ и до агресорот: нема да попуштиме додека не се воспостави мир. Мир под условите на Украина“, рече таа во видео објавено на социјалните медиуми.
Се очекува таа да присуствува на „церемонија на комеморација“ и да посети украински енергетски објект оштетен од руските напади пред да се сретне со Зеленски и да учествува на видеоконференција со сојузниците на Киев, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија.
Пратениците ќе расправаат за предлог-законот за минимална плата
Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија во прво читање денеска е на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Со предлог-законот се предлага минималната плата во државава да изнесува 600 евра.
Овластен предлагач е претседателот на СДСМ, Венко Филипче заедно со уште неколкумина пратеници од опозициската партија. Овој предлог-закон потоа е ставен и на дневен ред на Законодавно-правната комисија.
Неодамна се одржаа неколку протести во организација на Сојузот на синдикати чие главно барање беше зголемување на минималната плата на 600 евра, но и на сите плати за 6000 денари. Синдикалците организираа блокади пред Собранието, Стопанските комори и Владата.
Блокадите на ССМ се одржаа и покрај договорот кој вчера го постигнаа Владата и синдикалните претставници, а со кој над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година. Меѓу нив, на пример, се и службениците во судовите и обвинителствата.
Според ова, нивните плати до 2028 година треба да се покачат за речиси 40 отсто од тековната сума.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е неприфатлив предлогот државата одреден период да ги финансира придонесите на работодавачите за тие да го зголемат минималецот.
Неколку дена претходно, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче оцени дека барањето на ССМ за повисока минимална плата е „сосема на место и се темели на реалните потреби на работниците“. Токму затоа рече тој, СДСМ го поднел законот за 600 евра минимална плата.
Ова е вторпат да го поднесуваат овој закон до Собранието. Првиот пат беше на крајот на 2024 година, но тогаш власта го одби. Според Филипче преку ребаланс на Буџетот, може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати.
Ирански студенти протестираат против владата трет ден по ред
Иранските студенти одржаа антивладини протести на неколку универзитети во понеделник, 23 февруари, трет ден по ред, според видеа објавени на интернет и потврдени од Радио Слободна Европа (РСЕ).
Новите протести се први откако властите убија илјадници луѓе при задушување на демонстрациите против иранските свештенички власти минатиот месец.
Протестите се одржуваат додека Иран се подготвува за можна воена акција од страна на Соединетите Американски Држави (САД).
Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран да не користи повеќе насилство против демонстрантите и се закани дека ќе ја нападне Исламска Република поради нејзиното одбивање да се откаже од својата нуклеарна програма.
Десетици студенти организираа протести на најмалку четири универзитети во главниот град Техеран, вклучувајќи го универзитетот Ал-Захра, универзитетот во Техеран, технолошкиот универзитет Шариф и технолошкиот универзитет Амиркабир.
Видеа на социјалните мрежи покажаа студентки на Универзитетот Ал-Захра како скандираат „Ова е година на крв. Сајед Али ќе биде соборен“, алудирајќи на врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи.
Друго видео покажа студентки на универзитетот во Техеран како скандираат „Жени, живот, слобода“, осврнувајќи се на протестите од 2022 година предизвикани од смртта во притвор на млада жена обвинета за кршење на законот за хиџаб.
Новите демонстрации се совпаднаа со почетокот на новиот универзитетски семестар и со стотиците церемонии одржани низ целата земја минатата недела во спомен на жртвите убиени за време на задушувањето на масовните протести во јануари.
Најмалку 7.000 луѓе беа убиени за време на протестите што избувнаа кон крајот на декември 2025 година, според групите за човекови права, иако се верува дека вистинскиот број на жртви е многу поголем.
Повеќето од убиствата наводно се случиле помеѓу 8 и 10 јануари, кулминација на задушувањето на протестите.
Овие протести беа меѓу најголемите во Иран од Исламската револуција во 1979 година.
Обновените протести во Техеран доаѓаат во време кога САД продолжуваат да се закануваат дека ќе го нападнат Иран поради неговата спорна нуклеарна програма и покрај неколкуте рунди индиректни разговори.
Во најголемиот протест во главниот град по смртоносното задушување на демонстрациите минатиот месец, иранските студенти кои извикуваа антивладини слогани се судрија со безбедносните сили пред технолошкиот универзитет „Шариф“ во саботата. Слични собири беа пријавени и на други универзитети.
Студентите пред технолошкиот универзитет „Амир Кабир“ во неделата се судрија со членови на „Басиџ“, доброволна паравоена сила која одигра значајна улога во задушувањето на минатите демонстрации. Според видеата на социјалните медиуми, студентите извикуваа антивладини слогани.
Универзитетите во Техеран честопати беа сцена на студентски протести што се одржаа по револуцијата во 1979 година и резултираа со брутална репресија од страна на безбедносните сили.
ЕУ не успеа да го усвои 20-тиот пакет санкции против Русија на четвртата годишнина од војната во Украина
Европската унија(ЕУ) не успеа да го усвои 20-тиот пакет санкции против Русија, кој требаше да биде воведен на четвртата годишнина од војната во Украина.
Унгарија го блокираше усвојувањето на одлуката.
„За жал, не постигнавме договор за 20-тиот пакет санкции. Ова е чекор назад и порака што не сакавме да ја испратиме денес. Сите разбираат дека дипломатијата е пожелна алатка, но по една година разговори сè уште немаме прекин на огнот. Не е Украина пречка за мирот, туку Русија“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, на крајот од министерскиот состанок на 23 февруари.
Усвојувањето на најновиот пакет санкции против Русија не беше сигурно бидејќи амбасадорите на земјите-членки на ЕУ не постигнаа договор во текот на викендот.
ЕУ сакаше усвојувањето на 20-тиот пакет санкции како одговор на руската агресија врз Украина да се совпадне со четвртата годишнина од почетокот на војната, која се одбележува на 24 февруари.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ќе бидат во Киев, главниот град на Украина, за годишнината.
Според дипломатски извори, камен на сопнување е предлогот за целосна забрана на поморските услуги за руските танкери за нафта, кој, доколку биде усвоен, би го укинал ограничувањето на цените што го воспостави Групата 7 на крајот од 2022 година.
Унгарија претставува посебен проблем бидејќи усвојувањето на санкциите бара од Украина да го поправи нафтоводот „Дружба“, оштетен во рускиот напад и да продолжи да испорачува нафта во Унгарија.
Блокирањето на пакетот санкции веќе го најави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Блокирањето на пакетот санкции веќе го најави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Унгарија, исто така, блокираше заем од 90 милијарди евра што ЕУ го одобри токму поради проблеми со испораките на нафта.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, минатиот викенд објави дека на Украина не може да ѝ бидат доделени никакви заеми од ЕУ, ниту пак ќе бидат усвоени санкции додека не продолжат испораките на нафта во Унгарија.
Иако Европската Унија воведе забрана за увоз на руска нафта преку цевковод поради војната во Украина, Унгарија и Словачка обезбедија исклучоци од тие санкции со користење на цевководот „Дружба“, кој транспортира руска нафта до централна Европа преку Украина.
Сепак, испораките од овој гасовод беа прекинати на 27 јануари. Киев тврди дека руски дрон е одговорен за оштетувањето на енергетската инфраструктура.
И Унгарија и Словачка ја обвинија Украина за бавното рестартирање на протокот на нафта, а словачкиот премиер Роберт Фицо дури го обвини Киев дека го прави тоа за да изврши притисок врз Унгарија да го отфрли ветото за идното членство на Украина во Европската Унија.
На 18 февруари, двете земји исто така изјавија дека го запираат извозот на дизел во Украина сè додека протокот на нафта не се рестартира.
Европската комисија оттогаш контактираше со Киев во врска со ситуацијата, а Унгарија официјално побара од Хрватска да пумпа руска нафта наместо тоа, користејќи ја својата цевководна мрежа.
Хрватска објави дека ќе го исполни барањето, под услов тоа да е компатибилно со законите за санкции на ЕУ и САД.
Украински „Нафтогас“ ја обезбеди првата испорака на течен природен гас од САД преку Германија
Украинската државна компанија за нафта и гас „Нафтогас“ ја обезбеди испораката на американски течен природен гас (ЛНГ) преку терминал во Германија, соопшти компанијата, јави Ројтерс.
Гасот ќе се набавува од САД и ќе се испорачува во Германија од „ТоталЕнерџис“, соопшти „Нафтогас“.
Откако ќе биде регасифициран од „Дојче РеГас“, потоа ќе се испорачува преку цевководи низ Полска до Украина, соопштија од компанијата.
„Ова ново партнерство отвора нова сигурна рута за увоз за Украина за тековната година“, изјави извршниот директор Сергеј Коретски.
Во јануари 2026, новиот министер за енергетика на Украина им нареди на државните компании да го зголемат увозот од странство, посочувајќи ги проблемите што ја мачат електричната мрежа по систематската кампања за бомбардирање од страна на Русија.
„Државните компании, првенствено „Украински железници“ и „Нафтогас“, мора итно да обезбедат набавка на увезена електрична енергија за време на грејната сезона 2025/26 година, во износ од најмалку 50 отсто од вкупната потрошувачка“, изјави тогаш министерот за енергетика, Денис Шмигал.
Тој не кажа колку електрична енергија Украина моментално произведува или увезува, информации што властите ги кријат поради чувствителноста на случувањата во војната.
Во текот на зимата, руски напади предизвикуваа постојани прекини на електричната енергија погодувајќи ги украинските енергетски објекти, чија цел, според Украина, е дел од поширока кампања на Москва со цел да ги лиши цивилите од греење за време на ниските зимски температури.
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска, 23 февруари имало дојави за поставени експлозивни направи, но по преземените мерки од страна на полицијата, било утврдено дека се работи за лажни дојави.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Ова не е прв пат да има лажни дојави во училиштата во земјава. Во истиот период лани полицијата евидентираше над 240 дојави за поставени бомби во училиштата низ земјава и за сите беше утврдено дека се лажни.
Министерството за образование тогаш формираше и меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата, а министерката Весна Јаневска ги повика раководствата на училиштата дојавите да ги пријавуваат во МВР и да ги следат протоколите на полицијата. Таа апелираше до наставниците и директорите на училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси креирани од МОН.
Српските адвокати ја прекинаа работата поради измените на правосудните закони
Адвокатите во Србија ја прекинуват работата во следните три дена во знак на протест поради неодамнешните измени на правосудните закони.
Во одлуката што беше објавена на веб-страницата на Адвокатската комора на Србија на 11 февруари, Комората ги повика надлежните органи да преземат „мерки во рамките на нивната надлежност и да го стават надвор од сила усвоениот сет измени на правосудните закони“.
Исто така, се наведува дека стапувањето во сила на горенаведените измени на законот претставува „закана за основните човекови права и слободи на сите граѓани на Србија“ и дека е „неприфатливо“ измените да бидат усвоени без јавна дискусија и учество на претставници на професијата.
За време на тридневната суспензија, адвокатите нема да дејствуваат пред судови, обвинителства, државни органи или во постапки пред јавни извршители и нотари, освен во итни и законски предвидени случаи.
Раководството на комората наведува дека сегашната тридневна суспензија е изгласана на 11 февруари на седницата на Управниот одбор, додека некои адвокати ја оспоруваат таа одлука и најавуваат дека нема да ја почитуваат.
Измените на законот стапија во сила на 7 февруари, а ги предложи пратеникот на владејачката Српска напредна партија, Угљеша Мрдиќ.
Без јавна дискусија и без консултации со обвинителите, судиите, Венецијанската комисија и ЕУ, во јануари, Собранието на Србија усвои измени во судските закони, што дел од стручната јавност ги опишува како напад врз независноста на судството и обвинителството.
И покрај предупредувањата од Европската Унија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги потпиша измените, што во Брисел беше оценето како „сериозен чекор назад“ на европскиот пат на Србија.
Промените се критикувани од Високиот совет на обвинителството, Високиот совет на судството, Адвокатската комора на Србија и голем број професионални организации кои предупредија дека ваквите законски измени можат да ја загрозат независноста на судството и обвинителството од извршната власт.
Адвокатите во Војводина на 10 февруари направија еднодневен прекин на работата поради усвојувањето на овој сет закони, а низ цела Србија беа одржани низа протести по истиот повод.
Од друга страна, српскиот министер за правда Ненад Вујиќ изјави дека Србија е подготвена да влезе во „процесот на корекција“ на новите судски закони само доколку Венецијанската комисија има суштински забелешки.
Насилството низ Мексико се шири по убиството на нарко-босот Ел Менча
Откако мексиканската војска го уби Немесио Рубен Осегуеро Сервантес, познат како Ел Менчо, водачот на картелот „Нова генерација Халиско“ (CJNG), низ целата земја избувна бран насилство.
Ел Менчо почина на 22 февруари за време на операција во градот Тапалпа во државата Халиско, каде што беше ранет во конфликт со војската и почина за време на транспортот до Мексико Сити.
За време на истата операција, беа убиени уште четири члена на картелот, а неколку членови на мексиканските безбедносни сили беа ранети, додека беа запленети тешко оружје и оклопни возила.
Мексиканските власти потврдија дека во операцијата користеле и разузнавачки информации од Соединетите Држави. По објавувањето на веста за неговата смрт, картелот започна широки одмазди.
Во најмалку десет држави, беа запалени возила, беа поставени блокади на патиштата и беа пријавени вооружени напади во неколку градови, вклучувајќи ги Гвадалахара и Пуерто Ваљарта.
Во Халиско беше прогласена вонредна „црвена состојба“, јавниот превоз беше суспендиран, часовите и масовните настани беа откажани, а на населението му беше советувано да остане дома. Според безбедносните служби, 25 лица беа уапсени, додека голем број продавници и банкарски филијали беа оштетени или запалени во нападите.
Поради ескалацијата на насилството, неколку меѓународни авиокомпании, вклучувајќи ги Ер Канада, Јунајтед ерлајнс и Американ ерлајнс, ги откажаа летовите до Халиско.
Туристите во Пуерто Ваљарта ја опишаа ситуацијата како „воена зона“.
Американските власти издадоа предупредување до своите граѓани да се евакуираат на безбедно место во неколку федерални држави, вклучувајќи ги Халиско, Тамаулипас, Мичоакан, Гереро и Нуево Леон.
Со години, Ел Менчо се сметаше за еден од најбараните криминалци во светот, а САД нудеа 15 милиони долари за информации што доведоа до негово апсење.
Пакистан започна нови напади во Авганистан поради зголемените тензии
Талибанските владетели во Авганистан изјавија дека подготвуваат „соодветен и пресметан одговор“ на пакистанските воздушни напади во кои загинаа најмалку 18 лица во провинциите Нангархар и Пактика.
Авганистанските власти изјавија дека „десетици луѓе“ се повредени во нападите во текот на ноќта на 22 февруари, „вклучувајќи жени и деца“.
Пакистан соопшти дека започнал напади врз седум места на милитантите во Авганистан како „одмазднички одговор“ на неодамнешните самоубиствени напади за кои рече дека биле извршени од екстремисти со седиште во Авганистан.
Додека тензиите ескалираа меѓу двата јужноазиски соседа, Исламабад соопшти дека има „убедливи докази“ дека неодамнешните напади во Пакистан биле извршени од екстремисти од Техрик-е Талибан (ТТП) со седиште во Авганистан, кои наводно дејствувале по инструкции од „нивното раководство и раководители со седиште во Авганистан“.
Пакистанското министерство соопшти дека во нападите цел на екстремистичката група Исламска држава (ИД), заедно со ТТП, позната и како пакистански талибанци. Не даде веднаш детали за нападите, ниту ги опиша доказите што, според него, ги собрале неговите разузнавачки агенции.
Тврдењата од двете страни не можеа веднаш да се потврдат.
Обновеното насилство доаѓа откако неколку дена претходно се појавија надежи за смирување на тензиите, кога Кабул ослободи тројца пакистански војници во потег со посредство на Саудиска Арабија по месеци гранични судири во оддалечените региони.
Едно село тагува
Во округот Бихсуд во покраината Нангархар, 18 членови на едно семејство беа убиени во нападите, според властите и локалните жители.
Незакат, 35-годишен земјоделец во Бихсуд, кој даде само едно име, за Радио Азади на РСЕ/РЛ изјави дека по нападот се пронајдени тела на 13 членови на неговото семејство, додека уште петмина се водат како исчезнати.
„Беше полноќ кога се случи нападот. Бев во мојата соба, а сопругата беше со мене. Кога излегов, ја изнесов тетка ми надвор и го слушнав синот како ми вика да го однесам и него. Беше повреден“, рече тој.
Додека жителите им се придружуваа на спасувачките екипи во потрагата по тела под урнатините, тие за Радио Азади изјавија дека најмладиот од загинатите имал една година, а најстариот 80 години.
„Дојдовме и извлековме четири лица од урнатините кои за жал беа мртви. Подоцна, повикавме сквотер да ги извлече другите тела“, рече Раз Вали, очевидец на инцидентот.
„Луѓето овде се обични луѓе. Жителите на ова село се наши роднини. Кога се случи бомбардирањето, едно лице кое преживеа викаше за помош“, рече соседот на Незакат, Амин Гул Амин, 37.
Локалната полиција соопшти дека бомбардирањето започнало околу полноќ и погодило три области во регионот.
Самоубиствени напади во Пакистан
Најмалку четири самоубиствени напади се извршени во последните недели. Три беа во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва во Пакистан, а еден беше во главниот град Исламабад, при што загинаа десетици цивили и припадници на безбедносните сили.
Исламабад тврди дека екстремистичките талибански лидери на Авганистан не презеле „суштински мерки“ против милитантите на ТТП и покрај повторените барања.
Го повика Кабул да спречи користење на нејзината територија за напади врз Пакистан од страна на терористичките групи.
Авганистан ги негира обвинувањата на Пакистан дека ги засолнува пакистанските талибанци, кои се огранок на авганистанските талибанци, но се чини дека дејствуваат одделно.
Тензиите ескалираа меѓу двете земји откако Пакистан спроведе воздушни напади врз Кабул во октомври 2025 година, а потоа следуваа дополнителни напади врз авганистанска територија.
Десетици војници од двете страни беа убиени во артилериски судири и тежок оган минатата година пред да се договори прекин на огнот преку посредништво на Катар.
Недостаток на долгорочно решение
Сепак, неколку рунди разговори со посредство на Катар и Турција, насочени кон ублажување на тензиите по должината на границата, не успеаја да донесат долгорочен пробив.
Меѓу најсериозните напади беше самоубиствениот бомбашки напад на 6 февруари во шиитска џамија во Исламабад, во кој загинаа најмалку 32 лица додека ја следеа петочната молитва.
Исламската држава ја презеде одговорноста за тој напад, кој беше најсмртоносниот терористички напад од 2008 година во пакистанскиот главен град.
Борбите по должината на границата од 2.600 километри доведоа до затворање на неколку клучни гранични премини и го нарушија трговијата и движењето.
Талибанските владетели во Авганистан не се признати од поголемиот дел од светската заедница како легитимна влада во земјата и се обвинети за обемни злоупотреби на човековите права, особено врз жените и девојчињата.